‚Вашиот татко е милосрден‘
„Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот Татко“ (ЛУКА 6:36).
1, 2. Како од она што Исус им го рекол на книжниците, на фарисеите и на своите ученици се гледа дека милосрдноста е пофална особина?
ЗАКОНОТ што бил даден преку Мојсеј содржел околу 600 уредби и прописи. Израелците морале да ги држат овие закони, но било многу важно и да бидат милосрдни. Забележи што им рекол Исус на фарисеите, кои не биле милосрдни кон другите. Во две прилики тој ги прекорил и јасно им кажал што бара Бог: „Милост сакам, а не жртва“ (Матеј 9:10-13; 12:1-7; Осија 6:6). Некаде при крајот на својата служба на Земјата, Исус рекол: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, бидејќи давате десеттина од нане, копра и ким, а го занемаривте она што е поважно во Законот: правдата, милосрдноста и верноста!“ (Матеј 23:23).
2 Без сомнение, Исус ја сметал милосрдноста за многу важна особина. Тој им рекол на своите ученици: „Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот Татко“ (Лука 6:36). Сепак, за ‚да се угледаме на Бог‘ и во овој поглед, мора да знаеме што значи вистинската милосрдност (Ефешаните 5:1). Освен тоа, ако сфатиме зошто е добро да бидеме милосрдни, ќе бидеме поттикнати уште повеќе да ја покажуваме оваа особина во нашиот живот.
Милосрдни кон оние на кои им треба помош
3. Зошто треба да учиме од Јехова што значи вистинската милосрдност?
3 Псалмистот пеел: „Јехова е милостив и милосрден, бавен е на гнев и има голема милост. Јехова е добар кон сите и неговото милосрдие почива над сите негови суштества“ (Псалм 145:8, 9). Јехова е „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3). Оној што е милосрден постапува сочувствително кон другите. Милосрдноста е една од најистакнатите особини што ги има Бог. Од неговиот пример и од советите што ни ги дава можеме да научиме што значи вистинската милосрдност.
4. Што учиме за милосрдноста од Исаија 49:15?
4 Во Исаија 49:15, Јехова вели: „Може ли жена да го заборави своето доенче и да не му се смилува на синот на својата утроба?“ Неколку други хебрејски зборови што се поврзани со зборот кој овде е преведен со „смилува“ се користат и во Псалм 145:8, 9, кој беше цитиран погоре. Емоцијата што го поттикнува Јехова да биде милосрден е споредена со нежното чувство што една мајка го има кон своето доенче. Можеби бебенцето е гладно или има некоја друга потреба. Поттикната од сочувството и сомилоста што се раѓаат во неа, мајката ги задоволува потребите на своето бебе. Јехова има такви нежни чувства кон оние со кои постапува милосрдно.
5. Како Јехова покажал дека е „богат со милосрдие“ кога се работело за Израелците?
5 Сепак, едно е да имаш сочувство, но сосема друго е да постапуваш сочувствително и да им правиш добро на оние на кои им треба помош. Размисли како реагирал Јехова кога неговиот народ, Израелците, биле робови во Египет пред околу 3.500 години. Тој му рекол на Мојсеј: „Ја видов неволјата на мојот народ во Египет, чув како се жалат од оние што ги тераат на работа и добро ги знам нивните болки. Затоа слегов да ги избавам од египетската рака и да ги одведам од таа земја во добра и пространа земја, во земја во која тече мед и млеко“ (2. Мојсеева 3:7, 8). Речиси 500 години откако Израелците биле ослободени од ропството во Египет, Јехова ги потсетил: „Јас го изведов Израел од Египет и ве избавив од египетската рака и од раката на сите царства што ве угнетуваа“ (1. Самоилова 10:18). Затоа што не живееле секогаш во склад со Божјите праведни мерила, Израелците честопати запаѓале во неволја. Сепак, Јехова се сожалувал на нив и постојано ги избавувал (Судиите 2:11-16; 2. Летописи 36:15). Одовде гледаме како реагира нашиот грижлив Бог кога некој има потреба од помош или се наоѓа во опасност или во неволја. Јехова е навистина „богат со милосрдие“ (Ефешаните 2:4).
6. Како Исус Христос го следел примерот на својот Татко и покажувал милосрдност?
6 Кога бил на Земјата, Исус Христос совршено го следел примерот на својот Татко и покажувал милосрдност. Како реагирал Исус кога двајца слепи луѓе го преколнувале: „Господару, смилувај ни се, Сине Давидов“? Тие го молеле да направи чудо и да им го врати видот. Исус им ја исполнил оваа молба, но не го направил тоа без да покаже никакви чувства. Библијата вели: „На Исус му падна жал, па им ги допре очите, и веднаш прогледаа“ (Матеј 20:30-34). Од жал за луѓето, Исус направил многу чуда со кои им донел олеснување на слепите, на оние што биле опседнати од демони и на лепрозните, и им помогнал на родителите што имале болни деца (Матеј 9:27; 15:22; 17:15; Марко 5:18, 19; Лука 17:12, 13).
7. Што учиме за милосрдноста од примерите на Јехова Бог и на неговиот Син?
7 Од примерите на Јехова Бог и на Исус Христос се гледа дека милосрдноста опфаќа две работи: сочувство, односно сомилост или жал за оние на кои им треба помош, но и соодветна постапка со која му се помага на оној на кого му се покажува милосрдие. Значи, милосрдноста го вклучува и едното и другото. Во Светото писмо, таа најчесто се однесува на некоја љубезна и обѕирна постапка со која им се прави добро на оние на кои им е потребна помош. Но, како се покажува милост во некој судски случај? Дали со тоа што можеби нема да се преземе нешто, на пример, нема да се казни некој?
Милосрдни кон грешниците
8, 9. Што вклучувала милосрдноста што Бог ја покажал кон Давид откако овој цар направил грев со Витсавеа?
8 Размисли што се случило откако пророкот Натан го соочил цар Давид од древниот Израел со фактот дека Давид направил прељуба со Витсавеа. Давид се покајал и се молел: „Смилувај ми се, Боже, според својата милост. Според својата голема милосрдност, избриши ги моите престапи. Темелно измиј ме од мојот престап, исчисти ме од мојот грев. Зашто, ги знам своите престапи, мојот грев е постојано пред мене. Тебе, тебе ти згрешив и го направив она што е зло во твои очи“ (Псалм 51:1-4).
9 Очигледно, Давид се каел од дното на душата. Затоа Јехова му го простил гревот и не ги казнил него и Витсавеа толку строго како што заслужувале. Според Мојсеевиот закон, и на Давид и на Витсавеа им следувала смртна казна (5. Мојсеева 22:22). Иако не биле заштитени од сите последици од гревот што го направиле, животот им бил поштеден (2. Самоилова 12:13). Според тоа, Бог покажува милосрдност и со тоа што ја простува грешката. Но, од друга страна, Бог не пропушта да казни некого кога навистина има потреба од казна.
10. Иако Јехова е милосрден кога суди, зошто не треба да ја злоупотребуваме неговата милосрдност?
10 Бидејќи ‚гревот влезе во светот преку еден човек‘, Адам, а „платата за гревот е смрт“, сите луѓе заслужуваат да умрат (Римјаните 5:12; 6:23). Колку благодарни треба да бидеме што Јехова покажува милосрдност кога суди! Сепак, мора да внимаваме да не ја злоупотребиме Божјата милост. „Сите [Јеховини] патишта се правда“, стои во 5. Мојсеева 32:4. Кога покажува милосрдност, Бог не ги занемарува своите совршени мерила за правда.
11. Како Јехова покажал дека се држи за своите праведни мерила кога Давид направил грев со Витсавеа?
11 Пред да биде ублажена смртната казна што им следувала на Давид и Витсавеа, требало да им се прости гревот. Јехова не ги овластил судиите во Израел да простуваат гревови. Ако ним им бил доверен овој случај, немало да имаат друг избор освен да изречат смртна пресуда. Законот го налагал тоа. Но, поради сојузот што го имал склучено со Давид, Јехова сакал да види дали имало основа да му го прости гревот на овој цар (2. Самоилова 7:12-16). Затоа Јехова Бог, „Судијата на целата земја“ кој ‚ги испитува срцата‘, одлучил да го земе случајот во свои раце (1. Мојсеева 18:25; 1. Летописи 29:17). Бог можел точно да процени што има во срцето на Давид, да види дека искрено се кае, и потоа да му прости.
12. Што треба да сторат грешните луѓе за Бог да им укаже милосрдност?
12 Милосрдноста што Јехова ни ја покажува со тоа што ни овозможува да бидеме ослободени од смртната казна која ни следува поради наследениот грев е во согласност со неговата правда. За да може да ни ги прости гревовите без да ги прекрши своите праведни мерила, Јехова ја обезбедил откупната жртва на својот Син, Исус Христос — што е најголемиот чин на милосрдност што некогаш бил направен (Матеј 20:28; Римјаните 6:22, 23). За да може Бог и кон нас да покаже милосрдност, која може да нѐ спаси од казната што ни следува поради наследениот грев, мора да ‚веруваме во Синот‘ (Јован 3:16, 36).
Милосрден и праведен Бог
13, 14. Дали Божјата милосрдност ја ублажува неговата правда? Објасни.
13 Иако Јехова не ги крши своите праведни мерила со тоа што покажува милосрдност, дали таа особина на некој начин влијае врз неговата правда? Дали милосрдноста ја намалува јачината на Божјата правда така што ја ублажува? Не, не е така.
14 Преку пророкот Осија, Јехова им го рекол следново на Израелците: „Со свршувачка ќе те врзам за себе за навек, со свршувачка ќе те врзам за себе во праведност, во правда, во милост и во милосрдност“ (Осија 2:19). Од овие зборови јасно се гледа дека, кога Јехова покажува милосрдност, таа е секогаш во склад со другите негови особини, меѓу кои е и правдата. Јехова е „Бог милосрден и љубезен... простува престап, вина и грев, но не ослободува од казна“ (2. Мојсеева 34:6, 7). Тој е милосрден и праведен Бог. За него Библијата вели: „Тој е Карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда“ (5. Мојсеева 32:4). Јеховината правда е совршена, а и неговата милосрдност е совршена. Ниту една од овие особини не е над другата, и нема потреба едната да го ублажи ефектот на другата. Напротив, Јехова ги покажува и двете особини во совршен склад.
15, 16. а) Од каде знаеме дека Божјата правда не е сурова? б) Во што можат да бидат сигурни обожавателите на Јехова кога тој ќе ја изврши својата пресуда над овој зол поредок?
15 Јеховината правда не е сурова. Правдата речиси секогаш повлекува законски мерки, а пресудата обично налага престапникот да си ја добие заслужената казна. Меѓутоа, Божјата правда може да значи и избавување за оние што заслужуваат да бидат избавени. На пример, кога биле уништени злобните жители на Содом и Гомор, семејниот поглавар Лот и неговите две ќерки биле спасени (1. Мојсеева 19:12-26).
16 Можеме да бидеме сигурни дека, кога Јехова ќе ја изврши својата пресуда над сегашниов зол поредок, ‚големото мноштво‘ од вистински обожаватели, кои ‚ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘, ќе бидат заштитени. Тие ќе ја преживеат големата неволја (Откровение 7:9-14).
Зошто да бидеме милосрдни?
17. Која е една многу важна причина зошто треба да бидеме милосрдни?
17 Од примерите на Јехова и на Исус Христос учиме што значи вистинската милосрдност. Во Изреки 19:17 ни е дадена една многу важна причина зошто и ние треба да бидеме милосрдни. Таму се вели: „Кој е милостив кон сиромавиот, му дава заем на Јехова, и Тој ќе му плати за неговите дела“. Јехова се радува кога постапуваме како што постапуваат тој и неговиот Син со тоа што сме милосрдни кон другите (1. Коринќаните 11:1). Тоа ќе ги наведе и нив да бидат милосрдни, бидејќи милосрдноста раѓа милосрдие (Лука 6:38).
18. Зошто треба да се трудиме да бидеме милосрдни?
18 Милосрдноста е комбинација од повеќе добри особини. Во неа се вклучени милостивоста, љубовта, љубезноста и добротата. Нежното сочувство и сомилоста лежат во самиот корен на милосрдните дела. Иако Божјата милосрдност не ја ослабнува неговата правда, Јехова е бавен на гнев и на оние што грешат стрпливо им дава доволно време за да се покаат (2. Петрово 3:9, 10). Според тоа, милосрдноста е поврзана со стрпливоста и со долготрпеливоста. Бидејќи милосрдноста се состои од повеќе убави особини — во кои спаѓаат и различните плодови на духот — кога ја покажуваме, имаме прилика да ги негуваме овие особини (Галатите 5:22, 23). Навистина, многу е важно да се трудиме да бидеме милосрдни!
„Среќни се милосрдните“
19, 20. Во која смисла милосрдноста слави победа над судот?
19 Ученикот Јаков ни кажува зошто треба секогаш да бидеме милосрдни. Тој напишал: „Милосрдноста слави победа над судот“ (Јаков 2:13б). Јаков овде зборувал за милосрдноста што еден слуга на Јехова ја покажува кон другите луѓе. Таа слави победа над судот во таа смисла што, кога ќе дојде време едно лице да „положи сметка за себе пред Бог“, Јехова ќе земе предвид дека тоа било милосрдно кон другите и ќе му прости врз основа на откупната жртва на својот Син (Римјаните 14:12). Без сомнение, една од причините зошто на Давид му била покажана милосрдност кога направил грев со Витсавеа била и таа што самиот бил милосрден (1. Самоилова 24:4-7). Од друга страна, пак, „оној што не е милосрден кон другите, него го чека немилосрден суд“ (Јаков 2:13а). Не е ни чудо што немилосрдните се вброени меѓу оние што Бог смета дека „заслужуваат смрт“! (Римјаните 1:31, 32).
20 Во својата Проповед на гората, Исус рекол: „Среќни се милосрдните, зашто ќе им биде покажано милосрдие“ (Матеј 5:7). Колку јасно се гледа од овие зборови дека оние што сакаат Бог да им укаже милосрдност треба и самите да бидат милосрдни! Во следната статија ќе видиме како можеме да покажуваме милосрдност во секојдневниот живот.
Што научи?
• Што е милосрдноста?
• Како се покажува милосрдност?
• Во која смисла е Јехова милосрден и праведен Бог?
• Зошто треба да бидеме милосрдни?
[Слика на страница 21]
Како што мајката има нежни чувства кон своето доенче, така и Јехова има нежни чувства кон оние што имаат потреба од помош
[Слика на страница 23]
Што учиме за милосрдноста од чудата што ги направил Исус?
[Слика на страница 24]
Дали Јехова ги прекршил своите праведни мерила кога постапил милосрдно со Давид?
[Слика на страница 25]
Божјата милосрдност кон грешните луѓе е во склад со неговата правда