Зошто Библијата е дар вдахновен од Бог
БИБЛИЈАТА вели дека „Бог е љубов“, и му припишува мудрост и моќ (1. Јованово 4:8; Јов 12:13; Исаија 40:26). Таа ни кажува дека „сите негови патишта се правда (5. Мојсеева 32:4, NW). Според Библијата, Бог исто така покажува и особини како милосрдност и сочувствителност (2. Мојсеева 34:6; Римјаните 9:15).
Затоа што Библијата му припишува такви особини на Јехова Бог, таа ги привлекува луѓето кои тапкаат во незнаење. Оваа книга зборува за создавањето, за потеклото на гревот и смртта и за средството за измирување со Бог. Таа ни прикажува една воодушевувачка надеж за обновен Рај на Земјата. Но, сето тоа има вредност само ако може да се докаже дека Библијата е вдахновен дар од Бог.
Библијата и науката
Библијата доследно триумфирала над вишиот критицизам. На пример, ако ја читаме без предрасуди, ќе заклучиме дека е во склад со вистинската наука. Секако, Библијата била подготвена како духовен водич, а не како научен учебник. Но, да видиме дали Библијата се согласува со научните факти.
Анатомија: Библијата дава сигурни изјави за човечкиот ембрион и покажува дека сме ‚прекрасно создадени на начин кој влева стравопочитување‘ (Псалми 139:13-16). Нејзините детаљи за човечката анатомија ја вклучуваат Јововата точна изјава: „Бегам со кожата на моите заби“ (Јов 19:20, NW). The Encyclopedia Americana тврди: „На емајлираната површина [на забите] се наоѓа неразорна пеликула [тенка кожичка] или мембрана невидлива за голо око, позната како емајлирана кутикула (Несмитова мембрана) (издание од 1956, том XXVI, стр. 321).
Животинскиот свет: Според Библијата, ‚зајакот . . . прежива‘ (3. Мојсеева 11:6, NW). Преживањето кај овие глодари од семејството Лепоридае го забележал англискиот поет од 18-тиот век, Вилијам Каупер. The Imperial Bible-Dictionary вели: „Очигледно е дека зајакот при одморање повторно ја џвака храната што ја зел пред тоа; а ова дејство кај народот се сметало за преживање. . . . Дивиот и питомиот зајак . . . ја задржуваат избрстената храна во шуплините на образите и ја соџвакуваат во слободното време; така, процесот навистина е пре- џвакување“ (издадено од П. Фербарн, 1885, том III, стр. 57).
Археологија: Со откривањето на глинени плочки, грнчарство, натписи и слично, оживеале библиските цареви, градови и народи. На пример, народите како што биле Хетејците, споменати во Писмото, навистина постоеле (2. Мојсеева 3:8). Во својата книга Библијата оживува (The Bible Comes Alive), сер Чарлс Марстоун напишал: „Оние кои ја разнишале верата на народот во Библијата и го поткопале нејзиниот авторитет, напротив, самите се поткопани од доказите што излегле на виделина, а нивниот авторитет е уништен. Од полето на сомнителни факти, лопатата ископува критика која ги разорува фактите на усвоените измислици“.
Археологијата ја поддржува Библијата на повеќе начини. На пример, откритијата ги потврдиле местата и имињата кои се наоѓаат во 1. Мојсеева, 10. поглавје. Ископувачите го откриле калдејскиот град Ур, трговски и религиозен центар, каде што се родил Авраам (1. Мојсеева 11:27-31). Над изворот на Гихон во југоисточниот дел од Ерусалим, археолозите го пронашле евусејскиот град што го зазел цар Давид (2. Царства 5:4-10). Во 1880 бил откриен Силоамскиот натпис изгравиран на еден крај од водоводот или аквадуктот на цар Језекија (4. Царевите 20:20). Падот на Вавилон под Кир Велики во 539 п. н. е., се поврзува со Набонидовата хроника, ископана во 19-тиот век н. е. Некои детаљи од книгата Естир биле потврдени со исписите од Персеполис и откритието на палатата на цар Артаксеркс (Ахасвер) кај Шушан, или Суза, помеѓу 1880 и 1890 н. е. Кованите пари што биле во оптек во првиот век н. е., докажуваат дека постоел римскиот намесник Понтиј Пилат кој дал да го распнат Исус (Матеј 27:11-26).
Астрономија: Пред околу 2.700 години — долго пред луѓето општо да знаат дека Земјата е тркалеста — пророкот Исаија напишал: „Он е Оној, Кој седи над кругот на земјата“ (Исаија 40:22). Хебрејскиот збор hhug, тука преведен со „круг“, може исто така да се преведе со „топка“ (A Concordance of the Hebrew and Chaldee Scriptures, од Б. Дејвидсон). Затоа, земјиниот „круг“ понекогаш јасно се гледа од вселената и кога се патува со авион на големи височини. Кога зборуваме за тоа, Јов 26:7 кажува дека Бог ‚ја закачил земјата на ништо‘. Тоа е вистина, бидејќи астрономите знаат дека Земјата нема видливи средства кои ја потпираат.
Ботаника: Некои погрешно заклучиле дека Библијата е неточна, затоа што Исус зборувал за едно „синапово зрно“ како за „помало од сите семиња“ (Марко 4:30-32). Исус веројатно мислел на семето од билката црн синап (Brassica nigra или Sinapis nigra), која во пречник има само околу 1 до 1,6 милиметри. Иако постојат и помали семиња, како семето на орхидејата, кое е ситно како прав, Исус не им зборувал на луѓе кои биле одгледувачи на орхидеи. Тие галилејски Евреи знаеле дека од различните видови семиња што ги сееле месните земјоделци, синаповото семе било најситно. Исус зборувал за Царството, а не држел лекции по ботаника.
Геологија: Во врска со библискиот извештај за создавањето, познатиот геолог Валас Прат, рекол: „Ако мене како геолог би ме замолиле на некој обичен, сточарски народ, како што биле племињата за кои била наменета книгата Постанок, накратко да му ја објаснам современата идеја за потеклото на Земјата и развитокот на животот на неа, не би можел да сторам ништо подобро освен да се држам што поблиску до јазикот на првите пет поглавја од книгата Постанок“. Прат забележал дека редоследот на настаните во Постанок — потеклото на океаните, појавувањето на копно, и потоа појавувањето на морскиот живот, птици и цицачи — всушност е последица на главните поделби на геолошкото време.
Медицина: Во својата книга Лекарот ја испитува Библијата (The Physician Examines the Bible), К. Рајмер Смит напишал: „За мене е многу изненадувачки што Библијата е толку точна од медицинска гледна точка. . . . Таму кадешто се споменува лечење, како на пример чиреви, рани, и т. н., таа е точна дури и според современи мерила. . . . Голем број луѓе сѐ уште веруваат во многу суеверја, како на пример дека див костен во џепот штити од ревматизам, дека фаќањето жаби предизвикува брадавици; дека ако се носи црвен фланел, ќе се излечи болно грло; дека ако се носи вреќичка со асафетида, тоа ќе штити од болести; дека секојпат кога некое дете е болно, има глисти, и т. н., но такви изјави во Библијата нема. Ова е значајно само по себе и за мене претставува уште еден доказ за нејзиното божествено потекло“.
Доверлива во историските детаљи
Во својата книга Правник ја испитува Библијата (A Lawyer Examines the Bible), адвокатот Ирвин Х. Линтон забележал: „Додека романите, легендите и лажните сведоштва внимателно ги поместуваат настаните во некое далечно место и во некое непознато време и така го кршат првото правило што ние правниците го научивме за добра одбрана, дека во ‚изјавата мора да се наведат времето и местото‘, библиските раскажувачи со крајна прецизност ни го даваат датумот и местото на работите за кои раскажуваат.
За да го докаже ова, Линтон цитирал од Лука 3:1, 2. Таму евангелистот споменува седум службеници за да го утврди времето кога Исус Христос започнал со Својата служба. Забележи ги детаљите што ги дава Лука во овие зборови: „Во петнаесеттата година од владеењето на ќесарот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител во Јудеја, а Ирод — четворовласник над Галилеја, и Филип брат му, четворовласник во Итуреја и Трахонитската област, и Лисаниј — четворовласник во Авилинија, при првосвештениците Ана и Кајафа, му рече Бог на Јована, синот Захариев, во пустињата.“
Библијата е полна со слични детаљи. Освен тоа, некои нејзини делови, како Евангелијата, биле запишани во време на високоразвиена еврејска, грчка и римска култура. Тоа било време на правници, писатели, управители и слично. Затоа, секако, ако детаљите што се наоѓаат во Евангелијата и останатите делови од Библијата, не биле вистински, тие би биле разобличени како лажни. Но, световните историчари потврдиле такви работи како што е постоењето на Исус Христос. На пример, во врска со Исус и Неговите следбеници, римскиот историчар Тацит напишал: „Христос, од кого потекнува името [христијани], претрпел крајни маки за време на владеењето на Тибериј од раката на еден наш прокуратор, Понтиј Пилат“ (Анали, книга XV, 44). Историската точност на Библијата ни помага да докажеме дека таа е Божји дар за човештвото.
Најголемиот доказ
Иако археологијата, астрономијата, историјата и останатите научни области ја поддржуваат Библијата, верата во нив не се темели на такви докази. Меѓу многуте докази дека Библијата е Божји дар за нас, не може да се понуди поголем доказ од исполнувањето на нејзините пророштва.
Јехова Бог е Изворот на вистински пророштва. Преку својот пророк Исаија, тој рекол: „Првите работи — ете се дојдени, но објавувам нови работи. Пред да почнат да никнуваат, ви давам да ги чуете“ (Исаија 42:9, NW). Освен тоа, Библијата вели дека нејзините писатели биле вдахновени од Бог со посредство на неговиот свет дух, или активна сила. На пример, христијанскиот апостол Петар напишал: „Целото Писмо е од Бога вдахновено“ (2. Тимотеј 3:16). Апостолот Павле напишал: „Никакво пророштво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот . . . Никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот дух“ (2. Петрово 1:20, 21). Па, да разгледаме некои библиски пророштва.
Меѓу стотиците пророштва во Библијата се и оние во врска со асирскиот главен град Ниневија, ‚градот на крвопролевањето‘, кој преку 15 столетија сеел терор по древниот Блиски Исток (Наум 3:1, NW). Сепак, на врвот од моќта на Ниневија, Библијата прорекла: „[Бог] ќе ја претвори Ниневија во урнатини, во место суво како пустиња, и стада ќе лежат по неа и секаков вид животни: пеликан и еж ќе ноќеваат во резбите и украсите; гласот нивни ќе се разнесува низ прозорците, уривањето ќе се покаже на столбовите од вратите, зашто на нив нема да има облоги од кедар“ (Софонија 2:13, 14). Денес, посетителите можат да видат само една тумба која го означува опустошеното место на древната Ниневија. И како што било проречено, таму пасат стада овци.
Пророкот Даниел во визија набљудувал еден дворог овен и еден јарец со голем рог меѓу очите. Јарецот го соборил овенот и му ги скршил двата рога. Потоа, големиот рог на јарецот бил скршен, а на негово место дошле четири рога (Даниел 8:1-8). Ангелот Габриел објаснил: „Овенот со двата рога што го виде тоа се мидијскиот цар и персискиот. А косестиот козел е царот на Грција, додека големиот рог што се наоѓа меѓу неговите очи, тој е нејзиниот прв цар: тој е здробен и место него излегоа други четири: тоа се четирите царства што ќе се издигнат од тој народ, но не со негова сила“ (Даниел 8:20-22). Како што докажала историјата, дворогиот овен — Медо-Персиската империја — бил соборен од „царот на Грција“. Овој симболичен јарец [козел] имал ‚голем рог‘ во личноста на Александар Велики. По неговата смрт, неговите четворица војсководачи го замениле овој „голем рог“ така што постигнале моќ на „четири царства“.
Мноштво пророштва во Хебрејските списи („Стариот Завет“) биле исполнети во врска со Исус Христос. Некои од пророштвата на него ги примениле божествено вдахновените писатели на Христијанските грчки списи („Новиот Завет“). На пример, евангелистот Матеј го истакнал исполнувањето на библиските пророштва дека Исус ќе го роди девица, дека ќе има Претходник и дека ќе влезе во Ерусалим качен на осле од ослица. (Спореди Матеј 1:18-23; 3:1-3; 21:1-9 со Исаија 7:14; 40:3; Захарија 9:9.) Таквите исполнети пророштва помагаат да се докаже дека Библијата навистина е Божји вдахновен подарок.
Сегашното исполнување на библиските пророштва покажува дека живееме во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-5). Војни, оскудица на храна, болести и земјотреси од неспоредливи размери се дел од „знакот“ за Исусовата присутност во моќта на Царството. Тој знак исто така ја вклучува светската активност на преку четири милиони Сведоци на Јехова, кои ја проповедаат добрата вест за воспоставеното Царство (Матеј 24:3-14; Лука 21:10, 11). Библиските пророштва кои сега се исполнуваат, нѐ уверуваат дека Божјата небеска влада под Исус Христос наскоро ќе донесе нов свет на вечна среќа за послушното човештво (2. Петрово 3:13; Откровение 21:1-5).
Придружната мапа под насловот „Исполнети библиски пророштва“ прикажува само неколку од стотиците библиски пророштва кои би можеле да се набројат. Исполнувањето на некои од нив било забележано во самото Писмо, но особено се забележителни пророштвата кои се исполнуваат денес.
Веројатно можеш да видиш извесни развои ширум светот кои се претскажани во Библијата. Но, зошто не би истражувал понатаму? На твое барање, Јеховините сведоци радо ќе ти пружат дополнителни детаљи. И нека твоето искрено барање на спознание за Највишиот и неговите намери те увери дека Библијата навистина е Божји вдахновен подарок.
[Табела на страница 7]
ИСПОЛНЕТИ БИБЛИСКИ ПРОРОШТВА
ПРОРОШТВО ИСПОЛНУВАЊЕ
1. Мојсеева 49:10 Јуда го оформува израелското царско племе
Софонија 2:13, 14 Ниневија опустошена околу 632 п. н. е.
Јеремија 25:1-11; Со освојувањето на Ерусалим
Исаија 39:6 започнува 70-годишното пустошење
Исаија 13:1, 17-22; Кир го освојува Вавилон;
Даниел 8:3-8, 20-22 Медо-Персија поразена од Александар
Велики, а Грчката империја поделена.
Исаија 7:14; Исус роден од девица во Витлеем
Даниел 9:24–26 Помазување на Исус како Месија
(29 н.е.) (Лука 3:1-3, 21-23).
Исаија 9:1, 2 Во Галилеја започнува Исусовата
просветувачка служба (Матеј 4:12-23).
Исаија 53:4, 5, 12 Исусовата смрт како откупна жртва
Псалми 22:18 Фрлана ждрепка за Исусовата облека
Псалми 16:10; Исус воскреснува третиот ден
Лука 19:41-44; 21:20-24 Римјаните го уништуваат Ерусалим
(70 н. е.).
Лука 21:10, 11; Неспоредливи војни, глад, земјотреси,
Матеј 24:3-13; болести, беззаконие и т. н., кои ги
2. Тимотеј 3:1-5 означуваат „последните денови“.
Матеј 24:14; Јеховините сведоци ширум светот
Исаија 43:10; објавуваат дека Божјето Царство е
Псалми 2:1-9 воспоставено и дека наскоро ќе ги
победи сите противници.
Матеј 24:21-34; Меѓународно семејство на Јеховини
Откровение 7:9-17 сведоци го обожаваат Бог и се
подготвуваат да ја преживеат „големата
неволја“.
[Слика на страница 8]
Војни, глад, болести и земјотреси денес го земаат својот данок, но на повидок е нов свет на мир и среќа