Тринаесетто поглавје
„Јехова го направи она што го науми“
1. Што рекол Еремија во врска со Јеховините пророштва откако Ерусалим бил уништен?
ЕРУСАЛИМ лежел во урнатини. Додека над него сѐ уште се кревал чадот од огнот што го запалиле вавилонските освојувачи, на Еремија му одѕвонувале во ушите морничавите врисоци на оние што биле покосени од нивниот меч. Тој однапред знаел што ќе се случи, и настаните се исполниле точно како што претскажал Бог. „Јехова го направи она што го науми“, со воздишка рекол пророкот. Падот на Ерусалим бил вистинска трагедија! (Прочитај Плач Еремиин 2:17.)
2. Кое древно пророштво се исполнило пред очите на Еремија?
2 Еремија бил очевидец на исполнувањето на голем број пророштва што му биле дадени на Божјиот народ. Некои од нив биле запишани многу одамна. На пример, со векови пред тоа, Мојсеј јасно им кажал на Израелците што можат да очекуваат ако му се послушни на Бог и какви ќе бидат последиците ако не му се послушни — или ќе добијат „благослов“ или ќе ги снајде „проклетство“. Јехова му го посакувал на својот народ најдоброто, односно благословот. Но, доколку Израелците избереле да му бидат непослушни, ќе ги стигнеле страшни проклетства. Мојсеј предупредил, а подоцна Еремија повторил дека оние што не му се послушни и му се противат на Јехова ‚ќе го јадат месото од своите синови и ќерки‘ (5. Мој. 30:19, 20; Ерем. 19:9; 3. Мој. 26:29). Некои веројатно се прашувале: ‚Дали е можно да се случи нешто толку страшно?‘ За жал, во текот на вавилонската опсада, кога никаде немало храна, се случило токму тоа. Еремија напишал: „Жените, кои порано беа сочувствителни, ги вареа родените деца. Тие им беа храна во времето на пропаста на ќерката на народот мој“ (Плач 4:10). Колку трагично!
3. Зошто Бог испраќал пророци кај својот народ?
3 Се разбира, Јехова не ги испратил Еремија и другите пророци само да објават пропаст и уништување. Бог сакал неговиот народ повторно да му биде верен. Сакал грешниците да се покаат. Езра го истакнал ова кога рекол: „Јехова, Богот на нивните прататковци, непрестајно ги опоменуваше преку своите гласници, зашто му беше жал за својот народ и за своето живеалиште“ (2. Лет. 36:15; прочитај Еремија 26:3, 12, 13).
4. Какви чувства предизвикала кај Еремија пораката што ја пренесувал?
4 И на Еремија му било жал за народот. Ова се гледа од зборовите што ги кажал пред да падне Ерусалим. Тој бил многу вознемирен од несреќата што им се заканувала. А всушност, таа можела да се избегне, но само ако народот ја слушал и ја послушал пораката што му ја објавувал. Обиди се да замислиш како му било на Еремија додека ја пренесувал Божјата порака. „Утробо моја, утробо моја!“ — тажел тој. „Тешка ми е болката во срцето. Срцето во мене се вознемири. Не можам да молчам, зашто мојата душа го чу звукот на рогот, знакот за војна“ (Ерем. 4:19). Еремија едноставно не можел да не зборува за неволјата што ги чекала.
ЗОШТО БИЛ ТОЛКУ СИГУРЕН?
5. Зошто Еремија бил сигурен дека ќе се исполни она што го објавувал?
5 Зошто Еремија бил сигурен дека навистина ќе се случи она што го пророкувал? (Ерем. 1:17; 7:30; 9:22). Тој имал силна вера затоа што ги проучувал Светите списи и знаел дека пророштвата кои ги дава Јехова Бог секогаш се исполнуваат. Историјата потврдува дека Јехова точно претскажал настани кои изгледаат невозможни од човечка гледна точка, како, на пример, ослободувањето на Израел од египетското ропство. На Еремија му бил познат извештајот за излегувањето на Израелците од Египет, а знаел и што рекол еден од очевидците на овој настан. Исус Навин ги потсетил своите сонародници: „Вие добро знаете со сето ваше срце и со сета ваша душа дека не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог. Сѐ ви се исполни. Ниту едно ветување не остана неисполнето“ (Ис. Нав. 23:14).
6, 7. а) Зошто треба да те интересираат пророчките објави на Еремија? б) Што ќе ти помогне да имаш доверба во пораката која ја проповедаш?
6 Зошто треба и понатаму да обрнуваш внимание на пророштвата на Еремија? Прво, затоа што тој со право имал доверба во веродостојноста на Јеховините зборови. Второ, затоа што некои објави кои Бог ги дал преку него се исполнуваат денес, а наскоро ќе имаш можност да го видиш и исполнувањето на други негови пророштва. Трето, затоа што многубројните објави кои ги дал во Божје име, како и жарот со кој ги пренесувал се доказ дека бил извонреден Божји слуга. Еден библиски изучувач забележал: „Дури и кога ќе се спореди со другите пророци, Еремија остава посебно силен впечаток“. Овој пророк бил толку значаен во историјата на Божјиот народ што, кога зборувал Исус, некои од оние кои го слушале мислеле дека тој е Еремија (Мат. 16:13, 14).
7 Исто како Еремија, ти живееш во време кога се исполнуваат многу важни библиски пророштва. И, исто како него, треба да ја зачуваш својата доверба во вистинитоста на Божјите ветувања (2. Пет. 3:9-14). Но, како? Така што и понатаму ќе ја зацврстуваш својата вера во апсолутната веродостојност на Божјата пророчка Реч. Затоа, во ова поглавје ќе разгледаме неколку пророштва што ги кажал Еремија. Некои од нив биле исполнети пред негови очи, други се исполниле подоцна, а трети те засегаат денес, но ќе влијаат врз тебе и во иднина. Целта на ова разгледување е да ти ја зајакне довербата во Јеховината пророчка Реч и да те увери уште повеќе дека Тој ‚ќе го направи она што го наумил‘! (Плач 2:17).
Зошто Бог испраќал пророци? Зошто веруваш дека пророштвата за претстојното уништување ќе се исполнат?
ПРОРОШТВА ШТО СЕ ИСПОЛНИЛЕ ВО ВРЕМЕТО НА ЕРЕМИЈА
8, 9. По кое обележје се издвојува Библијата од сите други книги?
8 Мнозина се обидуваат да ја претскажат иднината. Меѓу нив има економисти, политичари, спиритисти и метеоролози. Без сомнение, си забележал колку е тешко точно да се претскажат и наједноставни работи, како, на пример, што ќе се случи за само неколку дена или седмици. Сепак, точните пророштва се едно од најзначајните обележја на Библијата (Иса. 41:26; 42:9). Сите пророштва на Еремија, сеедно дали требало да се исполнат во блиска или во далечна иднина, биле непогрешливи. Многу од нив се однесувале на поединци и на цели народи. Да разгледаме најпрво некои што се исполниле уште во негово време.
9 Кој може денес со сигурност да предвиди што ќе се случува на светската сцена за година-две? На пример, кој аналитичар на меѓународните односи може точно да претскаже дали ќе дојде до промена на светските сили? Сепак, под водство на Божјиот дух, Еремија прорекол дека Вавилон ќе ја зголеми својата политичка моќ. Тој рекол дека Вавилон е „златна чаша“ од која Јехова ќе го излее својот гнев врз Јуда и врз многу околни градови и народи, и дека тие ќе му станат робови (Ерем. 51:7). Еремија и неговите современици биле очевидци дека токму тоа се случило. (Спореди со Еремија 25:15-29; 27:3-6; 46:13.)
10. Што прорекол Јехова во врска со четворица јудејски цареви?
10 Преку Еремија, Јехова претскажал и што ќе се случи со четворица јудејски цареви. Бог прорекол дека Јоахаз, односно Салум, кој бил син на цар Јосија, ќе биде одведен во изгнанство и дека никогаш повторно нема да се врати во Јуда (Ерем. 22:11, 12). Тоа и се случило! (2. Цар. 23:31-34). Објавил и дека Јоаким, наследникот на Јоахаз, ќе биде закопан „како што се закопува магаре“ (Ерем. 22:18, 19; 36:30). Библијата не кажува точно како умрел овој цар или што се случило со неговото мртво тело, но покажува дека неговиот син Јоахин го наследил уште додека траела опсадата. Еремија исто така претскажал дека Јоахин (познат и како Хониј или Јехонија) ќе замине во изгнанство во Вавилон, и таму ќе умре (Ерем. 22:24-27; 24:1). И тоа се обистинило. А како завршил последниот цар, Седекија? Еремија прорекол дека тој ќе биде предаден во рацете на непријателите кои ќе немаат милост кон него (Ерем. 21:1-10). Што се случило? Тие непријатели навистина го заробиле. Му ги убиле синовите пред негови очи, го ослепеле и го одвеле во Вавилон каде што умрел (Ерем. 52:8-11). Значи, сите овие пророштва се исполниле.
11. Кој бил Ананија, и што претскажал Јехова за него?
11 Во Еремија 28. поглавје читаме дека, за време на цар Седекија, лажниот пророк Ананија кажал нешто спротивно на објавата што Јехова ја дал преку Еремија во врска со вавилонската власт над Ерусалим. Наместо да ја прифати Божјата порака, Ананија тврдел дека ропскиот јарем што Навуходоносор им го ставил на Јуда и на другите народи ќе биде скршен. Но, под Јеховино водство, Еремија ги разоткрил лагите на Ананија, повторил дека многу народи ќе мораат да им служат на Вавилонците и му кажал на тој лажен пророк дека ќе умре истата година. И навистина било така! (Прочитај Еремија 28:10-17.)
12. Како реагирале повеќето сонародници на Еремија на неговата главна пророчка порака?
12 Се разбира, главната пророчка порака што Бог му ја дал на Еремија се однесувала на падот на самиот Ерусалим. Еремија секогаш одново ги предупредувал Евреите дека градот ќе биде уништен доколку не се покаат за своето идолопоклонство, неправда и насилство (Ерем. 4:1; 16:18; 19:3-5, 15). Многу од сонародниците на Еремија мислеле дека Јехова никогаш не би направил такво нешто. Па, во Ерусалим бил Божјиот храм! Зарем Бог би дозволил да биде уништено тоа свето место? ‚Тоа никогаш нема да се случи‘, си мислеле тие. Сепак, ти знаеш дека Јехова не лаже. Тој го направил она што го наумил (Ерем. 52:12-14).
13. а) Во кој поглед нашево време е слично на времето на Еремија? б) Зошто треба да те интересираат ветувањата што Бог им ги дал на некои луѓе во тоа време?
13 Божјите слуги денес се наоѓаат во слична ситуација како оние што му биле верни на Јехова во времето на Еремија. Знаеме дека Јехова наскоро ќе им нанесе неволја на сите што одбиваат да ги послушаат неговите предупредувања. Сепак, можеме да се охрабриме од неговите пророчки ветувања, исто како што се охрабриле и Евреите кои верно му служеле во тие дни. Бидејќи Рихавовите синови му биле верни на Јехова и послушни на заповедите на својот прататко, Бог рекол дека ќе го преживеат уништувањето на Ерусалим. Тие навистина преживеале. Доказ за ова би можело да биде подоцнежното спомнување на „Малхија, синот на Рихав“, кој помагал при поправките на Ерусалим кога Неемија бил управител на градот (Неем. 3:14; Ерем. 35:18, 19). Јехова го уверил и Авде-Мелех дека ќе преживее бидејќи имал доверба во Него и му помагал на Еремија (Ерем. 38:11-13; 39:15-18). Исто така, Бог ветил дека и Варух, пријателот на Еремија, ќе ја добие својата „душа како плен“ (Ерем. 45:1, 5). До кој заклучок доаѓаш кога гледаш како се исполниле овие пророштва? Што мислиш, како ќе постапи Јехова со тебе ако му останеш верен? (Прочитај 2. Петрово 2:9.)
Што се случило со Авде-Мелех, со Варух и со Рихавовите синови, благодарение на тоа што Јехова секогаш ги исполнува своите пророштва? Што мислиш ти за тие пророштва?
ПРОРОШТВА ШТО СЕ ИСПОЛНИЛЕ ПОДОЦНА
14. Зошто Божјето пророштво во врска со Вавилон изгледало неверојатно?
14 Бог прорекол дека, освен Јуда, Навуходоносор ќе го освои и Египет (Ерем. 25:17-19). Тоа сигурно изгледало неверојатно затоа што Египет, кој имал власт над Јуда, бил многу моќен (2. Цар. 23:29-35). Откако Ерусалим бил уништен, еден остаток Евреи планирале да побегнат од својата земја и да побараат безбедно засолниште во Египет. Сакале да го сторат тоа иако Јехова ги предупредил да не одат таму и им ветил дека ќе ги благослови ако останат во Јуда. Но, ако побегнеле во Египет, мечот од кој се плашеле ќе ги стигнел (Ерем. 42:10-16; 44:30). Во своите списи, Еремија не пишува дали бил очевидец на нападот на Вавилонците врз Египет. Сепак, сигурно знаеме дека израелските бегалци го доживеале исполнувањето на Јеховините пророштва кога Вавилонците го освоиле Египет во првата половина на шестиот век пр.н.е. (Ерем. 43:8-13).
15, 16. Како се исполнила Божјата реч во врска со ослободувањето на Неговиот народ?
15 Еремија прорекол дека и на самиот Вавилон, кој го освоил Египет, ќе му дојде крајот. Околу еден век пред да се случи тоа, Еремија точно го прорекол ненадејниот пад на Вавилон. Како? Овој Божји пророк претскажал дека водите што го штителе градот „ќе пресушат“ и дека јунаците на Вавилон нема да се борат (Ерем. 50:38; 51:30). Овие пророштва се исполниле во детали кога Медијците и Персијците го пренасочиле текот на реката Еуфрат, а потоа ја прегазиле и влегле во градот, фаќајќи ги Вавилонците на препад. Сигурно ќе се согласиш дека исто толку неверојатно звучела и изјавата дека градот ќе стане ненаселена пустош (Ерем. 50:39; 51:26). До денешен ден, урнатините на некогаш моќниот Вавилон сведочат за точното исполнување на Божјите пророштва.
16 Преку Еремија, Јехова претскажал дека Евреите ќе им служат на Вавилонците 70 години и дека потоа Тој ќе ги врати во нивната земја. (Прочитај Еремија 25:8-11; 29:10.) Даниел имал потполна доверба во ова пророштво и, на темел на него, пресметал до кога точно ќе биде ‚опустошен Ерусалим‘ (Дан. 9:2). Езра изјавил: „За да се исполни Јеховината реч објавена преку устата на Еремија, Јехова го поттикна срцето на персискиот цар Кир“, освојувачот на Вавилон, да ги врати Евреите во нивната земја (Езра 1:1-4). Повратниците можеле да се радуваат на мирот во својата татковина и повторно да му служат на вистинскиот Бог на исправен начин, како што прорекол Еремија (Ерем. 30:8-10; 31:3, 11, 12; 32:37).
17. Зошто пророштвото на Еремија во врска со ‚плачењето‘ во Рама можеби имало две исполнувања?
17 Еремија исто така запишал пророштва што требало да се исполнат во далечна иднина. Тој рекол: „Вака вели Јехова: ‚Во Рама се слуша глас, оплакување и горко плачење. Рахела плаче по своите синови. Не сака да се утеши за своите синови, зашто нив повеќе ги нема‘“ (Ерем. 31:15). По сѐ изгледа, заробените Евреи биле собрани во Рама, на околу 8 километри северно од Ерусалим, набрзо по неговото опустошување во 607 год. пр.н.е. Можно е некои од заробениците дури и да биле погубени во Рама. Ова можеби го претставува првобитното исполнување на пророштвото на Еремија — тоа било како Рахела да плачела поради загубата на своите „синови“. Но, повеќе од шест века подоцна, цар Ирод наредил да се убијат сите мали деца во Витлеем. Матеј, писателот на едно од евангелијата, објаснил дека со овие зборови Еремија го претскажал очајот што го предизвикал кај Евреите колежот на децата (Мат. 2:16-18).
18. Како се исполнило Божјето пророштво во врска со Едом?
18 Во првиот век од н.е. се исполнило уште едно пророштво. Бог прорекол преку Еремија дека Вавилонците, освен другите народи, ќе ги нападнат и Едомците (Ерем. 25:15-17, 21; 27:1-7). Но, во врска со Едом претскажал уште нешто. Тој требало да стане како Содом и Гомор. Ти знаеш што значело ова — дека ќе остане ненаселен засекогаш, односно ќе престане да постои (Ерем. 49:7-10, 17, 18). Токму тоа и се случило. Што мислиш, каде можат да се најдат имињата Едом и Едомци денес? На некоја современа географска карта? Не. Освен во Библијата, ќе ги најдеш главно во книгите по историја или во историските атласи. Јосиф Флавиј известува дека Едомците биле принудени да го прифатат јудаизмот во вториот век пр.н.е. Потоа, откако бил уништен Ерусалим во 70 год. од н.е., тие престанале да постојат како посебен народ.
19. Што ни открива книгата Еремија во врска со Божјата способност да ги исполни своите пророштва?
19 Како што можеш да видиш, книгата Еремија е полна со пророштва кои се однесуваат или на поединци или, пак, на цели народи. Повеќето од нив веќе се исполниле. Ова само по себе е доволно голема причина да ѝ обрнеш внимание на книгата Еремија и да ја проучуваш. Таа ти потврдува една важна вистина во врска со твојот величествен Бог Јехова: Тој секогаш го прави она што го наумил. (Прочитај Исаија 46:9-11.) Ова може да ја зајакне твојата доверба во пророштвата од Библијата. Всушност, некои пророштва што ги запишал Еремија директно влијаат врз тебе и врз твојата иднина. Да разгледаме некои од нив во преостанатиот дел од ова поглавје.
Наведи некои пророштва што се исполниле по смртта на Еремија. Зошто тие се важни за тебе?
ПРОРОШТВА ШТО ТЕ ЗАСЕГААТ И ТЕБЕ
20-22. Зошто може да се каже дека библиските пророштва, во кои спаѓаат и некои од книгата Еремија, имаат повеќе исполнувања? Наведи примери.
20 Едно библиско пророштво може да има повеќе исполнувања. Тоа важи и за одговорот што го дал Исус кога учениците го прашале кој ќе биде знакот на неговата „присутност и на свршетокот на овој поредок“ (Мат. 24:3). Ова пророштво делумно се исполнило од 66 до 70 год. од н.е. Но, очигледно е дека некои аспекти ќе се исполнат дури во ‚големата неволја‘ која ќе го снајде целиот злобен свет. Тоа ќе биде неволја „каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Мат. 24:21). И пророштвата што ги запишал Еремија имаат повеќе од едно исполнување. Некои од нив првпат се исполниле во 607 год. пр.н.е., но второто исполнување требало да настапи многу подоцна, како што беше случај со пророштвото дека ‚Рахела ќе плаче по своите синови‘ (Ерем. 31:15). Всушност, некои од пророштвата на Еремија се исполнуваат во нашево време, и тоа исполнување те засега и тебе лично.
21 И книгата Откровение го потврдува тој факт. Под водство на Божјиот свет дух, апостол Јован се осврнал на пророштвата што ги дал Еремија во врска со крајот на Вавилонското Царство во 539 год. пр.н.е. Во Откровение наоѓаме сличности помеѓу тој настан и она што требало да се случи во поголеми размери. Едно од пророштвата што ги кажал Еремија, а се исполнило во нашево време, е пророштвото за падот на едно големо царство — светското царство на лажната религија, „Големиот Вавилон“ (Отк. 14:8; 17:1, 2, 5; Ерем. 50:2; 51:8). Божјиот народ мора да ‚излезе од неа‘ за да не го снајде нејзината казна (Отк. 18:2, 4; Ерем. 51:6). Водите на тој град, кои ги симболизираат народите, односно неговите приврзаници, ‚пресушуваат‘ (Ерем. 51:36; Отк. 16:12).
22 Во блиска иднина, Бог ќе го исполни и своето ветување дека ќе ја изврши својата одмазда над лажната религија затоа што го малтретира неговиот народ. Јехова ќе ѝ ‚плати според нејзините дела‘ (Ерем. 50:29; 51:9; Отк. 18:6). Освен тоа, ќе бидат опустошени и симболичните земји во кои владее таа (Ерем. 50:39, 40).
23. Каква духовна обнова, претскажана од Еремија, настапила во 20 век?
23 Како што веќе можеби и самиот забележа, Еремија претскажал и убави работи. На пример, тој прорекол дека ќе биде обновено обожавањето на вистинскиот Бог, и тоа се случува во нашево време. Ослободувањето на еврејските заробеници од древниот град Вавилон има сличности со ослободувањето на денешниот Божји народ од Големиот Вавилон, кое настапило по воспоставувањето на Царството на небото. Оттогаш тие можат како обединет народ да го обожаваат Јехова на исправен начин, а за тоа му се благодарни и се радуваат. Тој ги благословува додека им помагаат на другите да му служат и да добијат изобилство од духовна храна. (Прочитај Еремија 30:18, 19.) Сигурно знаеш од лично искуство како Јехова во нашево време го исполнил пророштвото дека ќе му даде на својот народ пастири, односно духовно зрели мажи кои навистина ќе се грижат за стадото и ќе го штитат (Ерем. 3:15; 23:3, 4).
24. Кој потресен настан што го претскажал Еремија треба да се случи?
24 Зборовите што Еремија му ги кажал на древниот Божји народ содржеле ветување за добрите работи што тој ги подготвил за верните, но и предупредување дека сите оние што не му биле верни на Бог ќе бидат уништени. Слично е и денес. Сигурно сфаќаме колку сериозно предупредување ни пренесуваат следниве зборови: „Во тој ден ќе има погубени од Јехова од едниот крај на земјата до другиот. Нема да бидат оплакувани, ниту некој ќе ги собере и ќе ги погребе. Ќе бидат како гној по земјата“ (Ерем. 25:33).
25. Каква одговорност има Божјиот народ денес?
25 Исто како Еремија, ние живееме во исклучително важно време. И денес животот на луѓето зависи од тоа како ќе реагираат на Јеховината порака. Денешните Божји слуги не се пророци. Ние не сме вдахновени од Бог за да додадеме уште нешто на Јеховините непогрешливи зборови на вистината кои се наоѓаат во Библијата. Сепак, дадена ни е задача да ја проповедаме добрата вест за Царството во сите денови до свршетокот на овој поредок (Мат. 28:19, 20). Сигурно не сакаме да ‚ги крадеме Јеховините зборови‘ така што нема да им кажеме на луѓето што ќе се случи наскоро. (Прочитај Еремија 23:30.) Решени сме да не ги разводнуваме ниту да ги ублажуваме неговите зборови. Многу пророштва што Бог му ги дал на Еремија веќе се исполниле. Ова нѐ уверува дека и другите бездруго ќе се исполнат. Мора да им кажуваме на луѓето дека Бог сигурно ќе ‚го направи она што го наумил и она што го заповедал уште од дамнина‘ (Плач 2:17).
26. Кое друго пророштво ќе го разгледаме?
26 Нашето разгледување на пророштвата и на пораката на Еремија нема да биде потполно доколку не им обрнеме внимание на Јеховините величествени ветувања за еден „нов сојуз“ со неговиот народ, сојуз чии закони ќе ги вреже во нивното срце (Ерем. 31:31-33). Ова пророштво и неговото исполнување, што директно те засегаат и тебе, ќе бидат разгледани во следното поглавје.
Кои пророштва запишани во книгата на Еремија се исполнуваат во нашево време? Што мислиш за оние што допрва ќе се исполнат?
[Слика на страница 160]
Родители, користете ги како пример Рихавовите синови, Авде-Мелех и Варух за да ја зајакнете верата на децата
[Слика на страница 163]
Каде се Едомците денес?
[Слика на страница 166]
Немој да ги ‚крадеш Јеховините зборови‘ така што нема да им кажуваш на луѓето што ќе се случи