Месииното присуство и неговата влада
„Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото“ (ДЕЛА НА СВ. АПОСТОЛИ 1:11).
1, 2. а) Како двата ангела ги утешиле Исусовите апостоли кога тој се вознел на небото? б) Кои прашања се наметнуваат за изгледот на Исусовото враќање?
ЕДИНАЕСЕТ мажи стоеле на источната падина на Маслинската гора, гледајќи во небото. Поминале само неколку моменти откако Исус Христос се кренал од помеѓу нив, а неговиот облик избледувал сѐ додека еден облак не го затемнил. Низ годините поминати со него, тие мажи виделе како Исус дава обилни докази дека бил Месијата; ја доживеале дури и тагата на неговата смрт и радоста од неговото воскресение. А сега си заминал.
2 Наеднаш се појавиле два ангела и ги кажале овие утешни зборови: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото“ (Дела на св. апостоли 1:11). Колку смирувачки — Исусовото вознесување на небото не значело дека тој раскрстил со Земјата и човештвото! Напротив, Исус требало да се врати. Без сомнение, тие зборови ги исполниле апостолите со надеж. И милиони луѓе денес му придаваат големо значење на ветувањето за Исусовото враќање. Некои зборуваат за тоа како за „второто пришествие“ или „адвент“. Но, повеќето изгледа се збунети со оглед на тоа што навистина значи Христовото враќање. На кој начин се враќа Христос? Кога? И како тоа влијае на нашите животи денес?
Начинот на Христовото враќање
3. Во што веруваат многу луѓе во врска со Христовото враќање?
3 Според книгата An Evangelical Christology, „второто Христово доаѓање или враќање (паруси́ја) го воспоставува Божјето царство, конечно, отворено, и за сета вечност“. Нашироко е познато верувањето дека Христовото враќање ќе биде јасно видливо, односно дословно видливо за сите на планетава. Како поддршка на ова сфаќање, многумина укажуваат на Откровение 1:7, кое гласи: „Ете, иде со облаците, и ќе Го види секое око, и оние, што Го прободоа“. Но, дали овој стих треба да се сфати дословно?
4, 5. а) Како знаеме дека Откровение 1:7 нема дословно значење? б) Како личните зборови на Исус го потврдуваат тоа сфаќање?
4 Сети се, книгата Откровение е претствена „во знаци“ (Откровение 1:1, NW). Според тоа, овој пасус мора да е симболичен; најпосле, како можат „оние, што Го прободоа“ да видат како Христос се враќа? Тие се мртви скоро 20 века! Не само тоа, ангелите рекле дека Христос ќе се врати „по истиот начин“ како што си заминал. Па, како си заминал? Дали го гледале милиони луѓе? Не, настанот го виделе само неколку верни. И кога ангелите им зборувале, дали апостолите дословно го гледале Христовото патување сѐ до небото? Не, покривка од облак го замаглила Исус од видикот. По некое време подоцна, сигурно влегол во духовното небо како духовно суштество, невидливо за човечките очи (1. Коринтјаните 15:50). Значи, најмногу што апостолите можеле да видат бил почетокот на Исусовото патување; не можеле да го видат неговиот завршеток, неговото враќање во небесното присуство на неговиот Татко, Јехова. Тоа можеле да го препознаат само со очите на верата (Јован 20:17).
5 Библијата учи дека Исус се враќа на многу сличен начин. Непосредно пред својата смрт, самиот Исус рекол: „Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа“ (Јован 14:19). Тој исто така, рекол дека „Царството Божјо нема да дојде забележливо“ (Лука 17:20). Тогаш, во која смисла „ќе Го види секое око“? За да одговориме, прво ни е потребно јасно разбирање на зборот којшто Исус и неговите следбеници го употребиле во врска со неговото враќање.
6. а) Зошто зборовите како што се „враќање“, „пристигнување“ или „адвент“ и „доаѓање“ не се соодветни преводи на грчкиот збор паруси́ја? б) Што покажува дека паруси́јата, или „присутноста“, трае многу подолго од кој и да било обичен моментален настан?
6 Всушност, Христос прави многу повеќе отколку само да се „врати“. Тој збор, како и „доаѓање“, „пристигнување“ или „адвент [„приштествие“]“, подразбира поединечен настан во краток временски период. Но, грчкиот збор, кој Исус и неговите следбеници го употребиле, значи многу повеќе. Зборот е паруси́ја и дословно значи „да се биде покрај“ или „присутност“. Многу научници се согласуваат со тоа дека тој збор вклучува не само пристигнување, туку и следствено присуство — како во случајот на официјална државна посета од некоја кралска личност. Тоа присуство не е моментален настан, туку посебна ера, значаен временски период. Во Матеј 24:37-39, Исус рекол дека „доаѓањето [присутноста, (NW), паруси́ја] на Синот Човечки“ ќе биде како „деновите на Ноја“ кои достигнале кулминација во Потопот. Ное ја градел арката и ги предупредувал злите со децении, пред Потопот да пристигне и да го избрише тој расипан светски систем. Па, слично на тоа, Христовата невидлива присутност трае во период од неколку децении, пред и тој да достигне кулминација во едно големо уништување.
7. а) Што докажува дека парусијата не е видлива за човечките очи? б) Како и кога ќе бидат исполнети библиските стихови кои го опишуваат Христовото враќање како видливо за „секое око“?
7 Без сомнение, паруси́јата не е дословно видлива за човечките очи. Кога би била, зошто Исус би потрошил толку многу време, како што ќе видиме, да им даде знак на своите следбеници за да им помогне да ја препознаат таа присутност?a Меѓутоа, кога Христос ќе дојде да го уништи Сатановиот светски систем, фактот дека тој е присутен ќе биде во голема мера видлив за сите. Тогаш „ќе Го види секое око“. Дури и Исусовите противници ќе можат да препознаат, на нивни ужас, дека Христовото владеење е вистинито. (Види Матеј 24:30; 2. Солунјаните 2:8; Откровение 1:5, 6.)
Кога започнува?
8. Кој настан го обележува почетокот на Христовата присутност, и каде се случило тоа?
8 Месиината присутност започнува со еден настан кој исполнува повторлива тема на месијански пророштва. Тој е крунисан како Цар на небото (2. Царства 7:12-16; Исаија 9:6, 7; Језекиил 21:26, 27). Самиот Исус покажал дека неговата присутност ќе биде поврзана со неговото царствување. Во неколку споредби, себеси се споредил со господар кој го остава својот дом и своите робови и долго време патува во „далечна земја“ каде што добива „царство [царска моќ, NW]“. Една таква споредба била дел од неговиот одговор на прашањето што го поставиле неговите апостоли кога ќе започне неговата паруси́ја; дал и друга споредба, бидејќи „мислеа дека набргу ќе се открие царството Божјо“ (Лука 19:11, 12, 15; Матеј 24:3; 25:14, 19). Затоа неговото крунисување било уште многу далеку од времето кога бил на Земјата како човек, и требало да се случи во ‚далечната земја‘ на небото. Кога требало да се случи тоа?
9, 10. Кој доказ постои дека Христос моментално владее на небото, и кога го започнал своето владеење?
9 Кога Исусовите ученици го прашале: „Каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [присутност, NW] и за свршетокот на светот?“, Исус им одговорил така што им дал еден подробен опис за тоа идно време. (Матеј, 24. поглавје; Марко, 13. поглавје; Лука, 21. поглавје; види и 2. Тимотеј 3:1-5; Откровение, 6. поглавје.) Знакот опишува една детаљна слика за една разбранувана ера. Тоа време е обележано со меѓународни војни, пораст на криминалот, семеен живот што се распаѓа, епидемии на болести, глад и земјотреси — не како проблеми ограничени со просторот, туку како неволји што ја зафаќаат целата земјина топка. Дали тоа ти звучи познато? Секој изминат ден потврдува дека 20. век совршено се поклопува со Исусовиот опис.
10 Историчарите се согласуваат дека 1914 била пресвртница во човечката историја, значајна година, после која многу од овие проблеми почнале да бегаат од контрола, прераснувајќи во светски обем. Да, сите физички светски настани во исполнение на библиските пророштва, укажуваат на 1914 како на година кога Исус почнал да владее како Цар на небото. Освен тоа, едно пророштво во 4. поглавје од Даниил дава хронолошки доказ кој нѐ води до истата таа година — 1914 — како време кога Јеховиниот помазан Цар ќе го започне своето владеење.b
Зошто време на неволји?
11, 12. а) Зошто на некои им е тешко да веруваат дека Христос токму сега владее на небото? б) Како би можеле да илустрираме што се случило откако Исус бил крунисан како Цар?
11 Но, некои се прашуваат: ‚Ако Месијата владее на небото, зошто во светот има толку многу неволји? Дали неговото владеење е безуспешно?‘ Може да помогне една споредба. Со една држава владее еден зол претседател. Тој поставил расипан систем од влијанија кои се протегаат до секое катче од државата. Но се одржуваат избори, и победува еден добар човек. Што се случува сега? Како што е случај со некои демократски земји, следи преоден период од неколку месеци пред да биде инаугуриран новиот претседател. Како ќе се однесуваат овие двајца мажи за време на тој период? Дали добриот човек веднаш ќе ги нападне и отстрани сите зла кои неговиот претходник ги нанел ширум земјата? Наместо тоа, зарем не би се сконцентрирал прво на главниот град, за да основа нов кабинет и да ги прекине сите врски со расипаните стари пријатели и приврзаници на поранешниот претседател? На тој начин, кога ќе му биде дадена потполна власт, може да делува од чисто, ефикасно седиште на моќ. Што се однесува до расипаниот претседател, зарем не би го искористил краткото време кое му останува за да ги извлече од земјата, колку што може сите добивки постигнати по нечесен пат, пред да ја изгуби сета моќ?
12 Всушност, слично е со Христовата паруси́ја. Откровение 12:7-12 покажува дека кога Христос станал Цар на небото, првата негова задача му била да го фрли Сатана и неговите демони од небото, а со тоа го исчистил местото на Неговата влада. Бидејќи Сатана го претрпел овој долгоочекуван пораз, како се однесува во текот на тоа „малку време“ пред Христос да ја врши својата потполна власт овде на Земјава? Слично на расипаниот претседател, тој се труди од овој стар систем да извлече сѐ што може. Не е заинтересиран за пари; заинтересиран е за човечки животи. Тој сака да отуѓи колку што е можно повеќе луѓе од Јехова и Неговиот владејачки Цар.
13. Како Библијата покажува дека почетокот на Христовото владеење ќе биде време на неволја овде на Земјава?
13 Тогаш, не е чудно што почетокот на Месијанската влада значи време на „леле за земјата“ (Откровение 12:12, NW). Слично на тоа, Псалми 109:1, 2, 6 покажува дека Месијата го започнува своето владеење ‚меѓу непријателите Негови‘. Дури подоцна, потполно ги здробува во заборав „народите“, заедно со сите аспекти на Сатановиот расипан систем!
Кога Месијата ќе владее на Земјата
14. Што ќе може Месијата да прави откако ќе го уништи Сатановиот зол систем на ствари?
14 Откако ќе го уништи Сатановиот систем и сите кои го поддржуваат, Месијанскиот Цар, Исус Христос, на крајот ќе биде во положба да ги исполни прекрасните библиски пророштва кои ја опишуваат неговата Милениумска Влада. Исаија 11:1-10 ни помага да видиме точно, каков владетел ќе биде Месијата. Вториот стих ни кажува дека ќе има „Дух Господов, дух на премудрост и разум, дух на совет и крепост [моќ, NW]“.
15. Што ќе значи ‚духот на моќ‘ за Месијанската влада?
15 Размисли, што би можело да значи ‚духот на моќ‘ (NW) за Исусовата влада. Кога бил на Земјата, тој имал одредена мера на моќ од Јехова која му овозможувала да прави чуда. Но, покажал и срдечна желба да им помага на луѓето кога велел: „Сакам“ (Матеј 8:3). Но, чудата во неговото време биле само претслика на она што ќе го направи кога ќе владее од небото. Исус ќе направи чуда во светски размери! Болни, слепи, глуви, сакати и куци луѓе, ќе бидат излечени за сите времиња (Исаија 35:5, 6). Изобилството на храна, што ќе биде рамномерно распоредено, засекогаш ќе му стави крај на гладот (Псалми 71:16). А што е со оние безброј милиони луѓе во гробовите на кои Бог радо се сеќава? Исусовата „моќ“ ќе ја вклучува силата да ги воскресне, со што ќе им се даде прилика да живеат засекогаш во Рајот! (Јован 5:28, 29). Сепак, дури и со сета оваа сила, Месијанскиот Цар и понатаму ќе биде сосем понизен. Тој наоѓа ‚радост во Јеховиниот страв‘ (Исаија 11:3, NW).
16. Каков Судија ќе биде Месијанскиот Цар, и како тоа ќе биде во спротивност со она што е познато за човечките судии?
16 Овој Цар ќе биде и совршен Судија. Тој „ќе суди, не според тоа како што очите Негови гледаат; и ќе ги решава делата, не според тоа како што ушите Негови слушаат“. Кој човечки судија, во минатото или во сегашноста, би можел да се опише на тој начин? Дури и еден мошне разумен човек може да суди само по она што го гледа и слуша, употребувајќи ја сета мудрост и способност за расудување што ги поседува. Според тоа, судиите и поротите на овој стар свет можат да бидат расколебани или збунети од вештото извртување на фактите со смешни судски фарси во судниците или со противречен доказен материјал. Често само богатите и моќните можат да си дозволат делотворна одбрана, всушност, да си купат правда. Но, тоа не е случај кај Месијанскиот Судија! Тој ги чита срцата. Ништо нема да му побегне незабележано. Правдата, ублажена со љубов и милост, нема да биде за продавање. Таа секогаш ќе преовладува (Исаија 11:3-5).
Како влијае на тебе неговата влада
17, 18. а) Каква сјајна слика за иднината на човештвото е насликана во Исаија 11:6-9? б) На кого првенствено се однесува ова пророштво и зошто? в) Како ова пророштво ќе има дословно исполнување?
17 Се разбира, Месијанската влада има длабоко влијание на нејзините поданици. Таа ги менува луѓето. Исаија 11:6-9 покажува колку тие промени се опсежни. Пророштвото опишува трогателна слика на опасни, грабливи животни — мечки, волци, леопарди, лавови, кобри — во друштво на безопасни домашни животни, па дури и на деца. Но грабливците не претставуваат никаква опасност! Зошто? Деветтиот стих ни дава одговор: „Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“.
18 Се разбира, ‚познавањето на Господа‘ не би можело да има некакво влијание на дословните животни; затоа овие стихови, сигурно, првенствено се однесуваат на луѓето. Месијанската влада поддржува светска образовна програма која ги поучува луѓето за Јехова и неговите патишта, поучувајќи ги спрема своите ближни да се однесуваат со љубов, почитување и достоинство. Во претстојниот Рај, Месијата на чудесен начин ќе го подигне човештвото до физичко и морално совршенство. Грабливите, животински особини кои ја нарушуваат несовршената човечка природа, ќе исчезнат. И во дословна смисла, човештвото најпосле ќе биде во мир и со животните! (Спореди 1. Мојсеева 1:28.)
19. Како владата на Месијата влијае на животите на луѓето во овие последни денови?
19 Но, сети се дека Месијата владее сега. Уште сега, поданиците на неговото Царство се учат да живеат заеднички, мирољубиво, исполнувајќи го во една смисла Исаија 11:6-9. Не само тоа, скоро 80 години Исус го исполнува Исаија 11:10: „Во оној ден кон Јесеевиот корен, кој ќе стане како знаме на народите, ќе се обрнат незнабошците, мирот негов ќе му биде слава“. Луѓе од сите нации се обраќаат кон Месијата. Зошто? Затоа што откако почнал да владее, тој „стои исправен како сигнал“ (NW). Својата присутност ја разгласува ширум светот преку распространетата образовна програма опишана погоре. Всушност, Исус претскажал дека едно светско дело на проповедање ќе биде истакнат знак на неговата присутност пред крајот на овој стар систем (Матеј 24:14).
20. Каков став треба да избегнуваат сите поданици на Месијанската влада, и зошто?
20 Значи, Христовата присутност во царска моќ не е далечна, теоретска работа или само предмет на интелектуална дебата меѓу теолозите. Неговата влада допира и менува животи овде на Земјава, токму како што Исаија прорекол дека ќе прави. Исус привлекол од овој расипан светски ситем милиони поданици за неговото Царство. Дали си ти таков поданик? Тогаш служи со сета одушевеност и радост која нашиот Владетел ја заслужува! Навистина, многу е лесно да се измориме и да му се придружиме на светскиот циничен извик: „Каде е ветувањето на Неговото доаѓање?“ (2. Петрово 3:4). Но, како што самиот Исус рекол: „Кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13).
21. Како би можел секој од нас да го зголеми своето ценење за Месијанската надеж?
21 Секој ден што поминува, сѐ поблиску нѐ приближува до големиот ден кога Јехова ќе му нареди на Својот Син да ја покаже својата присутност на целиот свет. Никогаш не дозволувај да се замрачи твојата надеж за тој ден. Медитирај за Исусовото Месијанство и за неговите особини како владејачки Цар. Длабоко размислувај и за Јехова Бог, авторот и големиот ум на значајната Месијанска надеж зацртана во Библијата. Додека размислуваш, без сомнение, сѐ повеќе и повеќе ќе се чувствуваш како апостолот Павле кога напишал: „О, каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога!“ (Римјаните 11:33).
[Фусноти]
a Во 1864, теологот Р. Говет вака се изразил: „Мене ова ми изгледа многу одлучувачки. Давањето на знак на неговата Присутност покажува дека тоа е тајна. Не ни треба никаков сигнал за да ја распознаеме присутноста на она што го гледаме“.
b За поединости, види ја книгата „Да дојде царството твое“ (срп.) стр. 132-138.
Како би одговорил?
◻ На каков начин се враќа Исус?
◻ Како знаеме дека Христовата паруси́ја е невидлива и трае во текот на долг временски период?
◻ Кога започнува Христовата присутност, и како го знаеме тоа?
◻ Каков небесен Владетел е Месијата?
◻ На кои начини Христовата влада влијае на животите на нејзините поданици?
[Слика на страница 15]
Надежта дека Исус ќе се врати, за неговите верни апостоли значела многу
[Слика на страница 17]
Владеејќи од небото, Исус ќе направи чуда во светски размери
[Извор на слика]
Earth: Based on NASA photo