Шесто поглавје
Јехова — „праведен Бог и Спасител“
1, 2. Какви уверувања се дадени во Исаија 45. поглавје, и кои прашања ќе бидат разгледани?
ЈЕХОВИНИТЕ ветувања се веродостојни. Тој е Бог на откровението и Бог на создавањето. Секогаш одново се покажува како праведен Бог и Спасител на луѓето од сите нации. Ова се некои од уверувањата што го греат срцето, а се наоѓаат во Исаија, 45. поглавје.
2 Освен тоа, 45. поглавје од Исаија содржи впечатлив пример за Јеховината способност да пророкува. Божјиот дух го оспособува Исаија да гледа во далечни земји и да набљудува настани од идните векови, а тоа го поттикнува да опише една епизода, која само Јехова, Богот на вистинското пророштво, може да ја претскаже со таква точност. Кој настан е тоа? Како влијае врз Божјиот народ во деновите на Исаија? Какво значење има за нас денес? Да ги разгледаме зборовите на пророкот.
Јеховината објава против Вавилон
3. Со какви живописни изрази Исаија 45:1—3а го опишува освојувањето на Кир?
3 „Господ зборува вака за [на, NW] Кир, за [на, NW] Својот помазаник: ‚Го примив за десница, за да ги покорам пред него народите и да им го распашам бедрото на царевите, за да ги отворам вратите пред него, па ниедна врата да не му биде затворена. Јас ќе одам пред Тебе за да ги израмнам високите места, за да ги разбијам бронзените врати, за да ги скршам железните лостови. Ти давам тајни сокровишта и скриени богатства“ (Исаија 45:1—3а).
4. а) Зошто Јехова го нарекува Кир свој „помазаник“? б) Како Јехова ќе осигури победа за Кир?
4 Јехова, преку Исаија, му зборува на Кир како тој да е веќе жив, иако во деновите на Исаија Кир уште не бил ни роден (Римјаните 4:17). Бидејќи Јехова однапред го наименува Кир да изврши една специфична задача, за Кир може да се рече дека е Божји „помазаник“. Со Бог, кој го води, тој ќе покори народи, правејќи ги царевите слаби и неспособни да даваат отпор. Потоа, кога Кир ќе го нападне Вавилон, Јехова ќе се погрижи вратите на градот да бидат оставени отворени и ќе ги направи исто толку бескорисни како да се разбиени. Тој ќе оди пред Кир, отстранувајќи ги сите препреки. На крајот, трупите на Кир ќе го освојат градот и ќе ги земат неговите „скриени богатства“, неговото благо положено во мрачни трезори. Исаија претскажува вака. Но, дали неговите зборови се обистинуваат?
5, 6. Кога и како се обистинува пророштвото за падот на Вавилон?
5 Во 539 година пр.н.е. — околу 200 години откако Исаија го запишува ова пророштво — Кир навистина пристигнува пред ѕидините на Вавилон и го напаѓа градот (Еремија 51:11, 12). Меѓутоа, Вавилонците не се загрижени. Мислат дека нивниот град е неосвоив. Неговите извишени ѕидини се надвиснуваат над длабоки ендеци исполнети со вода од реката Еуфрат, кои се дел од одбранбениот систем на градот. Преку сто години, ниеден непријател не можел да го освои градот на јуриш! Всушност, вавилонскиот цар Валтазар, кој живее во градот, се чувствува толку сигурен што се гоштава со своите дворјани (Даниел 5:1). Таа ноќ — 5/6 октомври — Кир изведува брилијантна воена маневра.
6 Погоре од Вавилон, инженерите на Кир го пробиваат брегот на реката Еуфрат, свртувајќи ги нејзините води за да не течат повеќе на југ, кон градот. За кратко време, нивото на речната вода во и околу Вавилон паѓа толку ниско што трупите на Кир можат да го прегазат речното корито, упатувајќи се кон срцето на градот (Исаија 44:27; Еремија 50:38). Зачудувачки, токму како што претскажал Исаија, портите покрај реката се оставени отворени. Војските на Кир се слеваат во Вавилон, го заземаат дворецот и го убиваат царот Валтазар (Даниел 5:30). Освојувањето завршува за една ноќ. Вавилон паѓа, а пророштвото се исполнува до збор.
7. Како христијаните се зајакнати од впечатливото исполнување на пророштвото на Исаија во врска со Кир?
7 Прецизното исполнување на ова пророштво им ја зајакнува верата на христијаните денес. Тоа им дава силна причина да веруваат дека библиските пророштва што сѐ уште не се исполниле, исто така се потполно веродостојни (2. Петрово 1:20, 21). Јеховините обожаватели знаат дека настанот што е навестен со падот на Вавилон во 539 пр.н.е. — падот на „Големиот Вавилон“ — веќе се случил во 1919. Сепак, со нетрпение го очекуваат уништувањето на таа современа религиозна организација, како и ветеното отстранување на политичкиот систем под контрола на Сатана, затворањето на Сатана во бездна и доаѓањето на новите небеса и новата земја (Откровение 18:2, 21; 19:19—21; 20:1—3, 12, 13; 21:1—4). Знаат дека Јеховините пророштва не се само празни ветувања, туку опис на одредени, идни настани. Довербата на вистинските христијани се зајакнува кога ќе се сетат на исполнувањето на сите детали од пророштвото на Исаија во врска со падот на Вавилон. Знаат дека Јехова секогаш ја исполнува својата реч.
Зошто Јехова му е наклонет на Кир
8. Што е една причина зошто Јехова му дал на Кир победа над Вавилон?
8 Откако наведува кој ќе го освои Вавилон и како ќе се случи тоа, Јехова понатаму објаснува една причина зошто на Кир ќе му биде дадена победата. Јехова, зборувајќи му пророчки на Кир, вели дека тоа е „за да сознаеш дека Јас Сум Господ, Кој те повикувам по име, Израелевиот Бог“ (Исаија 45:3б). Соодветно е владетелот на четвртата светска сила од библиската историја да увиди дека неговата најголема победа е резултат на поддршката на оној што е поголем од него — Јехова, Универзалниот Суверен. Кир треба да признае дека оној што го повикува, односно му дава налог, е Јехова, Израелевиот Бог. Библискиот извештај покажува дека Кир навистина признава дека неговата голема победа дошла од Јехова (Езра 1:2, 3).
9. Од која друга причина Јехова го наведува Кир да го освои Вавилон?
9 Јехова ја објаснува другата причина зошто го наведува Кир да го освои Вавилон: „Заради Својот слуга Јаков и Израел, Својот избраник, Јас те повикав по име, те именував иако не Ме знаеше“ (Исаија 45:4). Победата на Кир над Вавилон е нешто што го потресува светот. Таа го означува падот на една и подемот на друга светска сила, и го остава својот белег врз историјата за идните генерации. Сепак, луѓето од околните нации, кои загрижено ги следат настаните, веројатно ќе бидат вчудовидени кога ќе дознаат дека сето ова се случува заради неколкуте илјади „безначајни“ изгнаници во Вавилон — Евреите, потомци на Јаков. Меѓутоа, во очите на Јехова, овие преживеани од древната нација Израел ни оддалеку не се безначајни. Тие се негов „слуга“. Од сите нации на светот, тие се негов „избраник“. И покрај тоа што Кир претходно не го познавал Јехова, употребен е од страна на Јехова како Негов помазаник за да го собори градот што одбил да ги предаде своите заробеници. Божјата намера не е неговиот избран народ да чмае засекогаш на туѓо тло.
10. Која е најважната причина што Јехова го користи Кир за да ѝ стави крај на Вавилонската светска сила?
10 Има и трета, уште поважна причина поради која Јехова го користи Кир за да го собори Вавилон. Јехова вели: „Јас Сум Господ и нема друг; нема Бог освен Мене. Иако не Ме познаваш, те вооружав: нека се знае од исток до запад дека сѐ вон Мене е ништавило [нема друг освен мене, NW]. Јас Сум Господ и нема друг“ (Исаија 45:5, 6). Да, падот на Вавилонската светска сила е демонстрација на Јеховината Божественост, доказ за секого дека само тој е достоен за обожавање. Поради тоа што Божјиот народ е ослободен, поединци од многу нации — од исток до запад — ќе признаат дека Јехова е единствениот вистински Бог (Малахија 1:11).
11. Како Јехова илустрира дека има моќ да ја исполни својата намера во врска со Вавилон?
11 Сети се дека ова пророштво на Исаија било запишано околу 200 години пред настанот. Кога го чуле, некои можеби се прашувале: ‚Дали Јехова навистина има моќ да го исполни тоа?‘ Како што сведочи историјата, одговорот е — да. Јехова објаснува зошто е разумно да се верува дека тој може да го оствари она што го вели: „Јас ја творам светлината и ја создавам темнината. Јас ја создавам среќата [мирот, NW] и ја доведувам бедата, Јас, Господ, го правам сѐ тоа“ (Исаија 45:7). Сѐ во творештвото — од светлината до темнината — и сѐ во историјата — од мирот до неволјата — е под Јеховина контрола. Исто како што ја создава светлината дење и темнината ноќе така ќе донесе и мир за Израел и неволја за Вавилон. Јехова има моќ да ја создаде вселената, и има и моќ да ги исполни своите пророштва. Тоа ги охрабрува христијаните денес, кои марливо ја проучуваат неговата пророчка реч.
12. а) Што предизвикува Јехова да дадат симболичните небеса и земја? б) Какво утешно ветување содржат зборовите од Исаија 45:8 за христијаните денес?
12 Сосема соодветно, Јехова користи настани што вообичаено се случуваат во творештвото за да илустрира настани што ги очекуваат заробените Евреи: „Росете, небеса, одозгора, и облаци, дождете со праведност. Нека се раствори земјата за да процвета спасението, за да изникне избавувањето! Јас, Господ, создавам сѐ“ (Исаија 45:8). Исто како што дословните небеса предизвикуваат да паѓа животодавен дожд така Јехова ќе предизвика праведно влијание да врне од симболичните небеса над неговиот народ. И исто како што дословната земја се отвора за да даде обилна жетва така Јехова ќе побара од симболичната земја да предизвика настани што се во склад со неговата праведна намера — особено спасението на неговиот заробен народ во Вавилон. Во 1919, Јехова предизвикал ‚небесата‘ и ‚земјата‘ на сличен начин да дадат настани со цел да биде ослободен неговиот народ. Христијаните денес се радуваат поради тоа што гледаат вакви работи. Зошто? Затоа што тие настани им ја зајакнуваат верата додека го очекуваат времето кога симболичните небеса — Божјето Царство — ќе донесат благослов над праведната Земја. Во тоа време, праведноста и спасението, кои доаѓаат од симболичните небеса и земја, ќе бидат со далеку поголеми размери отколку во времето кога бил соборен древниот Вавилон. Какво само величествено конечно исполнување на зборовите на Исаија ќе биде тоа! (2. Петрово 3:13; Откровение 21:1).
Благослови од признавањето на Јеховината сувереност
13. Зошто е бесмислено луѓето да приговараат на Јеховините намери?
13 По овој опис на идните радосни благослови, тонот на пророштвото нагло се менува, и Исаија објавува двојно зло. „Тешко му на оној кој се расправа со својот Творец, а е сад меѓу глинени садови [како парче од глинен сад меѓу други парчиња од глинени садови направени од земја, NW]! Дали му вели глината на грнчарот: ‚Што правиш?‘ или неговото дело: ‚Нема раце!‘ Тешко му на оној кој ќе му рече на таткото: ‚Зошто раѓаш?‘ Или на жената: ‚Што си дала на свет?‘“ (Исаија 45:9, 10). Очигледно, синовите на Израел приговараат на она што Јехова го претскажува. Можеби не веруваат дека Јехова ќе дозволи неговиот народ да отиде во изгнанство. Или можеби наоѓаат маана во замислата Израел да биде ослободен од цар на една паганска нација наместо од цар од Давидовиот дом. За да ја претстави апсурдноста на таквите приговори, Исаија ги споредува приговарачите со отфрлени грутки глина и со парчиња од скршени земјени садови што се осмелуваат да ја доведат во прашање мудроста на својот изработувач. Самиот предмет што грнчарот го направил сега вели дека грнчарот нема раце ниту моќ да го обликува. Колку глупаво! Приговарачите се како мали деца што се осмелуваат да го критизираат авторитетот на своите родители.
14, 15. Што откриваат за Јехова изразите „Светец“ и „Творец“?
14 Исаија на таквите приговарачи им го пренесува Јеховиниот одговор: „Вака зборува Господ, Израелевиот Светец, неговиот Творец: ‚Зар е ваше да Ме прашувате за Моите деца, и да Ми заповедате за делото на Моите раце? Јас ја направив земјата и го создадов човекот на неа; со Своите раце ги оптегнав небесата и им заповедувам на сите нивни воинства. Јас го издигнав за да победи и му ги израмнив сите патишта. Тој ќе го обнови Мојот град и ќе ги врати Моите заробеници без откуп и надомест.‘ Така вели Господ [Јехова, NW] над Војските“ (Исаија 45:11—13).
15 Опишувањето на Јехова како „ Светец“ ја нагласува неговата светост. Називот „Творец“ го истакнува неговото право на Творец, кој одлучува како ќе се одвиваат работите. Јехова може да ги информира синовите на Израел за работите што ќе дојдат и да се грижи за делото на своите раце, т.е. за својот народ. Уште еднаш е покажано дека принципите на создавањето и откровението се поврзани. Како Творец на целиот универзум, Јехова има право да ги води настаните на оној начин на кој самиот ќе одлучи (1. Летописи 29:11, 12). Во случајот што се разгледува, Суверениот Владетел одлучил да го подигне Кир, еден паганин, како ослободител на Израел. Доаѓањето на Кир, иако сѐ уште во иднина, е исто толку сигурно колку и постоењето на небесата и Земјата. Тогаш, кој син на Израел би се осмелил да го критизира Таткото, ‚Јехова над Војските‘?
16. Зошто треба Јеховините слуги да му се подложат нему?
16 Истите овие стихови од Исаија содржат уште една причина зошто Божјите слуги треба да му се подложат нему. Неговите одлуки се секогаш во најдобар интерес за неговите слуги (Јов 36:3). Тој поставил закони за да му помогне на својот народ да извлече корист (Исаија 48:17). Евреите од деновите на Кир што ја признале Јеховината сувереност увиделе дека било навистина така. Кир, постапувајќи во склад со Јеховината праведност, ги испраќа од Вавилон да си одат дома за да можат повторно да го изградат храмот (Езра 6:3—5). На сличен начин и денес, благослови доживуваат оние што ги применуваат Божјите закони во својот секојдневен живот и се подложуваат на неговата сувереност (Псалм 1:1—3; 19:7; 119:105; Јован 8:31, 32).
Благослови за други нации
17. Освен Израел, кој ќе извлече корист од Јеховините спасувачки дела, и како?
17 Израел нема да биде единствената нација што ќе извлече корист од падот на Вавилон. Исаија вели: „Еве што вели Јехова: ‚Неплатените работници на Египет и трговците на Етиопија и Савците, луѓе со висок раст, самите ќе прејдат кај тебе и ќе станат твои. Зад тебе ќе одат; во окови ќе прејдат и тебе ќе ти се поклонат. Тебе ќе ти се молат, велејќи: „Бог е навистина во обединетост со тебе и со никој друг; нема друг Бог“‘“ (Исаија 45:14, NW). Во деновите на Мојсеј, „огромно мешано друштво“ од не-Израелци ги придружувало Израелците при нивното излегување од Египет (Излез 12:37, 38, NW). На сличен начин, странци ќе ги придружуваат и еврејските изгнаници што ќе се вратат дома од Вавилон. Овие не-Евреи нема да бидат присилени да одат, туку „самите ќе прејдат“. Кога вели „тебе ќе ти се поклонат“ и „тебе ќе ти се молат“, Јехова се осврнува на спремната подложност и на приврзаноста што овие странци ќе ги покажат кон Израел. Ако носат окови, тоа ќе биде во доброволна смисла, како знак на нивната спремност да му служат на Божјиот народ на сојузот, на кого тие ќе му речат: „Бог е навистина во обединетост со тебе“. Ќе го обожаваат Јехова како прозелити, под подготовките на неговиот сојуз со Израел (Исаија 56:6).
18. Кој извлекол корист денес од тоа што Јехова го ослободил „Израелот Божји“, и на кои начини?
18 Од 1919 наваму, кога „Израелот Божји“ бил ослободен од духовно заробеништво, зборовите на Исаија имаат уште поголемо исполнување отколку во деновите на Кир. Милиони луѓе по целата Земја покажуваат спремност да му служат на Јехова (Галатите 6:16; Захарија 8:23). Како ‚работниците‘ и „трговците“ што ги спомнува Исаија, и тие на драго срце ги нудат својата физичка сила и финансиски средства за да го поддржат вистинското обожавање (Матеј 25:34—40; Марко 12:30). Тие му се предаваат на Бог и одат по неговите патишта, станувајќи на драга волја негови робови (Лука 9:23). Го обожаваат само Јехова, уживајќи ги користите од дружењето со Јеховиниот ‚верен и разборит роб‘, кој е во посебен сојузен однос со Бог (Матеј 24:45—47; 26:28; Евреите 8:8—13). Иако не се учесници во тој сојуз, тие „работници“ и ‚трговци‘ извлекуваат корист од него и се послушни на законите на тој сојуз, храбро објавувајќи: „Нема друг Бог“. Колку само е возбудливо денес да се биде очевидец на големиот пораст на бројот на таквите спремни приврзаници на вистинското обожавање! (Исаија 60:22).
19. Што ќе им се случи на оние што упорно обожаваат идоли?
19 Откако открива дека луѓе од нациите ќе се придружат во обожавањето на Јехова, пророкот извикува: „Навистина Ти си скриен Бог, Израелев Бог, Спасител“ (Исаија 45:15). Иако моментално се воздржува да ја покаже својата моќ, во иднина Јехова повеќе нема да се крие. Ќе се покаже како Израелев Бог, Спасител на својот народ. Меѓутоа, Јехова нема да биде Спасител на оние што имаат доверба во идоли. За таквите Исаија вели: „Ќе се засрамат и ќе се збунат [дури ќе бидат понижени, NW] сите заедно, ќе си отидат засрамени, оние кои прават кипови“ (Исаија 45:16). Нивното понижување ќе биде повеќе од привремено чувство на безвредност и посраменост. Тоа ќе значи смрт — спротивно на она што Јехова понатаму му го ветува на Израел.
20. На кој начин Израел ќе доживее „спасение за недогледни времиња“?
20 „А Израел, тој во заедница со Јехова сигурно ќе биде спасен со спасение за недогледни времиња. Вие луѓе, во недогледните времиња на вечноста нема да бидете посрамени ниту ќе бидете понижени“ (Исаија 45:17, NW). Јехова ветува вечно спасение за Израел, но условно. Израел мора да остане „во заедница со Јехова“. Кога Израел ја раскинува таа заедница со тоа што го отфрла Исус како Месија, нацијата го губи својот изглед за „спасение за недогледни времиња“. Меѓутоа, некои во Израел ќе практикуваат вера во Исус, и тие ќе станат јадрото на Божјиот Израел, кој ќе го заземе местото на телесниот Израел (Матеј 21:43; Галатите 3:28, 29; 1. Петрово 2:9). Духовниот Израел нема никогаш да биде понижен. Ќе биде земен во ‚вечен сојуз‘ (Евреите 13:20).
И во создавањето и во откровението Јехова е веродостоен
21. Како Јехова покажува во создавањето и во откровението дека е во потполност достоен за доверба?
21 Можат ли Евреите да се потпрат на Јеховиното ветување за вечно спасение на Израел? Исаија одговара: „Да, вака зборува Господ, Творецот на небесата — Тој е Бог — Кој ја вообличи и ја создаде земјата, Кој ја зацврсти и не ја создаде пуста [напразно, NW], туку ја вообличи за живеење: ‚Јас Сум Господ и нема друг. Не говорев во тајност, во катчето на мрачната земја. Не му реков на Јакововото потомство: ‚Барајте Ме напразно.‘ Јас Господ, зборувам правда, ја откривам вистината“ (Исаија 45:18, 19). По четврти и последен пат во ова поглавје, Исаија започнува еден сериозен пророчки пасус со фразата: „Вака зборува Господ“ (Исаија 45:1, 11, 14). Што вели Јехова? Дека и во создавањето и во откровението тој е веродостоен. Тој не ја создал Земјата „напразно“. На сличен начин, тој не очекува од својот народ, Израел, да го бара „напразно“. Исто како што Божјата намера со Земјата ќе биде исполнета така и Божјата намера за неговиот избран народ ќе биде спроведена. За разлика од нејасните изјави на оние што им служат на лажни богови, Јеховините зборови се кажани јавно. Неговите зборови се праведни и ќе се обистинат. Оние што му служат нема да му служат залудно.
22. а) Во што можат да бидат сигурни изгонетите Евреи во Вавилон? б) Какво уверување имаат христијаните денес?
22 За Божјиот изгнан народ во Вавилон, овие зборови се уверување дека Ветената земја нема да остане запустена. Таа ќе биде повторно населена, а Јеховините ветувања за него ќе се обистинат. Гледано пошироко, за Божјиот народ денес зборовите на Исаија се уверување дека Земјата нема да стане запустена руина — поцрнета од оган, како што веруваат некои, или уништена од нуклеарни бомби, како што се плашат други. Бог има намера Земјата да остане засекогаш, облечена во рајска убавина и населена со праведни жители (Псалм 37:11, 29; 115:16; Матеј 6:9, 10; Откровение 21:3, 4). Да, како и во случајот со Израел, Јеховините зборови ќе се покажат веродостојни.
Јехова ја нуди својата милост
23. Каков е исходот за оние што обожаваат идоли, а каков за оние што го обожаваат Јехова?
23 Спасението на Израел е нагласено со следните зборови на Јехова: „Соберете се и дојдете, пристапете заедно, сите преживеани од народот [бегалци од нациите, NW]! Вистински неуки се [Не стекнале никакво спознание, NW] оние што носат кип изработен од дрво и кои молат бог што не може да ги спаси. Објавете, изнесете ги своите докази, советувајте се заедно: Кој го навести тоа од старини и Кој прорече оттогаш? Не Јас ли, Господ? Нема друг Бог освен Мене; праведен Бог и Спасител нема освен Мене“ (Исаија 45:20, 21). Јехова ги повикува ‚бегалците‘ да го споредат своето спасение со она што им се случува на оние што обожаваат идоли (Второзаконие 30:3; Еремија 29:14; 50:28). Бидејќи им се молат и им служат на немоќни богови, кои не можат да ги спасат, идолопоклониците „не стекнале никакво спознание“. Нивното обожавање е залудно — едноставно напразно. Меѓутоа, оние што го обожаваат Јехова увидуваат дека тој има моќ да ги предизвика настаните што ги прорекол „од старини“, вклучувајќи го спасението на неговиот изгнан народ во Вавилон. Таквата моќ и далековидост го издвојуваат Јехова од сите други богови. Навистина, тој е „праведен Бог и Спасител“.
„Спасението му го должиме на нашиот Бог“
24, 25. а) Каков повик разнесува Јехова, и зошто е сигурно дека неговото ветување ќе се исполни? б) Што бара Јехова со право?
24 Поттикнат од својата милост, Јехова упатува една покана: „Обратете се кон Мене за да се спасите, сите краишта на земјата, зашто Јас Сум Бог и нема друг! Се колнам Сам во Себе, од Мојата уста излегува вистина, нема да се врати напразно, дека пред Мене ќе се поклони секое колено, со Мене ќе се заколнува секој јазик, говорејќи: ‚Единствено во Господа се победата [потполната праведност, NW] и силата! Кон Него ќе дојдат, засрамени, сите кои беснееја против Него. Преку Господа ќе победи и ќе се прослави сето Израелево потомство!‘“ (Исаија 45:22—25).
25 Јехова му ветува на Израел дека ќе ги спаси оние во Вавилон што ќе се обратат кон него. Не е можно неговото пророштво да промаши бидејќи Јехова има и желба и способност да го спаси својот народ (Исаија 55:11). Божјите зборови сами по себе се веродостојни, но уште поверодостојни се кога Јехова ќе ја додаде својата заклетва за да ги потврди (Евреите 6:13). Тој со право бара подложност („ќе се поклони секое колено“) и приврзаност („ќе се заколнува секој јазик“) од оние што ја посакуваат неговата наклоност. Израелците што ќе истрајат во обожавањето на Јехова, ќе бидат спасени. Ќе можат да се фалат со она што Јехова го прави за нив (2. Коринќаните 10:17).
26. Како реагираат членовите на ‚големото мноштво‘ од сите нации на Јеховиниот повик да се обратат кон него?
26 Меѓутоа, Божјиот повик да се обратат кон него не е ограничен само на изгнаниците во древниот Вавилон (Дела 14:14, 15; 15:19; 1. Тимотеј 2:3, 4). Овој повик сѐ уште се упатува, и „големо мноштво . . . од сите нации“ се одѕива и објавува: „Спасението му го должиме на нашиот Бог . . . и на Јагнето [Исус]“ (Откровение 7:9, 10; 15:4). Секоја година, стотици илјади нови лица го зголемуваат големото мноштво со тоа што се обраќаат кон Бог, потполно признавајќи ја неговата сувереност и јавно објавувајќи ја својата приврзаност кон него. Освен тоа, лојално го поддржуваат духовниот Израел, ‚Авраамовото семе‘ (Галатите 3:29). Својата љубов кон Јеховиното праведно владеење ја изразуваат објавувајќи по целиот свет: ‚Единствено во Господа се потполната праведност и силата!‘a Во своето писмо до римјаните, апостол Павле од Септуагинтата го цитирал стихот Исаија 45:23 за да покаже дека на крајот секој жив ќе ја признае Божјата сувереност и постојано ќе го слави неговото име (Римјаните 14:11; Филипјаните 2:9—11; Откровение 21:22—27).
27. Зошто можат христијаните денес да имаат апсолутна доверба во Јеховините ветувања?
27 Зошто можат членовите на големото мноштво да имаат доверба дека обраќањето кон Бог значи спасение? Затоа што Јеховините ветувања се веродостојни, како што јасно покажуваат пророчките зборови од Исаија 45. поглавје. Исто како што Јехова имал моќ и мудрост да ги создаде небесата и Земјата така има и моќ и мудрост да предизвика неговите пророштва да се обистинат. И исто како што се погрижил да се исполни пророштвото во врска со Кир така ќе го исполни и секое друго библиско пророштво кое сѐ уште чека на своето исполнување. Затоа, обожавателите на Јехова можат да бидат сигурни дека наскоро Јехова повторно ќе се покаже како „праведен Бог и Спасител“.
[Фуснота]
a New World Translation го користи изразот „потполно праведен“ бидејќи во хебрејскиот текст зборот „праведност“ е во множина. Овде е употребена множина за да се изрази обилната мера на Јеховината праведност.
[Слики на страници 80 и 81]
Јехова, кој ја твори светлината и ја создава темнината, може да создаде мир и да донесе неволја
[Слика на страница 83]
Јехова ќе предизвика од „небесата“ да врне дожд од благослови и „земјата“ да даде спасение
[Слика на страница 84]
Треба ли отфрлените парчиња од скршени земјени садови да ја доведуваат во прашање мудроста на оној што ги изработил?
[Слика на страница 89]
Јехова не ја создал Земјата напразно