Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Исаија — прв дел
„КОГО да испратам? Кој ќе оди за нас?“ На овој повик од Јехова Бог, Исаија, синот на Амос одговара: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Исаија 1:1; 6:8). Така тој добива задача да пророкува. Она што Исаија го правел како пророк е запишано во библиската книга што го носи неговото име.
Книгата Исаија, која ја напишал самиот пророк, опфаќа период од 46 години — од околу 778 год. пр. н.е. до некое време по 732 год. пр.н.е. Иако книгата содржи објави против Јуда, Израел и околните народи, нејзината главна тема не е осуда. Напротив, темата на оваа книга е ‚спасението од Јехова Бог‘ (Исаија 25:9). Всушност, самото име Исаија значи „Спасение од Јехова“. Во оваа статија се разработени избрани стихови од Исаија 1:1 — 35:10.
„ЕДЕН ОСТАТОК ЌЕ СЕ ВРАТИ“
Библијата не кажува дали пророчката порака запишана во првите пет поглавја од книгата Исаија е дадена пред или откако Исаија бил назначен за пророк (Исаија 6:6-9). Но, јасно е дека Јуда и Ерусалим се духовно болни „од главата до петиците“ (Исаија 1:6). Идолопоклонството е раширено насекаде. Водачите се расипани. Жените станале вообразени. Луѓето не му служат на вистинскиот Бог на прифатлив начин. Јехова го испраќа Исаија за да им зборува „одново и одново“ на луѓе што ниту разбираат ниту сакаат да знаат.
На Јуда ѝ се заканува напад од здружените воени сили на Израел и Сирија. Користејќи ги Исаија и неговите деца како „знак и чудо“, Јехова ги уверува Јудејците дека сириско-израелскиот сојуз нема да успее (Исаија 8:18). Траен мир ќе има дури тогаш кога ќе завладее ‚Кнезот на Мирот‘ (Исаија 9:6, 7). Јехова ќе побара сметка и од Асирија, земјата што ја користи како ‚стап на својот гнев‘. На крајот, Јуда ќе замине во ропство, но „еден остаток ќе се врати“ (Исаија 10:5, 21, 22). Вистинската правда ќе биде воспоставена кога ќе завладее симболичната „фиданка... од пенушката на Јесеј“ (Исаија 11:1).
Одговорени библиски прашања:
1:8, 9 — Во која смисла сионската ќерка ќе ‚остане како колиба в лозје, како стражарница во нива со краставици‘? Ова значи дека за време на асирскиот напад, Ерусалим ќе изгледа крајно незаштитен како обична колиба во некое лозје или како расклатена стражарница во нива со краставици. Но, Јехова му доаѓа на помош и не дозволува Ерусалим да стане како Содом и Гомор.
1:18 — Што значат зборовите: „Дојдете да расчистиме“? Ова не е повик да се седне на преговарачка маса со цел да се дојде до заеднички договор така што и двете страни ќе попуштат во нешто. Напротив, во овој стих Јехова, праведниот Судија, ги повикува Израелците на суд за да им даде шанса да се променат и да се исчистат.
6:8а — Зошто овде прво се користи глагол во прво лице еднина, а потоа заменката „нас“? Глаголот „испратам“ во прво лице еднина се однесува на Јехова Бог. Заменката „нас“ во множина покажува дека со Јехова има уште едно лице. Се разбира, тоа е неговиот „единороден Син“ (Јован 1:14; 3:16).
6:11 — Што сакал да каже Исаија со зборовите: „До кога, Јехова?“ Исаија не прашувал колку долго ќе треба да им ја кажува Јеховината порака на рамнодушните луѓе. Тој, всушност, сакал да знае до кога духовно болната состојба на тој народ ќе му носи срам на Божјето име.
7:3, 4 — Зошто Јехова го избавил злобниот цар Ахаз? Царевите на Сирија и Израел имале намера да го тргнат цар Ахаз од престолот на Јуда и на негово место да постават владетел што ќе биде под нивна контрола, синот на Тавеил — човек што не бил од лозата на Давид. Со оваа сплетка на Ѓаволот, ќе прекинел да функционира сојузот за Царството, кој Јехова го склучил со Давид. Јехова го избавил Ахаз за да ја зачува лозата преку која требало да дојде ветениот „Кнез на Мирот“ (Исаија 9:6).
7:8 — Како Ефрем бил „сотрен“ по 65 години? Кратко откако Исаија го изрекол ова пророштво, „во времето на Фекај, израелскиот цар“, народот од десетплеменското царство бил протеран од својата земја, и таа била населена со туѓинци (2. Царевите 15:29). Ова продолжило сѐ до времето на асирскиот цар Есар-Адон, син и наследник на Сенахирим (2. Царевите 17:6; Езра 4:1, 2; Исаија 37:37, 38). Ова постепено преселување на населението во и од Самарија се одвивало во периодот од 65 години кој е спомнат во Исаија 7:8.
11:1, 10 — Како може Исус Христос да биде и „фиданка... од пенушката на Јесеј“ и „коренот на Јесеј“? (Римјаните 15:12). Како човек, Исус потекнувал „од пенушката на Јесеј“. Тој бил потомок на Јесеј преку неговиот син Давид (Матеј 1:1-6; Лука 3:23-32). Но, кога му била дадена царска власт, врската што Исус ја имал со своите предци се променила. Бидејќи добил моќ и власт да им даде вечен живот на послушните луѓе на Земјата, тој станал нивни „Вечен Татко“ (Исаија 9:6). На тој начин тој станал ‚корен‘ на своите предци, меѓу кои е и Јесеј.
Поуки за нас:
1:3. Ако одбиваме да живееме како што нашиот Творец бара од нас, понеразумни сме од еден обичен бик или магаре. Од друга страна, ако сме благодарни за сето она што Јехова го прави за нас, нема да се однесуваме без разбирање и нема да го оставиме.
1:11-13. Лицемерните верски обреди и формалните молитви му се заморни на Јехова. Нашите постапки и молитви треба да извираат од искрено срце.
1:25-27; 2:2; 4:2, 3. На крајот на ропството и опустошувањето на Јуда, покајничкиот остаток требало да се врати во Ерусалим и да го обнови обожавањето на вистинскиот Бог. Јехова е милостив кон грешниците што се каат.
2:2-4. Со тоа што ревносно проповедаме и правиме ученици им помагаме на луѓето од сите народи да се учат на мир и да бидат во мирољубиви односи едни со други.
4:4. Јехова ќе ја отстрани, односно ќе ја испере, моралната нечистотија и вината за крв.
5:11-13. Оној што не е селективен и урамнотежен во изборот на рекреација, не постапува разумно (Римјаните 13:13).
5:21-23. Христијанските старешини, односно надгледници, не треба да бидат „мудри во свои очи“. Треба да бидат урамнотежени кога ‚пијат вино‘ и не смеат да бидат пристрасни.
11:3а. Со својот пример и со своите учења Исус покажал дека човек може да ужива во стравот од Јехова.
„ЈЕХОВА ЌЕ МУ СЕ СМИЛУВА НА ЈАКОВ“
Поглавја 13 до 23 содржат објави против народите. Сепак, „Јехова ќе му се смилува на Јаков“ така што ќе им дозволи на сите израелски племиња да се вратат во својата земја (Исаија 14:1). По пораката за опустошувањето на Јуда, за кое се зборува во поглавја 24 до 27, следи и ветување за обнова. Јехова го покажува својот гнев кон „пијаниците на Ефрем [Израел]“ затоа што склучиле сојуз со Сирија, и кон ‚свештеникот и пророкот‘ во Јуда, кои сакале да склучат сојуз со Асирија (Исаија 28:1, 7). Најавена е неволја и за „Ариел [Ерусалим]“ затоа што ‚се подготвува‘ да бара заштита од Египет (Исаија 29:1, фуснота; 30:1, 2). Сепак, за оние што имаат вера во Јехова е проречено спасение.
Јехова ќе ја чува „гората Сион“ како ‚млад граблив лав што ’ржи над својот плен‘ (Исаија 31:4). Освен тоа, дадено е и едно ветување: „Еве, царот ќе царува праведно“ (Исаија 32:1). Иако „гласниците на мирот горко плачат“ поради опасноста што ѝ се заканува на Јуда од Асирија, Јехова ветува дека неговиот народ ќе биде излекуван и дека „ќе му биде простен неговиот престап“ (Исаија 33:7, 22-24). „Јехова се разгневи на сите народи, се разјари на сета нивна војска“ (Исаија 34:2). Јуда нема да остане опустошена засекогаш. „Ќе се радуваат пустината и безводниот крај, ќе се весели пустелијата и ќе процвета како шафран“ (Исаија 35:1).
Одговорени библиски прашања:
13:17 — Во која смисла среброто не им значело ништо на Медијците и не му се радувале на златото? За Медијците и Персијците била многу поважна славата што ја носела победата отколку пленот што бил запленет во војната. Ова навистина било случај со Кир, кој на еврејските повратници им го дал златниот и сребрениот прибор што Навуходоносор го опљачкал од Јеховиниот храм.
14:1, 2 — Како Јеховиниот народ ‚ги поробил оние што нив ги поробиле и владеел над оние што ги терале на работа‘? Ова се исполнило врз поединци како што биле Даниел, кој бил на висока функција во Вавилон за време на Медијците и Персијците; Естира, која станала царица на Персија; и на Мардохеј, кој бил поставен за премиер на Персиското Царство.
20:2-5 — Дали Исаија навистина одел три години сосема гол? Најверојатно Исаија ја слекол само горната облека и одел „скудно облечен“ (1. Самоилова 19:24).
21:1 — Кој предел е наречен „морската пустина“? Иако Вавилон не бил близу до некое вистинско море, овој израз се однесува токму на него. Причината за тоа е што големите води на реките Тигар и Еуфрат секоја година го поплавувале неговото подрачје и создавале еден вид мочурливо ‚море‘.
24:13-16 — Како Евреите ќе станеле „меѓу народите, како кога ќе се истресе маслинката, како кога се дособира грозје по бербата“? Исто како што по бербата на дрвјата или на лозниците останува по некој плод или зрно грозје, само неколкумина ќе го преживеат уништувањето на Ерусалим и Јуда. Секаде каде што ќе бидат протерани преживеаните, било „во крајот каде што е светлината [Вавилон на исток]“ или „на морските острови [во Средоземното Море]“, тие ќе го слават Јехова.
24:21 — Кои се „војската горе на висините“ и „земните цареви на земјата“? „Војската горе на висините“ најверојатно се однесува на злите духовни сили. „Земните цареви на земјата“ се земните владетели врз кои демоните имаат силно влијание (1. Јованово 5:19).
25:7 — Што е „прекривката што ги прекрива сите народи, покривалото што ги покрива сите народи“? Оваа споредба укажува на двата најголеми непријатела на луѓето — гревот и смртта.
Поуки за нас:
13:20-22; 14:22, 23; 21:1-9. Јеховината пророчка реч секогаш се исполнува, исто како што се исполнила и на Вавилон.
17:7, 8. Иако повеќето во Израел не слушале, некои го погледнувале, односно го барале Јехова. Слично на ова, и некои во христијанскиот свет ја прифаќаат пораката за Царството.
28:1-6. Асирија ќе го освои Израел, но Бог ќе се погрижи верните лица да преживеат. Кога Јехова суди, за праведниците има надеж.
28:23-29. Јехова ги исправа искрените лица во склад со нивните посебни потреби и околности.
30:15. Ако сакаме Јехова да нѐ спаси, мора да покажеме вера така што ќе ‚бидеме спокојни‘, односно нема да очекуваме да нѐ спасат човечките настојувања. Со тоа што сме во „мир“, односно не се плашиме, покажуваме дека имаме доверба во Јеховината способност да нѐ заштити.
30:20, 21. Ние го ‚гледаме‘ Јехова и го ‚слушаме‘ неговиот глас на спасение така што обрнуваме внимание на она што тој го вели во својата вдахновена Реч, Библијата, и преку својот ‚верен и разборит роб‘ (Матеј 24:45).
Пророштвото на Исаија ни ја зајакнува довербата во Божјата реч
Навистина можеме да бидеме благодарни за пораката што Бог ни ја дава во книгата Исаија! Пророштвата што веќе се исполнети ја зајакнуваат нашата доверба дека ‚речта што излегува од Јеховината уста нема да се врати кај него без плод‘ (Исаија 55:11).
А што да се каже за месијанските пророштва како оние во Исаија 9:7 и 11:1-5, 10? Зар тие не ја зајакнуваат нашата доверба во сето она што Јехова го прави за да бидеме спасени? Освен тоа, книгата Исаија содржи и пророштва чие главно исполнување се одвива во нашево време или ќе се случи во иднина (Исаија 2:2-4; 11:6-9; 25:6-8; 32:1, 2). Навистина, книгата Исаија е уште еден доказ дека „речта Божја е жива“! (Евреите 4:12).
[Слика на страница 8]
Исаија и неговите деца биле „знак и чудо во Израел“
[Слика на страници 8 и 9]
Ерусалим ќе станел како „колиба в лозје“
[Слика на страница 10]
Како им се помага на луѓето од разни народи да „ги прековаат своите мечеви во плугови“?