Шеснаесетто поглавје
Им се ближи крајот на спротивставените цареви
1, 2. Како се променил идентитетот на северниот цар после Втората светска војна?
РАЗМИСЛУВАЈЌИ за политичката клима во Соединетите Држави и во Русија, францускиот филозоф и историчар Алекси де Токевиј во 1835 напишал: „На едниот главното средство на дејствување му е слободата; на другиот ропството. Нивните . . . патишта [се] различни; па сепак, како некаков скриен наум на Провидението да го повикува секого од нив еден ден да ја земе в раце судбината на половина свет“. Колку точно се покажало тоа предвидување веднаш по Втората светска војна? Историчарот Џ. М. Робертс пишува: „На крајот на Втората светска војна конечно стана навистина јасно дека со судбината на светот веројатно ќе управуваат два големи и многу различни системи на моќ, едниот со средиште во тогашна Русија, а другиот во Соединетите Американски Држави“.
2 Во текот на двете светски војни, Германија беше главниот непријател на јужниот цар — англо-американската светска сила — и таа го заземаше местото на северниот цар. Меѓутоа, после Втората светска војна таа нација беше поделена. Западна Германија стана сојузник на јужниот цар, а Источна Германија се приклучи кон друг моќен ентитет — Комунистичкиот блок од нации на чело со Советскиот Сојуз. Овој блок, или политички ентитет, застана како северниот цар, цврсто спротивставувајќи се на англо-американската алијанса. А соперништвото помеѓу двата цара се претвори во Студена војна која траеше од 1948 до 1989. Претходно, германскиот северен цар постапуваше „против светиот завет“ (Даниел 11:28, 30). Како ќе постапува Комунистичкиот блок во однос на заветот?
ВИСТИНСКИТЕ ХРИСТИЈАНИ СТРАДААТ, НО ЌЕ ПРЕВЛАДААТ
3, 4. Кои биле тие што ‚постапувале нечесно против заветот‘ и каков однос имале тие со северниот цар?
3 „[Северниот цар] со лукавство ќе ги привлече кон себе“, вели Божјиот ангел, „оние што постапуваат нечесно против заветот.“ Ангелот додава: „Но луѓето кои Го почитуваат својот Бог, ќе се засилат [ќе превладаат, NW] и ќе дејствуваат. И разумните [оние кои имаат увид, NW] од народот ќе вразумуваат [ќе им дадат разбирање на, NW] мнозина, макар и некое време да страдаат од меч и оган, од ропство и грабеж“ (Даниел 11:32, 33).
4 „Оние што постапуваат нечесно против заветот“ можат да бидат само водачите на христијанскиот свет, кои тврдат дека се христијани, но со своите постапки го обесветуваат самото име христијанство. Во својата книга Religion in the Soviet Union (Религијата во Советскиот Сојуз), Волтер Коларц вели: „[Во текот на Втората светска војна] Советската влада вложи напори да добие од црквите материјална и морална помош за да ја брани татковината“. По војната, црковните водачи се обидоа да го задржат тоа пријателство и покрај атеистичката политика на силата која сега беше северниот цар. Со тоа, христијанскиот свет стана повеќе од кога и да е порано дел од овој свет — одвратно отпадништво во Јеховини очи (Јован 17:16; Јаков 4:4).
5, 6. Кои биле „луѓето кои Го почитуваат својот Бог“, и низ што поминале тие под северниот цар?
5 Што е со вистинските христијани — „луѓето кои Го почитуваат својот Бог“ и „оние кои имаат увид“? Иако исправно ‚им се потчинуваа на претпоставените власти‘, христијаните кои живееја под владата на северниот цар не беа дел од овој свет (Римјаните 13:1; Јован 18:36). Пазеа да му го дадат „царевото на царот“, но исто така му го даваа „Божјото на Бога“ (Матеј 22:21). Поради ова, беше ставен на испит нивниот интегритет (2. Тимотеј 3:12).
6 Како резултат на тоа, вистинските христијани ‚страдаа‘ и ‚превладаа‘. Тие страдаа од жестоко прогонство, при кое некои беа убиени. Но превладаа со тоа што поголемиот дел од нив останаа верни. Тие го победија светот, токму како што го победи и Исус (Јован 16:33). Освен тоа, никогаш не престанаа да проповедаат, дури ни кога се наоѓаа во затвор или во концентрациони логори. Постапувајќи така, ‚им дадоа разбирање на мнозина‘. И покрај прогонството во повеќето земји под власта на северниот цар, бројот на Јеховините сведоци растеше. Благодарение на верноста на „оние кои имаат увид“, во тие земји се појави дел од ‚големото мноштво‘ кој постојано расте (Откровение 7:9—14).
ЈЕХОВИНИОТ НАРОД Е ПРОЧИСТЕН
7. Која „извесна помош“ ја добиле помазаните христијани кои живееле под северниот цар?
7 „И во времето на страдањето свое [Божјиот народ] ќе имаат извесна помош“, рекол ангелот (Даниел 11:34а). Триумфот на јужниот цар во Втората светска војна донесе извесно олеснување за христијаните кои живееја под соперничкиот цар. (Спореди Откровение 12:15, 16.) На сличен начин, оние кои беа прогонети од царот кој стана негов наследник одвреме-навреме доживуваа олеснување. Како што Студената војна стивнуваше, многу водачи сфаќаа дека верните христијани не претставуваат опасност и затоа законски ги признаа. Дојде помош и од растечкиот број на оние кои му припаѓаа на големото мноштво, кои реагираа на верното проповедање на помазаните и им помогнаа (Матеј 25:34—40).
8. Како некои му се придружиле на Божјиот народ ‚дволично‘?
8 Немаа добри мотиви сите кои тврдеа дека се заинтересирани да му служат на Бог во текот на Студената војна. Ангелот предупредил: „Мнозина ќе се присоединат кон нив, но дволично“ (Даниел 11:34б). Значителен број луѓе покажаа интерес за вистината, но не беа спремни да му се предадат на Бог. Додека други, кои изгледаа дека ја прифаќаат добрата вест, всушност беа шпиони на властите. Еден извештај од една земја гласи: „Некои од овие бескрупулозни личности беа признати комунисти кои се вовлекоа во Господовата организација, покажаа голема ревност и дури беа наименувани на одговорни службени положби“.
9. Зошто Јехова дозволил некои верни христијани да „пострадаат“ поради вовлечените?
9 Ангелот продолжил: „И од разумните некои ќе пострадаат за да ги испитаат [прочистат, NW], очистат, и обелат за последното време [сѐ до времето на крајот, NW], зашто уште има време до рокот“ (Даниел 11:35). Вовлечените предизвикаа некои верни да им паднат в раце на властите. Јехова дозволи такви работи да се случат за да го прочисти и да го очисти својот народ. Исто како што Исус ‚се научил на послушност преку она, што пострадал‘ така и овие верни поединци се научија на истрајност од испитот на нивната вера (Евреите 5:8; Јаков 1:2, 3; спореди Малахија 3:3). На тој начин беа ‚прочистени, очистени и обелени‘.
10. Што се мисли со изразот ‚сѐ до времето на крајот‘?
10 Јеховиниот народ требало да доживува страдање и прочистување ‚сѐ до времето на крајот‘. Се разбира, тој очекува прогонства сѐ до крајот на овој зол систем на ствари. Меѓутоа, чистењето и обелувањето на Божјиот народ како последица од тоа што северниот цар им се натрапил, биле „до рокот“. Според тоа, во Даниел 11:35, „времето на крајот“ мора да се однесува на крајот од временскиот период што му е потребен на Божјиот народ за да биде прочистен додека поднесува напади од северниот цар. Тоа страдање очигледно завршило „до рокот“ што го одредил Јехова.
ЦАРОТ СЕ ВЕЛИЧА СЕБЕСИ
11. Што рекол ангелот за ставот на северниот цар кон Јеховиниот суверенитет?
11 Во врска со северниот цар, ангелот додал: „И ќе постапува тој цар според својата волја, ќе се крене и ќе се возвеличи повисоко од секое божество, ќе почне да хули на Бога над боговите [одбивајќи да го признае Јеховиниот суверенитет] и ќе успева, сѐ додека не се исполни гневот; зашто, она што е предопределено, тоа и ќе се изврши. За боговите на татковците свои нема ни да помисли, ни желба за жени нема да има [ни на желбата на жените нема да обрнува внимание, NW], дури и никакво божество нема да уважува бидејќи ќе се возгордее погоре од сите“ (Даниел 11:36, 37).
12, 13. а) На кој начин северниот цар ги отфрлил „боговите на своите татковци“? б) Кои биле „жените“ на чијашто „желба“ северниот цар не обрнувал внимание? в) На кој ‚бог‘ му дал слава северниот цар?
12 Исполнувајќи ги овие пророчки зборови, северниот цар ги отфрли „боговите на татковците свои“, како што е троедното божество на христијанскиот свет. Комунистичкиот блок унапредуваше тотален атеизам. На тој начин северниот цар самиот себеси се направи бог, ‚возгордевајќи се погоре од сите‘. Не обрнувајќи внимание на ‚желбата на жените‘, односно подложните земји, како Северен Виетнам, кои служеа како слугинки на неговиот режим — царот постапуваше „според својата волја“.
13 Продолжувајќи со пророштвото, ангелот рекол: „Но ќе укажува почест на бога [на тврдините, NW] што татковците негови не го знаеле, ќе го чести со злато и сребро и драгоцени камења, место Бога кој е најсилен“ (Даниел 11:38). Всушност, северниот цар ја положил својата доверба во современиот научен милитаризам, ‚богот на тврдините‘. Тој барал спасение преку овој ‚бог‘, жртвувајќи огромно богатство на неговиот олтар.
14. Како ‚постапувал делотворно‘ северниот цар?
14 „И ќе изгради силна тврдина [ќе постапува делотворно против најутврдените упоришта, NW] со туѓ бог: на оние, што ќе го признаваат, ќе им ги зголемува почестите и ќе им дава власт над мнозина и земја ќе раздава како награда“ (Даниел 11:39). Имајќи доверба во својот милитаристички „туѓ бог“, северниот цар постапувал многу „делотворно“, со што се покажал како страшна воена сила во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1). Оние кои ја поддржуваа неговата идеологија беа наградени со политичка, финансиска, а понекогаш и со воена поддршка.
,ТУРКАЊЕ‘ ВО ВРЕМЕТО НА КРАЈОТ
15. Како почнал јужниот цар да го ‚турка‘ северниот цар?
15 „Во времето на крајот, јужниот цар ќе почне да се турка со него“, му рекол ангелот на Даниел (Даниел 11:40а, NW). Дали јужниот цар го ‚туркал‘ северниот цар „во времето на крајот“? (Даниел 12:4, 9). Да, навистина. После Првата светска војна, казнениот мировен договор што му бил наметнат на тогашниот северен цар — Германија — сигурно бил ‚туркање‘, поттикнување на одмазда. После победата во Втората светска војна, јужниот цар насочил застрашувачко нуклеарно оружје кон својот соперник и организирал против него моќна воена алијанса, Организацијата на североатлантскиот пакт (НАТО). Во врска со функцијата на НАТО, еден британски историчар вели: „Тоа беше главниот инструмент за ‚задржување‘ на СССР, кој сега се смета за главна закана за европскиот мир. Неговата мисија траеше 40 години, и беше изведена со неоспорен успех“. Како што минуваа годините на Студената војна, ‚туркањето‘ на јужниот цар вклучуваше високотехнолошка шпионажа како и дипломатски и воени напади.
16. Како реагирал северниот цар на туркањето од јужниот цар?
16 Како реагираше северниот цар? „Северниот цар ќе се впушти како бура врз него со коли, коњаници и многубројни кораби, ќе нападне на областите, ќе ги поплави и ќе мине преку нив“ (Даниел 11:40б). Историјата на последните денови го прикажува експанзионизмот на северниот цар. Во текот на Втората светска војна, нацистичкиот „цар“ се излеа од своите граници во околните земји. После крајот на таа војна, ‚царот‘ што го наследи изгради моќна империја. Во текот на Студената војна, северниот цар се бореше со својот соперник како ополномоштен застапник во војни и бунтовнички судири во Африка, Азија и Латинска Америка. Тој ги прогонуваше вистинските христијани, со што ја оневозможуваше, но во никој случај не ја запираше нивната активност. А неговите воени и политички напади ставија под негова контрола многу земји. Ова е токму она што го прорекол ангелот: „И ќе влезе во најубавата земја [духовниот имот на Јеховиниот народ], а многу области ќе пострадаат“ (Даниел 11:41а).
17. Какви граници му биле поставени на експанзионизмот на северниот цар?
17 Сепак, северниот цар не успеа да го освои светот. Ангелот прорекол: „Од раката негова ќе се спасат само Едом, Моав и голем број од синовите Амонови“ (Даниел 11:41б). Во древни времиња, Едом, Моав и Амон биле сместени помеѓу областите на египетскиот јужен цар и сирискиот северен цар. Во современа доба тие ги претставуваат нациите и организациите кои беа мета на северниот цар, но кои не можеше да ги доведе под свое влијание.
ЕГИПЕТ НЕ ИЗБЕГНАЛ
18, 19. На кои начини го почувствувал јужниот цар влијанието од својот соперник?
18 Јеховиниот ангел продолжува: „Ќе ја протегне [северниот цар] раката своја врз разни земји; нема да се спаси ни земјата Египетска. Ќе освои [ќе владее со, NW] златни и сребрени ризници и разни скапоцени работи од Египет; Ливијците и Етиопјаните ќе тргнат по него“ (Даниел 11:42, 43). Дури и јужниот цар, ‚Египет‘, не ги избегнал последиците од експанзионистичката политика на северниот цар. На пример, јужниот цар претрпе значаен пораз во Виетнам. А што е со „Ливијците и Етиопјаните“? Овие соседи на древниот Египет би можеле добро ги претставуваат нациите кои, географски земено, му се соседи на современиот „Египет“ (јужниот цар). Понекогаш тие биле следбеници на — ‚тргнале по‘ — северниот цар.
19 Дали северниот цар владеел со ‚ризниците од Египет‘? Тој навистина имал моќно влијание врз начинот на којшто јужниот цар ги користел своите финансиски средства. Поради страв од својот соперник, јужниот цар одвоил огромни суми пари за да одржува една страшна армија, морнарица и воздушни сили. До тој степен, северниот цар ‚владеел‘ односно го контролирал начинот на кој јужниот цар управувал со своето богатство.
ПОСЛЕДНАТА КАМПАЊА
20. Како ја опишал ангелот последната кампања на северниот цар?
20 Соперништвото помеѓу северниот и јужниот цар — сеедно дали со воени, економски или со други средства — се ближи кон својот крај. Откривајќи детали за конфликтот што допрва следи, Јеховиниот ангел рекол: „Гласовите од исток и од север ќе го смутат [северниот цар], па тој ќе излезе со најголема јарост за да истребува и погубува мнозина, и ќе ги распне царските шатори меѓу морето и гората на преславното светилиште; но ќе му дојде крајот, и никој нема да му помогне“ (Даниел 11:44, 45).
21. Што уште треба да се дознае за северниот цар?
21 Со распаѓањето на Советскиот Сојуз во декември 1991, северниот цар претрпе сериозен пораз. Кој ќе биде овој цар кога ќе се исполни Даниел 11:44, 45? Дали ќе се идентификува со една од земјите кои беа дел од поранешниот Советски сојуз? Или потполно ќе го смени својот идентитет, како што направил неколку пати пред тоа? Дали тоа што и други земји развиваат нуклеарно оружје ќе доведе до нова трка во вооружување и дали тоа ќе влијае врз идентитетот на тој цар? Останува времето да го даде одговорот на овие прашања. Мудро е да не шпекулираме. Кога северниот цар ќе започне со својата последна кампања, сите кои имаат увид темелен на Библијата јасно ќе го препознаат исполнувањето на пророштвото. (Види „Царевите во Даниел, поглавје 11“, на 284. страница.)
22. Кои прашања се поставуваат во врска со последниот напад од страна на северниот цар?
22 Меѓутоа, ние знаеме каква акција наскоро ќе преземе северниот цар. Поттикнат од гласови кои доаѓаат „од исток и од север“ тој ќе поведе кампања ‚за да погубува мнозина‘. Против кого ќе биде насочена оваа кампања? И какви ‚гласови‘ ќе го поттикнат овој напад?
РАСТРЕВОЖЕНОСТ ОД ВОЗНЕМИРУВАЧКИ ГЛАСОВИ
23. а) Кој значаен настан мора да се случи пред Армагедон? б) Кои се „царевите од сончевиот исток“?
23 Разгледај што вели книгата Откровение за крајот на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Пред ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘, Армагедон, оваа голема непријателка на вистинското обожавање ќе биде „изгорена во оган“ (Откровение 16:14, 16; 18:2—8). Нејзиното уништување е навестено со излевањето на шестата чаша на Божјиот гнев врз симболичната река Еуфрат. Оваа река е исушена „за да се приготви патот за царевите од сончевиот исток“ (Откровение 16:12). Кои се овие цареви? Никој друг освен Јехова Бог и Исус Христос! (Спореди Исаија 41:2; 46:10, 11.)
24. Која постапка на Јехова можеби ќе го растревожи северниот цар?
24 Уништувањето на Големиот Вавилон е сликовито прикажано во книгата Откровение каде стои: „А десетте рогови [царевите кои ќе владеат во времето на крајот], што ги виде на ѕверот [Обединетите нации], тие ќе ја замразат блудницата, ќе ја запустат и оголат, и телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат“ (Откровение 17:16). Зошто владетелите ќе го уништат Големиот Вавилон? Затоа што ‚Бог им дал во срцата нивни да ја исполнат волјата Негова‘ (Откровение 17:17). Меѓу тие цареви е и северниот цар. Она што го слуша „од исток“ може со право да се однесува на оваа постапка на Јехова, кога тој ќе им стави во срцата на човечките лидери да ја уништат големата религиозна блудница.
25. а) Која посебна мета ја има северниот цар? б) Каде ‚ги распнал‘ северниот цар ‚царските шатори‘?
25 Но, јароста на северниот цар е насочена кон посебна мета. Тој „ќе ги распне царските шатори меѓу морето и гората на преславното светилиште“, вели ангелот. Во времето на Даниел, морето било Средоземното Море, а гората на светилиштето била Сион, некогашното место на Божјиот храм. Според тоа, во исполнување на пророштвото, разбеснетиот северен цар ќе води кампања против Божјиот народ. Во духовна смисла, местото „меѓу морето и гората на преславното светилиште“ го претставува духовниот имот на Јеховините помазани слуги. Тие излегле од ‚морето‘ на човештвото отуѓено од Бог и ја имаат надежта да владеат на небесната гора Сион со Исус Христос (Исаија 57:20; Евреите 12:22; Откровение 14:1).
26. Како што покажува пророштвото на Језекиил, од каде можеби потекнуваат гласовите „од север“?
26 Језекиил, современик на Даниел, исто така пророкувал за еден напад на Божјиот народ „во последните дни“. Тој рекол дека непријателствата ќе ги започне Гог од Магог, т.е. Сатана Ѓаволот (Језекиил 38:14, 16). Симболично, од која насока доаѓа Гог? „Од северните предели“, вели Јехова преку Језекиил (Језекиил 38:15). Сеедно колку злобен ќе биде овој напад, нема да го уништи Јеховиниот народ. Овој драматичен судир ќе биде резултат на еден стратешки потег од Јеховина страна за да ги уништи силите на Гог. Така, Јехова му вели на Сатана: „Ќе ставам алка на твојата челуст и ќе те изведам“. „Ќе те изведам од северните предели и ќе те доведам на планините Израилеви“ (Језекиил 38:4; 39:2). Според тоа, гласовите „од север“ кои го разбеснуваат северниот цар мора да потекнуваат од Јехова. Но од што ќе се состојат на крајот гласовите „од исток и од север“, само Бог ќе одреди, а времето ќе покаже.
27. а) Зошто ќе ги поттикне Гог нациите, вклучувајќи го и северниот цар, да го нападнат Јеховиниот народ? б) Каков ќе биде на крајот исходот од нападот на Гог?
27 Што се однесува до Гог, тој организира тотален напад поради благосостојбата на „Израилот Божји“ кој, заедно со ‚големото мноштво‘ од „други овци“, повеќе не е дел од неговиот свет (Галатјаните 6:16; Откровение 7:9; Јован 10:16; 17:15, 16; 1. Јованово 5:19). Гог го гледа напреку ‚народот собран од кај народите, што се занимава со стопанство и трговија [кој собира (духовно) богатство и имот, NW]“ (Језекиил 38:12). Гледајќи на духовниот имот на христијаните како на „неоградена земја“ која може лесно да се освои, Гог вложува крајни напори да ја отстрани оваа пречка за неговата целосна контрола над човештвото. Но, не успева (Језекиил 38:11, 18; 39:4). Кога царевите на Земјата, вклучувајќи го и северниот цар, ќе го нападнат Јеховиниот народ, тогаш ‚ќе им дојде крајот‘.
,НА ЦАРОТ МУ ДОАЃА КРАЈОТ‘
28. Што знаеме за иднината на северниот и на јужниот цар?
28 Последната кампања на северниот цар не е насочена против јужниот цар. Според тоа, на северниот цар не му доаѓа крајот од рацете на големиот соперник. На сличен начин, јужниот цар не е уништен од северниот цар. Јужниот цар е уништен „не со [човечка] рака“ туку од Божјето Царствоa (Даниел 8:25). Всушност, во битката на Армагедон, Божјето Царство ќе ги отстрани сите земни цареви, и се чини токму ова ќе му се случи и на северниот цар (Даниел 2:44). Даниел 11:44, 45 ги опишува настаните кои ќе водат до таа конечна битка. Не е чудо што „никој нема да му помогне“ кога крајот ќе го снајде северниот цар!
[Фуснота]
a Види го 10-то поглавје од оваа книга.
ШТО ЗАБЕЛЕЖА?
• Како се променил идентитетот на северниот цар после Втората светска војна?
• Што ќе се случи на крајот со северниот и со јужниот цар?
• Како извлече ти корист од тоа што обрна внимание на Даниеловото пророштво во врска со соперништвото помеѓу двата цара?
[Табела/слика на страница 284]
ЦАРЕВИ ВО ДАНИЕЛ, ПОГЛАВЈЕ 11
Северниот цар Јужниот цар
Дан. 11:5 Селеук I Никатор Птолемеј I
Дан. 11:6 Антиох II Птолемеј II
(сопруга Лаодика) (ќерка Береника)
Дан. 11:7—9 Селеук II Птолемеј III
Дан. 11:10—12 Антиох III Птолемеј IV
Дан. 11:13—19 Антиох III Птолемеј V
(ќерка Клеопатра I) Наследник:
Наследници: Птолемеј VI
Селеук IV и
Антиох IV
Дан. 11:20 Август
Дан. 11:21—24 Тибериј
Дан. 11:25, 26 Аврелиј Царицата Зенобија
Римската Империја
се распаѓа
Дан. 11:27—30а Германската Империја Британија,
(I светска војна) а после неа
англо-американската
светска сила
Дан. 11:30б, 31 Хитлеровиот Трет Рајх англо-американската
(II светска војна) светска сила
Дан. 11:32—43 Комунистичкиот блок англо-американската
(Студената војна) светска сила
Дан. 11:44, 45 Допрва ќе се подигнеb англо-американската
светска сила
[Фуснота]
b Пророштвото во Даниел, поглавје 11, не ги претскажува имињата на политичките ентитети кои ќе ги заземаат положбите на северниот и на јужниот цар во различни периоди. Нивниот идентитет станува познат само откако настаните ќе почнат да се случуваат. Освен тоа, бидејќи конфликтот се одвива во епизоди, постојат интервали кога нема никаков конфликт — едниот цар ја држи власта, додека другиот останува неактивен.
[Слика на целата страница 271]
[Слики на страница 279]
‚Туркањето‘ на јужниот цар вклучувало високотехнолошка шпионажа и воени закани