Остани надвор од опасната зона!
ВУЛКАНОЛОЗИТЕ имаат задача да вршат набљудувања и да ги одмерат доказите, а потоа да дадат предупредување за претстојните вулкански ерупции. (Кога избила ерупција на планината Фуген, полицијата морала да ги задржи луѓето надвор од опасната зона.) На сличен начин, оние кои ја проучуваат Библијата го забележуваат знакот за „свршетокот на системот на ствари“ и ги предупредуваат другите на претстојната опасност (Матеј 24:3, NW).
Во истото библиско поглавје, кое предупредува на претстојната глобална катастрофа, можеме да го прочитаме следниов опис на развојот на настаните кои претходат: „Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; и на места ќе има глад, помор и потреси . . . многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина; и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади . . . И ќе биде проповедано ова Евангелие [добра вест, NW] за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:7—14).
Не треба да сме аналитичари на вестите за да распознаеме дека исполнувањето на ова пророштво е во тек. Особено од 1914 година го доживуваме тоа. Овој век доживеал две светски војни, голем број граѓански војни, локални борби, како и расни и религиозни конфликти. Како резултат на тие војни, човештвото страда од недостиг на храна, покрај оскудиците кои се предизвикани од природните катастрофи. Многу животи се проголтани од земјотреси. Никнаа култови со сомнителни водачи и фанатични следбеници. ‚Умножувањето на беззаконијата‘ ги навело луѓето да престанат да покажуваат љубов, а добрососедските односи повеќе не се норма.
Светското проповедничко дело — еден друг аспект на знакот, со сигурност се извршува. Сврти само на насловната страница на ова списание и, како дел од насловот ќе ги забележиш зборовите: „Го објавува Јеховиното Царство!“ Стражарска кула која излегува на 132 јазика, со тираж од над 22 милиони примероци, им е главна алатка на оние кои ја објавуваат „оваа добра вест за Царството“ по целата населена Земја. Таа добра вест ја вклучува пораката дека Творецот на универзумот, Јехова Бог, го воспоставил небесното Царство кое ќе го уништи злобниот систем на ствари и ќе донесе рај на Земјата. Навистина, знакот дека Бог наскоро ќе преземе акција сега е видлив, и покажува дека животот на луѓето во овој систем на ствари е во опасност. (Спореди 2. Тимотеј 3:1—5; 2. Петрово 3:3, 4; Откровение 6:1—8.)
Јеховиниот ден кој влева страв
Што ќе се случи кога ќе дојде погодното време Јехова да ја изврши својата пресуда? Слушни го неговиот сликовит опис на она што ќе се случи: „И ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и столбови од дим. Сонцето ќе се преобрати во темнина, а месечината — во крв, пред да настапи денот Господен [Јеховин, NW], великиот и страшниот [кој влева страв, NW]“ (Јоил 2:30, 31).
Тој ден, многу пострашен и поразорен од која и да било локална вулканска ерупција или земјотрес, стои пред нас. Пророкот Софонија вели: „Близу е денот велик на Господа [Јехова, NW], близу е — и многу брза . . . од огнот на ревноста Негова ќе биде уништена таа земја, и тоа ќе биде ненадеен крај на сите жители нејзини“. Иако „ниту среброто нивно, ниту златото нивно не ќе може да ги спаси во денот на гневот Господен“, сепак, постои начин да се преживее тој ден кој влева страв (Софонија 1:14—18).
Покажувајќи на кој начин, Софонија вели: „Додека уште не е дојден врз вас пламнатиот гнев Господен, додека не настапил денот на јароста Господова. Побарајте го Господа [Јехова, NW], сите смирени [кротки, NW] на земјата . . . побарајте ја правдата, побарајте го смирението [кротоста, NW]; можеби ќе се сокриете во денот на гневот Господен“ (Софонија 2:2, 3). Можеме да се засолниме така што ќе го ‚бараме Јехова, ќе ја бараме праведноста и кротоста‘. Кој го бара Јехова денес?
Без сомнение, зборот „Јехова“ го поврзуваш со Јеховините сведоци, поради нивното проповедничко дело. Можеби ова списание си го добил од некој од нив. Тие се познати како морални граѓани кои водат чесен живот. Настојуваат да ја облечат ‚новата личност‘ (NW) што вклучува и развивање на кротоста (Колосјаните 3:8—10). Тие признаваат дека тоа е резултат на школувањето од Јеховината видлива организација, која низ целата Земја ја застапуваат локалните собранија на Јеховините сведоци. Да, можеш да се засолниш заедно со ‚целото здружение од браќа‘ (NW) меѓу Јеховините сведоци ширум светот (1. Петрово 5:9).
Засолни се сега
За да се засолниме барајќи го Јехова, мораме да бидеме негови пријатели. Што вклучува тоа? Библијата одговара: „Не знаете ли, дека пријателството од овој свет е непријателство на Бога? Оти, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога“ (Јаков 4:4). За да бидеме Божји пријатели, мораме да се ослободиме од која и да било емоционална приврзаност со сегашниов зол свет кој се карактеризира со бунтовнички став кон Бог.
Библијата нѐ опоменува: „Не сакајте го светот и сѐ што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сѐ што е во светот — похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:15—17). Повеќето луѓе денес се мотивирани од телесни желби — неконтролиран сексуален апетит, лакомо тежнеење по пари и неисправно користење на моќта. Но, за да биде некој на Јеховина страна, мора да ги совлада тие желби (Колосјаните 3:5—8).
Можеби одвреме навреме го читаш овој журнал, и се сложуваш со начинот на кој ја објаснува примената на библиските пророштва. Сепак, можеби се колебаш да преземеш понатамошен чекор да се поврзеш со Јеховините сведоци. Меѓутоа, ако сме соочени со катастрофа, дали е доволно само да го слушнеме предупредувањето? Како што можеме да видиме од случајот со ерупцијата на планината Фуген, треба да постапуваме во склад со предупредувањето. Запомни, најмалку 15 репортери и камермани, кои имале намера први да ги објават вестите, го изгубиле животот. Всушност, еден фотограф умрел со прстот на копчето на камерата. Еден вулканолог — кој велел: „Ако еден ден морам да умрам, сакам тоа да биде на работ на вулкан“ — го изгубил животот токму онака како што посакувал. Сите тие биле посветени на својата работа и на своите стремежи. Сепак, платиле со живот — цената кога се игнорира предупредувањето.
Многумина денес ја слушаат пораката за Божјата одлука да го уништи овој злобен систем на ствари и, до извесна мера, согледуваат дека предупредувањето е оправдано. ‚Може навистина ќе дојде‘, можеби си мислат, ‚но не баш денес.‘ Тие практично го одложуваат Јеховиниот ден за некое време подоцна за да не бидат одвратени од она што во тој момент изгледа поважно во нивните очи.
Варух имал таков проблем. Бидејќи му бил секретар на древниот пророк Јеремија, Варух храбро ги предупредувал Израелците на претстојниот суд над Ерусалим. Сепак, еднаш се исцрпил од извршувањето на својот налог. Тогаш Јехова го исправил: „А ти за себе сакаш нешто големо: не барај“. Било да се работело за богатство, истакнатост или материјална сигурност, Варух не требало да ‚бара нешто големо‘. Требало да биде заинтересиран само за едно, да ја изврши Божјата волја — да им помага на луѓето да застанат на Негова страна. Како резултат на тоа, требало да ја добие ‚душата место плен‘ (Јеремија 45:1—5). На сличен начин, наместо ‚да бараме за себе нешто големо‘, треба да го бараме Јехова, и тоа може да ни го спаси животот.
На планината Фуген, повеќе од десет полицајци и пожарникари доброволци биле на должност кога ги погодила вжештената вулканска лава. Тие се обидувале да помогнат и да ги заштитат загрозените луѓе. Биле како добронамерните мажи и жени денес кои се ангажираат да го подобрат овој свет. Колку и да биле возвишени нивните мотиви, „кривото не може да се исправи“ (Проповедник 1:15). Кривиот систем на ствари не може да се исправи. Дали е разумно некој да се прави „пријател на светот“ со тоа што ќе се обидува да спаси еден светски систем кој Бог одлучил да го уништи?
Откако си побегнал, држи се понастрана
Едно е да се побегне од системот кој е во опасност, но нешто друго е да се остане под заштитничката грижа на „целото здружение од браќа“ (1. Петрово 2:17, NW). Да не ги заборавиме ни земјоделците кои, откако биле евакуирани, се вратиле за да ги видат своите ниви кои биле во близина на планината Фуген. Веројатно биле желни да се вратат на „нормалниот“ живот кој го воделе пред тоа. Но, сфаќаш дека нивната одлука да се вратат не била баш мудра. Можеби не им било прв пат да ја преминат линијата. Можеби стапнале на ризичното подрачје само накратко и ништо не им се случило. Следниот пат, можеби останале малку подолго, а сепак ништо не се случило. Веројатно наскоро се навикнале да ја преминуваат заштитната линија и се охрабриле да се задржат на загрозеното подрачје.
Исус Христос укажал дека во текот на „свршетокот на системот на ствари“ (NW) ќе настане слична ситуација. Тој рекол: „Оти, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и не узнаа [забележаа, NW], додека не дојде потопот и истреби сѐ — така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:3, 38, 39).
Забележи дека Исус спомнал јадење, пиење и стапување во брак. Ниту една од овие работи сама по себе не е погрешна во Јеховините очи. Тогаш, што било погрешно? Луѓето во времето на Ное ‚не забележале‘, водејќи живот сосредоточен на нивната редовна рутина. Во време на неволја, никој не може да води „нормален“ живот. Штом си побегнал, или си се одвоил од сегашниов осуден свет, мораш да се бориш со секој порив за враќање со цел да искористиш сѐ што може да се присобере од него (1. Коринтјаните 7:31). Можеби ќе залуташ од духовно безбедната зона и ќе се вратиш неповреден дури и без некој да го забележи тоа. Меѓутоа, тоа веројатно ќе те охрабри и ќе те наведе повторно да се вратиш во светот, останувајќи малку подолго во него. Набрзо би можел да го развиеш ставот: „Крајот нема да дојде денес“.
Размисли и за тројцата таксисти кои го изгубиле животот чекајќи ги новинските репортери и камермани кога вулканската лава потекла низ падината. Некои денес можеби се влечат со оние кои се осмелиле да се вратат во светот. Без разлика која е причината за тоа, јасно е дека наговарањето за враќање во опасната зона не е вредно за ризик.
Сите жртви на ерупцијата на планината Фуген ја преминале безбедносната линија и влегле во опасната зона. Иако очекувале некој ден во планината да избие ерупција, ниту еден од нив не ни помислувал дека тоа ќе биде токму тој ден. Набљудувајќи го знакот за свршетокот на системот на ствари, многумина очекуваат Јеховиниот ден да дојде во некое време, но веројатно не наскоро. Некои дури мислат дека тој ден никогаш не би можел да биде „денес“. Таквиот став навистина е рискантен.
„Јеховиниот ден ќе дојде како крадец“, предупредил апостол Петар. Треба да бидеме будни „очекувајќи и цврсто држејќи ја во мислите присутноста на Јеховиниот ден“, правејќи ‚сѐ што можеме за тој на крајот да нѐ најде без дамка и без петно и во мир‘ (2. Петрово 3:10—14, NW). После уништувањето на сегашниов зол систем на ствари, нѐ очекува рајска Земја под Божјето Царство. Нека никогаш не паднеме во искушение да си допуштиме да влеземе во опасната зона од која и да било причина што како изговор би можел да ја изнајде нашиот ум, бидејќи денот кога ќе ја преминеме линијата во светот би можел да биде Јеховиниот ден.
Засолни се кај Јеховиниот народ и остани со него.
[Слики на страница 7]
Засолни се кај Јеховиниот народ и остани со него
[Извор на слика на страница 4]
Iwasa/Sipa Press