Поглавје 9
Пророштва кои се обистиниле
Луѓето не можат со сигурност да ја претскажат иднината. Секогаш одново, нивните обиди да предвидуваат бедно пропаѓале. Затоа, една книга на пророштва кои се обистиниле мора да го привлече нашето внимание. Библијата е една таква книга.
1. (Вклучи го и уводот.) Што е докажано со фактот дека во Библијата се запишани пророштва кои се обистиниле?
МНОГУ библиски пророштва се обистиниле во такви детали што критичарите тврдат дека биле напишани после исполнувањето. Но, таквите тврдења не се точни. Бидејќи Бог е семоќен, тој е потполно способен да прорекува (Исаија 41:21—26; 42:8, 9; 46:8—10). Библиските пророштва кои се обистиниле се доказ дека се божествено инспирирани, а не дека биле напишани подоцна. Сега ќе разгледаме некои истакнати пророштва кои се обистиниле — давајќи дополнителен доказ дека Библијата е Реч Божја, а не едноставно човечка.
Изгнанството во Вавилон
2, 3. Што довело до тоа царот Езекија да им ги покаже на пратениците од Вавилон сите богатства на неговата куќа и на неговото царство?
2 Езекија бил цар во Ерусалим околу 30 години. Во 740 пр. н. е., тој бил сведок на уништувањето на неговиот северен сосед Израел од рацете на Асирија. Во 732 пр. н. е. ја искусил Божјата спасувачка моќ кога обидот на Асирците да го освојат Ерусалим не успеал, со катастрофални последици за напаѓачот (Исаија 37:33—38).
3 Сега Езекија прима една делегација од Меродах Валадан, царот на Вавилон. Површно гледано, пратениците се дојдени за да му честитаат на Езекија за неговото опоравување од една тешка болест. Но, Меродах Валадан веројатно гледа во Езекија еден можен сојузник против светската сила Асирија. Езекија не прави ништо за да ја растера таквата помисла и на Вавилонците кои го посетиле им го покажува целото богатство на неговата куќа и на неговото царство. Можеби и тој сака сојузници против можното враќање на Асирците (Исаија 39:1, 2).
4. Која трагична последица од грешката на Езекија ја прорекол Исаија?
4 Исаија е истакнат пророк од тоа време и брзо ја увидува непромисленоста на Езекија. Знае дека најсигурна заштита на Езекија е Јехова, а не Вавилон, и му кажува дека тоа што им го покажал своето богатство на Вавилонците, ќе доведе до трагедија. „Ќе дојдат дни“, вели Исаија, „и сѐ што има во домот твој и што собрале татковците твои до денес, сѐ ќе биде однесено во Вавилон.“ Јехова изјавил: „Ништо нема да остане“ (Исаија 39:5, 6).
5, 6. а) Што рекол Јеремија како потврда на Исаииното пророштво? б) На кој начин се исполниле пророштвата на Исаија и на Јеремија?
5 Во осмиот век пр. н. е. можеби изгледало неверојатно да се исполни тоа пророштво. Меѓутоа, сто години подоцна ситуацијата се променила. Вавилон дошол на местото на Асирија како доминантна светска сила, додека Јуда станала толку изопачена во религиозен поглед што Бог го одзел својот благослов. Сега еден друг пророк, Јеремија, бил инспириран да го повтори Исаииното предупредување. Јеремија објавил: „Ќе ги доведам [Вавилонците] против оваа земја и против жителите нејзини . . . И целата земја ќе стане пустиња и ужас; и тие народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години“ (Јеремија 25:9, 11).
6 Околу четири години откако Јеремија го изрекол тоа пророштво, Вавилонците ја направиле Јуда дел од нивната империја. После три години, тие одвеле во Вавилон некои еврејски заробеници и дел од богатството од храмот во Ерусалим. После осум години, Јуда се побунила и повторно била нападната од вавилонскиот цар, Навуходоносор. Овојпат, градот и неговиот храм биле уништени. Целото негово богатство, како и самите Евреи, биле одведени во далечниот Вавилон, токму онака како што претскажале Исаија и Јеремија (2. Летописи 36:6, 7, 12, 13, 17—21).
7. Како археологијата сведочи за исполнувањето на пророштвата на Исаија и на Јеремија во врска со Ерусалим?
7 The Archaeological Encyclopedia of the Holy Land забележува дека, кога завршил вавилонскиот напад, „уништувањето на градот [Ерусалим] било потполно“.1 Археологот В. Ф. Албрајт наведува: „Ископувањето и истражувањето на површината на Јуда покажале дека не само што градовите на Јуда биле комплетно уништени од Халдејците во нивните две инвазии туку и дека не биле одново населени со генерации — најчесто никогаш повторно во историјата“.2 Значи, археологијата го потврдува шокантното исполнување на ова пророштво.
Судбината на Тир
8, 9. Кое пророштво против Тир го изрекол Језекиил?
8 Језекиил бил уште еден древен писател кој запишал божествено инспирирани пророштва. Тој пророкувал од крајот на седмиот па сѐ до шестиот век пр. н. е. — т. е. во годините кои воделе до уништувањето на Ерусалим и потоа во првите децении од изгнанството на Евреите во Вавилон. Дури и некои современи критичари се согласуваат дека книгата била напишана приближно во тоа време.
9 Језекиил запишал едно впечатливо пророштво за уништувањето на израелскиот северен сосед Тир, кој некогаш бил во пријателски односи со Божјиот народ, но подоцна преминал во непријателски односи (3. Царства 5:1—9; Псалм 82:2—8). Тој напишал: „Така вели Господ Бог, еве, Јас сум против тебе, граде Тире, и ќе кренам против тебе многу народи како морето што ги крева брановите свои. И ќе ги разбијат ѕидовите на Тир и ќе ги разрушат кулите негови; и ќе го изметам правот негов и ќе го направам гол камен . . . Твоите камења и твоите дрвја и земјата твоја ќе ја фрлат во вода“ (Језекиил 26:3, 4, 12).
10-12. Кога конечно било исполнето пророштвото на Језекиил, и како?
10 Дали навистина се случило тоа? Па, неколку години откако Језекиил го изрекол ова пророштво, царот на Вавилон, Навуходоносор, поставил опсада околу Тир (Језекиил 29:17, 18). Меѓутоа, тоа не била лесна опсада. Тир бил делумно сместен на копно (оној дел што е наречен Стариот Тир). Но, дел од градот се наоѓал на еден остров оддалечен околу 800 метри од брегот. Навуходоносор го држел островот под опсада 13 години пред конечно да го потчини.
11 Меѓутоа, дури во 332 пр. н. е. пророштвото на Језекиил конечно се исполнило во сите негови детали. Во тоа време, Александар Велики, освојувачот од Македонија, навлегувал во Азија. Тир, сигурен на својата островска локација, не му потклекнувал. Александар не сакал да остави зад себе еден потенцијален непријател, но не сакал ниту да потроши години во опсада на Тир, како што направил Навуходоносор.
12 Како го решил овој воен проблем? Изградил еден копнен мост, односно насип до островот, преку кој неговите војници можеле да преминат марширајќи и да го нападнат островскиот град. Но, да забележиме што вградил во насипот. The Encyclopedia Americana известува: „Со урнатините од копнениот дел од градот, кој тој го разурнал, во 332 изградил еден огромен насип за да го поврзе островот со копното“. После една релативно кратка опсада, островскиот град бил уништен. Освен тоа, пророштвото на Језекиил се исполнило во сите негови детали. Дури и ‚камењата, дрвјата и земјата‘ на Стариот Тир биле ‚фрлени во вода‘.
13. Како еден патник од 19 век го опишал местото на древниот Тир?
13 Еден патник од 19 век коментирал за она што во негово време останало од древниот Тир, велејќи: „Од првобитниот Тир каков што го познавале Соломон и пророците на Израел, не останала ниту трага, освен во неговите гробници издлабени во карпите на планинските падини, како и во ѕидовите на темелите . . . Дури и островот, кој Александар Велики во својата опсада на градот го претворил во ’рт пополнувајќи ја водата помеѓу него и копното, не содржи препознатливи остатоци од некој ран период освен од периодот на крстоносните војни. Современиот град, кој целиот е релативно нов, ја зафаќа северната половина на она што некогаш било остров, додека речиси целата преостаната површина е покриена со непрепознатливи урнатини“.3
Редот на Вавилон
14, 15. Кои пророштва против Вавилон ги запишале Исаија и Јеремија?
14 Во осмиот век пр. н. е., Исаија, пророкот кој ги предупредил Евреите дека им претстои подјармување од Вавилон, претскажал и нешто зачудувачко: потполно сотирање на самиот Вавилон. Тоа го претскажал во сликовити детали: „Ете, Јас ќе ги кренам против нив Мидјаните . . . И Вавилон, украсот на царствата, гордост на Халдејците, ќе биде соборен од Бога, како Содом и Гомор, нема да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род“ (Исаија 13:17—20).
15 И пророкот Јеремија го претскажал падот на Вавилон, кој требало да се случи после многу години. Тој вклучил и еден интересен детаљ: „Суша за водите негови, и тие ќе секнат . . . Вавилонските борци престанаа да се борат, седат во своите тврдини; се исцрпи силата нивна“ (Јеремија 50:38; 51:30).
16. Кога бил освоен Вавилон, и од кого?
16 Во 539 пр. н. е., времето на владеењето на Вавилон како надмоќна светска сила завршило кога силниот персиски владетел Кир, придружуван од мидската војска, замарширал против градот. Меѓутоа, она на што наишол Кир било застрашувачко. Вавилон бил опкружен со огромни ѕидови и изгледал несовладлив. Исто така, големата река Еуфрат течела низ градот и имала важен придонес за неговата одбрана.
17, 18. а) На кој начин имало ‚суша за [вавилонските] води‘? б) Зошто ‚вавилонските борци престанале да се борат‘?
17 Грчкиот историчар Херодот опишува како Кир се справил со проблемот: „Дел од својата војска поставил онаму каде што реката влегува во градот, а друга група зад местото каде што излегува, со наредба да замаршираат во градот преку речното корито штом водите станат доволно плитки . . . Го свртел Еуфрат со еден канал во базенот [едно вештачко езеро кое го ископал некој претходен владетел на Вавилон], кој тогаш бил мочуриште, во кој реката се спуштила дотаму што природното речно корито можело да се прегази. Притоа, Персијците кои за таа намера биле оставени во Вавилон покрај речниот брег, зачекориле во реката, која сега се спуштила скоро до половината на човечкото бедро, и така влегле во градот“.4
18 На тој начин градот паднал, како што предупредиле Јеремија и Исаија. Но, забележи го деталното исполнување на пророштвото. Дословно имало ‚суша за неговите води и тие секнале‘. Опаѓањето на водите на Еуфрат му овозможило на Кир да добие пристап до градот. Дали ‚вавилонските борци престанале да се борат‘, како што предупредил Јеремија? Библијата — како и грчките историчари Херодот и Ксенофон — известува дека Вавилонците, всушност, имале гозба кога се случил нападот на Персијците.5 Набонидовата хроника, официјален натпис со клинесто писмо, вели дека трупите на Кир влегле во Вавилон „без битка“, што веројатно значи без некоја голема, жестока битка.6 Очигледно, борците на Вавилон не направиле многу за да го заштитат.
19. Дали се исполнило пророштвото дека Вавилон „нема да се насели никогаш“? Објасни.
19 Што е со предвидувањето дека Вавилон „нема да се насели“ повторно? Тоа не се исполнило веднаш во 539 пр. н. е. Но, пророштвото непогрешливо се обистинило. После неговиот пад, Вавилон бил центар на бројни побуни, сѐ до 478 пр. н. е., кога бил уништен од Ксеркс. Кон крајот на четвртиот век, Александар Велики планирал да го обнови, но умрел пред работата да отиде многу далеку. Оттогаш, градот само пропаѓал. Во првиот век од нашата ера, таму сѐ уште живееле луѓе, но денес она што е останато од древниот Вавилон се само куп урнатини во Ирак. Дури и ако неговите урнатини делумно се обноват, Вавилон ќе биде само еден туристички експонат, а не жив, раздвижен град. Неговата опустошена локација сведочи за конечното исполнување на инспирираните пророштва против него.
Маршот на светските сили
20, 21. Кое пророштво за маршот на светските сили го видел Даниил, и како се исполнило?
20 Во шестиот век пр. н. е., за време на изгнанството на Евреите во Вавилон, еден друг пророк, Даниил, бил инспириран да запише некои извонредни визии кои го претскажувале идниот тек на светските настани. Во едната, Даниил опишува неколку симболични животни кои се менуваат една по друга на светската сцена. Еден ангел објаснува дека овие животни го предочуваат маршот на светските сили оттогаш наваму. Зборувајќи за последните две животни, тој вели: „Овенот со двата рога што ги виде тоа се мидијскиот цар и персискиот. А косестиот козел е царот на Грција, додека големиот рог што се наоѓа меѓу неговите очи, тој е нејзиниот прв цар: тој е здробен и место него излегоа други четири: тоа се четирите царства што ќе се издигнат од тој народ, но не со негова сила“ (Даниил 8:20—22).
21 Овој пророчки приказ бил точно исполнет. Вавилонската Империја била соборена од Медо–персија која, после 200 години, се повлекла пред Грчката светска сила. Со Грчката Империја предводел Александар Велики, „големиот рог“. Меѓутоа, после смртта на Александар, неговите генерали се бореле меѓу себе за власт и на крајот распространетата империја се распаднала на четири помали империи, ‚четири царства‘.
22. Во едно слично пророштво за маршот на светските сили, која друга светска сила била проречена?
22 Во Даниил 7. поглавје, една слична визија исто така гледала далеку во иднината. Вавилонската светска сила била претставена со лав, Персиската со мечка, а Грчката со леопард со четири крилја на грбот и со четири глави. Потоа Даниил гледа уште еден див ѕвер, „страшен и ужасен и многу силен . . . и имаше десет рогови“ (Даниил 7:2—7). Овој четврт див ѕвер ја предочувал моќната Римска Империја, која почнала да се развива околу три века откако Даниил го запишал ова пророштво.
23. Во кој поглед четвртиот див ѕвер од Данииловото пророштво бил ‚различен од сите царства‘?
23 Во врска со Рим, ангелот прорекол: „Четвртиот ѕвер го означува четвртото царство што ќе постои на земјата, различно од сите царства и што ќе ја изеде целата земја, ќе ја гази и ќе ја измачува“ (Даниил 7:23). Во својата книга A Pocket History of the World, Х. Џ. Велс вели: „Оваа нова Римска сила која се издигнала до тоа да доминира со западниот свет во вториот и во првиот век пр. н. е., во неколку аспекти била нешто поинакво од која и да е друга голема империја која дотогаш преовладувала во цивилизираниот свет“.7 Започнала како република и продолжила како монархија. За разлика од претходните империи, таа не била творба на ниеден освојувач, туку незапирливо растела низ вековите. Траела многу подолго и контролирала далеку поголема територија отколку која и да е претходна империја.
24, 25. а) Како се појавиле десетте рогови на дивиот ѕвер? б) Каква борба меѓу роговите на дивиот ѕвер предвидел Даниил?
24 Но, што е со десетте рогови на овој огромен ѕвер? Ангелот рекол: „А десетте рогови значат дека од тоа царство ќе се кренат десет цареви и потоа ќе се појави друг, поинаков од поранешните и ќе ги покори трите цара“ (Даниил 7:24). Како се исполнило ова?
25 Па, кога Римската Империја почнала да пропаѓа во петтиот век н. е., таа не била веднаш заменета со некоја друга светска сила. Наместо тоа, се распаднала на неколку царства, „десет цареви“. На крајот, Британската Империја ги поразила трите сопернички империи Шпанија, Франција и Холандија и станала главна светска сила. На тој начин, новодојдениот ‚рог‘ ги понижил „трите цара“.
Данииловите пророштва — после настанот?
26. Според тврдењата на критичарите, кога била напишана книгата Даниил, и зошто?
26 Библијата покажува дека книгата Даниил била напишана во шестиот век пр. н. е. Меѓутоа, исполнувањата на нејзините пророштва се толку точни што критичарите тврдат дека мора да била напишана околу 165 пр. н. е., кога некои од пророштвата веќе биле исполнети.8 И покрај фактот што единствената реална причина за ова тврдење е тоа што Данииловите пророштва се исполниле, сепак во многу прирачници овој подоцнежен датум за пишувањето на книгата Даниил е прикажан како утврден факт.
27, 28. Кои се некои од фактите кои докажуваат дека книгата Даниил не била напишана во 165 пр. н. е.?
27 Меѓутоа, наспроти таквата теорија мораме да ги одмериме следниве факти. Најнапред, на таа книга се осврнале еврејските дела кои настанале во текот на вториот век пр. н. е., како што е Првата книга Макавејска. Исто така, била вклучена во грчката верзија Септуагинта, чиј превод започнал во третиот век пр. н. е.9 Трето, фрагментите од преписите на книгата Даниил биле меѓу најпронаоѓаните дела во свитоците од Мртвото Море — а се верува дека овие фрагменти датираат од околу 100-тата пр. н. е.10 Јасно, кратко време откако веројатно била запишана книгата Даниил, таа веќе била нашироко позната и почитувана: силен доказ дека била напишана долго време пред она што го наведуваат критичарите.
28 Понатаму, Даниил содржи историски детали кои му биле непознати на еден писател од вториот век. Истакнат е случајот со Валтазар, владетелот на Вавилон кој бил убиен кога Вавилон паднал во 539 пр. н. е. Главните небиблиски извори на нашето спознание за падот на Вавилон се Херодот (петти век), Ксенофон (петти и четврти век) и Верозус (трети век). На никого од нив не му било познато за Валтазар.11 Колку само е неверојатно еден писател од вториот век да имал информации кои не им биле достапни на овие рани автори! Извештајот за Валтазар во Даниил 5. поглавје е силен аргумент дека Даниил ја напишал својата книга пред овие други писатели да ги напишат своите.a
29. Зошто не е можно книгата Даниил да била напишана после исполнувањето на пророштвата во неа?
29 На крајот, во книгата Даниил има неколку пророштва кои се исполниле долго време после 165 пр. н. е. Едно од нив било пророштвото за Римската Империја, кое веќе го спомнавме. Друго, пак, е извонредното пророштво кое го претскажува доаѓањето на Исус, Месијата.
Доаѓањето на Помазаникот
30, 31. а) Кое Даниилово пророштво го предвидело времето кога ќе се појави Месијата? б) Врз основа на Данииловото пророштво, како можеме да ја пресметаме годината кога требало да се појави Месијата?
30 Ова пророштво е запишано во Даниил 9. поглавје и гласи вака: „Седумдесет седмици [годишни, односно четиристотини и деведесет години] се одредени врз твојот народ и врз твојот свет град“b (Даниил 9:24, The Amplified Bible). Што требало да се случи во текот на тие 490 години? Читаме: „Откако ќе се издаде наредбата да се обнови и да се изгради Ерусалим па до [доаѓањето на] помазаникот, кнез, ќе има седум седмици [годишни] и шеесет и две седмици [годишни]“ (Даниил 9:25, AB). Значи, ова пророштво е за времето кога ќе дојде „помазаникот“, Месијата. Како се исполнило?
31 Наредбата да се обнови и да се изгради Ерусалим била ‚издадена‘ во „дваесеттата година од царувањето на Артаксеркса“, царот на Персија, т. е. во 455 пр. н. е. (Неемија 2:1—9). До завршувањето на 49 години (7 годишни седмици), голем дел од славата на Ерусалим била обновена. А потоа, сметајќи цели 483 години (7 плус 62 годишни седмици) од 455 пр. н. е., доаѓаме до 29 н. е. Всушност, тоа било „петнаесеттата година од владеењето на ќесарот Тибериј“, годината кога Исус бил крстен од Јован Крстител (Лука 3:1). Во таа прилика Исус бил јавно идентификуван како Божји Син и тогаш ја започнал својата служба на проповедање на добрата вест до еврејската нација (Матеј 3:13—17; 4:23). Тој станал ‚помазаник‘, односно Месија.
32. Според Данииловото пророштво, колку долга требало да биде Исусовата земна служба, и што требало да се случи кога ќе завршела?
32 Пророштвото додава: „А после шеесет и двете седмици [годишни] помазаникот ќе биде отсечен“. Исто така, вели: „И тој ќе влезе во еден силен и цврст сојуз со многумината за една седмица [седум години]; и на средината на седмицата ќе ја укине жртвата и приносот“ (Даниил 9:26, 27, AB). Во согласност со ова, Исус одел исклучително кај „многумината“, кај телесните Евреи. Повремено им проповедал и на Самарјаните, кои верувале во дел од Писмото, но си создале секта одвоена од главниот правец на јудаизмот. Потоа, „на средината на седмицата“, после три и пол години проповедање, тој го дал својот живот како жртва и со тоа бил „отсечен“. Ова го означило крајот на Мозаитскиот закон со неговите жртви и подароци за принос (Галатјаните 3:13, 24, 25). Значи, со својата смрт, Исус ‚ги укинал жртвата и приносот‘.
33. Колку долго требало Јехова да има работа исклучително само со Евреите, и кој настан го означил крајот на овој период?
33 Меѓутоа, следните три и пол години, новороденото христијанско собрание им сведочело само на Евреите, а подоцна и на сродните Самарјани. Но, во 36 н. е., на крајот на 70-те годишни седмици, апостол Петар бил упатен да му проповеда на еден не-Евреин, Корнилиј (Дела 10:1—48). Сега, ‚сојузот со многумината‘ повеќе не бил ограничен на Евреите. Спасението им било проповедано и на необрезаните не-Евреи.
34. Во склад со Данииловото пророштво, што му се случило на телесниот Израел заради тоа што го отфрлил Месијата?
34 Поради тоа што еврејската нација го отфрлила Исус и направила заговор да биде убиен, Јехова не ја заштитил кога Римјаните дошле и го уништиле Ерусалим во 70 н. е. Со тоа се исполниле понатамошните зборови на Даниил: „И луѓето на другиот кнез кој ќе дојде, ќе го уништат градот и светилиштето. Неговиот крај ќе дојде со поплава и сѐ до крајот ќе има војна“ (Даниил 9:26б, AB). Овој втор „кнез“ бил Тит, римскиот генерал кој го уништил Ерусалим во 70 н. е.
Пророштво кое било инспирирано
35. Кои додатни пророштва за Исус се обистиниле?
35 На тој начин, Данииловото пророштво за 70-те седмици се исполнило со една извонредна точност. Всушност, многу од пророштвата што се запишани во Хебрејските списи се исполниле во текот на првиот век, а голем број од нив се во врска со Исус. Местото на Исусовото раѓање, неговата ревност за Божјиот дом, неговата проповедничка активност, неговото предавство за 30 сребреници, начинот на кој ќе умре, фактот што за неговата облека се фрлала жрепка — сите тие детали биле проречени во Хебрејските списи. Нивното исполнување, без сомнение, докажало дека Исус бил Месијата и повторно покажало дека пророштвата биле инспирирани (Михеј 5:2; Лука 2:1—7; Захарија 11:12; 12:10; Матеј 26:15; 27:35; Псалм 21:18; 33:20; Јован 19:33—37).
36, 37. Што учиме од фактот што библиските пророштва се обистиниле, и каква увереност ни дава тоа спознание?
36 Всушност, сите библиски пророштва кои требало да се исполнат, се обистиниле. Работите се случувале токму онака како што рекла Библијата. Тоа е силен доказ дека Библијата е Реч Божја. Зад тие пророчки изјави мора да имало повеќе од човечка мудрост за да бидат толку точни.
37 Но, во Библијата има и други предвидувања кои не биле исполнети во тоа време. Зошто? Затоа што требало да се исполнат во нашево време, па дури и во нашата иднина. Веродостојноста на тие древни пророштва ни дава доверба дека и овие други предвидувања сигурно ќе се обистинат. Како што ќе видиме во следното поглавје, ова навистина е случај.
[Фусноти]
a Види го 4. поглавје — „Колку е веродостоен ‚Стариот завет‘?“ — пасуси 16 и 17.
b Во овој превод, зборовите во заградите се додадени од преведувачот за да се појасни значењето.
[Истакната мисла на страница 133]
Сите пророштва кои требало да се исполнат, се обистиниле. Работите се случиле токму онака како што рекла Библијата
[Слика на страница 118]
Археолозите откриле дека уништувањето на Ерусалим од страна на Навуходоносор било потполно
[Слика на страница 121]
Фотографија на современиот Тир. Од Тир каков што го познавале пророците на Израел, едвај останала некоја трага
[Слика на страница 123]
Туристите кои ја посетуваат локацијата на древниот Вавилон се сведоци за исполнувањето на пророштвата против тој град
[Слики на страница 126]
Данииловите пророштва за маршот на светските сили се исполниле толку точно што современите критичари мислат дека биле напишани после исполнувањето
ВАВИЛОН
ПЕРСИЈА
ГРЦИЈА
РИМ
БРИТАНИЈА
[Слика на страница 130]
Даниил го прорекол точното време кога во Израел требало да се појави Месијата