‚Времето за мир‘ е близу!
„Сѐ има свое [одредено, NW] време . . . време за војна, и време за мир“ (ПРОПОВЕДНИК 3:1, 8).
1. Каква иронична ситуација постои во 20 век во врска со војната и мирот?
МНОГУ луѓе копнеат по мир, и тоа со добра причина. Во 20-от век имаше помалку мир отколку во кој и да е друг век во историјата. Тоа е иронично бидејќи никогаш порано не било сторено толку многу за да се обезбеди мир. Во 1920 година беше формирана Лигата на народите. Бријан-Келоговиот пакт од 1928 година, кој еден прирачник го нарекол „најграндиозен од низата напори за сочувување на мирот после I светска војна“, беше прифатен од „речиси сите нации во светот . . . кои се сложиле да се откажат од војната како инструмент на национална политика“. Потоа, во 1945, беше основана Организацијата на Обединетите нации за да ја замени мртвата Лига на народите.
2. Која отворена цел ја имаат Обединетите нации, и колкав успех имале?
2 Исто како и Лигата, Обединетите нации имаат отворена цел да обезбедат светски мир. Но, нивниот успех бил ограничен. Секако, никаде во светот немало војна со размери како двете светски војни. Сепак, голем број помали конфликти сѐ уште на стотици илјади луѓе им го одземаат мирот во мислите, поседите, а честопати и самите животи. Дали можеме да се надеваме дека Обединетите нации можат да го претворат 21 век во „време за мир“?
Темел за вистински мир
3. Зошто не може да постои вистински мир додека има омраза?
3 За да има мир меѓу луѓето и нациите потребно е повеќе отколку само толеранција. Дали всушност човек може да биде во мир со некој кого го мрази? Не, според 1. Јованово 3:15: „Секој, што го мрази братот свој, е човекоубиец“. Како што докажува и поновата историја, длабоката омраза лесно може да ескалира во насилнички постапки.
4. Кој единствено може да доживее мир, и зошто?
4 Со оглед на тоа што Јехова е „Бог на мирот“, мирот можат да го доживеат само луѓето кои имаат љубов кон Бог и длабока почит кон неговите праведни начела. Јасно, Јехова не му дава мир на секого. „Мир нема за нечестивите, вели Господ Бог.“ Ова е така бидејќи нечестивите одбиваат да бидат водени од Божјиот свет дух, чиј плод е мирот (Римјаните 15:33; Исаија 57:21; Галатјаните 5:22).
5. Што е незамисливо за вистинските христијани?
5 За вистинските христијани е незамисливо да водат војна со други луѓе — како што честопати правеле таканаречените христијани, особено во 20 век (Јаков 4:1—4). Точно, тие се борат против учењата кои погрешно го претставуваат Бог, но оваа војна е наменета да им се помогне на поединците, а не да им се нанесе штета. Да се прогонуваат другите поради религиозните разлики или да им се нанесува физичка штета од националистички причини е во остра спротивност со вистинското христијанство. „Ако е можно, доколку тоа зависи од вас“, ги поучил Павле христијаните во Рим, „бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:17—19; 2. Тимотеј 2:24, 25).
6. Каде денес единствено може да се најде вистински мир?
6 Мирот кој го дава Бог, денес може да се најде само меѓу вистинските обожаватели на Јехова Бог (Псалм 118:165; Исаија 48:18). Нивното единство не го нарушуваат никакви политички разлики, бидејќи низ целиот свет тие се политички неутрални (Јован 15:19; 17:14). Бидејќи се „соединети во еден дух и во една мисла“, никакви религиозни разлики не му се закануваат на нивниот мир (1. Коринтјаните 1:10). Мирот кој го уживаат Јеховините сведоци е едно современо чудо, чудо кое го предизвикал Бог во склад со своето ветување: „Ќе го поставам мирот за твој управител и правдата — за твои надзорници“ (Исаија 60:17; Евреите 8:10).
Зошто „време за војна“?
7, 8. а) Како Јеховините сведоци гледаат на сегашново време и покрај својот мирољубив став? б) Кое е главно оружје во војувањето на христијанинот?
7 И покрај тоа што имаат мирољубив став, Јеховините сведоци сепак сметаат дека денешново време главно е „време за војна“. Секако, не дословна војна, бидејќи наметнувањето на библиската порака на другите сосила би било спротивно на Божјата покана — „кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22:17). Овде нема присилно преобраќање! Војната која ја водат Јеховините сведоци е строго духовна. Павле напишал: „Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја е силно да разрушува тврдини [цврсто утврдени работи, NW]“ (2. Коринтјаните 10:4; 1. Тимотеј 1:18).
8 Главно ‚оружје на нашето војување‘ е „духовниот меч, кој е словото Божјо“ (Ефесјаните 6:17). Овој меч е моќен. „Словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12). Користејќи го овој меч, христијаните можат да ги разрушат „расудувањата и секаква височина што се надвисува над спознанието за Бог“ (2. Коринтјаните 10:5, NW). Тоа им овозможува да ги разоткријат лажните доктрини, штетните практики и филозофиите кои одразуваат човечка, а не божествена мудрост (1. Коринтјаните 2:6—8; Ефесјаните 6:11—13).
9. Зошто нема попуштање во нашата војна против грешното тело?
9 Еден друг вид духовно војување е она што се води против грешното тело. Христијаните го следат примерот на Павле кој признал: „Го истоштувам и го поробувам телото, да не би ненамерно, проповедајќи им на другите и сам да станам негоден“ (1. Коринтјаните 9:27). Христијаните во Колоси биле опоменати да ги умртват своите „земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство“ (Колосјаните 3:5). А библискиот писател Јуда ги поттикнал христијаните ‚да се борат [да водат тешка борба, NW] за вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш‘ (Јуда 3). Зошто мораме да го правиме тоа? Павле одговара: „Ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате работите на телото, ќе бидете живи“ (Римјаните 8:13). Со оглед на оваа јасна изјава, нема попуштање во нашата војна против лошите склоности.
10. Што се случило во 1914, и до што ќе води тоа во блиска иднина?
10 Уште една причина зошто на денешново време може да гледаме како на време за војна е тоа што претстои „денот за одмазда на нашиот Бог“ (Исаија 61:1, 2). Во 1914 година дошло Јеховиното одредено време да го воспостави месијанското Царство и да го овласти да води активна војна против сатанскиот систем. Тогаш истекол доделениот временски период за луѓето да експериментираат со човечко владеење без божествено мешање. Наместо да го прифатат Божјиот месијански Владетел, повеќето луѓе и понатаму го отфрлаат, токму како што правеле повеќето во првиот век (Дела 28:27). Како последица на тоа, поради противењето на Царството, Христос е принуден да ‚владее среде непријателите свои‘ (Псалм 109:2). За среќа, Откровение 6:2 (NW) ветува дека тој ќе „ја доврши својата победа“. Тоа ќе го стори за време на ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот . . . наречено по еврејски Армагедон‘ (Откровение 16:14, 16).
Сега е „времето кога се зборува“
11. Зошто Јехова бил крајно стрплив, но што конечно ќе дојде?
11 Од 1914, која била пресвртница во човечките работи, поминале веќе 85 години. Јехова бил крајно стрплив со човештвото. Ги направил своите Сведоци целосно свесни за итноста на ситуацијата. На коцка се милиони животи. Овие мноштва заслужуваат да бидат предупредени бидејќи „Господ . . . не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание“ (2. Петрово 3:9). Сепак, наскоро ќе дојде „откривањето на Господ Исус од небото со неговите моќни ангели“. Потоа, сите кои намерно ја отфрлиле пораката за Божјето Царство ќе доживеат „одмазда“ која Исус ќе ја донесе врз „оние, кои не го познаваат Бог, врз оние кои не ја слушаат добрата вест за нашиот Господ Исус“ (2. Солунјаните 1:6—9, NW).
12. а) Зошто шпекулирањето во врска со тоа кога би можела да започне големата неволја е безвредно? б) На која опасност во тој поглед предупредил Исус?
12 Кога конечно ќе истече Јеховината стрпливост? Која и да е шпекулација во врска со времето кога би можела да започне ‚големата неволја‘ (NW) е безвредна. Исус јасно рекол: „За тој ден и час никој не знае“. Од друга страна, пак, тој опоменал: „Бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ . . . бидете и вие готови, зашто во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки“ (Матеј 24:21, 36, 42, 44). Појасно кажано, ова значи дека секој ден треба да бидеме будни за светските настани и да сметаме дека ќе избие големата неволја (1. Солунјаните 5:1—5). Колку само е опасно да мислиме дека можеме да го успориме нашето темпо живеејќи таканаречен нормален живот, и да чекаме за да видиме како би можеле да се развиваат работите! Исус рекол: „Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно; оти тој ќе дојде како примка“ (Лука 21:34, 35). Можеме да бидеме сигурни во следново: „Четирите земни ветрови“ на уништување, кои моментално се задржувани од Јеховините „четири ангела“, нема да бидат задржувани засекогаш (Откровение 7:1—3).
13. Што признаваат скоро шест милиони луѓе?
13 Со оглед на овој ден на пресметка кој брзо се приближува, зборовите на Соломон дека ќе има „време кога се зборува“ попримаат посебно значење (Проповедник 3:7). Признавајќи дека сега е навистина време кога се зборува, скоро шест милиони Јеховини сведоци ревносно разговараат за славата на Божјето царување и предупредуваат за неговиот ден на освета. Тие спремно се нудат во овој ден на Христовата воена сила (Псалм 110:3, NW; 144:10—12).
Оние кои зборуваат „мир, а мир нема“
14. Кои лажни пророци постоеле во седмиот век пр. н. е?
14 Во текот на седмиот век пр. н. е. Божјите пророци Јеремија и Језекиил носеле божествени пораки на суд против Ерусалим и неговиот тврдоглав правец на непослушност кон Бог. Уништувањето кое тие го претскажале се случило во 607 пр. н. е. и покрај тоа што истакнатите и влијателни верски водачи им се спротивставувале на Божјите гласници. Тие водачи се покажале како ‚безумни пророци [кои] . . . го воведувале [Божјиот] народ во заблуда, велејќи: — мир, а мир немало‘ (Језекиил 13:1—16; Јеремија 6:14, 15; 8:8—12).
15. Дали денес постојат слични лажни пророци? Објасни.
15 Слично на „безумните пророци“ од тоа време, повеќето денешни верски водачи исто така пропуштаат да ги предупредат луѓето за претстојниот Божји ден на суд. Наместо тоа, тие сликаат една оптимистичка слика дека политичките групи конечно ќе постигнат мир и безбедност. Позагрижени да им угодат на луѓето отколку на Бог, тие им го кажуваат на своите парохијани она што овие сакаат да го слушаат, наместо да им објаснат дека Божјето Царство е воспоставено и дека наскоро месијанскиот Цар ќе ја доврши својата победа (Даниил 2:44; 2. Тимотеј 4:3, 4; Откровение 6:2). Тие, како и лажните пророци, зборуваат за „мир, а мир нема“. Но, нивната увереност наскоро ќе се претвори во ненадеен ужас кога ќе мора да се соочат со бесот на Оној кого погрешно го претставувале и врз чие име нанесувале неизмерен прекор. Водачите на светското царство на лажната религија, кои во Библијата се опишани како една неморална жена, ќе се задушат во сопствените лажни извици за мир (Откровение 18:7, 8).
16. а) Какво досие имаат Јеховините сведоци? б) На кој начин тие се разликуваат од оние кои викаат „мир, а мир нема“?
16 Тоа што мнозинството истакнати и влијателни водачи се упорни во своите лицемерни ветувања за мир не ја поколебува довербата на оние кои имаат вера во Божјето ветување за вистински мир. Веќе над еден век Јеховините сведоци имаат досие на лојални бранители на Божјата реч, храбри соперници на лажната религија и одлучни приврзаници на Божјето Царство. Далеку од тоа да ги успијат луѓето со ласкави излитени фрази за мир, тие марливо настојуваат да ги разбудат за реалноста дека денес е време за војна (Исаија 56:10—12; Римјаните 13:11, 12; 1. Солунјаните 5:6).
Јехова го прекинува своето молчење
17. Што значи тоа дека Јехова наскоро ќе го прекине своето молчење?
17 Исто така, Соломон рекол: „Праведниот и нечесниот Бог ќе ги суди, бидејќи таму има време за секоја работа и суд за секое дело“ (Проповедник 3:17). Да, Јехова има одредено време за извршување на судот врз лажната религија и врз „царевите земски [кои] се креваат . . . против Господа и Неговиот Помазаник“ (Псалм 2:1—6; Откровение 16:13—16). Штом ќе дојде тоа време, Јеховините денови да „мирува“ ќе завршат (Псалм 83:1; Исаија 62:1; Јеремија 47:6, 7, сите NW). Преку својот востоличен месијански Цар, Исус Христос, тој ќе „зборува“ на единствениот јазик кој изгледа го разбираат неговите противници: „Господ ќе излезе како исполин, ревноста ќе ја возбуди како војник; ќе извика и ќе подигне војнички вик; ќе се покаже силен против непријателите Свои. Долго молчев Јас, трпев и се воздржував; сега ќе викам како родилка, ќе разурнувам и ќе голтам сѐ. Ќе опустошам планини и ридови, и сета нивна трева ќе ја исушам; реките ќе ги направам острови, езерата ќе ги исушам. Ќе ги поведам слепите по пат, што тие не го знаат, ќе ги водам по нејзини патеки, темнината ќе ја направам светлина пред нив, а кривите патеки — прави: ете, што ќе направам Јас за нив, и нема да ги оставам“ (Исаија 42:13—16).
18. Во кој поглед Божјиот народ наскоро ќе ‚молчи‘?
18 Тогаш кога Јехова ќе ‚проговори‘ во одбрана на своето Господство, повеќе нема да има потреба неговиот народ да зборува во своја одбрана. Ќе треба да ‚молчат‘. Како што било случај со Божјите слуги од минатото, ќе важат следниве зборови: „Овој пат нема вие да се борите: застанете, стојте и гледајте го спасението од Господа, што ви се испраќа“ (2. Летописи 20:17).
19. Каква предност наскоро ќе имаат Христовите духовни браќа?
19 Колку тежок пораз за Сатана и за неговата организација! Славните браќа на Христос ќе земат удел во извојувањето на една извонредна победа за праведноста, во склад со ветувањето: „Бог на мирот наскоро ќе го сотре сатаната под нозете ваши“ (Римјаните 16:20). Долгоочекуваното време за мир конечно е близу.
20. За што наскоро ќе биде време?
20 Каков благословен исход за сите на Земјата кои ќе ја преживеат оваа величествена манифестација на Јеховината моќ! Набрзо после тоа, ним ќе им се придружат верните мажи и жени од минатото чие одредено време за воскресение ќе пристигне. Христовото илјадагодишно владеење навистина ќе биде „време кога садиш . . . време кога се лекува . . . време кога се гради . . . време кога се смее . . . време кога се игра . . . време кога се прегрнуваш . . . време кога се сака“. Да, и засекогаш ќе биде „време за мир“ (Проповедник 3:1—8; Псалм 28:11; 36:11; 71:7).
Каков е твојот одговор?
◻ Кој е темелот за траен мир?
◻ Зошто денешново време Јеховините сведоци го сметаат за „време за војна“?
◻ Кога Божјиот народ ќе „зборува“, а кога ќе „молчи“?
◻ Како и кога Јехова ќе го прекине своето молчење?
[Рамка/слики на страница 13]
Јехова има одредено време за
◻ вовлекување на Гог во напад врз Божјиот народ (Језекиил 38:3, 4, 10—12)
◻ ставање во срцата на човечките владетели да го уништат Големиот Вавилон (Откровение 17:15—17; 19:2)
◻ извршување на венчавката на Јагнето (Откровение 19:6, 7)
◻ започнување на војната Армагедон (Откровение 19:11—16, 19—21)
◻ врзување на Сатана за да започне Исусовото илјадагодишно владеење (Откровение 20:1—3)
Овие настани се набројани едноставно според редоследот кој е наведен во Писмото. Можеме да бидеме сигурни дека сите пет настани ќе се случат според редоследот и точното време што ги одредува Јехова.
[Слики на страница 15]
Христовото илјадагодишно владеење навистина ќе биде време. . .
за смеење. . .
за прегрнување. . .
за сакање. . .
за садење. . .
за играње. . .
за градење. . .