Дали Библијата е вдахновена од Бог?
1, 2. Зошто многумина високо ја ценат Библијата, и каква изјава дале нејзините писатели?
THE New Encyclopædia Britannica ја нарекува Библијата „веројатно највлијателна збирка книги во човечката историја“. Многумина високо ја ценат Библијата поради нејзината старост, бидејќи некои нејзини делови се напишани уште пред 3.500 години, а практичните и современи совети што таа ги поседува се една од причините што се дистрибуирани преку три милијарди примероци и што целата или делови од неа се преведени на речиси две илјади јазици. Тоа ја прави светски бестселер на сите времиња.
2 Покрај овие податоци кои влеваат почит кон Библијата, постои и едно друго обележје кое низ вековите ја направило толку влијателна и привлечна, а тоа е нејзиното сопствено тврдење дека таа е вдахновено откровение од Семоќниот Бог. Мојсеј, кој ја составил Тората (првите пет книги на Библијата), ‚ги напишал‘ сите зборови што Бог му ги кажал, во кои спаѓаат извештајот за создавањето, записот за потопот во времето на Ное и животописите за самото однесување на Авраам и Мојсеј кон Бог (2. Мојсеева 24:3, 4). Цар Давид рекол: „Духот Господов говори во мене, и словото Негово е на јазикот мој“ (2. Царства 23:2). И други библиски писатели дале слични изјави за божественото водство. Сите овие списи заедно го сочинуваат вистинитото разјаснување од Бог за настаните — нивното вистинско значење, толкување и конечниот исход. Цареви, наемници, свештеници и останати писатели на Библијата кои меѓусебно биле многу различни — сите тие послужиле како секретари во запишувањето на мислите од Бог, Авторот на Библијата и Оној кој ги гарантира нејзините ветувања.
3. Што покажува дека верата во Бог и верата во науката не се неспоиви?
3 Со оглед на тоа што Библијата тврди дека има божествено авторство, најверојатно првото прашање за повеќето би се однесувало на самото постоење на нејзиниот Автор. Повеќето луѓе сосема ја отфрлаат идејата за постоење на Бог. Други, под влијание на мнението дека сите умни луѓе ја отфрлиле идејата за Бог и верата во Библијата, прашуваат: „Зошто научниците не веруваат во Бог“? Дали ваквото мислење навистина е точно? Една статија од списанието New Scientist изјавува: „Сфаќањето, кое обично претпоставува дека научниците не се верници . . . е крајно погрешно сфаќање“.2 Истата понатаму известува дека една анкета по слободен избор направена на универзитетите, заводите за истражување и индустриските лаборатории покажала дека „дури осум од секои десет научници се со религиозно уверување или застапуваат начела кои се ‚ненаучни‘“. Значи, не може со сигурност да се каже дека верата е неспоива со науката или научниците. (Види ја рамката на страници 4, 5.)
Постои ли доказ за вдахновеност?
4. Какви научни вистини биле споменати во Библијата пред илјади години?
4 Дури и кога некој ќе дојде до заклучок дека постои уверлив доказ за постоењето на Творец, и понатаму останува прашањето дали тој вдахновил мажи за да ги запишат неговите мисли и намери во Библијата. Причините зошто можеме да бидеме сигурни во тоа, се многубројни, а една од нив е и нејзината научна точност (Јов 26:7), а пред скоро 2.700 години, пророкот Исаија изјавил дека Бог „седи над кругот на земјата“ (Исаија 40:22). Впрочем, како можеле Јов и Исаија да ги знаат овие основни научни вистини дека Земјата слободно виси во просторот и дека е сферична? Денес тоа можеби е општо познато, но тие изјави биле изречени во време кога такви поими биле нечуени. Зарем не е најразумно објаснувањето дека тоа е божествено откровение?
5, 6. Кои исполнети пророштва даваат доказ дека библиските писатели биле вдахновени од Бог?
5 Пророштвата, всушност однапред пишуваната историја, можеби се главната карактеристика на Библијата којашто ја поткрепува нејзината изјава дека е божествено вдахновена. На пример, пророкот Исаија не само што прорекол дека Ерусалим ќе биде разорен од страна на Вавилон и дека целата израелска нација ќе биде одведена во ропство, туку и дека во одредено време персискиот војсководач Кир ќе го освои Вавилон и ќе ги ослободи Евреите од тоа ропство (Исаија 13:17-19; 44:27–45:1). Дали сметаш дека Исаија би можел некако поинаку, освен преку божествено вдахновение, 200 години однапред успешно да го прорече раѓањето и името на Кир и со точност да ја одреди неговата улога? (Види ја рамката на 7. страница.)
6 Можеби најзначајните пророштва ги забележал пророкот Даниел кој живеел во шестиот век п. н. е. Тој не само што го прорекол падот на Вавилон под Медејците и Персијците, туку прорекол и настани кои требало да се случат долго после неговото време, во далечната иднина. На пример, Даниеловото пророштво го претскажало воздигнувањето на Грција како светско царство под Александар Велики (336-323. п. н. е.), поделувањето на Александровото царство меѓу неговите четири генерали по неговата прерана смрт и издигнувањето на Римското Царство со неговата застрашувачка воена моќ (првиот век п. н. е.) (Даниил 7:6; 8:21, 22). Сите овие настани сега се неоспорни историски факти.
7, 8. а) Како приговориле некои во врска со библиските пророштва? б) Што докажува дека лажните обвиненија немаат цврста основа?
7 Со оглед дека библиските пророштва биле толку точни, критичарите ги жигосале како измами, односно историја пишувана после настаните, а преиначена во пророштва. Меѓутоа, како може некој разумно да тврди дека еврејските свештеници би се осмелиле да измислат пророштво? И зошто би измислиле пророштва кои ги содржат најтешките осуди кои воопшто можеле да ги замислат против самите себе? (Исаија 56:10, 11; Јеремија 8:10; Софонија 3:4). Освен тоа, како е можно дословно една цела нација, поучувана и воспитувана со Библијата како нејзин свет изворник, да се измами со таква лага? (5. Мојсеева 6:4-9).
8 Како е можно да постои и најмала измама поврзана со исчезнувањето на цели цивилизации, како што се Едом и Вавилон, кога овие настани се одиграле со векови после довршувањето на Хебрејските списи? (Исаија 13:20-22; Јеремија 49:17, 18). Дури и кога некој би сметал дека тие пророштва не биле пишувани во времето на самите пророци, сепак биле запишани пред третиот век п. н. е., бидејќи дотогаш веќе биле преведени на грчки јазик во Септуагинтата. Исто така, свитоците од Мртво Море (кои вклучуваат делови од сите пророчки библиски книги) датираат од вториот и првиот век п. н. е. Како што било забележано, многу пророштва се исполниле дури после овие датуми.
Дали Библијата е полна со противречности?
9-12. а) Зошто некои велат дека Библијата си противречи? б) На кој начин се решени некои „противречности“?
9 Некои, сепак, приговараат: Библијата е полна со противречности и несогласности. Честопати ваквите забелешки потекнуваат од лица кои самите не ја испитале содржината, туку само слушнале од други за еден или два такви наводни примера. Всушност, повеќето такви наводни несовпаѓања можат лесно да се решат доколку го знаеме само тоа дека писателите на Библијата својата тема често ја концизирале на неколку збора. Таков пример можеме да најдеме во извештајот за создавањето. Многумина, кога ја споредиле 1. Мојсеева 1:1, 3 со 1. Мојсеева 1:14-16, се прашале како е возможно Бог да „направил“ светлечки тела во четвртиот ден од создавањето кога светлоста — очигледно од овие исти светлечки тела — допирала до Земјата уште од првиот ден на создавањето. Во овој случај, хебрејскиот писател, избегнувајќи го непотребното долго објаснување, внимателно ги одбрал зборовите. Забележи дека стиховите 14-16 го содржат изразот „се појави“, наместо „создаде“ којшто стои во 1. Мојсеева 1:1, и „светила“, за разлика од „светлина“ во 1. Мојсеева 1:3. Тоа покажува дека Сонцето и Месечината, кои веќе постоеле, на четвртиот ден од создавањето станале јасно видливи низ густата Земјина атмосфера.a
10 Слично на тоа, извесна забуна предизвикале и родословните списоци. На пример, во своето свештеничко родословје, во 1. Летописи 6:3-14, Ездра наведува 23 имиња, а кога го изнесува своето родословје во 1. Ездра 7:1-5 набројува само 16 имиња за истиот период. Тука не се работи за несовпаѓање, туку само за концизирање. Освен тоа, зависно од намерата на писателот кога забележувал некој настан, тој ги истакнувал, сведувал на најмала можна мерка, ги додавал или изоставал оние детали коишто друг писател, кога би го запишал истиот настан, би ги изразил поинаку. Тоа не се противречности, туку различни извештаи кои ги одразуваат начините на кои писателите ги гледале работите и публиката на која тие биле наменети.b
11 Во повеќето случаи такви слични несогласувања може да се решат доколку фрлиме поглед на содржината. На пример: „Откаде Каин нашол жена?“, е прашање кое често се поставува, а кое ја истакнува таквата увереност дека со тоа се открива несогласување во библискиот извештај. Претпоставката е дека Адам и Ева имале само два сина — Каин и Авел. Проблемот лесно се одгатнува ако продолжиме да читаме понатаму. Прва Мојсеева 5:4 вели: „А откако го роди Сита, Адам поживе уште седумстотини години, раѓајќи синови и ќерки“. Така Каин се оженил со една од своите сестри или можеби со внука, што било во потполн склад со Божјата првобитна намера за проширување на човечкиот род (1. Мојсеева 1:28).
12 Очигледно постојат многу детали од човечката историја кои не се забележани како дел од Божествениот Запис. Но во него е вклучен секој потребен детаљ, без да го направи тежок и невозможен за читање како за оние кои прв пат го читаат, така и за нас денес.
Разбирлива само за научниците?
13-15. а) Зошто некои веруваат дека Библијата е премногу тешка за да ја разбереме? б) Како знаеме дека Бог имал намера неговата Реч да биде разбирлива?
13 Дали некогаш си се запрашал: „Зошто постојат толку многу противречни толкувања на Библијата?“ Некои искрени луѓе, откако ги слушнале религиозните авторитети како си противречат еден на друг, се збуниле и обесхрабриле. Заклучокот што повеќето го донеле бил тој дека Библијата е нејасна и противречна. Како резултат на тоа, многумина целосно ја отфрлиле Библијата, верувајќи дека е претешка за читање и за разбирање. Други, кога се соочиле со ваквата голема разноликост на религиозно толкување, не добиле желба да направат едно сериозно истражување на Писмата. А трети, пак, велат: „Учените луѓе со години студирале на богословни семинари, па каква основа имам јас да ја оспорам нивната наука?“ Но, дали и Бог ги гледа работите на таков начин?
14 Кога Бог ѝ го дал Законот на израелската нација, тој не навестил дека им дал систем на обожавање којшто тие не би можеле да го разберат, нешто што би требало да се остави само во рацете на теолошките мудреци или „научници“. Во 5. Мојсеева 30:11, 14, Бог преку Мојсеј изјавил: „Зашто оваа заповед, што денес ти ја давам, не е тешка за тебе, ниту далеку од тебе. Но оваа заповед е многу блиска до тебе, таа е во устата твоја и во срцето твое, за да ја исполнуваш“. Не само на водачите, туку на целата нација ѝ било речено: ”Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое и во душата твоја; и пренесувај им ги на децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:6, 7). Сите запишани Божји заповеди биле доволно јасни за целата нација, за да ги следат како родителите, така и децата.c
15 Далеку наназад, во времето на Исаија, религиозните водачи го навлекле врз себе Божјето неодобрување затоа што си земале за право да ги надополнуваат Божјите закони и самите да ги толкуваат. Пророкот Исаија напишал: „Овој народ се приближува кон Мене со устата своја, и со јазикот свој Ме почитува, а срцето негово му останува далеку од Мене, и почитувањето нивно пред Мене е само научено човечко правило“ (Исаија 29:13). Нивното обожавање се свело на човечки правила, а не на Божји (5. Мојсеева 4:2). Она што било противречно биле ваквите ‚човечки правила‘ и нивните лични толкувања и објаснувања, а не Божјите зборови. Истото е случај и денес.
Постои ли било каква библиска основа за Усната Тора?
16, 17. а) Што веруваат некои во поглед на усниот закон? б) Што покажува Библијата во врска со усниот закон?
16 Некои веруваат дека Мојсеј примил „Усна Тора“ како дополнение на „Пишаната Тора“. Според ова верување, Бог заповедал извесни заповеди да не бидат запишани туку да бидат пренесувани усно од поколение на поколение, и на тој начин да биде сочувана само преку усно предание. (Види ја рамката, страница 10.) Меѓутоа, библискиот извештај јасно покажува дека на Мојсеј никогаш не му било заповедано да пренесе устен закон. Втора Мојсеева 24:3, 4 ни вели: „Дојде Мојсеј и му ги повтори на народот сите зборови Божји и сите заповеди. И сиот народ одговори во еден глас, и рече: ‚Сите зборови што ги кажал Господ ќе ги помниме и ќе ги слушаме‘“. Мојсеј тогаш „ги напиша сите зборови Господови“. Понатаму, во 2. Мојсеева 34:27 ни е речено: „А му рече уште Господ на Мојсеја: ‚Напиши ги за себе овие зборови, зашто со тие зборови склучувам завет [сојуз, Та] со тебе и со Израилот‘“. Во сојузот што Бог го склопил со Израел немало место за некаков непишан, устен закон. (Види ја рамката, стр. 8.) Никаде во Библијата не е спомнато постоење на некаков устен закон.d А што е уште поважно, неговите учења се толку спротивни на Писмата, што придонеле за погрешниот впечаток дека Библијата си противречи. (Види ја рамката, стр. 22.) Но човекот, а не Бог е одговорен за таквата збрка (Исаија 29:13). (Види ги рамките на страници 20 и 21.)
17 За разлика од противречното човечко толкување, Библијата сама по себе е јасна и веродостојна. Бог ни пружил во својата Реч доволно докази дека мирниот свет, опишан во Исаија 2:2-4, не е само сон, туку стварност која ни претстои. Никој друг, освен самиот Бог, Богот на пророштвата, Богот на Библијата, нема да го постигне сето тоа.
[Фусноти]
a Треба да се забележи дека шесте „дена“ на создавање не ја вклучуваат изјавата во 1. Мојсеева 1:1, која се однесува на создавањето на небесните тела. Понатаму, од хебрејскиот збор преведен со „ден“ може да се заклучи дека настаните опишани во 1. Мојсеева 1:3-31 се случиле во текот на шест ‚временски периоди‘, а тие би можеле да бидат во траење од повеќе илјади години. (Спореди 1. Мојсеева 2:4.)
b Како пример види 7. поглавје „Дали Библијата си противречи?“ од книгата Библијата — Реч Божја или човечка? (срп.), издадена од Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци.
c Тешките прашања за правните случаи биле решавани преку јасно зацртаното судско уредување (5. Мојсеева 17:8-11). За сите останати важни прашања кои изгледале нејасни, за Божјиот одговор нацијата била упатувана не на некаков устен закон, туку право на Урим и Тумим што се наоѓале во рацете на свештениците (2. Мојсеева 28:30; 3. Мојсеева 8:8; 4. Мојсеева 27:18-21; 5. Мојсеева 33:8-10).
d Текстот од 5. Мојсеева 17:8-11 некои го протолкувале како навестување за некакво инспирирано усно предание. Но како што е споменато во фуснотата за 14. пасус, текстот едноставно се занимава со постапка при судење во правните случаи. Забележи дека не било во прашање дали различни обичаи или традиции биле пренесувани низ многуте векови или не. Не постои сомневање дека биле пренесувани некои традиции за тоа како да се изнесат одредени специфични аспекти од Законот. Но фактот дека преданието е долготрајно не докажува дека е вдахновено. На пример, забележи го преданието што се развило во врска со бронзената змија (4. Мојсеева 21:8, 9; 4. Царства 18:4).
[Рамка на страници 4 и 5]
ЕВОЛУЦИЈАТА — ФАКТ?
ИЗВЕШТАЈОТ од 1. Мојсеева наведува дека сите живи суштества биле создадени „според родот нивни“ или по основни групи (1. Мојсеева 1:12, 24, 25). При унапредувањето на својата теорија, многу еволуционисти се исмејувале на библискиот извештај. Но, дали постои било каков доказ дека некогаш се појавил некој нов вид како резултат на вкрстувањето или мутациите?e Уште од најраните записи па до сега, песот сѐ уште е пес, а мачката и понатаму е мачка. Дури и лебарките, најдени меѓу најраните фосили на инсекти, практично се идентични со денешните.
Навистина, каков доказ пронашла научната заедница во текот на речиси стотина години интензивно истражување кое започнало од времето на Дарвиновото Потекло на видовите?f До какви заклучоци дошле извесни стручњаци?
ФОСИЛНИ ЗАПИСИ: Некои луѓе фосилните докази ги нарекле ‚последен судски доказ‘ бидејќи тие се единствената автентична историја за животот која ѝ е достапна на науката. Што покажуваат тие?
Професорот по природни науки Џон Мур известил за резултатите од една опширна студија што ја направиле Лондонското геолошко друштво и Здружението на палеонтолозите на Англија. „Околу 120 научници-експерти подготвија огромно дело од 30 поглавја, на повеќе од 800 страници, со цел да се претстави фосилниот извештај за растенијата и животните . . . Прикажан е секој главен облик или вид на растение и животно за да се добие историја одвоена и различна од историјата на сите други облици или видови! Групите на растенија, како и на животни, се појавуваат одеднаш во фосилниот запис. . . . Не постои трага на заеднички предок, а уште помалку поврзаност со некоја влечуга, т. е. наводен предок“ (Should Evolution Be Taught?, 1970, стр. 9, 14).
ДАЛИ МУТАЦИИТЕ БИ МОЖЕЛЕ ДА ПРЕДИЗВИКААТ ЕВОЛУИРАЊЕ? Поради штетната природа на мутациите, The Encyclopedia Americana признава: „Фактот дека повеќето мутации се штетни за организмот, се чини, тешко ќе се усогласи со гледиштето дека мутацијата е извор на суровини за еволуцијата. Всушност, мутациите, што се прикажани во учебниците по биологија, се збирка на чудовишта и монструми и изгледа дека мутацијата повеќе е деструктивен отколку конструктивен процес“ (1977, том 10, стр. 742).
ШТО Е СО ЧОВЕКОЛИКИТЕ МАЈМУНИ? Science Digest наведува: „Забележителен е податокот дека сите материјални докази за човечката еволуција со кои располагаме сѐ уште можат да се соберат во еден мртовечки сандак и пак да остане место! . . . На пример, се чини дека денешните мајмуни се појавиле од никаде. Немаат минато, ниту еден фосилен запис. Вистинското потекло на денешните луѓе, исправени, голи, со способност да прават алатки и со развиени мозоци, е, искрено речено, вистинска мистерија“ (мај 1982, стр. 44).
ТЕОРИЈА ВО КРИЗА: Обрни внимание на цитираниот коментар од Мајкл Дентон, професор по молекуларна биологија, што стои во неговата книга Еволуцијата: Теорија во криза (Evolution: A Theory in Crisis):
„Нема сомнение дека Дарвин немал доволно докази за да ја основа својата теорија за еволуцијата. . . . Неговата општа теорија, дека целиот живот на Земјата потекнал и еволуирал со постепено и непрекинато насобирање на случајни мутации, како и во Дарвиновото време, сѐ уште е крајно шпекулативна хипотеза која нема директна потпора од докази, и далеку од тоа дека некои од најагресивните застапници на оваа очигледна аксиома ќе нѐ натераат да веруваме. . . . Би требало да се очекува, една теорија со такво големо значење, теорија која дословно го промени светот, да биде нешто повеќе од метафизика, нешто повеќе од мит“ (издание од 1986, стр. 69, 77, 358).
[Фусноти]
e Би требало да се направи разлика помеѓу она што се нарекува „микроеволуција“, или прогресивни развивања, прилагодувања и промени во самиот вид, и „макроеволуција“, која научува дека еден вид еволуира во друг. Оние кои ја прифаќаат еволуцијата обично укажуваат на вториов концепт.
f За подетални информации види во книгата Животот — Како настанал? Преку еволуција или преку создавање? издадена од Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци.
[Рамка на страница 6]
„ВО ПОЧЕТОКОТ БОГ ГИ СОЗДАДЕ . . .“
„. . . НЕБОТО И ЗЕМЈАТА“ (1. Мојсеева 1:1). Повеќето научници денес се сложуваат со фактот дека вселената имала почеток. Астрономот Роберт Џестроу напишал: „Сега увидуваме дека астрономските докази нѐ доведуваат до библиското гледиште за потеклото на светот. Деталите се разликуваат, но суштинските елементи на астрономските и библиските извештаи од Постанокот се еднакви: синџирот на настаните кој довел до човекот започнал одеднаш и нагло, во еден одреден временски момент, во блескот на светлината и енергијата“ (God and the Astronomers, 1978, стр. 14).
‚. . . ЖИВИТЕ СУШТЕСТВА‘ (1. Мојсеева 1:20). Физичарот Х. С. Липсон, кога го увидел неслагањето за случајното потекло на животот, рекол: „Единственото прифатливо објаснување е создавањето. Знам дека за физичарите тоа е анатема, како што е и за мене, но ние не смееме да отфрлиме некоја теорија која не ни се допаѓа ако експерименталните докази ја потврдуваат“ (Physics Bulletin, том 31, 1980, стр. 138).
Дури и ако несогласностите се против него, зарем случајното произведување би можело сепак да се случи? Фред Хојл, како физичар и астроном, вели: „Не постои ни делче од објективни докази кои би ја поддржале хипотезата дека животот започнал во органска супа овде на Земјата“. Тој исто така тврди: „Откако биохемичарите сѐ повеќе и повеќе ја откриваат запрепастувачката комплексност на животот, очигледно е дека шансите тој да произлегол случајно се толку минимални што целосно можат да се исклучат. Животот не можел да настане случајно“. Хојл додава: „Биолозите се впуштаат во неосновани мечтаења со цел да го оспорат она што е сосема очигледно, а тоа е дека 200.000 аминокиселински синџири, а со нив и животот, не се појавиле случајно“. Тој всушност прашува: ‚Впрочем, како можело едно случајно удвојување на хемикалии, во едно органско безредие, самото да произведе 2.000 ензими неопходни за живот?‘, и изјавил дека таквата веројатност изнесува 1:1040.000 или „исто како можноста кога 50.000 пати едно по друго би фрлале коцка за да го добиете бројот шест!“ (The Intelligent Universe, Ф. Хојл, 1983, стр. 11-12, 17, 23). На крајот додава: „Доколку некој не би имал предрасуди, било поради општественото уверување или поради научното образование во врска со [спонтан] настанок на животот на Земјата, само оваа едноставна пресметка би му укажала дека целата идеја е безвредна за разгледување“ (Evolution From Space, од Фред Хојл и Шандра Викрамасинг, 1981, стр. 24).
[Рамка на страница 7]
БОГ — ,ОТКРИВАЧОТ НА ТАЈНИ‘ ПРЕКУ ПРОРОШТВАТА
ЗБОРУВАЈЌИ му на еден древен цар, пророкот Даниел рекол: „Тајната за која царот прашува не можат да му ја откријат на царот ни мудреците, ни маѓепсниците, ни јасновидците ни гледачите. Но на небесата има Бог, Кој открива тајни“ (Даниил 2:27, 28). Дали постои доказ дека Бог навистина е Откривач на тајни преку пророштва? Ова што следи се само неколку примери.
Падот на Вавилон: „Вака му вели Господ на Својот помазаник Кира: ‚Те држам за десната рака, за да ти покорам народи, и ќе ги симнам појасите од бедрата на царевите, за да ти се отворат вратите, и портите да не бидат затворени‘“ (Исаија 45:1; проречено околу 732. п. н. е.). (Види и Јеремија 50:35-38; 51:30-32; проречено пред 625. п. н. е.)
Исполнение — 539. п. н. е.: Историчарите Херодот и Ксенофон раскажуваат дека Кир Персиски ги разделил водите на Еуфрат, кои течеле низ центарот на Вавилон, и ги испратил своите сили преку речното корито, а тие ги нашле вавилонските стражари неподготвени и така го зазеле градот за само една ноќ. Дури и со ваква стратегија, Кир не би можел да навлезе во градот доколку портите на бедемите на Еуфрат, кои воделе во градот, не би биле невнимателно оставени отворени. Како што прорекло пророштвото — ‚портите не биле затворени‘.
Судбината на Тир: „Така вели Господ Бог, еве, Јас сум против тебе, граде Тире, и ќе кренам против тебе многу народи како морето што ги крева брановите свои. . . . И ќе го изметам правот негов и ќе го направам гол камен. . . . Твоите камења и твоите дрвја и земјата твоја ќе ја фрлат во вода“ (Језекиил 26:3, 4, 12; проречено околу 613. п. н. е.).
Исполнение — 332. п. н. е.: Александар Велики изградил мост, или насип од земја од копното до островскиот дел на Тир (800 метри од брегот), така што неговите војници можеле да одмаршираат попреку и да го нападнат градот–остров. The Encyclopedia Americana известува: „Во 332. п. н. е., со урнатините од копнениот дел од градот што го разрушил тој изградил огромен насип за да го поврзе островот со копното“. По релативно краткотрајна опсада, островскиот град бил разорен, а Езекиеловото пророштво се исполнило во детали. Дури и ‚камењата и дрвјата и земјата‘ од стариот Тир (копнениот дел од градот) биле ‚фрлени во вода‘.
Уништувањето на Ерусалим: „И му рече Исаија на Езекија: ‚Ислушај го словото на Господа Саваот: ете ќе дојдат дни, и сѐ што има во домот твој и што собрале татковците твои до денес, сѐ ќе биде однесено во Вавилон; ништо нема да остане, вели Господ‘“ (Исаија 39:5, 6; проречено околу 732. п. н. е.; види и Исаија 24:1-3; 47:5).
Пророкот Јеремија изјавил: „Еве, Јас ќе . . . испратам до вавилонскиот цар Навуходоносор, Мојот слуга, и ќе ги доведам против оваа земја и против жителите нејзини . . . И целата таа земја ќе стане пустиња и ужас; и тие народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години“ (Јеремија 25:9, 11; проречено пред 625. п. н. е.).
Исполнение — 607. п. н. е. (586. п. н. е. според повеќето световни хронологии): Вавилон го разорил Ерусалим по една и пол годишна опсада. Градот и храмот биле разорени, а самите Евреи одведени во Вавилон (2. Летописи 36:6, 7, 12, 13, 17-21). Целата нација била под ропство 70 години, токму како што прорекол Јеремија. Нивното ослободување на чудесен начин, во 537. п. н. е., од Кир Велики кој го освоил Вавилон, во потполност го исполнило пророштвото на Исаија кој дури го споменал по име (Исаија 44:24-28). Пророкот Даниел, додека бил во заробеништво во Вавилон, точно го пресметал времето на ослободување на неговиот народ, базирајќи го својот заклучок на пророштвото на Јеремија (Даниил 9:1, 2).
[Рамка на страница 8]
КАДЕ БИЛ УСНИОТ ЗАКОН . . .
. . . кога Мојсеј му ги повторил сите Божји заповеди на целиот израелски народ? Народот тогаш се согласил дека ќе го извршува тоа што тој го повторил, и Мојсеј тогаш „ги напиша сите зборови Господови“ (2. Мојсеева 24:3, 4; нагласено од нас).
. . . кога Исус Навин го собрал израелскиот народ откако влегле во Ветената Земја и им ги прочитал уште еднаш сите зборови за кои се согласиле дека ќе ги извршуваат? „Од сѐ она, што Мојсеј му беше заповедал на Исуса, немаше ни збор, што Исус не го прочита пред целото Израелско собрание“ (Исус Навин 8:35; нагласено од нас).
. . . кога во времето на крал Јосија изгубената ‚книга од Законот на Мојсеј‘ била пронајдена при обновувањето на храмот? Откако ја слушнал содржината што му била прочитана, Јосија ја раскинал својата облека од жалост, сфаќајќи дека со генерации Законот не бил извршуван според она што било запишано. Тогаш тој направил подготовки да се слави празникот Пасха, кој не бил секогаш прописно прославуван во текот на целиот период на царевите и судиите пред нив. Каде бил ‚верно пренесуваниот‘ устен закон во текот на тие стотици години? Доколку би постоел, оваа информација никогаш не би била заборавена. Само еден грижливо сочуван пишан запис му овозможил на народот да се поврати и повторно исправно да ја врши Божјата волја (4. Царства 22:8–23:25).
. . . кога пророкот Јеремија изјавил: „Зашто од мал до голем, секој од нив се предал на лакомост, и пророк и свештеник — сите дејствуваат лажливо“? (Јеремија 6:13). Низ поголемиот дел од историјата на Израел таква била духовната состојба на народните водачи, особено на свештениците кои биле одговорни да поучуваат за Законот (Малахија 2:7, 8). Пишаните записи зборуваат самите за себе, но дали би можеле луѓе, кои биле толку неверни, да бидат доверливи и верно да зачуваат едно усно предание?
. . . во текот на повеќе од илјада години додека биле запишувани Хебрејските списи? Од Мојсеј па до Малахија, не се спомнува постоење на таков устен закон. Само стотина години подоцна, во текот на периодот на рабините, кога противнички настроените религиозни секти се бореле за влијание и власт над еврејската нација, наоѓаме дека се споменува ваков концепт. Зарем тие стотици години на премолчувања за таа тема и сведоштвото на инспирираните Списи не го негираат тврдењето дека некогаш воопшто постоел таков инспириран устен закон?
[Рамка/слика на страница 9]
СВИТОЦИТЕ ОД МРТВО МОРЕ
Датираат уште од пред нашата ера и ни ја откриваат точноста при пренесувањето на библискиот текст низ вековите. Тие исто така потврдуваат дека пророштвата биле забележани пред нивното исполнување.
[Рамка на страница 10]
ДАЛИ ТОРАТА ИМА „СЕДУМ ЛИЦА“?
Денес во Израел не е необично да чуеш како народот ја изговара познатата еврејска изрека: „Тората има седум лица“, што укажува на нивното верување дека Писмата можат да бидат толкувани на повеќе различни, дури и контрадикторни начини. Ваквото гледиште е застапено како за пишаниот така и за т. н. устен закон. The Encyclopedia of Judaism коментира: „Усниот Закон не претставува дефинитивен кодекс; тој вклучува повеќе различни, па дури и спротивни мислења. Во врска со тоа, мудреците рекле: ‚Сето тоа се зборови од живиот Бог‘“ (стр. 532). Меѓутоа, разумно ли е да се верува дека Бог би вдахновил различни и спротивни мислења? Како дошло до прифаќање на таквите противречности?
Во периодот кога било наложено да се запишат Хебрејските списи (од околу 1513. до околу 443. п. н. е.), спорните прашања ги разјаснувале Божји наименувани застапници и тоа честопати со помош на самиот Бог, така што Бог ја покажувал својата божествена моќ, или ги исполнувал пророштвата коишто им ги дал да ги изговорат (2. Мојсеева 28:30; 4. Мојсеева 16:1-50; 27:18-21; 5. Мојсеева 18:20-22). Во тоа време, доколку некој научувал противречни објаснувања или толкувања, не го сметале за учен, туку за отпадник. Бог ја предупредил целата нација: „Погрижи се да исполнуваш сѐ, што ти го заповедам денес; не додавај кон тоа и не одземај од него“ (5. Мојсеева 12:32).
Меѓутоа, со текот на времето дошло до темелна промена во начинот на размислувањето на израелската нација. Фарисеите, кои станале надмоќни во јудаизмот од првиот век н. е., ја поддржувале науката за „Усната Тора“, која се развила во текот на претходните две столетија. Научувале дека покрај пишаниот Закон, кој ѝ бил даден на израелската нација на планината Синај, Бог исто така ѝ предал и еден устен закон. Според таквото верување, вдахновениот устен закон ги толкувал и ги појаснувал подробностите од пишаниот Закон за кои Бог изричито му рекол на Мојсеј да не ги запишува. Усниот закон не требало да се запишува, туку само преку устен збор да се пренесува од учителот на ученикот, и така од поколение на поколение. Тоа на фарисеите им дало посебна власт така што самите себе се сметале за чувари на оваа усна традиција.g
По разорувањето на вториот храм во 70. н. е., фарисеите преовладувале, а јудаизмот станал облик на религија во која доминирале рабините, всушност нешто што порано воопшто не постоело.h Со новата надмоќност која им била овозможена на рабините, а не на свештениците или пророците, усниот закон станал ново средиште на јудаизмот. Како што наведува The Encyclopedia of Judaism: „Усната Тора почнала да се смета за поважна од Пишаната Тора, бидејќи објаснувањето и разбирањето на вторава зависеле од првата“ (1989, стр. 710).
Додека рабините добивале на углед, а преданијата се умножувале, забраната за запишување на ваквиот устен закон била отстранета. Кон крајот на вториот и почетокот на третиот век н. е., Јуда Ха-Наси (135-219 н. е) систематски ги запишал овие рабински усни преданија во едно дело наречено Мишна. Дополненијата, кои биле направени подоцна, се наречени Тосефта. Рабините пак, ја увиделе потребата да дадат коментар кон Мишната, и овие толкувања на усното предание станале основа на една обемна збирка книги наречена Гемара (составена од третиот до петиот век н. е). Сите овие дела заедно станале познати како Талмуд. Коментарите за сите овие рабински уверувања продолжуваат до ден-денеска. Со оглед на тоа дека е невозможно да се ускладат сите тие мошне различни гледишта, дали е за изненадување што многумина се склони да видат ‚седум лица на Тората‘?
[Фусноти]
g Ова учење, кое на почетокот го унапредувале фарисеите, било отфрлено од повеќето нивни современици во израелската нација. И садукеите, од кои повеќето биле свештеници, како и Есенеите од првиот век, го отфрлиле ваквиот фаризејски концепт. Денес Караитите (уште од осмиот век н. е.) како и Реформаторското и конзервативно движење на јудаизмот, ваквиот устен закон не го сметаат за божествено вдахновен. Меѓутоа, ортодоксниот јудаизам денес овие традиции ги смета за вдахновени и задолжителни.
h The Encyclopaedia Judaica наведува: „Титулата рави е изведена од именката рав која на библискиот хебрејски јазик има значење ‚голем‘, и не се појавува во Библијата [на хебрејски јазик]“.