Седмо поглавје
„Ќе ја закрепнам изморената душа“
1. Кој благослов во новиот свет го очекуваш со најголемо нетрпение?
„НОВИОТ свет.“ Кога ќе ги слушнеш овие зборови, дали во мислите ти доаѓаат некои од благословите кои се проречени за тоа време? Можеби помислуваш дека ќе имаме совршено тело, дека ќе има изобилство здрава храна и мир со животните или дека секој ќе има свој сопствен дом. Веројатно знаеш напамет некои библиски стихови на кои се темелат таквите очекувања. Сепак, не заборавај на уште еден благослов — ќе бидеме здрави и во духовен и во емоционален поглед. Без тоа, сите други благослови не би ни донеле трајна среќа.
2, 3. Според она што го запишал Еремија, на кој посебен благослов можеме да се надеваме?
2 Кога му заповедал на Еремија да прорече дека Евреите ќе се вратат од Вавилон, Бог опишал и како ќе се чувствуваат повратниците. Тој рекол дека ‚ќе се украсат со своите дајриња и ќе танцуваат со оние што се смеат‘. (Прочитај Еремија 30:18, 19; 31:4, 12-14.) А потоа додал нешто кое сигурно и тебе ќе те допре до срце: „Ќе ја закрепнам изморената душа, ќе ја наситам секоја премалена душа“ (Ерем. 31:25).
3 Колку убаво ветување! Јехова рекол дека ќе го закрепне изморениот и потиштениот. А она што го ветува, тој сигурно го исполнува. Списите на Еремија нѐ уверуваат дека и ние ќе бидеме закрепнати. Исто така, ни помагаат да разбереме како можеме уште сега да бидеме зајакнати и да гледаме позитивно на работите. Освен тоа, ни покажуваат на кои практични начини можеме да ги храбриме другите, и така да ги закрепнеме нивните изморени души.
4. Зошто можеме да разбереме како се чувствувал Еремија?
4 Ова ветување го утешило Еремија, а може да нѐ утеши и нас. Зошто? Сети се на една мисла што беше спомната во првото поглавје од оваа книга — дека Еремија, како и Илија, бил обичен ‚човек кој имал исти чувства како и ние‘ (Јак. 5:17, фус.). Сигурно можеш да се сетиш барем на неколку причини поради кои Еремија понекогаш бил обесхрабрен, па дури и потиштен. Обиди се да замислиш како би се чувствувал ти во слични околности, и размисли зошто ситуацијата во која можеби се наоѓаш те обесхрабрува (Рим. 15:4).
5. Што можеби го обесхрабрувало Еремија?
5 Една причина за обесхрабрувањето на Еремија можеби биле луѓето од неговиот роден град. Тој пораснал во Анатот, левитски град на неколку километри североисточно од Ерусалим. Сигурно познавал многу од жителите на тој град, а веројатно таму имал и роднини. Но, Исус рекол дека пророкот нема чест во својот роден крај, и Еремија не бил исклучок (Јован 4:44). Жителите на Анатот не биле заинтересирани за неговата порака и се однесувале без почит кон него. Но, не останале само на тоа. Еремија запишал дека едно време дури ‚ја барале неговата душа‘. Му се заканувале, велејќи: „Не пророкувај во името на Јехова за да не загинеш од нашава рака“. Колку остра закана од соседи, а можеби и од роднини кои, всушност, требало да бидат на негова страна! (Ерем. 1:1; 11:21).
6. Ако колегите или некој друг ти се противи, како може да ти помогне извештајот за Еремија и за „луѓето од Анатот“?
6 Ако тебе ти вршат притисок некои соседи, соученици, колеги на работа, па дури и некои членови на семејството, можеш да црпиш утеха од начинот на кој постапил Јехова со Еремија. Бог рекол дека лично ‚ќе се пресмета‘ со оние во Анатот кои му се противеле на неговиот пророк. (Прочитај Еремија 11:22, 23.) Овие Божји зборови сигурно му помогнале на Еремија да го надмине обесхрабрувањето што веројатно го чувствувал поради тоа противење. Подоцна Бог навистина се пресметал со „луѓето од Анатот“ и ‚довел неволја врз нив‘. Можеш да бидеш сигурен дека Јехова гледа што ти се случува и тебе (Пс. 11:4; 66:7). Ако не отстапиш од библиските учења и истрајно го правиш она што е исправно, можно е да им помогнеш на некои од противниците да ја избегнат неволјата што, во спротивно, сигурно ќе ги снајде (1. Тим. 4:16).
Како се гледа од книгата Еремија дека Бог е заинтересиран за чувствата на својот народ, и како ова можеби му помогнало на овој пророк?
ШТО МОЖЕ ДА НЀ ОБЕСХРАБРИ
7, 8. Како бил малтретиран Еремија, и како влијаело тоа врз него?
7 Заканите од соседите и роднините не биле најлошото нешто кое го доживеал Еремија. Уште поголемо противење го чекало во Ерусалим, каде што го нападнал угледниот свештеник Пасхор.a Откако Еремија изрекол пророштво од Бог, ‚Пасхор го удрил и го ставил во клада‘ (Ерем. 20:1, 2). По сѐ изгледа, ова не значи дека само му удрил шлаканица. Некои изучувачи сметаат дека Пасхор наредил Еремија да биде истепан, односно да му бидат зададени до 40 удари (5. Мој. 25:3). Додека траело тепањето, можеби Еремија бил исмејуван, навредуван, па дури и плукан. Но, тоа не било сѐ. Пасхор заповедал таа ноќ Божјиот пророк да биде ставен „во клада“. Хебрејскиот збор што се користи овде укажува на тоа дека неговото тело веројатно било приклештено во дрвена рамка која го држела во крајно неприродна положба. Тој бил немилосрдно оставен да ја помине ноќта во големи болки.
8 Како влијаело сето ова врз Еремија? Тој му рекол на Бог: „Ми се смеат по цел ден“ (Ерем. 20:3-7). Дури му дошло на ум и да престане да зборува во Божје име. Но, ти знаеш дека Еремија едноставно не можел да го стори тоа. Пораката од Бог била „како распламтен оган, затворен во [неговите] коски“, и тој морал да зборува во името на Јехова. (Прочитај Еремија 20:8, 9.)
9. Зошто е добро да размислуваме за она што му се случило на Еремија?
9 Овој извештај може да ни помогне доколку злобно нѐ исмеваат луѓе што ги познаваме, сеедно дали ни се роднини, соседи, колеги или соученици. Не треба да се изненадиме ако таквото противење понекогаш нѐ обесхрабри. Може да се обесхрабриме и ако претрпиме физичко малтретирање поради тоа што сакаме исправно да му служиме на Бог. Како што тие работи влијаеле врз несовршениот Еремија, така можат да влијаат и врз нас бидејќи се бориме со исти човечки чувства како и тој. Но, да не заборавиме дека, со Божја помош, на Еремија повторно му се вратила радоста и смелоста. Обесхрабрувањето не траело вечно, а не мора да трае ни во нашиот случај (2. Кор. 4:16-18).
10. Што ни открива Библијата за расположението на Еремија?
10 Понекогаш Еремија доживувал и нагли промени во расположението. Дали и тебе ти се случило во еден момент да си расположен и позитивен, а веќе следниот да си потиштен и очаен? Понекогаш Еремија бил многу радосен. (Прочитај Еремија 20:12, 13.) На пример, откако пострадал од Пасхор, тој се радувал што е како ‚сиромасите‘ кои се избавени „од раката на злосторниците“. Кога и тебе Јехова те избавил од некоја тешка ситуација или кога ти се случило нешто убаво во животот или во службата, зарем не си бил толку радосен што ти доаѓало да му пееш на сет глас? Колку е убаво човек да има такви чувства! (Дела 16:25, 26).
11. Која работа во врска со Еремија треба да ја имаме на ум доколку нашето расположение лесно се менува?
11 Сепак, бидејќи сме несовршени, расположението може лесно да ни се смени, исто како што било случај со Еремија. Откако извикал „Пејте му на Јехова!“, одеднаш паднал во длабок очај, а веројатно и заплакал. (Прочитај Еремија 20:14-16.) Се чувствувал толку безнадежно што се прашувал зошто воопшто се родил! Во тие мигови го проколнувал човекот што ја донел веста за неговото раѓање и рекол дека тој човек ја заслужува казната на Содом и Гомор. Но, клучното прашање е: Дали Еремија продолжил да се самосожалува? Дали кренал раце од сѐ и потонал во уште подлабок очај? Не. Тој сигурно се трудел да го победи обесхрабрувањето, и успеал во тоа. Да видиме што пишува понатаму во книгата Еремија. Другиот Пасхор, кнезот, кој бил испратен од цар Седекија, дошол кај Еремија да се распраша за Вавилонците кои го опсадиле Ерусалим. Наместо да се уплаши, Еремија смело му ја објавил Јеховината пресуда и му го кажал конечниот исход (Ерем. 21:1-7). Еремија очигледно немал намера да престане да пророкува!
12, 13. Што би можеле да сториме ако доживуваме нагли промени во расположението?
12 Некои Божји слуги денес исто така доживуваат нагли промени во расположението. Причините за ова можат да бидат од физичка природа, односно да бидат предизвикани од ненадејна промена во нивото на хормоните или од некое биохемиско нарушување. Во тој случај, може да се побара стручен совет од лекар за таквите промени да се сведат на минимум (Лука 5:31). Сепак, најчесто, чувствата на силна радост или, пак, нерасположеност, што понекогаш ни се јавуваат се сосема нормални. А за повеќето негативни чувства може да се каже дека се неизбежен дел од животот на еден несовршен човек. Можат да се појават поради умор или поради смртта на некој наш близок. Ако се бориме со слични чувства, може да се сетиме дека, иако и Еремија доживувал подеми и падови во расположението, сепак останал во Божјата милост. За да ни биде подобро, можеби ќе треба да смениме некои навики, и така да имаме доволно време за одмор. Или, можеби ќе треба да помине извесен период за да закрепнеме по некоја тешка загуба. Во секој случај, многу е важно да продолжиме да одиме на христијанските состаноци и редовно да учествуваме во другите теократски активности. Само така можеме да останеме урамнотежени и да му служиме на Бог со радост (Мат. 5:3; Рим. 12:10-12).
13 Сеедно дали си потиштен понекогаш или расположението често ти се менува, примерот на Еремија може многу да те утеши. Како што видовме, и тој понекогаш бил прилично обесхрабрен. Сепак, не дозволил тоа да го оддалечи од неговиот Бог, кого го сакал и кому верно му служел. Кога противниците му враќале зло за добро, тој барал помош од Јехова и имал доверба во него (Ерем. 18:19, 20, 23). Биди решен да постапуваш како Еремија (Плач 3:55-57).
Ако понекогаш си обесхрабрен и нерасположен, како можеш да го примениш она што го пишува во книгата Еремија?
ЌЕ ГИ ЗАКРЕПНЕШ ЛИ ИЗМОРЕНИТЕ ДУШИ?
14. Кој најмногу го охрабрил Еремија, и како?
14 Добро е да обрнеме внимание на тоа како Еремија бил охрабрен, но и како тој лично ги охрабрувал ‚изморените души‘ (Ерем. 31:25). Пророкот најмногу бил охрабрен од Јехова. Замисли колку многу ќе ти значеше тебе да го чуеш самиот Јехова како ти вели: „Јас те направив денес утврден град... Тие ќе се борат против тебе, но нема да те надвладеат, зашто јас сум со тебе... за да те избавам“ (Ерем. 1:18, 19). Со добра причина, Еремија рекол дека Јехова е ‚негова сила и негова тврдина, негово засолниште во денот на неволја‘ (Ерем. 16:19).
15, 16. Имајќи на ум како Јехова го охрабрил Еремија, на кој начин можеме да ги охрабриме другите?
15 Забележи дека Јехова му рекол на Еремија: „Јас сум со тебе“. Дали од ова гледаш што би можел да сториш ти ако му треба охрабрување на некој што го познаваш? Сепак, едно е да видиш дека на некој сохристијанин или роднина му треба охрабрување, а друго е да се обидеш да му го дадеш на вистинскиот начин. Во многу случаи, најдобро е да постапиш како што постапил Бог со Еремија — биди покрај потиштениот. А потоа, во даден момент, ќе можеш да споделиш некои утешни мисли со него. Сепак, внимавај да не го преплавиш со зборови. Најчесто се доволни само неколку збора, под услов да бидат добро избрани за да го утешат и да го зајакнат. Не мора да кажеш кој знае што. Користи едноставни зборови од кои потиштениот ќе го види твојот интерес, грижа и христијанска љубов. Така ќе можеш многу да помогнеш. (Прочитај Изреки 25:11.)
16 Еремија се молел: „Јехова... Сети се на мене и погледни ме“. И, што се случило? Пророкот раскажува: „Кога твоите зборови ми дојдоа, јас ги изедов, и твојата реч ме израдува и ми го развесели срцето“ (Ерем. 15:15, 16). И на оној кого ти сакаш да го охрабриш можеби му е потребно љубезно внимание. Се разбира, твоите зборови немаат иста тежина како зборовите на Јехова. Сепак, можеш да повториш нешто од она што веќе го кажал Тој. Зборовите од Библијата, кои ги кажуваш искрено и од срце, можат навистина да го израдуваат потиштеното лице. (Прочитај Еремија 17:7, 8.)
17. Која важна поука ја гледаме во начинот на кој Еремија постапил со Седекија и со Јоанан?
17 Како што веќе рековме, освен што самиот бил охрабрен од Бог, Еремија ги храбрел и другите. Како? Во една прилика, цар Седекија му кажал дека се плаши од Евреите кои пребегале кај Вавилонците. Пророкот го охрабрил, поттикнувајќи го да му биде послушен на Јехова за да помине добро и да остане жив (Ерем. 38:19, 20). Откако Ерусалим бил освоен и само малку Евреи останале во земјата, нивниот воен заповедник Јоанан сакал да ги поведе во Египет. Но, најпрво го прашал Еремија што да прави. Пророкот прво го сослушал она што имал да му го каже Јоанан, а потоа му се помолил на Јехова. Подоцна им го пренел Јеховиниот охрабрувачки одговор на овие Евреи, кажувајќи им каков благослов ги чека ако го послушаат Божјиот совет и останат во земјата (Ерем. 42:1-12). И во првиот и во вториот случај, Еремија слушал пред да каже нешто. За да ги охрабриме другите, и ние мора најпрво да ги ислушаме. Дозволи му на потиштениот да си го отвори срцето. Слушај го внимателно додека ти зборува за своите грижи и стравови. А потоа, кога ќе дојде вистинскиот момент, кажи му неколку охрабрувачки зборови. Иако не си во можност да му дадеш директен одговор од Бог, сепак би можел да наведеш некои убави мисли од Божјата Реч за она што го носи иднината (Ерем. 31:7-14).
18, 19. На кој начин би можеле да ги храбриме другите, земајќи го предвид случајот со Рихавовите синови и со Авде-Мелех?
18 Ниту Седекија ниту Јоанан не ги прифатиле охрабрувањето и советот што им ги пренел Еремија, а и на некои денес нема да им значи многу она што ти им го кажуваш. Но, не разочарувај се. Други го прифатиле охрабрувањето на Еремија, а веројатно мнозина ќе бидат охрабрени и од твоите зборови. Сети се на Рихавовите синови, Кенејците кои со години живееле меѓу Евреите. Една од заповедите што им ги дал нивниот предок Јонадав била и заповедта, како туѓинци, да не пијат вино. Додека Вавилонците го напаѓале градот, Еремија ги однел овие луѓе во една трпезарија во храмот. На заповед од Бог, тој изнел вино пред нив. Од почит кон својот прататко, и спротивно на непослушниот дух што го покажале Израелците, Рихавовите синови биле послушни и не сакале да пијат од виното (Ерем. 35:3-10). Еремија ги пофалил во Јеховино име и им кажал што им ветува Бог за во иднина. (Прочитај Еремија 35:14, 17-19.) Можеш да го следиш неговиот пример кога ќе сакаш да охрабриш некого — ако е можно, пофали го искрено.
19 Еремија постапил на сличен начин и со Авде-Мелех, Етиопјанец кој очигледно бил службеник на дворот на цар Седекија. Јудејските кнезови неправедно го фрлиле Еремија во тињата на една празна јама и го оставиле таму да умре. Авде-Мелех се зазел за него пред цар Седекија, и тој му дозволил да го спаси пророкот. Овој туѓинец го сторил тоа иако постоела опасност да наиде на жесток отпор (Ерем. 38:7-13). Бидејќи јудејските кнезови најверојатно го замразиле поради оваа постапка, можеби Авде-Мелех бил загрижен што ќе се случи со него. Еремија не го оставил овој човек сам да се справи со своите чувства на страв и неизвесност, туку го утешил кажувајќи му како Бог ќе го благослови во иднина (Ерем. 39:15-18).
20. Што би сакале да правиме за нашите браќа, сеедно дали се млади или стари?
20 Навистина, во книгата Еремија има извонредни примери од кои учиме како и самите да го послушаме советот на апостол Павле до браќата во Солун: „Тешете се меѓусебно и изградувајте се еден со друг... Незаслужената доброта на нашиот Господар Исус Христос нека биде со вас!“ (1. Сол. 5:11, 28).
Кои поуки од книгата Еремија имаш намера да ги примениш додека се трудиш да ги охрабриш изморените души?
[Фуснота]
a Додека владеел Седекија, имало друг Пасхор, кнез што барал од царот да го погуби Еремија (Ерем. 38:1-5).
[Слика на страница 86]
Како можат противењето или исмевањето да влијаат врз нашите чувства?