Кој го обликува твоето размислување?
„НИКОЈ да не ми кажува како да размислувам! И никој да не ми кажува што да правам!“ Да се каже тоа така отсечно обично значи да се има голема доверба во себе и во сопственото просудување. Дали и ти така мислиш? Се разбира, никој не треба да донесува одлуки наместо тебе. Но, дали е мудро толку брзо да се отфрли нешто што може да се покаже како добар совет? Дали воопшто никој не може да ти помогне да донесуваш мудри одлуки? Сепак, дали навистина можеш да бидеш сигурен дека никој, всушност, не го обликува твоето размислување, без дури и да си свесен за тоа?
На пример, пред Втората светска војна, Јозеф Гебелс, Хитлеровиот министер за пропаганда, ја презел контролата над филмската индустрија во Германија. Зошто? Бидејќи сфатил дека тоа би му дало едно крајно силно оружје со кое би можел да „влијае врз верувањата на луѓето, па според тоа и врз нивното однесување“ (Propaganda and the German Cinema 1933-1945). Веројатно си свесен за морничавата делотворност со која го користел ова и други средства за да манипулира со обичните луѓе — нормалните, разумни луѓе — слепо да ја следат нацистичката филозофија.
Факт е дека твоето размислување, па според тоа и твоето постапување, на некој начин е секогаш под влијание на чувствата и гледиштата на оние кои ги слушаш. Тоа, се разбира, не мора да биде нешто лошо. Ако тоа се луѓе кои ги имаат при срце твоите интереси — како, на пример, учители, пријатели или родители — тогаш ќе имаш голема корист од нивниот совет и практична препорака. Но, ако тоа се луѓе кои ги имаат при срце своите интереси и кои и самите се заведени или расипани во размислувањето, „измамници [на умот, NW]“, како што ги опишал апостол Павле, тогаш пази се! (Тит 1:10; 5. Мојсеева 13:6—8).
Затоа, немој да бидеш самозадоволен и да мислиш дека никој не може никогаш да влијае врз тебе. (Спореди 1. Коринтјаните 10:12.) Постои голема веројатност тоа веќе да се случува — многу почесто отколку што можеби ти си спремен да признаеш — дури и без да забележиш. Земи го како прост пример оној производ што си решил да го купиш кога одиш на пазарење. Дали тоа е секогаш лична, разумна одлука? Или, дали другите луѓе, кои честопати не ги гледаш, едвај забележливо, но силно влијаат врз твојот избор? Новинарот кој го истражувал тоа, Ерик Кларк, смета дека влијаат. „Колку повеќе сме бомбардирани со реклами“, вели тој, „толку помалку го забележуваме тоа, и сепак, речиси неизбежно, тие повеќе влијаат врз нас.“ Исто така, тој известува дека кога луѓето се запрашани колку, според нивно мислење, се делотворни рекламите, „повеќето од нив се сложуваат дека тие влијаат, но не и врз нив“. Луѓето се склони да мислат дека секој друг е ранлив, но тие не. „Изгледа единствено тие се имуни“ (The Want Makers).
Набиени во сатанскиот калап?
Фактот дека си под влијание на секојдневното рекламирање можеби нема да има сериозни последици. Меѓутоа, постои едно друго влијание кое е многу поопасно. Библијата јасно покажува дека Сатана е главниот манипулант (Откровение 12:9). Неговата филозофија во основа е иста како и размислувањето на еден рекламен агент кој рекол дека постојат два начина да се влијае врз муштериите — „со заведување или со условување“. Штом пропагандистите и рекламерите можат да користат такви едвај забележливи техники со кои го обликуваат твоето размислување, тогаш колку повешт мора да е Сатана при користењето слични тактики! (Јован 8:44).
Апостол Павле го знаел тоа. Тој се плашел некои од неговите сохристијани да не дозволат нивната будност да се намали, па да станат жртви на сатанската измама. Тој напишал: „Но се плашам да не се случи како што змијата ја заведе Ева преку својата лукавост, така и вашите мисли да не бидат одведени од искреноста и од чистотата кои му припаѓаат на Христа“ (2. Коринтјаните 11:3, NW). Сфати го сериозно ова предупредување. Во спротивно, можеби ќе бидеш како оние луѓе кои веруваат дека пропагандата и условувањето влијаат — „но не врз нив“. Фактот што сатанската пропаганда сепак влијае, јасно се гледа насекаде околу нас во бруталноста, изопаченоста и лицемерството кои ја карактеризираат оваа генерација.
Затоа, Павле ги молел своите сохристијани да ‚не се обликуваат според овој систем на ствари‘ (Римјаните 12:2, NW). Еден библиски преведувач ги парафразирал овие Павлови зборови на следниов начин: „Не дозволувајте светот околу вас да ве набие во неговиот калап“ (Римјаните 12:2, Phillips). Сатана ќе проба сѐ за да те втисне во неговиот калап, како грнчарот од старо време кој ја втиснувал глината во еден отворен калап за да ги добие шарите и карактеристиките кои сакал да ги вреже на неа. За да го стори тоа, Сатана ја спремил светската политика, трговија, религија и забава. Колку е продорно неговото влијание? Раширено е онолку колку што било и во времето на апостол Јован. „Целиот свет“, рекол Јован, „лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19, NW; види и 2. Коринтјаните 4:4). Ако имаш некакви сомненија во врска со способноста на Сатана да ги заведува луѓето и да го расипува нивното размислување, запомни колку делотворно го правел тоа на цела една нација, Израел, која му била предадена на Бог (1. Коринтјаните 10:6—12). Дали е можно истото да ти се случи и тебе? Би можело, ако го оставиш својот ум отворен за заводливото влијание на Сатана.
Дознај што се случува
Општо земено, таквите подмолни сили ќе влијаат врз твоето размислување само ако ти им дозволиш. Во својата книга The Hidden Persuaders, Ванс Пакерд констатирал: „Сѐ уште ни е на располагање една силна одбрана против таквите [скриени] наговарачи: можеме да избереме да не бидеме наговорени. Практично во сите ситуации сѐ уште имаме избор, и не е можно да бидеме премногу сериозно изманипулирани ако знаеме што се случува“. Тоа е случај и со пропагандата и со измамата.
Се разбира, за да ‚знаеш што се случува‘, мораш да го држиш умот отворен и приемчив за добрите влијанија. Еден здрав ум, како и здраво тело, треба да биде добро хранет за да функционира исправно (Изреки 5:1, 2). Недостигот на информации може да биде исто толку смртоносен колку и дезинформациите. Затоа, иако е точно дека треба да го заштитиш својот ум од заводливи идеи и филозофии, обиди се да не развиваш огорчено и цинично гледиште за сите совети или информации кои ти се нудат (1. Јованово 4:1).
Чесното убедување не е исто што и прикриената пропаганда. Апостол Павле сигурно го предупредил младиот Тимотеј да внимава на „лошите луѓе и лажливците [кои] ќе напредуваат во злото, заблудувајќи други како и себеси“ (NW). Но, Павле додал: „Но ти остани во тоа, што си го научил, и што ти е поверено [во кое си убеден да веруваш, NW], знаејќи од кого си го научил“ (2. Тимотеј 3:13, 14). Со оглед на тоа што сѐ што примаш во умот до извесна мера ќе влијае врз тебе, клучот е да ‚знаеш од кого си ги научил работите‘. Тоа е потребно за да се осигураш дека тоа се луѓе кои ги имаат при срце твоите интереси, а не своите.
Изборот е твој. Можеш да избереш да бидеш ‚обликуван според овој систем на ствари‘ дозволувајќи филозофиите и вредносните системи на овој свет да управуваат со твоето размислување (Римјаните 12:2, NW). Но, овој свет ги нема при срце твоите интереси. „Пазете“, предупредил затоа апостол Павле, „некој да не ве заведе [одвлече како свој плен, NW] со философија и со празна измама според човечкото предание“ (Колосјаните 2:8). За да бидеме набиени во сатанскиот калап на овој начин, т. е. да бидеме ‚одвлечени како негов плен‘, не е потребен напор. Тоа е како пасивното пушење. Можеш да бидеш погоден само со вдишување на загадениот воздух.
По слободен избор, ти можеш да избегнеш да го вдишуваш тој ‚воздух‘ (Ефесјаните 2:12). Наместо тоа, следи го Павловиот совет: „Преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2). Тоа бара напор (Изреки 2:1—5). Запомни, Јехова не е манипулант. Тој ги става на располагање сите потребни информации, но за да извлечеш корист од нив, мораш да ги слушаш и да дозволиш тие да влијаат врз твоето размислување (Исаија 30:20, 21; 1. Солунјаните 2:13). Мораш да бидеш спремен да го полниш својот ум со вистината која се наоѓа во „светите списи“ (NW), Божјата инспирирана реч, Библијата (2. Тимотеј 3:15—17).
Одѕивај се на Јеховиното обликување
Потребата од спремен, послушен одѕив од твоја страна — ако сакаш да извлечеш корист од Јеховиното влијание кое обликува — била моќно илустрирана кога Јехова му рекол на пророкот Јеремија да отиде во работилницата на еден грнчар. Јеремија видел како грнчарот се премислува во врска со тоа што да прави со еден сад кога производот што се обидувал да го направи ‚се растурил во рацете негови‘. Потоа, Јехова му рекол: „Доме Израилев, не можам ли да постапам со вас како оној грнчар . . . Ете, како што е глината во рацете на грнчарот, тоа сте и вие во рацете Мои, доме Израилев“ (Јеремија 18:1—6). Дали тоа значи дека луѓето од Израел биле баш како грутки безживотна глина во Јеховините раце кои произволно ги обликува во еден или во друг вид сад?
Јехова никогаш не ја користи својата семоќна сила за да ги наведе луѓето да постапуваат против сопствената волја; ниту, пак, е одговорен за дефектните производи, што би можело да биде случај со еден човечки грнчар (5. Мојсеева 32:4, NW). Дефекти настануваат тогаш кога оние кои Јехова се обидува да ги обликува на еден позитивен начин се спротивставуваат на неговото водство. Тоа е огромна разлика меѓу тебе и една безживотна грутка глина. Ти имаш слободна волја. Ако ја користиш, ќе можеш да избереш да се одѕвиеш на Јеховиното влијание кое обликува или намерно да го отфрлиш.
Каква отрезнувачка лекција! Колку само е подобро да го слушаме Јеховиниот глас наместо арогантно да тврдиме: „Никој да не ми кажува што да правам!“ На сите нам ни треба Јеховиното влијание кое нѐ води (Јован 17:3). Биди како псалмистот Давид кој се молел: „Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои“ (Псалм 24:4). Сети се што рекол цар Соломон: „Ако мудриот слуша, ќе ги умножи знаењата свои [ќе прими повеќе поука, NW]“ (Изреки 1:5). Дали ти ќе слушаш? Ако да, тогаш „самата способност на размислување ќе чува стража над тебе, самата проникливост ќе те заштити“ (Изреки 2:11, NW).