Скитите — мистериозен народ од минатото
ГАЛОПИРАЈЌИ низ прашината, со бисаги надуени од плен, пристигнала коњаницата на една номадска нација. Овој мистериозен народ имал превласт над степите на Евроазија од околу 700 до 300 пр.н.е. Потоа исчезнале — но најпрвин оставиле белег на историјата. Дури и во Библијата има трага од нив. Тоа биле Скитите.
Со векови, номади и стада диви коњи талкале низ пасиштата што се протегале од Карпатите во источна Европа до она што сега е југоисточна Русија. Во осмиот век пр.н.е., воената акција што ја презел кинескиот император Шуан поттикнала раселување кон запад. Селејќи се на запад, Скитите се бореле и ги уништиле Кимеријците, кои имале власт над Кавказ и над подрачјето северно од Црното Море.
Во потрага по богатство, Скитите го опљачкале асирскиот главен град, Ниневија. Подоцна се здружиле со Асирија против Медија, Вавилонија и други нации. Со своите напади стигнале дури до северен Египет. Фактот дека градот Вет-Сан во североисточен Израел подоцна бил наречен Скитополис можеби укажува на период на окупација од Скитите (1. Самоил 31:11, 12).
На крајот, Скитите се населиле во степите на денешна Романија, Молдавија, Украина и јужна Русија. Таму се збогатиле, служејќи како препродавачи меѓу Грците и производителите на жито од денешна Украина и јужна Русија. Скитите трампале жито, мед, крзно и добиток во замена за грчко вино, текстил, оружје и уметнички предмети. На тој начин натрупале баснословно богатство.
Застрашувачки коњаници
За овие воини од степата, коњот бил она што била камилата за пустинските луѓе. Скитите биле одлични коњаници и меѓу првите што користеле седло и узенгија. Јаделе коњско месо и пиеле млеко од кобила. Всушност, користеле коњи за палени приноси. Кога некој скитски воин ќе умрел, неговиот коњ бил убиван и му бил правен почесен погреб — комплетен со запрега и богата коњска опрема.
Според описот што за нив го дал историчарот Херодот, Скитите се препуштиле на садистички обичаи, кои вклучувале користење на черепите на нивните жртви како пехари за пиење. Јуришајќи на своите непријатели, ги десеткувале со железни мечеви, бојни секири, копја и бодликави стрели кои го дереле месото.
Гробови опремени за вечност
Скитите практикувале магија и шаманизам и обожавале оган и мајка божица (Второзаконие 18:10-12). Гробот го сметале за живеалиште на мртвите. За потребите на мртвиот господар биле жртвувани робови и животни. Наводно, богатството и слугите во домаќинството ги придружувале поглаварите на „другиот свет“. Во еден царски гроб биле пронајдени пет слугинки како лежат со нозете кон господарот, спремни да станат и да продолжат со своите должности.
Владетелите биле погребувани со раскошни подароци, а во текот на периодите на оплакување Скитите си пуштале крв и си ја сечеле косата. Херодот напишал: „Сечат дел од своите уши, ги бричат главите, ги засекуваат рацете, ги дерат челата и носевите и ги прободуваат левите раце со стрели“. За разлика од тоа, Божјиот закон на Израелците кои живееле во истата ера им заповедал: „Не врежувајте засеци на вашето тело за покојник“ (Левит 19:28).
Скитите оставиле зад себе илјадници кургани (ритчиња за погреб). Многу украси што биле најдени во курганите го прикажуваат секојдневниот живот на Скитите. Рускиот цар Петар Велики почнал да собира такви предмети во 1715, и тие блескави предмети сега можат да се видат во музеите во Русија и Украина. Оваа „животинска уметност“ вклучува коњи, орли, соколи, мачки, пантери, лосови, птици-грифови и лавови со орловски глави (митолошки суштества што имаат крилесто или бескрилно тело од едно животно а глава од друго).
Скитите и Библијата
Библијата само еднаш директно ги спомнува Скитите. Во Колошаните 3:11 читаме: „Нема ниту Грк ниту Евреин, обрежување ниту необрежување, туѓинец, Скит, роб, слободен, туку Христос е сѐ и во сите“. Кога христијанскиот апостол Павле ги напишал тие зборови, со грчкиот термин преведен со „Скит“ не се мислело на некоја конкретна нација туку на најлошите нецивилизирани луѓе. Павле нагласил дека под влијание на Јеховиниот свет дух, односно активна сила, дури и таквите поединци можеле да облечат побожна личност (Колошаните 3:9, 10).
Некои археолози веруваат дека името Асханаз, кое се наоѓа во Еремија 51:27, е еквивалент на асирскиот Асгузаи, термин што се однесувал на Скитите. Плочки на клинесто писмо наведуваат сојуз меѓу овој народ и Минијците во еден бунт против Асирија во седмиот век пр.н.е. Токму пред Еремија да почне да пророкува, Скитите безбедно ја преминале земјата Јуда на својот пат кон и од Египет. Затоа, многумина што го чуле како претскажува напад врз Јуда од север можеби се прашувале за точноста на неговото пророштво (Еремија 1:13-15).
Некои изучувачи мислат дека се алудира на Скитите во Еремија 50:42, кој гласи: „Во рацете им се лак и копје, жестоки се, немилостиви. Вревата им шуми како море, јаваат на коњи, како еден готови за бој против тебе, вавилонска ќерко“. Но, овој стих се применува првенствено на Медијците и Персијците, кои го освоиле Вавилон во 539 пр.н.е.
Се смета дека „земјата Магог“, на која се укажува во Езекиел, поглавја 38 и 39, се однесува на скитските племиња. Меѓутоа, „земјата Магог“ има симболично значење. Очигледно таа укажува на близината на земјата, каде што Сатана и неговите ангели биле предадени по војната на небото (Откровение 12:7-17).
Скитите биле вклучени во исполнувањето на пророштвото на Наум каде што бил претскажан поразот на Ниневија (Наум 1:1, 14). Халдејците, Скитите и Медијците ја опљачкале Ниневија во 632 пр.н.е., поради што дошло до пропаѓање на Асирската Империја.
Мистериозно пропаѓање
Но, зошто исчезнале Скитите? „Вистина е, едноставно не знаеме што се случило“, вели еден водечки украински археолог. Некои веруваат дека, омекнати поради својата склоност кон богатството, во првиот и вториот век пр.н.е. тие ѝ подлегнале на една нова група номади од Азија — Сарматите.
Други мислат дека борбата меѓу скитските кланови водела до нивно пропаѓање. Трети, пак, велат дека остаток од Скитите може да се најде меѓу Остјаците на Кавказ. Како и да е, овој мистериозен народ од минатото оставил белег на човечката историја — белег што името Скит го направил синоним за суровост.
[Карта на страница 24]
(Види во публикацијата)
◻ Древен град
• Модерен град
Дунав
СКИТИЈА ← МАРШРУТА НА СЕЛЕЊЕ
• Киев
Днепар
Днестар
Црно Море
ОСЕТИЈА
Планината Кавказ
Касписко Море
АСИРИЈА ← МАРШРУТА НА ОСВОЈУВАЊЕ
◻ Ниневија
Тигар
МЕДИЈА ← МАРШРУТА НА ОСВОЈУВАЊЕ
МЕСОПОТАМИЈА
ВАВИЛОНИЈА ← МАРШРУТА НА ОСВОЈУВАЊЕ
◻ Вавилон
Еуфрат
ПЕРСИСКА ИМПЕРИЈА
◻ Суза
Персиски Залив
ПАЛЕСТИНА
• Бет-шан (Скитополис)
ЕГИПЕТ ← МАРШРУТА НА ОСВОЈУВАЊЕ
Нил
Средноземно Море
ГРЦИЈА
[Слики на страница 25]
Скитите биле воинствен народ
[Извор на слика]
The State Hermitage Museum, Санкт Петерсбург
[Слики на страница 26]
Скитите ги трампале своите добра за грчките уметнички предмети и станале многу богати
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Ukraine Historic Treasures Museum, Киев