Осмо поглавје
Лажната религија — предвиден нејзиниот драматичен крај
1, 2. а) Зошто на некои им изгледа неверојатно дека наскоро ќе има радикална промена во светската религиозна клима? б) Од каде знаеме дека зборовите од Исаија 47. поглавје имаат идна примена? в) Зошто „Големиот Вавилон“ е соодветно име за целата лажна религија?
„РЕЛИГИЈАТА се враќа.“ Тоа беше пораката објавена во една статија на The New York Times Magazine. Статијата укажа на тоа дека религијата изгледа сѐ уште ги држи во цврст стисок срцата и умовите на милиони луѓе. Затоа можеби се чини тешко да се верува дека наскоро ќе настапи радикална промена во светската религиозна клима. Но, на таква промена се укажува во 47. поглавје од Исаија.
2 Зборовите на Исаија се исполниле пред 2.500 години. Меѓутоа, зборовите запишани во Исаија 47:8 се цитирани во книгата Откровение, каде што им е дадена натамошна примена. Таму, Библијата го претскажува крајот на организацијата слична на блудница, наречена „Големиот Вавилон“ — светска империја на лажната религија (Откровение 16:19). Назнаката „Вавилон“ е соодветна за лажните религии во светот, бидејќи лажната религија започнала токму во Вавилон. Од таму се проширила на четирите страни на Земјата (Битие 11:1—9). Религиозните доктрини што потекнуваат од Вавилон, како што се бесмртност на душата, пеколен оган и обожавање на троедни богови ги има скоро во сите религии, вклучувајќи го и христијанскиот свет.a Дали пророштвото на Исаија фрла некаква светлина врз иднината на религијата?
Вавилон симнат во правот
3. Опиши ја големината на вавилонската светска сила.
3 Чуј ја оваа возбудлива божествена изјава: „Снижи се, седни во правот, девице, вавилонска ќерко! Седни на земјата, без престол, халдејска ќерко! Зашто, не ќе те викам веќе нежна и раскошна“ (Исаија 47:1). Вавилон со години е устоличен како доминантна светска сила. Тој е „украс на царствата“ — напреден религиозен, трговски и воен центар (Исаија 13:19). Во својот зенит, Вавилонската Империја се протега на југ сѐ до границата на Египет. А кога го поразува Ерусалим во 607 пр.н.е., изгледа како ни Бог лично да не е способен да ги запре неговите освојувања! Затоа, тој се гледа себеси како „девица“, односно како некој што никогаш нема да претрпи инвазија однадвор.b
4. Што ќе доживее Вавилон?
4 Меѓутоа, оваа горделива „девица“ ќе биде соборена од нејзиниот престол на неоспорна светска сила и ќе биде натерана да ‚седи во правот‘ понижена (Исаија 26:5). Нема повеќе да ја сметаат за „нежна и раскошна“, како разгалена царица. Затоа Јехова заповеда: „Земи рачна мелница и мели брашно! Симни го превезот, подигни ги краиштата на облеката [соблечи го лелеавото здолниште, NW], разголи ги бедрата, премини преку реката!“ (Исаија 47:2). Откако Вавилон ја поробил целата нација Јуда, сега со него самиот ќе се постапува како со роб! Медијците и Персијците, кои ќе го отстранат од неговата позиција на моќ, ќе го присилат да врши понижувачка работа во нивна корист.
5. а) Како на Вавилон ќе му биде симнат ‚превезот и лелеавото здолниште‘? б) На што може да укажува тоа што ѝ е заповедано ‚да ја премине реката‘?
5 Така на Вавилон ќе му биде симнат неговиот ‚превез и лелеаво здолниште‘, и со тоа ќе ја изгуби секоја трага од својата поранешна големина и достоинство. „Премини преку реката“, му заповедаат неговите надзорници. Можеби на некои Вавилонци всушност ќе им биде наредено да извршуваат ропска работа на отворено. Или, пак, пророштвото може да значи дека некои дословно ќе бидат одвлечени преку реки, додека се водени во изгнанство. Во секој случај, Вавилон нема повеќе да патува во висок стил на царица, која преку една река ја пренесуваат на стол или во кочија. Наместо тоа, ќе биде како робинка, која ќе мора да ја заборави скромноста, подигајќи си го здолништето и разголувајќи си ги нозете за да прегази некоја река. Колку понижувачки!
6. а) Во која смисла ќе биде откриена голотијата на Вавилон? б) Во која смисла Бог нема ‚ниту еден човек да пресретне љубезно‘? (Види ја фуснотата.)
6 Јехова продолжува со своето подбивање: „Нека се открие твојата голотија нека се покаже твојата срамота! Јас ќе се одмаздам, никој не ќе Ме спречи [и ниту еден човек нема да пресретнам љубезно, NW]“ (Исаија 47:3).c Да, Вавилон ќе претрпи срам и обесчестување. Злобата и суровоста што тој ја покажува кон Божјиот народ ќе биде отворено изложена. Ниеден човек не ќе може да ја спречи Божјата одмазда!
7. а) Како ќе реагираат еврејските изгнаници на веста за падот на Вавилон? б) На кој начин Јехова ќе го откупи својот народ?
7 Откако 70 години бил држан како заробеник од моќниот Вавилон, Божјиот народ многу ќе се радува на неговиот пад. Ќе извикува: „Нашиот откупител, името Му е Господ [Јехова, NW] над Војските, Израелевиот Светец“ (Исаија 47:4). Под Мојсеевиот закон, ако еден Израелец се продал себеси во ропство со цел да ги отплати своите долгови, еден откупител (во крвно сродство) би можел да го купи, односно да го откупи од тоа ропство (Левит 25:47—54). Бидејќи Евреите ќе бидат продадени во ропство на Вавилон, ќе треба да бидат откупени, односно ослободени. За робовите, освојувањето обично не значи ништо друго освен промена на господарите. Но Јехова ќе го поттикне освојувачкиот цар Кир да ги ослободи Евреите од ропство. Египет, Етиопија и Сева ќе му бидат дадени на Кир како „откупнина“ за Евреите (Исаија 43:3). Откупителот на Израел соодветно е наречен ‚Јехова над Војските‘. Навидум моќната воена сила на Вавилон се губи во споредба со Јеховините невидливи, ангелски мноштва.
Цената на суровоста
8. Во која смисла Вавилон ‚ќе се повлече во темнина‘?
8 Јехова продолжува со својата пророчка осуда над Вавилон: „Седи молчејќи, повлечи се во темнина, халдејска ќерко. Зашто, нема веќе да те викаат владетелка на царствата“ (Исаија 47:5). На Вавилон не му претстои ништо друго освен темнина и мрак. Никогаш повеќе нема да доминира над другите царства како сурова владетелка (Исаија 14:4).
9. Зошто Јехова се разгневил на Евреите?
9 Зошто воопшто му е дозволено на Вавилон да му нанесе штета на Божјиот народ? Јехова објаснува: „Се разгневив на Својот народ, го запустив Своето наследство. Ти го предадов тебе во рацете“ (Исаија 47:6а). Јехова има добра причина да се разгневи на Евреите. Порано, тој ги предупредил дека резултатот од непослушноста на неговиот Закон ќе биде протерување од земјата (Второзаконие 28:64). Кога западнале во идолопоклонство и сексуален неморал, Јехова љубезно испратил пророци за да им помогне да се вратат на чистото обожавање. Но, ‚тие им се потсмевале на Божјите гласници, презирајќи ги Неговите зборови и подигрувајќи се со Неговите пророци, додека не се подигнала Господовата јарост против Неговиот народ, та веќе немало лек‘ (2. Летописи 36:16). Затоа Бог дозволува неговото наследство, Јуда, да биде обесчестено кога Вавилон ја напаѓа земјата и го осквернува Неговиот свет храм (Псалм 79:1; Езекиел 24:21).
10, 11. Зошто Јехова е гневен на Вавилон и покрај тоа што е негова волја тој да го освои Неговиот народ?
10 Со оглед на тоа, зар Вавилон едноставно не ја извршува Божјата волја кога ги поробува Евреите? Не, зашто Бог вели: „Ти не им искажа милост. На старците го ставаше своето претешко бреме. Зборуваше: ‚Довека ќе останам господарка.‘ Никогаш тоа не го зеде на срце, ниту помисли како ќе заврши“ (Исаија 47:6б, 7). Бог не му заповедал на Вавилон да постапува со крајна суровост, не покажувајќи им милост ни на „старците“ (Плач Еремиин 4:16; 5:12). Ниту, пак, го поттикнал садистички да се задоволува исмејувајќи им се на своите еврејски заробеници (Псалм 137:3).
11 Вавилон пропушта да сфати дека неговата контрола над Евреите е привремена. Тој ги игнорира предупредувањата од Исаија дека, со текот на времето, Јехова ќе го ослободи својот народ. Се однесува како да е овластен трајно да доминира над Евреите и засекогаш да остане господар над своите вазални нации. Пропушта да обрне внимание на пораката дека неговото угнетувачко владеење ќе „заврши“!
Претскажан е падот на Вавилон
12. Зошто Вавилон е наречен ‚жена оддадена на задоволства‘?
12 Јехова објавува: „А сега послушај, развратнице [жено оддадена на задоволства, NW], која седиш безгрижно и во своето срце говориш: ‚Јас и никој друг! Никогаш не ќе овдовеам, не ќе ги изгубам децата!‘“ (Исаија 47:8). Репутацијата на Вавилон како таков што се стреми по задоволства е добро позната. Историчарот Херодот, од петти век пр.н.е., зборува за „најсрамниот обичај“ на Вавилонците, имено, сите жени да се проституираат од почит кон своите божици на љубовта. Нешто слично изјавил и древниот историчар Куртиј: „Обичаите на градот не можат да бидат позагадени; ниту една систематска расипаност не може да понуди поголем поттик и мамки кон разврат“.
13. Како силната склоност на Вавилон да се стреми по задоволства ќе го забрза неговиот пад?
13 Силната склоност на Вавилон да се стреми по задоволства ќе го забрза неговиот пад. Вечерта пред да падне, неговиот цар и достоинствениците ќе се гостат и ќе пијат додека не станат мртви пијани. Затоа, нема да обрнат внимание на медо-персиските војски што го напаѓаат градот (Даниел 5:1—4). ‚Седејќи безгрижно‘, Вавилон ќе си мисли дека неговите навидум неосвоиви ѕидини и ендеци ќе го заштитат од инвазија. Тој си вели дека „никој друг“ не може никогаш да му ја заземе положбата на превласт. Не може ни да си замисли дека би можел да ‚овдовее‘, губејќи го својот владетел на империјата, како и „децата“, односно населението. Сепак, никаков ѕид не може да го заштити од одмаздничката рака на Јехова Бог! Јехова подоцна ќе рече: „Ако Вавилон се искачи до небото, ако се утврди на недостапно место, на Моја заповед ќе се нафрлат врз него запустувачите“ (Еремија 51:53).
14. На кој начин Вавилон ќе ‚ги изгуби децата и ќе овдовее‘?
14 До што ќе го доведе ова Вавилон? Јехова продолжува: „Двете нешта ќе те стигнат, во миг, во ист ден! Ќе ги изгубиш децата, ќе овдовееш! Со полна мерка ќе те најдат двете нешта покрај сето твое [заради изобилството на твоето, NW] вражање и мноштво на твоите проклетства!“ (Исаија 47:9). Да, на превласта на Вавилон како светска сила наеднаш ќе ѝ дојде крајот. Во древните источни земји, да се овдовее и да се изгубат децата било најнесреќното нешто што една жена би можела да го доживее. Не знаеме колку ‚деца‘ губи Вавилон ноќта кога се соочува со својот пад.d Сепак, во свое време, тој град ќе биде потполно напуштен (Еремија 51:29). А ќе овдовее со тоа што сите негови цареви ќе бидат симнати од престолот.
15. Покрај суровоста на Вавилон кон Евреите, од која друга причина Јехова е гневен на него?
15 Малтретирањето на Евреите од страна на Вавилон, меѓутоа, не е единствената причина за Јеховиниот гнев. ‚Изобилството на нејзиното вражање‘ исто така го предизвикува неговиот гнев. Божјиот закон за Израел го осудува практикувањето спиритизам; сепак, Вавилон страсно се стреми по окултните работи (Второзаконие 18:10—12; Езекиел 21:21). Книгата Social Life Among the Assyrians and Babylonians (Општествениот живот на Асирците и Вавилонците) вели дека животот на Вавилонците „им минувал во постојан страв од бројните демони за кои верувале дека ги опкружуваат“.
Надевање во зло
16, 17. а) Како Вавилон ‚се надева во своето зло‘? б) Зошто не може да се спречи крајот на Вавилон?
16 Ќе го спасат ли Вавилон неговите претскажувачи? Јехова одговара: „Се надеваше во своето зло, зборуваше: ‚Никој не ме гледа!‘ Твојата мудрост и знаењето те заведоа. Во своето срце велеше: ‚Јас и никој друг!‘“ (Исаија 47:10). Вавилон мисли дека со помош на својата световна и религиозна мудрост, со својата воена моќ и со препредената безмилосност ќе може да ја задржи својата позиција како светска сила. Му се чини дека никој ‚не го гледа‘, односно не го смета за одговорен за неговите зли постапки. Ниту, пак, забележува соперник на хоризонтот. „Јас и никој друг“, вели тој.
17 Меѓутоа, преку еден друг свој пророк, Јехова предупредува: „Може ли некој да се скрие во тајни места та Јас да не го видам?“ (Еремија 23:24; Евреите 4:13). Затоа Јехова изјавува: „Зло ќе те најде — не ќе го пресретнеш [не ќе знаеш магија против него, NW], несреќата ќе се нафрли врз тебе — нема да ја одвратиш; пропаста ќе дојде одненадеж врз тебе, нема да ја предвидиш“ (Исаија 47:11). Ниту боговите на Вавилон ниту ‚магијата‘ што неговите практикувачи на спиритизам ќе ја направат не можат да ја спречат претстојната несреќа — несреќа каква што тој не доживеал никогаш!
Неуспехот на советниците на Вавилон
18, 19. Како ќе се покаже погубно тоа што Вавилон се потпира на своите советници?
18 Со остар сарказам, Јехова заповеда: „Запри [Мирувај, NW] со своите вражања и со толкуте свои баења, околу кои се трудеше од младоста. Ако можат да ти бидат од полза? Ако можеш со нив да предизвикаш страв?“ (Исаија 47:12). На Вавилон му е упатен предизвик да ‚мирува‘, или да остане непроменет во своето потпирање на магија. Впрочем, како нација се трудел околу развојот на окултните умешности уште од својата ‚младост‘.
19 Но Јехова му се потсмева, велејќи: „Те изморија твоите многубројни советници! Нека станат само да те спасат оние кои ги премеруваат [обожавателите на, NW] небесата, кои ги набљудуваат ѕвездите и кои секој месец проречуваат што ќе те снајде“ (Исаија 47:13).e Вавилон ќе се соочи со потполниот неуспех на своите советници. Точно, вековното астрономско набљудување придонело за развојот на вавилонската астрологија. Но, во ноќта на неговиот пад, очајниот неуспех на неговите астролози ќе разоткрие дека гатањето е бескорисно (Даниел 5:7, 8).
20. Каква ќе биде судбината на советниците на Вавилон?
20 Овој дел од пророштвото Јехова го завршува со зборовите: „Ете, тие ќе бидат како плева, оган ќе ги изгори. Ни самите себе не ќе се избават од силата на пламенот. Не ќе остане ни жарче, за да се огрее некој, ни огниште, да поседи покрај него! Такви ќе бидат твоите вражалци, со кои се трудеше од младоста! Секој ќе тргне по својот пат, и не ќе има никој да те спаси“ (Исаија 47:14, 15). Да, врз овие лажни советници само што не дошле огнени времиња. Тоа нема да биде пријатен оган околу кој човек може да се згрее, туку уништувачки оган што проголтува, а кој ќе разоткрие дека лажните советници се како бескорисна плева. Не е ни чудо што советниците на Вавилон ќе бегаат во паника! И последната поддршка на Вавилон ќе ја снема, ќе нема кој да го спаси. Ќе го снајде истата судбина што тој ќе му ја има нанесено на Ерусалим (Еремија 11:12).
21. Како и кога се покажуваат вистинити пророчките зборови на Исаија?
21 Овие инспирирани зборови започнуваат да се исполнуваат во 539 пр.н.е. Војските на Медијците и Персијците под водство на Кир го освојуваат градот, убивајќи го тогашниот цар, Валтазар (Даниел 5:1—4, 30). Вавилон е соборен од својата позиција на светска доминација во една ноќ. Со тоа завршуваат вековите на семитска превласт, и светот сега паѓа под контрола на аријанците. За самиот Вавилон започнува периодот на пад што трае со векови. До четвртиот век н.е., тој станува само „куп урнатини“ (Еремија 51:37). Со тоа, пророштвото на Исаија потполно се исполнува.
Современиот Вавилон
22. Каква лекција за гордоста учиме од падот на Вавилон?
22 Пророштвото на Исаија дава многу материјал за размислување. Како прво, ја подвлекува опасноста од гордоста и надуеноста. Падот на гордиот Вавилон е илустриран во библиската пословица: „Гордоста врви пред гибелта, и високоумноста пред паѓањето“ (Пословици 16:18). Гордоста понекогаш доминира со нашата несовршена природа, но ако човек се „надуе од гордост“ тоа може да го одведе „во прекор и во замка на Ѓаволот“ (1. Тимотеј 3:6, 7). Според тоа, добро ќе направиме ако се придржуваме кон советот на Јаков: „Понизете се во очите на Јехова, и тој ќе ве возвиши“ (Јаков 4:10).
23. Каква доверба ни помага да имаме пророштвото на Исаија?
23 Овие пророчки зборови исто така ни помагаат да имаме доверба во Јехова, кој е помоќен од сите свои противници (Псалм 24:8; 34:7; 50:15; 91:14, 15). Ова е утешно потсетување во овие тешки денови. Довербата во Јехова ни ја зајакнува решеноста да останеме без вина во негови очи, знаејќи дека „иднината на [беспрекорниот] човек ќе биде мирољубива“ (Псалм 37:37, 38, NW). Секогаш е мудро човек да се надева на Јехова и да не се потпира на своите сопствени способности и покрај Сатановите „подмолни дела“ (Ефешаните 6:10—13, фуснота, NW со референции).
24, 25. а) Зошто астрологијата е нелогична, но зошто многумина сепак се свртуваат кон неа? б) Наброј некои причини поради кои христијаните го одбегнуваат суеверието.
24 Значајно е тоа што сме предупредени да не се занимаваме со спиритистички обичаи, особено со астрологија (Галатите 5:20, 21). Кога паднал Вавилон, астрологијата не ги испуштила од раце луѓето. Интересно, книгата Great Cities of the Ancient World (Големи градови на древниот свет) забележува дека соѕвездијата нацртани на карти од страна на Вавилонците се „поместиле“ од своите древни позиции, „правејќи ја бесмислена целата идеја [за астрологија]“. Сепак, астрологијата продолжува да цвета, и многу весници имаат колумни во кои хороскопите се лесно достапни за читателите.
25 Што ги тера луѓето — многумина и добро образовани — да ги консултираат ѕвездите или да се впуштаат во други нелогични, суеверни практики? The World Book Encyclopedia вели: „Суеверијата веројатно ќе бидат дел од животот сѐ додека луѓето се плашат едни од други и се несигурни во врска со иднината“. Стравот и несигурноста можат да ги наведат луѓето да станат суеверни. Меѓутоа, христијаните го одбегнуваат суеверието. Тие не се плашат од човек — Јехова е нивната поддршка (Псалм 6:4—10). И не се несигурни во врска со иднината; ги знаат Јеховините откриени намери и не се сомневаат дека „Господовиот наум останува довека“ (Псалм 33:11). Ќе си обезбедиме среќна, долговечна иднина ако го доведеме својот живот во склад со Јеховиниот наум.
26. Како се покажале „ништожни“ „резонирањата на мудреците“?
26 Во последниве години некои се обиделе да ја откријат иднината на повеќе „научни“ начини. Дури постои и дисциплина наречена футурологија, дефинирана како „студија што се занимава со идните изгледи врз основа на тековните трендови“. На пример, уште во 1972, една група академици и бизнисмени познати како Клуб на Рим претскажаа дека до 1992 ќе бидат исцрпени сите светски резерви на злато, жива, цинк и нафта. Па, светот се соочи со огромни проблеми од 1972 наваму, но тоа претскажување во секој случај беше погрешно. Земјата сѐ уште има резерви од злато, жива, цинк и нафта. Навистина, човекот се истоштува од обидите да ја претскаже иднината, но неговите нагаѓања никогаш не се веродостојни. Точно е дека „резонирањата на мудреците се ништожни“ (1. Коринќаните 3:20).
Претстојниот крај на Големиот Вавилон
27. Кога и на каков начин Големиот Вавилон доживеал пад сличен на оној на Вавилон во 539 пр.н.е.?
27 Во современите религии продолжиле да постојат голем број доктрини од древниот Вавилон. Според тоа, светската империја на лажната религија со право е наречена Големиот Вавилон (Откровение 17:5). Тој меѓународен религиозен конгломерат веќе претрпел пад сличен на оној на древниот Вавилон во 539 пр.н.е. (Откровение 14:8; 18:2). Во 1919, остатокот од Христовите браќа излегле од духовно ропство и се ослободиле од религиозното влијание на христијанскиот свет, доминантен дел на Големиот Вавилон. Од тогаш наваму, христијанскиот свет во многу земји изгуби значителен дел од влијанието што порано беше многу силно.
28. Со што се фалел Големиот Вавилон, но што го чека?
28 Меѓутоа, тој пад само му претходи на конечното уништување на лажната религија. Интересно, пророштвото од Откровение за уништувањето на Големиот Вавилон нѐ потсетува на пророчките зборови запишани во Исаија 47:8, 9. Како и древниот Вавилон, современиот Голем Вавилон вели: „Седам како царица, и не сум вдовица, и никогаш нема да видам тага“. Но „во еден ден ќе дојдат нејзините неволји, смрт и тага и глад, и ќе биде потполно изгорена со оган, зашто е силен Јехова Бог кој ја осуди“. Така, пророчките зборови запишани во Исаија 47. поглавје претставуваат предупредување за оние што сѐ уште се поврзани со лажната религија. За да избегнат да бидат уништени заедно со неа, да им ја пренесеме инспирираната заповед: „Излезете од неа“ (Откровение 18:4, 7, 8).
[Фусноти]
a За детални информации околу развојот на лажните религиозни доктрини, види ја книгата Потрагата на човештвото по Бог, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b На хебрејски ‚девица, вавилонска ќерка‘ е идиом што се однесува на Вавилон или на жителите на Вавилон. Тој е ‚девица‘ затоа што никогаш не бил опљачкан од страна на некој освојувач откако станал светска сила.
c За хебрејскиот израз преведен со „ниту еден човек нема да пресретнам љубезно“ изучувачите велат дека е „крајно тешка фраза“ за преведување. New World Translation го вметнува зборот „љубезно“ за да се пренесе мислата дека на ниеден надворешен нема да му биде дозволено да му дојде на помош на Вавилон. Еден превод од Еврејското издавачко друштво ја преведува оваа дел-реченица како: „Нема . . . да дозволам ниту еден човек да посредува“.
d Книгата Nabonidus and Belshazzar (Набонид и Валтазар), од Рејмонд Филип Доерти, забележува дека, иако Набонидовата хроника тврди дека напаѓачите на Вавилон влегле „без борба“, грчкиот историчар Ксенофон укажува дека таму можеби имало прилично големо крвопролевање.
e Хебрејскиот израз преведен со ‚обожаватели на небесата‘ некои го преведуваат како „разделувачи на небесата“. Ова би се однесувало на практиката да се делат небесата на полиња за да се составуваат хороскопи.
[Слики на страница 111]
Вавилон, кој се стреми по задоволства, ќе биде симнат во правот
[Слика на страница 114]
Астролозите на Вавилон не ќе бидат способни да го претскажат неговиот пад
[Слика на страница 116]
Еден вавилонски астролошки календар, прв милениум пр.н.е.
[Слики на страница 119]
Современиот Вавилон наскоро нема да постои