Другите овци и новиот завет
„Синовите на другоплемениците [туѓинците, NW] . . . сите кои ја пазат саботата да не ја осквернат и цврсто се придржуваат за заветот Мој, Јас ќе ги одведам на Мојата света гора“ (ИСАИЈА 56:6, 7).
1. а) Според Јовановата визија, што е постигнато додека се задржувани ветровите на Јеховиниот суд? б) Какво забележително мноштво видел Јован?
ВО ЧЕТВРТАТА визија од книгата Откровение, апостол Јован видел како уништувачките ветрови на Јеховиниот суд се задржувани додека се довршува запечатувањето на сите членови на ‚Божјиот Израил‘. Ова се првите што треба да бидат благословени преку Исус, главниот дел на семето на Авраам (Галатјаните 6:16; 1. Мојсеева 22:18; Откровение 7:1—4). Во истата таа визија, Јован видел ‚големо мноштво народ, кое што никој не можел да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици . . . воскликнувале со висок глас, велејќи: „За спасението наше слава [Спасението му го должиме, NW] на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Агнецот“‘ (Откровение 7:9, 10). Со тоа што вели: ‚Спасението му го должиме на Агнецот‘, големото мноштво покажува дека и тоа е благословено преку Авраамовото Семе.
2. Кога се појавило големото мноштво, и како е идентификувано тоа?
2 Ова големо мноштво било препознаено уште во 1935, а денес тоа брои повеќе од пет милиони. Обележани за да ја преживеат големата неволја, неговите членови ќе бидат одвоени за вечен живот кога Исус ќе ги раздели ‚овците‘ од козите [јарците, NW]‘. Христијаните од големото мноштво се меѓу ‚другите овци‘ во Исусовата илустрација за трлата. Тие се надеваат да живеат засекогаш на рајска Земја (Матеј 25:31—46; Јован 10:16; Откровение 21:3, 4).
3. На кој начин помазаните христијани и другите овци се разликуваат во поглед на новиот завет?
3 За 144-те илјади, благословот од авраамскиот завет е даден преку новиот завет. Како учесници во овој завет, тие доаѓаат „под незаслужена љубезност“ и „под законот спрема Христос“ (Римјаните 6:15; 1. Коринтјаните 9:21, обата NW). Затоа, само 144.000 членови на Божјиот Израел со право земаат од симболите за време на Меморијалот на Исусовата смрт и само со нив Исус го склучил својот завет за Царство (Лука 22:19, 20, 29). Членовите на големото мноштво не се учесници во новиот завет. Меѓутоа, тие се дружат со Божјиот Израел и живеат со нив во нивната ‚земја‘ (Исаија 66:8). Значи, разумно е да се рече дека и тие доаѓаат под Јеховината незаслужена љубезност и под законот спрема Христос. Иако не се учесници во новиот завет, тие се корисници од него.
‚Туѓинците‘ и ‚Божјиот Израел‘
4, 5. а) Според Исаија, која група би му служела на Јехова? б) Како се исполнува Исаија 56:6, 7 врз големото мноштво?
4 Пророкот Исаија напишал: „Синовите на другоплемениците [туѓинците, NW], што се присоединиле кон Господа, за да Му служат и да го сакаат името на Господа, да бидат слуги Негови, — сите кои ја пазат саботата да не ја осквернат и цврсто се придржуваат за заветот Мој, Јас ќе ги одведам на Мојата света гора и ќе ги зарадувам во Мојот дом за молитва: сепалениците нивни и жртвите нивни ќе бидат благопријатни врз Мојот жртвеник“ (Исаија 56:6, 7). Во Израел, ова значело дека „туѓинците“, не-Израелците, ќе го обожаваат Јехова — ќе го љубат неговото име, ќе ги слушаат условите на заветот на Законот, ќе го држат Сабатот и ќе принесуваат жртви во храмот, Божјиот „дом за молитва“ (Матеј 21:13).
5 Во нашево време, ‚туѓинците, што се присоединиле кон Господа‘ се големото мноштво. Тие му служат на Јехова во заедница со Божјиот Израел (Захарија 8:23). Ги принесуваат истите прифатливи жртви како Божјиот Израел (Евреите 13:15, 16). Обожаваат во Божјиот духовен храм, во неговиот „дом за молитва“. (Спореди Откровение 7:15.) Дали го држат седмичниот Сабат? Ниту на помазаниците ниту на другите овци им е заповедано да го прават тоа (Колосјаните 2:16, 17). Меѓутоа, на помазаните еврејски христијани Павле им рекол: „За народот Божји сѐ уште останува почивката саботна. Оти, кој ќе влезе во спокојот Негов, тој ќе се одмора од делата свои, како и Бог од своите“ (Евреите 4:9, 10). Тие Евреи влегле во оваа ‚саботна почивка‘ кога се подложиле на ‚Божјата правда‘ и почивале од обидувањето да се оправдаат преку делата на Законот (Римјаните 10:3, 4). Помазаните нееврејски христијани се радуваат на истата почивка со тоа што се подложуваат на Јеховината праведност. Големото мноштво им се придружува во тој одмор.
6. На кој начин другите овци денес се држат за новиот завет?
6 Понатаму, другите овци се подложуваат на новиот завет исто како што туѓинците од старо време се подложувале на заветот на Законот. На кој начин? Не со тоа што стануваат учесници во него, туку со тоа што се подложуваат на законите што се поврзани со него и со тоа што извлекуваат корист од неговите подготовки. (Спореди Јеремија 31:33, 34.) Како нивните помазани придружници, другите овци го имаат Јеховиниот закон напишано ‚во нивните срца‘. Тие длабоко ги љубат и ги слушаат Јеховините заповеди и начела (Псалм 36:31; 118:97). Како и помазаните христијани, тие го познаваат Јехова (Јован 17:3). А како е со обрежувањето? Околу 1.500 години пред склучувањето на новиот завет, Мојсеј силно ги поттикнал Израелците: „Морате да ја обрежете предната кожичка на своите срца“ (5. Мојсеева 10:16, NW; Јеремија 4:4). Иако задолжителното телесно обрежување поминало заедно со Законот, и помазаниците и другите овци мораат да ги ‚обрезат‘ своите срца (Колосјаните 2:11). Конечно, Јехова им ги простува грешките на другите овци на темел на Исусовата пролеана „крв на заветот“ (Матеј 26:28; 1. Јованово 1:9; 2:2). Бог не ги усвојува нив како духовни синови, како што прави со 144-те илјади. Но, тој ги прогласува другите овци за праведни во онаа смисла како што Авраам бил прогласен за праведен како Божји пријател (Матеј 25:46; Римјаните 4:2, 3; Јаков 2:23).
7. Каков изглед се отвора денес за другите овци кои се прогласени за праведни како што бил и Авраам?
7 За 144-те илјади, прогласувањето за праведни им го отвора патот да ја имаат надежта да владеат со Исус во небесното Царство (Римјаните 8:16, 17; Галатјаните 2:16). За другите овци, тоа што се прогласени за праведни како Божји пријатели им овозможува да ја прифатат надежта за вечен живот на рајска Земја — било преку преживување на Армагедон како дел од големото мноштво или, пак, преку ‚воскресението на праведните‘ (Дела 24:15). Каква само предност е да се има една таква надеж и да се биде пријател со Суверенот на универзумот, да се биде ‚гостин во [неговиот] шатор‘ (Псалм 15:1, 2, NW). Да, и помазаниците и другите овци се благословени на еден прекрасен начин преку Исус, Семето на Авраам.
Поголем Ден на искупување
8. Што е предочено со жртвите на Денот на искупување под Законот?
8 Кога дискутирал за новиот завет, Павле ги потсетил своите читатели на годишниот Ден на искупување под заветот на Законот. Тој ден се принесувале одвоени жртви — една за свештеничкото племе Леви, а друга за 12-те несвештенички племиња. Ова уште одамна се објаснувало дека ја предочува Исусовата голема жртва што ќе им користи и на 144-те илјади со небесна надеж и на милионите лица кои имаат земна надеж.a Павле покажал дека во исполнувањето, користите на Исусовата жртва се дадени преку еден поголем Ден на искупување под новиот завет. Како Првосвештеник на овој поголем ден, Исус го дал својот совршен живот како жртва за искупување за да постигне „вечен откуп [избавување, NW]“ за луѓето (Евреите 9:11—24).
9. Со тоа што се во новиот завет, што можеле да прифатат еврејските помазани христијани?
9 Многу еврејски христијани од првиот век сѐ уште биле ‚ревносни на [Мојсеевиот] закон‘ (Дела 21:20). Затоа, Павле соодветно ги потсетил: ‚[Исус] е посредник на Новиот завет, та по Неговата смрт, што стана за откуп на престапите од времето на првиот завет, призваните да го добијат ветеното вечно наследство‘ (Евреите 9:15). Новиот завет ги ослободил еврејските христијани од стариот завет, кој ја разоткривал нивната грешност. Благодарение на новиот завет, тие можеле да го прифатат „ветеното вечно [небесно] наследство“.
10. За што му благодарат на Бог помазаниците и другите овци?
10 „Секој“ кој „верува во Синот“, ќе извлече корист од откупната жртва (Јован 3:16, 36). Павле рекол: „Христос беше принесен еднаш засекогаш за да ги носи гревовите на мнозина; а вториот пат кога ќе се појави, тоа ќе биде одвоено од грев и за оние кои сериозно го бараат за [нивно] спасение“ (Евреите 9:28, NW). Денес, во оние кои сериозно го бараат Исус, спаѓаат живите помазани христијани од Божјиот Израел, како и милионите лица кои го сочинуваат големото мноштво, кои исто така имаат вечно наследство. Обете класи му благодарат на Бог за новиот завет и за животодајните благослови поврзани со него, вклучувајќи го и поголемиот Ден на искупување, како и службата на Првосвештеникот, Исус, во небесната Најсвета светиња.
Зафатени во света служба
11. Што прават радосно и помазаниците и другите овци со совест исчистена преку Исусовата жртва?
11 Во своето писмо до Евреите, Павле ја нагласил надмоќната вредност на Исусовата жртва во подготовката на новиот завет, во споредба со приносите за грев под стариот завет (Евреите 9:13—15). Исусовата подобра жртва е способна да ја „очисти совеста наша од мртви дела, за да Му служиме на живиот и вистински Бог“. За еврејските христијани, ‚мртвите дела‘ ги вклучувале „престапите од времето на првиот завет“. За денешните христијани, тие ги вклучуваат гревовите извршени во минатото, поради кои имало вистинско покајание и кои Бог ги простил (1. Коринтјаните 6:9—11). Со исчистена совест, помазаните христијани ‚му служат [му принесуваат света служба, NW] на живиот и вистински Бог‘. А тоа го прави и големото мноштво. Поради тоа што ја исчистиле својата совест преку „крвта на Агнецот“, тие се во Божјиот голем духовен храм, ‚служејќи Му [принесувајќи му света служба, NW] дење и ноќе‘ (Откровение 7:14, 15).
12. Како покажуваме дека имаме „полна вера“?
12 Освен тоа, Павле рекол: „Да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ги очистиме срцата од лукава совест со попрскување и откако го измиеме телото со чиста вода“ (Евреите 10:22). Како можеме да покажеме дека ја имаме ‚полната вера‘? Павле силно ги поттикнал еврејските христијани: „Да го држиме исповеданието на [небесната] надеж цврсто, оти верен е Оној, Кој се заветувал. И да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден“ (Евреите 10:23—25). Ако нашата вера е жива, и ние нема да ‚го напуштаме своето собрание‘. Ќе се радуваме да ги поттикнуваме нашите браќа и да бидеме поттикнувани од нив кон љубов и добри дела и да бидеме зајакнувани за животоважното дело на јавно објавување на нашата надеж, било да е земна или небесна (Јован 13:35).
‚Вечниот завет‘
13, 14. На кои начини новиот завет е вечен?
13 Што ќе се случи кога и последните од 144-те илјади ќе ја остварат својата небесна надеж? Дали новиот завет ќе престане да важи? Во тоа време, на Земјата нема да има преостанат број од Божјиот Израел. Сите учесници во заветот ќе бидат со Исус ‚во царството на [неговиот] Отец‘ (Матеј 26:29). Но, ние се сеќаваме на Павловите зборови во неговото писмо до Евреите: „Бог на мирот . . . преку крвта на вечниот завет Го воздигна од мртвите големиот Пастир на овците — нашиот Господ Исус Христос“ (Евреите 13:20; Исаија 55:3). Во која смисла новиот завет е вечен?
14 Прво, за разлика од заветот на Законот, тој никогаш нема да биде заменет. Второ, резултатите од неговото дејствување се трајни, исто како што е Исусовото царување. (Спореди Лука 1:33 со 1. Коринтјаните 15:27, 28.) Небесното Царство има вечно место во Јеховините намери (Откровение 22:5). И трето, другите овци и понатаму ќе извлекуваат корист од подготовката на новиот завет. За време на Христовото Илјадагодишно владеење, верните луѓе ќе продолжат да „Му служат [на Јехова] во Неговиот храм и дење и ноќе“, исто како што прават сега. Јехова нема повторно да ги изнесува нивните гревови од минатото што им биле простени на темел на Исусовата „крв на заветот“. Тие и понатаму ќе се радуваат на праведна положба како Јеховини пријатели, а неговиот закон сѐ уште ќе биде напишан на нивните срца.
15. Опиши го Јеховиниот однос со своите земни обожаватели во новиот свет.
15 Дали Јехова тогаш ќе биде во можност за овие човечки слуги да каже: ‚Јас сум нивни Бог, а тие се мој народ‘? Да. „Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив“ (Откровение 21:3). Тие ќе станат ‚живеалиште на светиите [логор на светите, NW]‘, земни претставници на „возљубениот град“, небесната невеста на Исус Христос (Откровение 14:1; 20:9; 21:2). Сево ова ќе биде можно поради нивната вера во Исусовата пролеана „крв на заветот“ и нивната подложност на небесните цареви и свештеници кои, кога биле на Земјата, биле Божјиот Израел (Откровение 5:10, NW).
16. а) Какви можности ги очекуваат оние кои се воскреснати на Земјата? б) Какви благослови ќе дојдат на крајот од илјадата години?
16 Што е со мртвите кои се воскреснати на Земјата? (Јован 5:28, 29). И тие ќе бидат поканети да „бидат благословени“ преку Исус, Семето на Авраам (1. Мојсеева 22:18). И тие ќе мораат да го љубат Јеховиното име, служејќи му, принесувајќи му прифатливи жртви и принесувајќи света служба во неговиот дом на молитва. Оние кои го прават тоа, ќе влезат во Божјата почивка (Исаија 56:6, 7). До крајот на илјадата години, сите верни ќе бидат доведени до човечко совршенство преку служењето на Исус Христос и неговите 144.000 сосвештеници. Тие ќе бидат праведни, а не само да бидат прогласени за праведни како Божји пријатели. Тие ќе ‚оживеат‘ со тоа што ќе бидат потполно слободни од гревот и смртта наследени од Адам (Откровение 20:5; 22:2). Колкав само благослов ќе биде тоа! Од наша денешна перспектива се чини дека свештеничкото дело на Исус и на 144-те илјади тогаш ќе биде завршено. Благословите на поголемиот Ден на искупување ќе бидат применети во потполност. Понатаму, Исус ќе „Му го предаде на Бога и Отецот царството“ (1. Коринтјаните 15:24). Ќе има еден конечен испит за човештвото, и тогаш Сатана и неговите демони ќе бидат уништени засекогаш (Откровение 20:7, 10).
17. Со оглед на радоста што нѐ очекува, што треба да биде одлучен да прави секој од нас?
17 Каква улога, ако и воопшто, ќе игра „вечниот завет“ во возбудливата ера што ќе започне тогаш? Не е наше да кажеме. Она што Јехова досега го открил засега е доволно. Тоа нѐ исполнува со стравопочитување. Само помисли — вечен живот како дел од ‚новото небо и новата земја‘! (2. Петрово 3:13). Нека ништо не ја ослаби нашата желба да го наследиме тоа ветување. Да се стои цврсто може да не е лесно. Павле рекол: ‚Потребно [ви е] трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното‘ (Евреите 10:36). Сепак, сети се дека кој и да е проблем што треба да се совлада, кое и да е противење што треба да се надмине, избледнува до безначајност во споредба со радоста што нѐ очекува (2. Коринтјаните 4:17). Затоа, нека никој од нас не биде „од оние, што се отстрануваат за погибел“. Место тоа, да се докажеме дека сме „од оние, кои веруваат за спасение на душата“ (Евреите 10:39). Да имаме сите ние полна доверба во Јехова, Богот на заветите, на вечен благослов на секој еден од нас.
[Фуснота]
a Види Преживети за живот на новој земљи, поглавје 13, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Дали разбра?
◻ Освен помазаните христијани, кој е благословен преку Авраамовото Семе?
◻ Со тоа што се благословени преку новиот завет, на кој начин другите овци се како прозелитите под стариот завет?
◻ Како се благословени другите овци преку подготовката на поголемиот Ден на искупување?
◻ Зошто новиот завет Павле го нарекол ‚вечен завет‘?
[Рамка на страница 21]
Света служба во храмот
Големото мноштво обожава со помазаните христијани во земниот двор на Јеховиниот голем духовен храм (Откровение 7:14, 15; 11:2). Нема причина да се заклучи дека тие се во некој одделен Двор на не-Евреите. Кога Исус бил на Земјата, во храмот имало Двор на не-Евреите. Меѓутоа, во божествено вдахновените планови на храмовите на Соломон и на Језекиј, немало подготовка за Двор на не-Евреите. Во Соломоновиот храм имало еден надворешен двор каде што Израелците и прозелитите, мажи и жени, обожавале заедно. Ова го претставува пророчкиот образец за земниот двор на духовниот храм каде што Јован го видел големото мноштво како принесува света служба.
Меѓутоа, само свештениците и левитите можеле да влезат во внатрешниот двор каде што бил сместен големиот олтар; само свештениците можеле да влезат во Светињата; и само свештениците можеле да влезат во Најсветата светиња. За внатрешниот двор и за Светињата се подразбира дека ја предочуваат уникатната духовна состојба на помазаните христијани на Земјата. А Најсветата светиња го претставува самото небо каде што помазаните христијани добиваат бесмртен живот заедно со нивниот небесен Првосвештеник (Евреите 10:19, 20).
[Слика на страница 23]
Со оглед на радоста што нѐ очекува, да имаме ‚вера за спасение на душата‘