Дваесетто поглавје
Јехова е Цар
1, 2. а) Кој ќе го искуси Јеховиниот гнев? б) Ќе ја одмине ли Јуда казната, и од каде го знаеме ова?
ВАВИЛОН, Филистеја, Моав, Сирија, Етиопија, Египет, Едом, Тир, Асирија — сите ќе го искусат Јеховиниот гнев. Исаија ги прорекол несреќите што ќе ги снајдат овие непријателски настроени нации и градови. Сепак, што е со Јуда? Ќе ги одмине ли жителите на Јуда казната за нивните грешни патишта? Историскиот запис одговара со едно громко не!
2 Разгледај што ѝ се случило на Самарија, главниот град на десетплеменското царство Израел. Таа нација не постапувала во склад со својот сојуз со Бог. Не се држеле одвоени од развратните навики на нациите околу нив. Наместо тоа, жителите на Самарија „постојано правеа незгодни дела против Господа . . . Тогаш Господ се разгневи на Израел и го отфрли од пред Своето лице“. Поведувајќи ги насила од нивниот крај, ‚ги одвеле Израелците од нивната земја во ропство во Асирија‘ (2. Цареви 17:9—12, 16—18, 23; Осија 4:12—14). Она што му се случило на Израел било лош знак за неговото сестринско царство Јуда.
Исаија го претскажува опустошувањето на Јуда
3. а) Зошто Јехова го остава двоплеменското царство Јуда? б) На што е решен Јехова?
3 Некои цареви на Јуда биле верни, но повеќето не биле. Дури и под еден верен цар како Јотам, народот не се одвратил потполно од лажното обожавање (2. Цареви 15:32—35). Злобата во Јуда достигнала кулминација за време на владеењето на крвожедниот цар Манасиј кој, според еврејската традиција, го убил верниот пророк Исаија, заповедајќи да го пресечат со пила. (Спореди Евреите 11:37.) Овој зол цар ‚ги заведува Јудејците и ерусалимците та прават уште полошо од народите што Господ ги откорнал пред Израеловите синови‘ (2. Летописи 33:9). Под владеењето на Манасиј земјата станува уште позагадена отколку што била под власта на Ханаанците. Според тоа, Јехова објавува: „Еве, ќе направам да дојде неволја на Ерусалим и на Јудеја, таква што ќе им заѕунат двете уши на оние што ќе чујат за неа . . . ќе го избришам Ерусалим како што се брише посатката, па тогаш се превртува. Ќе ги отфрлам остатоците [остатокот, NW] на Своето наследство, ќе ги предадам во рацете на нивните непријатели; ќе им служат за плен и за грабеж на сите свои непријатели, зашто правеа што е зло во Моите очи, и зашто го предизвикуваат Мојот гнев“ (2. Цареви 21:11—15).
4. Што ќе ѝ направи Јехова на Јуда, и како се исполнува ова пророштво?
4 Како кога една посатка се превртува, при што сѐ што е во неа се истура, така земјата ќе биде испразнета од своите човечки жители. Ова претстојно опустошување на Јуда и Ерусалим е повторно тема на пророштвото на Исаија. Тој започнува: „Ете, Господ ја запустува земјата, ја разурнува, ѝ го обезобразува лицето, ги распрснува нејзините жители“ (Исаија 24:1). Ова пророштво се исполнува кога Ерусалим и неговиот храм се уништени од нападите на вавилонските војски под цар Навуходоносор и кога жителите на Јуда се десеткувани со меч, глад и чума. Повеќето преживеани Евреи се одведени како заробеници во Вавилон, а малкуте преостанати бегаат во Египет. Така, земјата Јуда е разорена и потполно раселена. Не остануваат дури ни домашните животни. Опустената земја станува пустелија на мрачни урнатини населени само со диви ѕверови и птици.
5. Ќе биде ли некој изземен од Јеховиниот суд? Објасни.
5 Ќе добие ли некој во Јуда повластен третман за време на претстојниот суд? Исаија одговара: „Свештеникот ќе биде како народот, господарот како и слугата, господарката како и слугинката, продавачот како и купувачот, заемодавачот како и позајмувачот, оној што дава на заем како и должникот. Земјата ќе биде запустена, сосем ограбена, зашто Господ одлучи“ (Исаија 24:2, 3). Богатството и предностите на храмската служба нема ништо да значат. Ќе нема никакви исклучоци. Земјата е толку расипана што сите што ќе преживеат — свештеници, слуги и господари, купувачи и продавачи — ќе мораат да одат во изгнанство.
6. Зошто Јехова го повлекува својот благослов од земјата?
6 Со цел да нема недоразбирања, Исаија опишува колку потполна ќе биде оваа претстојна катастрофа и ја објаснува причината за неа: „Земјата тажи, венее, светот гине, згаснува, небото пропаѓа со земјата [Големците од народот на земјата се исушија, NW]. Земјата е онечистена под своите жители, зашто го престапија Законот, ја изгазија [сменија, NW] одредбата, го нарушија вечниот Завет. Затоа проклетството ја проголтува земјата, нејзините жители се виновни. Затоа се изгорени земните жители и малку луѓе останаа“ (Исаија 24:4—6). Кога на Израелците им била дадена земјата Ханаан, увиделе дека тоа е ‚земја во која течат мед и млеко‘ (Второзаконие 27:3). Сепак, тие и понатаму останале зависни од Јеховиниот благослов. Ако ги држеле верно неговите уредби и заповеди, земјата ќе ‚раѓала род‘, но ако ги занемареле неговите закони и заповеди, напорите да ја обработуваат земјата ќе биле ‚напразни‘, а земјата ‚немало да го даде својот род‘ (Левит 26:3—5, 14, 15, 20). Јеховиното проклетство ќе ‚ја проголтало земјата‘ (Второзаконие 28:15—20, 38—42, 62, 63). Сега Јуда мора да очекува да го искуси тоа проклетство.
7. Како сојузот на Законот требало да биде благослов за Израелците?
7 Околу 800 години пред дните на Исаија, Израелците доброволно стапиле во сојузен однос со Јехова и се согласиле да постапуваат во склад со него (Излез 24:3—8). Според условите на тој сојуз на Законот, ако биле послушни на Јеховините заповеди ќе доживееле богати благослови, но ако го прекршеле сојузот ќе ги изгубеле своите благослови и ќе биле одведени во заробеништво од страна на своите непријатели (Излез 19:5, 6; Второзаконие 28:1—68). Овој сојуз на Законот, даден преку Мојсеј, требало да остане во сила неодредено, неопределено време. Тој требало да ги заштитува Израелците сѐ до појавувањето на Месијата (Галатите 3:19, 24).
8. а) Како народот ‚го престапил Законот‘ и ‚ја сменил одредбата‘? б) На кои начини „големците“ се првите што ќе се ‚исушат‘?
8 Но народот го ‚нарушил вечниот сојуз‘. Ги престапиле божествено дадените закони, игнорирајќи ги. Ја ‚смениле одредбата‘, следејќи правни практики поинакви од оние што им ги дал Јехова (Излез 22:25; Езекиел 22:12). Затоа, народот ќе биде отстранет од земјата. Никаква милост нема да им биде покажана во претстојниот суд. Меѓу првите што ќе се ‚исушат‘ поради Јеховиното повлекување на својата заштита и наклоност ќе бидат „големците“, благородништвото. Во исполнување на ова, додека се приближува уништувањето на Ерусалим, прво Египќаните, а потоа Вавилонците ги прават јудејските цареви свои вазали. Подоцна, цар Јоахин и други членови на царското семејство се меѓу првите што се одведени во вавилонско заробеништво (2. Летописи 36:4, 9, 10).
Радоста ја напушта земјата
9, 10. а) Каква улога игра земјоделството во Израел? б) Кое е значењето на изразот секој да ‚седи под виновата лоза, и под својата смоква‘?
9 Нацијата Израел е земјоделско општество. Откако Израелците влегле во Ветената земја, се населиле и почнале да се занимаваат со земјоделство и сточарство. Така, земјоделството зазема важно место во законите што му биле дадени на Израел. Дадена е заповед секоја седма година земјата да има задолжителен сабатен одмор за да се овозможи обновување на плодноста на почвата (Излез 23:10, 11; Левит 25:3—7). Трите годишни празници, за кои на нацијата ѝ е дадена заповед да ги слави, се временски усогласени со земјоделските сезони (Излез 23:14—16).
10 Лозјата се честа слика низ земјата. Писмото го означува виното, продукт на лозата, како дар од Бог што „го развеселува човечкото срце“ (Псалм 104:15). Секој да „седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква“ означува напредок, мир и сигурност под Божјата праведна влада (1. Цареви 4:25; Михеј 4:4). Една успешна сезона на гроздобер се смета за благослов и е причина за пеење и радување (Судии 9:27; Еремија 25:30). Важи и спротивното. Кога лозите ќе се исушат или нема да даваат грозје и лозјата ќе станат пустелии од трње, тоа е доказ дека Јехова го повлекол својот благослов — време на голема жалост.
11, 12. а) Како Исаија ги илустрира условите што ќе настапат како резултат на Јеховиниот суд? б) Какви мрачни изгледи опишува Исаија?
11 Значи, Исаија соодветно ги користи лозјата и нивниот род за да ги илустрира условите што ќе настапат како резултат на Јеховиното повлекување на својот благослов од земјата: „Виното тагува, лозата венее, воздивнуваат сите што беа со весело срце. Прекрати веселбата покрај тапаните [дајрињата, NW], замре разиграната врева, прекратија веселбите покрај гуслето [харфата, NW]. Не се пие веќе вино со песни, се згорчи жестокиот пијалак. Суетниот град е разурнат, затворен е влезот во сите куќи. Плач по улиците заради виното, ја снема секоја веселба, радоста е протерана од земјата. Само пустота остана во градот, со тресок се скршени вратите“ (Исаија 24:7—12).
12 Дајрињата и харфата се многу пријатни инструменти кои се користеле за да се слави Јехова и да се изрази радост (2. Летописи 29:25; Псалм 81:2, NW). Нивната музика нема да се слуша во ова време на божествено казнување. Ќе нема радосен гроздобер. Ќе нема звуци на радост во опустошените урнатини на Ерусалим, со неговите ‚врати скршени со тресок‘ и куќи „затворени“ за никој да не може да влезе. Какви само мрачни изгледи за жителите на една земја што природно е толку плодна!
Еден остаток „воскликнува од радост“
13, 14. а) Кои се Јеховините закони во врска со бербата? б) Како Исаија ги користи законите за бербата за да илустрира дека некои ќе го преживеат Јеховиниот суд? в) Иако доаѓаат мрачни раздобја на искушение, во што можат да бидат сигурни верните Јудејци?
13 Со цел да ги соберат маслинките, Израелците со стапови ги чукаат дрвјата за да паднат плодовите. Според Божјиот закон, забрането им е да се качуваат по гранките на дрвјата за да ги соберат преостанатите маслинки. Ниту, пак, требало да ги собираат преостанатите гроздови по бербата на лозјата. Остатоците од бербата требало да им се остават на сиромашните — „на придојденикот, на сирачето и на вдовицата“ — за да ги дособерат (Второзаконие 24:19—21). Користејќи ги овие добро познати закони, Исаија го илустрира утешниот факт дека ќе има преживеани од Јеховиниот претстоен суд: „Така се збиднува на земјата, меѓу народите, како кога ќе се соберат маслинките, или кога се дособира грозјето по гроздоберот. Тие го креваат гласот, воскликнуваат од радост; го возвишуваат од морето Господовото величие. Тие го слават Господовото Име на исток, го слават морските острови името на Господа, Израелевиот Бог. Од крајот на земјата ја слушаме песната: ‚Слава на Праведникот!‘“ (Исаија 24:13—16а).
14 Исто како што некои плодови остануваат на дрвото или на лозата по бербата така ќе има и некои што ќе преостанат по Јеховиното извршување на судот — како „кога се дособира грозјето по гроздоберот“. Според запишаното во 6. стих, пророкот веќе зборувал за нив, велејќи дека „малку луѓе останаа“. Сепак, колку и да се малку, ќе има преживеани од уништувањето на Ерусалим и Јуда, а подоцна еден остаток ќе се врати од заробеништво за повторно да ја насели земјата (Исаија 4:2, 3; 14:1—5). Иако оние со исправно настроени срца ќе доживеат мрачни раздобја на искушение, можат да бидат сигурни дека пред нив стои избавување и радост. Преживеаните ќе видат како постепено се разоткрива Јеховината пророчка реч и ќе сфатат дека Исаија е вистински пророк на Бог. Ќе бидат исполнети со радост додека гледаат како се исполнуваат пророштвата за обнова. Сеедно каде се распрснати — на островите на Средоземното Море на запад, во Вавилон „на исток“ или на некое друго далечно место — ќе го слават Бог затоа што се зачувани, и ќе пеат: „Слава на Праведникот!“
Нема бегање од Јеховиниот суд
15, 16. а) Како се чувствува Исаија во врска со она што ќе му се случи на неговиот народ? б) Што ќе ги снајде неверните жители на земјата?
15 Засега, сепак, прерано е за радување. Исаија ги враќа своите современици назад во сегашноста, наведувајќи: „Но јас велам: ‚Пропаднав! Пропаднав! Тешко мене! Вероломците се изневерија со неверство, вероломците се изневерија.‘ Страв, јама, стапица, за тебе, жителу на земјата: Кој ќе избега пред гласот на стравот, ќе падне во јама, кој ќе се извлече од јамата ќе биде фатен од стапицата. Да, ќе ги отворам браните одозгора и ќе ги растресам основите на земјата. Земјата ќе се разбие грозно, земјата ќе се распука страшно, земјата ќе се стресе силно, земјата ќе се залула како пијаница, ќе се заниша како колиба, толку ќе ѝ стежне нејзиното беззаконие, што ќе падне и веќе не ќе стане“ (Исаија 24:16б—20).
16 Исаија е исполнет со жал заради она што ќе го снајде неговиот народ. Состојбата на работите околу него предизвикува тој да се чувствува болен и да му е тешко. Предавниците ги има во голем број и предизвикуваат страв кај жителите на земјата. Кога Јехова ќе ја повлече својата заштита, неверните жители на Јуда ќе ги обзема ужас и дење и ноќе. Животот ќе им биде несигурен. Не ќе може да се избегне катастрофата што ќе ги снајде затоа што ги напуштиле Јеховините заповеди и ја игнорирале божествената мудрост (Пословици 1:24—27). Несреќа ќе дојде и покрај тоа што предавниците во земјата, обидувајќи се да го убедат народот дека сѐ ќе биде во ред, користат лага и измама за да ги одведат на патот кон уништување (Еремија 27:9—15). Непријателите однадвор ќе дојдат и ќе ги опљачкаат и ќе ги однесат како заробеници. Сето ова е многу мачно за Исаија.
17. а) Зошто нема да биде можно да се бега? б) Кога Јехова ќе ја ослободи својата судска моќ од небесата, што ќе ѝ се случи на земјата?
17 Сепак, обврска на пророкот е да објави дека ќе нема бегање. Каде и да се обидат да бегаат, луѓето ќе бидат фатени. Некои можеби ќе избегнат една несреќа, но ќе бидат фатени во друга — никаде нема да бидат на сигурно. Ќе бидат исто како гонето животно кое избегнува да падне во јама, но се фаќа во стапица. (Спореди Амос 5:18, 19.) Јехова ќе ја ослободи својата судска моќ од небесата и ќе ги потресе самите основи на земјата. Како пијаница, земјата се тетерави и паѓа, тешка од вина и неспособна повторно да стане (Амос 5:2). Јеховиниот суд е конечен. Земјата ќе ја снајде потполно уништување и разорување.
Јехова ќе владее во слава
18, 19. а) На што може да се однесува „небесната војска“, и како овие се собрани „во темница“? б) Веројатно како ќе ѝ биде обрнато внимание на „небесната војска“ „по многу денови“? в) Како Јехова им посветува внимание на ‚земните цареви‘?
18 Пророштвото на Исаија сега се проширува, укажувајќи на крајното остварување на Јеховината намера: „И ќе се случи во оној ден: Господ ќе ја казни во висината небесната војска, а на земјата сите земни цареви; ќе бидат собрани и затворени во јама, затворени во темница и казнети по многу денови. Месечината ќе се зацрвени, сонцето ќе се засрами, зашто Господ над Воинствата ќе царува на Сионската Гора и во Ерусалим, и Неговата слава ќе блеска пред старешините“ (Исаија 24:21—23).
19 ,Небесната војска во висината‘ може да се однесува на демонските ‚светски владетели на оваа темнина . . . злите духовни сили на небесните места‘ (Ефешаните 6:12). Овие имаат моќно влијание врз светските сили (Даниел 10:13, 20; 1. Јованово 5:19). Нивна цел е да ги одвратат луѓето од Јехова и од неговото чисто обожавање. Колку само успешно го завеле Израел да ги следи расипаните практики на нациите околу него и на тој начин да го заслужи Божјиот суд! Но, Сатана и неговите демони мораат да положат сметка пред Бог кога тој на крајот ќе го сврти своето внимание кон нив и кон владетелите на земјата, „сите земни цареви“ врз кои тие извршиле влијание за да се свртат против Бог и да ги престапат неговите закони (Откровение 16:13, 14). Симболично зборувајќи, Исаија вели дека тие ќе бидат собрани и „затворени во темница“. „По многу денови“, можеби кога Сатана и неговите демони (но не и ‚земните цареви‘) ќе бидат привремено ослободени, на крајот на Илјадагодишното владеење на Исус Христос, Бог ќе ја изврши конечната казна што ја заслужуваат (Откровение 20:3, 7—10).
20. И во древна и во современа доба, како и кога Јехова ‚станува цар‘?
20 Овој дел од пророштвото на Исаија им дава на преостанатите Евреи прекрасно уверување. Во свое одредено време, Јехова ќе предизвика пад на древниот Вавилон и ќе ги врати Евреите во нивната татковина. Во 537 пр.н.е., кога на ваков начин ја покажува својата моќ и суверенитет во корист на својот народ, може со право да му се рече: „Твојот Бог стана цар!“ (Исаија 52:7, NW). Во современа доба, Јехова ‚станал цар‘ во 1914, кога го поставил Исус Христос за Цар на Своето небесно Царство (Псалм 96:10). Тој исто така ‚станал цар‘ во 1919, кога ја покажал моќта на своето царување со тоа што го ослободил духовниот Израел од ропството на Големиот Вавилон.
21. а) Како „месечината ќе се зацрвени, сонцето ќе се засрами“? б) Кој одекнувачки повик ќе го има своето највеличествено исполнување?
21 Јехова повторно ќе ‚стане цар‘ кога ќе му стави крај на Големиот Вавилон и на преостанатиот дел од овој зол систем на работи (Захарија 14:9; Откровение 19:1, 2, 19—21). Потоа, Јеховиното владеење во Царството ќе биде толку величествено што ниту светлата полна месечина ноќе ниту вжареното сонце напладне нема да му бидат рамни по слава. (Спореди Откровение 22:5.) Тие ќе се срамат, така да се рече, да се споредат со славниот Јехова над војските. Јеховината власт ќе биде врховна. Неговата семоќна сила и слава ќе им бидат видливи на сите (Откровение 4:8—11; 5:13, 14). Каков чудесен изглед! Во тоа време, повикот од Псалм 97:1 (NW) ќе одекнува низ целата Земја во своето највеличествено исполнување: „Јехова лично стана цар! Нека се радува земјата. Нека се радуваат многуте острови“.
[Слика на страница 262]
Во земјата повеќе нема да се слуша музика и радување
[Слика на страница 265]
Некои ќе го преживеат Јеховиниот суд, исто како што по бербата остануваат плодови на едно дрво
[Слика на страница 267]
Исаија е исполнет со жал заради она што ќе го снајде неговиот народ
[Слика на страница 269]
Ниту сонцето ниту месечината нема да му бидат рамни на Јехова по слава