Наскоро свет без војна
ПОГЛЕДНЕТЕ го уште еднаш библиското пророштво во Исаија, кое гласи: „Тие ќе ги прековаат своите мечеви во острици на плугови и своите копја во српови: народ нема да крене меч против народ, ниту ќе се учат повеќе на војна“. Од контекстот забележете дека оние кои ги прековуваат своите мечеви во острици на плугови се „многу луѓе“ кои одат по Божјите патишта (Исаија 2:2—4, King James Version). Тоа значи дека тие луѓе го обожаваат Јехова Бог и ги слушаат неговите закони. Кои се тие?
Тоа мора да е мултинационален народ кој не само што го отфрла военото оружје туку работи и на тоа, од своите мисли и срца да ги искорени ставовите и склоностите кои водат до раздор и борба (Римјаните 12:2). Наместо да го убиваат својот ближен, тие го сакаат (Матеј 22:36—39). Дали Вие сте чуле за такви луѓе?
Можеби сте чуле дека Јеховините сведоци уживаат едно меѓународно братство и дека одбиваат да земат оружје за да ги убиваат другите. Размислете за следново: Кога сите на Земјата би делеле такво гледиште, зарем оваа планета не би била место на мир и безбедност?
Се разбира, сите не делат такво гледиште. Тоа е во склад со она што го напишал цар Соломон пред 3.000 години: „Се свртив и ги видов сите неправди, што стануваат под сонцето; и ете, солзите на онеправданите, а утешител немаат; силата е во рацете на клеветниците“ (Проповедник 4:1).
Повик до љубителите на мирот
Ќе има ли некогаш свет без војна? Да. Дали тој ќе дојде со посредство на човечки напори? Не. Ќе дојде ли преку масовно преобраќање на луѓето кон вистинската религија? Не. Библиската книга Псалми одговара: „Дојдете, видете ги активностите на Јехова . . . Тој прави до крајот на Земјата да престанат војните“ (Псалм 46:8, 9, НС).
На кој начин Јехова Бог ќе го направи тоа? Книгата Изреки дава одговор: „Праведните ќе живеат на земјата, и непорочните ќе опстанат на неа; а беззакониците [оние кои ги занемаруваат Божјите закони] ќе бидат истребени од земјата, и вероломните — искоренети од неа“ (Изреки 2:21, 22).
Главната причина зошто Бог не презел акција досега е следнава: Тој на луѓето им дава прилика да научат за неговите патишта за да можат да одат по неговите патеки. Апостол Петар напишал: „Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание“ (2. Петрово 3:9). Според тоа, Божјиот народ несебично им помага на другите да научат за Јехова. Како што го изразил тоа Исаија, тие извикуваат: „Дојдете, да се искачиме на гората Господова, . . . Он ќе нѐ научи на Своите патишта“ (Исаија 2:3).
„Последните дни“
Библискиот стих во Исаија исто така прорекол дека школувањето на луѓето по патиштата на мирот ќе се одвива „во последните дни“ (Исаија 2:2). Ние живееме токму во тоа време. Иронично, војните на овој век го покажуваат тоа.
Кога Исусовите ученици го прашале што ќе го одбележува крајот на овој систем на ствари, тој прорекол „големи потреси, и глад и помор“ (Лука 21:11; Матеј 24:3). Тој исто така рекол: „,Кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба да стане, но сѐ уште не е крајот‘. Тогаш им рече: ‚Ќе се крене народ против народ и царство против царство‘“ (Лука 21:9, 10).
Иако имало војни во текот на илјадници години, единствено во овој век се воделе две светски војни и, според некои пресметувања, дословно стотици помали војни. Фактот што десетици милиони луѓе биле убиени во војните во овој век е застрашувачки. Според списанието World Watch, во периодот од 2.000 години пред XX век, просечното време кое било потребно да погинат во војна еден милион луѓе било 50 години. Во текот на овој век, просечната должина на времето кое било потребно да погинат во војна еден милион луѓе изнесува една година.
Свет без војна
Ужасните војни од нашиот век, заедно со многуте други настани проречени во библиското пророштво, покажуваат дека ние сме на прагот на еден нов свет кој ќе го воспостави Бог. Стариот светски неред ќе биде збришан за да биде заменет со една праведна „нова земја“, каде што ќе преовладуваат мирот и праведноста (2. Петрово 3:13). Божјата Реч вели: „Оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господа, ќе ја наследат земјата. А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:9, 11).
Денес, ширум светот, безброј милиони поединци копнеат по свет без војна. Покажувајќи дека Бог сигурно ќе го исполни своето ветување да создаде таков свет, еден Божји пророк многу одамна напишал: „Видението се однесува до определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, оти ќе наиде и нема да се забави. Оној што иде, ќе дојде“ (Авакум 2:3).
Според тоа, мудро е да ја ставите својата доверба во Бог и да се радувате на исполнувањето на неговото ветување: „Сам Бог ќе биде со нив [својот народ], — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:3, 4).
[Рамка/слики на страници 9 и 10]
Што ветува Библијата за тој нов свет:
Нема криминал, насилство нити злоба
„[Бог] прави до крајот на Земјата да престанат војните“ (Псалм 46:9, НС).
„Оние, што вршат зло, ќе бидат истребени . . . Уште малку, и грешникот ќе го нема“ (Псалм 36:9, 10).
Целото човештво во мир
„Младенец ни се роди — Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат . . . Кнез на мирот. Неговата власт и мирот бескраен ќе растат“ (Исаија 9:6, 7).
Целата Земја Рај
Исус рекол: „Ќе бидеш со Мене во рајот!“ (Лука 23:43).
„Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:29).
Светско братство полно со љубов
„Бог не гледа на лице; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:34, 35).
Воскресение на блиските кои починале
„Иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29).
Нема повеќе болест, старост нити смрт
„Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4).