Дваесет и петто поглавје
Покајничка молитва
1, 2. а) Која е целта на божествената дисциплина? б) Со каков избор ќе се соочат Евреите откако ќе ја примат дисциплината од Јехова?
УНИШТУВАЊЕТО на Ерусалим и на неговиот храм во 607 пр.н.е. претставувало дисциплина од Јехова, израз на неговото крајно неодобрување. Непослушната нација на Јуда заслужила строга казна. Сепак, Јехова немал намера Евреите да бидат истребени. Павле алудирал на целта на Јеховината дисциплина кога рекол: „Вистина, ниедна дисциплина во моментот не изгледа дека е радост, туку жалост; но на оние кои се обучени со неа потоа им донесува мирољубив плод, имено праведност“ (Евреите 12:11).
2 Како ќе реагираат Евреите на тешкото искуство? Дали ќе ја мразат Јеховината дисциплина или ќе ја прифатат како воспитна мерка? (Псалм 50:16, 17). Дали ќе се покаат и ќе бидат излечени? (Исаија 57:18; Езекиел 18:23). Пророштвото на Исаија укажува дека барем некои од поранешните жители на Јуда поволно ќе реагираат на дисциплината. Почнувајќи со последните стихови од 63. поглавје и продолжувајќи во 64. поглавје, нацијата на Јуда е претставена како покајнички народ, кој му пристапува на Јехова со сесрдно преколнување. Пророкот Исаија, во името на своите сонародници, кои во иднина ќе бидат во изгнанство, упатува покајничка молитва. Додека го прави тоа, зборува за идни настани како тие да се случуваат пред негови очи.
Сочувствителен Татко
3. а) На кој начин пророчката молитва на Исаија го возвишува Јехова? б) Како молитвата на Даниел покажува дека пророчката молитва на Исаија ги претставува мислите на покајничките Евреи во Вавилон? (Види ја рамката на 362. страница.)
3 Исаија му се моли на Јехова: „Погледај од небесата и види од Своето свето и славно живеалиште“. Пророкот зборува за духовните небеса, каде што живеат Јехова и неговите невидливи духовни суштества. Изразувајќи ги мислите на изгнаните Евреи, Исаија продолжува: „Каде е Твојата ревност и сила? Зар престанаа наклонетоста на Твоето срце и Твојата милост кон мене? Ах, не воздржувај го Твоето сочувство“ (Исаија 63:15). Јехова ја задржал својата сила и ги контролирал своите длабоки чувства — „наклонетоста на [Своето] срце и [Својата] милост“ — кон својот народ. Сепак, Јехова е ‚Таткото‘ на еврејската нација. Авраам и Израел (Јаков) биле нивните биолошки прататковци, но тие, дури и кога би биле вратени во живот, можеби би биле склони да го отфрлат своето отпадничко потомство. Јехова има поголемо сочувство (Псалм 27:10). Исаија благодарно вели: „Господи, Ти си наш Татко, наш Искупител — Името Ти е од секогаш“ (Исаија 63:16).
4, 5. а) Во која смисла Јехова го остава својот народ да скита далеку од неговите патишта? б) Каков вид обожавање сака Јехова?
4 Исаија продолжува со срдечни изрази: „Зошто, о Господи, зошто нѐ оставаш да скитаме далеку од Твоите патишта, зошто ни даде да ни затврднат срцата за да не се боиме повеќе од Тебе? Врати се, заради Своите слуги и заради племињата што се Твое наследство!“ (Исаија 63:17). Да, Исаија се моли Јехова повторно да им обрне внимание на своите слуги. Меѓутоа, во која смисла Јехова дозволува Евреите да скитаат далеку од неговите патишта? Дали Јехова е одговорен што им затврднале срцата, кое водело до тоа тие веќе да не се плашат од него? Не, но тој го дозволува тоа, а Евреите, во својот очај, се жалат што Јехова им дал таква слобода (Излез 4:21; Неемија 9:16). Тие посакуваат Јехова да се вмешал за да ги спречи да постапуваат погрешно.
5 Се разбира, Бог не постапува со луѓето на таков начин. Ние сме лица со слободна волја, а Јехова ни дозволува да одлучуваме самите за себе дали ќе го слушаме или не (Второзаконие 30:15—19). Јехова сака обожавање што потекнува од срца и умови кои се мотивирани од вистинска љубов. Според тоа, тој им допуштил на Евреите да ја користат својата слободна волја, иако ова им дозволило да се побунат против него. На ваков начин тој дал да им се затврднат срцата (2. Летописи 36:14—21).
6, 7. а) Какви се последиците од тоа што Евреите ги напуштиле Јеховините патишта? б) Каква залудна желба изразуваат Евреите, но што немаат право да очекуваат?
6 Каков е резултатот? Исаија пророчки вели: „[Зашто за кратко твојот свет народ имаше посед, NW.] Зошто безбожниците го газат Твоето Светилиште, а нашите непријатели ја валкаат Твојата светост? Одамна станавме како оние, со кои веќе не владееше и кои веќе не го носат Твоето Име“ (Исаија 63:18, 19). Јеховиниот народ некое време го поседувал светилиштето. Потоа Јехова дозволил да биде уништено, а неговата нација да биде одведена во изгнанство. Кога се случило тоа, изгледало како да нема сојуз помеѓу него и потомството на Авраам и како тие веќе да не го носат неговото име. Сега, заробени во Вавилон, Евреите викаат во својата безнадежност: „О, да ги раскинеш небесата и да слезеш, за да им го јавиш Своето Име на непријателите: ридовите би се треселе пред Твоето лице, народите би трепереле пред Тебе, како кога огнот ќе ги запали сувите гранки и прави да зоврие водата!“ (Исаија 64:1, 2). Јехова навистина има моќ да спаси. Тој сигурно можел да слезе и да се бори за својот народ, раскинувајќи ги владејачките системи слични на небеса и разбивајќи ги империите слични на планини. Јехова можел да им го јави своето име така, што ќе ја покажел својата огнена ревност во корист на својот народ.
7 Јехова сторил нешто такво во минатото. Исаија раскажува: „Правејќи стравотии, нечекани дела, слегуваше, и брдата се тресеа пред Тебе!“ (Исаија 64:3). Таквите големи дела ја покажале Јеховината моќ и Божественост. Меѓутоа, неверните Евреи од времето на Исаија немаат право да очекуваат Јехова да постапува на таков начин во нивна корист.
Само Јехова може да спаси
8. а) Кој е еден аспект во кој Јехова е поинаков од лажните богови на нациите? б) Зошто Јехова не прави ништо за да го спаси својот народ, и покрај тоа што може? в) Како Павле го цитира и каква примена му дава на Исаија 64:4? (Види ја рамката на 366. страница.)
8 Лажните богови не прават моќни дела на спасение за своите обожаватели. Исаија пишува: „Не се чу одвека, ниедно уво не чу, ниедно око не виде, да им направи некој бог, освен Тебе, такво нешто на оние кои се надеваат во Него. Им помагаш на оние кои радосно ја вршат правдата и си спомнуваат за тебе на Твоите патишта“ (Исаија 64:4, 5а). Само Јехова е оној што „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6). Тој дејствува за да ги заштити оние што ја вршат правдата и си спомнуваат за него (Исаија 30:18). Дали Евреите постапувале на овој начин? Не. Исаија му вели на Јехова: „Гледај! Ти самиот се огорчи, додека ние продолживме да грешиме — во нив долго време, и треба ли да бидеме спасени?“ (Исаија 64:5б, NW). Бидејќи Божјиот народ има дебело досие на упорно грешење, Јехова нема основа да ја воздржува својата огорченост и да стори нешто за да го спаси.
9. На што можат да се надеваат покајничките Евреи, и што можеме да научиме од тоа?
9 Евреите не можат да го избришат минатото, но ако се покаат и се вратат на чистото обожавање, можат да се надеваат на простување и на идни благослови. Јехова во свое време ќе ги награди покајниците така, што ќе ги ослободи од вавилонското заробеништво. Сепак, тие треба да бидат стрпливи. И покрај нивното покајание, Јехова нема да го смени својот временски распоред. Меѓутоа, ако останат будни и спремни да ја вршат Јеховината волја, загарантирано им е конечно ослободување. На сличен начин, христијаните денес се во исчекување на Јехова (2. Петрово 3:11, 12). Ние ги земаме при срце зборовите на апостол Павле, кој рекол: „Да не се откажуваме да го правиме она што е добро, бидејќи во свое време ќе пожнееме ако не се умориме“ (Галатите 6:9).
10. Која неспособност отворено ја исповедал Исаија во молитва?
10 Пророчката молитва на Исаија не е само формална исповед на гревот. Таа изразува искрено признание дека нацијата е неспособна да се спаси самата себе. Пророкот вели: „Сите станавме нечисти, а сета наша правда како извалкани облеки. Сите ние отпаднавме како лисја и нашите беззаконија нѐ однесуваат како ветар“ (Исаија 64:6). При крајот на изгнанството, еврејските покајници можеби веќе не практикуваат отпадништво. Можеби се свртуваат кон Јехова со праведни дела. Но, сѐ уште се несовршени. Кога станува збор за искупувањето на гревовите, нивните добри дела, иако се за пофалба, не се подобри од извалкани облеки. Јеховиното простување е незаслужен дар мотивиран од неговата милост. Тој не е нешто што може да се заслужи (Римјаните 3:23, 24).
11. а) Каква нездрава духовна состојба постои кај повеќето Евреи во изгнанство, и зошто можеби ова е случај? б) Кои биле извонредни примери на вера за време на изгнанството?
11 Што гледа Исаија во иднината? Пророкот се моли: „Нема никој да го повика Твоето Име, да се разбуди и да се потпре на Тебе. Зашто го скри Своето лице од нас и нѐ предаде во рацете на нашите злостори“ (Исаија 64:7). Духовната состојба на нацијата е неверојатно бедна. Луѓето не го повикуваат Божјето име во молитва. Иако повеќе не се виновни за тежок грев на идолопоклонство, изгледа дека се немарни во своето обожавање и нема кој „да се разбуди и да се потпре“ на Јехова. Јасно е дека нѐ уживаат здрав однос со својот Творец. Можеби некои се чувствуваат недостојни да му се обратат на Јехова во молитва. Други можеби си ја следат својата секојдневна рутина без да размислуваат за него. Се разбира, меѓу изгнаниците има и такви поединци како Даниел, Ананиј, Мисаил, Азариј и Езекиел, и тие се добри примери на вера (Евреите 11:33, 34). Кога 70-годишниот период на заробеништво наближил кон крајот, луѓе како Агеј, Захарија, Зоровавел и првосвештеникот Исус биле спремни да преземат извонредно водство во повикувањето на Јеховиното име. Сепак, се чини дека пророчката молитва на Исаија ја опишува состојбата на повеќето изгнаници.
„Послушноста е поскапоцена од најдобрата жртва“
12. Како покажува Исаија дека покајничките Евреи имаат желба да го променат своето однесување?
12 Покајничките Евреи имаат желба да се променат. Претставувајќи ги нив, Исаија му се моли на Јехова: „Па сепак, наш Татко си, о Господи: ние сме глина, а Ти си нашиот Грнчар — сите ние сме дело на Твоите раце“ (Исаија 64:8). Овие зборови уште еднаш го признаваат Јеховиниот авторитет на Татко, односно Животодавач (Јов 10:9). Евреите коишто се покајале се споредени со мека глина. Оние што реагираат поволно на Јеховината дисциплина можат на симболичен начин да бидат обликувани во склад со Божјите мерила. Но ова може да се постигне само ако Јехова, Грнчарот, им даде прошка. Според тоа, Исаија двапати го моли да си спомне дека Евреите се негов народ: „Не гневи се, Господи, многу жестоко, не спомнувај си непрекратно за нашата кривица. Де погледај — па сите ние сме Твој народ!“ (Исаија 64:9).
13. Во каква состојба е земјата Израел додека Божјиот народ е во изгнанство?
13 За време на изгнанството, Евреите не поднесуваат само заробеништво во една паганска земја. Запустената состојба на Ерусалим и на неговиот храм им донесува прекор и ним и на нивниот Бог. Покајничката молитва на Исаија набројува некои од работите што се причина за овој прекор: „Запустија Твоите свети градови, Сион стана пустина, и Ерусалим запустеност. Домот, нашата светина и нашата слава, во кој Те славеа нашите татковци, изгоре во оган, и сите скапоцености ни се ограбени“ (Исаија 64:10, 11).
14. а) Како предупредил Јехова на ситуацијата што постои сега? б) Иако на Јехова му биле милина неговиот храм и жртвите принесени таму, што е поважно?
14 Се разбира, Јехова е сосема свесен за состојбата на работите во прадедовската земја на Евреите. Околу 420 години пред уништувањето на Ерусалим, тој го предупредил својот народ дека ќе ‚го отстрани од лицето на земјата‘ и дека убавиот храм ќе ‚стане куп урнатини‘ ако тој се оддалечи од неговите заповеди и им служи на други богови (1. Цареви 9:6—9, NW). Точно е дека земјата што му ја дал на својот народ, величествениот храм изграден во негова чест и жртвите што му ги принесувале му биле милина на Јехова. Но, лојалноста и послушноста се многу поважни од материјалните работи, па дури и од жртвите. Пророкот Самоил погодно му рекол на цар Саул: „Дали Му се на Господа помили палениците и приносите од послушноста кон Неговиот глас? Знај, послушноста е поскапоцена од најдобрата жртва, покорноста е подобра од овни“ (1. Самоил 15:22).
15. а) Каква молба пророчки му упатил Исаија на Јехова, и како одговорил тој на неа? б) Кои настани довеле до тоа Јехова конечно да го отфрли Израел како нација?
15 Сепак, може ли Богот на Израел да ја гледа несреќата на својот покајнички народ, а да не му падне жал? Со такво прашање Исаија ја завршува својата пророчка молитва. Во името на изгнаните Евреи, тој моли: „Зар на сѐ тоа ќе се воздржуваш, Господи, зар ќе молчиш и ќе нѐ натажуваш премногу?“ (Исаија 64:12). Како што ситуацијата испаѓа на крајот, Јехова навистина му простува на својот народ и во 537 пр.н.е. го враќа во неговата земја за да може таму повторно да започне со чистото обожавање (Јоил 2:13). Меѓутоа, со векови подоцна Ерусалим и неговиот храм уште еднаш биле уништени, и Бог конечно го отфрлил својот народ на сојузот. Зошто? Затоа што Јеховиниот народ постепено се оддалечил од неговите заповеди и го отфрлил Месијата (Јован 1:11; 3:19, 20). Кога се случило тоа, Јехова го заменил Израел со една нова нација, духовна, имено, „Израелот Божји“ (Галатите 6:16; 1. Петрово 2:9).
Јехова, ,Слушачот на молитвата‘
16. Што поучува Библијата во врска со Јеховиното проштавање?
16 Од она што му се случило на Израел можат да се научат важни лекции. Гледаме дека Јехова е ‚добар и проштава со задоволство‘ (Псалм 86:5). Како несовршени суштества, зависиме од неговата милост и прошка за да добиеме спасение. Никакви дела од наша страна не можат да ни помогнат да ги заслужиме овие благослови. Меѓутоа, Јехова не дава прошка непребирливо. Само оние што се каат за своите гревови и се обраќаат можат да очекуваат Бог да им прости (Дела 3:19).
17, 18. а) Од каде знаеме дека Јехова е искрено заинтересиран за нашите мисли и чувства? б) Зошто Јехова покажува стрпливост кон грешните луѓе?
17 Исто така учиме дека Јехова е живо заинтересиран за нашите мисли и чувства кога му ги изразуваме во молитва. Тој е ‚Слушачот на молитвата‘ (Псалм 65:2, 3, NW). Апостол Петар нѐ уверува: „Очите на Јехова се насочени кон праведниците, а неговите уши кон нивното преколнување“ (1. Петрово 3:12). Освен тоа, учиме дека покајничката молитва мора да вклучува понизно исповедање на гревовите (Пословици 28:13). Сепак, ова не значи дека можеме да ја сфаќаме Божјата милост како сама по себе разбирлива. Библијата ги предупредува христијаните ‚да не ја прифатат Божјата незаслужена љубезност и да ја промашат нејзината цел‘ (2. Коринќаните 6:1).
18 На крајот, учиме која е целата на стрпливоста што Бог ја има кон својот грешен народ. Апостол Петар објаснил дека Јехова е стрплив „бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Сепак, оние што упорно ја злоупотребуваат Божјата стрпливост на крајот ќе бидат казнети. Во врска со ова читаме: „[Јехова] секому ќе му врати според неговите дела: вечен живот на оние кои со истрајност во делото кое е добро бараат слава и чест и нераспадливост; меѓутоа, за оние кои се кавгаџии и кои не ѝ се послушни на вистината, туку ѝ се послушни на неправедноста, ќе има гнев и лутина“ (Римјаните 2:6—8).
19. Кои непроменливи особини ќе ги покажува Јехова секогаш?
19 Ова е начинот на кој Бог постапувал со древниот Израел. Нашиот однос со Јехова денес е воден од истите начела бидејќи Бог не се менува. Иако не се воздржува од заслужената казна, тој секогаш ќе биде „Јахве! Господ! Бог дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински, искажува милост на илјадници, проштава опакост, грев и престап“ (Излез 34:6, 7).
[Рамка/слики на страница 362]
Покајничката молитва на Даниел
Пророкот Даниел живеел во Вавилон во текот на 70-те години заробеништво на Евреите. Некаде во 68-та година од изгнанството, Даниел увидел од пророштвото на Еремија дека престојот на Израел во Вавилон се ближи кон крајот (Еремија 25:11; 29:10; Даниел 9:1, 2). Даниел му се обратил на Јехова во молитва — и тоа покајничка молитва во името на целата еврејска нација. Самиот раскажува: „Јас го обратив своето лице кон Господа Бога, настојувајќи да се молам и да просам во пост, со вреќиште и со пепел. Јас му се молев на Господа, својот Бог, исповедувајќи се“ (Даниел 9:3, 4).
Откако Исаија ја запишал пророчката молитва, која се наоѓа во 63. и 64. поглавје, поминале околу двесте години пред Даниел да ја каже својата молитва. Несомнено, многу искрени Евреи му се молеле на Јехова во текот на тешките години на изгнанство. Меѓутоа, Библијата ја истакнува молитвата на Даниел, која се чини била одраз на чувствата на голем број верни Евреи. Така, неговата молитва покажува дека чувствата во пророчката молитва на Исаија биле навистина и чувства на верните Евреи во Вавилон.
Забележи некои сличности помеѓу молитвите на Даниел и Исаија:
Исаија 63:18 (NW) Даниел 9:17
Исаија 64:10, 11 Даниел 9:16—18
[Рамка на страница 366]
„Окото не видело“
Во своето писмо до коринќаните, апостол Павле цитирал од книгата Исаија кога напишал: „Како што е напишано: ‚Што окото не видело и увото не чуло, ниту се појавило во срцето на човекот, тоа Бог им го подготви на оние кои го љубат‘“ (1. Коринќаните 2:9).a Ниту изјавата на Павле ниту, пак, изјавите на Исаија не се однесуваат на работите што Јехова ги подготвил за својот народ со небесно наследство, а не се однесуваат ни на оние во идниот рај на Земјата. Павле ги применува зборовите на Исаија на благословите што веќе ги уживале христијаните во првиот век, како што било разбирањето на подлабоките Божји работи и примањето на духовно просветлување од Јехова.
Ние можеме да ги разбереме длабоките духовни работи само тогаш кога е Јеховиното одредено време да ги открие. Но дури и тогаш, ќе можеме да ги разбереме само ако сме духовни личности кои имаат близок однос со Јехова. Зборовите на Павле се однесуваат на оние што имаат мала или никаква духовност. Нивното око не може да види, односно да препознае духовни вистини, а нивното уво не може да чуе, односно да разбере такви работи. Спознанието за работите што Бог ги подготвил за оние што го љубат воопшто не им влегува в срце на таквите луѓе. Но, на оние што му се предадени на Бог, како што бил Павле, Бог им ги открива тие работи преку својот дух (1. Коринќаните 2:1—16).
[Фуснота]
a Зборовите на Павле не се наоѓаат во Хебрејските списи токму онака како што тој ги цитирал. Изгледа дека ги комбинирал мислите од Исаија 52:15; 64:4 и 65:17.
[Слика на страница 367]
Божјиот народ „за кратко“ го поседува Ерусалим и неговиот храм