‚Целата обврска за човекот‘
„Бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е [целата обврска, НС] за човекот“ (ПРОПОВЕДНИК 12:13).
1, 2. Зошто е прикладно да размислиме за нашата обврска спрема Бог?
„ШТО бара од тебе Господ?“ Тоа прашање го поставил еден древен пророк. Потоа подробно наброил што барал Јехова — да се практикува правда, да се сака љубезноста и да се оди скромно со Бог (Михеј 6:8, НС).
2 Во ова време на индивидуализам и независност, на мнозина им е неугодна идејата дека Бог бара нешто од нив. Тие не сакаат да бидат обврзани. Но, што е со заклучокот до кој дошол Соломон во Проповедник? „Суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е [целата обврска, НС] за човекот“ (Проповедник 12:13).
3. Зошто треба сериозно да размислиме за книгата Проповедник?
3 Без оглед на тоа какви ни се околностите и погледот на живот, можеме да извлечеме голема корист ако ја разгледаме позадината на тој заклучок. Цар Соломон, писателот на оваа инспирирана книга, разгледал некои од работите што се дел од нашиот секојдневен живот. Некои би можеле набрзина да заклучат дека неговата анализа во основа е негативна. Сепак, таа била божествено инспирирана и може да ни помогне да ги процениме нашите активности и приоритети, од што ќе произлезе зголемена радост.
Да се задоволат главните грижи во животот
4. Што испитал и за што дискутирал Соломон во Проповедник?
4 Соломон длабоко ја испитал ‚задачата [занимањето, НС] на синовите човечки‘. „Го управив срцето свое да истражувам и да испитувам преку мудроста сѐ, што станува под небото.“ Под „занимање“ не мора да значи дека Соломон мислел на некоја работа или вработување, туку на целиот делокруг на она со што се занимаваат мажите и жените во текот на својот живот (Проповедник 1:13). Да разгледаме некои главни грижи, односно занимања, а потоа да ги споредиме нашите сопствени активности и приоритети.
5. Кое е едно од главните занимања на луѓето?
5 Се разбира, парите се средиштето на многу човечки грижи и активности. Никој не може со право да рече дека Соломон го имал ноншалантното гледиште за парите какво што имаат некои богати луѓе. Тој без двоумење ја признал потребата од извесна количина пари; да се има адекватни финансии е подобро отколку да мора да се живее аскетски или во сиромаштија (Проповедник 7:11, 12). Но, ти сигурно си увидел дека парите, заедно со имотот што го купуваат, можат да станат првенствена цел во животот — како за сиромашните така и за богатите.
6. Што можеме да научиме за парите од една од Исусовите илустрации и од Соломоновото лично искуство?
6 Сети се на Исусовата илустрација за богаташот кој, никогаш задоволен, работел за да стекне уште. Бог го просудил како неразумен. Зошто? Затоа што нашиот ‚живот не зависи од изобилието на нашиот имот‘ (Лука 12:15—21). Искуството на Соломон — веројатно пообемно од нашето — ги потврдува Исусовите зборови. Прочитај го описот во Проповедник 2:4—9. Некое време, Соломон се посветил на стекнување богатство. Изградил прекрасни куќи и градини. Можел да си дозволи и си набавил прекрасни придружнички. Дали богатството и она што истото му го овозможило, му донело длабоко задоволство, чувство на вистинска исполнетост и смисла во животот? Тој отворено одговорил: „И се обѕрнав, та погледнав на сите мои дела, што ги беа извршиле моите раце, и на трудот, со кој се бев трудел, извршувајќи ги: и ете — сѐ беше суета и мака за духот, и немаше од нив полза под сонцето!“ (Проповедник 2:11; 4:8).
7. а) Што докажува искуството во врска со вредноста на парите? б) Што си видел ти лично како потврда за заклучокот на Соломон?
7 Тоа е нешто реалистично, вистина докажана во многу животи. Мораме да признаеме дека поседувањето повеќе пари едноставно не ги решава сите проблеми. Тие би можеле да решат некои, на пример, да го олеснат снабдувањето храна и облека. Но, едно лице може да носи само по една облека во моментот и да ужива само извесна количина храна и пијалак. А ти си читал за богати луѓе чијшто живот е измачуван со развод, алкохол или злоупотреба на дрога, како и кавги со роднините. Мултимилионерот Ж. П. Гети рекол: „Парите не мора да имаат никаква врска со среќата. Можеби со несреќата“. Со добра причина, љубовта кон среброто Соломон ја класифицирал како суета. Спореди го тој факт со Соломоновата забелешка: „Сладок е сонот за оној, кој се труди, — па јадел тој малку или многу; но, прејадувањето [изобилството, НС] не му дава на богатиот да заспие“ (Проповедник 5:9—11).
8. Каква причина постои да не ја преценуваме важноста на парите?
8 Парите и имотот, исто така, не носат чувство на задоволство во поглед на иднината. Да си имал повеќе пари и имот, веројатно ќе си имал додатна грижа околу тоа како да ги заштитиш, а сепак не би знаел што ќе ти донесе утрешниот ден. Дали би можел да изгубиш сѐ, сосе твојот живот? (Проповедник 5:12—16; 9:11, 12, НС). Од таа причина, не треба да ти биде тешко да сфатиш зошто нашиот живот, односно занимање, треба да има една повисока, потрајна смисла отколку парите и имотот.
Семејство, слава и моќ
9. Зошто семејниот живот со право се појавува во Соломоновото испитување?
9 Соломоновата анализа на животот ја вклучувала и преокупацијата со семејството. Библијата го нагласува семејниот живот, вклучувајќи ја и радоста од имањето и подигањето деца (1. Мојсеева 2:22—24; Псалм 126:3—5; Изреки 5:15, 18—20; 6:20; Марко 10:6—9; Ефесјаните 5:23—33). Но, дали тоа е крајниот аспект на животот? Изгледа дека мнозина мислат така, ако се има предвид нагласокот што некои култури го ставаат врз бракот, децата и семејните врски. Сепак, Проповедник 6:3 покажува дека дури и ако се има сто деца, сепак тоа не е клучот за задоволство во животот. Замисли си колку многу родители правеле жртви заради своите деца за да им дадат добар почеток и да им го олеснат животот. Колку и да е благородно тоа, нашиот Творец секако не мислел дека главна цел на нашето постоење е само да ѝ се пренесе живот на следната генерација, како што животните инстинктивно го прават тоа за да ги продолжат видовите.
10. Зошто непотребното сосредоточување на семејството може да се покаже како суета?
10 Соломон проникливо изнел некои реалности од семејниот живот. На пример, човек може да се сосредоточи на тоа да ги обезбедува своите деца и внуци. Но, дали тие ќе се покажат мудри? Или, пак, ќе постапат неразумно со она по кое тој се стремел да го собере за нив? Ако се случи последново, колкава само „суета и зло големо“ би било тоа! (Проповедник 2:18—21; 3. Царства 12:8; 2. Летописи 12:1—4, 9).
11, 12. а) На какви тежнеења во животот се сосредоточиле некои? б) Зошто може да се рече дека барањето углед е „стремење по ветар“?
11 Во друга крајност, мнозина го потчиниле нормалниот семеен живот на својата решеност да постигнат слава или моќ над другите. Ова може да биде грешка што е повообичаена кај машките. Дали си го видел тоа кај твоите школски другари, колеги или соседи? Мнозина очајно се стремат да бидат забележани, да станат некој и нешто или да имаат власт над другите. Но, колку навистина има смисла тоа?
12 Помисли како некои се борат да станат славни, било во потесни или пошироки кругови. Тоа го гледаме в училиште, во нашето соседство и во разни друштвени групи. Тоа е мотивирачка сила и кај оние кои сакаат да станат познати во уметноста, забавата и политиката. Меѓутоа, зарем тоа не е во суштина суетен напор? Соломон тоа исправно го нарекол „мака за духот [стремење по ветар, НС]“ (Проповедник 4:4). Дури и ако еден младинец стане угледен во некој клуб, во некој спортски тим или во некоја музичка група — или, пак, некој маж или жена стекнала углед во некоја фирма или општина — колкумина навистина знаат за тоа? Дали повеќето луѓе на другата страна од глобусот (или дури во истата земја) знаат дека постои тоа лице? Или, пак, продолжуваат со својот живот тотално несвесни за тоа колкава слава има тој или таа? А истото може да се рече и за која и да е власт или авторитет што едно лице ги стекнува на работа, во еден град или во една група.
13. а) На кој начин Проповедник 9:4, 5 ни помага да имаме исправно гледиште за стремењето по углед или моќ? б) Со кои факти треба да се соочиме ако со овој живот поминува сѐ? (Види ја фуснотата.)
13 Долгорочно гледано, колку вреди таквиот углед или авторитет? Како што една генерација поминува а друга доаѓа, угледните или моќните луѓе ја напуштаат сцената и се заборавени. Тоа важи за градители, музичари и за другите уметници, општествените реформатори и така натаму, како што важи и за повеќето политичари и воени лидери. Од сите тие занимања, колкумина одредени поединци познаваш, кои живееле помеѓу 1700-тата и 1800-тата година? Соломон исправно ги проценил работите, велејќи: „Куче живо е подобро, отколку мртов лав. Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат . . . споменот за нив е предаден на заборавот“ (Проповедник 9:4, 5). И ако со овој живот поминува сѐ, тогаш тежнеењето по углед или моќ навистина е суета.a
Нашата сосредоточеност и обврска
14. Зошто треба книгата Проповедник да ни помогне нам лично?
14 Соломон не коментирал за многуте активности, цели и задоволства на кои луѓето го сосредоточуваат својот живот. Сепак, она што го напишал е доволно. Нашето разгледување на книгата не треба да изгледа тмурно или негативно, бидејќи реалистично разгледавме една книга од Библијата што Јехова Бог намерно ја инспирирал за наша корист. Таа може да му помогне на секого од нас да го исправи својот поглед на животот и на она на што се сосредоточуваме (Проповедник 7:2; 2. Тимотеј 3:16, 17). Тоа особено важи со оглед на заклучоците до кои дошол Соломон со Јеховина помош.
15, 16. а) Какво било гледиштето на Соломон во врска со уживањето во животот? б) Каков соодветен услов поставил Соломон за уживањето во животот?
15 Една точка што Соломон секогаш одново ја покренувал била таа дека слугите на вистинскиот Бог треба да наоѓаат радост во своите активности пред Него. „Разбрав, дека за нив нема ништо подобро, освен да се веселат и да прават добро во текот на животот свој. Кога секој човек јаде и пие, и го гледа доброто во секој свој труд, тоа е дар Божји“ (Проповедник 2:24; 3:12, 13; 5:18; 8:15). Забележи дека Соломон не охрабрувал на лумпување; ниту, пак, го поддржувал ставот „да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме“ (1. Коринтјаните 15:14, 32—34). Тој мислел дека треба да уживаме во нормалните задоволства, како што се јадењето и пиењето, додека ‚правиме добро во текот на животот свој‘. Тоа несомнено го сосредоточува нашиот живот на волјата на Творецот, кој одредува што е навистина добро (Псалм 24:8; Проповедник 9:1; Марко 10:17, 18; Римјаните 12:2).
16 Соломон напишал: „Оди, јади го радосно лебот свој и пиј го со радосно срце виното свое, штом Бог има наклоност кон твоите дела“ (Проповедник 9:7—9). Да, човекот или жената која навистина има богат и исполнет живот, е активна во дела кои му се допаѓаат на Јехова. Тоа бара од нас постојано да Го земаме во обѕир. Колку само е поинакво ова гледиште од гледиштето на мнозинството кое му пристапува на живот заснован на човечки резонирања!
17, 18. а) Како реагираат многу луѓе на стварностите на животот? б) Кој резултат треба секогаш да го имаме на ум?
17 Иако некои религии учат за задгробен живот, многу луѓе веруваат дека сегашниов живот навистина е сѐ во што можат да бидат сигурни. Можеби си видел како реагираат онака како што опишал Соломон: „Бидејќи не се врши [брзо, НС] суд над лоши работи, затоа не се плаши срцето на синовите човечки да прави зло“ (Проповедник 8:11). Дури и оние кои не загазиле во пакосни дела, покажуваат дека главно се преокупирани со сегашноста. Тоа е една причина зошто парите, имотот, престижот, власта над другите, семејството или други такви интереси имаат претерана важност за нив. Меѓутоа, со тоа Соломон не ја завршил мислата. Тој додал: „Иако некој грешник врши стопати зло, судот му се одолжува; но јас знам, дека ќе им биде добро само на оние, што се бојат од Бога, кои имаат страв пред лицето Негово; а за нечесниот нема да има добро [ниту, пак, ќе ги продолжи своите денови, НС], и како сенка, само кратко време, ќе преуспее оној, кој не се плаши пред Бога“ (Проповедник 8:12, 13). Јасно е дека Соломон бил уверен оти ќе испадне добро за нас ако ‚се боиме од Бога‘. Како тоа? Одговорот можеме да го најдеме во контрастот што го направил тој. Јехова може да ‚ги продолжи нашите денови‘.
18 Оние кои сѐ уште се релативно млади, треба особено да размислат за апсолутно доверливиот факт дека ќе испадне добро за нив ако се плашат од Бог. Како што можеби и лично си видел, најбрзиот тркач може да се сопне и да ја изгуби трката. Една моќна војска може да претрпи пораз. Еден мудар деловен човек може да падне во сиромаштија. И многу други неизвесности го прават животот доста непредвидлив. Но, ти можеш да бидеш апсолутно сигурен во следново: Најмудриот и најсигурниот правец е да му се радуваш на животот додека правиш добро во рамките на Божјите морални закони и според неговата волја (Проповедник 9:11). Тоа вклучува да се учи од Библијата која е Божјата волја, да Му се предаде животот и да се стане крстен христијанин (Матеј 28:19, 20).
19. Како можат младите да го употребат својот живот, но кој е мудриот правец?
19 Творецот нема да ги присили младите или другите да го следат неговото водство. Тие можат да се задлабочат во образованието, можеби дури и доживотно да изучуваат безброј книги за човечкото учење. На крајот, тоа ќе се покаже заморно за телото. Или, пак, можат да одат по патиштата на своето несовршено човечко срце или да го следат она што е привлечно за очите. Тоа сигурно ќе им донесе немир, а животот поминат на тој начин, со текот на времето ќе се покаже како чиста суета (Проповедник 11:9—12:12; 1. Јованово 2:15—17). Затоа, Соломон упатува еден повик до младите — повик за кој треба да размислиме сериозно, без оглед на нашата возраст: „И спомнувај си за твојот Творец во дните на младоста своја, додека не дошле тешки денови и не настанале години, за кои ќе речеш: ‚Не ми се мили‘“ (Проповедник 12:1).
20. Кое е урамнотеженото гледиште во врска со пораката во Проповедник?
20 Тогаш, што треба да заклучиме? Па, што е со заклучокот што го донел Соломон? Тој ги видел, односно ги испитал ‚сите работи, што се вршеле под сонцето, и ете — сѐ било суета и мака за духот [стремење по ветар, НС]‘ (Проповедник 1:14). Во книгата Проповедник не ги наоѓаме зборовите на некој циник или некој незадоволен маж. Тие се дел од Божјата инспирирана Реч и достојни се да ги разгледаме.
21, 22. а) Кои аспекти на животот ги зел предвид Соломон? б) До кој мудар заклучок дошол тој? в) На кој начин испитувањето на содржината на Проповедник влијаеше врз тебе?
21 Соломон го разгледал човечкото мачење, борби и аспирации. Размислувал за тоа како испаѓаат работите во нормалниот тек на работите, за фрустрирачкиот и празен исход што го доживуваат толку многу луѓе. Ја разгледал стварноста на човечката несовршеност и смртта што произлегува од тоа. И го зел во обѕир од Бог даденото спознание за состојбата на мртвите и за изгледите за каков и да е иден живот. Сето ова било проценето од еден човек кој имал божествено зголемена мудрост, да, еден од најмудрите луѓе кои некогаш живееле. А потоа, заклучокот до кој дошол, бил вклучен во Светото писмо во корист на сите оние кои сакаат вистински смисловен живот. Зарем не треба да се сложиме со тоа?
22 „А суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е [целата обврска, НС] за човекот; оти Бог ќе изведе на суд секоја работа и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12:13, 14).
[Фуснота]
a Стражарска кула еднаш го дала следниов прониклив коментар: „Овој живот не треба да го трошиме на суети . . . Ако со овој живот поминува сѐ, тогаш ништо не е важно. Овој живот е како топка фрлена во воздухот која наскоро пак паѓа во правта. Тој е сенка која бега, цвеќе што овенува, тревка што ќе биде отсечена и наскоро свената . . . На вагата на вечноста, нашиот животен век е една безначајна дамка. Во струјата на времето, тој не претставува ниту една значителна капка. [Соломон] секако е во право кога ги разгледува многуте човечки грижи и активности во животот и ги прогласува за суета. Толку бргу нѐ снемува што поарно никогаш да не сме ни постоеле, еден од милијардите кои доаѓаат и си одат, и толку малку лица знаат дека воопшто сме биле тука. Ова гледиште не е цинично или мрачно или, пак, морбидно. Тоа е една вистина, факт со кој мораме да се соочиме, практично гледиште доколку со овој живот поминува сѐ“ (1 август 1957, страница 472).
Дали се сеќаваш?
◻ Која е мудрата проценка за местото на имотот во твојот живот?
◻ Зошто не треба да ставаме непотребен нагласок врз семејството, славата или врз власта над другите?
◻ На каков божествен став спрема уживањето охрабрил Соломон?
◻ На кој начин ти извлече корист од разгледувањето на книгата Проповедник?
[Слики на страница 15]
Парите и поседите не гарантираат задоволство
[Слика на страница 17]
Младите можат да бидат уверени дека за нив ќе испадне добро ако се плашат од Бог