Спасение за оние кои ја избираат светлината
„Господ ми е светлина и спасение, од кого да се плашам?“ (ПСАЛМ 27:1).
1. Какви животодајни подготовки прави Јехова?
ЈЕХОВА е Изворот на сончевата светлина која го овозможува животот на Земјата (Битие 1:2, 14). Тој е и Творец на духовната светлина, која ја растерува смртоносната темнина на Сатановиот свет (Исаија 60:2; 2. Коринќаните 4:6; Ефешаните 5:8-11; 6:12). Оние кои ја избираат светлината можат да кажат како и псалмистот: „Господ ми е светлина и спасение, од кого да се плашам?“ (Псалм 27:1а). Меѓутоа, како што се случило и во времето на Исус, оние кои ја претпочитаат темнината можат да очекуваат само неповолен суд (Јован 1:9-11; 3:19-21, 36).
2. Што се случило во древни времиња со оние кои ја отфрлиле Јеховината светлина и со оние кои ја слушале неговата реч?
2 Во деновите на Исаија, поголемиот дел од Јеховиниот народ на сојузот ја отфрлил светлината. Како резултат на тоа, Исаија го видел уништувањето на северното царство Израел како нација. А во 607 пр.н.е. Ерусалим и неговиот храм биле уништени а жителите на Јуда одведени во изгнанство. Меѓутоа, оние кои ја слушале Јеховината реч биле зајакнати да се спротивстават на отпадништвото во тие денови. Во врска со 607 пр.н.е. Јехова ветил дека оние кои го слушаат ќе преживеат (Еремија 21:8, 9). Денес, ние кои ја љубиме светлината можеме многу да научиме од она што се случило тогаш (Ефешаните 5:5).
Среќата на оние кои се во светлината
3. Каква доверба можеме да имаме денес, која „праведна нација“ ја љубиме, и кој „цврст град“ го има таа „нација“?
3 „Ние имаме цврст град; за одбрана [Бог] ни крева ѕидови и предѕидишта. Отворете ги вратите! Нека влезе праведниот народ [нација, NW], кој ја пази верноста“ (Исаија 26:1, 2). Ова се триумфалните зборови на народ кој има доверба во Јехова. Верните Евреи во времето на Исаија се потпирале на Јехова а не на лажните богови на своите земјаци како на единствен Извор на сигурност. Денес, ние ја имаме истата доверба. Овен тоа, ја љубиме Јеховината ‚праведна нација‘ — „Израелот Божји“ (Галатите 6:16; Матеј 21:43). И Јехова ја љуби оваа нација поради нејзиното верно однесување. Со негов благослов, Израелот Божји има „цврст град“, организација слична на град која го поддржува и го штити.
4. Каков умствен став е добро да негуваме?
4 Оние кои се наоѓаат во тој „град“ се сосема свесни дека „склоноста, што е добро поддржана, [Јехова] ќе ја зачува во постојан мир, бидејќи во [Јехова] човек е наведен да има доверба“. Јехова ги поддржува оние кои се умствено склони да имаат доверба во него и да се приспособат кон неговите праведни начела. Затоа, верните во Јуда внимавале на поттикот на Исаија: „Имај доверба во Јехова, народе, за сите времиња, зашто во Јах Јехова е Карпата од недогледни времиња“ (Исаија 26:3, 4, NW; Псалм 9:10; 37:3; Пословици 3:5). Оние кои имаат таков умствен став се потпираат на „Јах Јехова“ како на единствена сигурна Карпа. Тие уживаат „постојан мир“ со него (Филипјаните 1:2; 4:6, 7).
Понижување за Божјите непријатели
5, 6. а) Како бил понижен древниот Вавилон? б) На кој начин бил понижен „Големиот Вавилон“?
5 Што ако оние кои имаат доверба во Јехова поднесуваат неволја? Не треба да се плашат. Јехова дозволува такви работи извесно време, но на крај донесува олеснување, а оние кои ја предизвикуваат неволјата се соочуваат со неговиот суд (2. Солуњаните 1:4-7; 2. Тимотеј 1:8-10). Разгледај го случајот на извесен ‚возвишен град‘. Исаија вели: „[Јехова] ги соборува оние кои живееја високо, разурнува висока крепост [возвишениот град, NW], ја разурнува во прав, ја срамнува со земјата, па ја газат нозе, нозете на бедните и чекорите на сиромашните“ (Исаија 26:5, 6). Возвишениот град спомнат овде можеби е Вавилон. Тој град сигурно го измачувал Божјиот народ. Но, што му се случило на Вавилон? Во 539 пр.н.е. тој паднал под Медијците и Персијците. Какво само понижување!
6 Во нашево време пророчките зборови на Исаија добро го опишуваат она што се случува со „Големиот Вавилон“ од 1919 година. Таа година тој возвишен град доживеал понижувачки пад кога бил принуден да го пушти Јеховиниот народ од духовно заробеништво (Откровение 14:8). Она што се случило потоа е уште попонижувачко. Таа мала група христијани се свртила да ‚го гази‘ својот стар поробувач. Во 1922 почнале да го најавуваат претстојниот крај на христијанскиот свет, објавувајќи ги јавно четирите ангелски трубења од Откровение 8:7-12 и трите неволји претскажани во Откровение 9:1—11:15.
„Патот на праведникот е прав“
7. Какво водство добиваат оние кои се обраќаат кон Јеховината светлина, на кого се надеваат и што длабоко ценат?
7 Јехова им обезбедува спасение на оние кои се обрнуваат кон неговата светлина, и тој го води нивниот пат, како што покажува понатаму Исаија: „Патот на праведникот е прав, Ти ја рамниш патеката на праведниот. Да, на патеката на Твоите судови, Господи, Те чекаме желно; душата ни копнее по Твоето Име и по Твојот спомен“ (Исаија 26:7, 8). Јехова е праведен Бог, и оние кои го обожаваат мора да ги држат неговите праведни мерила. Кога го прават тоа, Јехова ги води, исправајќи го нивниот правец. Внимавајќи на неговото водство, овие кротки покажуваат дека се надеваат на Јехова и со цело срце длабоко го ценат неговото име — неговиот „спомен“ (Излез 3:15, NW).
8. Каков примерен став покажал Исаија?
8 Исаија длабоко го ценел Јеховиното име. Тоа се гледа од неговите следни зборови: „Со својата душа копнеам по Тебе ноќе, и со својот дух Те барам во себе, во зори. Зашто кога Твоите судови се појавуваат на земјата, жителите на земниот круг се учат на правда“ (Исаија 26:9). Исаија копнеел по Јехова „со својата душа“ — со целото свое битие. Замисли си го пророкот како ги користи тивките периоди во ноќта за да му се моли на Јехова, изразувајќи му ги своите најдлабоки мисли и ревносно барајќи го Јеховиното водство. Каков само прекрасен пример! Освен тоа, Исаија научил за праведноста од Јеховините судски дела. Со тоа нѐ потсетува на потребата од постојано бдеење, да бидеме будни за да ја разбереме Јеховината волја.
Некои ја избираат темнината
9, 10. Какви љубезни дела извршил Јехова за својата неверна нација, но како реагирала таа?
9 Јехова покажал голема срдечна љубезност кон Јуда, но за жал сите не се одѕвале. Мнозинството честопати избирало бунт и отпад наместо светлината на Јеховината вистина. Исаија рекол: „Иако на злобниот ќе му се покаже наклоност, тој едноставно нема да ја научи праведноста. Во земјата на исправноста ќе постапува неправедно и нема да ја види возвишеноста на Јехова“ (Исаија 26:10, NW).
10 Во времето на Исаија, кога Јеховината рака ја штитела Јуда од нејзините непријатели, мнозинството одбило да го признае тоа. Кога ја благословувал со својот мир, нацијата не покажала благодарност. Затоа Јехова ги напуштил да им служат на „други господари“, дозволувајќи на крај Евреите да бидат одведени во заробеништво во Вавилон во 607 пр.н.е. (Исаија 26:11-13). Сепак, на крај, еден остаток од нацијата, прочистен, се вратил во својата татковина.
11, 12. а) Каква иднина имале поробувачите на Јуда? б) Каква иднина имал поранешниот поробувач на Јеховините помазани слуги во 1919?
11 А што е со поробувачите на Јуда? Исаија пророчки одговара: „Тие се мртви; нема да оживеат. Немоќни во смртта, нема да се подигнат. Затоа го сврте своето внимание за да можеш да ги истребиш и да го уништиш сиот спомен за нив“ (Исаија 26:14, NW). Да, по својот пад во 539 пр.н.е., Вавилон веќе немал иднина. Со текот на времето, градот повеќе ќе го немало. Тој требало да биде ‚немоќен во смртта‘, а неговата огромна империја предадена на минатото. Какво само предупредување за оние кои се надеваат во моќниците на овој свет!
12 Аспектите на ова пророштво имале исполнување кога Бог дозволил неговите помазани слуги да заминат во духовно заробеништво во 1918 и потоа ги ослободил во 1919. Од тој момент, иднината на нивниот поранешен поробувач, главно христијанскиот свет, била мрачна. Но, Јеховиниот народ го очекувале навистина богати благослови.
„Го умножи народот“
13, 14. Какви богати благослови уживале Јеховините помазани слуги од 1919?
13 Бог го благословил покајничкиот дух на своите помазани слуги во 1919 и им дал пораст. Прво, вниманието било свртено кон собирање на последните членови на Божјиот Израел, а потоа почнало да се собира ‚големото мноштво‘ на „други овци“ (Откровение 7:9; Јован 10:16). Овие благослови биле претскажани во пророштвото на Исаија: „Го умножи народот, Господи, го умножи народот, Се прослави, ги прошири сите граници на земјата! Господи, Те бараа во неволја; излеваа тивка молитва, кога ги стигна Твојата казна“ (Исаија 26:15, 16).
14 Денес, границите на Божјиот Израел се раширени низ целата Земја, а умноженото големо мноштво сега брои шест милиони лица кои одушевено учествуваат во делото на проповедање на добрата вест (Матеј 24:14). Колкав само благослов од Јехова! И колкава само слава му донесува тоа на неговото име! Тоа име денес се слуша во повеќе од 235 земји — прекрасно исполнување на неговото ветување.
15. Какво симболично воскресение се случило во 1919?
15 На Јуда ѝ била потребна Јеховина помош за да го избегне заробеништвото во Вавилон. Тие не можеле да го сторат тоа самите (Исаија 26:17, 18). На сличен начин, ослободувањето на Божјиот Израел во 1919 било доказ за Јеховината поддршка. Тоа не можело да се случи без него. И промената во нивната состојба била толку изненадувачка што Исаија ја споредува со воскресение: „Твоите мртви ќе оживеат, телата ќе воскреснат. Разбудете се и воскликнувајте, жители на правот! Зашто Твојата роса е роса на светлината, и земјата ќе ги исфрли мртвите“ (Исаија 26:19; Откровение 11:7-11). Да, оние кои биле немоќни во смртта ќе бидат, така да се каже, повторно родени за обновена активност!
Заштита во опасни времиња
16, 17. а) Во 539 пр.н.е., што требало да прават Евреите за да го преживеат падот на Вавилон? б) Што се веројатно ‚внатрешните соби‘ денес, и како ни користат тие?
16 На Јеховините слуги секогаш им е потребна неговата заштита. Но, наскоро тој за последен пат ќе ја испружи раката против Сатановиот свет, и на неговите обожаватели ќе им биде потребна неговата помош како никогаш порано (1. Јованово 5:19). Во врска со тоа опасно време, Јехова нѐ предупредува: ‚Ајде, народе Мој, влези во [внатрешните, NW] соби и затвори ги вратите зад себе. Скриј се за миг додека не помине гневот. Зашто, ете, Господ ќе излезе, од Своето Живеалиште, за да ги казни земните жители дека згрешија кон Него. Земјата ќе ја исфрли сета крв што е пролеана на неа и не ќе ги крие веќе оние кои беа убиени на неа‘ (Исаија 26:20, 21; Софонија 1:14). Ова предупредување им покажало на Евреите како да го преживеат падот на Вавилон во 539 пр.н.е. Оние кои внимавале на него ќе останеле во своите куќи, безбедни од војниците кои напаѓале надвор по улиците.
17 Денес, ‚внатрешните соби‘ од пророштвото веројатно се однесуваат на десетиците илјади собранија на Јеховиниот народ низ целиот свет. Тие собранија се заштита уште сега, место каде што христијаните наоѓаат сигурност меѓу своите браќа, под љубезната грижа на старешините (Исаија 32:1, 2; Евреите 10:24, 25). Ова е особено случај со оглед на близината на крајот на овој систем на работи, кога преживувањето ќе зависи од послушноста (Софонија 2:3).
18. Како Јехова наскоро ќе го „убие морскиот змев“?
18 Во врска со тоа време, Исаија прорекува: „Во оној ден, Господ ќе го казни со лут, голем и силен меч Левијатана, итрата змија, Левијатана, извивливата змија, и ќе го убие морскиот змев“ (Исаија 27:1). Кој е денешниот ‚Левијатан‘? Изгледа тоа е „празмијата“, самиот Сатана, заедно со својот зол систем на работи, што тој го користи за да води војна против Божјиот Израел (Откровение 12:9, 10, 17; 13:14, 16, 17). Во 1919, Левијатан го изгубил својот стисок врз Божјиот народ. Со текот на времето, тој сосема ќе исчезне (Откровение 19:19-21; 20:1-3, 10). На тој начин Јехова ќе го „убие морскиот змев“. Во меѓувреме, ниеден обид на Левијатан против Јеховиниот народ нема да има траен успех (Исаија 54:17). Колку е само утешително да се биде сигурен во тоа!
‚Винородното лозје‘
19. Каква е состојбата на остатокот денес?
19 Со оглед на сета оваа светлина од Јехова, зарем ја немаме секоја причина да се радуваме? Да, секако! Исаија прекрасно ја опишува радоста на Јеховиниот народ кога пишува: „Во оној ден, пејте му, на винородното лозје: ‚Јас, Господ, го чувам него, го залевам во секој миг; и за да не го оштети некој, стражам дење и ноќе‘“ (Исаија 27:2, 3). Јехова се грижи за своето „лозје“, остатокот од Божјиот Израел, и за неговите придружници кои работат напорно (Јован 15:1-8). Резултатот од тоа се плодови кои му донесуваат слава на неговото име и предизвикуваат голема радост меѓу неговите слуги на Земјата.
20. Како Јехова го заштитува христијанското собрание?
20 Можеме да бидеме возбудени што поранешниот гнев на Јехова против неговите помазани слуги престанал — гневот поради кој дозволил да отидат во духовно заробеништво во 1918. Самиот Јехова вели: „Нема гнев во Мене! Само нека се појават трништата и трњето, ќе станам во бој против него, ќе го изгорам сето! Или нека дојде под Моја закрила, нека склучи мир со Мене, и ќе направи мир со Мене!“ (Исаија 27:4, 5). За да се погрижи неговото лозје и понатаму да донесува ‚пенливо вино‘ во изобилство, Јехова го здробува и го уништува кое и да било влијание кое е како коров и кое би можело да го расипе. Затоа, никој нека не ја загрозува благосостојбата на христијанското собрание! Нека сите ‚дојдат под Јеховина закрила‘ барајќи ја неговата наклоност и заштита. На тој начин ќе склучиме мир со Бог — нешто кое е толку важно што Исаија го спомнува двапати (Псалм 85:1, 2, 8; Римјаните 5:1).
21. На кој начин плодната земја е наполнета со ‚плодови‘?
21 Благословите продолжуваат: „Доаѓаат денови кога Јаков ќе се вкорени, ќе се разгранчи и ќе процвета Израел, и ќе го наполни со плодовите целиот свет“ (Исаија 27:6). Овој стих се исполнува од 1919, и претставува прекрасен доказ за Јеховината моќ. Помазаните христијани ја исполниле Земјата со ‚плодови‘, хранлива духовна храна. Среде еден расипан свет, тие радосно ги задржуваат Божјите возвишени мерила. А Јехова и понатаму ги благословува со пораст. Како резултат на тоа, нивните милиони придружници, другите овци, „му вршат [на Бог] света служба ден и ноќ“ (Откровение 7:15). Нека никогаш не ја изгубиме од вид величествената предност да земаме од „плодовите“ и да ги делиме со другите!
22. Какви благослови доаѓаат врз оние кои ја прифаќаат светлината?
22 Во овие критични времиња, кога темнина ја покрива Земјата и густ мрак народите, зарем не сме благодарни што Јехова фрла духовна светлина врз својот народ? (Исаија 60:2; Римјаните 2:19; 13:12). За сите кои ја прифаќаат, таа светлина значи душевен мир и радост сега, па дури и вечен живот во иднина. Значи, ние кои ја љубиме светлината со добра причина ги креваме нашите срца во фалба на Јехова и заедно со псалмистот велиме: „Господ ми е светлина и спасение, од кого да се плашам? Надевај се на Господа, охрабри се! Нека биде цврсто твоето срце! Да, чекај Го Господа!“ (Псалм 27:1б, 14).
Се сеќаваш ли?
• Каква е иднината за оние кои го угнетуваат Јеховиниот народ?
• Каков пораст е проречен во Исаија?
• Во кои ‚внатрешни соби‘ треба да останеме, и зошто?
• Зошто состојбата на Јеховиниот народ му донесува фалба нему?
[Рамка на страница 22]
НОВА ПУБЛИКАЦИЈА
Поголемиот дел од информациите за кои беше дискутирано во овие две студиски статии беа изнесени како предавање на програмата на обласниот конгрес за 2000/2001. На крајот од предавањето беше објавена една нова публикација со наслов Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво I. Оваа книга од 416 страници содржи дискусија стих по стих за првите 40 поглавја од книгата Исаија.
[Слика на страница 18]
Само на праведниците им е дозволен влез во Јеховиниот „цврст град“, неговата организација
[Слика на страница 19]
Исаија го барал Јехова „ноќе“
[Слика на страница 21]
Јехова го заштитува своето „лозје“ и го прави родно