Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Даниел
„КНИГАТА Даниел е една од најинтересните библиски книги“, стои во еден библиски речник (Holman Illustrated Bible Dictionary). „Таа содржи вистини што важат во сета вечност.“ Настаните што ги запишал Даниел почнуваат во 618 год. пр.н.е., кога вавилонскиот цар Навуходоносор доаѓа во Ерусалим, поставува опсада околу градот и зема „некои од Израеловите синови“ во заробеништво во Вавилон (Даниел 1:1-3). Меѓу нив е и младиот Даниел, кој веројатно е во своите тинејџерски години. Кога е завршено пишувањето на оваа книга, Даниел сѐ уште е во Вавилон. Тогаш, кога Даниел имал речиси 100 години, Бог му ветил: „Ќе почиваш, но на крајот од деновите ќе станеш за да го добиеш своето наследство“ (Даниел 12:13).
Првиот дел од книгата Даниел е изнесен хронолошки во трето лице, а последниот дел е напишан во прво лице. Оваа книга ја напишал Даниел, и таа содржи пророштва за подемот и падот на светските сили, за времето кога ќе дојде Месијата и за настаните што се случуваат во денешно време.a Остарениот пророк се осврнува и на својот долг живот и раскажува за настани што нѐ охрабруваат да бидеме побожни и верни мажи и жени. Пораката на Даниел е жива и делотворна (Евреите 4:12).
ШТО УЧИМЕ ОД ХРОНОЛОШКИОТ ИЗВЕШТАЈ?
Настапува 617 год. пр.н.е. Даниел и неговите тројца млади пријатели, Седрах, Мисах и Авденаго, се наоѓаат во вавилонскиот двор. За време на тригодишната обука што ја добиле за тоа како да живеат на царскиот двор, овие младичи му останале верни на Бог. Околу осум години подоцна, цар Навуходоносор сонил еден чуден сон. Даниел му кажува што сонувал и му го толкува тој сон. Царот признава дека Јехова е „Бог над боговите, Господар над царевите и Оној што ги открива тајните“ (Даниел 2:47). Но, изгледа дека по кратко време Навуходоносор ја заборава оваа лекција. Кога Даниел и неговите тројца пријатели одбиле да се поклонат пред еден џиновски кип, царот наредува да ги фрлат во вжарена печка. Вистинскиот Бог ги спасува сите тројца, а Навуходоносор мора да признае дека „нема друг бог кој би можел да избави како овој“ (Даниел 3:29).
Навуходоносор сонил уште еден значаен сон. Тој гледа едно огромно дрво, кое е исечено и спречено да расте. Даниел кажува што значи тој сон. Тој сон делумно се исполнува кога Навуходоносор полудува и потоа повторно му се враќа разумот. По многу децении, цар Валтазар приредува една голема гозба за своите благородници и дрско се осмелува да ги користи садовите што биле земени од Јеховиниот храм. Во истата таа ноќ Валтазар е убиен, а царството го презема Медиецот Дариј (Даниел 5:30, 31). Во времето на Дариј, кога Даниел има над 90 години, остарениот пророк станува мета на една убиствена завера од страна на љубоморните службеници. Но, Јехова го спасува „од лавовските шепи“ (Даниел 6:27).
Одговорени библиски прашања:
1:11-15 — Дали четворицата млади Евреи изгледале поубаво во лицата затоа што се хранеле вегетаријански? Не. Ниеден начин на исхрана не може да предизвика такви промени за само десет дена. Промената во изгледот на лицето на младите Евреи се должи на Јехова, кој ги благословил за тоа што покажале доверба во него (Изреки 10:22).
2:1 — Кога Навуходоносор го сонил сонот за огромниот кип? Извештајот вели дека тоа било „во втората година од царувањето на Навуходоносор“. Тој станал цар во 624 год. пр.н.е. Значи, втората година од неговото царување започнала во 623 год. пр.н.е. — многу години пред да ја освои Јуда. Во тоа време Даниел сѐ уште не бил во Вавилон за да може да го протолкува сонот. „Втората година“ очигледно се смета од 607 год. пр.н.е., кога вавилонскиот цар го уништил Ерусалим и станал владетел на една светска сила.
2:32, 39 — Во кој поглед царството од сребро било послабо од главата од злато, а царството од бакар било послабо од царството од сребро? Медо-персиското Царство, кое било претставено со сребрениот дел од кипот, било послабо од Вавилон, кој бил златната глава, во тој поглед што немало чест да ја порази Јуда. Следната светска сила била Грција, која била претставена со бакарот. Грција била уште послаба од Медо-Персија, исто како што бакарот е со послаб квалитет од среброто. Иако Грчкото Царство опфаќало поголема територија, немало чест да го ослободи Божјиот народ од изгнанство како што тоа го направила Медо-Персија.
4:8, 9 — Дали Даниел станал свештеник што се занимава со магии? Не. Изразот „поглавар на свештениците што се занимаваат со магија“ едноставно се однесува на положбата на Даниел како „главен надгледник над сите вавилонски мудреци“ (Даниел 2:48).
4:10, 11, 20-22 — Што било претставено со големото дрво од сонот што го сонил Навуходоносор? Дрвото во почетокот го претставувало Навуходоносор како владетел на една светска сила. Меѓутоа, бидејќи неговата власт се протегала „до краиштата на земјата“, дрвото мора да означува нешто многу поголемо. Во Даниел 4:17 овој сон е поврзан со владеењето на „Севишниот“ врз целото човештво. Значи, дрвото го симболизирало и Јеховиното право да владее, особено во поглед на Земјата. Според тоа, сонот има две исполнувања — едното во врска со владеењето на Навуходоносор, а другото во врска со Јеховиното право да владее.
4:16, 23, 25, 32, 33 — Колку траеле ‚седумте времиња‘? Сите промени што се случиле во изгледот на цар Навуходоносор наложуваат ‚седумте времиња‘ да траат подолго од дословни седум дена. Во неговиот случај, овие времиња значеле седум години од по 360 дена, односно вкупно 2.520 дена. Во поголемото исполнување, тие „седум времиња“ траат 2.520 години (Езекиел 4:6, 7). Започнале со уништувањето на Ерусалим во 607 год. пр.н.е. и завршиле со устоличувањето на Исус како небесен Цар во 1914 год. од н.е. (Лука 21:24).
6:6-10 — Бидејќи не е потребно да заземеме некоја посебна положба кога му се молиме на Јехова, зар не би било паметно Даниел да се моли во тајност во период од 30 дена? Тоа што Даниел се молел три пати на ден било јавно познато. Затоа заговорниците дошле на идеја да се издаде наредба со која се забранува молитвата. Кога Даниел би променил нешто во својата навика да се моли на вообичаен начин, во очите на другите тоа би можело да значи дека прави компромис и би можело да се сфати дека не му е исклучително оддаден на Јехова.
Поуки за нас:
1:3-8. Одлучноста на Даниел и неговите другари да му останат верни на Јехова јасно покажува колку вредело воспитанието што го добиле од родителите. Кога богобојазливите родители ги ставаат духовните работи на прво место во својот живот и ги учат своите деца да го прават истото, на нивните деца ќе им биде полесно да одолеат на секакви искушенија и притисоци што би можеле да се појават на училиште или на кое и да е друго место.
1:10-12. Даниел сфатил зошто „главниот дворјанин“ се плашел од царот и повеќе не барал ништо од него. Меѓутоа, подоцна Даниел му се обратил на „чуварот“, кој можеби бил на таква положба што можел да им го исполни барањето. Кога сме во тешки ситуации, треба да постапуваме со слична проникливост, разбирање и мудрост.
2:29, 30. Исто како Даниел, треба да го фалиме Јехова за секакво знаење, вештини и способности што сме ги стекнале благодарение на тоа што нѐ поучил преку својата организација.
3:16-18. Тие тројца Евреи сигурно не би реагирале толку цврсто и убедливо ако претходно попуштиле во врска со исхраната. И ние треба да бидеме „верни во сѐ“ (1. Тимотеј 3:11).
4:24-27. Објавувањето на пораката за Царството, во која спаѓаат и Божјите осуди, бара иста вера и храброст какви што имал Даниел кога објавувал што ќе се случи со Навуходоносор и што треба да направи царот за да му „се продолжи благосостојбата“.
5:30, 31. ‚Подбивната песна за вавилонскиот цар‘ се обистинила (Исаија 14:3, 4, 12-15). Сатана Ѓаволот, чија гордост може да се спореди со гордоста на вавилонската династија, исто така ќе дочека неславен крај (Даниел 4:30; 5:2-4, 23).
ШТО ОТКРИВААТ ВИДЕНИЈАТА НА ДАНИЕЛ?
Во 553 год. пр.н.е., кога Даниел првпат добива видение во сон, тој има над 70 години. Даниел гледа четири големи ѕвера со кои е претставен редоследот на светските сили од неговото до нашево време. Во едно видение, Даниел гледа сцена на небото во која на „некој како син човечки“ му е дадена „вечна власт, која никогаш нема да помине“ (Даниел 7:13, 14). По две години, Даниел добил видение во врска со Медо-Персија, Грција и еден ентитет што станува „цар со сурово лице“ (Даниел 8:23).
Настапува 539 год. пр.н.е. Вавилон паднал, а Медиецот Дариј станал владетел над царството на Халдејците. Даниел го моли Јехова повторно да се насели и изгради неговата татковина. Додека сѐ уште се моли, Јехова го испраќа ангелот Гавриел за да му помогне на Даниел ‚да спознае и да разбере сѐ‘ за доаѓањето на Месијата (Даниел 9:20-25). Доаѓа 536/535 год. пр.н.е. Една мала група Израелци се вратиле во Ерусалим. Но, таму наидуваат на противење на градбата на храмот. Затоа Даниел е загрижен. Тој горливо се моли во врска со ова, и Јехова му испраќа еден ангел од висок ранг. Откако го зајакнува и го охрабрува Даниел, ангелот му го раскажува пророштвото за борбата за надмоќ помеѓу северниот и јужниот цар. Судирот помеѓу овие два цара се одвива од времето кога царството на Александар Велики се поделило помеѓу неговите четири генерала до времето кога „ќе стане“ Михаел, Големиот кнез (Даниел 12:1).
Одговорени библиски прашања:
8:9 — Што е претставено со „Убавината“? Во овој случај, „Убавината“ ја симболизира земната состојба на помазаните христијани за време на Англо-американската светска сила.
8:25 — Кој е „Кнезот над кнезовите“? Хебрејскиот збор сар, преведен со „кнез“, во основа значи „поглавар“. Титулата „Кнезот над кнезовите“ се однесува само на Јехова Бог — Поглаварот на сите ангелски кнезови, вклучувајќи го и „Михаел, еден од највисоките кнезови“ (Даниел 10:13).
9:21 — Зошто Даниел го нарекува ангелот Гавриел „оној човек“? Затоа што Гавриел дошол кај него како човек, исто како што му се имал појавено и во едно претходно видение (Даниел 8:15-17).
9:27 — Кој сојуз бил ‚задржан во сила за мнозина‘ до крајот на 70-тата седмица од години, односно 36 год. од н.е.? Сојузот на Законот бил укинат во 33 год. од н.е., кога Исус бил прикован на столб. Но, со тоа што го одржал во сила сојузот што го склучил со Авраам во врска со дословниот Израел сѐ до 36 год. од н.е., Јехова го продолжил времето на посебна милост кон Евреите на темел на тоа што биле потомци на Авраам. Сојузот со Авраам и понатаму е во сила во поглед на „Израелот Божји“ (Галатите 3:7-9, 14-18, 29; 6:16).
Поуки за нас:
9:1-23; 10:11. Поради тоа што бил понизен, оддаден на Бог, трудољубив и постојан во молитвата, Даниел бил „Божји љубимец“. Токму овие особини му помогнале и да му остане верен на Бог до крајот на својот живот. Да бидеме решени да се угледаме на примерот на Даниел.
9:17-19. Дури и кога се молиме да дојде Божјиот нов свет, во кој „ќе живее праведноста“, зар не треба да ни биде најважно да се посвети Јеховиното име и да се оправда неговото право да владее, а не да му дојде крај на нашето страдање и тешкотии? (2. Петрово 3:13).
10:9-11, 18, 19. Исто како што направил ангелот што дошол кај Даниел, и ние треба да се охрабруваме и да се зајакнуваме меѓусебно, помагајќи си и тешејќи се еден со друг.
12:3. Во последните денови, „оние што се разборити“ — помазаните христијани — ‚светат како светлоносци‘ и довеле „мнозина до праведност“, вклучувајќи го и ‚големото мноштво‘ од „други овци“ (Филипјаните 2:15; Откровение 7:9; Јован 10:16). Помазаниците ќе „сјаат како ѕвездите“ во потполна смисла на зборот за време на Илјадагодишното владеење на Христос, кога заедно со него ќе ги применат целосните придобивки од откупнината врз послушното човештво на Земјата. ‚Другите овци‘ треба лојално да останат со помазаниците, давајќи им целосна поддршка во сѐ.
Јехова ‚ги благословува оние што се бојат од него‘
Што учиме од книгата на Даниел за нашиот Бог? Размисли за пророштвата што се содржани во оваа книга — оние што веќе се исполнети и оние што допрва ќе се исполнат. Колку живо ни го прикажуваат Јехова како Оној што ја исполнува својата реч! (Исаија 55:11).
Што учиме за Бог од раскажувачкиот дел од книгата Даниел? Четворицата млади Евреи што одбиле да бидат претопени во вавилонскиот дворски живот добиле ‚знаење, разбирање и мудрост‘ (Даниел 1:17). Вистинскиот Бог испратил еден од своите ангели и ги спасил од вжарената печка Седрах, Мисах и Авденаго. Даниел бил избавен од лавовската јама. Јехова им помага и ги штити оние што имаат доверба во него и ‚ги благословува оние што се бојат од него‘ (Псалм 115:9, 13).
[Фуснота]
a Библиската книга Даниел е разработена стих по стих во книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 18]
Зошто Даниел бил „Божји љубимец“?