Деветто поглавје
Јехова нѐ учи за наше добро
1. Како реагираат мудрите на Јеховините зборови?
КОГА Јехова зборува, оние што се мудри слушаат со голема почит и се одѕиваат на неговите зборови. Сѐ што зборува Јехова е за наша корист и тој е живо заинтересиран за нашата благосостојба. На пример, колку само го грее срцето размислувањето за начинот на кој Јехова му се обратил на својот древен народ на сојузот: „О, да внимаваше на Моите заповеди!“ (Исаија 48:18). Докажаната вредност на Божјите поуки треба да нѐ поттикне да го слушаме и да го следиме неговото водство. Извештајот за исполнетите пророштва го отстранува секој сомнеж во врска со решеноста на Јехова да ги исполни своите ветувања.
2. За кого биле запишани зборовите од Исаија 48. поглавје, и кој уште може да извлече корист од нив?
2 Зборовите од 48. поглавје од книгата Исаија изгледа биле напишани за Евреите што ќе бидат изгнаници во Вавилон. Освен тоа, овие зборови содржат порака која денешните христијани не можат да ја игнорираат. Во Исаија 47. поглавје, Библијата го претскажува падот на Вавилон. Сега, Јехова го опишува она што го има на ум за еврејските изгнаници во тој град. Јехова е разжалостен поради лицемерството на својот избран народ и поради тоа што тој тврдоглаво одбива да верува во неговите ветувања. Сепак, сака да го поучи за негово добро. Тој предвидува период на пречистување, кој ќе води до враќање на еден верен остаток во неговата татковина.
3. Што било погрешно во обожавањето на Јуда?
3 Колку само скршнал од чистото обожавање Јеховиниот народ! Уводните зборови на Исаија се отрезнувачки: „Чујте го ова, Јаковов доме, вие кои се наречувате со Израелевото име и кои излеговте од Јудините води! Вие кои се колнете во Името на Господа и кои го спомнувате Израелевиот Бог, но не со вистина и со правда. Зашто вие се наречувате по Светиот Град и се потпирате на Израелевиот Бог, Господ на Силите Му е Името“ (Исаија 48:1, 2). Колку лицемерно! Јасно е дека ‚да се колнат во Името на Господа‘ не е ништо повеќе од формално користење на Божјето име (Софонија 1:5). Пред своето изгнанство во Вавилон, Евреите го обожавале Јехова во „Светиот Град“, Ерусалим. Но, нивното обожавање не било искрено. Нивните срца биле далеку од Бог, а нивното обожавање не било „со вистина и со правда“. Тие ја немале верата на патријарсите (Малахија 3:7).
4. Каков вид обожавање му е угодно на Јехова?
4 Зборовите на Јехова нѐ потсетуваат дека обожавањето не треба да биде механичко. Мора да е од срце. Симболичната служба — можеби само за да им се угоди на другите или тие да бидат импресионирани — не спаѓа во „дела на . . . побожна оддаденост“ (2. Петрово 3:11). Тоа што некој се нарекува христијанин не го прави неговото обожавање само по себе прифатливо за Бог (2. Тимотеј 3:5). Да се признае дека Јехова постои е битно, но тоа е само почеток. Јехова сака обожавање со сета душа, обожавање што е мотивирано од длабока љубов и ценење (Колошаните 3:23).
Претскажување на нови работи
5. Кои се некои од „првите работи“ претскажани од Јехова?
5 Можеби тие Евреи во Вавилон треба да си ги освежат спомените. Затоа, Јехова уште еднаш ги потсетува дека тој е Бог на вистинското пророштво: „Првите работи ги кажав уште од тоа време, и од мојата сопствена уста излегоа, и постојано давав да се чујат. Наеднаш дејствував, и работите доаѓаа“ (Исаија 48:3, NW). „Првите работи“ се работи кои Бог веќе ги остварил, како ослободувањето на Израелците од Египет и тоа што им ја дал Ветената земја во наследство (Битие 13:14, 15; 15:13, 14). Ваквите претскажувања излегуваат од Божјата уста; тие имаат божествено потекло. Бог дава луѓето да ги чујат неговите одредби, и она што го слушаат треба да ги поттикне да бидат послушни (Второзаконие 28:15). Тој дејствува наеднаш за да го изврши она што го претскажал. Фактот дека Јехова е Семоќниот го осигурува исполнувањето на неговата намера (Исус Навин 21:45; 23:14).
6. До која мера Евреите станале „тврдоглави и бунтовни“?
6 Јеховиниот народ станал „тврдоглав и бунтовен“ (Псалм 78:8, NW). Јехова отворено му вели: „Ти си корав . . . вратот ти е железна жила и . . . челото ти е бакарно“ (Исаија 48:4). Слично на некои метали, Евреите тешко се виткаат, не попуштаат. Тоа е една причина Јехова да ги открие работите пред да се случат. Инаку, за работите што Јехова ги направил, неговиот народ би рекол: „Мојот кип го направи тоа, мојот делкан лик и одлеаниот идол заповедаа така“ (Исаија 48:5). Дали она што Јехова сега го вели ќе има некаков ефект врз неверните Евреи? Бог им вели: „Го чу и го виде сѐ тоа, зар не признаваш? А сега ќе ти навестам нешто ново, тајно што уште не го знаеше; во овој миг е создадено, а не одамна, за тоа досега ништо не си чул, за да не речеш: ‚Знаев‘“ (Исаија 48:6, 7).
7. Што ќе мораат да признаат изгнаните Евреи, и што можат да очекуват?
7 Долго однапред Исаија го запишува претскажувањето за падот на Вавилон. Сега, додека се изгнаници во Вавилон, на Евреите пророчки им е заповедано да размислуваат за исполнувањето на претскажаното. Можат ли да одречат дека Јехова е Бог на исполнетите пророштва? И бидејќи жителите на Јуда виделе и чуле дека Јехова е Бог на вистината, зар не треба и да им ја објавуваат оваа вистина на другите? Јеховината откриена реч претскажува нови работи, кои сѐ уште не се случиле, како што е освојувањето на Вавилон од Кир и ослободувањето на Евреите (Исаија 48:14—16). Такви потресни настани доаѓаат навидум од никаде. Никој не може да ги претскаже само со набљудување на развојот на светските настани. Тие доаѓаат како да се создале од ништо. Кој ги предизвикува овие настани? Бидејќи Јехова ги претскажува околу 200 години однапред, одговорот е очигледен.
8. На кои нови работи се надеваат христијаните денес, и зошто имаат потполна доверба во Јеховината пророчка реч?
8 Освен тоа, Јехова ја остварува својата реч според својот временски распоред. Исполнетите пророштва се потврда за неговата Божественост не само за Евреите во дамнешно време туку и за христијаните денес. Извештајот за бројните пророштва што се исполниле во минатото — „првите работи“ — е гаранција дека новите работи што Јехова ги ветил — претстојната ‚голема неволја‘, преживувањето на ‚големото мноштво‘ низ таа неволја, ‚новата земја‘ и многу други — ќе се исполнат (Откровение 7:9, 14, 15; 21:4, 5; 2. Петрово 3:13). Таа гаранција ги мотивира луѓето со исправно настроени срца денес ревносно да зборуваат за него. Тие ги делат истите чувства со псалмистот, кој рекол: „Ќе ја проповедам Твојата правда во големо собрание; и нема да ги затворам моите усни“ (Псалм 40:9).
Јехова покажува самосовладување
9. Како нацијата Израел била ‚престапник од мајчината утроба‘?
9 Недовербата на Евреите во Јеховините пророштва ги спречила да внимаваат на неговите предупредувања. Токму затоа, тој сега им вели: „Не чу за тоа ниту знаеше, ниту твоето уво се отвори порано, зашто знаев дека ќе изневериш и дека те викаат отпадник [престапник, NW] од мајчината утроба“ (Исаија 48:8). Увото на Јуда е затнато за Јеховините добри вести (Исаија 29:10). Начинот на кој постапил Божјиот народ на сојузот покажува дека нацијата е ‚престапник од мајчината утроба‘. Од своето раѓање и во текот на целата своја историја, нацијата Израел си изградила досие на бунтовност. Престапот и изневерата се закоравени грешки на народот, не само повремени гревови (Псалм 95:10; Малахија 2:11).
10. Зошто Јехова ќе се воздржува?
10 Дали е изгубена секаква надеж? Не. Иако Јуда е бунтовна и неверна, Јехова е секогаш вистинит и верен. Во чест на своето сопствено големо име, ќе го ограничи излевањето на својот гнев. Тој вели: „Ќе го контролирам својот гнев заради моето име, и заради мојата фалба ќе се воздржувам спрема тебе за да не бидеш отсечен“ (Исаија 48:9, NW). Каков контраст! Народот на Јехова, и Израел и Јуда, му е неверен. Но Јехова ќе го посвети своето име, постапувајќи на начин што ќе му донесе слава и чест. Од оваа причина, тој нема да го уништи својот избран народ (Јоил 2:13, 14).
11. Зошто Бог нема да дозволи неговиот народ да биде потполно уништен?
11 Божјиот прекор ги буди поединците со исправно настроени срца меѓу изгнаните Евреи и тие одлучуваат да обрнат внимание на неговите учења. За таквите, следнава објава мошне го грее срцето: „Гледај! Те пречистив, но не во облик на сребро. Те избрав во топилничка печка на мачењето. Заради себеси, заради себеси ќе дејствувам, зашто како може некој да си дозволи да биде обесветен? И никому нема да му ја дадам мојата сопствена слава“ (Исаија 48:10, 11, NW). Искушувачките тешкотии — како во „печка на мачењето“ — што Јехова дозволил да дојдат врз припадниците на неговиот народ, ги испитале и пречистиле, откривајќи што им е во срцето. Нешто слично се случило со векови порано кога Мојсеј им рекол на нивните предци: „Господ, твојот Бог, те водеше низ пустината во овие четириесет години за да те смири, за да те испита и за да дознае што ти е во срцето“ (Второзаконие 8:2). И покрај нејзиниот бунтовен став, Јехова не ја уништил нацијата тогаш и нема потполно да ја уништи ни сега. Со тоа неговото име и чест ќе бидат поддржани. Кога неговиот народ би бил истребен од рацете на Вавилонците, тој би бил неверен на својот сојуз и неговото име би било обесветено. Би изгледало дека Богот на Израел не е моќен да го спаси својот народ (Езекиел 20:9).
12. Како биле пречистени вистинските христијани за време на Првата светска војна?
12 И во современа доба, на Јеховиниот народ му требало пречистување. Уште во раните денови на 20-от век, многумина од малата група Библиски студенти му служеле на Бог со искрена желба да му угодат, но некои имале погрешни мотиви, како што е желбата за истакнување. Пред таа мала група да може да го предводи светското проповедање на добрата вест, проречено за времето на крајот, требало да биде пречистена (Матеј 24:14). Пророкот Малахија прорекол дека токму такво дело на пречистување ќе биде извршено кога Јехова ќе дојде во својот храм (Малахија 3:1—4). Неговите зборови се исполниле во 1918. Вистинските христијани поминале низ период на огнено испитување во виорот на Првата светска војна, и тоа испитување кулминирало со затворањето на Џозеф Ф. Ратерфорд, тогашен претседател на Watch Tower Society и на неколку водечки службеници. Тие искрени христијани извлекле корист од процесот на пречистување. Од Првата светска војна излегле со решеност поголема од кога и да е порано да му служат на својот величествен Бог на кој и да е начин што ќе им го покаже тој.
13. Како реагирал Јеховиниот народ на прогонството во годините по Првата светска војна?
13 Оттогаш наваму, Јеховините сведоци многупати се соочиле со најзлобни облици на прогонство. Тоа не ги навело да се сомневаат во речта на својот Творец. Наместо тоа, обрнале внимание на зборовите од апостол Петар до прогонетите христијани од негово време: „Разжалостени сте со разни искушенија, за испитаниот квалитет на вашата вера . . . да се покаже како причина за фалба и слава и чест при откровението на Исус Христос“ (1. Петрово 1:6, 7). Жестокото прогонство не го уништува интегритетот на вистинските христијани. Напротив, ја открива чистотата на нивните мотиви. Тоа ѝ додава на нивната вера испитан квалитет и ја покажува длабочината на нивната оддаденост и љубов (Пословици 17:3).
„Јас Сум првиот, Јас Сум и последниот“
14. а) На кој начин Јехова е „првиот“ и „последниот“? б) Какви моќни дела извршил Јехова со својата „рака“?
14 Сега, Јехова срдечно го повикува својот народ на сојузот: „Чуј ме, Јакове, Израеле, кого го повикав: Јас Сум истиот, Јас Сум првиот, Јас Сум и последниот. Мојата рака ја основа земјата, Мојата десница ги оптегна небесата. Само да ги повикам и доаѓаат веднаш“ (Исаија 48:12, 13). За разлика од човекот, Бог е вечен и не се менува (Малахија 3:6). Во Откровение, Јехова објавува: „Јас сум Алфа и Омега, првиот и последниот, почетокот и крајот“ (Откровение 22:13). Пред Јехова немало семоќен Бог и нема да има ни по него. Тој е Врховен и Вечен, Творецот. Неговата „рака“ — неговата моќ на дело — ја втемелила Земјата и ги растегнала ѕвездените небеса (Јов 38:4; Псалм 102:25). Кога ги повикува своите творби, тие се спремни да му служат (Псалм 147:4).
15. На кој начин и за која цел Јехова го ‚љубел‘ Кир?
15 Еден свечен повик е упатен и до Евреите и до не-Евреите: „Соберете ги сите и чујте: кој од нив го прорече тоа? Оној кого го љуби Господ ќе ја исполни Мојата волја над Вавилон и над потомството на Халдејците. Јас реков и го повикав, го водев и му помогнав на наумот“ (Исаија 48:14, 15). Само Јехова е семоќен и способен точно да претскаже настани. Никој меѓу „нив“, безвредните идоли, не е способен да ги каже овие работи. Јехова „го љуби“ Кир, а не идолите; то ест, Јехова го избрал за специфична цел (Исаија 41:2; 44:28; 45:1, 13; 46:11). Тој го предвидел појавувањето на Кир на светската сцена и го избрал за иден освојувач на Вавилон.
16, 17. а) Зошто може да се рече дека Бог не ги дал своите претскажувања во тајност? б) Како Јехова ги објавува своите намери денес?
16 Со молбен тон, Јехова продолжува: „Пристапете кон Мене и чујте го ова: Од почеток не ви зборував тајно, и кога се збиднуваше, бев таму“ (Исаија 48:16а). Претскажувањата од Јехова не се дадени во тајност или објавени само на неколкумина упатени. Јеховините пророци биле отворени говорници во името на Бог (Исаија 61:1). Тие јавно ја објавувале Божјата волја. На пример, настаните поврзани со Кир не биле ниту нови ниту непредвидени за Бог. Околу 200 години однапред, Бог отворено ги претскажал преку Исаија.
17 Како тогаш така и денес, Јехова не е таинствен во врска со своите намери. Во стотици земји и морски острови милиони луѓе ги објавуваат од куќа до куќа, на улица и секаде каде што можат предупредувањето за претстојниот крај на овој систем на работи и добрата вест за благословите што ќе дојдат под Божјето Царство. Навистина, Јехова е Бог што ги соопштува своите намери.
,Внимавај на Моите заповеди‘
18. Каква желба има Јехова за својот народ?
18 Овластен од Јеховиниот дух, пророкот објавува: „А сега Господ Господ ме испраќа со Својот Дух. Вака зборува Господ, твојот Искупител, Израелевиот Светец. ‚Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш‘“ (Исаија 48:16б, 17). Овој љубезен израз на Јеховината грижа треба одново да ја увери нацијата Израел дека Бог ќе ја избави од Вавилон. Тој е нејзин Искупител (Исаија 54:5). Јеховина сесрдна желба е Израелците да го обноват својот однос со него и да обрнат внимание на неговите заповеди. Вистинското обожавање е засновано врз послушност на божествените упатства. Израелците нема да бидат способни да одат по исправниот пат доколку не се научени за ‚патот по кој треба да одат‘.
19. Која срдечна молба ја упатува Јехова?
19 Јеховината желба неговиот народ да избегне несреќа и да ужива живот е прекрасно изразена со зборовите: „О, да внимаваше на Моите заповеди, твојот мир ќе беше како река, а твојата правда како морски бранови!“ (Исаија 48:18). Каква само срдечна молба од семоќниот Творец! (Второзаконие 5:29; Псалм 81:13). Наместо да заминат во заробеништво, Израелците можат да уживаат мир, кој ќе биде толку изобилен колку водата што тече во една река (Псалм 119:165). Нивните постапки на праведност можат да бидат безбројни колку и брановите во морето (Амос 5:24). Вистински заинтересиран за нив, Јехова ги повикува Израелците, љубезно покажувајќи им го патот по кој треба да одат. О, барем да го слушаат!
20. а) Која е Божјата желба за Израел, и покрај неговата бунтовност? б) Што учиме за Јехова од неговите постапки со својот народ? (Види рамка на 133. страница.)
20 Какви благослови ќе дошле ако Израел се покајал? Јехова вели: „Твоето потомство ќе беше како песок, а породот на твојата утроба како неговите зрнца! Никогаш твоето име не ќе се сотреше, ниту ќе се избришеше пред Мене!“ (Исаија 48:19). Јехова го потсетува народот на своето ветување дека Авраамовото семе ќе стане бројно, „како ѕвезди на небото и песок на морскиот брег“ (Битие 22:17; 32:12). Меѓутоа, овие потомци на Авраам се бунтовни, и немаат право да го доживеат исполнувањето на ветувањето. Навистина, нивното досие е толку лошо што според Јеховиниот сопствен Закон заслужуваат нивното име како нација да биде избришано (Второзаконие 28:45). Сепак, Јехова не сака неговиот народ да биде истребен, и не сака потполно да го напушти.
21. Кои благослови ќе ги доживееме денес ако ги бараме Јеховините поуки?
21 Начелата вклучени во овој силен пасус се применуваат на Јеховините обожаватели денес. Јехова е Извор на животот, и тој знае подобро од кој и да е друг како треба да го користиме својот живот (Псалм 36:9). Тој ни дал упатства не за да нѐ лишат од уживање туку да ни користат. Вистинските христијани реагираат поволно со тоа што бараат од Јехова да ги поучува (Михеј 4:2). Неговите упатства ни ја штитат духовноста и нашиот однос со него, и нѐ бранат од Сатановото расипувачко влијание. Ако ги сфатиме начелата што стојат зад Божјите закони, ќе видиме дека Јехова нѐ учи за наше добро. Ќе увидиме дека „неговите заповеди не се тешки“. И нема да бидеме отсечени (1. Јованово 2:17; 5:3).
„Излезете од Вавилон“
22. Што се поттикнати да прават верните Евреи, и какви гаранции им се дадени?
22 Кога Вавилон ќе падне, ќе покажат ли некои Евреи исправна состојба на срцето? Ќе извлечат ли корист од Божјето избавување, ќе се вратат ли во својата татковина и ќе го обноват ли чистото обожавање? Да. Следните Јеховини зборови ја покажуваат неговата увереност дека ова ќе се случи. „Излезете од Вавилон, бегајте од Халдеја! Воскликнувајќи гласно, кажувајте, проповедајте, разгласете до крајот на земјата! Говорете: ‚Господ го откупи Својот слуга Јакова!‘ Не жеднуваа додека ги водеше низ пустината; од стената извлече вода за нив, го расцепи каменот и потече вода“ (Исаија 48:20, 21). Јеховиниот народ пророчки е поттикнат да замине од Вавилон без одлагање (Еремија 50:8). Неговото откупување мора да биде објавено до краиштата на Земјата (Еремија 31:10). По излегувањето од Египет, Јехова се грижел за потребите на својот народ додека тој пешачел низ пустинските земји. На сличен начин ќе се грижи за својот народ и додека тој е на пат од Вавилон кон дома (Второзаконие 8:15, 16).
23. Кој нема да го ужива мирот даден од Бог?
23 Има и друго битно начело што Евреите мораат да го имаат на ум во врска со Јеховините спасувачки дела. Луѓето наклонети кон правдата можеби ќе страдаат поради своите гревови, но нема да бидат уништени. Меѓутоа, за неправедните е поинаку. „,Нема мир за безбожниците,‘ вели Господ“ (Исаија 48:22). Непокајничките грешници нема да го добијат мирот што Бог го зачувал за оние што го љубат. Делата на спасение не се наменети за тврдоглаво злобните или за неверните. Таквите дела се само за оние што имаат вера (Тит 1:15, 16; Откровение 22:14, 15). Злобните не го поседуваат мирот од Бог.
24. Што му донело радост на Божјиот народ во современа доба?
24 Во 537 пр.н.е., можноста да се напушти Вавилон им донела голема радост на верните Израелци. Во 1919, ослободувањето на Божјиот народ од вавилонско ропство било причина тој да се радува (Откровение 11:11, 12). Бил исполнет со надеж, и ја искористил приликата да ја прошири својата активност. Точно, била потребна храброст за таа мала група христијани да ги искористат новите можности за проповедање во еден непријателски настроен свет. Но, со Јеховина помош, тие се зафатиле со делото на проповедање на добрата вест. Историјата сведочи дека Јехова ги благословил.
25. Зошто е важно да посветиме посебно внимание на Божјите праведни одредби?
25 Овој дел од пророштвото на Исаија нагласува дека Јехова нѐ учи за наше добро. Многу е важно да посветиме посебно внимание на Божјите праведни одредби (Откровение 15:2—4). Ако се потсетуваме на Божјата мудрост и љубов, тоа ќе ни помогне да се придржуваме кон она што Јехова вели дека е исправно. Сите негови заповеди се за наша корист (Исаија 48:17, 18).
[Рамка/слики на страница 133]
Семоќниот Бог се воздржува
„Ќе го контролирам својот гнев . . . ќе се воздржувам“, им рекол Јехова на отпадничките Израелци (Исаија 48:9, NW). Таквите изјави ни помагаат да видиме дека Бог е совршен пример за некој што никогаш не ја злоупотребува моќта. Точно е дека никој нема поголема моќ од Бог. Затоа се осврнуваме на него како на Сесилниот, Семожниот. Тој со право ја применува на себе титулата ‚Семоќен‘ (Битие 17:1). Поради својата положба на Суверен Господар на универзумот, чијшто Создател е тој, не само што има неограничена сила туку го има и сиот авторитет. Затоа никој не смее да се дрзне да ја контролира неговата рака или да му рече: „Што правиш?“ (Даниел 4:35).
Меѓутоа, Бог е бавен на гнев дури и кога е потребно да ја покаже својата моќ над своите непријатели (Наум 1:3). Јехова може да го ‚контролира својот гнев‘ и исправно е опишан како „бавен на гнев“ поради тоа што љубовта — а не гневот — е негова доминантна особина. Неговиот гнев, кога го покажува, секогаш е праведен, секогаш е оправдан, и секогаш е контролиран (Излез 34:6, NW; 1. Јованово 4:8).
Зошто Јехова постапува на овој начин? Затоа што својата семоќна сила совршено ја урамнотежува со своите три други главни својства — мудрост, правда и љубов. Својата моќ ја користи секогаш во склад со овие други особини.
[Слика на страница 122]
Пораката на Исаија за обновувањето им дава зрак на надеж на верните Евреи во изгнанство
[Слики на страница 124]
Евреите биле склони Јеховините постапки да им ги припишат на идоли
1. Иштар 2. Глазиран фриз од тули од вавилонскиот Пат за процесии 3. Змејовиден симбол на Мардук
[Слика на страница 127]
‚Печката на мачењето‘ може да открие дали нашите мотиви за служење на Јехова се чисти или не
[Слики на страница 128]
Вистинските христијани се соочиле со најзлобните облици на прогонство