-
„Истражното судење“ — доктрина која се темели на Библијата?Стражарска кула 1997 | 15 Јули
-
-
Главниот текст што се наведува како поддршка на оваа доктрина е Даниил 8:14. Текстот гласи: „Тој ми рече: Уште две илјади и триста денови; потоа светилиштето ќе биде исчистено“ (King James Version). Поради фразата „потоа светилиштето ќе биде исчистено“, многу адвентисти овој стих го поврзуваат со 3. Мојсеева, поглавје 16. Таму се опишува чистењето на светилиштето од страна на еврејскиот првосвештеник на Денот на искупувањето. Исто така, Данииловите зборови ги поврзуваат со Евреите, поглавје 9, кое го опишува Исус како Поголем Првосвештеник на небото. Еден научник на АСД вели дека ова резонирање се темели на методот на „доказен текст“. Наоѓаш „еден извесен збор, како што е светилиште во Дан. 8:14, истиот збор во 3. Мој. 16, истиот збор во Евр. 7, 8, 9“ и заклучуваш дека „сите тие зборуваат за истата работа“.
Адвентистите резонираат вака: Древните израелски свештеници извршувале секојдневна служба во храмскиот оддел, наречен Светиња, кое доведувало до простување на гревовите. На Денот на искупување, првосвештеникот извршувал годишна служба во Најсветата светиња (највнатрешната соба од храмот), што доведувало до бришење на гревовите. Тие заклучуваат дека Христовата свештеничка служба на небото се состои од две фази. Првата почнала со неговото вознесување во првиот век, а завршила во 1844 и довела до простување на гревовите. Втората, односно „фазата на судење“, почнала на 22 октомври 1844, сѐ уште трае и ќе доведе до бришење на гревовите. Како се спроведува ова?
Од 1844 па наваму, за Исус се вели дека го истражува животното досие на сите оние кои се исповедуваат како верници (првин од мртвите, а потоа од живите) за да се одреди дали заслужуваат вечен живот. Ова испитување претставува „истражно судење“. Откако на овој начин луѓето се судени, гревовите на оние кои го поминуваат овој испит се бришат од книгите со записи. Но, Елен Вајт објаснила дека на оние кои не го поминуваат овој испит, ‚имињата ќе им бидат избришани од книгата на животот‘. На тој начин, „судбината на сите ќе биде одлучена за живот или смрт“. Во тоа време, небесното светилиште е исчистено и е исполнет стихот од Даниил 8:14. Така учат адвентистите на седмиот ден. Но, публикацијата Adventist Review од АСД, признава: „Терминот истражно судење го нема во Библијата“.
Лингвистичка алка која недостасува
Ова учење вознемирило некои адвентисти. „Историјата покажува“ — вели еден набљудувач — „дека лојалните лидери во нашите редови доживеале душевна агонија додека размислувале за нашето традиционално учење за истражното судење.“ Во последниве години, додава тој, агонијата се претворила во сомневање кога научниците почнале да „доведуваат во прашање многу столбови од нашето вообичаено излагање за светилиштето“. Да испитаме сега два од нив.
Столб еден: Даниил, поглавје 8, се поврзува со 3. Мојсеева, поглавје 16. Оваа претпоставка е ослабната со два главни проблема — јазикот и контекстот. Прво, разгледај го јазикот. Адвентистите веруваат дека ‚исчистеното светилиште‘ во Даниил, поглавје 8, ја претставува противсликата на ‚исчистеното светилиште‘ од 3. Мојсеева, поглавје 16. Оваа аналогија изгледала прифатлива сѐ додека преведувачите не дознале дека „исчистен“ во King James Version претставува погрешен превод на еден облик на хебрејскиот глагол цада́к (што значи „да биде праведен“), употребен во Даниил 8:14. Професорот по теологија Ентони А. Хокема забележува: „За жал, зборот е преведен со биде исчистен, бидејќи хебрејскиот глагол што обично се преведува со исчистен [тахе́р] овде воопшто не е употребен“.a Употребен е во 3. Мојсеева, поглавје 16, каде King James Version преведува облици на тахе́р како „очисти“ и „биде чист“ (3. Мојсеева 16:19, 30). Затоа, д-р Хокема исправно заклучува: „Ако Даниил сакал да се осврне на видот на чистењето кое се вршело на Денот на искупувањето, тој би употребил тахеер [тахе́р] наместо цадак [цада́к]“. Сепак, цада́к не се наоѓа во 3. Мојсеева, а тахе́р не се наоѓа во Даниил. Недостасува лингвистичката алка.
Што открива контекстот?
А сега разгледај го контекстот. Адвентистите веруваат дека Даниил 8:14 претставува „контекстуален остров“ кој нема ништо со претходните стихови. Но, дали добиваш таков впечаток кога ќе го прочиташ Даниил 8:9—14 (НС) во придружната рамка со наслов „Даниил 8:14 во контекст“? Стих 9 идентификува еден агресор, еден мал рог. Стиховите 10—12 откриваат дека овој агресор ќе го нападне светилиштето. Стих 13 прашува: ‚Колку долго ќе трае оваа агресија?‘ А стих 14 одговара: „До две илјади и триста вечери и утра; и светото место сигурно ќе биде доведено во својата исправна состојба“. Очигледно, стих 13 покренува едно прашање кое е одговорено во стих 14. Теологот Дезмонд Форд вели: „Да го издвоиш Дан. 8:14 од овој повик [„Колку долго?“ стих 13] значи да бидеш егзегетски на море без сидро“.b
Зошто адвентистите го издвојуваат стих 14 од контекстот? За да избегнат еден непријатен заклучок. Контекстот им го припишува валкањето на светилиштето, споменато во стих 14, на активностите на малиот рог. Меѓутоа, доктрината за „истражното судење“ валкањето на светилиштето им го припишува на Христовите активности. За него е речено дека ги пренесува гревовите на верниците во небесното светилиште. Тогаш, што ќе се случи ако адвентистите ги прифатат и доктрината и контекстот? Д-р Рејмонд Ф. Котрел, адвентист на седмиот ден и поранешен коуредник на SDA Bible Commentary, пишува: „Да си претендираме дека толкувањето на АСД го испитува Даниил 8:14 во контекст, би било исто како да го идентификуваме малиот рог со Христос“. Д-р Котрел чесно признава: „Не можеме да ги имаме и контекстот и адвентистичкото толкување. Затоа, за да се држи за „истражното судење“, Адвентистичката црква морала да направи избор — да ја прифати доктрината или контекстот на Даниил 8:14. За жал, таа го прифатила првото и го отфрлила последното. Не е ни чудо, вели д-р Котрел, што информираните проучувачи на Библијата ги осудуваат адвентистите дека „го читаат во Писмото“ она што не може „да се извлече од Писмото“!
Во 1967 година, д-р Котрел подготвил една лекција за сабатната школа во врска со Даниил, која била испратена до црквите на АСД ширум светот. Таа учела дека Даниил 8:14 стои во врска со својот контекст и дека ‚чистењето‘ не се однесува на верниците. Значајно е тоа што лекцијата испушта какво било спомнување на некое „истражно судење“.
Некои забележливи одговори
Колку е голема свесноста на адвентистите дека овој столб е преслаб за да ја поддржи доктрината за „истражното судење“? Д-р Котрел прашал 27 водечки адвентистички теолози: ‚Какви лингвистички или контекстуални причини можете да наведете за врската помеѓу Даниил, поглавје 8 и 3. Мојсеева, поглавје 16?‘ Каков бил одговорот?
„Сите дваесет и седум го потврдија непостоењето на какви и да било лингвистички или контекстуални причини за Дан. 8:14 да се примени на противсликата на денот на искупувањето и на истражното судење“. Тој ги прашал: ‚Дали имате какви и да било други причини поради кои правите ваква врска?‘ Повеќето адвентистички научници рекле дека немаат никакви други причини, петмина одговориле дека таа врска ја направиле затоа што тоа го сторила Елен Вајт, а двајца рекле дека доктрината ја темелат на една ‚среќна случајност‘ во преведувањето. Теологот Форд забележува: „Таквите заклучоци, понудени од кремот на нашето научно спознание, всушност потврдуваат дека нашето традиционално учење за Дан. 8:14 е неодржливо“.
Дали има некаква помош од Евреите?
Столб два: Даниил 8:14 се поврзува со Евреите, поглавје 9. „Сите наши рани дела многу го користат Евр. 9 кога го објаснуваат Дан. 8:14“ — вели теологот Форд. Оваа алка е родена после „Големото разочарување“ во 1844. Трагајќи по водство, милеритот Хајрам Едсон ја фрлил својата Библија на маса така за да падне отворена. Каков бил исходот? Се отворила кај Евреите, поглавја 8 и 9. Форд вели: „Што би било поприкладно и симболично за адвентистичкото тврдење дека овие поглавја го содржат клучот за значењето на 1844 и Дан. 8:14!“
„Тоа тврдење е круцијално за адвентистите на седмиот ден“ — додава д-р Форд во својата книга Daniel 8:14, the Day of Atonement, and the Investigative Judgment. „Само во Евр. 9 . . . може да се најде детално објаснување на значајноста на . . . доктрината за светилиштето, која ни е толку животоважна.“ Да, Евреите, поглавје 9 е поглавјето во „Новиот завет“ кое го објаснува пророчкото значење на 3. Мојсеева, поглавје 16. Но, адвентистите исто така велат дека Даниил 8:14 е стихот во „Стариот завет“ кој го прави тоа. Ако обете изјави се точни, тогаш исто така мора да постои и алка помеѓу Евреите, поглавје 9, и Даниил, поглавје 8.
Дезмонд Форд забележува: „Извесни работи се истакнуваат веднаш додека човек го чита Евр. 9. Не постои очигледна алузија на книгата Даниил и секако не на Дан. 8:14 . . . Поглавјето како целина претставува примена на 3. Мој. 16“. Тој наведува: „Нашето учење за светилиштето не може да се најде во единствената книга на Новиот завет која зборува за значајноста на службите во светилиштето. Ова го признаа добро познати адвентистички писатели по целиот свет“. Тогаш, столбот два исто така е преслаб за да ја поддржи проблематичната доктрина.
Меѓутоа, овој заклучок не е нов. Веќе многу години, вели д-р Котрел, „библиските научници од црквата беа сосема свесни за егзегетските проблеми на кои наидуваше нашето конвенционално толкување на Даниил 8:14 и Евреите 9“. Пред околу 80 години, влијателниот адвентист на седмиот ден, Е. Џ. Вагонер, напишал: „Адвентистичкото учење за светилиштето, со своето ‚истражно судење‘ . . . практично, претставува негирање на искупувањето“ (Confession of Faith). Пред повеќе од 30 години, таквите проблеми биле изнесени на Генералната конференција, црквеното раководство на АСД.
Проблеми и ќорсокак
Генералната конференција наименувала еден „Одбор за проблеми во книгата Даниил“. Тој требало да подготви извештај за тоа како да се решат тешкотиите што се вртат околу Даниил 8:14. 14-те членови на одборот пет години го проучувале прашањето, но не успеале да предложат едногласно решение. Во 1980, Котрел, член на одборот, рекол дека повеќето членови на одборот мислат оти адвентистичкото толкување на Даниил 8:14 би можело да се „утврди задоволително“ преку една низа „претпоставки“ и дека проблемите „треба да се заборават“. Тој додал: „Запомнете, името на одборот беше Одбор за проблеми во книгата Даниил и повеќето укажуваа на тоа да ги заборавиме проблемите и да не кажуваме ништо за нив“. Тоа би било еднакво на „признавањето дека немавме одговори“. Така, малцинството одбило да го поддржи гледиштето на мнозинството и немало формален извештај. Доктринарните проблеми останале нерешени.
Коментирајќи за овој ќорсокак, д-р Котрел вели: „Спорното прашање од Даниил 8:14 сѐ уште е со нас, затоа што досега бевме неспремни да се соочиме со фактот дека постои еден многу вистински егзегетски проблем. Тоа спорно прашање нема да исчезне сѐ додека продолжуваме да се преправаме дека не постои никаков проблем, сѐ додека инсистираме на тоа нашите глави, индивидуално и колективно, да ги држиме во песокта на нашите однапред замислени гледишта“ (Spectrum, журнал што го издава Асоцијацијата на адвентистички форуми).
Д-р Котрел ги поттикнува адвентистите да направат „внимателно преиспитување на основните претпоставки и на начелата на егзегетиката на која го темелевме нашето толкување на овој — за адвентизмот — неопходен пасус од Писмото“. Ние би ги охрабриле адвентистите да ја испитаат доктрината за „истражното судење“ за да видат дали нејзините столбови се цврсто втемелени на Библијата или, пак, се темелат на нестабилниот песок на традицијата.c Апостол Павле мудро поттикнал: „Уверете се во сите работи; држете се цврсто за она што е добро“ (1. Солунјаните 5:21, НС).
-
-
„Истражното судење“ — доктрина која се темели на Библијата?Стражарска кула 1997 | 15 Јули
-
-
Даниил 8:14 во контекст
ДАНИИЛ 8:9 „И од еден од нив излезе еден друг рог, еден малечок, и тој стануваше многу поголем кон југ и кон изгрејсонце и кон Украсот. 10 И тој стануваше сѐ поголем дури до војската на небесата, така што предизвика некои од војската и некои од ѕвездите да паднат на Земјата, и ги газеше. 11 И сѐ до Кнезот на војската тој многу се возвиси, и му беше одземено постојаното обележје, и утврденото место на неговото светилиште беше соборено. 12 И една војска самата постепено беше предавана, заедно со постојаното обележје, поради престап; и тоа фрлаше вистина на Земјата, и дејствуваше и имаше успех.
13 И чув некој светец како зборува, и еден друг светец почна да му зборува на дотичниот, кој зборуваше: ‚Колку долго ќе биде визијата за постојаното обележје и за престапот што предизвикува опустошување за да се направат и светото место и војската — работи за газење? 14 Затоа тој ми рече: ‚До две илјади и триста вечери и утра; и светото место сигурно ќе биде доведено во својата исправна состојба‘ “ (New World Translation of the Holy Scriptures).
-