Осмо поглавје
Ќе ‚останеш ли жив‘ како Еремија?
1, 2. Зошто не треба да бидеме заинтересирани само за себе, туку и за своето семејство?
ОТКАКО ги поттикнал Израелците да изберат кому ќе му служат, Исус Навин рекол: „А јас и мојот дом ќе му служиме на Јехова!“ (Ис. Нав. 24:15). Тој бил решен да му остане верен на Бог, а бил сигурен дека и неговото семејство ќе биде верно. Додека наближувало уништувањето на Ерусалим, Еремија го поттикнал цар Седекија да им се предаде на Вавилонците за да ‚останат живи и тој и неговиот дом‘ (Ерем. 38:17). Царот направил лош избор, и затоа страдале и тој и неговите жени и деца. Откако синовите му биле убиени пред очи, тој бил ослепен и одведен како заробеник во Вавилон (Ерем. 38:18-23; 39:6, 7).
2 И двата израза со коси букви првенствено се однесуваат на поединци. Но, спомнати се и нивните семејства. Тоа е сосема логично. Секој возрасен човек е одговорен пред Бог. Меѓутоа, повеќето Израелци имале и семејство. Семејството е важно и за христијаните. Тоа се гледа од поуките за бракот, воспитувањето на децата и почитта кон членовите на семејството, кои ги добиваме преку Библијата и на христијанските состаноци (1. Кор. 7:36-39; 1. Тим. 5:8).
НЕОБИЧНА ЗАПОВЕД
3, 4. Во кој поглед ситуацијата на Еремија била поинаква од ситуацијата на повеќето Евреи? Зошто тоа било добро за него?
3 Еремија бил меѓу оние што избрале да му служат на Јехова и ‚останале живи‘ (Ерем. 21:9; 40:1-4). Тој го преживеал уништувањето на Ерусалим, но од неговиот избор не било засегнато цело семејство бидејќи Бог му заповедал да не се жени, да нема деца и да не прави некои други работи што биле нераздвоен дел од животот на неговите сонародници. (Прочитај Еремија 16:1-4.)
4 Во времето на Еремија, било најнормално еден Евреин да се ожени и да има деца. Повеќето го правеле тоа, и така го задржувале во семејството и во своето племе имотот што го наследиле од своите прататковциa (5. Мој. 7:14). Тогаш, зошто ова му било забрането на Еремија? Знаејќи што претстои, Бог му заповедал да не учествува во вообичаените тажни или весели настани. Еремија не смеел да ги теши ужалените, ниту да јаде со нив по некој погреб, ниту, пак, да се радува со другите на некоја еврејска свадба. Набрзо Бог ќе им ставел крај на сите такви гозби и веселби (Ерем. 7:33; 16:5-9). Со своето постапување, Еремија требало да им помогне на Евреите да поверуваат во неговата порака и да сфатат колку страшен суд ги чека. На крајот, неволјата дошла. Можеш ли да си замислиш како им било на оние што во тој безизлез почнале да јадат човечко месо или морале да ги гледаат безживотните трупови на своите најмили што лежеле непогребани по улиците? (Прочитај Еремија 14:16; Плач 2:20). Навистина може да се каже дека неженетиот Еремија поминал подобро од другите. Градот бил под опсада цели 18 месеци. Во тоа тешко време изгинале цели семејства, но тој не морал да се соочи со болна загуба на својата жена или, пак, на своите деца.
5. Од какво значење се за нас упатствата запишани во Еремија 16:5-9?
5 Но, може ли да се каже дека Еремија 16:5-9 се однесува и на нас? Не. Христијаните се поттикнати ‚да ги тешат оние што се во неволја‘ и ‚да се радуваат со оние што се радуваат‘ (2. Кор. 1:4; Рим. 12:15). Исус присуствувал на една свадба и придонел за радоста на тој настан. Сепак, факт е дека на овој злобен свет му претстојат страшни денови. Можно е христијаните да се соочат и со неволји и оскудица. Исус нагласил дека ќе мора да бидеме спремни да направиме сѐ што треба за да истраеме и да останеме верни, исто како нашите браќа кои морале да бегаат од Јудеја во првиот век. Затоа е добро секој сериозно да размисли пред да одлучи дали ќе остане самец, ќе стапи во брак или ќе има деца. (Прочитај Матеј 24:17, 18.)
6. Кој може да извлече поука ако размислува за заповедта што Бог му ја дал на Еремија?
6 Што учиме од тоа што Бог му заповедал на Еремија да не се жени и да нема деца? И денес некои верни христијани не се во брак или, пак, немаат деца. Што учат тие од Еремија? И, зошто дури и христијаните кои се во брак и имаат деца треба да размислат за ова?
7. Зошто е важно да размислиме што значи тоа што Еремија не требало да има деца?
7 Како прво, Еремија не требало да има деца. Исус не им забранил на своите следбеници да имаат деца. Сепак, вреди да се забележи дека рекол оти ќе им било тешко на бремените жени и на доилките во неволјата која дошла врз Ерусалим во 66 год. и траела до 70 год. од н.е. Поради нивната состојба, тоа ќе било особено мачно време за нив (Мат. 24:19). Нам ни претстои уште поголема неволја. Христијанските двојки кои размислуваат за деца треба да го земат предвид овој сериозен факт. Зарем не се согласуваш дека станува сѐ потешко да излеземе на крај со овие критични времиња? Многу брачни двојки признаваат дека е голем предизвик исправно да ги воспитаат децата за да останат во вистината и да го преживеат крајот на сегашниов свет. Иако секоја брачна двојка мора сама да реши дали ќе има деца, добро е да размисли за случајот на Еремија. А како треба да гледаме на тоа што Бог му заповедал и да не се жени?
Каква необична заповед добил Еремија, и што треба да размислиме во врска со неа?
ПОУКИ ОД САМЕШТВОТО НА ЕРЕМИЈА
8. Зошто може да се каже дека човек не мора да биде во брак за да му угоди на Бог?
8 Кога му рекол на Еремија да не се жени, Бог не дал правило кое треба да го следат сите негови слуги. Не е погрешно да се стапи во брак. Јехова го основал за луѓето да ја населат Земјата, и тој требало да биде извор на големо задоволство и среќа (Изр. 5:18). Сепак, и во времето кога пророкувал Еремија, во Израел имало луѓе што не биле во брак. Некои од нив можеби биле евнуси.b Освен тоа, сигурно имало вдовици и вдовци. Значи, Еремија не бил единствениот Божји слуга што немал брачен другар. Се разбира, тој имал причина да не се жени, а истото е случај и со некои христијани денес.
9. За кој совет во врска со бракот треба сериозно да размислиме?
9 Многу христијани се женат и се мажат, но не сите. Знаеш дека Исус не бил женет, а рекол и дека некои негови ученици ќе го „имаат тој дар“ да решат во умот и во срцето да не стапат во брак. На таквите им дал совет да останат самци. (Прочитај Матеј 19:11, 12.) Затоа, треба да го пофалиме, а не да го задеваме оној што останува самец за да му служи на Бог во поголема мера. Точно, некои христијани остануваат сами, барем извесно време, затоа што околностите им го наметнуваат тоа. На пример, можеби сѐ уште не нашле христијанин кој би бил добар брачен партнер за нив. За пофалба е тоа што се решени да го послушаат Божјиот совет да стапат во брак „само во Господарот“ (1. Кор. 7:39). И, се разбира, некои Божји слуги се сами затоа што се вдовици или вдовци.c Сите тие никогаш не треба да заборават дека Бог (и Исус) отсекогаш биле заинтересирани за таквите лица (Ерем. 22:3; прочитај 1. Коринќаните 7:8, 9).
10, 11. а) Што му помогнало на Еремија да биде среќен како самец? б) Како искуствата на многу христијани денес потврдуваат дека самците можат да имаат исполнет живот?
10 Како самец, Еремија можел да се потпре на Бог. На кој начин? Сигурно се сеќаваш дека тој уживал во Јеховината реч. Таа несомнено му била извор на сила и утеха низ децениите во кои верно пророкувал. Освен тоа, Еремија внимавал да не се најде во друштво на луѓе кои би го исмевале затоа што немал жена. Повеќе сакал ‚да седи сам‘ отколку со лица кои би правеле такви шеги на негова сметка. (Прочитај Еремија 15:17.)
11 Многу христијани кои не се во брак — сеедно дали се мажи или жени, млади или во поодминати години — го следат убавиот пример на Еремија. Нивните искуства покажуваат колку им помага тоа што се зафатени со својата служба за Бог и што имаат голем удел во духовните активности кои ги прават среќни. На пример, една сестра што служи во собрание на кинески јазик вели: „Пионерската служба ми дава правец во животот. Не сум мажена, но животот ми е исполнет и активен, па затоа не сум осамена. На крајот од секој ден чувствувам задоволство затоа што гледам дека мојата служба навистина им помага на луѓето. Тоа ме прави многу радосна“. Една друга пионерка, која има 38 години, вели: „Мислам дека тајната на среќата е да знаеш да уживаш во позитивните страни на секоја ситуација“. Една немажена христијанка од југот на Европа искрено признава: „Животот не ми е баш таков каков што си го замислував, но сепак сум среќна, и имам намера да останам среќна“.
12, 13. а) Кое е реалистичното гледиште и за самештвото и за бракот? б) Што учиме за самештвото од животот и советите на Павле?
12 Можеби и Еремија сфатил дека животот не му е таков каков што си го замислувал кога бил млад. Сепак, веројатно бил доволно мудар да увиди дека истото било случај и со мнозина од оние што стапиле во брак и имале деца. Една пионерка од Шпанија го вели следново: „Познавам луѓе во брак кои се среќни и други кои не се среќни. Тоа ми потврдува дека мојата среќа не зависи од тоа дали ќе се омажам или не“. Без сомнение, искуството на Еремија — како и на илјадници други луѓе — е јасен доказ дека самците можат да имаат исполнет, смисловен и среќен живот. И апостол Павле зборувал во прилог на ова, кога рекол: „На оние што не се во брак и на вдовиците им велам: добро им е да останат како што сум јас“ (1. Кор. 7:8). Можеби тој бил вдовец. Како и да е, не бил во брак додека служел како мисионер (1. Кор. 9:5). Зарем не е разумно да заклучиме дека бил во предност како самец? Тој можел ‚без престан и без пречка да му служи на Господарот‘, и така направил многу во проповедничкото дело (1. Кор. 7:35).
13 Под водство на светиот дух, Павле додал: „Таквите [што стапуваат во брак] ќе имаат телесни неволји“. Бог му дал да ја запише и следнава длабока вистина: „Ако некој во своето срце одлучил да ја зачува својата девственост... добро прави. Значи, кој одлучил да се одрече од својата девственост и да стапи во брак, добро прави, но кој одлучил да ја зачува својата девственост и да не стапува во брак, прави уште подобро“ (1. Кор. 7:28, 37, 38). Иако никогаш не ги прочитал овие зборови, Еремија со децении останал самец. Неговиот пример докажува дека бракот не е предуслов за да водиме исполнет живот додека му служиме на Бог. Напротив, самештвото може многу да придонесе за среќен живот во кој најважно од сѐ е обожавањето на вистинскиот Бог. Цар Седекија бил женет, но не го послушал советот на Еремија и не ‚останал жив‘, а неженетиот пророк го послушал Бог, и го зачувал својот живот.
Што учиш од тоа што Еремија со децении останал самец?
ОХРАБРУВАЈ И БИДИ ОХРАБРЕН
14. Што учиме од пријателството на Павле со Акила и Прискила?
14 Како што веќе беше спомнато, повеќето мажи и жени во времето на Еремија стапувале во брак и имале семејство. Слично било и во времето на Павле. Без сомнение, повеќето христијани што имале семејство не можеле да проповедаат во далечни земји. Сепак, можеле многу да направат таму каде што живееле. Меѓу другото, можеле да им помагаат на неженетите браќа и сестри. На пример, сети се дека, кога Павле пристигнал во Коринт, Акила и Прискила го зеле кај себе дома и работеле заедно со него бидејќи имале ист занает. Но, тоа не било сѐ. Павле сигурно бил многу охрабрен од пријателството со овој брачен пар. Помисли на срдечната атмосфера во која уживале при заедничките оброци и во други прилики. Дали и Еремија уживал во слично дружење? Иако останал самец за да му служи на Бог, не треба да мислиме дека бил самотник. Најверојатно се радувал на блиско дружење со семејствата на некои верни Божји слуги, како што можеби било семејството на Варух, на Авде-Мелех или на други (Рим. 16:3; прочитај Дела 18:1-3).
15. Како можат христијанските семејства да им помогнат на самците во собранието?
15 И денес, многу христијани што не се во брак се радуваат на дружењето со разни семејства, слично како што се дружел Павле со Акила и Прискила. Ако си семеен човек, дали си имаш поставено за цел заедно со семејството да се дружите со оние што не се во брак? Една сестра ја даде следнава искрена изјава: „Го оставив светот и не сакам да се вратам назад. Сепак, сѐ уште имам потреба некој да се грижи за мене и да ме сака. Го молам Јехова да ни обезбеди на сите што сме самци додатна духовна храна и охрабрување. И нам ни треба поддршка, и не гориме сите од желба да стапиме во брак. Сепак, на моменти се чини дека сме препуштени сами на себе. Се разбира, секогаш го имаме Јехова, но понекогаш ни се потребни и луѓе со кои ќе можеме да разговараме. Дали тогаш ќе ни излезе во пресрет некој од нашето духовно семејство?“ Илјадници браќа и сестри кои се самци можат потврдно да одговорат на ова прашање. Тие навистина имаат такви пријатели во своето собрание. Бидејќи се дружељубиви, имаат пријатели на различна возраст — и врсници, но и постари лица и млади од христијанските семејства во собранието.
16. Кои едноставни работи би можел да ги направиш за да ги охрабриш браќата и сестрите што не се во брак?
16 Ако размислиш, и ти можеш да најдеш начин да ги охрабриш самците. На пример, би можеле да ги вклучите во семејните активности, како што е Семејната вечер посветена на Јехова. Може многу да им значи и ако ги поканите на ручек или на вечера. А би можеле ли да закажете служба со некои од нив? Би можеле ли да викнете некој од самците да дојдат со вас кога има работа околу Салата на Царството или, пак, повремено да одите заедно на пазарување? Има семејства што поканиле некоја вдовица, вдовец или пионер кој не е во брак да патува со нив на конгрес или да одат заедно на одмор. Со таквото дружење сите можеле меѓусебно да се охрабрат.
17-19. а) Зошто треба децата да покажат урамнотеженост и љубов кога се договараат околу грижата за остарените или болни родители? б) Која практична поука можеме да ја извлечеме од начинот на кој Исус се погрижил за својата мајка?
17 Друго прашање кое ги засега неженетите браќа и немажените сестри е грижата за остарените родители. Во времето на Исус, некои угледни Евреи лукаво ја избегнувале одговорноста да се грижат за татко си и мајка си. Тврделе дека религиозните обврски што сами си ги наметнувале биле поважни од грижата за родителите — одговорност која, всушност, им ја доверил Бог (Мар. 7:9-13). За вакво нешто нема место во христијанските семејства (1. Тим. 5:3-8).
18 А што да се прави ако остарените родители имаат повеќе деца во вистината? Ако едно од нив не е во брак, дали тоа значи дека најголемиот товар во врска со грижата за родителите мора да падне врз негови плеќи? Една сестра од Јапонија пишува: „Би сакала да се омажам, но бидејќи морам да се грижам за родителите, тоа не е можно. Уверена сум дека Јехова разбира колку е стресно да се грижиш за родителите, и колку на некои самци им е тешко во душата“. Можно ли е оваа христијанка да има женети браќа и сестри кои решиле, без да разговараат со неа, таа да се грижи за мајката и таткото? Интересно е да забележиме дека и Еремија имал браќа што не постапувале убаво со него. (Прочитај Еремија 12:6.)
19 Јехова ги разбира самците и сочувствува со оние кои се наоѓаат во тешка ситуација (Пс. 103:11-14). Меѓутоа, остарените или болни родители се родители на сите свои деца, а не само на оние што не се во брак. Точно, можеби некои од децата се мажени или женети, а и самите имаат деца. Сепак, тоа не ја раскинува врската на љубов што нормално треба да ја чувствуваат кон родителите ниту, пак, ги ослободува од нивната христијанска одговорност да се грижат за нив, доколку има потреба. Сигурно се сеќаваме дека, дури и кога висел на столбот, кратко пред да умре, Исус не ја заборавил својата должност кон мајка си, и направил нешто за таа да биде згрижена (Јован 19:25-27). Библијата не кажува конкретно кој колку треба да се грижи за остарените или болни родители, но не покажува ни дека неженетите деца автоматски сносат поголема одговорност. Бидејќи ова е осетливо прашање, сите засегнати треба да покажат разумност и обѕир кога се договараат за деталите, во склад со примерот што го дал Исус кога се погрижил за својата мајка.
20. Што мислиш за дружењето со самците во твоето собрание?
20 Под водство на светиот дух, Еремија прорекол дека меѓу Јеховините помазани слуги ќе постои пријателство и дека тие ќе сочинуваат едно вистинско братство (Ерем. 31:34). Но, може да се каже дека и целиот Божји народ веќе се радува на вакво извонредно дружење во христијанското собрание, во кое спаѓа и дружењето со браќа и сестри кои се самци. Без сомнение, сите сакаме да бидеме охрабрени од нив и да ги храбриме за и тие да ‚останат живи‘.
Кои други чекори би можел да ги преземеш за да ги охрабриш, а и самиот да бидеш охрабрен од некои браќа и сестри што не се во брак?
[Фусноти]
a Во изворните Хебрејски списи нема посебен збор за маж кој никогаш не се оженил.
b Исаија зборувал пророчки за евнусите во своето време, кои, во одредена мера, можеле да му служат на вистинскиот Бог заедно со израелскиот народ. Тој претскажал дека послушните евнуси ќе стекнат „нешто што е подобро од синови и ќерки“, односно „вечно име“ во Божјиот дом (Иса. 56:4, 5).
c Други живеат сами затоа што нивниот брачен партнер, кој можеби не е Сведок, се одвоил или законски се развел од нив.
[Рамка на страница 98]
„Уживам во миговите кога сум сама. Можам да разговарам со Јехова во молитва. Можам длабоко да размислувам и да проучувам без никакви пречки... Убавите страни на самештвото многу придонесуваат за мојата радост“ (Бабет)