Десетто поглавје
Дали секој ден прашуваш „Каде е Јехова?“
1, 2. а) Во каква духовна состојба биле Евреите во времето на Еремија? б) Што требало Јудејците да сторат за да дознаат каква е нивната состојба?
ЕРЕМИЈА бил целиот во солзи. Бил потресен од ситуацијата во која се наоѓале неговите сонародници, но и од она што Бог му заповедал да го прорече за нивната иднина. Посакувал главата и очите да му се извор за да може да плаче без престан. Еремија со право жалел поради состојбата на неговиот народ (Ерем. 9:1-3; прочитај Еремија 8:20, 21). Евреите упорно го кршеле Божјиот закон и не го слушале Јеховиниот глас. Поради тоа, неволјата била неизбежна (Ерем. 6:19; 9:13).
2 Сепак, на Јудејците воопшто не им било важно што мисли Јехова за нивното однесување. Всушност, повеќе им годело да слушаат како нивните верски водачи постојано им повторуваат дека сѐ е во ред (Ерем. 5:31; 6:14). Тие биле како пациенти кои си бараат лекар кој ќе им каже утешни зборови, а ќе ги затвори очите пред сериозните симптоми. Кога ти би бил тешко болен, зарем не би сакал да ја знаеш точната дијагноза за да можеш да се лекуваш пред да биде доцна? Во духовна смисла, Евреите во времето на Еремија требало да побараат некого кој отворено ќе им кажел каква е нивната вистинска духовна состојба. Требало да прашаат: „Каде е Јехова?“ (Ерем. 2:6, 8).
3. а) Во која смисла Евреите требало да прашаат „Каде е Јехова?“ б) На кој начин можеле Евреите да го бараат Јехова?
3 Евреите можеле да прашаат „Каде е Јехова?“ така што ќе барале водство од него кога донесувале одлуки, било големи било мали. Во тоа време, не го сториле ова. Но, според пророштвото, по опустошувањето на Ерусалим и по своето враќање од Вавилон, тие навистина ќе ‚го барале Јехова‘ и ќе можеле да го најдат и да ги запознаат неговите патишта. (Прочитај Еремија 29:13, 14.) А како можеле да го сторат тоа? Еден начин бил искрено да го молат за водство. Таков став имал цар Давид. Тој го молел Бог: „Дозволи ми да ги запознаам твоите патишта, о Јехова, научи ме за твоите патеки“ (Пс. 25:4). Забележи каква покана упатил Оној што ги слуша молитвите. Во десеттата година од владеењето на цар Седекија, тој преку Еремија рекол: „Повикај ме, и ќе ти одговорам и ќе ти кажам големи и несфатливи работи, кои не ти се познати“ (Ерем. 33:3). Ако царот и отпадничкиот народ повикале кон Бог, тој ќе им откриел работи што биле „несфатливи“ за нив, односно ќе им откриел дека Ерусалим ќе биде опустошен, но и обновен по 70 години.
4, 5. На кои други начини можеле Израелците да го бараат Јехова?
4 Друг начин на кој Евреите можеле да го бараат Јехова бил да истражуваат како постапувал Тој со својот народ во минатото. Така можеле да се потсетат кои работи му се допаѓале на Бог и кои го лутеле. На располагање им биле списите на Мојсеј и други записи што биле вдахновени од Бог, како и историски документи за владеењето на царевите во Израел и во Јуда. Ако размислувале за нив и ако ги слушале вистинските Божји пророци, Евреите во времето на Еремија можеле да сфатат кој е одговорот на прашањето „Каде е Јехова?“
5 Трет начин на кој тие Евреи можеле да го бараат Јехова бил да учат од лично искуство, а и од искуството на другите. Ова не значи дека морале секогаш прво да се изгорат, па да научат нешто. Напротив, можеле да размислуваат за своето поранешно постапување и да се потсетат како гледал Јехова на него. Ако совесно го правеле тоа, ќе сфателе што мисли Бог за нивното однесување (Изр. 17:10).
6. Како може да те охрабри примерот на Јов?
6 А како е со нас денес? Кога донесуваш одлуки, сеедно дали се мали или големи, дали секогаш прашуваш „Каде е Јехова?“ Некои можеби мислат дека не го прават ова доволно често. Ако истото би можело да се каже и за тебе, не обесхрабрувај се. Дури и верниот Јов имал таков проблем. Кога се нашол под притисок, тој се преокупирал со себеси. Затоа Елиу морал да го потсети на една грешка што ја прават повеќето луѓе, имено, дека не велат: „Каде е Бог, мојот Величествен Творец?“ (Јов 35:10). А потоа го поттикнал да „размисли за Божјите чудесни дела“ (Јов 37:14). Јов требало да обрне повеќе внимание на Јеховините чудесни творби, но и на начинот на кој Бог се грижи за луѓето и ги води. Од она што самиот го доживеал, тој ги разбрал Јеховините патишта. Откако поминал низ тешкото искушение и видел како Јехова постапил во неговиот случај, Јов рекол: „Ете, зборував, но не го разбирав она што е пречудесно за мене, кое не го познавам. Досега те знаев од слушање, но сега моето око те гледа“ (Јов 42:3, 5).
7. Што ќе разгледаме понатаму? (Види ја сликата на 116. страница.)
7 Што се однесува до самиот Еремија, тој продолжил да го бара Јехова, и навистина можел да го најде. За разлика од своите сонародници, низ децениите на верна служба, овој пророк секогаш прашувал „Каде е Јехова?“ Во преостанатиот дел од ова поглавје ќе видиме, според примерот на Еремија, како можеме да го бараме и да го најдеме Јехова преку молитва, проучување и лично искуство, како и преку искуството на другите (1. Лет. 28:9).
Што значи да прашаме „Каде е Јехова?“ На кои начини Евреите во времето на Еремија можеле да го постават ова прашање?
ЕРЕМИЈА ГО БАРАЛ ЈЕХОВА ВО МОЛИТВА
8. Во кои ситуации Еремија му упатувал молитви на Бог?
8 Додека служел како Божји гласник испратен кај Јудејците, Еремија му упатувал горливи молитви на Јехова. Тој барал помош од Бог кога морал да пренесува пораки што тие не сакале да ги чујат, кога мислел дека повеќе не може да издржи и кога се прашувал зошто се случуваат некои работи. Бог му одговарал и му покажувал како да постапи во секоја ситуација. Да разгледаме неколку примери.
9. а) Според Еремија 15:15, 16, што кажал овој пророк во својата молитва, и како му одговорил Јехова? б) Зошто мислиш дека е важно да му кажеш на Јехова во молитва како се чувствуваш?
9 Еднаш, кога морал да објави порака на осуда, на Еремија му изгледало како на сите да им е трн во око. Затоа го молел Бог да се сети на него. Обрни внимание на оваа молитва, запишана во Еремија 15:15, 16, во која пророкот кажува како се чувствувал кога добил одговор од Бог. (Прочитај.) Еремија отворено му кажал на Јехова што го загрижувало. Но, кога ги нашол Божјите зборови и, така да се каже, ги ставил в уста, тој се израдувал! Јехова го потсетил дека е огромна чест да го носи Неговото име и да ја објавува Неговата порака, и Еремија можел да сфати како гледа Бог на целата ситуација. Што учиме ние од ова?
10. Како одговорил Бог кога пророкот рекол дека повеќе нема да зборува во Негово име?
10 Во друга прилика, откако свештеникот Пасхор, синот на Имер, го удрил, Еремија во молитва рекол дека повеќе нема да зборува во Јеховино име. Како му одговорил Бог? (Прочитај Еремија 20:8, 9.) Библијата не кажува дека му прозборел од небото. Сепак, Божјата реч станала како распламтен оган затворен во неговите коски, и тој едноставно не можел да не ја објавува. Всушност, со тоа што си го отворил срцето пред Бог и дозволил врз него да влијае она што го знаел за Неговата волја, Еремија бил поттикнат да го прави она што Тој го барал од него.
11, 12. Како Еремија добил одговор на своето прашање во врска со привидниот успех на злобните?
11 Еремија се измачувал кога гледал дека злите напредуваат, и се прашувал зошто е така. (Прочитај Еремија 12:1, 3.) Иако воопшто не се сомневал во Јеховината праведност, пророкот барал одговор на своите „жалби“. Тоа што зборувал толку искрено и отворено покажува дека имал многу близок однос со Бог, сличен на односот меѓу едно дете и неговиот сакан татко. Еремија едноставно не разбирал зошто многу Евреи напредувале иако биле злобни. Дали добил задоволувачки одговор? Јехова го уверил дека Тој ќе ги искорени злобните (Ерем. 12:14). Со текот на времето, Еремија можел да види како се разрешуваат работите за кои му се молел на Бог, и ова сигурно многу му ја зајакнало довербата во Божјата правда. Како резултат на тоа, Еремија најверојатно уште почесто му се обраќал во молитва и му го излевал срцето на својот небесен Татко.
12 При крајот на владеењето на Седекија, кога Вавилонците го опсадиле Ерусалим, Еремија рекол дека очите на Јехова ‚будно ги следат сите патишта на синовите човечки, за да му даде секому според неговите патишта и според плодовите на неговите дела‘ (Ерем. 32:19). Еремија можел да види дека Бог навистина е праведен, дека гледа што прави секој и дека ги слуша искрените молитви на своите слуги. А тие, со текот на времето, ќе имале сѐ повеќе докази дека Тој ‚му дава секому според неговите патишта и според неговите дела‘.
13. Зошто си уверен дека Божјата волја ќе се исполни?
13 Можеби ние воопшто не се сомневаме во Божјата правда и во мудриот начин на кој ја исполнува и ќе ја исполни својата волја во иднина. Сепак, добро е да размислуваме за чувствата што ги имал Еремија, и во молитва искрено да му кажеме на Бог што нѐ мачи. Ако му го излееме своето срце на Јехова на таков начин, ќе се зајакне нашата доверба во него и нашата увереност дека неговата волја сигурно ќе се исполни. Дури и ако моментално не разбираме во потполност зошто се случуваат некои работи или зошто Божјата волја не се остварува толку брзо колку што би сакале, можеме во молитва да му ја изразиме својата доверба и увереност дека тој држи сѐ под своја контрола. Неговата волја ќе се оствари на начин и во време кое тој знае дека е најдобро. Имаме гаранција дека е така и нема никаква причина да се сомневаме во тоа. Ќе продолжиме да прашуваме „Каде е Јехова?“ ако го молиме да ни помогне да ја разбереме неговата волја и да видиме како таа се исполнува (Јов 36:5-7, 26).
Што учиш од начинот на кој Еремија го барал Јехова во молитва, и од начинот на кој Бог му одговарал?
ЕРЕМИЈА СИ ГО ПОЛНЕЛ СРЦЕТО СО ЗНАЕЊЕ
14. Од каде знаеме дека Еремија ја проучувал историјата на Божјиот народ?
14 За да одговори на прашањето „Каде е Јехова?“, на Еремија му било сосема јасно дека треба добро ‚да го познава Бог‘ (Ерем. 9:24). И самиот сигурно ја проучувал историјата на Божјиот народ додека ги собирал информациите кои се запишани во Првата и Втората книга за царевите. Тој конкретно ги спомнува „книгата на Соломоновата историја“, „летописите на израелските цареви“ и „летописите на царевите на Јуда“ (1. Цар. 11:41; 14:19; 15:7). Благодарение на ова, дознал како Јехова постапувал во различни ситуации. Можел да види што го радува Бог и како Тој гледа на одлуките на луѓето. Освен тоа, можел да ги проучува и другите вдахновени списи што постоеле во тоа време, како што биле записите на Мојсеј, Исус Навин, Самоил, Давид и Соломон. Без сомнение, знаел многу работи за пророците што служеле пред него, како и за оние што пророкувале во негово време. Како му користело на Еремија ваквото лично проучување?
15. Каква корист можеби имал Еремија од тоа што го проучувал пророштвото на Илија во врска со Језавела?
15 Еремија го запишал извештајот за Језавела, злобната жена на царот Ахав кој владеел во Самарија. Таму е запишана и изјавата на Илија дека Језавела ќе ја изедат кучиња во језраелското поле (1. Цар. 21:23). И, според она што го запишал Еремија, ти знаеш дека, околу 18 години подоцна, Језавела била фрлена од прозорец, дека коњите на Јуј ја изгазиле и дека навистина ја изеле кучиња (2. Цар. 9:31-37). Верата на Еремија во Божјата реч сигурно уште повеќе се зајакнала додека го проучувал ова пророштво на Илија и открил дека се исполнило во најситни детали. Всушност, Еремија успеал да истрае како пророк благодарение на својата вера што ја изградил со проучување на Јеховините постапки во минатото.
16, 17. Зошто Еремија можел истрајно да им ги пренесува предупредувањата од Јехова на злобните цареви во своето време?
16 Да земеме уште еден пример. Што мислиш, што му помогнало на Еремија, и покрај прогонството, да продолжи да ги предупредува лошите цареви како што биле Јоаким и Седекија? Главна работа било тоа што Јехова го направил „утврден град и железен столб и бакарен ѕид“ против царевите на Јуда (Ерем. 1:18, 19). Но, да не заборавиме дека Еремија темелно го проучувал и владеењето на претходните цареви на Јуда и Израел. Самиот запишал дека Манасија направил „жртвеници... на сета небесна војска во двата двора на Јеховиниот дом“, дека го жртвувал сопствениот син фрлајќи го во оган и дека пролеал многу невина крв (2. Цар. 21:1-7, 16; прочитај Еремија 15:4). Но, Еремија сигурно знаел и дека, кога Манасија се понизил и му се молел на Јехова, ‚Тој ја чул неговата молитва‘ и му ја вратил царската власт. (Прочитај 2. Летописи 33:12, 13.)
17 Во своите записи, Еремија не ја спомнал милоста што Јехова ја покажал кон Манасија. Но, со оглед на тоа што овој цар умрел петнаесетина години пред Еремија да стане пророк, тој сигурно чул каков бил исходот кога Манасија се покајал за својата поранешна злоба. Додека го проучувал неговото лошо однесување и видел што се случило на крајот со него, Еремија сигурно сфатил колку е важно да ги поттикнува царевите, како што бил Седекија, да ја бараат Јеховината милост и лојална љубов. Дури и еден цар што длабоко загазил во идолопоклонство и бил виновен за крвопролевање можел да се покае и да добие простување. Да си бил на местото на Еремија, дали она што се случило со Манасија ќе те охрабрело и ќе ти помогнело да истраеш додека владееле други лоши цареви?
УЧИ ОД ИСКУСТВО
18. Што можел да научи Еремија од примерот на Урија, и зошто мислиш така?
18 Додека служел како пророк, Еремија сигурно учел и од начинот на кој неговите современици постапувале во дадени ситуации. Еден од нив бил пророкот Урија, кој пророкувал против Ерусалим и Јуда за време на владеењето на Јоаким. Во еден момент тој се исплашил од цар Јоаким и побегнал во Египет. Царот испратил луѓе да го доведат оттаму и потоа го погубил (Ерем. 26:20-23). Што мислиш, дали Еремија научил нешто од она што му се случило на Урија? Тоа што продолжил да ги предупредува Евреите за казната што ги чекала — пророкувајќи дури и во храмските дворови — ни потврдува дека извлекол поука. Тој останал храбар, и Јехова не го напуштил. Најверојатно Бог го поттикнал Ахикам, синот на Сафан, да го заштити храбриот Еремија (Ерем. 26:24).
19. Што можел да сфати Еремија од тоа што Јехова упорно испраќал пророци кај својот народ?
19 Еремија сигурно учел и од сопственото искуство како пророк кој го предупредувал Божјиот народ. Во четвртата година на цар Јоаким, Јехова му рекол да ги запише сите зборови што му ги кажал од деновите на Јосија до тој момент. Зошто му дал ваква заповед? Бог сакал да охрабри некои поединци да се одвратат од својот лош пат за да им прости. (Прочитај Еремија 36:1-3.) Еремија, кој станувал рано за да пренесува предупредувачки пораки од Бог, го молел народот да престане да прави гадости (Ерем. 44:4). Еремија сигурно сфатил од прва рака дека Бог ги испраќал пророците затоа што имал сочувство кон својот народ. Зарем тоа не го поттикнало и самиот да биде сочувствителен? (2. Лет. 36:15). Затоа, можеш да сфатиш зошто, откако го преживеал уништувањето на Ерусалим, Еремија рекол: „Поради Јеховината милост не загинавме сосема, бидејќи неговите милосрдија никако не престануваат. Се обновуваат секое утро“ (Плач 3:22, 23).
Еремија ги проучувал Божјите постапки во минатото и размислувал за своето лично искуство, а и за искуствата на други лица. Како мора да влијаело сето ова врз него? Што учиме ние?
ДАЛИ ТИ ПРАШУВАШ СЕКОЈ ДЕН „КАДЕ Е ЈЕХОВА?“
20. По примерот на Еремија, како можеме да го бараме Јехова?
20 Кога треба да донесеш одлуки во секојдневниот живот, дали се трудиш да разбереш која е Божјата волја прашувајќи „Каде е Јехова?“ (Ерем. 2:6-8). За разлика од Евреите во негово време, Еремија секогаш барал помош од Семоќниот за да знае што да прави. Без сомнение, мудро е сите ние да го следиме неговиот пример со тоа што секој ден ќе го земаме во обѕир Јеховиното гледиште кога донесуваме одлуки.
21. Како би можел да се молиш доколку се двоумиш дали да одиш во служба или, пак, ако некој станар грубо реагира?
21 Не мора да станува збор за голема работа или, пак, за некоја животна одлука. На пример, можеш ли да го бараш Јехова и кога имаш планирано да одиш во служба во одреден ден? Што ако, тоа утро, времето е облачно и ти се чини дека не е баш пријатно за служба? А и подрачјето на кое треба да одиш од куќа до куќа е често обработувано. Згора на тоа, и некои од луѓето таму веќе те одбиле со ладна учтивост, па дури и грубо. Додека се двоумиш, дали би можел да прашаш во молитва „Каде е Јехова?“ Така најверојатно ќе се потсетиш колку убава порака им носиме на луѓето и ќе станеш уште посвесен дека Бог сака да ја објавуваш. Можеби тогаш, слично на Еремија, ќе почувствуваш како Јеховината реч те разведрува и те радува (Ерем. 15:16, 20). Ако подоцна, додека си во служба, наидеш на некој што е нељубезен, па дури и крајно груб, би можел повторно во молитва да му кажеш на Јехова како се чувствуваш. Ќе го сториш ли тоа? Не заборавај дека тој може да ти даде свет дух за да реагираш на исправен начин, а желбата да зборуваш за Божјата порака ќе ги победи негативните чувства (Лука 12:11, 12).
22. Зошто Јехова не сослушува некои молитви?
22 Добро е да бидеме свесни и за тоа дека некои молитви можат да наидат на препрека, односно да не бидат сослушани од Јехова. (Прочитај Плач Еремиин 3:44.) Тој не ги слушал молитвите на бунтовните Евреи бидејќи тие ‚го одвраќале увото‘ од него и упорно вршеле беззаконие (Изр. 28:9). Поуката од ова мора да му била јасна на Еремија, а треба да ни е јасна и нам: Доколку некој не постапува во склад со своите молитви, ќе го разочара Бог, и Тој нема да го слуша. Сигурно не би сакале да ни се случи вакво нешто!
23, 24. а) Што мора да правиме за да ја дознаеме Јеховината волја? б) Како можеш да имаш уште поголема корист од личното проучување?
23 Освен што треба искрено да го молиме Јехова за водство, треба и понатаму лично да ја проучуваме Библијата, бидејќи тоа е важен начин на кој може да дознаеме која е Јеховината волја. Во однос на Еремија, ние сме во предност, затоа што ја имаме целата Библија. Исто како овој пророк, кој длабоко истражувал за да го состави својот вдахновен историски извештај, и ти можеш да ја проучуваш Божјата Реч и да бараш водство од Бог, прашувајќи „Каде е Јехова?“ Кога се трудиш да ја дознаеш Неговата волја, ти покажуваш доверба во него, и сигурно ‚ќе бидеш како дрво посадено покрај води, кое ги пушта своите корења крај водниот тек‘. (Прочитај Еремија 17:5-8.)
24 Додека го читаш Светото писмо и размислуваш за него, обиди се да сфатиш како би сакал Јехова да постапиш во различни ситуации. Барај ги начелата кои сакаш да ги запамтиш и да ги примениш во животот. Додека ги читаш историските извештаи, Божјите заповеди и начела, како и мудрите изреки од Божјата Реч, размислувај како тие стихови треба да влијаат врз твоите секојдневни одлуки. Кога ќе прашаш „Каде е Јехова?“, тој може да ти одговори преку својата пишана Реч и да ти покаже како да се справиш дури и со некои тешки ситуации. Всушност, можеби Библијата ќе ти помогне да ги разбереш ‚несфатливите работи, кои не ти биле познати‘ или, пак, дотогаш не си ги гледал од тој агол (Ерем. 33:3).
25, 26. Во која смисла можат да ни помогнат искуствата на другите?
25 Освен тоа, можеш да размислуваш и за она што ти се случувало тебе, а и на другите. На пример, можеби гледаш дека некои, слично на Урија, престануваат да се потпираат на Јехова (2. Тим. 4:10). Можеш да учиш од нивниот пример за да не доживееш страшни последици. Спомнувај си често за добрината што Јехова ја покажал кон тебе, и сети се дека и Еремија бил благодарен за Божјата милост и сочувство. Дури и да се најдеш во ситуација која ти се чини безизлезна, немој да мислиш дека на Севишниот не му е грижа за тебе. Тој е заинтересиран за тебе исто како што бил заинтересиран и за Еремија.
26 Додека размислуваш за тоа како Јехова им помага на одредени поединци денес, ќе сфатиш дека тој секој ден ни дава водство на разни начини. Аки, една млада сестра од Јапонија, си мислела дека не е доволно добра христијанка. Еден ден, кога била во служба со жената на покраинскиот надгледник, Аки ѝ кажала како се чувствува. Ѝ се чинело дека Јехова не е задоволен со нејзината служба и дека, кога-тогаш, ќе ја отфрли, но сепак таа го молела да ѝ даде уште малку време. Изненадена, жената на покраинскиот ја погледнала и ѝ рекла: „Никогаш не сум помислила дека ти недостига ревност!“ Подоцна Аки длабоко размислувала за тие утешни зборови. Всушност, ништо не покажувало дека Јехова не бил задоволен од неа. Подоцна, таа му се молела: „Испрати ме каде што мислиш дека треба да одам. Ќе сторам сѐ што сакаш да сторам“. Некаде во тоа време, таа посетила една земја каде што имало мала група на јапонски јазик. На групата ѝ требало некој што го зборува јазикот и што би можел да остане да служи таму. За Аки било лесно да се пресели и да помогне бидејќи била родена во таа земја. Но, каде би живеела? Една сестра, чија ќерка само што се иселила од дома, ѝ понудила да живее кај неа. Аки заклучила: „Едно по едно, сѐ си дојде на свое место — Јехова ми го отвори патот“.
27. Зошто треба секогаш да се прашаме „Каде е Јехова?“ пред да правиме нешто?
27 Многу браќа и сестри можат да раскажат за ситуации кога лично почувствувале дека Бог ги води, можеби додека ја читале или ја проучувале Библијата. Веројатно и ти си доживеал нешто слично. Тоа треба да го зајакне твојот однос со Јехова и да те поттикне да му се молиш уште почесто и погорливо. Имај доверба дека, ако секој ден прашуваме „Каде е Јехова?“, тој ќе ни го покаже патот по кој треба да одиме (Иса. 30:21).
Што би значело за тебе лично да прашаш „Каде е Јехова?“ На кои начини можеш да бараш водство од Бог?