Каква е иднината за овците и јарците?
„Ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите [јарците, НС]“ (МАТЕЈ 25:32).
1, 2. Зошто треба да нѐ интересира параболата за овците и јарците?
ИСУС ХРИСТОС сигурно бил најголемиот Учител на Земјата (Јован 7:46). Еден од неговите методи на поучување било користењето на параболи, односно илустрации (Матеј 13:34, 35). Тие биле едноставни но силни кога ги пренесувале длабоките духовни и пророчки вистини.
2 Во параболата за овците и јарците, Исус укажал на времето кога тој ќе дејствува во едно посебно својство: „Кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и . . .“ (Матеј 25:31). Ова треба да нѐ интересира, бидејќи со оваа илустрација Исус го заклучува својот одговор на прашањето: „Каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [присутност, НС] и за свршетокот на светот?“ (Матеј 24:3). Но, што значи тоа за нас?
3. Што рекол Исус претходно во својата расправа дека ќе се развие веднаш по започнувањето на големата неволја?
3 Исус прорекол впечатливи настани кои ќе дојдат ‚веднаш по‘ избувнувањето на големата неволја, настани кои ги очекуваме. Тој рекол дека ќе се појави „знакот на Синот Човечки“. Тоа силно ќе влијае врз „сите земни племиња“ кои ќе „Го видат Синот Човечки како иде на небеските облаци, со голема слава и сила“. Синот човечки ќе биде придружуван од „Своите ангели“ (Матеј 24:21, 29-31).a А што е со параболата за овците и јарците? Современите Библии ја поместуваат во 25. поглавје, но таа е дел од Исусовиот одговор и дава натамошни детали за неговото доаѓање во слава, сосредоточувајќи се на неговото судење на „сите народи“ (Матеј 25:32).
Ликови во параболата
4. Како е споменат Исус на почетокот од параболата за овците и јарците, и кој друг е споменат?
4 Исус ја започнува параболата со зборовите: „А кога ќе дојде Синот Човечки“. Ти веројатно знаеш кој е „Синот Човечки“. Писателите на евангелијата честопати го применуваат тој израз на Исус. Дури и самиот Исус го сторил тоа, несомнено имајќи ја на ум Данииловата визија за некој како „Синот Човечки“ кој му пристапил на Прастариот на денови за да прими „власт, слава и царство“ (Даниил 7:13, 14; Матеј 26:63, 64; Марко 14:61, 62). Иако Исус е главниот во оваа парабола, тој не е сам. На почетокот од оваа дискусија, како што е цитирано во Матеј 24:30, 31, тој рекол дека кога Синот човечки ‚ќе дојде со голема слава и сила‘, неговите ангели ќе играат важна улога. На сличен начин, параболата за овците и јарците прикажува ангели со Исус кога тој ‚седнува на престолот на славата Своја‘ за да суди. (Спореди Матеј 16:27.) Но, бидејќи Судијата и неговите ангели се на небото, тогаш дали во параболата станува збор за луѓе?
5. Како можеме да ги идентификуваме Исусовите „браќа“?
5 Еден краток поглед на параболата ни открива три групи кои треба да ги идентификуваме. Покрај овците и јарците, Синот човечки ја додава и третата група чиј идентитет е од централно значење за идентификувањето на овците и јарците. Оваа трета група Исус ја означува како негови духовни браќа (Матеј 25:40, 45). Тие мора да се вистински обожаватели, зашто Исус рекол: „Кој ја исполнува волјата на Мојот . . . Отец, тој Ми е брат, и сестра, и мајка“ (Матеј 12:50; Јован 20:17). Што е уште поважно, Павле пишувал за христијани кои се дел од ‚Авраамовото семе‘ и кои се Божји синови. Нив ги нарекол Исусови „браќа“ и „учесници во небесното призвание“ (Евреите 2:9–3:1; Галатјаните 3:26, 29).
6. Кои се ‚најмалите‘ Исусови браќа?
6 Зошто Исус ги споменал ‚најмалите‘ негови браќа? Овие зборови го одразуваат она што апостолите уште порано го слушнале од него. Кога го споредувал Јован Крстител, кој умрел пред Него и кој затоа имал земна надеж, со оние кои постигнуваат небесен живот, Исус рекол: „Не се јавил поголем од Јована Крстител; но најмалиот во царството небесно е поголем од него“ (Матеј 11:11). Некои од оние кои одат на небо можеби уживаат углед во собранието, како апостолите, додека некои можеби не толку, но сите тие се Исусови духовни браќа (Лука 16:10; 1. Коринтјаните 15:9; Ефесјаните 3:8; Евреите 8:11). Според тоа, дури и ако некои изгледале незначителни на Земјата, тие биле негови браќа и требало така и да се постапува со нив.
Кои се овците и јарците?
7, 8. Што рекол Исус за овците, и што можеме да заклучиме во врска со нив?
7 Во врска со судењето на овците, читаме: „[Исус] ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‚Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене.‘ Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кога Те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме? А Царот ќе им одговори и рече: ‚Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле‘“ (Матеј 25:34-40).
8 Очигледно, овците кои се просудени како достојни да бидат на Исусовата десна страна на честа и милоста, претставуваат класа на луѓе (Ефесјаните 1:20; Евреите 1:3). Што сториле тие и кога? Исус вели дека тие љубезно, со почит и дарежливо му дале храна, пијалок и облека, помагајќи му кога тој бил болен или во затвор. Кога овците велат дека тие ништо лично не сториле за Исус, тој истакнува дека тие ги поддржувале неговите духовни браќа, остатокот од помазани христијани, и во таа смисла тоа го сториле за него.
9. Зошто параболата не се однесува на времето во текот на Милениумот?
9 Параболата не се применува во текот на Милениумот, бидејќи помазаниците тогаш нема да бидат луѓе кои ќе трпат глад, жед, болест или затвор. Сепак, многумина од нив доживеале такво нешто за време на завршетокот од овој систем на ствари. Уште кога Сатана бил фрлен долу на Земјата, остатокот бил негов посебен предмет на гнев. Затоа, тој му нанесувал исмејување, мачење и убивање (Откровение 12:17).
10, 11. а) Зошто е неразумно да мислиме дека во овците е вклучен секој оној кој им прави барем некакво љубезно дело на Исусовите браќа? б) Кого овците соодветно го претставуваат?
10 Дали Исус сакал да каже дека секој кој ќе покаже макар некое мало љубезно дело кон овие негови браќа, како што е понудување на парче леб или чаша вода, ги исполнува условите да биде една од овие овци? Вистина, покажувањето на такви љубезни дела може да одразува човечка љубезност, но всушност, се чини дека кај овците од оваа парабола се работи за многу повеќе. На пример, тешко дека Исус мислел на атеисти или на свештеници кои направиле некакво љубезно дело на некој од неговите браќа. Напротив, Исус двапати овците ги нарекол „праведници“ (Матеј 25:37, 46). Затоа, овците мора да се оние кои им помагале низ еден извесен временски период, активно поддржувајќи ги Христовите браќа, и кои покажувале онолкава вера колку што е потребна за да добијат праведна положба пред Бог.
11 Низ вековите, многумина како Авраам се радувале на една праведна положба (Јаков 2:21-23). Ное, Авраам и други верни се вбројуваат меѓу „другите овци“ кои ќе наследат живот во Рајот под Божјето Царство. Во поново време, милиони други го прифатиле вистинското обожавање како други овци и станале „едно стадо“ со помазаниците (Јован 10:16; Откровение 7:9). Овие кои имаат земна надеж, ги признаваат Исусовите браќа како претставници на Царството и затоа им помагале — дословно и духовно. Она што другите овци го правеле за неговите браќа на Земјата, Исус го смета како да му е направено нему лично. Таквите кои ќе бидат живи кога тој ќе дојде да им суди на народите, ќе бидат просудени како овци.
12. Зошто овците би можеле да прашаат на кој начин му направиле љубезни дела на Исус?
12 Ако другите овци сега ја проповедаат добрата вест со помазаниците и ако им помагаат, зошто тогаш би прашале: „Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме?“ (Матеј 25:37). Би можело да има разни причини. Ова е само парабола. Преку неа Исус ја покажува својата длабока грижа за своите духовни браќа; тој сочувствува и страда со нив. Исус порано рекол: „Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил“ (Матеј 10:40). Во оваа илустрација, Исус го проширува начелото, покажувајќи дека она што им е направено (добро или лошо) на неговите браќа, достига дури до небото; како да му е направено нему на небото. Исто така, Исус тука го истакнува и Јеховиното мерило за судење, објаснувајќи дека Божјата пресуда, сеедно дали е поволна или неповолна, е важечка и праведна. Јарците не можат да се оправдуваат: ‚Ех, камо да те бевме виделе лично‘.
13. Зошто лицата слични на јарци би можеле да го ословат Исус со „Господ“?
13 Штом разбравме кога се извршува судењето што е покажано во оваа парабола, сега добиваме една појасна слика за тоа кои се јарците. Исполнувањето ќе биде кога „ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како иде . . . со голема слава и сила“ (Матеј 24:29, 30). Преживеаните од неволјата врз Големиот Вавилон кои постапувале злобно со браќата на Царот, можеби сега очајнички му се обраќаат на Судијата со „Господ“, со надеж да го спасат својот живот (Матеј 7:22, 23; спореди Откровение 6:15-17).
14. Врз која основа Исус ќе им суди на овците и јарците?
14 Меѓутоа, Исусовата пресуда нема да се темели на очајничките тврдења на поранешните посетители на црквите, атеистите или другите (2. Солунјаните 1:8). Место тоа, судијата ќе ја разгледа состојбата на срцето и поранешните постапки на луѓето дури и спрема „еден од овие [негови] најмали браќа“. Признаваме, бројот на преостанатите помазани христијани на Земјата опаѓа. Меѓутоа, сѐ додека помазаниците, кои го сочинуваат „верниот и разумен роб“, обезбедуваат духовна храна и упатства, потенцијалните овци имаат прилика да ѝ прават добро на класата на робот, исто како што правело ‚големото мноштво од сите племиња и колена и народи‘ (Откровение 7:9, 14).
15. а) На кој начин многумина се покажале како јарци? б) Зошто треба да избегнуваме да тврдиме дали некој е овца или јарец?
15 Како биле третирани Христовите браќа и милионите други овци кои се обединети со нив како едно стадо? Многу луѓе можеби не ги напаѓале Христовите претставници, ама ниту, пак, постапувале љубезно со неговиот народ. Поради тоа што повеќе го сакале злобниот свет, лицата слични на јарци ја отфрлаат пораката за Царството, било да ја слушнале директно или индиректно (1. Јованово 2:15-17). Се разбира, на крајот на краиштата, Исус е оној кој е поставен да донесе пресуда. Не е на нас да одредуваме кои се овци, а кои јарци (Марко 2:8; Лука 5:22; Јован 2:24, 25; Римјаните 14:10-12; 1. Коринтјаните 4:5).
Каква е иднината за секоја група?
16, 17. Каква иднина ќе имаат овците?
16 Исус ја дал својата пресуда за овците: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“. Каква срдечна покана — „Елате“! Каде? Во вечен живот, како што рекол во заклучокот: „Праведниците [ќе отидат] во живот вечен“ (Матеј 25:34, 46).
17 Во параболата за талантите Исус покажал што се бара од оние кои ќе владеат со него на небото, но во оваа парабола тој покажува и што се очекува од поданиците на Царството (Матеј 25:14-23). Забележливо е тоа што поради нивната сесрдна поддршка на Исусовите браќа, овците наследуваат место во земното подрачје на неговото Царство. Тие ќе се радуваат на земен Рај — изглед што Бог го подготвил за нив „од почетокот на светот“ од луѓе кои можат да се откупат (Лука 11:50, 51).
18, 19. а) Каква пресуда ќе донесе Исус за јарците? б) Како можеме да бидеме сигурни дека јарците нема да се соочат со вечно страдање?
18 Каков само контраст претставува пресудата што е извршена над јарците! „Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: ‚Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели. Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.‘ Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор и не Ти послуживме?‘ Тогаш ќе им одговори и рече: ‚Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле‘“ (Матеј 25:41-45).
19 Истражувачите на Библијата знаат дека ова не може да значи оти некакви бесмртни души на лицата слични на јарци ќе страдаат во некаков вечен оган. Не, бидејќи луѓето се души; тие не поседуваат бесмртни души (1. Мојсеева 2:7; Проповедник 9:5, 10; Језекиил 18:4). Осудувајќи ги јарците на „вечен оган“, Судијата мисли на уништување лишено од некаква идна надеж, кое воедно ќе биде и вечен крај за Ѓаволот и неговите демони (Откровение 20:10, 14). Затоа, Јеховиниот Судија донесува различни пресуди. Тој им вели на овците: „Елате“, а на јарците: „Одете од Мене“. Овците ќе наследат „живот вечен“. Јарците ќе добијат „вечна мака [отсечување, НС]“ (Матеј 25:46).b
Што значи тоа за нас?
20, 21. а) Какво важно дело треба да извршат христијаните? б) Какво делење се одвива сега? в) Каква ќе биде ситуацијата со луѓето кога ќе почне да се исполнува параболата за овците и јарците?
20 Четворицата апостоли кои го слушнале Исусовиот одговор во врска со знакот на неговата присутност и со свршетокот на системот, имале многу за размислување. Тие требало да бидат будни и да бдеат (Матеј 24:42). Исто така, требало да го извршат делото на сведочење што е споменато во Марко 13:10. Јеховините сведоци денес се енергично ангажирани во тоа дело.
21 Но, што значи за нас ова додатно разбирање на параболата за овците и јарците? Па, луѓето веќе заземаат некоја страна. Некои се на ‚широкиот пат што води кон пропаст‘, а други, пак, се трудат да останат на ‚тесниот пат што води кон живот‘ (Матеј 7:13, 14). Но, допрва претстои времето кога Исус ќе изрече конечна пресуда над овците и јарците што се опишани во параболата. Кога ќе дојде Синот човечки во улогата на Судија, тој ќе одреди дека мнозина вистински христијани — всушност едно „големо мноштво“ од предадени овци — ќе ги исполнат условите да поминат низ последниот дел од „големата неволја (НС)“ во новиот свет. Овој изглед треба сега да биде извор на радост (Откровение 7:9, 14). Од друга страна, огромни броеви од ‚сите народи‘ ќе се покажат како тврдоглави јарци. Тие „ќе отидат во вечно отсечување“ (НС). Какво олеснување за Земјата!
22, 23. Со оглед на тоа што исполнувањето на параболата претстои во иднина, зошто е важно денес нашето проповедничко дело?
22 Иако судењето што е опишано во параболата ќе биде во блиска иднина, уште сега се случува нешто многу важно. Ние христијаните сме ангажирани во едно животоспасувачко дело на објавување на порака која доведува до делење меѓу луѓето (Матеј 10:32-39). Павле напишал: „Бидејќи, секој, кој го призове името Господово, ќе се спаси. Но како ќе Го призоват Оној, во Кого не поверувале? Како, пак, ќе поверуваат во Оној, за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник?“ (Римјаните 10:13, 14). Нашата јавна служба подразбира да се достигнат луѓето со Божјето име и со неговата порака на спасение во над 230 земји. Помазаните Христови браќа сѐ уште предводат во ова дело. Сега им се придружиле околу пет милиони други овци. А луѓето ширум Земјината топка се одѕиваат на пораката што ја објавуваат Исусовите браќа.
23 Додека проповедаме од куќа до куќа или неформално, многумина се во можност да ја чујат нашата порака. Други може да чујат за Јеховините сведоци и за она што ние го претставуваме, на начини кои нам не ни се познати. Кога ќе дојде времето за пресуда, до кој обем Исус ќе ја земе предвид колективната одговорност и семејните заслуги? Ние не можеме да кажеме, а бескорисно е да нагаѓаме. (Спореди 1. Коринтјаните 7:14.) Многумина сега намерно го игнорираат, му се исмејуваат или директно учествуваат во прогонувањето на Божјиот народ. Затоа, ова е пресудно време; таквите поединци можеби ќе бидат оние коишто Исус ќе ги осуди како јарци (Матеј 10:22; Јован 15:20; 16:2, 3; Римјаните 2:5, 6).
24. а) Зошто е важно поединците да се оѕвијат поволно на нашето проповедање? б) На каков став кон твојата служба те охрабри тебе лично оваа студија?
24 Но, за среќа, многумина се одѕиваат поволно, ја проучуваат Божјата Реч и стануваат Сведоци на Јехова. Некои кои сега изгледаат како јарци, може да се променат и да станат како овци. Поентата е во тоа што оние кои се одѕиваат и кои активно го поддржуваат остатокот од Христови браќа, сега даваат доказ кој ќе им овозможи да бидат ставени од Исусовата десна страна кога тој во блиска иднина ќе седне на својот престол за да донесе пресуда. Тие веќе сега имаат благослов, а тоа ќе продолжи и понатаму. Затоа, оваа парабола треба да нѐ поттикне на поревносна активност во христијанската служба. Пред да биде предоцна, сакаме да сториме сѐ што можеме за да ја објавиме добрата вест за Царството и на тој начин да им дадеме прилика на другите да се оѕвијат. Тогаш ќе зависи од Исус каква ќе биде пресудата, дали осудувачка или поволна (Матеј 25:46).
[Фусноти]
b El Evangelio de Mateo (Евангелието по Матеј) забележува: „Вечниот живот претставува дефинитивен живот; спротивно на него е дефинитивната казна. Грчката придавка аиониос првенствено не означува времетраење, туку квалитет. Дефинитивната казна претставува вечна смрт“ (професор во пензија Хуан Матеос [Понтификатски библиски институт, Рим] и професор Фернандо Камачо [Теолошки центар, Севилја], Мадрид, Шпанија 1981).
Дали се сеќаваш?
◻ Кои паралели помеѓу Матеј 24:29-31 и Матеј 25:31-33 покажуваат дека паралелата за овците и јарците се однесува на иднина, и кога ќе биде тоа?
◻ Кои се ‚најмалите‘ Исусови браќа?
◻ На кој начин Исусовата употреба на изразот ‚праведници‘ ни помага да идентификуваме кого тие го претставуваат, а кого не?
◻ Зошто нашето проповедање сега е важно и итно, иако параболата ќе се исполни во иднината?
[Рамка/слика на страница 24]
ЗАБЕЛЕЖИ ГИ ПАРАЛЕЛИТЕ
Откако ќе почне големата неволја, Пристигнува Синот човечки
доаѓа Синот човечки
Доаѓа со голема слава Пристигнува во слава и седнува на својот славен престол
Со него се присутни ангели Со него пристигнуваат ангели
Го гледаат сите земни племиња Сите народи се собрани;
јарците конечно се осудени
(завршува големата неволја)
[Извор на слика]
Гаро Налбандијан