Дваесет и четврто поглавје
Јехова си придобива прекрасно име
1, 2. а) Од каков личен интерес е за христијаните доаѓањето на „Јеховиниот ден“? б) Кое возвишено спорно прашање е вклучено во доаѓањето на Јеховиниот ден?
СКОРО две илјади години христијаните ‚ја очекуваат и цврсто ја држат во мислите присутноста на Јеховиниот ден‘ (2. Петрово 3:12; Тит 2:13). Разбирливо е тоа што се желни да дојде тој ден. А кога ќе дојде, ќе го означи почетокот на нивното ослободување од разорното дејство на несовршеноста (Римјаните 8:22). Тој ќе значи и крај на притисоците што ги трпат во овие ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘ (2. Тимотеј 3:1).
2 Меѓутоа, додека на праведниците им донесува олеснување, Јеховиниот ден ќе значи и уништување за ‚оние кои не го познаваат Бог и оние кои не се послушни на добрата вест за нашиот Господ Исус‘ (2. Солуњаните 1:7, 8). Овој факт отрезнува и тера на размислување. Дали Бог навистина ќе ги уништи злите само за да го избави својот народ од мачните околности? Исаија 63. поглавје покажува дека тука е вклучено и едно многу повозвишено спорно прашање, имено, посветувањето на Божјето име.
Маршот на победничкиот воин
3, 4. а) Каква е заднината на пророштвото во Исаија 63. поглавје? б) Кого гледа Исаија како маршира кон Ерусалим, и со кого го поврзуваат некои изучувачи?
3 Во Исаија 62. поглавје читаме за ослободувањето на Евреите од заробеништвото во Вавилон и за нивното враќање во татковината. Се разбира, се појавува прашањето: Дали обновениот остаток од Евреи треба да се плаши да не го уништат пак други непријателски нации? Визијата на Исаија многу придонесува да се намали нивниот страв. Пророштвото започнува: „Кој е тој што доаѓа од Едом, од Восор, во црвени облеки? Кој е тој што, величествено облечен, чекори полн со сила?“ (Исаија 63:1а).
4 Исаија гледа еден енергичен воин кој триумфално маршира кон Ерусалим. Неговата величествена облека покажува дека има многу висок чин. Доаѓа откај Восор, најважниот град на Едом, и остава впечаток дека постигнал голема победа над таа непријателска земја. Кој може да биде овој воин? Некои изучувачи го поврзуваат со Исус Христос. Други мислат дека тоа е еврејскиот војсководец Јуда Макавеец. Меѓутоа, воинот лично го открива својот идентитет кога на претходното прашање одговара со зборовите: „Јас Сум, Кој зборувам правда, Силен кога спасувам!“ (Исаија 63:1б).
5. Кој е воинот кого го видел Исаија, и зошто одговараш така?
5 Нема сомневање дека овој воин е самиот Јехова Бог. Тој насекаде е опишан како таков што има ‚изобилство на динамична енергија‘ и ‚зборува правда‘ (Исаија 40:26, NW; 45:19, 23). Раскошните облеки на воинот нѐ потсетуваат на зборовите на псалмистот: „Господи, Боже мој, Ти си многу велик! Облечен си со величество и убавина!“ (Псалм 104:1). Иако е Бог на љубовта, Библијата покажува дека Јехова, кога е неопходно, ја презема улогата на воин (Исаија 34:2; 1. Јованово 4:16).
6. Зошто Јехова се враќа од битка во Едом?
6 Сепак, зошто Јехова се враќа од битка во Едом? Едомците, луѓе кои постојано го подгреваат непријателското расположение што започнало со нивниот предок Исав, се прастари непријатели на Божјиот народ на сојузот (Битие 25:24—34; Броеви 20:14—21). Длабочината на омразата на Едом кон Јуда станала особено видлива за време на опустошувањето на Ерусалим, кога Едомците ги храбреле вавилонските војници (Псалм 137:7). Таквиот непријателски став Јехова го смета за напад на него лично. Не е чудо што одлучил да го извлече својот меч на одмазда против Едом! (Исаија 34:5—15; Еремија 49:7—22).
7. а) Како се исполнило за првпат пророштвото против Едом? б) Што симболизира Едом?
7 Затоа, визијата на Исаија е големо охрабрување за Евреите што се враќаат во Ерусалим. Таа ги уверува дека ќе живеат безбедно во својот нов дом. Навистина, до деновите на пророкот Малахија, на Едом Бог ‚му ги претворил градовите во пустина, а неговото наследство им го дал на пустинските шакали‘ (Малахија 1:3). Тогаш, дали тоа значи дека пророштвото на Исаија се исполнило во потполност до деновите на Малахија? Не, бидејќи Едом, и покрај својата опустошена состојба, бил решен да ги изгради одново своите опустошени места, а Малахија продолжил да го нарекува Едом „безбожничка земја“ и „народ, на кого Господ се срди довека“a (Малахија 1:4, 5). Меѓутоа, во пророчка смисла Едом не ги опфаќа само потомците на Исав. Тој служи како симбол на сите нации што се покажуваат како непријатели на Јеховините обожаватели. Нациите на христијанскиот свет особено се истакнуваат во овој поглед. Што ќе се случи со овој современ Едом?
Кацата
8, 9. а) Во каква активност видел Исаија дека учествува воинот? б) Кога и како се гази во симболичната каца?
8 Исаија го прашува воинот што се враќа: „Зошто е црвена твојата облека, и рувото како кај оној кој гази во кацата?“ Јехова одговара: „Самиот газев во кацата, од народите никој не беше. Ги изгазив во Својот гнев и ги згмечив во Својата јарост. Нивната крв Ми ја испрска облеката, го извалкав сето Свое руво“ (Исаија 63:2, 3).
9 Овие сликовити зборови опишуваат едно крвопролевање. Па, дури и Божјата елегантна облека е извалкана, како облеката на оној што гази во каца за гмечење грозје! Една каца е погоден симбол за стапицата во која се фатени непријателите на Јехова Бог кога тој ќе тргне да ги уништи. Кога ќе се гази во оваа симболична каца? Пророштвата на Јоил и на апостол Јован исто така зборуваат за симболична каца за гмечење грозје. Во кацата за која зборуваат овие пророштва ќе се гази кога Јехова ќе ги изгази своите непријатели, уништувајќи ги во Армагедон (Јоил 3:13; Откровение 14:18—20; 16:16). Пророчката каца на Исаија укажува на истото време.
10. Зошто Јехова вели дека сам газел во кацата?
10 Но, зошто Јехова вели дека сам газел во оваа каца, додека немало никој од народите со него? Зар Исус Христос, како Божји претставник, нема да го преземе водството во газењето во кацата? (Откровение 19:11—16). Да, но Јехова се осврнува на луѓето, а не на духовните суштества. Тој вели дека ниту еден човек не е дораснат на задачата да ја ослободи Земјата од следбениците на Сатана (Исаија 59:15, 16). Препуштено му е на Семоќниот Бог да ги гази во својот гнев, сѐ додека не бидат потполно згмечени.
11. а) Зошто Јехова донесува ‚ден на одмазда‘? б) Кои биле „искупениците“ во старо време и кои се тие денес?
11 Јехова понатаму објаснува зошто лично тој ја извршува задачата, со зборовите: „Денот на одмазда Ми беше во срцето, дојде годината на Моето искупување [моите искупеници, NW]“ (Исаија 63:4).b Само Јехова го има правото да им се одмазди на оние што му нанесуваат страдање на неговиот народ (Второзаконие 32:35). Во старо време, „искупениците“ биле Евреите кои страдале од рацете на Вавилонците (Исаија 35:10; 43:1; 48:20). Во нашево време, тоа се членовите на помазаниот остаток (Откровение 12:17). Исто како своите древни еквиваленти, тие се искупени од религиозно заробеништво. И исто како тие Евреи, помазаните, заедно со своите придружници, ‚другите овци‘, биле жртви на прогонство и противење (Јован 10:16). Така пророштвото на Исаија ги уверува христијаните денес дека, во свое одредено време, Бог ќе интервенира во нивна корист.
12, 13. а) На кој начин Јехова нема помошник? б) Како Јеховината мишка донесува спасение, и како неговата лутина му помага?
12 Јехова продолжува: „Се обѕрнав, но немаше помошник! Се зачудив, но немаше поткрепа. Тогаш Ми помогна Мојата мишка, и Мојата лутина Ме поткрепи. Ги сотрев народите во Својот гнев, сите ги изгазив во јарост, и земјата ја натопив со нивната крв!“ (Исаија 63:5, 6).
13 Ниту еден човечки помошник не може да тврди дека има заслуга за Јеховиниот голем ден на одмазда. Ниту, пак, на Јехова му треба некаква човечка поткрепа за да ја спроведе својата волја.c Неговата неизмерно моќна мишка е доволна за таа задача (Псалм 44:3; 98:1; Еремија 27:5). Освен тоа, неговата лутина го поткрепува. Како? Така што Божјата лутина не е неконтролирана емоција, туку праведна огорченост. Бидејќи Јехова секогаш постапува врз основа на праведни начела, неговата лутина го поддржува и го мотивира „да ја натопи земјата“ со ‚крвта‘ на своите непријатели, што ќе биде на нивно понижување и пораз (Псалм 75:8; Исаија 25:10; 26:5).
Божјата лојална љубезност
14. Кои пригодни потсетувања ги дава сега Исаија?
14 Во минатото, Евреите брзо го губеле ценењето за работите што Јехова ги направил во нивна корист. Затоа е пригодно што Исаија ги потсетува зошто Јехова направил такви работи. Исаија изјавува: „Ќе ја славам Господовата љубов [лојална љубезност, NW], Неговите славни дела — за сѐ што им стори Господ, за големата добрина кон Израелевиот дом, што ни ја искажа во Својата сомилост, во изобилството на Својата љубов. Рече: ‚Доста [Сигурно, NW], тие се Мој народ, синови, кои не ќе изневерат!‘ И Тој им стана Спасител. Во сите нивни тешкотии Тој ги сожалуваше, и Ангел на Неговата присутност [и неговиот личен гласник, NW] ги избавуваше; поради Својата љубов и сомилост, Самиот ги откупи, ги дигна и ги носеше во сите дни на древноста“ (Исаија 63:7—9).
15. Како и зошто Јехова покажал лојална љубезност кон Авраамовото потомство во Египет?
15 Каков само извонреден пример дава Јехова во покажувањето лојална љубезност, односно лојална љубов! (Псалм 36:7; 62:12). Јехова лојално се приврзал кон Авраам (Михеј 7:20). Тој му ветил на патријархот дека преку неговото семе, односно потомство, сите народи на Земјата ќе бидат благословени (Битие 22:17, 18). Јехова го одржал тоа ветување, покажувајќи изобилна доброта кон домот на Израел. Меѓу неговите лојални постапки се истакнува избавувањето на Авраамовото потомство од ропството во Египет (Излез 14:30).
16. а) Какво гледиште имал Јехова кога го склопил сојузот со Израел? б) Како постапува Бог со својот народ?
16 По излегувањето од Египет, Јехова ги одвел Израелците на планината Синај и им го дал следново ветување: „Ако ми се покорувате верно и го држите Мојот Завет, вие ќе ми бидете посебна сопственост . . . вие ќе Ми бидете царство, свештеници, свет народ“ (Излез 19:5, 6). Дали Јехова сакал да ги измами кога им го понудил ова? Не, бидејќи Исаија открива дека Јехова си рекол: ‚Сигурно, тие се Мој народ, синови, кои не ќе изневерат!‘ Еден изучувач забележува: „Ова ‚сигурно‘ не е наредба од суверенот или предзнаење: тоа е надеж и доверба од љубов“. Да, Јехова го склучил својот сојуз со добри намери, со искрена желба неговиот народ да успее. И покрај неговите очигледни слабости, Тој покажал доверба во него. Колку само прекрасно е да се обожава еден Бог кој има таква доверба во своите обожаватели! Старешините денес прават многу за да ги зајакнат оние што им се доверени кога покажуваат слична доверба дека членовите на Божјиот народ во основа се добри (2. Солуњаните 3:4; Евреите 6:9, 10).
17. а) Каков доказ дал Јехова за својата љубов кон Израелците? б) Каква доверба можеме да имаме денес?
17 Сепак, во врска со Израелците, псалмистот вели: „Го заборавија Бога, Спасителот свој; [кој во Египет направи знаци]“ (Псалм 106:21). Нивниот непослушен, тврдоглав став честопати бил причина да се најдат во многу тешки околности (Второзаконие 9:6). Дали Јехова престанал да им покажува лојална љубезност? Напротив, Исаија кажува дека ‚во сите нивни тешкотии Тој ги сожалувал‘. Какво само сочувство има Јехова! Како и на секој татко полн со љубов, така и на Бог му причинувало болка кога гледал дека неговите деца страдаат, па дури и кога страдале поради својата сопствена глупавост. Како што било проречено, а и како доказ на неговата љубов, тој го испратил својот „личен гласник“, веројатно Исус во неговото претчовечко постоење, за да ги води до Ветената земја (Излез 23:20). Така Јехова ја подигнал нацијата и ја однел „како што човек го носи своето синче“ (Второзаконие 1:31; Псалм 106:10). Денес можеме да имаме доверба дека Јехова е подеднакво свесен за нашите страдања и дека сочувствува со нас кога сме во тешкотии. Можеме со доверба ‚сета своја тегобна грижа да ја фрлиме на него, зашто тој се грижи за нас‘ (1. Петрово 5:7).
Бог станува непријател
18. Зошто Јехова му станал непријател на својот народ?
18 Сепак, никогаш не треба да ја сметаме Божјата лојална љубезност како сама по себе разбирлива. Исаија продолжува: „Но тие се одметнаа, го жалостеа Неговиот Свет Дух. Затоа им стана непријател и Самиот завојува против нив“ (Исаија 63:10). Јехова предупредил дека, иако е милосрден и милостив Бог, сепак „не остава неказнет виновник“ (Излез 34:6, 7). Израелците се ставиле во ситуација да бидат казнети со тоа што им станало навика да се бунтуваат. „Не заборавај како Го лутеше Господа, својот Бог, во пустината“, потсетил Мојсеј. „Од денот кога излеговте од Египетската Земја па до доаѓањето на ова место, Му бевте непокорни на Господа“ (Второзаконие 9:7). Противејќи се на неговото здраво влијание, тие го повредувале, односно го жалостеле Божјиот дух (Ефешаните 4:30). Го присилиле Јехова да им стане непријател (Левит 26:17; Второзаконие 28:63).
19, 20. На какви работи се сеќаваат Евреите, и зошто?
19 Среде својата мака, некои Евреи биле наведени да размислат за минатото. Исаија вели: „Тогаш си спомнаа за древните денови и за Неговиот слуга Мојсеј: ‚Каде е Оној, Кој го извади од водата пастирот на Своето стадо? Каде е Оној, Кој Го вдахна во него Својот Свет Дух? Кој ја водеше величествено Мојсеевата десница со Својата мишка, Кој ја раздели водата пред нив и Си придоби вечно Име; Кој ги преведе по дното на бездната, како коњ низ пустината и не се сопнуваа? Како добиток што слегува во долината, Господовиот Дух ги водеше кон одморалиштето‘“ (Исаија 63:11—14а).d
20 Да, трпејќи ги последиците од непослушноста, Евреите копнеат по деновите кога Јехова им бил Избавител наместо непријател. Се сеќаваат како нивниот „пастир“, Мојсеј, заедно со Арон, ги водел безбедно низ Црвеното Море (Псалм 77:20; Исаија 51:10). Се сеќаваат на времето кога, наместо да го жалостат, биле водени од Божјиот дух преку водството на Мојсеј и на други постари мажи наименувани од духот (Броеви 11:16, 17). Исто така, се сеќаваат дека виделе како Јеховината силна „мишка“ преку Мојсеј била употребена во нивна корист! Со текот на времето, Бог ги зел од големата и страшна пустина и ги одвел во земја во која течеле мед и млеко — место на одмор (Второзаконие 1:19; Исус Навин 5:6; 22:4). Меѓутоа сега, Израелците страдаат затоа што го изгубиле својот добар однос со Бог!
,Прекрасно име‘
21. а) Каква голема привилегија можел да има Израел во врска со Божјето име? б) Која била Божјата главна причина за ослободувањето на Авраамовите потомци од Египет?
21 Сепак, материјалната загуба на Израелците е безначајна во споредба со загубата на привилегијата што ја отфрлиле, имено, да имаат удел во славењето на Божјето име. Мојсеј им ветил на Евреите: „Господ ќе направи од тебе народ посветен на Себеси, како што ти се заколна, ако ги пазиш заповедите на Господа, својот Бог, и ако одиш по неговите патишта. Сите народи на земјата ќе видат дека се наречуваш со Господовото име, па ќе стравуваат од тебе“ (Второзаконие 28:9, 10). Кога Јехова дејствувал во одбрана на Авраамовите потомци, избавувајќи ги од ропството во Египет, тоа не го сторил само за да им го направи животот поудобен или поугоден. Тој дејствувал во полза на нешто многу поважно — неговото име. Да, се грижел неговото име „да се објави . . . по целата земја“ (Излез 9:15, 16). И кога по побуната на Израел во пустината Бог покажал милост, причината за таа постапка не била обична сентименталност. Самиот Јехова рекол: „Заради Моето Име — за да не се хули пред очите на народот“ (Езекиел 20:8—10).
22. а) Зошто во иднина Бог уште еднаш ќе се бори во корист на својот народ? б) На кои начини нашата љубов кон Божјето име влијае врз нашите постапки?
22 Колку само силен заклучок му дава Исаија на ова пророштво! Тој вели: „Така Ти го водеше Својот народ и Си придоби вечно [прекрасно, NW] Име“ (Исаија 63:14б). Сега може јасно да се види зошто Јехова силно се бори во интерес на својот народ. Тоа е за да си придобие прекрасно име. Така пророштвото на Исаија служи како силно потсетување дека носењето на Јеховиното име е и привилегија што влева страхопочит и голема одговорност. Вистинските христијани денес го љубат Јеховиното име повеќе од својот сопствен живот (Исаија 56:6; Евреите 6:10). Ним им е одбивно да прават нешто за кое постои веројатност да предизвика луѓето да го прекоруваат тоа свето име. Тие му возвраќаат на Бог за неговата лојална љубов со тоа што му остануваат лојални. И бидејќи го љубат Јеховиното прекрасно име, тие копнеат по денот кога тој ќе ги изгази своите непријатели во кацата на својот гнев — не затоа што тоа ќе им користи ним туку затоа што ќе доведе до прославување на името на Богот кого го љубат (Матеј 6:9).
[Фусноти]
a Иродовците од првиот век н.е. биле Едомци.
b Изразот ‚годината на моите искупеници‘ може да се однесува на истиот период на кој се однесува терминот ‚ден на одмазда‘. Забележи како паралелно се користени слични термини во Исаија 34:8.
c Јехова изразува чудење што никој не му понудил поткрепа. Навистина може да зачуди тоа што скоро 2.000 години по смртта на Исус, моќниците од човештвото сѐ уште се противат на Божјата волја (Псалм 2:2—12; Исаија 59:16).
d Овој стих може да почне и со зборовите: „Тој почна да се сеќава“ (Исаија 63:11, фуснота, NW). Меѓутоа, ова не мора да значи дека Јехова е тој што се сетил. Зборовите што следат ги изразуваат чувствата на Божјиот народ, а не на самиот Јехова. Затоа Soncino Books of the Bible ги преведува овие зборови: „Тогаш Неговиот народ се сети на старите денови“.
[Слика на страница 359]
Јехова имал високи очекувања од својот народ