Одржи ја твојата доверба непоколеблива до крајот
ЗАМИСЛИ си еден мал авион како влетува во тешки временски услови. Пилотот не може повеќе да ги разликува ориентирите на земјата. Го обвиткале густи облаци. Тој не може да гледа подалеку од ветробранот, но сепак е сигурен дека може безбедно да го заврши своето патување. Која е причината за неговата доверба?
Тој поседува прецизни инструменти кои му овозможуваат да лета низ облаци и да слета во мрак. Долж неговата рута, особено близу до аеродромот, светлосните сигнали го водат електронски, а има и радиоврска со контролорите на авиосообраќајот на земјата.
На сличен начин, и ние можеме да се соочиме со иднината со доверба, и покрај тоа што светските прилики од ден на ден стануваат сѐ помрачни. Нашето патување низ овој злобен систем можеби трае подолго отколку што некои очекувале, но можеме да имаме доверба дека сме на исправниот пат и дека сме на време. Зошто можеме да бидеме толку сигурни? Затоа што имаме водство кое нѐ оспособува да откриеме нешто што човечката визија не може да открие.
Божјата Реч е ‚светлина на нашата патека‘ и таа е „веродостојна, правејќи го неискусниот мудар“ (Псалм 19:7, НС; 119:105). Како светлосни сигнали кои му го покажуваат патот на пилотот, Библијата прецизно ги прикажува идните настани и ни дава јасни упатства за да ни осигури безбедно стигнување на нашата цел. Меѓутоа, за да извлечеме корист од божественото водство, мораме да имаме доверба во неа.
Во своето писмо до Евреите, Павле ги поттикнал еврејските христијани ‚да се држат цврсто за довербата, која ја имале на почетокот, непоколебливо до крајот‘ (Евреите 3:14, НС). Довербата може да се разниша ако не се држиме ‚цврсто‘ за неа. Така се појавува прашањето: Како можеме нашата доверба во Јехова да ја одржиме непоколеблива до крајот?
Вежбај ја твојата вера
Пред да може еден пилот да лета слепо, зависејќи во потполност од своите инструменти и од контролата на земјата, потребна му е адекватна обука и многу часови летање. Слично, еден христијанин треба постојано да ја вежба својата вера за да ја одржи довербата во Јеховиното водство, особено кога ќе се појават тешки околности. Апостол Павле напишал: „Имајќи го, пак, тој ист дух на верата, како што е напишано: ‚Поверував и затоа зборувам‘, и ние веруваме, па затоа и зборуваме“ (2. Коринтјаните 4:13). Така, кога зборуваме за Божјата добра вест, ние ја вежбаме и ја зацврстуваме нашата вера.
Магдалена, која поминала четири години во концентрационен логор во текот на Втората светска војна, ја објаснува вредноста на проповедничката дејност: „Мајка ми ме поучи дека, за да се одржи јака вера, неопходно е да се биде заинтересиран за духовното добро на другите. Се сеќавам на еден настан кој илустрира како се чувствувавме. Беше петок кога стигнавме дома, откако бевме ослободени од Равенсбрик. Но, два дена подоцна, во недела, им се придруживме на браќата во проповедањето од куќа до куќа. Цврсто верувам дека ако се концентрираме на тоа да им помагаме на другите да имаат доверба во Божјите ветувања, тие исти ветувања ќе ни станат и нам многу пореални. (Спореди Дела 5:42.)
За да ја одржиме нашата доверба непоколеблива до крајот, потребна е духовна активност на други подрачја. Личната студија е друга прекрасна вежба која ја зајакнува верата. Ако ги имитираме Беријците и ако трудољубиво го испитуваме Писмото секојдневно, тоа ќе ни помогне да ‚ја имаме потполната сигурност за надежта сѐ до крајот‘ (Евреите 6:11, НС; Дела 17:11). Навистина, личната студија бара време и одлучност. Можеби затоа Павле ги предупредил Евреите на опасноста да бидат „мрзливи“ или немарни во ваквите работи (Евреите 6:12).
Еден немарен став може да има страшни последици во многу подрачја од животот. Соломон забележал дека „кога ќе се скрстат рацете покривот ќе прокапе“ (Проповедник 10:18). Порано или подоцна, дождот почнува да капе низ покрив за кој не се води грижа. Ако ги скрстиме нашите раце во духовна смисла и пропуштиме да ја одржуваме нашата вера, може да ни се вовлечат сомненија. Од друга страна, редовното медитирање и проучување на Божјата Реч ќе ја храни и заштитува нашата вера (Псалм 1:2, 3).
Градење доверба преку искуство
Се разбира, како преку искуство така и преку учење пилотот стекнува доверба дека неговите инструменти се веродостојни. Исто така, нашата доверба во Јехова расте кога во нашиот живот гледаме докази за неговата љубезна грижа. Исус Навин го искусил тоа и своите сонародници, Израелците, ги потсетил: „Вие познавте со сето свое срце и со сета своја душа, дека не беше напразен ниеден збор од сите добри зборови, што ги говореше за вас Господ, сѐ се изврши на вас“ (Исус Навин 23:14).
Хозефина, една мажена сестра од Филипините, ја научила истата лекција. Таа објаснува каков ѝ бил животот пред да ја спознае вистината: „Маж ми многу пиеше, а кога ќе се опиеше, ќе се разлутеше и ќе ме удреше. Нашиот несреќен брак го погодуваше и нашиот син. И маж ми и јас работевме, заработувајќи прилично добро, но поголемиот дел од нашите плати ќе го прокоцкавме. Мојот сопруг имаше многу пријатели, но повеќето од нив го бараа неговото пријателство само за да им ја плати пијачката, а некои дури се обидуваа да го опијанат само за да го исмејуваат.
Работите се променија кога го запознавме Јехова и кога го зедовме при срце неговиот совет. Мојот сопруг повеќе не пие, престанавме да се коцкаме, а имаме и вистински пријатели кои нѐ сакаат и ни помагаат. Нашиот брак е среќен, а нашиот син се развива во еден добар младич. Работиме помалку часови, но имаме повеќе пари. Искуството нѐ научи дека Јехова е како Татко полн со љубов, кој секогаш нѐ води во исправната насока“.
Како резултат на инструкциите од страна на контролорите за лет или од проверката на инструментите, пилотите понекогаш сфаќаат дека треба да го исправат својот правец. Можеби и ние, на сличен начин, ќе треба да го промениме правецот според Јеховиното упатство. „Ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас — ете го патот, врвете по него!“ (Исаија 30:21). Преку неговата Реч и неговата организација, добиваме совет кој нѐ предупредува на духовните опасности. Еден од нив се однесува на друштвото.
Друштвото може да нѐ занесе од правецот
Еден мал авион може лесно да биде занесен од правецот ако не се направат потребните исправки. Исто така, надворешните влијанија постојано ги удираат христијаните денес. Живееме во еден телесно ориентиран свет каде што многумина се потсмеваат на духовните вредности, придавајќи им многу поголема важност на парите и на задоволството. Павле го предупредил Тимотеј на тоа дека последните денови ќе бидат такви со кои „тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1—5, НС). Тинејџерите кои тежнеат кон тоа да бидат прифатени и популарни, особено се ранливи на лошите друштва (2. Тимотеј 2:22).
Аманда, која има 17 години, објаснува: „Едно време, мојата вера беше ослабена во извесна мера од страна на моите сокласници. Тие постојано ми велеа дека мојата религија е ограничувачка и неразумна, и тоа почна да ме обесхрабрува. Меѓутоа, моите родители ми помогнаа да сфатам дека христијанските упатства служат за да заштитат, а не да ограничат. Сега сфаќам дека тие начела ми помагаат да водам позадоволителен живот отколку моите поранешни школски другари. Научив да имам доверба во оние кои навистина се грижат за мене — моите родители и Јехова — и уживам во пионерската служба“.
Без разлика на која старосна група ѝ припаѓаме, ќе наидуваме на луѓе кои ќе ни нафрлуваат потценувачки забелешки во врска со нашите верувања. Тие можеби ќе изгледаат префинети, но за Бог тие се телесни, недуховни (1. Коринтјаните 2:14). Во Павлово време, една влијателна група во Коринт, била групата на световно мудрите Скептици. Учењата на овие филозофи веројатно довеле до тоа некои коринтски христијани да ја изгубат верата во надежта за воскресение (1. Коринтјаните 15:12). „Не лажете се“, предупредил апостол Павле. „Лошите зборови [друштва, НС] ги расипуваат добрите обичаи“ (1. Коринтјаните 15:33).
Од друга страна, добрите друштва нѐ зајакнуваат духовно. Во христијанското собрание ја имаме можноста да се дружиме со луѓе кои водат живот на вера. Норман, еден брат кој ја запознал вистината во 1939, сѐ уште е извор на големо охрабрување за сите. Што го зачувало остар неговиот духовен поглед? „Битни се состаноците и блиското пријателство со верни браќа“, одговара тој. „Овој вид дружење ми помогна јасно да ја согледам разликата помеѓу Божјата и Сатановата организација.“
Измамливата моќ на богатството
Брајан, еден искусен пилот, објаснува дека „на некој пилот може понекогаш да му падне тешко да им верува на своите инструменти — едноставно поради тоа што неговите инстинкти не се согласуваат со тоа. Познато е дека искусните воени пилоти понекогаш летале свртени наопаку затоа што светлата на земјата им изгледале исто како ѕвезди — иако нивните инструменти им кажувале поинаку“.
На сличен начин, нашите себични инстинкти можат да нѐ измамат во духовна смисла. Исус рекол дека богатството има „измамлива моќ“, а Павле предупредил дека ‚среброљубието отклонило многумина од верата‘ (Марко 4:19, НС; 1. Тимотеј 6:10).
Како и измамливите треперливи светла, сјајните материјалистички цели можат да нѐ насочат во погрешен правец. Наместо да се радуваме на „она, на кое се надеваме“, можеме да бидеме застранети преку блескавото покажување на светот кој одминува (Евреите 11:1; 1. Јованово 2:16, 17). Ако сме „решени“ да имаме еден богат животен стил, веројатно ќе ни остане малку време за духовен раст (1. Тимотеј 6:9; Матеј 6:24; Евреите 13:5).
Еден млад оженет човек по име Патрик признал дека тој и неговата сопруга ги жртвувале духовните цели за да можат да уживаат подобар животен стандард. Тој објаснува: „Бевме под влијание на оние во собранието кои имаа големи автомобили и луксузни куќи. Иако за тоа време никогаш не ја изгубивме од вид надежта за Царството, си мислевме зошто не би можеле да водиме еден комотен начин на живот. Меѓутоа, со текот на времето согледавме дека вистинската среќа доаѓа преку служењето на Јехова и од духовниот раст. Сега нашите животи се повторно едноставни. Ги намаливме работните часови и станавме општи пионери“.
Верата зависи од едно приемчиво срце
Приемчивото срце, исто така, игра важна улога во градењето на доверба во Јехова. Навистина, „верата е засигурано очекување на работите на кои се надеваме, очигледна претстава [или „убедувачки доказ“, фуснота] за стварности, иако не се гледаат“ (Евреите 11:1, НС). Но, сѐ додека немаме приемчиво срце, нема шанси да бидеме убедени (Изреки 18:16; Матеј 5:6). Од оваа причина, апостол Павле рекол дека „верата не е сопственост на сите луѓе“ (2. Солунјаните 3:2, НС).
Како можеме тогаш ние да го задржиме нашето срце приемчиво за сите убедливи докази кои ни се достапни? Преку негување на божествени особини, особини кои ја збогатуваат и ја поттикнуваат верата. Петар нѐ поттикнува да ѝ ‚додадеме на нашата вера добродетел, спознание, самосовладување, истрајност, оддаденост на Бог, братска наклоност и љубов‘ (2. Петрово 1:5—7, НС; Галатјаните 5:22, 23). Од друга страна, ако водиме саможив начин на живот или му принесуваме на Јехова само минимум служба, тогаш, разумно, не можеме да очекуваме нашата вера да расте.
Ездра „го подготвил своето срце“ да ја чита Јеховината Реч и да ја спроведува во пракса (1. Ездра 7:10, НС). Исто така, и Михеј имал приемчиво срце. „Јас, пак, гледам кон Господа, и за моето спасение ќе се надевам на Бога; мојот Бог ќе ме чуе“ (Михеј 7:7).
Магдалена, која беше претходно цитирана, исто така стрпливо чека на Јехова (Авакум 2:3). Таа вели: „Ние веќе го имаме духовниот рај. Следниот чекор, дословниот Рај, ќе дојде доволно рано. Во меѓувреме, стотици илјади се придружуваат на големото мноштво. Ме восхитува кога гледам како толку многу се сјатуваат во Божјата организација“.
Да се гледа на Богот на нашето спасение
За да ја одржиме нашата доверба непоколеблива до крајот, потребно е да ја вежбаме нашата вера и внимателно да го слушаме водството кое го добиваме од Јехова и неговата организација. Тоа секако се исплаќа. Еден пилот чувствува длабоко задоволство кога после долго тешко патување, се спушта и конечно се пробива низ густите облаци. Таму пред него распрострена лежи Земјата — зелена и гостопримлива. Аеродромската писта е долу, чекајќи да го прими.
И нас нѐ чека едно возбудливо доживување. Овој мрачен, злобен свет ќе отстапи пред новата Земја на праведност. Нѐ очекува еден божествен пречек. Ние можеме да пристигнеме таму ако внимаваме на зборовите на псалмистот: „Ти си моја надеж, Господи, моја сигурност од младоста моја . . . за Тебе вечно ќе пеам“ (Псалм 70:5, 6).