Дванаесетто поглавје
„Зар тоа не значи човек да ме познава мене?“
1, 2. Зошто не било мудро Јоаким да гради палата?
ЦАР ЈОАКИМ градел голема и удобна куќа. Планот бил палатата да има најмалку два ката и пространи соби со големи прозорци низ кои ќе влегува светлина и свеж воздух. Ѕидовите требало да бидат обложени со мирислив ливански кедар и премачкани со увозна црвена боја, која ѝ давала посебен топол сјај на кедровината, па затоа била многу ценета од царевите и достоинствениците во другите земји (Ерем. 22:13, 14).
2 Овој проект бил прилично скап, а во тоа време ризницата очигледно била речиси празна бидејќи голем дел од среброто и златото се трошел за одбрана на земјата и за плаќање данок на Египет (2. Цар. 23:33-35). Сепак, Јоаким нашол начин да ги покрие трошоците за новата палата. Престанал да ги плаќа градежниците! Постапувал со нив како со робови и себично ги искористувал како бесплатна работна сила.
3. По што се разликувал Јоаким од својот татко, и зошто?
3 Преку Еремија, Бог го осудил Јоаким за неговата себичност.a Тој го потсетил дека неговиот татко, цар Јосија, покажал голема добрина и дарежливост кон обичниот народ и кон сиромасите. Дури и ги бранел на суд! Посочувајќи ја грижата на неговиот татко кон страдалниците, Јехова прашал: „Зар тоа не значи човек да ме познава мене?“ (Прочитај Еремија 22:15, 16.)
4. Зошто треба да ти биде важно да го запознаеш Јехова?
4 Бидејќи условите во Сатановиот свет сѐ повеќе се влошуваат, потребна ни е помошта и заштитата кои Јехова им ги дава на оние што добро го познаваат. Затоа е многу важно да стануваме сѐ поблиски со Бог. Освен тоа, за успешно да ја проповедаме добрата вест, треба да ги покажуваме и Неговите убави особини. Но, можеби се прашуваш: ‚Како може еден христијанин да го запознае Јехова толку добро колку што го познавал цар Јосија?‘
ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ ПОЗНАВА БОГ
5, 6. а) Како влијае еден добар татко врз своите деца? б) За разлика од Јоаким, како треба да реагираме ние на она што го знаеме за Јеховините патишта?
5 Размисли како влијае еден добар татко врз своите деца. Кога гледаат колку е дарежлив кон оние што имаат помалку во материјален поглед, веројатно и самите ќе станат дарежливи. Кога гледаат како покажува љубов и почит кон нивната мајка, сигурно ќе научат и самите да бидат обѕирни кон спротивниот пол. А ако татко им е на добар глас како праведен и чесен човек кога станува збор за пари, тоа може да ги поттикне и самите да бидат праведни и чесни. Значи, додека растат и ги гледаат неговите постапки и особини, децата најверојатно ќе сакаат да бидат како него.
6 Еден христијанин што го познава Јехова исто како Јосија, признава дека Јехова е Севишен Владетел. Но, во склад со споредбата за таткото, тој не останува само на тоа. Кога чита во Библијата како Бог постапува со другите, и самиот сака да биде како својот небесен Татко. Неговата љубов кон Јехова расте и, истовремено, тој од ден на ден сѐ повеќе ги покажува Божјите особини. Но, точно е и спротивното. Оној што не обрнува внимание на Божјите закони и совети, и така го одбива Неговото водство, не го познава вистинскиот Бог. Таквиот личи на Јоаким, кој ја фрлил во оган речта што Јехова му ја објавил преку Еремија. (Прочитај Еремија 36:21-24.)
7. Зошто би требало да сакаш да го запознаеш Јехова како што го познавал Јосија?
7 Нашиот успех во службата и нашата надеж за живот во новиот свет зависат од тоа дали навистина го познаваме Јехова (Ерем. 9:24). Затоа, да разгледаме некои Божји особини што се истакнати во списите на Еремија. Притоа, труди се да откриеш како ти лично би можел подобро да го запознаеш Бог и да го следиш неговиот пример, исто како цар Јосија.
Зошто можеме да кажеме дека цар Јосија многу добро го познавал Јехова и бил близок со него? Што значи да го познаваме Јехова како што го познавал Јосија?
„НЕГОВАТА ЛОЈАЛНА ЉУБОВ ТРАЕ ДОВЕКА!“
8. Што значи хебрејскиот збор кој е преведен со „лојална љубов“, и како се покажува таква љубов?
8 Јехова е Бог кој покажува лојална љубов. Хебрејскиот збор преведен со „лојална љубов“ има толку широк спектар на значења што во многу јазици не постои еден збор со кој во потполност може да се изрази неговата смисла.b Според еден библиски речник, овој збор истовремено укажува на цврстина, постојаност и љубов. „Секоја дефиниција на овој израз која не ги покрива сите три аспекти не може во потполност да го долови неговото богато значење“, стои во истиот речник. Според тоа, бидејќи е искрено заинтересиран за другите, оној што покажува лојална љубов дава сѐ од себе за да им помогне да ги задоволат своите потреби, особено духовните. А главна причина зошто е толку несебичен е неговата желба да го радува Семоќниот Бог.
9. Што учиме од начинот на кој Јехова постапувал со Израел?
9 Библискиот израз „лојална љубов“ можеме најдобро да го разбереме ако проучуваме како постапувал Бог со своите вистински слуги низ вековите. Јехова ги штител и ги хранел Израелците во текот на 40-те години во пустината. Во Ветената земја, им дал судии да ги избават од непријателите и да им помогнат да му се вратат и да му служат на исправен начин. Бидејќи сите тие векови останал со Израел и во добро и во зло, Јехова можел да му каже: „Те сакам со вечна љубов. Затоа те привлеков со својата лојална љубов“ (Ерем. 31:3, фус.).c
10. Во склад со примерот на Евреите во Вавилон, како Јехова покажува лојална љубов кога ги слуша молитвите?
10 Бог и денес на разни начини ја покажува својата лојална љубов кон секој свој слуга. На пример, Јехова ги слуша сите искрени молитви, но обрнува посебно внимание кога му се молат неговите оддадени слуги. И со години да се молиме за истите проблеми, тој не го губи трпението со нас ниту, пак, му е заморно да нѐ слуша. Еднаш Јехова му заповедал на Еремија да им испрати порака на група Евреи што биле одведени во ропство во Вавилон. Тие биле на 800 километри од дома, далеку од храмот, од семејството и од пријателите во Јуда. Но, тоа што не биле близу до храмот не го спречило Јехова да ги слушне нивните молби за милост и фалбите што му ги упатувале. Можеш да замислиш колку биле утешени Евреите кога ги чуле Божјите зборови запишани во Еремија 29:10-12. (Прочитај.) Овие зборови, во принцип, важат и за тебе и за твоите сесрдни молитви.
11, 12. а) Какво ветување им дал Јехова на жителите на Ерусалим? б) Каква помош може да добие оној против кого биле преземени соодветни мерки?
11 Друг доказ за Јеховината лојална љубов е тоа што секогаш дава надеж. Додека наближувало уништувањето на Ерусалим, неговите жители продолжиле со својот бунт кој, всушност, бил бунт против Бог. Тогаш, што можеле да очекуваат? Дали можеби смрт од глад или од некој вавилонски меч? Најдоброто нешто што можело да им се случи било долго изгнанство и смрт во туѓина. И покрај тоа, Јехова имал „добар збор“ за оние што ќе се покаеле и ќе се променеле. Тој ветил дека ‚ќе дојде по нив‘ во далечниот Вавилон и повторно ќе ги врати во нивната татковина (Ерем. 27:22). Како резултат на тоа, тие ќе извикувале: „Фалете го Јехова над војските, зашто Јехова е добар — неговата лојална љубов трае довека!“ (Ерем. 33:10, 11, фус.).
12 Поради својата лојална љубов, Јехова е Извор на охрабрување дури и за оние за кои, од човечка гледна точка, нема надеж. Денес има такви кои порано биле дел од христијанското собрание, но против нив морале да се преземат соодветни мерки. Можеби сега чувствуваат толку голема вина што немаат храброст да направат чекори за повторно да се вратат во Божјиот народ. Можеби и се прашуваат дали Јехова воопшто некогаш ќе им прости и повторно ќе ги прими кај себе. Семоќниот Бог има „добар збор“ за сите нив. Тие можат да добијат љубезна помош за да ги направат сите потребни промени во своето размислување и постапки. Она што беше кажано во претходниот пасус во основа важи и за нив — Јехова ќе ги врати во собранието, меѓу својот среќен народ (Ерем. 31:18-20).
13. Зошто би требало да те охрабри тоа што знаеш дека Јехова му помагал на Еремија?
13 Бидејќи чувствува лојална љубов и кон своите верни слуги, Јехова секогаш им помага. Во овие последни денови на Сатановиот свет, имаме причина да веруваме дека Тој ќе ги заштити и ќе се грижи за сите што најнапред го бараат неговото Царство. Не заборавај дека, во последните денови на Ерусалим, Еремија потполно зависел од Јехова. Тој никогаш не го оставил својот пророк на цедило, туку му ја давал потребната храна и заштита (Ерем. 15:15; прочитај Плач Еремиин 3:55-57). Ако и ти лично се најдеш под силен притисок, биди уверен дека Јехова нема да ги заборави твоите верни дела. Поради својата лојална љубов, тој сака да ти помогне за да не пропаднеш. (Спореди со Плач Еремиин 3:22.)
Кој аспект на Јеховината лојална љубов најмногу те зближува со него? Зошто?
„КАКО ШТО Е ЖИВ ЈЕХОВА, БОГ... ПРАВЕДЕН И ПРАВДОЉУБИВ!“
14. На какви неправди си бил сведок во последно време?
14 Некои луѓе со години чмаат в затвор за злосторства што не ги направиле. Има случаи кога судот донел смртна пресуда и, дури откако осуденикот бил погубен, на виделина излегле докази дека, всушност, бил невин. Во некои земји, пак, во очајна потрага по храна, родителите си ги продаваат децата како робови за да има што да јаде семејството. Како се чувствуваш кога ќе слушнеш за таква неправда? Како се чувствува Јехова? Библијата јасно кажува дека Бог сака да ги отстрани сите причини за страдањето. Тој е и Единствениот што може да го стори тоа. Оние што денес се жртви на неправда или сиромаштија можат да се утешат затоа што Јехова, Богот на правдата, веќе прави чекори за да ги избави од сегашните неволји (Ерем. 23:5, 6).
15, 16. а) Кој факт во врска со Јехова го истакнал Еремија? б) Зошто можеш да имаш доверба во Божјите закони и ветувања?
15 Во времето на Еремија имало луѓе што, иако грешеле, биле свесни за Божјата ненадминлива правда. Еремија бил уверен дека, доколку таквите се покаеле за своите гревови, сигурно ќе се колнеле во Јеховината праведност, велејќи: „Како што е жив Јехова, Бог вистинољубив, праведен и правдољубив!“ (Ерем. 4:1, 2). Оваа изјава е точна бидејќи во Јеховината намера нема место за никаква неправда. Но, има и други докази дека Јехова е правдољубив.
16 Бог секогаш си стои на зборот и не е лицемерен. За разлика од многу луѓе што ги кршат ветувањата, Јехова не го прави тоа. Неговите ветувања се непроменливи како и законите во природата, кои ги воспоставил за наша корист (Ерем. 31:35, 36). Може да имаме доверба во сите Божји ветувања и закони бидејќи тие секогаш се добри. (Прочитај Плач Еремиин 3:37, 38.)
17. а) Што прави Јехова кога суди? б) Зошто можеш да имаш доверба во начинот на кој старешините ги решаваат проблемите во собранието? (Види ја рамката „Судат во името на Јехова“, на 148. страница.)
17 Кога суди, Јехова не останува само на она што се гледа на прв поглед. За да ги дознае сите факти, тој прави темелен претрес. Ги испитува и мотивите на оние што се вклучени. Денес лекарите користат посебни апарати и методи за да го снимаат човечкото срце, и на тој начин да добијат точни информации за неговата состојба. Можат да ги снимаат и бубрезите, кои ја филтрираат крвта. Јехова може да направи многу повеќе. Тој го испитува симболичното срце и мотивите на едно лице, и му ги проверува симболичните бубрези, кои ги претставуваат неговите најдлабоки чувства. Така Јехова може да утврди што го натерало тој човек да постапи на одреден начин и што мисли за своето постапување. Иако Семоќниот открива многу детали кога темелно нѐ испитува, тие не го збунуваат. Кога треба да ни суди, Јехова ги користи сите информации на исправен и урамнотежен начин, и тоа далеку подобро и од најмудриот човечки судија. (Прочитај Еремија 12:1а; 20:12.)
18, 19. Како влијае врз нас тоа што ја познаваме Божјата правда?
18 Затоа, имаш цврсти причини да му веруваш на Јехова, дури и кога совеста те пече поради некои грешки од минатото. Никогаш не заборавај дека тој не е непопустлив обвинител кој бара причина да казни, туку сочувствителен судија кој сака да помогне. Ако постојано водиш борба со себеси поради нешто што си го правел во минатото или затоа што имаш несредени односи со некого, моли го Јехова да ги преземе ‚парниците на твојата душа‘, односно да ти помогне да престанеш да се измачуваш и да продолжиш со животот.d Со негова помош, ќе увидиш дека многу му значи твојата служба и сака и понатаму да учествуваш во неа. (Прочитај Плач Еремиин 3:58, 59.)
19 Се разбира, Богот на совршената правда очекува оние што ја бараат неговата милост да бидат и самите праведни (Ерем. 7:5-7; 22:3). Кога ја проповедаш добрата вест без предрасуди, ти ја покажуваш Божјата правда на посебен начин. Кога совесно правиш повторни посети и ја проучуваш Библијата со луѓето, го следиш Божјето возвишено мерило за правда на еден навистина корисен начин. Како? Па, Јехова сака најразлични луѓе да дознаат за него и да се спасат (Плач 3:25, 26). Зарем не е огромна чест да бидеш Божји соработник и да ја одразуваш неговата правда во ова животоспасувачко дело?
Каква утеха ти носи Јеховината правда? Како можеш да ги тешиш другите со тоа што ќе се трудиш да постапуваш според Божјата правда?
„НЕМА ДОВЕКА ДА СЕ ГНЕВАМ“
20. а) Кој аспект од Божјето постапување со народот го истакнал Еремија? б) Во која смисла Јехова рекол дека „ќе зажали“, и каква врска има тоа со неговото простување? (Види ја рамката „Во која смисла Јехова може да ‚зажали‘?“)
20 Мнозина сметаат дека во книгите Еремија и Плач Еремиин има само остри осуди на злобата. Но, забораваат дека во нив Јехова многу пати му кажал на својот народ дека спремно ќе му прости. Тој ги молел Евреите: „Вратете се, ве молам, секој од својот зол пат и поправете ги своите патишта и своите дела!“ Освен тоа, Еремија ги опоменувал: „Поправете ги своите патишта и своите дела и послушајте го гласот на Јехова, својот Бог, па Јехова ќе зажали што ви најави неволја“ (Ерем. 18:11; 26:13). До ден-денес Јехова им простува на сите што искрено се каат и престануваат да грешат.
21. Што сака да постигне Јехова кога простува?
21 Кога ветува дека ќе прости, Јехова не останува само на зборови, туку навистина го одржува ветувањето. Преку Еремија, тој го молел народот: „Врати се, одметничке, Израеле!.. Нема да се гневи моето лице на вас... Нема довека да се гневам“ (Ерем. 3:12). Откако ќе му прости на некој свој слуга, Јехова повеќе не чувствува ни лутина ни огорченост. Иако тој слуга му згрешил, Бог сака да ги поправи нарушените односи. Ако некој навистина се кае и го моли да му прости, Јехова ќе ‚го врати во својата милост‘ и ќе го благослови, сеедно какви гревови направил (Ерем. 15:19). Ова уверување треба да ги поттикне сите што се оддалечиле од вистинскиот Бог да му се вратат. Зарем Јеховината спремност да прости не нѐ поттикнува уште повеќе да се зближиме со него? (Прочитај Плач Еремиин 5:21.)
22, 23. Што треба да биде твоја цел додека се трудиш да простуваш по примерот на Јехова?
22 Ќе го следиш ли примерот на Јехова кога некој ќе те навреди со непромислени зборови или постапки? Осврнувајќи се на Евреите во старо време, Бог рекол дека ќе ги ‚исчисти‘ оние на кои им простил. (Прочитај Еремија 33:8.) Тој го ‚чисти‘ оној што се кае во таа смисла што веќе не си спомнува за неговата грешка и му дава можност да сврти нова страница во службата за Него. Се разбира, ако Бог му простил на еден човек, не значи дека го исчистил од наследеното несовршенство и дека тој станува совршен, односно безгрешен. Сепак, учиме нешто од она што Бог го рекол во врска со чистењето на луѓето. И ние би можеле повеќе да не си спомнуваме за грешката или за навредата што ни ја нанел некој, и така, на симболичен начин, да го прочистиме ставот што сме го имале кон тоа лице во нашето срце. Како можеме подобро да го разбереме ова?
23 Да речеме дека си добил за подарок скап накит што се пренесува од колено на колено. Ако по извесно време забележиш дека потемнел или има дамки, дали веднаш ќе го фрлиш? Тешко. Веројатно ќе вложиш многу труд темелно да го исчистиш и да ги отстраниш сите дамки или нечистотии, бидејќи уживаш да ја гледаш неговата убавина и да се восхитуваш на неговиот сјај. Исто толку би требало да се трудиш да ја отстраниш и најмалата лутина или огорченост што можеби сѐ уште ја чувствуваш кон некој брат или сестра кои те навредиле. Не дозволувај постојано да се навраќаш во мислите на зборовите или постапките со кои ти нанеле болка. Ако успееш да ги победиш ваквите чувства и да ги оставиш зад себе, повторно ќе имаш убаво мислење за тој брат или сестра и во срцето ќе ти останат само неизвалкани спомени на пријатните заеднички моменти. Кога ќе си го исчистиш срцето од негативни мисли, пак ќе можете да бидете добри пријатели, дури и да ти се чинело дека тоа пријателство е изгубено засекогаш.
24, 25. Како ќе ти користи тоа што ќе го запознаеш Јехова како што го познавал цар Јосија?
24 Колку повеќе го запознаваме Јехова толку подобро ги разбираме неговите особини и постапки. Во ова поглавје разгледавме само неколку од нив. Видовме дека и ние лично извлекуваме голема корист кога добро го познаваме Јехова, а тоа ни дава уште посилна мотивација исправно да му служиме. Ако го запознаеме толку добро колку што го познавал цар Јосија, нашиот живот ќе биде исполнет со среќа, која исто така е важно обележје на Божјата личност.
25 Ако подобро го запознаеме Јехова, ќе си ги подобриме односите со другите. Кога се трудиме да покажуваме лојална љубов и правда и да простуваме како Него, нашите пријателства со браќата и сестрите во собранието ќе бидат уште поцврсти и ќе ни станат уште поскапоцени. Освен тоа, ќе можеме подобро да ги поучуваме другите кога одиме на повторни посети или водиме библиски студии. А на заинтересираните лица уште повеќе ќе им се допадне христијанскиот живот што го водиме. Така ќе бидеме подобро оспособени да им помогнеме да му служат прифатливо на Јехова и да одат по „правиот пат“ (Ерем. 6:16).
Што значат за тебе зборовите кои се запишани во Плач Еремиин 5:21?
[Фусноти]
b Во зависност од контекстот, хебрејскиот израз може да се преведе со: „(лојална) љубов, љубов и верност, верност, оддаденост, добрина, добродушност, милосрдие, милост(ивост)“.
c Во The New English Bible овој стих гласи: „Отсекогаш сум те сакал со сето срце, и нема да престанам да се грижам за тебе“.
d Ако некој брат или сестра направиле нешто со кое јасно го прекршиле Божјиот закон, за тоа треба да бидат известени старешините за да можат да ги преземат неопходните мерки и да им помогнат со совети од Библијата (Јак. 5:13-15).
[Рамка на страница 148]
СУДАТ ВО ИМЕТО НА ЈЕХОВА
Преку својата пишана Реч и преку христијанското собрание, Јехова ги поучува старешините како исправно да судат. Тој ги овластил да бидат негови застапници кога решаваат проблеми во собранието. Се разбира, овие браќа се несовршени и не можат да го читаат срцето како што може Јехова. Сепак, тие сакаат да постапуваат со соверниците според примерот што го дава Семоќниот Бог. Затоа го молат за водство и настојуваат да ги применат соодветните библиски начела, трудејќи се да ‚судат праведно‘, исто како што суди Јехова (Ерем. 11:20). Според тоа, навистина имаш причина да покажеш доверба во старешините, „зашто тие бдеат над вашите души како оние што ќе положат сметка за тоа“ (Евр. 13:17).
[Рамка на страница 151]
ВО КОЈА СМИСЛА ЈЕХОВА МОЖЕ ДА „ЗАЖАЛИ“?
Колку е големо Божјето простување, јасно може да се види од начинот на кој постапува со оние што правеле грев, но подоцна искрено се покајале. Кога ќе види како од темел го менуваат животот и му стануваат послушни, тој ќе „зажали“, вели Библијата (Ерем. 18:8; 26:3). Во која смисла?
Со оглед на тоа што е совршен и никогаш не греши во просудувањето, Бог не може да зажали како што жали некој човек кој сосема погрешно проценил некоја работа. Напротив, кога ќе зажали за нешто, Јехова, всушност, одлучува да не постапи со некое лице како што имал намера пред тоа, бидејќи сега гледа промена во неговото срце.
Сепак, ова не значи дека Бог само ладно ја поништува пресудата. Се менуваат и неговите чувства кон грешниците кои се каат. Според некои изучувачи, првобитното значење на хебрејскиот глагол кој во горенаведените стихови е преведен со „зажали“ најверојатно било „длабоко воздивнува“ или „испушта воздишка“. Ова може да укажува дека, кога ќе види искрено каење во срцето на некој човек, Јехова во симболична смисла длабоко воздивнува, или испушта воздишка на олеснување. Тогаш повторно може да го опсипе покајникот со љубовта и вниманието кои им ги покажува на оние што ја имаат неговата милост. Грешникот можеби сепак ќе сноси последици, но Бог се радува што се сменил во срцето, и затоа ја ублажува ‚неволјата‘, односно казната што во спротивно би му ја нанел (Ерем. 26:13). Кој човечки судија е спремен да гледа така на вистинското каење? А Јехова со задоволство го прави тоа! (Ерем. 9:24).
[Слики на страница 143]
Јосија и Јоаким различно реагирале на Божјите зборови