Поглавје 9
Што се случува со нашите блиски кои умреле?
1. Како се чувствуваат луѓето кога ќе им умре некој близок?
„КОГА ќе умре некој сакан, човек страда затоа што смртта создава една празнина која не може да се сфати.“ Ова го рекол еден син кога умрел татко му, а набргу потоа и мајка му. Болката и чувството на голема загуба предизвикале да се чувствува како „емоционално да се дави“. Можеби и ти си страдал на сличен начин. Можеби си се прашувал каде се твоите сакани и дали некогаш повторно ќе ги видиш.
2. Кои збунувачки прашања се појавуваат во врска со смртта?
2 На некои ужалени родители им било речено: „Бог ги бере најубавите цветови за да си ги земе на небото“. Дали тоа навистина е така? Дали нашите блиски кои умреле отишле во некакво духовно подрачје? Дали е тоа она што некои го нарекуваат „нирвана“, која се опишува како блажена состојба на слобода од секаква болка и желба? Дали нашите сакани минале низ некаква врата во бесмртен живот во рај? Или, како што тврдат други, дали смртта претставува паѓање во непрекинато мачење за оние кои го навредиле Бог? Можат ли мртвите да влијаат врз нашите животи? За да добиеме веродостојни одговори на ваквите прашања, треба да се консултираме со Божјата Реч, Библијата.
ШТО Е „ДУХОТ“ ВО ЛУЃЕТО?
3. Какво гледиште за смртта имале Сократ и Платон, и како влијае тоа врз луѓето денес?
3 Древните грчки филозофи Сократ и Платон сметале дека во мажот и жената мора да постои нешто што им е вродено како бесмртно — душа која ја преживува смртта и која всушност никогаш не умира. Денес ширум светот, милиони веруваат во тоа. Ваквото верување честопати создава страв од мртвите, како и загриженост за нивната благосостојба. Но, Библијата ни кажува нешто сосема друго за мртвите.
4. а) Што ни кажува Прва Мојсеева за душата? б) Што ставил Бог во Адам за да го оживее?
4 Кога ја разгледуваме состојбата на мртвите, мораме да запомниме дека нашиот прататко, Адам, не поседувал душа. Тој самиот бил душа. Преку еден восхитувачки чин на создавање, Бог го создал човекот — душата — од основните елементи на Земјата и потоа ‚му дувнал дух животен‘. Прва Мојсеева 2:7 ни кажува: „А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа“. Адамовиот живот се одржувал преку дишењето. Сепак, кога Бог го ставил животниот здив во Адама, било вклучено многу повеќе отколку само вдишување на воздух во белите дробови на човекот. Библијата зборува за „животната сила“ која дејствува во земните живи суштества (1. Мојсеева 7:22, НС).
5, 6. а) Што е „животната сила“? б) Што се случува кога „духот“, споменат во Псалм 145:4, ќе престане да го поддржува телото?
5 Што е „животната сила“? Тоа е животодајната искра што ја ставил Бог во безживотното тело на Адам. Оваа сила потоа била поддржувана преку процесот на дишење. Но, што е „духот“ за кој се зборува во Псалм 145:4? За оној што умира, тој стих вели: „Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“. Кога библиските писатели го употребувале зборот „дух“ на ваков начин, тие не мислеле на некаква бестелесна душа која продолжува да живее откако телото ќе умре.
6 „Духот“ што заминува од луѓето при смртта е животната сила која потекнува од нашиот Творец (Псалм 35:9; Дела 17:28). Оваа животна сила не поседува ниту една од карактеристиките на суштеството што го оживува, исто како што ни електричната струја не ги добива одликите на апаратите што ги напојува. Кога некој ќе умре, духот (животната сила) престанува да ги оживува телесните клетки, исто како што светлината се губи кога ќе се исклучи струјата. Кога животната сила ќе престане да го поддржува човечкото тело, човекот, т.е. душата, умира (Псалм 103:29; Проповедник 12:1, 7).
„ВО ЗЕМЈА ЌЕ СЕ ВРАТИШ“
7. Што ќе се случело со Адам ако бил непослушен на Бог?
7 Јехова јасно објаснил што би значела смртта за грешникот Адам. Бог рекол: „Со пот од лицето свое ќе јадеш леб, сѐ дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!“ (1. Мојсеева 3:19). Каде ќе се врател Адам? Во земјата, односно во правта од која бил создаден. При смртта, Адам едноставно би престанал да постои!
8. Како души, на кој начин луѓето не се супериорни во однос на животните?
8 Во овој поглед, човечката смрт не се разликува од смртта на животните. И тие се души, а истиот дух, односно животна сила, ги активира и нив (1. Мојсеева 1:24). Во Проповедник 3:19, 20 мудриот Соломон ни кажува: „Како умираат едните, така умираат и другите, и едно е дишењето кај сите, и [при смртта] човекот нема предимство пред добитокот . . . сѐ произлегува од земја, и сѐ ќе се врати во земјата“. Човекот бил супериорен во однос на животните поради тоа што бил создаден по Божји лик и ги одразувал особините на Јехова (1. Мојсеева 1:26, 27). Сепак, при смртта, луѓето и животните подеднакво се враќаат во прав.
9. Каква е состојбата на мртвите, и каде одат тие?
9 Соломон понатаму објаснил што значи смртта, велејќи: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат“. Да, мртвите не знаат апсолутно ништо. Со оглед на ова, Соломон поттикнал: „Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите свои, врши; зашто во гробот [Шеолот, НС], каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 10). Каде одат мртвите? Во Шеолот (на хебрејски: шео́л) — општиот гроб на човештвото. Нашите блиски кои умреле, не се свесни за ништо. Тие не страдаат и не можат на никаков начин да влијаат врз нас.
10. Зошто можеме да речеме дека смртта не мора да значи крај?
10 Зарем мораме сите ние и нашите сакани да живееме само неколку години за потоа засекогаш да престанеме да постоиме? Според Библијата, не. Во времето на Адамовиот бунт, Јехова Бог веднаш направил подготовки за да ги укине ужасните последици од човечкиот грев. Смртта не била дел од Божјата намера за човештвото (Језекиил 33:11; 2. Петрово 3:9). Затоа, смртта не мора да значи крај за нас или за нашите блиски.
„ЗАСПАЛ“
11. Како ја опишал Исус состојбата на својот починат пријател Лазар?
11 Јеховината намера е да нѐ спаси од адамската смрт нас и нашите сакани кои умреле. Затоа, Божјата Реч вели дека мртвите спијат. На пример, откако дознал дека неговиот пријател Лазар умрел, Исус Христос им рекол на Своите ученици: „Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам“. Со оглед на тоа што учениците не го сфатиле веднаш значењето на оваа изјава, Исус јасно рекол: „Лазар умре“ (Јован 11:11, 14). Потоа, Исус отишол во градот Витанија, каде што Лазаровите сестри Марта и Марија ја оплакувале смртта на својот брат. Кога Исус ѝ рекол на Марта: „Твојот брат ќе воскресне“, таа ја изразила својата вера во Божјата намера да ги укине последиците на смртта врз човечкото семејство. Рекла: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“ (Јован 11:23, 24).
12. Каква надеж имала ужалената Марта во врска со смртта?
12 Марта не изразила каква и да било мисла дека по смртта некаква бесмртна душа живее негде на друго место. Таа не верувала во тоа дека Лазар веќе заминал во некакво духовно подрачје за да продолжи со своето постоење. Марта имала вера во прекрасната надеж за воскресение од мртвите. Таа сфатила дека од телото на Лазар не се одделила некаква бесмртна душа, туку дека нејзиниот починат брат престанал да постои. Тоа можело да се надомести само со воскресение на нејзиниот брат.
13. Каква моќ од Бог поседува Исус, и како ја покажал?
13 Исус Христос е оној кој е овластен од Јехова Бог да го откупи човештвото (Осија 13:14). Затоа, како одговор на изјавата на Марта, Исус рекол: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11:25). Исус ја покажал својата моќ дадена од Бог и во овој поглед кога отишол кај гробот на Лазар, којшто веќе четири дена бил мртов, и го вратил во живот (Јован 11:38-44). Замисли си ја само радоста на оние кои го виделе ова или другите воскресенија што ги извршил Исус Христос! (Марко 5:35-42; Лука 7:12-16).
14. Зошто воскресението и идејата за бесмртна душа се неспоиви?
14 Застани за момент и размисли за следново: Никој не би морал да биде воскреснат, односно вратен во живот, доколку некаква бесмртна душа ја преживува смртта. Фактички, би било нељубезно некој како Лазар да се воскресне повторно во несовршен живот на Земјата, ако тој веќе преминал во некаков прекрасен небесен живот како награда. Всушност, Библијата никогаш не го користи изразот „бесмртна душа“. Наместо тоа, Светото писмо вели дека грешната човечка душа умира (Језекиил 18:4, 20). Затоа, Библијата укажува на подготовката за воскресение како на вистински лек за смртта.
„СИТЕ КОИ ШТО СЕ ВО СПОМЕН-ГРОБОВИТЕ“
15. а) Што значи изразот „воскресение“? б) Зошто воскресението на поединци нема да претставува никаков проблем за Јехова Бог?
15 Зборот за „воскресение“ што го употребувале Исусовите ученици, дословно значи „подигање“ или „станување“. Тоа е подигање од безживотната смртна состојба, така да се рече, станување од општиот гроб на човештвото. Јехова Бог може лесно да воскресне некого. Зошто? Затоа што Јехова е Основачот на животот. Денес, луѓето можат гласовите и ликовите на мажи и жени да ги снимат на видеолента и да ги репродуцираат овие снимки откако лицето ќе умре. Тогаш, секако дека нашиот семоќен Творец може да ги забележи деталите на секој поединец и да ја воскресне истата личност, давајќи ѝ новооформено тело.
16. а) Какво ветување дал Исус за сите оние кои се во спомен-гробовите? б) Што ќе биде одлучувачко за тоа какво ќе биде воскресението на некое лице?
16 Исус Христос рекол: „Доаѓа часот во кој сите кои што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат оние, кои правеле добро, во воскресение на живот, оние кои правеле зло, во воскресение на суд“ (Јован 5:28, 29, НС). Сите оние кои се во Јеховиното сеќавање, ќе бидат воскреснати и поучени за неговите патишта. За оние кои ќе постапуваат во склад со спознанието за Бог, тоа ќе се покаже како воскресение за живот. Но, за оние кои ќе ги отфрлат Божјите учења и влада, тоа ќе биде воскресение за прекорен суд.
17. Кои лица ќе бидат воскреснати?
17 Се разбира, оние кои следеле праведен пат како Јеховини слуги, ќе бидат воскреснати. Всушност, надежта во воскресение зајакнала многумина да се соочат со смрт, дури и во случаи на насилничко прогонство. Тие знаеле дека Бог може да ги врати во живот (Матеј 10:28). Но, милиони луѓе умреле без да покажат дали ќе се потчинат на Божјите праведни мерила. И тие ќе бидат воскреснати. Уверен во Јеховината намера во врска со ова, апостол Павле рекол: „Се надевам на Бога, оти ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15).
18. а) Каква визија за воскресението добил апостол Јован? б) Што ќе биде уништено во ‚огненото езеро‘, и што симболизира ова „езеро“?
18 Апостол Јован добил возбудлива визија за воскреснатите кои стојат пред Божјиот престол. Јован потоа напишал: „Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот [Хадесот, НС] ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои. А смртта и пеколот беа фрлени во огнено езеро. Тоа е втората смрт“ (Откровение 20:12-14). Замисли си! Сите мртви кои се во Божјето сеќавање го имаат изгледот да бидат ослободени од Хадесот (на грчки: хаи́дес), односно Шеолот — општиот гроб на човештвото (Псалм 15:10; Дела 2:31). Тие ќе имаат прилика со своите дела да покажат дали ќе му служат на Бог. Потоа „смртта и Хадесот“ ќе бидат фрлени во она што се нарекува „огнено езеро“, кое симболизира потполно уништување, како што означува и изразот „Гехена“ (Лука 12:5, НС). Самиот општ гроб на човештвото ќе биде испразнет и ќе престане да постои кога ќе заврши воскресението. Колку е утешно да се научи од Библијата дека Бог никого не мачи! (Јеремија 7:30, 31).
КАДЕ ЌЕ ВОСКРЕСНАТ?
19. Зошто некои од човештвото ќе бидат воскреснати на небо, и какво тело ќе им даде Бог?
19 Еден ограничен број мажи и жени ќе бидат воскреснати за живот на небото. Како цареви и свештеници со Исус, тие ќе имаат удел во отстранувањето на сите последици од смртта, коишто човештвото ги наследило од првиот човек, Адам (Римјаните 5:12; Откровение 5:9, 10, НС). Колкумина ќе земе Бог на небото за да владеат со Христос? Според Библијата, само 144.000 (Откровение 7:4; 14:1). На секој од овие воскреснати, Јехова ќе му даде духовно тело за да може да живее на небото (1. Коринтјаните 15:35, 38, 42-45; 1. Петрово 3:18).
20. Што ќе доживее послушното човештво, вклучувајќи ги и воскреснатите?
20 Поголемиот дел од оние кои умреле ќе бидат воскреснати на рајска Земја (Псалм 36:11, 29; Матеј 6:10). Една од причините зошто некои ќе бидат воскреснати на небото е за да се исполни Божјата намера со Земјата. Исус Христос и 144-те илјади постепено ќе го доведат послушното човештво до совршенството што го отфрлиле нашите прародители. Во тоа ќе бидат вклучени и воскреснатите, како што покажал Исус кога на прикованиот човек кој умирал покрај него, му рекол: „Ќе бидеш со Мене во рајот!“ (Лука 23:42, 43).
21. Според пророкот Исаија и апостол Јован, што ќе се случи со смртта?
21 На Рајската Земја, смртта која денес предизвикува толкава бесмисленост, ќе биде отстранета (Римјаните 8:19-21). Пророкот Исаија изјавил дека Јехова Бог ‚ќе ја проголта смртта засекогаш‘ (Исаија 25:8). На апостол Јован му била дадена визија за времето кога послушното човештво ќе биде ослободено од болка и смрт. Да, „Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:1-4).
22. Како влијае на тебе ова спознание за воскресението?
22 Јасните библиски учења ја отстрануваат збрката околу тоа што се случува со мртвите. Светото писмо јасно наведува дека смртта е ‚последниот непријател кој ќе биде уништен‘ (1. Коринтјаните 15:26, НС). Колкава само сила и утеха можеме да црпиме од спознанието за надежта во воскресение! И колку радосни можеме да бидеме што нашите сакани кои умреле, а се во Божје сеќавање, ќе бидат разбудени од смртниот сон за да се радуваат на сите добри работи што ги чува тој за оние кои го сакаат! (Псалм 144:16). Таквите благослови ќе бидат постигнати преку Божјето Царство. Но, кога треба да започне неговото владеење? Да видиме.
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Што претставува духот во луѓето?
Како би ја опишал состојбата на мртвите?
Кој ќе биде воскреснат?
[Слика на страница 85]
Како што Исус го повикал Лазар од гробот, така ќе бидат воскреснати милиони лица
[Слика на страница 86]
Радоста ќе биде изобилна кога ‚Бог ќе ја проголта смртта засекогаш‘