Четиринаесетто поглавје
Јехова го возвишува својот Месијански Слуга
1, 2. а) Илустрирај ја ситуацијата со која се соочиле многу Евреи во почетокот на првиот век н.е. б) Каква подготовка направил Јехова за да им помогне на верните Евреи да го идентификуваат Месијата?
ЗАМИСЛИ дека треба да се сретнеш со некој важен достоинственик. Времето и местото на вашата средба се одредени. Но, има еден проблем: Ти не знаеш како изгледа, и тој ќе патува дискретно, без помпезност. Како ќе го препознаеш? Ќе ти биде од помош ако имаш детален опис за него.
2 Во почетокот на првиот век н.е., многу Евреи се соочиле со ваква ситуација. Тие го очекувале Месијата — најважниот човек што некогаш ќе живее (Даниел 9:24—27; Лука 3:15). Но, како верните Евреи ќе го препознаат? Јехова, преку хебрејските пророци, дал детален опис на настаните во врска со Месијата, што ќе им помогне на проникливите да го идентификуваат непогрешно.
3. Каков опис на Месијата е даден во Исаија 52:13—53:12?
3 Меѓу хебрејските пророштва за Месијата, можеби ниту едно не дава појасна слика од она што е запишано во Исаија 52:13—53:12. Повеќе од 700 години однапред, Исаија не го опишал физичкиот изглед на Месијата, туку деталите, кои биле поважни — целта и начинот на неговото страдање и поединостите околу неговата смрт, погреб и прославување. Разгледувањето на ова пророштво и на неговото исполнување ќе ни ги згрее срцата и ќе ни ја зајакне верата.
„Мојот слуга“ — кој е тој?
4. Какви мислења понудиле некои еврејски изучувачи во врска со идентитетот на ‚слугата‘, но зошто тие не се во склад со пророштвото на Исаија?
4 Исаија штотуку кажал за ослободувањето на Евреите од изгнанство во Вавилон. Сега, имајќи на ум еден далеку поголем настан, тој ги запишува Јеховините зборови: „Гледај! Мојот слуга ќе постапува со увид. Ќе биде на висока положба и сигурно ќе биде многу воздигнат и возвишен“ (Исаија 52:13, NW). Кој точно е овој „слуга“? Низ вековите, еврејските изучувачи понудиле различни мислења. Некои тврделе дека тој ја претставува целата нација Израел за време на нејзиното изгнанство во Вавилон. Но, таквото објаснување не е во склад со пророштвото. Божјиот Слуга страда доброволно. Иако е невин, тој страда за гревовите на другите. Тешко дека ова ја опишува еврејската нација, која отишла во изгнанство поради своите грешни обичаи (2. Цареви 21:11—15; Еремија 25:8—11). Други тврделе дека Слугата ја претставува побожната елита на Израел и дека таа страдала во корист на грешните Израелци. Меѓутоа, во мачните времиња на Израел, ниту една специфична група не страдала во корист на друга.
5. а) Каква примена на пророштвото на Исаија дале некои еврејски изучувачи? (Види ја фуснотата.) б) Каква јасна идентификација на Слугата е дадена во библиската книга Дела?
5 Пред појавата на христијанството и, до некоја мера, во првите векови од нашата ера, мал број еврејски изучувачи го применувале ова пророштво на Месијата. Но, од христијанските грчки списи се гледа дека ова е исправната примена. Книгата Дела известува дека, кога етиопскиот евнух рекол дека не го знае идентитетот на тој Слуга од пророштвото на Исаија, Филип ‚му ја објавил добрата вест за Исус‘ (Дела 8:26—40; Исаија 53:7, 8). Други библиски книги на сличен начин го идентификуваат Исус Христос како Месијанскиот Слуга од пророштвото на Исаија.a Додека го разгледуваме ова пророштво, ќе видиме неоспорни паралели помеѓу оној кого Јехова го нарекува „мојот слуга“ и Исус од Назарет.
6. Како пророштвото на Исаија укажува дека Месијата успешно ќе ја изврши божествената волја?
6 Пророштвото започнува со опишување на конечниот успех на Месијата во извршувањето на божествената волја. Зборот „слуга“ укажува дека тој ќе ѝ биде покорен на Божјата волја, како што еден слуга се покорува на својот господар. Правејќи го тоа, тој „ќе постапува со увид“. Увид е способност да се разбере една ситуација. Да се постапува со увид значи да се постапува разборито. Во врска со хебрејскиот глагол што е употребен овде, еден прирачник вели: „Во неговата суштина е мислата за разборито и мудро постапување. Оној што постапува мудро ќе постигне успех“. Тоа што пророштвото вели дека Месијата „ќе биде многу воздигнат и возвишен“ покажува дека Месијата навистина ќе биде успешен.
7. Како ‚постапувал со увид‘ Исус Христос, и како бил „многу воздигнат и возвишен“?
7 Исус ‚постапувал со увид‘, покажувајќи дека ги разбира библиските пророштва што се однесувале на него и го воделе да ја врши волјата на својот Татко (Јован 17:4; 19:30). Со каков резултат? По Исусовото воскресение и вознесение на небото, ‚Бог го возвишил на повисока положба и љубезно му дал име кое е над секое друго име‘ (Филипјаните 2:9; Дела 2:34—36). Потоа, во 1914, прославениот Исус бил воздигнат на уште повисока положба. Јехова го возвишил на престолот на месијанското Царство (Откровение 12:1—5). Да, тој бил „многу воздигнат и возвишен“.
,Ѕурат во него од зачуденост‘
8, 9. Како ќе реагираат земните владетели кога возвишениот Исус ќе дојде да изврши суд, и зошто?
8 Како ќе реагираат нациите и нивните владетели на возвишениот Месија? Ако за момент го прескокнеме споредниот коментар во вториот дел од 14. стих, пророштвото гласи: „Како што мнозина испаднаа во ужас кога го видоа [ѕуреа во него од зачуденост, NW] . . . Тој ќе восхити [запрепасти, NW] многу народи и царевите ќе стиснат уста пред Него, гледајќи го она за кое што никој не им зборувал, сфаќајќи го она за што никогаш не чуле“ (Исаија 52:14а, 15). Со овие зборови Исаија не го опишува првото појавување на Месијата, туку неговиот конечен судир со земните владетели.
9 Кога возвишениот Исус ќе дојде да изврши суд врз овој безбожен систем на работи, земните владетели ќе ‚ѕурат во него од зачуденост‘. Вистина, човечките владетели нема буквално да го гледаат прославениот Исус. Но, ќе ги видат видливите докази за неговата моќ како небесен Борец за Јехова (Матеј 24:30). Тие ќе бидат присилени да обрнат внимание на она што не го чуле од верските водачи — дека Исус е Извршителот на Божјиот суд! Возвишениот Слуга, со кого ќе се соочат, ќе постапува на начин кој тие не го очекуваат.
10, 11. На кој начин може да се рече дека Исус бил обезличен во првиот век, и како се прави тоа денес?
10 Во споредниот коментар во 14. стих, Исаија вели: „Толку му беше лицето нечовечки обезличено, па со Својот лик веќе не личеше на човек“ (Исаија 52:14б). Дали Исус бил физички обезличен на некој начин? Не. Иако Библијата не дава детали за изгледот на Исус, совршениот Син Божји, без сомнение, бил со пријатен надворешен изглед и израз на лицето. Изгледа дека зборовите на Исаија се однесуваат на понижувањето што го доживеал Исус. Тој храбро ги разоткрил религиозните водачи од своето време како лицемери, лажливци и убијци; а тие му вратиле со тоа што го навредувале (1. Петрово 2:22, 23). Го обвиниле дека е прекршител на законот, богохулник, измамник, бунтовник против Рим. Со тоа, овие лажни обвинители дале една крајно обезличена слика на Исус.
11 Денес, погрешното претставување на Исус продолжува. Повеќето луѓе го претставуваат како бебе во јасли или како трагичен лик прикован на крст, со лице искривено од агонија под една круна од трње. Свештенството на христијанскиот свет ги поддржува таквите гледишта. Тоа пропуштило да го претстави Исус како моќен небесен Цар со кого нациите ќе имаат пресметка. Кога, во блиска иднина, човечките владетели ќе се соочат со возвишениот Исус, ќе мораат да си имаат работа со еден Месија, кој ја има „сета власт на небото и на земјата“! (Матеј 28:18).
Кој ќе поверува во оваа добра вест?
12. Кои прашања што будат интерес ги подигаат зборовите во Исаија 53:1?
12 Откако ја опишува зачудувачката преобразба на Месијата — од ‚обезличен‘ во ‚многу возвишен‘ — Исаија прашува: „Кој да поверува на она што ни е објавено, кому му се откри Господовата рака?“ (Исаија 53:1). Овие зборови на Исаија подигаат прашања што будат интерес: Ќе се исполни ли ова пророштво? Дали „Господовата рака“, која ја претставува неговата способност да примени моќ, ќе се открие и ќе предизвика да се обистинат овие зборови?
13. Како покажал Павле дека пророштвото на Исаија се исполнило на Исус, и каков бил одѕивот?
13 Одговорот несомнено е — да! Во своето писмо до римјаните, Павле ги цитира зборовите на Исаија за да покаже дека пророштвото, кое Исаија го чул и го запишал, се обистинило на Исус. Прославувањето на Исус, по неговото страдање на Земјата, било добра вест. „Сепак,“ вели Павле во врска со Евреите што не биле верници, „сите не ја послушаа добрата вест. Зашто Исаија вели: ‚Јехова, кој положи вера во она што го слушна од нас?‘ Според тоа, верата доаѓа од она што се слуша. А она што се слуша е преку речта за Христос“ (Римјаните 10:16, 17). Но за жал, во деновите на Павле малкумина поверувале во добрата вест за Божјиот Слуга. Зошто?
14, 15. Каква ќе биде заднината на Месијата кога ќе стапи на земната сцена?
14 Пророштвото понатаму им ги објаснува на Израелците причините за прашањата запишани во 1. стих, и со тоа фрла светлина врз причината поради која многумина нема да го прифатат Месијата: „Израсна пред [набљудувачот] како нежно стебло, како корен од сува земја. Немаше на Него ни убавина ни блесок за да би сме се загледале во Него, ни милозливост за да би ни се допаднал“ (Исаија 53:2). Овде гледаме каква ќе биде заднината кога Месијата ќе стапи на земната сцена. Тој ќе има скромен почеток, и за набљудувачите ќе изгледа дека од него нема да биде ништо посебно. Освен тоа, ќе биде како нежно стебло, обична фиданка што расте од стеблото или од некоја гранка на едно дрво. Исто така, ќе биде како корен зависен од вода во сува безнадежна земја. И, тој нема да дојде со царска помпа и блесок — ќе нема царска облека ниту некакви светкави дијадеми. Напротив, неговиот почеток ќе биде понизен и скромен.
15 Колку само добро ова го опишува Исусовиот скромен почеток како човек! Еврејката Марија, која била девица, го родила во штала во едно гратче познато како Витлеем.b (Лука 2:7; Јован 7:42). Марија и маж ѝ, Јосиф, биле сиромашни. Околу 40 дена по Исусовото раѓање, го донеле приносот за грев што бил дозволен во случај на сиромаштија, „пар грлици или два млади гулаба“ (Лука 2:24; Левит 12:6—8). Со текот на времето, Марија и Јосиф се населиле во Назарет, каде што Исус пораснал во големо семејство, веројатно во скромни услови (Матеј 13:55, 56).
16. Во кој поглед е точно дека Исус немал „убавина“ ниту „блесок“?
16 Изгледало дека корените на Исус како човек не биле во исправната почва (Јован 1:46; 7:41, 52). Иако бил совршен човек и потомок на цар Давид, неговите скромни околности не му дале никаква „убавина“ ниту „блесок“ — барем не во очите на оние што очекувале Месијата да има поимпресивна заднина. Поттикнати од еврејските верски водачи, многумина го превиделе, па дури и го презреле. На крајот, мноштвата не виделе ништо допадливо во совршениот Син Божји (Матеј 27:11—26).
,Презрен и одбегнуван од луѓето‘
17. а) Што започнува да опишува Исаија, и зошто пишува во минато време? б) Кои биле тие што го ‚презреле‘ и го ‚одбегнувале‘ Исус, и како го сториле тоа?
17 Сега Исаија започнува во детали да опишува како ќе гледаат на Месијата и како ќе постапуваат со него: „Беше презрен и одбегнуван од луѓето, човек создаден да трпи болка и да се запознае со болеста. И беше како да се крие нечие лице од нас. Тој беше презрен, и ние го сметавме за безначаен“ (Исаија 53:3, NW). Сигурен дека неговите зборови ќе се исполнат, Исаија пишува во минато време, како веќе да се исполниле. Дали Исус навистина бил презрен и одбегнуван од луѓето? Сигурно дека бил! Самоправедните религиозни водачи и нивните следбеници го сметале за човек најдостоен за презир. Бил наречен пријател на даночници и блудници (Лука 7:34, 37—39). Му плукале в лице. Го удирале со тупаници и го навредувале. Му се потсмевале и се подбивале со него (Матеј 26:67). Под влијание на овие непријатели на вистината, Исусовиот ‚сопствен народ не го примил‘ (Јован 1:10, 11).
18. Со оглед на тоа што Исус никогаш не бил болен, на кој начин бил „човек создаден да трпи болка и да се запознае со болеста“?
18 Како совршен човек, Исус не се разболел. Сепак, бил „човек создаден да трпи болка и да се запознае со болеста“. Таквите болки и болести ги немал самиот. Исус дошол од небото во болен свет. Живеел среде страдања и болка, но не ги одбегнувал оние што боледувале, било физички било духовно. Како грижлив лекар, тој одблизу се запознал со страдањата на тие околу него. Освен тоа, можел да го стори она што ниту еден обичен човечки лекар не може (Лука 5:27—32).
19. Чие лице било ‚криено‘, и како покажале Исусовите непријатели дека ‚го сметаат за безначаен‘?
19 И покрај тоа, Исусовите непријатели го сметале него за човек кој боледува и одбиле да го гледаат со наклоност. Неговото лице било ‚криено‘ од видикот, но не затоа што тој го скрил своето лице од другите. Во преводот на Душан Х. Константинов, во Исаија 53:3 се користи фразата „од Кого секој го отстранува лицето“. Противниците го сметале Исус за толку гнасен што, всушност, се свртеле од него како да е премногу одвратен за да го гледаат. Тие процениле дека не вреди повеќе од еден роб (Излез 21:32; Матеј 26:14—16). Го ценеле помалку од убиецот Варава (Лука 23:18—25). Што уште можеле да сторат за да го покажат своето лошо мислење за Исус?
20. Каква утеха му даваат зборовите на Исаија на Јеховиниот народ денес?
20 Јеховините слуги денес можат да извлечат голема утеха од зборовите на Исаија. Понекогаш противниците можат да ги презираат верните обожаватели на Јехова или да ги третираат како да се безначајни. Сепак, како што било случај со Исус, она што навистина е важно е како нѐ вреднува Јехова Бог. Најпосле, иако луѓето ‚го сметале‘ Исус „за безначаен“, ова сигурно не ја сменило неговата голема вредност во Божји очи!
,Прободен за нашите престапи‘
21, 22. а) Што понел и зел Месијата во корист на другите? б) Како гледале многумина на Месијата, и во што кулминирало неговото страдање?
21 Зошто Месијата морал да страда и да умре? Исаија објаснува: „Тој ги понесе нашите болести, ги зеде врз себе нашите болки, додека ние сметавме дека Бог Го бие [го измачува, NW] и Го понижува. За нашите престапи беше прободен, сотрен, за нашите беззаконија. Казната за нашиот мир падна врз Него, преку Неговите рани ние се исцеливме. Сите скитавме како овци, и секој одеше по својот пат. А Господ ги возложи на Него беззаконијата на сите нас“ (Исаија 53:4—6).
22 Месијата ги понел болестите на другите и ги зел врз себе нивните болки. Ги подигнал нивните бремиња, така да се каже, ги ставил на своите плеќи и ги носел. А бидејќи болеста и болката се последици на грешната состојба на човештвото, Месијата ги понел гревовите на другите. Многумина не ја разбрале причината за неговите страдања и верувале дека Бог го казнува, измачувајќи го со одвратна болест.c Страдањата на Месијата кулминирале со тоа што бил прободен, сотрен и ранет — силни зборови што означуваат насилна и болна смрт. Но неговата смрт има искупителна моќ; таа обезбедува основа за спасување на оние што скитаат во престап и грев, помагајќи им да се помират со Бог.
23. На кој начин Исус ги понел страдањата на другите?
23 Како Исус ги зел страдањата на другите? Евангелието по Матеј, цитирајќи го Исаија 53:4, вели: „Луѓето му доведоа мнозина кои беа опседнати од демони; и тој ги истеруваше духовите со збор, и ги излекува сите на кои им беше лошо; за да се исполни она што беше речено преку пророкот Исаија, кој рече: ‚Тој ги зеде нашите немоќи и ги понесе нашите болести‘“ (Матеј 8:16, 17). Лекувајќи ги оние што дошле кај него со разни болести, Исус, всушност, ги зел нивните страдања врз себе. Таквите лечења му ја влечеле животната сила (Лука 8:43—48). Неговата способност да ги лечи сите видови слабости — физички и духовни — потврдила дека тој бил овластен да ги исчисти луѓето од грев (Матеј 9:2—8).
24. а) Зошто на многумина им се чинело дека Бог „го измачува“ Исус? б) Зошто Исус страдал и умрел?
24 Сепак, на многумина им се чинело дека Бог „го измачува“ Исус. Впрочем, тој страдал поради подбуцнувања од страна на почитувани верски водачи. Но, сети се дека тој не страдал поради некој сопствен грев. „Христос страдаше за вас,“ вели Петар, „оставајќи ви пример, за тесно да ги следите неговите стапки. Тој не направи грев ниту, пак, се најде измама во неговата уста. Тој самиот во сопственото тело ги понесе на столбот нашите гревови, за да прекинеме со гревовите и да живееме за праведноста. И ‚преку неговите лузни бевте излекувани‘“ (1. Петрово 2:21, 22, 24). Сите ние некогаш сме биле изгубени во гревот, „како овци кои заталкале“ (1. Петрово 2:25). Меѓутоа, преку Исус, Јехова обезбедил искупување од нашата грешна состојба. Нашите беззаконија ‚ги возложил‘ на Исус, за да почиваат на него. Безгрешниот Исус спремно ја претрпел казната за нашите гревови. Со тоа што незаслужено претрпел срамна смрт на столб, овозможил да се помириме со Бог.
,Тој оставил да го измачуваат‘
25. Како знаеме дека Месијата доброволно страдал и умрел?
25 Дали Месијата бил спремен да страда и да умре? Исаија вели: „Го измачуваа, а Тој оставаше, и не ја отвори Својата уста. Го одведоа како јагне на колење; како овца нема, пред оние што ја стрижат, не ја отвори Својата уста“ (Исаија 53:7). Последната ноќ од својот живот, Исус можел да повика на помош „повеќе од дванаесет легии ангели“. Но рекол: „Како би се исполнило Писмото дека вака мора да се случи?“ (Матеј 26:53, 54). Наместо тоа, „Божјето Јагне“ не дало отпор (Јован 1:29). Кога главните свештеници и другите постари мажи лажно го обвиниле пред Пилат, Исус ‚ништо не одговорил‘ (Матеј 27:11—14). Не сакал да каже нешто што би можело да го попречи извршувањето на Божјата волја за него. Исус бил спремен да умре како жртвено Јагне, сосема добро знаејќи дека неговата смрт ќе го искупи послушното човештво од гревот, болеста и смртта.
26. На кој начин Исусовите противници покажале „воздржување“?
26 Исаија сега ни дава повеќе детали за страдањето и понижувањето на Месијата. Пророкот пишува: „Поради воздржување и судење тој беше одведен; и кој ќе се занимава уште со деталите за неговата генерација? Зашто тој беше одделен од земјата на живите. Поради престапот на мојот народ тој го доби ударот“ (Исаија 53:8, NW). Кога непријателите на крајот го одвеле Исус, овие верски противници покажале „воздржување“ во начинот на кој постапувале со него. Тие не се воздржале да ја изразат својата омраза, туку ја воздржале, односно ја ускратиле правдата. Во преводот на Исаија 53:8, грчката Септуагинта вели „понижување“ наместо „воздржување“. Непријателите на Исус го понижиле со тоа што му ускратиле фер постапка, на која имале право дури и обичните криминалци. Судењето на Исус било имитација на правдата. Како?
27. Кои правила ги игнорирале еврејските верски водачи кога го воделе судскиот процес на Исус, и на кои начини го прекршиле Божјиот закон?
27 Во својата решеност да се ослободат од Исус, еврејските верски водачи ги прекршиле сопствените правила. Според традицијата, Синедрионот можел да изведува на суд случај што заслужува смртна казна само во салата од делкан камен, која била дел од храмот, а не во куќата на првосвештеникот. Таквото судење морало да се одржува преку ден, а не по зајдисонце. И, во случај што заслужува смртна казна, пресудата дека човекот е виновен требало да биде соопштена на денот по сослушувањето. Според тоа, никакво судење не можело да се одржува вечерта спроти Сабат или спроти некој празник. Сите овие правила биле игнорирани во случајот со судењето на Исус (Матеј 26:57—68). Што е уште полошо, верските водачи бесрамно го прекршиле Божјиот закон додека го воделе случајот. На пример, прибегнале кон поткупување за да го фатат Исус (Второзаконие 16:19; Лука 22:2—6). Зеле во обѕир луѓе што сведочеле лажно (Излез 20:16; Марко 14:55, 56). И сковале завера да ослободат еден убиец, нанесувајќи со тоа вина за крв врз себе и врз својата земја (Броеви 35:31—34; Второзаконие 19:11—13; Лука 23:16—25). Според тоа, немало „судење“, немало фер судски процес чијшто резултат би била коректна, непристрасна пресуда.
28. Што пропуштиле да земат во обѕир непријателите на Исус?
28 Дали непријателите на Исус испитале за да видат кој е навистина човекот што стои пред нив на суд? Исаија поставува слично прашање: „Кој ќе се занимава уште со деталите за неговата генерација?“ Зборот „генерација“ може да се однесува на нечие потекло, односно заднина. Кога Исус бил на судење пред Синедрионот, неговите членови не ја зеле во обѕир Исусовата заднина — дека тој ги исполнил барањата за ветениот Месија. Наместо тоа, го обвиниле за богохулење и сметале дека заслужува смрт (Марко 14:64). Подоцна, римскиот управител Понтиј Пилат попуштил под притисокот и пресудил Исус да биде прикован (Лука 23:13—25). Со тоа Исус, на старост од само 33 и пол години, бил „одделен“, односно отсечен во цутот на животот.
29. Како се случило погребот на Исус да биде и „меѓу злочинците“ и „при богатите“?
29 Во врска со смртта и погребот на Месијата, Исаија понатаму пишува: „Му го одредија погребението меѓу злочинците, а Неговиот гроб беше при богатите, иако не направи неправда, ниту пак устата Му изусти лага!“ (Исаија 53:9). На кој начин, со својата смрт и погреб, Исус бил и со злосторниците и со богатите? На 14 нисан 33 н.е. умрел на столб за погубување надвор од ѕидините на Ерусалим. Бидејќи бил прикован помеѓу двајца злосторници, во извесна смисла неговото место за погреб било со злосторниците (Лука 23:33). Меѓутоа, откако Исус умрел, Јосиф, богат човек од Ариматеја, собрал храброст да побара од Пилат дозвола за да го симне телото на Исус и да го погребе. Заедно со Никодим, Јосиф го подготвил телото за погреб, а потоа го положил во еден нов гроб, кој му припаѓал нему (Матеј 27:57—60; Јован 19:38—42). Така, местото за погребот на Исус, исто така, било и при богатите.
,Јехова уживал да го здроби‘
30. Во која смисла Јехова уживал во тоа да го здроби Исус?
30 Понатаму Исаија кажува нешто изненадувачко: „Самиот Јехова уживаше во тоа да го здроби; го разболе. Ако ја положиш неговата душа како принос за вина, тој ќе го види своето потомство, ќе ги продолжи своите денови и во неговата рака ќе успее она што му е уживање на Јехова. Поради тоа што ќе ја види неволјата на својата душа, ќе биде задоволен. Преку своето спознание праведниот, мојот слуга, ќе доведе многу луѓе во исправна положба; и нивните престапи тој лично ќе ги носи“ (Исаија 53:10, 11, NW). Како е можно Јехова да ужива во тоа да гледа како овој верен слуга е здробен? Јасно е дека Јехова лично не му нанел страдање на својот драг Син. Исусовите непријатели биле потполно одговорни за она што му го сториле. Но, Јехова им дозволил да постапуваат сурово (Јован 19:11). Од која причина? Богот на соживувањето и на нежното сочувство сигурно чувствувал болка кога гледал како неговиот невин Син страда (Исаија 63:9; Лука 1:77, 78). Јехова во никој случај не бил незадоволен од Исус. Напротив, Јехова уживал во спремноста на својот Син да страда заради сите благослови што ќе произлезат од тоа.
31. а) На кој начин Јехова ја положил душата на Исус како „принос за вина“? б) По сите неволји што Исус ги доживеал како човек, што мора посебно да му причинувало задоволство?
31 Еден од благословите е тоа што Јехова ја положил Исусовата душа како „принос за вина“. Според тоа, кога Исус се вознел на небото, влегол во Јеховината присутност принесувајќи ја вредноста на својот жртвуван човечки живот како принос за вина, а на Јехова му било угодно да ја прифати во корист на целото човештво (Евреите 9:24; 10:5—14). Со помошта на својот принос за вина, Исус добил „потомство“. Како „Вечен Татко“, тој е во состојба да им даде живот — вечен живот — на оние што практикуваат вера во неговата пролеана крв (Исаија 9:6). По сите неволји низ кои минал како човечка душа, колку мора да бил Исус задоволен од изгледот да го избави човештвото од грев и смрт! Се разбира, мора посебно да му причинувало задоволство тоа што знаел дека неговиот интегритет обезбедил за неговиот небесен Татко одговор на подбивањата од Неговиот Противник, Сатана Ѓаволот (Пословици 27:11).
32. Преку кое „спознание“ Исус доведува „многу луѓе во исправна положба“, и за кого е оваа положба?
32 Друг благослов што произлегол од Исусовата смрт е тоа што, уште сега, доведува „многу луѓе во исправна положба“. Тој го прави тоа, вели Исаија, „преку своето спознание“. Изгледа дека ова е она спознание што Исус го стекнал со тоа што станал човек и неправедно страдал поради својата послушност кон Бог (Евреите 4:15). Страдајќи до смрт, Исус бил во состојба да ја обезбеди жртвата што била потребна за да им помогне на другите да постигнат исправна положба. За кого е оваа исправна положба? Прво, за неговите помазани следбеници. Поради тоа што практикуваат вера во Исусовата жртва, Јехова ги прогласува за праведни со цел да ги усвои како синови и да ги направи сонаследници со Исус (Римјаните 5:19; 8:16, 17). Исто така, припадниците на „едно големо мноштво“ од „други овци“ практикуваат вера во Исусовата пролеана крв и уживаат праведна положба за да бидат пријатели на Бог и да го преживеат Армагедон (Откровение 7:9; 16:14, 16; Јован 10:16; Јаков 2:23, 25).
33, 34. а) Која пријатна работа ја учиме за Јехова? б) Кои се „мнозината“ меѓу кои месијанскиот Слуга добива „дел“?
33 На крајот, Исаија го опишува триумфот на Месијата: „Затоа ќе Му дадам мноштво во наследство [дел меѓу мнозината, NW], и со силните ќе го дели пленот, зашто Сам се понуди на смрт и беше вброен меѓу злосторниците, за да ги понесе гревовите на мнозина на Себе и за да се заземе за злочинците“ (Исаија 53:12).
34 Завршните зборови од овој дел од пророштвото на Исаија нѐ учат за Јехова нешто што го грее срцето: Тој ги цени оние што му остануваат лојални. Ова е покажано со ветувањето дека тој на Месијанскиот Слуга ќе му ‚даде дел меѓу мнозината‘. Овие зборови очигледно доаѓаат од обичајот да се дели воен плен. Јехова ја цени лојалноста на „мнозината“ верни од древно време, вклучувајќи го Ное, Авраам и Јов, и тој ќе резервира „дел“ за нив во својот претстоен нов свет (Евреите 11:13—16). На сличен начин, тој ќе му даде дел на својот месијански Слуга. Навистина, Јехова нема да го остави ненаграден неговиот интегритет. И ние можеме да бидеме уверени дека Јехова нема ‚да го заборави нашето дело и љубовта што ја покажуваме кон неговото име‘ (Евреите 6:10).
35. Кои се „силните“ со кои Исус го дели пленот, и што е тој плен?
35 Божјиот Слуга, исто така, ќе добие воен плен преку победата над своите непријатели. Тој ќе го дели овој плен со „силните“. Во исполнувањето на пророштвото, кои се „силните“? Тоа се првите ученици на Исус, кои, како него, го победиле светот — 144.000 граѓани на „Израелот Божји“ (Галатите 6:16; Јован 16:33; Откровение 3:21; 14:1). Тогаш, што е пленот? Изгледа тој ги вклучува ‚даровите во облик на луѓе‘, кои Исус, така да се каже, ги извлекува од Сатановата контрола и му ги дава на христијанското собрание (Ефешаните 4:8—12). На тие 144.000 ‚силни‘ им е даден и дел од еден друг плен. Поради својата победа над светот, тие му ја одземаат на Сатана секоја основа да се подбива со Бог. Нивната непоколеблива оддаденост на Јехова го воздигнува него и му го радува срцето.
36. Дали Исус бил свесен дека го исполнува пророштвото за Божјиот Слуга? Објасни.
36 Исус бил свесен дека го исполнува пророштвото за Божјиот Слуга. Ноќта кога бил уапсен, ги цитирал зборовите запишани во Исаија 53:12 и ги применил на себе: „Ви велам дека ова што е напишано мора да се изврши на мене, имено: ‚И беше вброен меѓу беззаконици‘. Зашто она што се однесува на мене, се извршува“ (Лука 22:36, 37). За жал, Исус навистина бил третиран како беззаконик. Бил погубен како прекршител на законот, распнат меѓу двајца разбојници (Марко 15:27). Сепак, спремно го понел овој прекор, сосема свесен дека посредува за нас. Тој, всушност, застанал меѓу грешниците и ударот на смртната казна, и ударот го добил самиот.
37. а) Каква идентификација ни овозможува да извршиме историскиот запис за животот и смртта на Исус? б) Зошто треба да им бидеме благодарни на Јехова Бог и на неговиот возвишен Слуга, Исус Христос?
37 Историскиот запис за животот и смртта на Исус ни овозможува да извршиме непогрешна идентификација: Исус Христос е месијанскиот Слуга од пророштвото на Исаија. Колку само треба да бидеме благодарни што Јехова бил спремен да дозволи неговиот драг Син да ја исполни пророчката улога на Слугата, страдајќи и умирајќи за да можеме да бидеме искупени од гревот и смртта! Така Јехова покажал голема љубов кон нас. Римјаните 5:8 вели: „Бог ја препорачува својата љубов кон нас со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници“. Колку само благодарни треба да му бидеме и на Исус Христос, возвишениот Слуга, кој сам се понудил на смрт!
[Фусноти]
a При преводот на Исаија 52:13, Таргумот на Јонатан бен Узиел (први век н.е.), превод од Џ. Ф. Стенинг, вели: „Гледај, мојот слуга, Помазаникот (или: Месијата), ќе просперира“. На сличен начин, Вавилонскиот Талмуд (о. трети век н.е.) вели: „Месијата — како се вика? . . [; оние] од куќата на Раби [велат, Болниот], така да се каже, ‚Тој сигурно ги понесе нашите болести‘“ (Синедрион 98б; Исаија 53:4).
b Пророкот Михеј се осврнал на Витлеем како на „најмалиот меѓу Јудините кнезови“ (Михеј 5:2). Сепак, малиот Витлеем ја имал исклучителната чест да биде градот во кој се родил Месијата.
c Хебрејскиот збор преведен со „измачува“ е исто така употребен во врска со лепра (2. Цареви 15:5, NW). Според извесни изучувачи, некои Евреи од Исаија 53:4 ја добиле идејата дека Месијата ќе биде лепрозен. Вавилонскиот Талмуд го применува на Месијата овој стих, нарекувајќи го „лепрозниот изучувач“. Католичката Douay Version, одразувајќи ја латинската Вулгата, овој стих го преведува како: „За него мислевме дека е лепрозен“.
[Табела на страница 212]
ЈЕХОВИНИОТ СЛУГА
Како ја исполнил Исус улогата
ПРОРОШТВО НАСТАН ИСПОЛНУВАЊЕ
Иса. 52:13 Воздигнат и возвишен Дела 2:34—36; Фил. 2:8—11; 1. Пет. 3:22
Иса. 52:14 Погрешно претставен Мат. 11:19; 27:39—44, 63, 64;
и понижен Јован 8:48; 10:20
Иса. 52:15 Запрепастува многу Мат. 24:30; 2. Сол. 1:6—10;
нации Откр. 1:7
Иса. 53:1 Не веруваат во него Јован 12:37, 38;
Иса. 53:2 Почетокот како човек Лука 2:7; Јован 1:46
— понизен и скромен
Иса. 53:3 Презрен и отфрлен Мат. 26:67; Лука 23:18—25;
Иса. 53:4 Ги понесува нашите Мат. 8:16, 17; Лука 8:43—48
болести
Иса. 53:5 Прободен Јован 19:34
Иса. 53:7 Мирен и не се жали Мат. 27:11—14; Мар. 14:60, 61;
пред обвинителите Дела 8:32, 35
Иса. 53:8 Неправедно изведен Мат. 26:57—68; 27:1, 2, 11—26;
пред суд и осуден Јован 18:12—14, 19—24, 28—40
Иса. 53:9 Погребан кај Мат. 27:57—60; Јован 19:38—42
богатите
Иса. 53:10 Ја положува душата Евр. 9:24; 10:5—14
како принос за вина
Иса. 53:11 Го отвора патот за Рим. 5:18, 19; 1. Пет. 2:24;
многумина да добијат Откр. 7:14
праведна положба
Иса. 53:12 Вброен меѓу Мат. 26:55, 56; 27:38;
грешниците Лука 22:36, 37
[Слика на страница 203]
‚Бил презрен од луѓето‘
[Слика на страница 206]
„Не ја отвори Својата уста“
[Извор на слика]
Детаљ од “Ecce Homo” од Антонио Чисери
[Слика на страница 211]
„Сам се понуди на смрт“