Трето поглавје
„Мојот Избраник, кого мојата душа го одобри!“
1, 2. Зошто 42. поглавје од Исаија е од интерес за христијаните денес?
„,ВИЕ сте ми сведоци‘, изјавува Јехова, ‚и мој слуга, кого го избрав‘“ (Исаија 43:10, NW). Оваа изјава од Јехова, што ја запишал пророкот Исаија во осмиот век пр.н.е., покажува дека Јеховиниот древен народ на сојузот бил нација на сведоци. Тој бил Божји избран слуга. Околу 2.600 години подоцна, во 1931, помазаните христијани јавно објавиле дека овие зборови се однесуваат на нив. Тие го зеле името Јеховини сведоци и со цело срце ги прифатиле одговорностите што се поврзани со тоа човек да е Божји слуга на Земјата.
2 Јеховините сведоци искрено сакаат да му угодат на Бог. Од таа причина, 42. поглавје од книгата Исаија е од голем интерес за секого од нив, зашто дава портрет на слуга кого Јехова го одобрува и на слуга кого тој го отфрла. Разгледувањето на ова пророштво и на неговото исполнување ни дава увид во тоа што води до Божје одобрување а што до негово неодобрување.
„Го излеав Својот Дух на Него“
3. Што пророкува Јехова преку Исаија за „мојот слуга“?
3 Преку Исаија, Јехова го пророкува доаѓањето на еден слуга, кого тој лично ќе го избере: „Гледај! Мојот слуга, кого цврсто го држам! Мојот избраник, кого мојата душа го одобри! Го положив мојот дух во него. Ќе донесе правда за нациите. Нема да вика ниту да го крева својот глас, и на улица нема да се чуе неговиот глас. Згмечена трска нема да скрши; и ленен фитил што тлее нема да угасне. Во вистинитост ќе ја изнесе правдата. Нема да истлее ниту да се згмечи сѐ додека не воведе правда на земјата; и на неговиот закон ќе чекаат островите“ (Исаија 42:1—4, NW).
4. Кој е проречениот „Избраник“, и од каде го знаеме ова?
4 Кој е Слугата што е спомнат овде? Не сме оставени во неизвесност. Овие зборови се цитирани во евангелието по Матеј и се применети на Исус Христос (Матеј 12:15—21). Исус е омилениот Слуга, ‚Избраникот‘. Кога го излева Јехова својот дух врз Исус? Во 29 н.е., во времето на Исусовото крштавање. Инспирираниот извештај го опишува тоа крштавање и вели дека, откако Исус се подигнал од водата, „се отвори небото и светиот дух слезе на него во телесен облик како гулаб, и од небото дојде глас: ‚Ти си мојот Син, љубениот; тебе те одобрувам‘“. На овој начин Јехова лично го идентификувал својот љубен Слуга. Исусовата подоцнежна служба и чудесните дела што ги извршил докажале дека Јеховиниот дух навистина бил врз него (Лука 3:21, 22; 4:14—21; Матеј 3:16, 17).
„Ќе донесе правда за нациите“
5. Зошто било потребно да се разјасни правдата во првиот век н.е.?
5 Јеховиниот Избраник ќе „донесе“, односно ќе ја направи видлива вистинската правда. „Тој јасно ќе им покаже на нациите што е правда“ (Матеј 12:18). Колку само било потребно ова во првиот век н.е.! Еврејските верски водачи поучувале за едно искривено гледиште за правдата и праведноста. Тие се труделе да постигнат праведност со следење на строг законик — во којшто повеќето закони ги измислиле самите тие. Нивната легалистичка правда била без милост и сочувство.
6. На кои начини Исус ја објавил вистинската правда?
6 За разлика од тоа, Исус го открил Божјето гледиште за правдата. Со она за кое поучувал и со начинот на кој живеел Исус покажал дека вистинската правда е сочувствителна и милосрдна. Само разгледај ја неговата прочуена Проповед на гората (Матеј, поглавја 5—7). Какво само мајсторско објаснување за тоа како треба да се практикуваат правдата и праведноста! Кога ги читаме извештаите од евангелијата, зар не сме трогнати од Исусовото сочувство кон сиромашните и измачените? (Матеј 20:34; Марко 1:41; 6:34; Лука 7:13). Својата утешна порака им ја пренел на многумина што биле како згмечени трски, свиткани и измалтретирани. Биле како ленени фитили што тлеат, нивната последна искра живот била скоро задушена. Исус ниту ја скршил ‚згмечената трска‘ ниту го угаснал ‚фитилот што тлеел‘. Наместо тоа, неговите љубезни и сочувствителни зборови и постапки им го подигале духот на кротките (Матеј 11:28—30).
7. Зошто пророштвото вели дека Исус ‚нема да вика, нема да го крева гласот, ниту ќе се слуша на улица неговиот глас‘?
7 Сепак, зошто пророштвото вели дека Исус ‚нема да вика, нема да го крева гласот, ниту ќе се слуша на улица неговиот глас‘? Затоа што не се истакнувал сам себе, како што правеле многумина од неговото време (Матеј 6:5). Кога излекувал еден лепрозен човек, му рекол на излекуваниот: „Гледај никому ништо да не зборуваш“ (Марко 1:40—44). Наместо да бара публицитет и да дозволи луѓето да дојдат до заклучоци врз основа на прекажани извештаи, Исус сакал тие самите да дојдат до заклучок врз основа на цврсти докази дека тој е Христос, Јеховиниот помазан Слуга.
8. а) Како Исус донел „правда за нациите“? б) Што учиме за правдата од Исусовата илустрација за ближниот Самарјанин?
8 Избраниот Слуга требало да донесе „правда за нациите“. Исус тоа и го сторил. Освен што ја нагласил сочувствителната природа на божествената правда, Исус поучувал дека таа треба да ги опфати сите луѓе. Во една прилика, Исус потсетил еден човек упатен во Законот дека треба да го љуби Бог и својот ближен. Човекот го прашал: „Кој е, всушност, мојот ближен?“ Можеби очекувал Исус да му одговори: „Евреинот“. Но Исус ја кажал параболата за ближниот Самарјанин. Во параболата, Самарјанинот му притрчал на помош на некој човек кого го нападнале разбојници, додека некој Левит и некој свештеник одбиле да му помогнат. Тој што прашувал морал да признае дека во таа прилика презрениот Самарјанин бил негов ближен, а не Левитот или свештеникот. Својата илустрација Исус ја заклучил со советот: „И ти прави така“ (Лука 10:25—37; Левит 19:18).
„Нема да истлее ниту да се згмечи“
9. Како ќе влијае врз нас разбирањето на природата на вистинската правда?
9 Бидејќи Исус ја разјаснил природата на вистинската правда, неговите ученици научиле да ја покажуваат оваа особина. Тоа мораме да го правиме и ние. Пред сѐ, треба да ги прифатиме Божјите мерила за добро и лошо, бидејќи тој го има правото да одреди што е право и праведно. Додека се стремиме да ги правиме работите на Јеховин начин, нашето исправно однесување јасно ќе открие што е вистинска правда (1. Петрово 2:12).
10. Зошто покажувањето правда наложува да учествуваме во делото на проповедање и поучување?
10 Исто така, покажуваме вистинска правда кога марливо се ангажираме во активноста на проповедање и поучување. Јехова великодушно го дал животоспасувачкото спознание за себе, за својот Син и за своите намери (Јован 17:3). Не би било исправно ниту праведно да го задржиме тоа спознание за себеси. „Не крати им добротворство на оние што имаат потреба кога можеш да го направиш тоа“, вели Соломон (Пословици 3:27). Со цело срце да го делиме со сите луѓе она што го знаеме за Бог, без разлика на нивната расна, етничка или национална заднина (Дела 10:34, 35).
11. Имитирајќи го Исус, како треба да постапуваме со другите?
11 Освен тоа, еден вистински христијанин постапува со другите онака како што постапувал Исус. Многумина денес се соочуваат со обесхрабрувачки проблеми и имаат потреба од сочувство и охрабрување. Дури и некои предадени христијани можат да бидат толку скршени од околностите што личат на згмечени трски или на фитили што тлеат. Зар не им треба нашата поддршка? (Лука 22:32; Дела 11:23). Колку само е освежувачки да си дел од една заедница на вистински христијани, кои се трудат да го имитираат Исус во покажувањето правда!
12. Зошто можеме да бидеме сигурни дека правдата наскоро ќе стане реалност за сите?
12 Ќе има ли некогаш правда за сите? Да, ќе има. Јеховиниот Избраник „нема да истлее ниту да се згмечи сѐ додека не воведе правда на земјата“. Наскоро, востоличениот Цар, воскреснатиот Христос Исус, „ќе донесе одмазда над оние кои не го познаваат Бог“ (2. Солуњаните 1:6—9; Откровение 16:14—16). Човечкото владетелство ќе биде заменето со Божјето Царство. Правдата и праведноста ќе изобилуваат (Пословици 2:21, 22; Исаија 11:3—5; Даниел 2:44; 2. Петрово 3:13). Со желно исчекување, Јеховините слуги насекаде — па дури и оние во далечните места, на „островите“ — го чекаат тој ден.
,Го поставив за светлина на нациите‘
13. Што пророкува Јехова за својот Избран Слуга?
13 Исаија продолжува: „Вака зборува Господ, Бог, Кој ги создаде и ги оптегна небесата, Кој ја распростре земјата и нејзините растенија, Кој им дава здив на народите на неа, и здив на суштествата што одат по неа“ (Исаија 42:5). Каков само силен опис на Јехова, Творецот! Ова потсетување на Јеховината моќ ѝ дава огромна тежина на неговата изјава. Јехова вели: „Јас, Господ, те повикав во правда, те зедов цврсто за рака; те вообличив и те поставив за Завет [сојуз, NW] на народот и за светлина на племињата [нациите, NW], за да им ги отвориш очите на слепите, за да ги извадиш затворениците од темницата, од темнината оние што живеат во мрак“ (Исаија 42:6, 7).
14. а) Што се мисли кога се вели дека Јехова го зема за рака својот одобрен Слуга? б) Каква улога игра Избраниот Слуга?
14 Големиот Творец на вселената, Дарител и Поддржувач на животот, го зема за рака својот Избран Слуга и му ветува потполна и постојана поддршка. Колку само ова ја зацврстува увереноста! Освен тоа, Јехова го штити за да го постави за ‚сојуз на народот‘. Сојуз претставува договор, согласност, свечено ветување. Тоа е сигурна уредба. Да, Јехова го направил својот Слуга „залог на народот“ (An American Translation).
15, 16. На кој начин Исус служи како ‚светлина на нациите‘?
15 Како ‚светлина на нациите‘, ветениот Слуга ќе ги отвори „очите на слепите“ и ќе ги ослободи „оние што живеат во мрак“. Исус тоа и го сторил. Сведочејќи за вистината, тој го прославил името на својот небесен Татко (Јован 17:4, 6). Ги разоткрил религиозните невистини, ја проповедал добрата вест за Царството и ја отворил вратата на духовна слобода за оние што биле во религиозно заробеништво (Матеј 15:3—9; Лука 4:43; Јован 18:37). Тој предупредил да не се прават дела што ѝ припаѓаат на темнината и го разоткрил Сатана како „татко на лагата“ и ‚владетел на овој свет‘ (Јован 3:19—21; 8:44; 16:11).
16 Исус рекол: „Јас сум светлината на светот“ (Јован 8:12). На еден истакнат начин тој се покажал како таков кога го принел својот совршен живот како откупнина. Со тоа, на оние што практикуваат вера им овозможил да имаат простување на гревовите, одобрен однос со Бог и изглед за вечен живот (Матеј 20:28; Јован 3:16). Задржувајќи совршена божествена оддаденост низ својот живот, Исус ја поддржал Јеховината сувереност и докажал дека Ѓаволот е лажливец. Исус навистина им дал вид на слепите и ги ослободил затворените од духовна темнина.
17. На кои начини ние служиме како светлоносци?
17 Во Проповедта на гората, Исус им рекол на своите ученици: „Вие сте светлината на светот“ (Матеј 5:14). Зар не сме и ние светлоносци? Со нашиот начин на живот и со нашето проповедничко дело ја имаме привилегијата да ги упатуваме другите кон Јехова, Изворот на вистинско просветлување. Следејќи го примерот на Исус, ние го објавуваме името на Јехова, ја поддржуваме Неговата сувереност и го објавуваме Неговото Царство како единствена надеж за човештвото. Освен тоа, како светлоносци, ги разоткриваме религиозните невистини, предупредуваме да не се прават нечисти дела, кои ѝ припаѓаат на темнината, и го разоткриваме Сатана, злобниот (Дела 1:8; 1. Јованово 5:19).
„Пејте Му на Господа нова песна“
18. Што му објавува Јехова на својот народ?
18 Сега Јехова го свртува своето внимание кон својот народ, велејќи: „Јас, Господ [Јехова, NW] Ми е Име, не му ја давам Мојата Слава на друг, ниту Својата чест на киповите. Што прореков порано, ете, се збидна, и нови настани Јас навестувам, и пред да се покажат, ви ги јавувам вам“ (Исаија 42:8, 9). Пророштвото за „мојот слуга“ не го кажал некој од безвредните богови, туку единствениот жив и вистински Бог. Било сигурно дека ќе се исполни, и се исполнило. Јехова Бог е навистина Авторот на нови работи, и тој му ги кажува на својот народ пред тие да се случат. Како треба да реагираме?
19, 20. а) Каква песна мора да се пее? б) Кој му пее фалбена песна на Јехова денес?
19 Исаија пишува: „Пејте Му на Господа нова песна и Негова фалба од крајот на земјата, нека Го слави морето со сѐ што е во него, островите и нивните жители! Нека кренат глас пустината и нејзините градови, нека извикаат населбите каде што живеат Кидарците! Нека подвикнуваат жителите на Стената, нека воскликнуваат од горските врвови! Нека Му даваат слава на Господа и нека му ја возвестуваат фалбата по островите!“ (Исаија 42:10—12).
20 Жителите на градовите, на селата во пустината, на островите, па дури и на ‚Кидар‘, односно логорите во пустината — луѓето насекаде — се поттикнати да му пеат фалбена песна на Јехова. Колку само е возбудливо што во нашево време милиони се одѕвале на овој пророчки повик! Тие ја пригрнале вистината од Божјата реч и го прифатиле Јехова за свој Бог. Јеховиниот народ ја пее оваа нова песна — оддавајќи му слава на Јехова — во повеќе од 230 земји. Колку само е возбудливо да се пее во овој мултикултурен, мултијазичен и мултирасен хор!
21. Зошто не им успева на непријателите на Божјиот народ да ја замолчат фалбената песна на Јехова?
21 Можат ли противниците да се кренат против Бог и да ја замолчат оваа фалбена песна? Невозможно! „Господ излегува како Јунак, како војник ја поттикнува својата жар. Со борбен извик и со воена викотница оди јуначки на Својот непријател“ (Исаија 42:13). Која сила може да се крене против Јехова? Пред околу 3.500 години, пророкот Мојсеј и синовите на Израел пееле: „Господ е храбар војник, Неговото име е Господ [Јехова, NW] Бог. Ја фрли во морето фараоновата кола и неговата војска; цветот на неговите штитоносци Црвеното Море го голтна“ (Излез 15:3, 4). Јехова ја победил најмоќната воена сила во тоа време. Ниеден непријател на Божјиот народ не може да успее кога Јехова ќе излезе како јуначен војник.
„Молчев долго“
22, 23. Зошто Јехова ‚молчи долго‘?
22 Јехова е фер и праведен, дури и кога извршува суд против своите непријатели. Тој вели: „Молчев долго, бев тивок, се воздржував; сега викам како жена кога раѓа, збивам и воздивнувам. Ќе ги запустам планините и бреговите, ќе го исушам сето зелено во нив, реките ќе ги претворам во степи и ќе ги исушам езерата“ (Исаија 42:14, 15).
23 Пред да преземе некоја судска постапка, Јехова дозволува да помине време со цел на престапниците да им даде можност да отстапат од своите лоши патишта (Еремија 18:7—10; 2. Петрово 3:9). Разгледај го примерот на Вавилонците, кои, како доминантна светска сила, го опустошуваат Ерусалим во 607 година пр.н.е. Јехова им го дозволува ова за да ги дисциплинира Израелците поради нивната неверност. Меѓутоа, Вавилонците не успеваат да ја увидат улогата што ја играат. Со Божјиот народ постапуваат далеку погрубо отколку што бара Божјиот суд (Исаија 47:6, 7; Захарија 1:15). Колку мора да го боли вистинскиот Бог кога гледа дека неговиот народ страда! Но, тој се воздржува да преземе акција сѐ до своето одредено време. Тогаш вложува напор — како жена што раѓа — за да го ослободи својот народ на сојузот и да го направи независна нација. За да го постигне ова, во 539 пр.н.е., тој го исушува и го запустува Вавилон и неговата одбрана.
24. Каков изглед му отвора Јехова на својот народ Израел?
24 Колку мора да е возбуден Божјиот народ кога конечно, по толку години изгнанство, патот за дома му е отворен! (2. Летописи 36:22, 23). Мора да е среќен што го доживеал исполнувањето на Јеховиното ветување: „Ќе ги водам слепците по патиштата [пат што тие не го познаваат, NW], ќе ги упатам по патеките. Пред нив ќе ја обрнам темнината во светлина, а нерамната почва во рамна. Тоа ќе го направам и нема да ги оставам“ (Исаија 42:16).
25. а) Во што може да биде сигурен Јеховиниот народ денес? б) На што треба да бидеме решени?
25 Како се применуваат овие зборови денес? Па, сега веќе долго време — со векови — Јехова ги оставил нациите да одат по својот пат. Меѓутоа, близу е неговото одредено време за да ги среди работите. Во современа доба, тој подигнал народ што сведочи за неговото име. Соборувајќи го секое противење кон него, му Го израмнува патот за да Го обожава „со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Тој ветил: „Нема да ги оставам“, и си го одржал зборот. Што ќе биде со оние што упорно продолжуваат да обожаваат лажни богови? Јехова вели: „Ќе се вратат назад во голем срам оние што се надеваат на идоли, кои им зборуваат на леаните ликови: ‚Вие сте наши богови‘“ (Исаија 42:17). Колку само е битно да му останеме верни на Јехова, како што го сторил тоа неговиот Избраник!
,Слуга кој е глув и слеп‘
26, 27. Како Израел се покажал како ‚глув и слеп слуга‘, и со какви последици?
26 Божјиот Избран Слуга, Исус Христос, останал верен до смрт. Но, Јеховиниот народ Израел покажал дека е неверен слуга, глув и слеп во духовна смисла. Обраќајќи му се, Јехова вели: „,Чујте, глуви! Прогледајте, слепи, да видите! Кој е слеп ако не Мојот слуга, кој е глув како гласникот што го испраќам? Кој е слеп како пријателот, кој е глув како Господовиот слуга? Многу виде, но не се грижеше, ушите ти беа отворени, но не чу!‘ На Господа Му се свиде заради Неговата праведност да го возвеличи и прослави Законот“ (Исаија 42:18—21).
27 Каков само жалосен губитник е Израел! Неговиот народ често се свртува кон обожавање на демонските богови на нациите. Одново и одново, Јехова ги испраќа своите гласници, но неговиот народ не им обрнува внимание (2. Летописи 36:14—16). Исаија ги претскажува последиците: „Овој народ е опљачкан и ограбен, неговите млади ставени се во клади, фрлени во темници. Ги пленуваат, а никој нема да ги избави; ги заробуваат, а никој нема да рече: ‚Врати ги!‘ Кој од вас се грижи за тоа? Кој пази и слуша однапред? Кој му го предаде Јакова на ограбувачот и Израел на присвојувачот? Не е ли Господ, против Кого грешевме, по чии патишта не сакавме да одиме, чиј Закон не сакавме да го слушаме? Затоа ги излеа врз Израел Својот жарок гнев и воените стравотии: пламен го опкружи отсекаде, но тој не го сфати тоа; го изгоре, но тој и тоа не го зеде на срце“ (Исаија 42:22—25).
28. а) Што можеме да научиме од примерот на жителите на Јуда? б) Како можеме да го бараме Јеховиното одобрување?
28 Поради неверноста на нејзините жители, во 607 пр.н.е. Јехова дозволува земјата Јуда да биде опљачкана и ограбена. Вавилонците го горат Јеховиниот храм, го опустошуваат Ерусалим и ги водат Евреите во заробеништво (2. Летописи 36:17—21). Да го земеме при срце овој предупредувачки пример и никогаш да не ги затвораме ушите за Јеховините упатства ниту да ги затвораме очите за неговата пишана Реч. Наместо тоа, да го бараме Јеховиното одобрување со тоа што ќе го имитираме Христос Исус, Слугата кого Јехова лично го одобрил. Како Исус, и ние да ја разгласиме вистинската правда со она што го кажуваме или го правиме. На овој начин, ќе останеме во Јеховиниот народ, служејќи како светлоносци, кои го фалат и го слават вистинскиот Бог.
[Слики на страница 33]
Вистинската правда е сочувствителна и милосрдна
[Слика на страница 34]
Во параболата за ближниот Самарјанин, Исус покажал дека вистинската правда ги опфаќа сите луѓе
[Слики на страница 36]
Со тоа што имаме охрабрувачки став и сме љубезни практикуваме божествена правда
[Слики на страница 39]
Со нашата проповедничка активност покажуваме божествена правда
[Слика на страница 40]
Одобрениот Слуга бил поставен ‚за светлина на нациите‘