,Привремените жители‘ му служат обединето на вистинскиот Бог
„Туѓинци ќе ви бидат земјоделци и лозари. А вас ќе ве викаат свештеници на Јехова“ (ИСА. 61:5, 6)
1. Како некои луѓе гледаат на туѓинците, но зошто таквиот став е погрешен?
КАКО што видовме во претходната статија, некои не ги сакаат туѓинците, односно странците. Напротив, ги потценуваат, па дури и покажуваат краен презир кон нив. Но, воопшто не е љубезно некој да гледа од високо на луѓето само затоа што се од друга земја. Факт е дека ниту една раса или нација не е подобра од другите. Во една брошура пишува: „Луѓето од сите раси се браќа — токму како што вели Библијата“ (The Races of Mankind). Иако браќата понекогаш многу се разликуваат, тие сепак се браќа.
2, 3. Како гледа Јехова на туѓинците?
2 Во библиско време, Јехова Бог склучил сојуз со древните Израелци, кои станале негов избран народ. Иако самите биле во посебен однос со Бог, тие морале да ги почитуваат не-Израелците и да постапуваат праведно со нив. И ние треба да постапуваме на ист начин со туѓинците. Меѓу вистинските христијани нема место за пристрасност или предрасуди. Зошто? Затоа што апостол Петар рекол: „Навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).
3 Туѓинците во древниот Израел имале корист од тоа што живееле заедно со Израелците бидејќи Јехова ги прифаќал. Ова се гледа од следниве зборови кои подоцна ги кажал апостол Павле: „Зарем Бог е Бог само на Евреите? Зарем не е и Бог на луѓето од другите народи? Да, тој е Бог и на луѓето од другите народи“ (Рим. 3:29; Јоил 2:32).
4. Зошто може да се каже дека во „Израелот Божји“ никој не е туѓинец?
4 Родените Израелци го изгубиле посебниот однос што го имале со Јехова кога тој ги отфрлил и го склучил новиот сојуз со собранието од помазани христијани. Ова собрание било наречено „Израелот Божји“ (Гал. 6:16). Како што објаснил Павле, во овој нов народ „нема повеќе ниту Грк ниту Евреин, ниту обрежување ниту необрежување, ниту туѓинец, ниту Скит, ниту роб, ниту слободен, туку Христос е сѐ и во сите“ (Кол. 3:11). Според тоа, никој во христијанското собрание немало да биде туѓинец.
5, 6. а) Кое прашање се поставува во врска со Исаија 61:5, 6? б) Кои се ‚свештениците на Јехова‘ и ‚туѓинците‘ што ги спомнал Исаија? в) Што им е заедничко на двете групи?
5 Но, како тогаш да го разбереме она што го пишува во 61. поглавје од книгата Исаија, каде што има едно пророштво кое се исполнува на христијанското собрание? Во 6. стих од ова поглавје се спомнати оние што ќе служат како „свештеници на Јехова“. Но, во 5. стих се спомнати „туѓинци“ кои ќе соработуваат со овие „свештеници“. Што значи ова?
6 Тие „свештеници на Јехова“ се помазаните христијани кои имаат удел „во првото воскресение“ и кои „ќе бидат свештеници на Бог и на Христос, и ќе царуваат со Христос илјада години“ (Отк. 20:6). За разлика од нив, многу верни христијани имаат надеж дека ќе живеат вечно на Земјата. Иако тесно соработуваат и се дружат со оние што ќе владеат на небото, во преносна смисла, тие се „туѓинци“. Овие верни христијани радосно ги поддржуваат ‚свештениците на Јехова‘ служејќи како нивни симболични „земјоделци“ и „лозари“. Тие им помагаат на помазаниците да го прослават Бог со тоа што „садат“ и „залеваат“, односно проповедаат и ги поучуваат луѓето за Библијата. Всушност, и помазаниците и другите овци ги пронаоѓаат, а потоа со љубов се грижат за искрените лица кои сакаат да му служат на Бог засекогаш (Јован 10:16).
„ПРИВРЕМЕНИ ЖИТЕЛИ“ КАКО АВРААМ
7. Во која смисла христијаните денес се слични на Авраам и на другите верни лица од минатото?
7 Како што видовме во претходната статија, вистинските христијани се како туѓинци, односно привремени жители, во Сатановиот злобен свет. Во овој поглед, тие се слични на Авраам и на другите верни лица од минатото за кои се вели дека биле „туѓинци и привремени жители во земјата“ (Евр. 11:13). Сеедно дали имаме надеж за вечен живот на небото или на Земјата, ние можеме да бидеме пријатели со Јехова исто како што бил Авраам. Јаков објаснува дека ‚„Авраам му поверувал на Јехова, а тој го сметал за праведен поради тоа“, и бил наречен „Јеховин пријател“‘ (Јак. 2:23).
8. Што му ветил Бог на Авраам? Како гледал Авраам на тоа ветување?
8 Бог ветил дека преку Авраам и преку неговите потомци ќе бидат благословени сите народи на Земјата, а не само еден народ. (Прочитај 1. Мојсеева 22:15-18.) Иако ова ветување требало да се исполни во далечната иднина, Авраам бил сигурен дека ќе се оствари. Повеќе од половина од својот живот, тој и неговото семејство се селеле од место во место. Но, за сето тоа време Авраам останал близок пријател со Јехова.
9, 10. а) Како може да го следиме примерот на Авраам? б) Која покана можеме да ја упатуваме?
9 Иако не знаел кога Бог ќе го исполни ветувањето што му го дал, Авраам продолжил верно и со љубов да му служи. Бидејќи секогаш размислувал за својата надеж, тој не се населил како постојан жител во некоја земја (Евр. 11:14, 15). Добро е и ние да го следиме неговиот пример со тоа што ќе водиме едноставен живот и нема да се преокупираме со материјалните поседи, со положбата во општеството или со кариерата. Зошто би се труделе да водиме „нормален“ живот во еден свет на кој наскоро ќе му дојде крајот? Зошто да се приврзуваме за нешто што е само привремено? Исто како Авраам, и ние очекуваме нешто многу подобро. Спремни сме стрпливо да чекаме сѐ додека нашата надеж не се исполни. (Прочитај Римјаните 8:25.)
10 Јехова сѐ уште ги повикува луѓето од сите народи да бидат благословени преку потомството на Авраам. Помазаните „свештеници на Јехова“, како и ‚туѓинците‘ од другите овци им ја упатуваат оваа покана на луѓето низ целиот свет на повеќе од 600 јазици.
САКАЈ ГИ ЛУЃЕТО ОД СИТЕ НАРОДИ
11. Што ни открива молитвата на Соломон за тоа како гледа Јехова на луѓето од сите народи?
11 При посветувањето на храмот во 1026 год. пр.н.е., и во склад со ветувањето што Бог му го дал на Авраам, Соломон кажал една срдечна молитва која ни помага да сфатиме како гледа Јехова на луѓето од сите народи. Соломон се молел: „Кога туѓинецот, кој не му припаѓа на твојот народ Израел, туку дошол од далечна земја заради твоето име — зашто ќе се чуе за твоето големо име, за твојата силна рака и за твојата подигната мишка — ќе дојде и ќе се помоли свртен кон овој дом, тогаш чуј од небото, од своето живеалиште, и направи го сето она за кое те моли овој туѓинец, за да го запознаат твоето име сите народи на земјата и за да се бојат од тебе како твојот народ Израел“ (1. Цар. 8:41-43).
12. Зошто Јеховините сведоци се како „туѓинци“ во земјите каде што живеат?
12 Туѓинец е човек кој престојува во друга земја или, пак, не е од истото место или крај. Јеховините сведоци се како „туѓинци“. Иако живеат во многу земји низ целиот свет, тие му ја даваат својата поддршка на Божјето Царство — небесната влада на чело со Христос. Затоа, воопшто не се мешаат во политика, иако за некои луѓе тоа е многу чудно.
13. а) Како може да научиме да не ги гледаме луѓето како туѓинци? б) Каква намера имал Јехова со луѓето во почетокот?
13 Еден туѓинец или странец обично се препознава по јазикот што го зборува, по обичаите, физичкиот изглед, па дури и по начинот на облекување. Но, ова се само површни разлики кои воопшто не се важни. Многу поважно е она што ни е заедничко на сите, без оглед на која нација ѝ припаѓаме. Затоа, кога ќе научиме да не се концентрираме на вистинските или замислените разлики, веројатно нема да ги сметаме луѓето од другите народи за туѓинци. Кога сите луѓе на Земјата би биле поданици на иста влада, никој не би се чувствувал како туѓинец во политичка смисла на зборот. Всушност, Јехова во почетокот имал намера сите луѓе да живеат обединето како едно семејство под една влада — неговата влада. Дали е можно уште денес луѓето од сите народи да престанат да се гледаат едни со други како туѓинци?
14, 15. Во што успеале Јеховините сведоци како група?
14 Живееме во еден свет полн со себични луѓе кои се уверени дека нивната нација е подобра од другите. Вистинско чудо е да се најдат поединци кои покажуваат почит кон сите луѓе. Факт е дека не е лесно да се надминат предрасудите. Основачот на една позната телевизиска куќа го кажал следново за својата соработка со талентирани лица од разни нации: „За мене беше посебно искуство да работам со луѓе од разни земји. Научив да не ги гледам како ‚странци‘, туку како сограѓани на иста планета“. Тој им забранил на своите вработени да го користат зборот „туѓинец“, односно „странец“. Наместо тоа, требало да го користат зборот „меѓународен“.
15 Јеховините сведоци се единствената група во светот што навистина гледа на луѓето од сите народи како што гледа Бог. Тие го промениле своето мислење за другите и своите чувства кон нив. Затоа не ги мразат луѓето од другите народи и не ги гледаат со сомнеж и недоверба, туку научиле да ги ценат нивните уникатни карактеристики и способности. Дали си размислувал како ова ти помогнало и тебе лично да имаш подобри односи со другите?
СВЕТ ВО КОЈ ЌЕ НЕМА ТУЃИНЦИ
16, 17. Што може да значи за тебе лично исполнувањето на Откровение 16:16 и Даниел 2:44?
16 Наскоро сите народи ќе се соочат со Исус Христос и со неговата небесна војска во последната битка против Божјата власт. Оваа битка „на хебрејски се вика Ар-Магедон“ (Отк. 16:14, 16; 19:11-16). Пред повеќе од 2.500 години, под водство на светиот дух, пророкот Даниел претскажал што ќе се случи со човечките влади кои ѝ се противат на Божјата намера. Тој напишал: „Во деновите на тие цареви, небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека“ (Дан. 2:44).
17 Замисли што ќе значи ова за тебе. Повеќе нема да постојат државни граници поради кои денес секој човек во некоја смисла е туѓинец. Сите разлики во изгледот и сите преостанати нормални физички карактеристики само ќе бидат доказ за чудесната разноликост на Божјите творби. Бидејќи нѐ очекува ваква прекрасна иднина, треба да бидеме поттикнати и понатаму да даваме сѐ од себе за да го фалиме и славиме нашиот Творец, Јехова Бог.
Дали со нетрпение го очекуваш светот во кој ќе нема граници и во кој никој нема да биде „туѓинец“?
18. Кој пример покажува дека Јеховините сведоци не ги сметаат луѓето од другите народи за туѓинци?
18 Дали е можно да настапи една ваква промена на светско ниво? Да, ова навистина ќе се случи. Всушност, уште денес Јеховините сведоци не ги сметаат луѓето од другите народи за туѓинци. На пример, неодамна некои помали подружници беа споени со цел да се поедностави надгледувањето на делото и уште поделотворно да се проповеда добрата вест за Царството (Мат. 24:14). Секаде каде што законот го дозволуваше тоа, државните граници не беа никаква пречка да се донесат и да се спроведат овие одлуки. Ова е уште еден јасен доказ дека Исус Христос, Царот на Божјето Царство, веќе ги брише границите што ги поставиле луѓето, и дека наскоро ќе тргне „во конечна победа“! (Отк. 6:2).
19. Како влијае чистиот јазик на вистината врз Јеховиниот народ?
19 Иако потекнуваат од многу народи и зборуваат на разни јазици, Јеховините сведоци ги обединува чистиот јазик на вистината. Поради тоа, меѓу нив владее нераскинливо единство. (Прочитај Софонија 3:9.) Ова меѓународно семејство живее во сегашниов злобен свет, но сепак е одвоено од него. Тоа обединето семејство е претслика на светот што доаѓа — свет во кој ќе нема туѓинци. Тогаш секој човек на Земјата со радост ќе признае дека „луѓето од сите раси се браќа — токму како што вели Библијата“ (The Races of Mankind).