‚Дали треба да се крстам?‘
ОД СИТЕ одлуки кои се бара да ги донесеме во животот, можеби ниедна не е поважна од оваа: ‚Дали треба да се крстам?‘ Зошто тоа е толку важно? Затоа што нашата одлука во врска со ова прашање директно влијае не само на нашиот начин на живот, туку и на нашето вечно добро.
Дали си ти соочен со оваа одлука? Можеби некое време ја проучуваш Библијата со Јеховините сведоци. Или можеби твоите родители те поучуваат за Библијата уште од детството. Сега си го достигнал моментот кога мораш да се одлучиш што треба да направиш. За да ја донесеш исправната одлука, треба да разбереш што вклучува крштението и кој треба да се крсти.
Што вклучува крштението
Слично на една венчавка, крштението е церемонија со која свечено се прославува еден однос. Во случајот на венчавката, дотичните маж и жена веќе имаат развиено близок однос. Свадбената церемонија само го објавува она што приватно било договорено, имено, дека сега обајцата стапуваат во стварната брачна заедница. За двојката тоа, исто така, отвора предности на кои можат да се радуваат и донесува одговорности според кои мораат да живеат во нивниот заеднички живот.
Сосема слична е ситуацијата со крштението. Додека ја проучуваме Библијата, учиме за доброљубивите работи коишто Јехова ги сторил за нас. Тој ни го дал не само животот и сѐ она што ни е потребно за да го одржуваме, туку го дал и својот единороден Син за да му го отвори патот на грешното човештво да се зближи со Него и да постигне вечен живот на рајска Земја. Кога размислуваме за сето ова, зарем не сме поттикнати да сториме нешто?
Што можеме да сториме? Божјиот Син, Исус Христос, ни кажува: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст [маченички столб, NW] и да оди по Мене“ (Матеј 16:24). Да, можеме да станеме ученици на Исус Христос, ако го следиме неговиот пример да служиме на интересите на неговиот Татко, Јехова. Меѓутоа, за да го сториме тоа, неопходно е да се ‚одречеме‘ од себе, то ест, доброволно да одлучиме да ја ставиме Божјата волја пред нашата сопствена; тоа вклучува да го понудиме, односно да го предадеме нашиот живот на вршењето на неговата волја. За да ја објавиме оваа доброволна и приватна одлука, се одржува јавна церемонија. Таа церемонија е крштевање во вода, со која го симболизираме нашето предание на Бог.
Кој треба да се крсти?
Исус Христос ги поучил своите следбеници да ‚одат и да ги научат сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, учејќи ги да пазат сѐ што им заповедал‘ (Матеј 28:19, 20). Јасно е дека од оние кои треба да се крстат се бара извесен степен на зрелост на умот и срцето. Преку своето лично студирање на Божјата Реч, тие почнале да ја ценат потребата да ‚се покајат и обратат‘ од својот поранешен начин на живот (Дела на св. апостоли 3:19). Потоа, ја увиделе потребата да го прифатат делото на евангелизација што го вршел Исус Христос и да станат негови ученици. Сето тоа се случило пред да го преземат чекорот на крштевање.
Дали си стигнал до овој степен во твојот духовен развој? Дали имаш желба да му служиш на Бог? Ако е така, разгледај го во молитва библискиот извештај за етиопскиот евнух, кој е запишан во Делата на св. апостоли, поглавје 8. Кога на овој човек му биле објаснети пророштвата за Месијата Исус, тој го испитал својот ум и срце и потоа прашал: „Што ми пречи да се крстам?“ Очигледно дека немало ништо што го спречувало; затоа бил крстен (Дела на св. апостоли 8:26-38).
Денес могумина го поставуваат истото прашање: „Што ме спречува да се крстам?“ Како резултат, во 1991 се крстиле 300.945 новопредадени поединци. Тоа му донесе голема радост на сиот Јеховин народ, а старешините во собранијата се среќни што им помагаат на другите со исправно срце да напредуваат и да ги исполнат условите за крштение.
Но, може да се случи старешините во твоето собрание да предложат да почекаш. Или, ако си млад, твоите родители можат да те упатат да чекаш. Што тогаш? Немој да се обесхрабруваш. Имај на ум дека стапувањето во личен однос со Највишиот е многу сериозна работа. Мора да се исполнат и задржат високи мерила. Затоа, слушај ги предлозите што ти се нудат и применувај ги со сето срце. Ако не ги разбираш потполно наведените причини, не срами се, туку поставувај прашања сѐ додека навистина не ги разбереш подготовките што треба да ги направиш.
Од друга страна, некои луѓе се колебаат да го преземат тој, како што тие го нарекуваат, голем чекор. Дали си ти еден од нив? Се разбира, можеби постојат одредени причини зошто мораш да го одложиш преданието и крштението. Но, ако си способен и сѐ уште се воздржуваш, добро е да се запрашаш: „Што ме спречува да се крстам?“ Во молитва разгледај ја твојата ситуација и види дали постои оправдана причина да одложуваш да се јавиш на Јеховината покана да стапиш во личен однос со него.
‚Уште сум млад‘
Ако си млад, можеби си мислиш: ‚Уште сум млад‘. Точно е дека сѐ додека како млади им остануваат послушни и полни со разбирање спрема своите христијански родители и го применуваат Светото писмо најдобро што умеат, тие можат да бидат уверени дека Јехова ги смета за „свети“. Всушност, Библијата вели дека божественото признавање на праведните родители се протега и на зависните деца (1. Коринтјаните 7:14). Меѓутоа, во Библијата не е дадена граница за тоа кога оваа зависност завршува. Затоа, за христијанските млади е важно сериозно да го разгледаат прашањето: ‚Дали треба да се крстам?‘
Библијата ги охрабрува младите да ‚си спомнуваат за нивниот Творец во дните на младоста своја‘ (Проповедник 12:1). Во тој поглед, го имаме примерот на младиот Самуил кој ‚служел пред Господа [Јехова, NW]‘ како момче. Исто така, го имаме примерот на Тимотеј, кој уште од детството ја зел при срце вистината за која го поучувале мајка му и баба му (1. Царства 2:18; 2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15).
Слично и денес, многу младинци ги предале своите животи за да му служат на Јехова. Акифуса, кој има 15 години, рекол дека една точка на Службениот состанок му помогнала да донесе одлука да се крсти. Ајуми се крстила кога имала 10 години. Сакала да му служи на Јехова бидејќи навистина го сакала. Сега има 13 години и штотуку доживеала да види како нејзината библиска ученичка, која исто така го засакала Јехова, се крсти на возраст од 12 години. Помладиот брат на Ајуми, Хикару, исто така се крстил на возраст од 10 години. „Некои рекоа дека сум премногу млад,“ се сеќава тој, „но Јехова знаеше како се чувствувам. Бев решен да се крстам откако одлучив да му го предадам животот за да му служам со сѐ што имам.“
Еден од факторите е и родителскиот пример, како што може да се види од искуството на една млада сестра. Нејзиниот татко ѝ забранил на мајка ѝ да ја проучува Библијата со неа и нејзините брат и сестра. Сакал да ги тепа и да им ги изгори книгите. Но, поради стрпливоста и верата на мајката, децата можеле да видат колку е важно да му се служи на Јехова Бог. Ова девојче се крстило на 13 години, а нејзините помали брат и сестра го следеле нејзиниот пример.
‚Престар сум‘
Псалмистот рекол: „Момчиња и девојки, старци со децата — сите нека го фалат името на Господа“ (Псалми 148:12, 13). Да, постарите мораат исто така да ја увидат потребата да заземат став на Јеховината страна. Меѓутоа, некои постари се склони да избегнуваат промени. Мислат дека „старото дрво не може да се вие“. Но, сети се дека верниот Авраам имал 75 години кога Јехова му рекол: „Излези од твојата земја, од твојот род . . . па дојди во земјата, што ќе ти ја покажам“ (Дела на св. апостоли 7:3; 1. Мојсеева 12:1, 4). Мојсеј имал 80 години кога Јехова го поставил во служба: „А сега појди . . . да го изведеш од Египет народот Мој“ (2. Мојсеева 3:10). Сите овие и други луѓе имале свој одреден начин на живот кога Јехова ги повикал да ја покажат својата љубов и предание кон него. Тие не се колебале да одговорат на Јеховиниот повик.
А како е денес? Шизуму 78 години бил будист кога започнал да ја проучува Библијата. Семејството му се противело и дури не му давало да проучува во својот сопствен дом. За само една година увидел дека е потребно да му се предаде на Јехова и се крстил. Зошто ја направил таа промена? Рекол: „Многу години лажната религија ме измамуваше, па сакав засекогаш да продолжам да ја примам вистината од Јехова“.
‚Тоа ве спасува и вас‘
Времето истекува. На коцка се животи, вклучувајќи го и твојот. Итно е потребно сериозно да го разгледаш прашањето на предание на Јехова и тоа да го симболизираш со крштевање во вода. Апостолот Петар го нагласил тоа кога рекол: „Крштавањето . . . нѐ спасува сега и нас“. Понатаму објаснил дека крштевањето не е ‚отстранување на телесната нечистотија‘, (лицето веројатно веќе го сторило тоа пред да биде во ситуација за крштевање), „туку ветувањето на Бога — добра совест [молбата до Бог за добра совест, NW]“ (1. Петрово 3:21).
Откако ќе ги исполни Јеховините барања, крстениот ученик постигнува добра совест. Со тоа што и понатаму го дава најдоброто во службата за Јехова, тој ужива душевен мир и задоволство (Јаков 1:25). А што е најважно, со увереност може да очекува бескрајни благослови од Јехова во новиот систем што треба да дојде. Нека тоа биде твој удел додека позитивно одговараш на прашањето: ‚Дали треба да се крстам?‘
[Слика на страница 21]
Самуил му служел на Јехова уште како момче
[Слика на страница 22]
Мојсеј имал 80 години кога Јехова го поставил во служба
[Слики на страница 23]
Денес и млади и стари кои се крштеваат, можат да очекуваат бескрајни благослови во Божјиот нов систем