Твоите сакани кои умреле — дали пак ќе ги видиш?
ЏОН имал само девет години кога умрела мајка му. Подоцна, се присеќава што се случило во мртвачницата: „Нацртав една слика за мама и на неа напишав кратка порака молејќи ја сите нас да нѐ чека на небото. Му ја дадов на тате да ја стави кај неа во ковчегот и, иако беше мртва, ме тешеше помислата дека таа ја прими мојата последна порака“ (How It Feels When a Parent Dies — Како е кога ќе ти умре родител, од Џил Кременц).
Без сомнение, Џон многу ја сакал својата мајка. Откако ги опиша нејзините добри особини, рече: „Можеби едноставно не сакам да се присетувам на нејзините лоши страни, но не можам да се сетам на ништо лошо за неа. Таа беше најубавата дама која некогаш сум ја видел во мојот живот“.
Многумина како Џон имаат убави спомени на своите сакани кои умреле и ѝ се препуштаат на емоционалната потреба повторно да ги видат. Едит, чијшто син умрел од рак на 26-годишна возраст, рекла: „Ја чувствувам потребата да верувам дека мојот син некаде постои, но не знам каде. Ќе го видам ли повторно? Не знам, но се надевам дека да“.
Секако дека човековиот Творец полн со љубов не е бесчувствителен во врска со оваа нормална човечка желба. Затоа ветил дека ќе дојде време кога милиони ќе бидат повторно обединети со своите драги кои умреле. Божјата Реч многупати се повикува на ова ветување за воскресението на мртвите, кое се приближува (Исаија 26:19; Даниил 12:2, 13; Осија 13:14; Јован 5:28, 29; Откровение 20:12, 13).
Кои се воскреснати на небо?
Да ја разгледаме надежта на Џон дека неговата сакана мајка го чека на небото. Многумина посетители на црквите ја имаат оваа надеж или верување. Во настојувањето да ги поткрепат ваквите погледи, црковните водачи и некои социјални работници ги злоупотребуваат текстовите од Библијата.
На пример, д-р Елизабет Киблер-Рос, експерт во помагањето на ожалостените, во својата книга On Children and Death (За децата и смртта) рекла:„Умирањето значи само отфрлање на нашето тело, на начин како што можеме да отфрлиме некој стар, излитен капут, или да преминеме од една соба во друга. Во Проповедник 12:7 читаме: ‚И ќе се врати правот во земјата, како што си бил; а духот ќе се врати кај Бога, Кој го дал‘. Исус рекол: ‚Одам да ви приготвам места за да и вие бидете таму кај што сум јас‘. А на крадецот кој бил на крстот му рекол: ‚Денес ќе бидеш со мене во рајот‘“.
Дали горенаведените стихови навистина значат дека нашите сакани кои умреле сега се живи и нѐ чекаат на небото? Да ги разгледаме стиховите повнимателно, почнувајќи со Проповедник 12:7. Мудриот човек кој ги напишал овие зборови очевидно немал намера да биде во контрадикторност со она што веќе го изјавил во истата библиска книга: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат“ (Проповедник 9:5). Тој зборувал за смртта на човештвото воопшто. Зарем е разумно да се верува дека сите убедени атеисти и закоравени криминалци по смртта се враќаат кај Бог? Тешко. Всушност, тоа не може да се каже за никого од нас, без разлика дали самите себе се сметаме за добри или лоши. Бидејќи никој од нас не бил со Бог на небото, како може тогаш да се каже дека се враќаме кај него?
Што мислел тогаш библискиот писател кога рекол дека по смртта ‚духот се враќа кај Бога‘? Со употребата на хебрејскиот збор преведен со „дух“, тој не се повикувал на нешто уникатно по кое еден човек се разликува од друг. Имено, истиот инспириран библиски писател во Проповедник 3:19, објаснува дека, и човекот и животните, „сите имаат само еден дух“ (НС). Јасно е дека мислел на „духот“ како животна сила во клетките од кои се составени физичките тела на човекот и животните. Овој дух не го добиваме директно од Бог. Тој ни бил пренесен од нашите човечки родители кога сме биле зачнати и подоцна родени. Освен тоа, овој дух не патува дословно низ просторот враќајќи се при смртта кај Бог. Изразот ‚духот се враќа кај Бога‘ е илустрација која покажува дека идните изгледи за живот на едно мртво лице сега се во рацете на Бог. Тој одлучува на кого ќе се сети и кого ќе го воскресне во одредено време. Забележи колку јасно Библијата го покажува ова во Псалм 103:29, 30.
Јехова Бог наумил само еден ограничен број на верни следбеници на Христос, вкупно 144.000, да бидат воскреснати за небесен живот како духовни синови на Бог (Откровение 14:1, 3). Заедно со Христос тие сочинуваат една небесна влада која ќе биде за благослов на човештвото на Земјата.
Првите кои требало да го искусат ова биле Исусовите верни апостоли, на кои тој им рекол: „Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, Јас ќе ви кажев. Одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас (Јован 14:2, 3). Апостолите и другите рани христијани умреле и требало да чекаат во една несвесна состојба, во смрт, додека да дојде Исус и ги награди со небесно воскресение. Затоа читаме дека првиот христијански маченик, Стефан, ‚заспал во смрт‘ (Дела 7:60, НС; 1. Солунјаните 4:13).
Воскресение за живот на Земјата
Но што е со Исусовото ветување на злосторникот кој умрел покрај него? Како и многумина Израелци од тоа време, и овој човек верувал дека Бог ќе испрати Месија кој ќе воспостави царство и ќе го поврати мирот и безбедноста за Израелската нација на Земјата. (Спореди 3. Царства 4:20-25 со Лука 19:11; 24:21 и Дела 1:6.) Освен тоа, злосторникот покажал вера дека Исус бил Оној кого Бог го избрал да биде Цар. Но сепак, Исусовата неминовна смрт како осуденик, во тој момент направила сето тоа да изгледа неверојатно. Затоа Исус го уверил злосторникот воведувајќи го Своето ветување со зборовите: „Навистина ти велам денес, Ќе бидеш со мене во Рајот!“ (Лука 23:42, 43, НС).
Библиските преводи во кои е ставена запирка пред зборот „денес“ прават проблем за луѓето кои сакаат да ги разберат Исусовите зборови. Тој ден Исус не отишол во никаков рај, туку три дена бил мртов — во несвесна состојба — додека Бог не го воскреснал. Дури и по Исусовото воскресение и вознесување на небо, требало да чека од десната страна на својот Татко додека не дојде време да владее како Цар над човештвото (Евреите 10:12, 13). Наскоро, Исусовата царска власт ќе донесе олеснување за човештвото и целата Земја ќе ја претвори во рај (Лука 21:10, 11, 25-31). Тогаш тој ќе го исполни своето ветување кое му го дал на злосторникот, со тоа што ќе го воскресне за живот на Земјата. А Исус ќе биде со него во таа смисла што Тој ќе му помага во сите негови потреби, вклучувајќи ја и потребата својот начин на живот да го доведе во хармонија со Божјите праведни закони.
Мноштво воскреснати
Воскресението на тој покајнички злосторник, како и воскресението на поголемиот дел од луѓето ќе се одвива овде на Земјата. Ова е во склад со Божјата намера при создавањето на човекот. Првиот човек и жена биле сместени во една рајска градина и им било речено да ја потчинат Земјата. Ако останале верни на Бог, немало никогаш да остареат и да умрат. Во време одредено од Бог, целата Земја требало да биде потчинета и претворена во еден општ рај од страна на Адам и неговите совршени потомци (1. Мојсеева 1:28; 2:8, 9).
Меѓутоа, бидејќи Адам и Ева своеволно згрешиле, на себе и на своето идно потомство навлекле смрт (1. Мојсеева 2:16, 17; 3:17-19). Поради тоа, Библијата вели: „Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија (Римјаните 5:12).
Постоел само еден човек кој се родил без наследен грев. Тоа бил совршениот Божји Син, Исус Христос, чијшто живот бил пренесен од небото во утробата на една еврејска девица, Марија. Исус останал безгрешен и не заслужил да биде убиен. Поради тоа, неговата смрт има откупна вредност во интерес на „гревовите на светот“ (Јован 1:29; Матеј 20:28). Затоа Исус можел да каже: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11:25).
Да, значи можеш да се радуваш на изгледот дека повторно ќе бидеш обединет со твоите драги кои умреле, но ова од тебе бара да покажуваш вера во Исус како твој Откупител и да го почитуваш како од Бога наименуван Цар. Наскоро Божјето Царство ќе го отстрани сето зло од оваа Земја. Сите луѓе кои ќе одбијат да се потчинат на неговата власт ќе бидат уништени. Меѓутоа, поданиците на Божјето Царство ќе преживеат и ќе бидат зафатени во делото на претворање на Земјата во рај (Псалм 36:10, 11; Откровение 21:3-5).
Тогаш ќе настапи возбудливото време кога ќе започне воскресението. Дали ти ќе бидеш таму да ги дочекаш мртвите? Сѐ зависи од она што сега го правиш. Прекрасни благослови ги очекуваат сите оние кои сега се потчинуваат на владеењето на Јеховиното Царство под неговиот Син, Исус Христос.