Четврто поглавје
„Вие сте Ми сведоци“
1. Како Јехова го користи пророштвото, и како треба да реагира неговиот народ на исполнетото пророштво?
СПОСОБНОСТА да ја претскаже иднината е една работа што го разликува вистинскиот Бог од сите лажни богови. Но, кога Јехова пророкува, има на ум нешто повеќе отколку само да ја докаже својата Божественост. Како што покажува Исаија 43. поглавје, со пророштвото Јехова ги докажува и својата Божественост и љубовта што ја има кон својот народ на сојузот. Припадниците на неговиот народ, од своја страна, не треба само да го разберат исполнетото пророштво и да останат неми; треба да даваат сведоштво за она што го виделе. Да, тие треба да бидат Јеховини сведоци!
2. а) Каква е духовната состојба на Израел во времето на Исаија? б) Како Јехова му ги отвора очите на својот народ?
2 За жал, до времето на Исаија Израел веќе е во таква бедна состојба што Јехова го смета народот за духовно осакатен. „Изведи го слепиот народ, иако има очи, и глувиот, иако има уши“ (Исаија 43:8). Како можат луѓе што се духовно слепи и глуви да му служат на Јехова како негови живи сведоци? Има само еден начин. Нивните очи и уши мораат да бидат отворени со чудо. Јехова го прави токму тоа, им ги отвора! Како? Прво, Јехова строго ги дисциплинира — жителите на северното царство Израел заминуваат во изгнанство во 740 пр.н.е., а оние на Јуда во 607 пр.н.е. Потоа Јехова дејствува на моќен начин во корист на својот народ со тоа што во 537 пр.н.е. ослободува и враќа еден духовно оживеан, покајнички остаток во неговата татковина. Всушност, Јехова е толку сигурен дека неговата намера во овој поглед не може да биде осуетена што, дури 200 години однапред, за ослободувањето на Израел зборува како за нешто што веќе се случило.
3. Како Јехова ги охрабрува идните изгнаници?
3 „Сега вака зборува Господ, Кој те создаде, Јакове, Кој те створи, Израеле: ‚Не бој се, зашто Јас те откупив; те повикав по име, ти си Мој! Кога преминуваш преку вода [води, NW], со тебе Сум; или преку река, нема да те потопи. Ако тргнеш низ оган, не ќе изгориш, пламенот нема да те опали. Зашто Јас Сум Господ, твојот Бог, Израелев Светец, твој Спасител“ (Исаија 43:1—3а).
4. На кој начин Јехова е Творецот на Израел, и какво уверување му дава тој на својот народ во врска со враќањето во неговата татковина?
4 Јехова посебно се интересира за Израел бидејќи нацијата му припаѓа нему. Тој лично ја создал во исполнување на авраамскиот сојуз (Битие 12:1—3). Затоа, Псалм 100:3 вели: „Знајте дека Господ е Бог: Тој нѐ создаде, и ние сме Негови, Негов народ сме и овци на Неговото пасиште“. Како Творец и Искупител на Израел, Јехова безбедно ќе го врати својот народ во неговата татковина. Препреки, како води, поплавни реки и вжарени пустини, нема да ги спречат ниту да им наштетат, исто како што слични работи не ги забавиле нивните прататковци кога илјада години пред тоа биле на пат кон Ветената земја.
5. а) Како Јеховините зборови го тешат духовниот Израел? б) Кои се придружниците на духовниот Израел, и со кого се предочени тие?
5 Јеховините зборови исто така го тешат современиот остаток од духовниот Израел, чии членови се духовно роденото „ново создание“ (2. Коринќаните 5:17). Со тоа што храбро истапиле пред ‚водите‘ на човештвото, ја уживале Божјата љубезна заштита во текот на симболичните поплави. Огнот што излегол од нивните непријатели не им наштетил туку, напротив, послужил за да ги пречисти (Захарија 13:9; Откровение 12:15—17). Јеховината будна грижа исто така е проширена на ‚големото мноштво‘ од „други овци“, кои ѝ се придружиле на Божјата духовна нација (Откровение 7:9; Јован 10:16). Тие се предочени со ‚огромното мешано друштво‘ што излегло од Египет заедно со Израелците, како и со не-Евреите што се вратиле од Вавилон заедно со ослободените изгнаници (Излез 12:38, NW; Езра 2:1, 43, 55, 58).
6. Како Јехова покажува дека е Бог на правдата во однос на откупувањето на а) телесниот Израел? б) духовниот Израел?
6 Јехова ветува дека ќе го избави својот народ од Вавилон со помош на војските на Медија и Персија (Исаија 13:17—19; 21:2, 9; 44:28; Даниел 5:28). Како Бог на правдата, Јехова на своите „вработени“ Медо-Персијци ќе им плати соодветна откупнина во замена за Израел. „Го давам Египет за твоја откупнина, ги давам Етиопија и Сева место тебе. Зашто си скапоцен во Моите очи, ценет си, и Јас те возљубив. Затоа и давам луѓе за тебе, и народи за твојот живот“ (Исаија 43:3б, 4). Историјата потврдува дека Персиската Империја ги освоила Египет, Етиопија и блиската Сева, токму како што претскажал Бог (Пословици 21:18). Во 1919, преку Исус Христос, Јехова на сличен начин го ослободил од заробеништво остатокот од духовниот Израел. Меѓутоа, за услугите што ги направил, на Исус не му треба никаква награда. Тој не бил пагански владетел. И, тој ги ослободил своите сопствени духовни браќа. Освен тоа, во 1914, Јехова веќе му ги дал „народите во наследност и земските краишта во сопственост“ (Псалм 2:8).
7. Што чувствувал Јехова кон својот народ во древни времиња и што чувствува кон него денес?
7 Забележи како Јехова отворено ги изразува своите нежни чувства кон искупените изгнаници. Тој им вели дека се ‚скапоцени‘ и ‚ценети‘ за него, и дека ги ‚љуби‘ (Еремија 31:3). Тој го чувствува истото — па дури и повеќе — кон своите лојални слуги денес. Помазаните христијани имаат воспоставено однос со Бог, не преку раѓање, туку преку дејствувањето на Божјиот свет дух по нивното лично предание на својот Творец. Јехова ги привлекол кон својот Син и кон себеси и ги запишал своите закони и начела во нивните приемливи срца (Еремија 31:31—34; Јован 6:44).
8. Какво уверување им дава Јехова на изгнаниците, и како ќе се чувствуваат тие поради своето избавување?
8 Влевајќи им уште поголема доверба на изгнаниците, Јехова додава: „Не бој се, зашто Јас Сум со тебе. Твоето потомство ќе го доведам од исток и ќе те соберам од запад. Ќе му речам на север: ‚Дај ми го!‘ а на југ: ‚Не задржувај го!‘ Доведи Ми ги синовите од далеку, а Моите ќерки од крајот на земјата, сите кои се наречуваат со Моето Име, и кои ги создадов за Своја Слава, кои ги створив и ги направив“ (Исаија 43:5—7). Дури ни најоддалечените делови на Земјата нема да му бидат надвор од дофат на Јехова кога ќе дојде времето да ги ослободи своите синови и ќерки и да ги врати назад во нивната сакана татковина (Еремија 30:10, 11). Без сомнение, во нивни очи ова ослободување ќе го засени поранешното избавување на нацијата од Египет (Еремија 16:14, 15).
9. На кои два начина Јехова ги поврзува своите дела на избавување со своето име?
9 Потсетувајќи го својот народ дека го носи неговото име, Јехова го потврдува своето ветување дека ќе го избави Израел (Исаија 54:5, 6). И не само тоа, своите ветувања за ослободување Јехова ги поврзува со своето име. Правејќи го тоа, гарантира дека Тој ќе ја добие славата кога пророчките зборови ќе се исполнат. На ниеден вавилонски освојувач нема да му биде припишана честа што му припаѓа на единствениот жив Бог.
Боговите на суд
10. Каков предизвик поставува Јехова пред нациите и пред нивните богови?
10 Своето ветување дека ќе го ослободи Израел, Јехова сега го користи како основа за универзален судски случај во кој ги става на суд боговите на нациите. Читаме: „Нека се соберат сите племиња [нациите, NW] и нека се приберат сите народи. Кој од нив [од нивните богови] го прорече тоа и го навести одамна? [Нивните богови] Нека доведат сведоци за да се оправдаат, нека се чуе дека може да се рече: ‚Вистина е!‘“ (Исаија 43:9). Јехова поставува тежок предизвик пред нациите на светот. Всушност, тој вели: ‚Нека докажат вашите богови дека се богови со тоа што точно ќе ја претскажат иднината‘. Бидејќи само вистинскиот Бог може непогрешливо да пророкува, овој тест ќе ги разоткрие сите измамници (Исаија 48:5). Но, Семоќниот додава уште еден правен услов: Сите што тврдат дека се вистински богови мораат да доведат сведоци, и за своите предвидувања и за нивното исполнување. Се разбира, Јехова не се исклучува себеси од ова правно барање.
11. Каков налог му дава Јехова на својот слуга, и што открива Јехова за својата Божественост?
11 Бидејќи се немоќни, лажните богови не можат да доведат никакви сведоци. Затоа, пултот за сведок останува понижувачки празен. Но, сега доаѓа време Јехова да ја потврди својата Божественост. Гледајќи кон својот народ, тој вели: „Вие сте Ми сведоци . . . и Мои слуги [слуга, NW] кои ги избрав, за да знаете и верувате и да видите дека тоа Сум Јас. Пред Мене ниеден бог не беше направен и не ќе биде после Мене. Јас, Јас сум Господ, нема Спасител освен Мене. Јас прореков, спасив и навестив, и нема туѓинец [туѓ бог, NW] меѓу вас! Вие сте Ми сведоци . . . а Јас сум Бог, од вечноста — Јас Сум! И никој не избавува од Мојата рака; што ќе направам, кој може да го измени?“ (Исаија 43:10—13).
12, 13. а) Какво изобилно сведоштво има да изнесе Божјиот народ? б) Како Јеховиното име дошло во преден план во современа доба?
12 Во одговор на Јеховините зборови, пултот за сведоци наскоро е преплавен од радосно мноштво сведоци. Нивното сведоштво е јасно и непобитно. Слично на Исус Навин, тие сведочат дека ‚сето она што го кажал Јехова се исполнило. Ниту еден збор не изостанал‘ (Исус Навин 23:14, NW). Во ушите на Јеховиниот народ сѐ уште одѕвонуваат зборовите на Исаија, Еремија, Езекиел и на други пророци, кои, како во еден глас, го претскажале изгнанството на Јуда и нејзиното чудотворно избавување од тоа изгнанство (Еремија 25:11, 12). Избавителот на Јуда, Кир, бил именуван доста долго пред воопшто да се роди! (Исаија 44:26—45:1).
13 Со оглед на оваа планина докази, кој може да одрече дека Јехова е единствениот вистински Бог? За разлика од паганските богови, само Јехова не е создаден; само тој е вистински Бог.a Според тоа, луѓето што го носат Јеховиното име ја имаат единствената и возбудлива привилегија на идните генерации и на другите што ќе прашаат за него да им раскажуваат за неговите прекрасни дела (Псалм 78:5—7). На сличен начин, Јеховините современи сведоци ја имаат привилегијата да го објавуваат Јеховиното име по целата Земја. Во 1920-тите, Библиските студенти станувале сѐ посвесни за длабокото значење на Божјето име, Јехова. Потоа, на 26 јули 1931, на еден конгрес во Колумбус, Охајо, претседателот на Заедницата, Џозеф Ф. Ратерфорд, ја изнел резолуцијата со наслов „Ново име“. Зборовите: „Ние сакаме да бидеме познати и нарекувани со името, то ест: Јеховини сведоци“, ги восхитиле конгресните делегати, кои ја одобриле резолуцијата со едно гласно „Да!“ Оттогаш наваму, Јеховиното име се има здобиено со углед во целиот свет (Излез 34:5, 6).
14. На што ги потсетува Јехова Израелците, и зошто ова потсетување е навремено?
14 Јехова се грижи за оние што чесно го носат неговото име, сметајќи ги за ‚зеница на Своето око‘. Тој ги потсетува Израелците на ова, кажувајќи им како ги избавил од Египет и ги водел безбедно низ пустелијата (Второзаконие 32:10, 12). Во тоа време меѓу нив немало никаков туѓ бог, зашто тие со свои сопствени очи го виделе крајното понижување на сите египетски богови. Да, целиот египетски пантеон не можел ниту да го заштити Египет ниту да го спречи заминувањето на Израелците (Излез 12:12). Исто така, моќниот Вавилон, во чијашто урбана средина се издигаат најмалку 50 храмови на лажни богови, нема да биде во состојба да ја запре раката на Семоќниот кога тој ќе го ослободи својот народ. Јасно, „нема Спасител“ освен Јехова.
Бојни коњи паѓаат, затвори се отвораат
15. Што пророкува Јехова за Вавилон?
15 „Вака говори Господ, вашиот Искупител, Израелевиот Светец: ‚Заради вас испратив во Вавилон, ќе ги кутнам лостовите на затворите, и Халдејците ќе почнат да лелекаат. Јас сум Господ, вашиот Светец, Израелевиот Творец, вашиот Цар!‘ Вака зборува Господ, кој направи пат по морето и патека по силните води; ‚Кој ги изведе бојните коли и коњаниците [коњите, NW], војската и јунаците, и тие паднаа за да не се кренат веќе, згаснаа, се угаснаа како фитил‘“ (Исаија 43:14—17).
16. Што ќе ги снајде Вавилон, халдејските трговци и сите наводни бранители на Вавилон?
16 Вавилон е како затвор за изгнаниците во таа смисла што ги спречува да се вратат во Ерусалим. Но, одбранбените средства на Вавилон не се пречка за Семоќниот, Оној што порано направил „пат по [Црвеното Море] и патека по силните води“ — очигледно оние на Јордан (Излез 14:16; Исус Навин 3:13). На сличен начин, Јеховиниот застапник, Кир, ќе направи нивото на водата во моќниот Еуфрат да опадне, овозможувајќи им на своите воини да влезат во градот. Халдејските трговци, кои редовно пловат по вавилонските канали — водни патишта за илјадници трговски галии и за товарните бродови што ги носат вавилонските богови — ќе кукаат од јад кога ќе падне нивниот моќен главен град. Слично на бојните коли на фараонот во Црвеното Море, вавилонските брзи бојни коли ќе бидат беспомошни. Тие нема да го спасат. Како што лесно се гасне еден ленен фитил на маслена ламба така напаѓачот ќе ги изгасне животите на сите наводни бранители.
Јехова безбедно го води својот народ дома
17, 18. а) Која „нова“ работа ја пророкува Јехова? б) Во која смисла народот не треба да си спомнува за поранешните работи, и зошто?
17 Споредувајќи ги своите дотогашни дела на избавување со она што допрва ќе го стори, Јехова вели: „Не спомнувајте си за она што се збидна, не мислете за она што помина. Еве, правам нешто ново; веќе се појавува. Зар не забележувате? Да, ќе направам пат во пустината, и патека во безводна земја. Дивите ѕверови ќе Ме слават, шакалите и ноевите, зашто ќе создадам вода во пустината, реки во степата, за да го напојам Мојот народ, Мојот избраник. И народот што го создадов за себе ќе ја возвестува Мојата слава!“ (Исаија 43:18—21).
18 Кога вели: „Не спомнувајте си за она што се збидна“, Јехова не сака да каже дека неговите слуги треба да ги избришат од својот ум минатите дела на спасение. Всушност, голем број од овие дела се дел од божествено инспирираната историја на Израел, и Јехова заповедал со прославување на Пасхата Израелците секоја година да се потсетуваат на бегањето од Египет (Левит 23:5; Второзаконие 16:1—4). Меѓутоа, сега Јехова сака неговиот народ да го слави врз основа на „нешто ново“ — нешто што ќе го доживее од прва рака. Ова го вклучува не само неговото избавување од Вавилон туку и неговиот чудесен пат до дома, можеби преку подиректната пустинска маршрута. Во таа пуста земја, Јехова за него ќе направи „пат“ и ќе изврши моќни дела, кои потсетуваат на она што го сторил за Израелците во деновите на Мојсеј — навистина, тој во пустината ќе ги храни повратниците и ќе ја згасне нивната жед со вистински реки. Јеховините подготовки ќе бидат толку изобилни што дури и дивите ѕверови ќе го слават Бог и нема да го нападнат народот.
19. Како остатокот од духовниот Израел и неговите придружници одат по ‚Патот на Светоста‘?
19 Во 1919, остатокот од духовниот Израел на сличен начин бил ослободен од вавилонско ропство и тргнал по маршрутата што Јехова ја подготвил за него, ‚Патот на Светоста‘ (Исаија 35:8, NW). За разлика од Израелците, тој не морал да се движи низ вжарена пустина од една географска локација до друга, и неговиот пат не завршил по неколку месеци со пристигнување во Ерусалим. Меѓутоа, ‚Патот на Светоста‘ го одвел остатокот од помазани христијани во еден духовен рај. Во неговиот случај, тој останува на овој „Пат на Светоста“, бидејќи сѐ уште мора да патува низ овој систем на работи. Сѐ додека останува на друмот — сѐ додека ги држи Божјите мерила за чистота и светост — останува во духовниот рај. И каква само радост претставува за него тоа што му се приклучува големо мноштво од „неизраелски“ придружници! Во остар контраст со оние што се надеваат на Сатановиот систем, и остатокот и неговите придружници и понатаму уживаат во богата духовна гозба од Јеховината рака (Исаија 25:6; 65:13, 14). Увидувајќи го Јеховиниот благослов врз неговиот народ, многу поединци слични на ѕверови ги променуваат своите патишта и го слават вистинскиот Бог (Исаија 11:6—9).
Јехова ја открива својата болка
20. Како Израел од деновите на Исаија го изневерил Јехова?
20 Во древни времиња, обновениот остаток на Израел бил изменет народ во споредба со злата генерација на Исаија. За вторава, Јехова вели: „Ти, Јакове, не Ме повика, ниту се измори околу Мене [бидејќи се измори од мене, NW], Израеле! Не Ми принесуваше јагниња за паленици, не Ме почитуваше со жртви. А Јас не те принудував за приноси, не ти здодевав барајќи кадеж [бел темјан, NW]. Не Ми купуваше трска за сребреници, не Ме ситеше со салото од своите жртви; туку Ме мачеше со своите гревови [со своите гревови ме натера да служам, NW], Ми здодеваше со своето беззаконие“ (Исаија 43:22—24).
21, 22. а) Зошто може да се рече дека Јеховините барања не се тешки? б) Всушност, како народот го принудува Јехова да му служи?
21 Кога вели ‚Јас не те принудував за приноси, не ти здодевав барајќи бел темјан‘, Јехова не сака да каже дека жртвите и белиот темјан (состојка на светиот темјан) повеќе не се бараат. Всушност, тие се неразделно поврзани со вистинското обожавање под Сојузот на законот. Истото важи и за ‚трската‘, која се однесува на ароматичниот каламус, состојка на светото масло за помазание со пријатен мирис. Израелците ја занемариле употребата на овие работи во храмската служба. Но дали таквите барања се тешки? Воопшто не! Јеховините барања се лесни кога ќе се споредат со барањата на лажните богови. На пример, лажниот бог Молох барал за жртва деца — нешто што Јехова никогаш не го побарал! (Второзаконие 30:11, NW; Михеј 6:3, 4, 8).
22 Само да ги согледувале работите духовно, Израелците никогаш не би ‚се измориле од Јехова‘. Гледајќи во неговиот Закон, би ја виделе неговата длабока љубов кон нив и радо би му го принеле „салото“, најдобриот дел од своите жртви. Наместо тоа, тие алчно го задржуваат салото за себе (Левит 3:9—11, 16). Колку само оваа зла нација го оптоварува Јехова со бремето на своите гревови — всушност, го наведува него да ѝ служи нејзе! (Неемија 9:28—30).
Дисциплината жнее плодови
23. а) Зошто Јеховината дисциплина е сосема заслужена? б) Што е вклучено во Божјето дисциплинирање на Израел?
23 Иако строга, но заслужена, Јеховината дисциплина ги постигнува саканите резултати, овозможувајќи на тој начин милост. „Јас — јас сум Оној што заради себе ги брише твоите престапи и на твоите гревови нема да се сеќава. Потсети ме; ајде да се судиме меѓусебно; раскажи за тоа по свое, за да имаш право. Твојот сопствен татко, првиот, направи грев, и твоите говорници [толкувачи, фуснота] престапија против мене. Затоа јас ќе ги осквернам принцовите на светото место, и ќе го предадам Јаков како човек посветен на уништување, а Израел ќе го предадам на навредливи зборови“ (Исаија 43:25—28, NW). Како и сите други нации во светот, Израел потекнува од Адам, „првиот“. Според тоа, ниту еден Израелец не може да докаже дека ‚има право‘. Дури и ‚говорниците‘ на Израел — неговите учители, односно толкувачи на Законот — му згрешиле на Јехова и поучувале невистини. Поради тоа, Јехова ќе ја предаде целата своја нација „на уништување“ и на „навредливи зборови“. Тој, исто така, ќе ги оскверни сите оние што вршат служба во неговото ‚свето место‘, односно светилиште.
24. Од која првенствена причина Јехова ќе му прости на својот народ — и на древниот и на современиот — но сепак, какви чувства има тој кон него?
24 Сепак, забележи дека божествената милост нема да биде резултат на тоа што Израел се кае; таа ќе биде заради Јехова. Да, се работи за неговото име. Кога би го оставил Израел во трајно изгнанство, посматрачите би го понижувале неговото име (Псалм 79:9; Езекиел 20:8—10). Слично е и денес, спасението на луѓето е од второстепено значење во однос на посветувањето на Јеховиното име и на оправдувањето на неговата сувереност. Сепак, Јехова ги љуби оние што безрезервно ја прифаќаат неговата дисциплина и го обожаваат со дух и со вистина. Тој ја покажува својата љубов кон овие поединци — сеедно дали се помазаници или други овци — со тоа што им ги брише престапите на темел на жртвата на Исус Христос (Јован 3:16; 4:23, 24).
25. Какви застрашувачки работи ќе направи Јехова во блиска иднина, и како можеме сега да го покажеме своето ценење?
25 Освен тоа, Јехова наскоро ќе ја покаже својата љубов кон едно големо мноштво негови лојални обожаватели кога во нивна корист ќе направи нешто ново така, што ќе ги пренесе преку „големата неволја“ на очистена „нова земја“ (Откровение 7:14; 2. Петрово 3:13). Тие ќе бидат сведоци на најзастрашувачката манифестација на Јеховината моќ што луѓето некогаш ја виделе. Сигурното очекување на тој настан ги наведува помазаниот остаток и сите оние што ќе го сочинуваат големото мноштво да се радуваат и секој ден да живеат во склад со тој возвишен налог: „Вие сте Ми сведоци“! (Исаија 43:10).
[Фуснота]
a Во народните митологии, многу богови се „родени“ и имаат „деца“.
[Слика на страници 48 и 49]
Јехова ќе ги поддржува Евреите на нивниот пат до дома во Ерусалим
[Слики на страница 52]
Јехова ги предизвикува нациите да најдат сведоци за своите богови
1. Бронзена статуа на Ваал 2. Глинени фигурки на Астарта 3. Египетска тријада од Хор, Озирис и Изида 4. Грчки богови Атина (лево) и Афродита
[Слики на страница 58]
„Вие сте Ми сведоци“ (Исаија 43:10)