Осумнаесетто поглавје
Поуки во врска со неверноста
1. Како можеби изгледало да се биде во еден древен град под опсада?
ЗАМИСЛИ си како изгледало да се биде под опсада во еден древен град. Надвор од бедемите е непријателот — силен и немилосрден. Знаеш дека други градови веќе имаат паднато под него. Сега тој е решен да го освои и опљачка твојот град и да ги силува и убива неговите жители. Непријателските војски се далеку помоќни за човек директно да се судри во борба со нив; сѐ што можеш е да се надеваш дека бедемите ќе ги задржат надвор од градот. Додека гледаш од бедемите, можеш да ги видиш опсадните кули што ги донеле непријателите. Тие, исто така, имаат опсадни направи кои можат да исфрлаат големи заоблени камења за да ја разбијат вашата одбрана. Ги гледаш бојните овни и скалите за искачување по ѕидини, нивните стрелци и бојни коли, нивните орди војници. Каква застрашувачка глетка!
2. Кога е подигната опсадата опишана во Исаија 22. поглавје?
2 Во Исаија 22. поглавје читаме за една таква опсада — опсадата на Ерусалим. Кога се случува таа? Тешко е прецизно да се укаже на некоја конкретна опсада во која се исполниле сите опишани одлики. Се чини дека пророштвото најдобро се разбира како општ опис на различните опсади што ќе го снајдат Ерусалим, едно општо предупредување за она што претстои.
3. Како реагираат жителите на Ерусалим на опсадата што ја опишува Исаија?
3 Соочени со опсадата што ја опишува Исаија, што прават жителите на Ерусалим? Како Божји народ на сојузот, дали го преколнуваат Јехова да ги спаси? Не, тие покажуваат многу немудар став, став сличен на оној што го среќаваме денес кај многумина кои тврдат дека го обожаваат Бог.
Град под опсада
4. а) Што е „Долината на Видението“, и зошто го носи ова име? б) Каква е духовната состојба на жителите на Ерусалим?
4 Во 21. поглавје од Исаија, секоја од трите пораки на суд беше воведена со изразот „Објавата“ (Исаија 21:1, 11, 13). Поглавје 22 започнува на истиот начин: „Пророштво [Објавата, NW] за Долината на Видението: Што ти е да се искачуваш цел на покривите?“ (Исаија 22:1). „Долината на Видението“ се однесува на Ерусалим. Градот е наречен долина бидејќи, и покрај тоа што е на издигната местоположба, опколен е со повисоки планини. Се поврзува со „Видението“ бидејќи голем број божествени визии и откровенија се дадени таму. Од оваа причина, жителите на градот би требало да обрнат внимание на Јеховините зборови. Наместо тоа, тие ги игнорирале и залутале во лажно обожавање. Непријателот што го опсадува градот е инструмент на Божјиот суд против неговиот своеглав народ (Второзаконие 28:45, 49, 50, 52).
5. Од која причина, најверојатно, луѓето се качуваат на своите покриви?
5 Забележи дека жителите на „цел“ Ерусалим ‚се искачувале на покривите‘ на своите куќи. Во старо време, покривите на израелските домови биле рамни, па семејствата честопати се собирале таму. Исаија не кажува зошто го правеле ова во оваа прилика, но неговите зборови покажуваат неодобрување. Значи, веројатно се качуваат на покривите за да им се молат на своите лажни богови. Ова им е обичај во годините што му претходат на уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е. (Еремија 19:13; Софонија 1:5).
6. а) Какви услови преовладуваат внатре во Ерусалим? б) Зошто ликуваат некои, но што претстои?
6 Исаија продолжува: „Со метеж беше полн, бучен град, град што ликува. Твоите заклани не се оние заклани со мечот, ниту оние мртви во битка“ (Исаија 22:2, NW). Мноштва се слеваат кон градот, и тој е во метеж. Луѓето на улиците се бучни и уплашени. Некои, пак, ликуваат, можеби поради тоа што се чувствуваат сигурни или веруваат дека опасноста поминува.a Но, да се ликува во ова време е глупаво. Многумина во градот ќе умрат на далеку посуров начин во споредба со смртта од острица на меч. Еден град под опсада е отсечен од надворешни извори на храна. Резервите во градот се смалуваат. Изгладнетите луѓе и пренатрупаноста водат до епидемии. Затоа многумина во Ерусалим ќе умрат од глад и чума. Ова се случува како во 607 пр.н.е. така и во 70 н.е. (2. Цареви 25:3; Плач Еремиин 4:9, 10).b
7. Што прават владетелите на Ерусалим за време на опсадата, и што им се случува?
7 Во оваа криза, какво водство даваат владетелите на Ерусалим? Исаија одговара: „Сите твои диктатори побегнаа наеднаш. Без да има потреба од лак, беа одведени како затвореници. Сите оние од вас кои беа најдени, беа одведени како затвореници заедно. Побегнаа далеку“ (Исаија 22:3, NW). Владетелите и силните луѓе бегаат и фатени се! Дури и без да се оптегне лак против нив, заробени се и одведени како затвореници. Ова се случува во 607 пр.н.е. Откако е пробиен ерусалимскиот бедем, царот Седекија со своите силни луѓе бега ноќе. Непријателот дознава за ова, ги гони и ги стигнува на Ерихонските Полиња. Силните луѓе се разбегуваат. Седекија е фатен, ослепен, врзан во бакарни пранги и одвлечкан во Вавилон (2. Цареви 25:2—7). Каква само трагична последица од неговата неверност!
Очај заради несреќата
8. а) Како реагира Исаија на пророштвото што ја претскажува несреќата над Ерусалим? б) Каква ќе биде сликата во Ерусалим?
8 Ова пророштво длабоко го трогнува Исаија. Тој вели: „Оставете ме, ќе заплачам горко; не ме утешувајте заради уништувањето на Ќерката на Мојот народ“ (Исаија 22:4). Исаија тажи над проречената судбина на Моав и Вавилон (Исаија 16:11; 21:3). Сега, додека размислува за несреќата што доаѓа врз неговиот сопствен народ, го обзема уште поголем очај. Неутешлив е. Зошто? „Зашто тоа е денот на збрка и подгазување и збунетост што Суверениот Господ, Јехова над војските, го има во долината на визијата. Таму е разурнувачот на ѕидот, и викот кон планината“ (Исаија 22:5, NW). Ерусалим ќе биде исполнет со избезумена збрка. Луѓето ќе талкаат во паника, без цел. Кога непријателот ќе почне да ги пробива градските ѕидини, ќе има „вик кон планината“. Дали ова значи дека жителите на градот ќе го повикуваат Бог во неговиот свет храм на планината Морија? Можеби. Но, со оглед на нивната неверност, тоа веројатно не значи ништо друго освен дека нивните извици на ужас ќе одекнуваат во околните планини.
9. Опиши ја војската што му се заканува на Ерусалим.
9 Каков непријател му се заканува на Ерусалим? Исаија ни кажува: „Елам го зеде тулот, во бојна кола на земен човек, со бојни коњи; а Кир го откри штитот“ (Исаија 22:6, NW). Непријателите се комплетно вооружени. Тие имаат стрелци чии тулови се полни со стрели. Воините ги подготвуваат своите штитови за борба. Има и бојни коли и коњи тренирани за битка. Војската вклучува војници од Елам, сместен северно од денешниот Персиски Залив, и од Кир, веројатно сместен близу до Елам. Спомнувањето на овие земји укажува на големата оддалеченост од којашто доаѓаат напаѓачите. Тоа исто така укажува дека еламските стрелци можеби биле во војската што му се заканувала на Ерусалим во деновите на Езекија.
Обиди за одбрана
10. Кој развој на настаните е лош знак за градот?
10 Исаија го опишува развојот на ситуацијата: „Твоите красни долини полни се со бојни коли, коњаниците се наредија пред вратата. Така паѓа Јудината заштита“ (Исаија 22:7, 8а). Бојни коли и коњи ги преплавуваат долините надвор од градот Ерусалим и заземаат позиција за напад на градските порти. Што е „Јудината заштита“ која е отстранета? Веројатно тоа е градска порта, чие освојување е лош знак за бранителите.c Кога оваа заштита е отстранета, градот е отворен за своите напаѓачи.
11, 12. Какви одбранбени мерки преземаат жителите на Ерусалим?
11 Исаија сега се сосредоточува на обидите на народот да се одбрани. Прва помисла им е — оружје! „Во оној ден го сврте погледот на оружјето во Горската Куќа. Видовте дека во Давидовиот Град има многу пукнатини. Ги собравте водите од Долниот Рибник“ (Исаија 22:8б, 9). Оружјето се наоѓа во складиштето за оружје во Горската Куќа. Ова складиште за оружје го изградил Соломон. Со оглед на тоа што било изградено со кедри од Ливан, станало познато како „Куќа на Ливанската Шума“ (1. Цареви 7:2—5, NW). Прегледани се пукнатините на бедемот. Собрана е вода — важна одбранбена мерка. На народот му треба вода за да живее. Без неа, еден град не може да издржи. Забележи дека, сепак, ништо не се спомнува за тоа дека го бараат Јехова за избавување. Наместо тоа, се потпираат на своите сопствени ресурси. Никогаш да не ја направиме таа грешка! (Псалм 127:1).
12 Што може да се стори околу тие пукнатини во градскиот бедем? „Ги преброивте ерусалимските куќи, ги разурнавте куќите за да го зацврстите ѕидот“ (Исаија 22:10). Куќите се проценети за да се види која би можела да биде срушена за да обезбеди материјали за поправање на пукнатините. Ова е во обид да се спречи непријателот да постигне потполна контрола над бедемот.
Безверен народ
13. Како луѓето се обидуваат да си обезбедат резерва од вода, но на кого забораваат?
13 „Меѓу двата ѕида направивте собиралиште за водата од Стариот Рибник. Но не погледнавте кон Творецот, ниту го видовте Оној Кој одамна смислил сѐ“ (Исаија 22:11). Напорите да се собере вода, опишани и овде и во 9. стих, нѐ потсетуваат на акцијата што ја презел цар Езекија за да го заштити градот од Асирците кои го напаѓале (2. Летописи 32:2—5). Меѓутоа, луѓето од градот во ова пророштво на Исаија се апсолутно безверни. Додека работат на одбраната на градот, тие, за разлика од Езекија, не ни помислуваат на Творецот.
14. И покрај предупредувачката порака од Јехова, каков немудар став имаат луѓето?
14 Исаија продолжува: „Господ, Господ над Воинствата, ве повикуваше во оној ден да плачете и да жалите, да ги избричите главите и да ги препашете вреќиштата. А ете: радост и веселба, ги убиваат говедата и ги колат овците; јадат месо и пијат вино: ‚Да јадеме и пиеме, зашто утре ќе умреме‘“ (Исаија 22:12, 13). Жителите на Ерусалим не покажуваат никаква грижа на совеста за својата побуна против Јехова. Не плачат, не си ги стрижат косите, ниту носат вреќишта во знак на покајание. Кога би го направиле тоа, Јехова веројатно би ги поштедил од претстојните ужаси. Наместо тоа, се препуштаат на сетилно уживање. Истиот став постои и денес кај многумина кои не полагаат вера во Бог. Поради тоа што немаат надеж — ниту во воскресение од мртвите ниту во живот на идната рајска Земја — тежнеат по живот на самопопустливост, велејќи: „Да јадеме и пиеме, зашто утре ќе умреме“ (1. Коринќаните 15:32). Колку кратковидо! Кога само би ја положиле својата доверба во Јехова, би имале трајна надеж! (Псалм 4:6—8; Пословици 1:33).
15. а) Која е Јеховината порака на суд против Ерусалим, и кој го извршува неговиот суд? б) Зошто ќе доживее христијанскиот свет судбина слична на онаа на Ерусалим?
15 Жителите на опсадениот Ерусалим нема да знаат за сигурност. Исаија вели: „Господ над силите ми јави: ‚Додека не умрете, тој грев нема да ви биде простен,‘ рече Господ, Господ над Војските“ (Исаија 22:14). Поради закоравеноста на срцето на народот, ќе нема прошка. Смртта нема да ги заобиколи. Сосема сигурно ќе дојде. Суверениот Господ, Јехова над Војските, вели дека ќе биде така. Во исполнување на пророчките зборови на Исаија, несреќата доаѓа двапати над неверниот Ерусалим. Тој е уништен од војските на Вавилон и подоцна од војските на Рим. На ист начин, ќе дојде несреќа и над неверниот христијански свет, чиишто членови тврдат дека го обожаваат Бог но, всушност, со своите дела се откажуваат од него (Тит 1:16). Гревовите на христијанскиот свет, заедно со гревовите на другите светски религии, кои се потсмеваат на Божјите праведни патишта, ‚се натрупале сѐ до небото‘. Слично на гревот на отпадничкиот Ерусалим, нивниот грев е преголем за да се искупи (Откровение 18:5, 8, 21).
Себичен настојник
16, 17. а) Кој добива сега предупредувачка порака од Јехова, и зошто? б) Што ќе му се случи на Шевна поради неговите големи амбиции?
16 Пророкот сега го свртува своето внимание од неверниот народ кон еден неверен поединец. Исаија пишува: „Вака зборува Господ, Господ над Воинствата: ‚Тргни, оди кај оној дворјанец, кај Шевна, домоуправник [настојник, NW] на дворецот, кој си делка гроб на високото место и си засечува живеалиште во стената: „Со што располагаш тука и кого го имаш тука, за да делкаш гробница за себе?“‘“ (Исаија 22:15, 16).
17 Шевна е ‚настојник на дворецот‘, можеби дворецот на цар Езекија. Како таков, тој е на влијателна положба, веднаш по царот. Од него се очекува многу (1. Коринќаните 4:2). Сепак, кога треба првенствено да посвети внимание на работите на нацијата, Шевна тежнее по слава за себеси. Тој има луксузна гробница — која може да се спореди со гробницата на еден цар — што ја изделкал за себе високо во една стена. Забележувајќи го ова, Јехова го инспирира Исаија да го предупреди неверниот настојник: „Ете, Господ ќе те фрли далеку со еден единствен удар, ќе те фати силно, ќе те смота во клопче, ќе те фрли како топка во широка земја! Ти ќе умреш таму, со колата што ти беше слава, ти, сраму на дворецот на својот господар! Ќе те лишам од твојата служба, ќе те истерам од твоето место“ (Исаија 22:17—19). Поради својата саможивост, Шевна нема да има ни обична гробница во Ерусалим. Наместо тоа, ќе биде фрлен како топка, да умре во далечна земја. Ова содржи предупредување за сите оние на кои им е доверен авторитет меѓу Божјиот народ. Злоупотребата на моќта ќе доведе до губење на тој авторитет и до можно протерување.
18. Кој ќе го замени Шевна, и што значи тоа што тој ќе ја добие службената облека на Шевна и клучот од Давидовиот дом?
18 Сепак, како ќе биде Шевна отстранет од својата положба? Преку Исаија, Јехова објаснува: „Ќе го повикам својот слуга Елијаким, Хелкиевиот син. Ќе му ја облечам твојата облека, ќе го препашам со твојот појас, ќе му ја предадам твојата власт во рацете, па ќе им биде татко на ерусалимските жители и на Јудината куќа. Ќе му го ставам на плеќи клучот на Давидовиот Дом: Кога ќе отвори, никој не ќе затвори, кога ќе затвори, никој не ќе отвори“ (Исаија 22:20—22). Кога Елијаким ќе го замени Шевна, ќе му бидат дадени настојничките службени облеки заедно со клучот на Давидовиот дом. Библијата го користи терминот ‚клуч‘ за да симболизира авторитет, влада или моќ. (Спореди Матеј 16:19.) Во старо време, советникот на царот, кому му биле доверени клучевите, можеби имал сеопфатен надзор над царските одаи, па дури и над донесувањето одлуки во врска со кандидати за царска послуга. (Спореди Откровение 3:7, 8.) Значи, службата на настојник е важна, и многу се очекува од секого кој служи во неа (Лука 12:48). Шевна можеби е способен, но поради тоа што е неверен, Јехова ќе го смени.
Два симболични клина
19, 20. а) Како Елијаким ќе се покаже како благослов за својот народ? б) Што ќе им се случи на оние што продолжуваат да се потпираат на Шевна?
19 На крајот, Јехова користи симболичен јазик за да го опише префрлањето на власта од Шевна на Елијаким. Тој вели: „,Ќе го забијам [Елијаким] како клин во цврсто место; и ќе стане престол на слава на татковиот си дом. На него ќе биде закачувана сета слава на неговиот татковски дом, подниците и потомството, сите мали садови, од чаши до грнци. Во оној ден — слово е на Господа над Војските — ќе го истргам клинот [Шевна] закачен во цврсто место, ќе се скрши и ќе падне. И сиот товар што висеше на него ќе се скрши, зашто Господ зборуваше‘“ (Исаија 22:23—25).
20 Во овие стихови, првиот клин е Елијаким. Тој ќе стане „престол на слава“ за домот на својот татко, Хелкија. За разлика од Шевна, тој нема да му нанесе срам на татковиот дом, односно на татковиот углед. Елијаким ќе биде трајна поддршка на садовите во домаќинството, то ест на другите што се во служба на царот (2. Тимотеј 2:20, 21). Спротивно на ова, вториот клин се однесува на Шевна. Иако можеби изгледа дека е на сигурно, тој ќе биде отстранет. Секој кој ќе продолжи да се потпира на него, ќе падне.
21. Во современа доба, кој бил сменет како што бил сменет Шевна, зошто, и кој го сменил?
21 Искуството на Шевна нѐ потсетува дека меѓу оние што тврдат дека го обожаваат Бог, тие кои ги прифаќаат предностите на службата треба да ги користат за да им служат на другите и да му донесат фалба на Јехова. Не треба да ја злоупотребуваат својата положба со цел да се збогатат или да се истакнат себеси. На пример, христијанскиот свет долго се претставувал како наименуван настојник, земен претставник на Исус Христос. Меѓутоа, исто како што Шевна му нанел срам на својот татко барајќи слава за себеси, така водачите на христијанскиот свет му нанеле срам на Творецот натрупувајќи богатства и зголемувајќи ја својата моќ. Според тоа, кога во 1918 дошло времето за судот „да почне од домот Божји“, Јехова го отстранил христијанскиот свет. Бил идентификуван друг настојник — „верниот настојник, разборитиот“ — и бил наименуван над земното домаќинство на Исус (1. Петрово 4:17; Лука 12:42—44). Оваа комбинирана класа се покажала достојна да го носи царскиот ‚клуч‘ на Давидовиот дом. Како еден „клин“ достоен за доверба, тој се покажал како доверлива поддршка за сите различни „садови“, помазани христијани со различни одговорности кои се потпираат на него за духовна издршка. И ‚другите овци‘, како ‚странскиот жител зад портите‘ на древниот Ерусалим, зависат од овој „клин“, современиот Елијаким (Јован 10:16; Второзаконие 5:14).
22. а) Зошто било навремено сменувањето на Шевна како настојник? б) Во современа доба, зошто било навремено наименувањето на „верниот настојник, разборитиот“?
22 Елијаким го сменил Шевна кога Сенахирим и неговите орди му се заканувале на Ерусалим. На сличен начин, „верниот настојник, разборитиот“ бил наименуван да служи во времето на крајот, кое ќе заврши тогаш кога Сатана и неговите сили ќе тргнат во последен напад на „Израелот Божји“ и на нивните придружници, другите овци (Галатите 6:16). Како и во деновите на Езекија, тој напад ќе заврши со уништување на непријателите на праведноста. Оние што се потпираат на ‚клинот во цврсто место‘, верниот настојник, ќе преживеат, исто како што верните жители на Ерусалим ја преживеале асирската инвазија на Јуда. Според тоа, колку е само важно да не се држиме за отфрлениот „клин“ на христијанскиот свет!
23. Што се случува на крајот со Шевна, и што можеме да научиме од ова?
23 Што се случува со Шевна? Немаме извештај за тоа како се исполнило пророштвото запишано за него во Исаија 22:18. Кога се возвишува себеси и потоа е посрамен, личи на христијанскиот свет, но можеби научил нешто од дисциплината. Во ова, тој многу се разликува од христијанскиот свет. Кога Асирецот Раб Шак бара Ерусалим да се предаде, новиот настојник на Езекија, Елијаким, ја предводи делегацијата која излегува да го пресретне. Меѓутоа, Шевна е покрај него како секретар на царот. Очигледно, Шевна е сѐ уште во служба на царот (Исаија 36:2, 22, NW). Каква само добра поука за оние што ќе ја изгубат својата положба на служба во Божјата организација! Наместо да бидат огорчени и навредени, тие се мудри што продолжуваат да му служат на Јехова во кое и да било својство што тој го дозволува (Евреите 12:6). Со таквото постапување, ја избегнуваат несреќата што ќе го снајде христијанскиот свет. Тие ќе уживаат Божја наклоност и благослов во вечноста.
[Фусноти]
a Во 66 н.е., голем број Евреи ликувале кога се повлекле римските војски кои го опсадувале градот.
b Според Јосиф, историчар од првиот век, гладот во Ерусалим во 70 н.е. бил толку голем што луѓето јаделе кожа, трева и сено. Се известува и за случај кога една мајка го испекла и го изела својот сопствен син.
c Како алтернатива, „Јудината заштита“ може да се однесува на нешто друго што го штити градот, како што се тврдините каде што е складирано оружјето и каде што се сместени војниците.
[Слика на страница 231]
Кога Седекија бега, го заробуваат и го ослепуваат
[Слика на страници 232 и 233]
Изгледите се мрачни за Евреите што се фатени во Ерусалим
[Слика на страница 239]
Езекија го направил Елијаким „клин во цврсто место“
[Слика на страница 241]
Слично на Шевна, многумина од водачите на христијанскиот свет му нанеле срам на Творецот со натрупување богатства
[Слики на страница 242]
Во современа доба, една верна класа на настојник била наименувана над домаќинството на Исус