Кога Истокот се среќава со Западот
„АХ, ИСТОКОТ е Исток, а Западот Запад, и двата нема никогаш да се сретнат“. Овие зборови на британскиот поет Радјард Киплинг нѐ потсетуваат на големите културолошки разлики кои го раздвојуваат човештвото и кои придонесуваат за племенски, расни и национални омрази кои денес експлодираат насекаде околу нас. Многумина се прашуваат: „Зарем Бог не може да стори нешто во врска со оваа ситуација?“ Да, може! И уште денес тоа го прави! Следниот стих од Киплинговата поема укажува на ова. Колку долго Истокот и Западот ќе бидат поделени? Поетот рекол: „Додека Земјата и Небото наскоро не застанат пред големиот Божји судски престол“.
Одговорноста да суди Бог му ја предал на својот Син, Исус Христос (Јован 5:22-24, 30). Но, кога започнува тоа време на судење? Кој ќе биде суден и со каков исход? Исус е тој кој ги објаснил во пророштво светските војни и придружните неволји кои почнале да го погодуваат човештвото од годината 1914. Изјавил дека тие ќе го сочинуваат „знакот“ на неговото невидливо „доаѓање [присуство, НС] и за свршетокот на светот“ (Матеј 24:3-8).
Како кулминација на ова големо пророштво, Исус, означувајќи го нашево денешно време како време на судење, за себе вели: „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата“. Симболично, сите луѓе на Земјава денес се збираат пред Судијата и се одговорни за тоа како реагираат на неговата порака за спасение. Кога наскоро во големата неволја ќе биде спроведена одлуката, непослушните луѓе слични на јарци „ќе отидат во вечна мака [отсечување, НС], а праведниците [послушните луѓе слични на овци] — во живот вечен“ (Матеј 25:31-33, 46; Откровение 16:14-16).
‚Од исток и од запад‘
Судењето на овој свет веќе започнало за време на бурните години од Првата светска војна. Тогаш свештенството на т. н. христијанство им дало целосна поддршка на завојуваните фракции. Со тоа се идентификувало себеси како дел од овој расипан свет кој го заслужува „гневот Божји“ (Јован 3:36). Сепак, што е со мирољубивите христијани кои покажуваат вера во Бог? Започнувајќи од 1919 година, почнале да се собираат на страната на Царот Исус Христос.
Доаѓаат од сите страни на Земјината топка, најнапред остатокот од 144.000 помазани избрани низ вековите на христијанската ера. Ќе бидат „сонаследници со Христос“ во неговото небесно Царство (Римјаните 8:17, НС). Божјиот пророк им рекол: „Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; од исток ќе го доведам твоето племе и од запад ќе те соберам. На север ќе му кажам: дај; и на југ: не задржувај; доведи ги синовите Мои оддалеку и ќерките Мои — од краиштата земни, секого, кој се нарекува со Моето име, кого сум го создал за Мое прославување, ги создадов и направив“ (Исаија 43:5-7).
Но, тоа не е сѐ! Особено од 1930-ите почнува да се собира едно големо мноштво кое денес брои на милиони. Тие се „овците“ кои Исус ги означил во Матеј 25:31-46. Како и помазаниот остаток пред нив, и тие ‚веруваат‘ во Оној кој објавува: „Вие сте Мои сведоци, оти Јас сум Бог“ (Исаија 43:10-12). И собирањето на ова големо мноштво се одвива ‚од исток и од запад, од север и од југ и од краиштата земни‘.
Овие мирољубиви овци се собираат во едно меѓународно братство. Зборуваат многу различни јазици од 231-та земја во која живеат. Сепак, духовно се обединети во учењето на „чистиот јазик“ (НС) на библиската порака за Царството за „да го призовуваат името на Господа и да Му служат еднодушно“ (Софонија 3:9). Нивното единство во верата, целта и дејноста пружа прекрасно сведоштво дека Истокот навистина се сретнал со Западот и народи од сите страни на светот во службата и фалбата на Суверениот Господ Јехова.
Во некои земји, ова собирање се случува под околности мошне вредни да се забележат, како што ќе покажат и следниве извештаи.