Четиринаесетто поглавје
Јехова понижува еден арогантен град
1. Колку далеку во иднина гледа сега книгата Исаија?
ПРОРОЧКАТА книга Исаија била напишана во осми век пр.н.е., за време на асирската инвазија на Ветената земја. Како што видовме од претходните поглавја на оваа книга, Исаија со извонредна точност претскажува во кој правец ќе тргнат настаните. Меѓутоа, книгата гледа подалеку од времето на асирската превласт. Таа го претскажува враќањето на Јеховиниот народ на сојузот од изгнанство во многу земји, вклучувајќи го и Сенар, односно подрачјето каде што се наоѓал Вавилон (Исаија 11:11). Во Исаија 13. поглавје наоѓаме извонредно пророштво кое, откако ќе се исполни, ќе го отвори патот за тоа враќање. Ова пророштво е воведено со следниве зборови: „Бреме [Објава, NW] против Вавилон што го виде Исаија, синот Амосов“ (Исаија 13:1).
„Ќе ја понижам надуеноста“
2. а) Како Езекија воспоставува односи со Вавилон? б) Што е ‚сигналот‘ што ќе биде кренат?
2 За време на животот на Исаија, Јуда воспоставува односи со Вавилон. Цар Езекија паѓа сериозно болен а потоа оздравува. Од Вавилон доаѓаат амбасадори за да му упатат честитки по повод успешното закрепнување, веројатно со прикриена цел да го придобијат Езекија како сојузник во војната што ја водат против Асирија. Цар Езекија немудро им ги покажува сите свои ризници. Како резултат на тоа, Исаија му кажува на цар Езекија дека по неговата смрт, сето тоа богатство ќе биде однесено во Вавилон (Исаија 39:1—7). Ова се исполнува во 607 пр.н.е., кога Ерусалим е уништен, а нацијата е одведена во изгнанство. Меѓутоа, Божјиот избран народ нема да остане во Вавилон засекогаш. Јехова претскажува како ќе го отвори патот за тие да се вратат дома. Тој започнува: „На голо брдо кренете знаме [сигнал, NW], викајте им со сето грло, мавтајте со рацете за да влезат низ кнезовските врати“ (Исаија 13:2). ‚Сигналот‘ е една светска сила која е во подем, сила која ќе го исфрли Вавилон од неговото истакнато место. Ќе биде кренат „на голо брдо“ — да биде јасно видлив од голема далечина. Таа нова светска сила, повикана да го нападне Вавилон, ќе си пробие пат низ „кнезовските врати“, портите на тој голем град, и ќе го освои.
3. а) Кои се ‚посветените‘ што Јехова ќе ги подигне? б) Во која смисла се ‚посветени‘ паганските војски?
3 Јехова сега вели: „,Јас им дадов заповед на Своите избраници [посветени, NW], кон Својот гнев ги повикав Своите јунаци, кои го слават Моето величество.‘ Чуј! Врева на планините како од мноштво народ. Чуј! Шум од царствата на собраните народи. Господ над Воинствата ја прегледува војската за бој“ (Исаија 13:3, 4). Кои се овие „посветени“ наименувани да го соборат надуениот Вавилон? Тоа се здружени национални војски, ‚собрани народи‘. Се спуштаат против Вавилон од далечен планински регион. „Од далечен крај, од границите на небото доаѓаат тие“ (Исаија 13:5). Во која смисла се посветени? Сигурно не во смисла дека се свети. Тие се пагански војски кои немаат никаков интерес да му служат на Јехова. Меѓутоа, во Хебрејските списи, „посветен“ значи „одвоен за Бог да го користи“. Јехова може да ги посвети војските на нациите и да ги искористи нивните себични амбиции со цел да го излее својот гнев. Тој ја искористил Асирија на овој начин. На сличен начин ќе го искористи и Вавилон (Исаија 10:5; Еремија 25:9). А тој ќе искористи и други нации за да го казни Вавилон.
4, 5. а) Што претскажува Јехова за Вавилон? б) Со што ќе мораат да се справат оние што ќе го нападнат Вавилон?
4 Вавилон сѐ уште не е доминантната светска сила. Сепак, давајќи објава преку Исаија, Јехова гледа на времето кога тој ќе ја зазема таа положба, и го претскажува неговиот пад. Тој вели: „Ридајте, зашто е близу Господовиот [Јеховиниот, NW] ден, како гибел [грабеж, NW] доаѓа од Сѐмоќниот“ (Исаија 13:6). Да, фалењето на Вавилон ќе се замени со ридање од жалост. Зошто? Поради ‚Јеховиниот ден‘, денот кога Јехова ќе го изврши судот над него.
5 Сепак, како е можно Вавилон да биде опустошен? Кога ќе дојде Јеховиното време за тоа, градот ќе изгледа безбеден. Непријателските војски ќе мораат прво да се справат со природната одбрана што ја обезбедува реката Еуфрат која тече низ центарот на градот, го напојува одбранбениот ендек и го снабдува градот со вода за пиење. Потоа, тука ќе бидат и вавилонските масивни двојни ѕидини, кои се навидум неосвоиви. Освен тоа, градот ќе биде добро снабден со храна. Книгата Daily Bible Illustrations (Секојдневни библиски илустрации) вели дека Набонид — последниот цар на Вавилон — „вложил огромни напори да го снабди градот со резерви, и се смета дека жителите имале доволно [храна] за дваесет години“.
6. Што ќе се случи неочекувано кога ќе настапи проречениот напад на Вавилон?
6 Меѓутоа, изгледот може да лаже. Исаија вели: „И затоа сите раце ослабуваат, секое човечко срце се истоштува, стравотија ги обори, веќе ги опфатија труднички болки, и се грчат како родилка. Исплашени [Вчудовидено, NW] се набљудуваат еден [со] друг, лицата им се како пламен“ (Исаија 13:7, 8). Кога освојувачките војски ќе го нападнат градот, безгрижноста на жителите ќе ја замени болка толку ненадејна и силна како кај родилка. Срцата ќе им се истоштат од страв. Парализирани, нивните раце ќе ослабнат, неспособни за одбрана. Лицата ќе им бидат „како пламен“ од страв и мака. Вчудовидено ќе се гледаат еден со друг, прашувајќи се како е можно нивниот голем град да падне.
7. Каков ‚ден на Јехова‘ доаѓа, и какви ќе бидат последиците за Вавилон?
7 Сепак, ќе падне. Вавилон ќе се соочи со ден на пресметка, ‚Јеховиниот ден‘, кој навистина ќе нанесе болка. Врховниот Судија ќе го покаже својот гнев и ќе го изврши заслужениот суд над вавилонските грешни жители. Пророштвото вели: „Ете доаѓа лутиот Господов [Јеховин, NW] Ден [на] гнев и јарост — за да ја претвори земјата во пустина, за да ги истреби грешниците од неа“ (Исаија 13:9). Изгледите на Вавилон се мрачни. Како сѐ, и сонцето, и месечината и ѕвездите да престанале да даваат светлина. „Зашто небесните ѕвезди а ни соѕвездијата не ќе блескаат веќе со светлина, сонцето ќе потемнее изгревајќи, и месечината не ќе свети веќе“ (Исаија 13:10).
8. Зошто Јехова го досудува падот на Вавилон?
8 Зошто таква судбина за овој горделив град? Јехова вели: „Ќе го казнам светот [плодната земја, NW] за злото, безбожниците за беззаконието, ќе ја докрајчам горделивоста на горделивите, ќе ја понижам надуеноста на силниците“ (Исаија 13:11). Излевањето на Јеховиниот гнев ќе биде казна за свирепоста на Вавилон кон Божјиот народ. Целата земја ќе страда поради лошотијата на Вавилонците. Овие горди тирани нема повеќе отворено да му пркосат на Јехова!
9. Што го чека Вавилон во Јеховиниот ден на суд?
9 Јехова вели: „Човекот ќе биде поредок отколку пречистено злато, смртникот поредок од офирското злато“ (Исаија 13:12). Да, градот ќе стане ненаселен, пуст. Јехова продолжува: „Ќе ги разнишам небесата, ќе се помрдне земјата од местото, од гневот на Господа над Воинствата, во денот на пламнатата Му јарост“ (Исаија 13:13). „Небесата“ на Вавилон, неговото множество од богови и божици, ќе биде разнишано, неспособно да му помогне на градот тогаш кога ќе има потреба. „Земјата“, Вавилонската Империја, ќе биде помрдната, и ќе влезе во историјата како уште една мртва империја. „И тогаш, како исплашена газела, како овци што никој не ги собира, секој ќе му се врати на својот народ, секој ќе избега во својата земја“ (Исаија 13:14). Сите надворешни приврзаници на Вавилон ќе го напуштат и ќе побегнат, надевајќи се дека ќе воспостават нови односи со освојувачката светска сила. Вавилон на крајот ќе ја искуси агонијата на победен град, агонија што тој им ја нанел на толку многу други градови во деновите на својата слава: „Кого ќе го стигнат, ќе го пронижат, кого ќе го фатат, ќе го исечат со меч; пред нивните очи ќе ги смачкаат нивните младенци, ќе им ги ограбат куќите, и ќе им ги изнасилат жените“ (Исаија 13:15, 16).
Божјиот инструмент на уништување
10. Кого ќе искористи Јехова за да го порази Вавилон?
10 Која сила ќе ја искористи Јехова за да го предизвика падот на Вавилон? Околу 200 години однапред, Јехова го дава одговорот: „Ете, ги кревам Мидијците против нив, кои не го ценат среброто и што го презираат златото. Сите момчиња ќе бидат покосени, сите девојки сотрени, не ќе му се смилуваат на плодот на утробата, не ќе им се сожали окото на децата. Вавилон, украс на царствата, убавина и горделивост халдејска, ќе биде како Содом и Гомор кога Бог ги сотре“ (Исаија 13:17—19). Величествениот Вавилон ќе падне, а инструментот кој Јехова ќе го искористи за да го направи тоа ќе бидат војски од далечната планинска земја Медија.a На крајот, Вавилон ќе биде опустошен исто како тешко неморалните градови Содом и Гомор (Битие 13:13; 19:13, 24).
11, 12. а) Како Медија станува светска сила? б) Каква необична карактеристика спомнува пророштвото за медиските војски?
11 Во деновите на Исаија, и Медија и Вавилон се под асирскиот јарем. Околу еден век подоцна, во 632 пр.н.е., Медија и Вавилон ги здружуваат силите и ја соборуваат Нинивија, главниот град на Асирија. Ова го отвора патот Вавилон да стане водечка светска сила. Воопшто не бил свесен дека околу 100 години подоцна, Медија ќе го уништи него! Кој освен Јехова Бог може да даде такво смело пророштво?
12 Кога го идентификува својот избран инструмент на уништување, Јехова вели дека војските на Медија „не го ценат среброто и . . . го презираат златото“. Колку само необична карактеристика на војници закоравени во војна! Библискиот изучувач Алберт Барнс вели: „Навистина малубројни биле непријателските војски кои не биле под влијание на надежта за плен“. Дали медиските војски потврдиле дека Јехова има право во овој поглед? Да. Обрни внимание на следниов коментар што се наоѓа во книгата The Bible-Work, дело на Џ. Глентворт Батлер: „За разлика од повеќето нации коишто некогаш воделе војна, Медијците, а особено Персијците, помалку придавале важност на златото отколку на освојувањето и славата“.b Со оглед на ова, не е за изненадување тоа што персискиот владетел Кир, кога ги ослободува Израелците од вавилонско изгнанство, им враќа и неколку илјади златни и сребрени садови кои Навуходоносор ги опљачкал од ерусалимскиот храм (Езра 1:7—11).
13, 14. а) Иако не се заинтересирани за плен, кои се амбициите на медиските и персиските воини? б) Како Кир ја совладува фалената одбрана на Вавилон?
13 Иако медиските и персиските воини немаат голема страст за плен, сепак се амбициозни. Немаат намера да бидат зад која и да е нација на светската сцена. Освен тоа, Јехова им става во срцата „грабеж“ (Исаија 13:6, NW). Па така, со своите метални лакови — кои можат да ги користат не само за да стрелаат туку и за да ги удираат и здробуваат непријателските војници, синови на вавилонските мајки — тие се решени да го освојат Вавилон.
14 Кир, водачот на медо-персиските војски, не е обесхрабрен од вавилонските тврдини. Ноќта меѓу 5 и 6 октомври 539 пр.н.е., тој заповеда да се сврти текот на водите на реката Еуфрат. Додека нивото на водата опаѓа, напаѓачите крадешкум се пробиваат до градот, прегазувајќи го речното корито со вода која им допира до бедрата. Вавилонските жители се фатени на препад, и Вавилон паѓа (Даниел 5:30). Јехова Бог го инспирира Исаија да ги прорече овие настани, не оставајќи место за сомнеж дека Тој ги води работите.
15. Каква иднина го чека Вавилон?
15 Колку потполно ќе биде уништувањето на Вавилон? Слушни ја Јеховината објава: „Никогаш веќе не ќе биде со жители, од род до род ќе остане ненаселен. Арабјанецот не ќе подига таму шатор, ниту пастирите ќе одморуваат таму. Пустинските ѕверови ќе почиваат таму, бувовите ќе им ги наполнат куќите, ноевите ќе живеат таму, јарците ќе играат таму. Хиените ќе вијат во неговите замоци, а чакалите во раскошните дворци. Неговото време наближува, деновите нема да му бидат продолжени“ (Исаија 13:20—22). Судбината на градот ќе биде — потполно опустошување.
16. Каква доверба ни влева сегашната состојба на Вавилон?
16 Ова не се случило непосредно по 539 пр.н.е. Сепак, денес е многу јасно дека сѐ што претскажал Исаија во врска со Вавилон се обистинило. Вавилон „сега е, и со векови бил, сцена на големо опустошување, и претставува куп урнатини“, вели еден библиски коментатор. Потоа додава: „Невозможно е човек да ја набљудува оваа сцена, а таа да не го потсети на тоа колку точно се исполниле предвидувањата на Исаија и Еремија“. Јасно, ниту еден човек во деновите на Исаија не можел да го претскаже падот на Вавилон и неговото идно опустошување. Па, до падот на Вавилон под Медијците и Персијците дошло по околу 200 години откако Исаија ја напишал својата книга! А неговото конечно опустошување настапило со векови подоцна. Зар ова не ја зајакнува нашата вера во Библијата како инспирирана реч Божја? (2. Тимотеј 3:16). Освен тоа, бидејќи Јехова ги исполнил пророштвата во минатото, можеме да имаме апсолутна доверба дека библиските пророштва што сѐ уште не се исполнети, ќе се исполнат во Божје одредено време.
,Почини од своите страдања‘
17, 18. Каков благослов ќе донесе за Израел поразот на Вавилон?
17 Падот на Вавилон ќе донесе олеснување за Израел. Тој ќе значи ослободување од заробеништво и прилика да се вратат во Ветената земја. Затоа, Исаија сега вели: „Ќе му се смилува Господ на Јакова и пак ќе го избере Израел, ќе му даде да почине во својата земја. Ќе му се придружи придојденикот и ќе му се приклучи на Јакововиот дом. Самите народи ќе дојдат по нив и ќе ги одведат во нивниот крај, а Израелевиот Дом ќе ги наследи нив во Господовата земја како слуги и слугинки. И ќе ги заробат оние кои ги пленија нив, и ќе господарат над своите угнетувачи“ (Исаија 14:1, 2). ‚Јаков‘ овде се однесува на Израел како целина — на сите 12 племиња. Јехова ќе покаже милост кон ‚Јаков‘ со тоа што ќе дозволи нацијата да се врати дома. Нив ќе ги придружуваат илјадници странци, од кои многумина ќе им служат на Израелците како храмски слуги. Некои Израелци дури ќе имаат власт над своите поранешни поробувачи.c
18 Ќе бидат отстранети маките од живеењето во изгнанство. Наместо тоа, Јехова ќе му даде на својот народ ‚да почине од своите страдања, немири и од тешкото робување со кои го притиснале‘ (Исаија 14:3). Ослободен од физичкото бреме на ропството, Израел повеќе нема да трпи болка и немир од живеењето меѓу обожаватели на лажни богови (Езра 3:1; Исаија 32:18). Коментирајќи за ова, книгата Lands and Peoples of the Bible (Библиски земји и народи) вели: „За Вавилонецот, неговите богови биле исти како него, со сите најлоши аспекти на неговиот карактер. Тие биле кукавици, пијаници и малоумници“. Какво само олеснување било да се побегне од таква деградирана религиозна околина!
19. Што е потребно ако Израел сака да добие простување од Јехова, и што учиме од ова?
19 Сепак, Јеховината милост не е безусловна. Неговиот народ мора да покаже каење поради својата злоба, која го поттикнала Бог да ги казни толку строго (Еремија 3:25). Отворено, искрено исповедање ќе донесе простување од Јехова. (Види Неемија 9:6—37; Даниел 9:5.) Истиот принцип важи и денес. Со оглед на тоа што „нема човек кој не греши“, на сите нас ни е потребна милост од Јехова (2. Летописи 6:36). Јехова, милосрдниот Бог, со љубов нѐ повикува да му ги исповедаме своите гревови, да се покаеме и да престанеме со кој и да е погрешен пат, со цел да се излекуваме (Второзаконие 4:31; Исаија 1:18; Јаков 5:16). Ова не само што ни помага повторно да ја добиеме неговата наклоност туку ни носи и утеха (Псалм 51:1; Пословици 28:13; 2. Коринќаните 2:7).
„Пословица“ против Вавилон
20, 21. Како се радуваат соседите на Вавилон поради неговиот пад?
20 Повеќе од 100 години пред Вавилон да се подигне како надмоќна светска сила, Исаија ја претскажува реакцијата на светот на неговиот пад. Пророчки, тој им заповеда на Израелците кои се ослободени од негово заробеништво: „Ќе му ја запееш оваа пословица на вавилонскиот цар: ‚Како го снема насилникот? Како исчезна угнетувањето? Господ го скрши злосторничкиот стап и владетелското жезло што бесно ги биеше народите со удари без крај, што владееше гневно над народите, прогонувајќи ги без милост‘“ (Исаија 14:4—6). Вавилон станал прилично познат како освојувач, угнетувач кој ги претвора слободните луѓе во робови. Колку само е соодветно што неговиот пад ќе се прославува со „пословица“ упатена главно на вавилонската династија — што започнува со Навуходоносор а завршува со Набонид и Валтазар — која управувала со големиот град за време на неговите славни денови!
21 Каква само разлика ќе направи неговиот пад! „Во починка мирува сета земја воскликнувајќи од радост. Чемпресите и ливанските кедри ќе се радуваат над тебе, велејќи: ‚Откако падна, дрвосечачите не доаѓаат веќе да нѐ сечат!‘“ (Исаија 14:7, 8). Царевите на околните нации биле, за вавилонските владетели, како дрвја што треба да се исечат и да се искористат за сопствени цели. Па, свршено е со сето тоа. Вавилонските дрвосечачи го пресекле своето последно дрво!
22. Во поетска смисла, на кој начин падот на вавилонската династија влијае врз Шеолот?
22 Толку зачудувачки е падот на Вавилон што реагира и самиот гроб: „Заради тебе се возбуди Подземјето [Шеолот, NW] за да те пречека кога ќе дојдеш. Во твоја чест, тоа ги разбудува сенките, сите земни насилници, тоа ги крева од престолите сите цареви на народите. Сите тие ќе ти прозборуваат: ‚И ти си скршен како нас, стана сличен со нас. Твојата гордост се сурна во Подземјето [Шеолот, NW], и вревата на твоите харфи; под тебе е легло на гнилеж, а црвите се твоја покривка‘“ (Исаија 14:9—11). Каква само силна поетска слика! Небаре општиот гроб на човештвото ги буди сите оние цареви кои умреле пред вавилонската династија за да можат да го поздрават новодојдениот. Тие ѝ се исмејуваат на вавилонската владејачка сила, која сега е беспомошна, лежејќи на постела од гнилеж, наместо на скапоцен диван, покриена со црви, наместо со скапи чаршафи.
„Како згазен труп“
23, 24. Каква крајна ароганција покажуваат вавилонските цареви?
23 Исаија продолжува со пословицата: „Како падна од небото Деницо (Светлоносецу), сине Зорин? Како ли си симнат на земјата ти, угнетувачу на народите?“ (Исаија 14:12). Себичната гордост ги тера вавилонските цареви да се воздигнуваат себеси над оние околу нив. Како ѕвезда што сјајно свети на раното утринско небо, тие арогантно мавтаат со моќ и власт. Посебен извор на гордост на Навуходоносор му претставува освојувањето на Ерусалим, подвиг што Асирија не успеала да го постигне. Пословицата сликовито ја претставува гордата династија на Вавилон како вели: „Ќе се искачам на небесата, над Божјите ѕвезди ќе си издигнам престол за себе. На собирната гора ќе престолувам, на краен север. Ќе се искачам во облачните висини, ќе бидам еднаков со Сѐвишниот“ (Исаија 14:13, 14). Има ли нешто попретерано од ова?
24 Во Библијата, царевите од царската лоза на Давид се споредени со ѕвезди (Броеви 24:17). Од Давид па натаму, овие „ѕвезди“ владееле од гората Сион. Откако Соломон го изградил храмот во Ерусалим, името Сион почнало да го означува целиот град. Под Сојузот на законот, за сите мажи во Израел било задолжително да одат на Сион трипати годишно. Така, тој станал ‚собирна гора‘. Одлучувајќи да ги покори јудејските цареви, а потоа да ги отстрани од таа гора, Навуходоносор ја објавува својата намера да се стави себеси над тие „ѕвезди“. Тој не му ја припишува на Јехова заслугата за својата победа над нив. Наместо тоа тој, всушност, арогантно се става себеси на местото на Јехова.
25, 26. На кој начин вавилонската династија се соочува со срамен крај?
25 Каков само пресврт ја очекува гордата вавилонска династија! Вавилон е далеку од тоа да биде возвишен над Божјите ѕвезди. Напротив, Јехова вели: „Се сруши до Подземјето [Шеолот, NW], во длабочините на пропаста! Кои те видоа, те набљудуваат и размислуваат за тебе: ‚Дали е ова човекот кој ја тресеше земјата и ги разнишуваше царствата, кој го претворуваше светот [плодната земја, NW] во пустина и на земјата ги срамнуваше градовите, кој никогаш не ги пушташе дома своите заробеници?‘“ (Исаија 14:15—17). Амбициозната династија ќе биде срушена до Хадесот (Шеолот), исто како и секој друг човек.
26 Тогаш, што ќе се случи со силата што освојувала царства, уништувала плодна земја и рушела безброј градови? Што ќе се случи со светската сила која земала заробеници и никогаш не им дозволувала да се вратат дома? Па, вавилонската династија ќе нема дури ни пристоен погреб! Јехова вели: „Царевите на народите почиваат сите во чест, секој во својата гробница. А ти си исфрлен и од гробот, како одвратен смет, покриен со заклани, со прободени од меч, што се расфрлени по гробните плочи како згазен труп! Не ќе се здружиш со нив во гробот, зашто ја уништи својата земја и го искла својот народ. И довека веќе не ќе се спомнува злосторничкото племе“ (Исаија 14:18—20). Во древниот свет, се сметало за срам еден цар да биде лишен од достоен погреб. А што ќе се случи со вавилонската царска династија? Вистина е дека поединечни цареви веројатно биле погребани со почести, но владејачката династија на цареви што потекнала од Навуходоносор е отфрлена „како одвратен смет“. Тоа е како династијата да е фрлена во необележан гроб — како обичен пешадинец заклан во битка. Какво само понижување!
27. На кој начин ќе страдаат идните генерации на Вавилонците поради беззаконијата на нивните татковци?
27 Пословицата завршува со последни наредби за освојувачите, Медијците и Персијците: „Подгответе колеж на децата за беззаконијата на нивните татковци, за да не се кренат веќе да ја освојуваат земјата и да не го покријат лицето на светот!“ (Исаија 14:21). Падот на Вавилон ќе биде траен. Вавилонската династија ќе биде искоренета. Ќе нема преродба. Идните генерации на Вавилонците ќе страдаат поради „беззаконијата на нивните татковци“.
28. Што бил коренот на гревот на вавилонските цареви, и што учиме ние од ова?
28 Судот изречен над вавилонската династија содржи една вредна лекција за нас. Коренот на гревот на вавилонските цареви бил нивната бескрајна амбиција (Даниел 5:23). Срцата им биле полни со желба за моќ. Сакале да доминираат над другите (Исаија 47:5, 6). Исто така, жедувале за слава од луѓе, која со право му припаѓа на Бог (Откровение 4:11). Ова е предупредување за сите кои заземаат положби на авторитет — дури и во христијанското собрание. Амбиција и себична гордост се карактеристики кои Јехова нема да ги толерира, ниту кај поединци ниту кај нации.
29. На што биле одраз гордоста и амбицијата на вавилонските владетели?
29 Гордоста на вавилонските владетели била одраз на духот на „богот на овој систем на работи“, Сатана Ѓаволот (2. Коринќаните 4:4). И тој жедува за моќ и копнее да се постави над Јехова Бог. Како во случајот со царот на Вавилон и со народите што тој ги покорил, резултатот на Сатановата злобна амбиција е мизерија и страдање за целото човештво.
30. Кој друг Вавилон е спомнат во Библијата, и каков дух покажува тој?
30 Освен тоа, во книгата Откровение читаме за друг Вавилон — „Големиот Вавилон“ (Откровение 18:2). Оваа организација, светската империја на лажната религија, исто така покажува горделив, угнетувачки и суров дух. Како резултат на тоа, и тој мора да се соочи со еден ‚Јеховин ден‘ и да биде уништен во Божје одредено време (Исаија 13:6). Од 1919 наваму, по целата Земја се разгласува пораката: „Падна Големиот Вавилон!“ (Откровение 14:8). Кога не можел да го задржи Божјиот народ во заробеништво, тој доживеал пад. Наскоро ќе биде потполно уништен. За древниот Вавилон, Јехова заповедал: „Платете му според заслугата, направете му како што правеше, зашто се гордееше против Господа, Израелевиот Светец“ (Еремија 50:29; Јаков 2:13). На Големиот Вавилон ќе му биде изречен сличен суд.
31. Што ќе се случи наскоро со Големиот Вавилон?
31 Според тоа, Јеховината завршна изјава за ова пророштво во книгата Исаија се однесува не само на древниот Вавилон туку и на Големиот Вавилон: „Ќе станам против нив . . . и ќе му ги сотрам на Вавилон името и Остатокот, родот и породот . . . Ќе им го дадам во сопственост на ежевите и на мочуриштата. Ќе го изметам со гибелна метла“ (Исаија 14:22, 23). Опустошените урнатини на древниот Вавилон покажуваат што ќе стори Јехова наскоро со Големиот Вавилон. Каква само утеха за љубителите на вистинското обожавање! Какво само охрабрување да се напрегаме никогаш да не дозволиме во нас да се развијат сатанските карактеристики на гордост, ароганција или суровост!
[Фусноти]
a Исаија ги спомнува по име само Медијците, но неколку нации ќе бидат сојузници против Вавилон — Медија, Персија, Елам и други помали нации (Еремија 50:9; 51:24, 27, 28). Соседните нации се осврнуваат и на Медијците и на Персијците како на „Медиецот“. Освен тоа, во деновите на Исаија, Медија е доминантната сила. Персија станува доминантна дури под Кир.
b Сепак, се чини дека Медијците и Персијците подоцна развиле голема љубов кон луксуз (Естира 1:1—7).
c На пример, под Медијците и Персијците, Даниел бил наименуван за висок службеник во Вавилон. А околу 60 години подоцна, Естира станала царица како жена на персискиот цар Ахасвер, додека Мардохеј станал премиер на целата Персиска Империја.
[Слика на страница 178]
Паднатиот Вавилон ќе стане дувло на пустински суштества
[Слики на страница 186]
Слично на древниот Вавилон, Големиот Вавилон ќе стане куп урнатини