Шесто поглавје
Разбери ја Божјата правда и ќе го запознаеш Бог
1. Зошто луѓето имаат осет за правда?
НИЗ историјата, некои луѓе станале познати по тоа што се бореле за правда. Но, размисли за ова: Луѓето ја сакаат правдата затоа што се создадени според Божјиот лик. Ти имаш осет за правда и сакаш другите да постапуваат праведно со тебе затоа што си создаден според ликот на Јехова, кој ,ѝ се радува‘ на правдата (Еремија 9:24; 1. Мојсеева 1:27; Исаија 40:14).
2, 3. Зошто треба да ги разгледаме книгите на 12-те пророци за да дознаеме нешто повеќе за Јеховината правда?
2 Читајќи различни книги од Библијата, можеш многу да научиш за Божјата правда. Но, од особена помош ќе ти биде ако ги проучиш книгите на 12-те пророци. Во нив толку многу се истакнува правдата што едно библиско друштво издало збирка на книгите на Осија, Амос и Михеј под наслов Конечно правда! (Justice Now!). Размисли, на пример, за зборовите на Амос: „Правдата нека потече како вода и праведноста како порој што тече без престан“. Исто така, забележи што навел Михеј како прво нешто што треба да го направиш: „Бара ли Јехова, твојот Бог, од тебе нешто друго, освен да постапуваш праведно, да ја сакаш добротата и скромно да одиш со него?“ (Амос 5:24; Михеј 6:8).
3 Според тоа, за да го запознаеме Јехова подобро и за да можеме да го следиме неговиот пример, треба да ја разбереме и да ја цениме неговата правда. Правдата е неразделно поврзана со Јехова и затоа не можеме да речеме дека го познаваме доколку не ја разбираме неговата правда. Дури и неговите древни слуги знаеле дека „Јехова ја сака правдата“ (Псалм 33:5; 37:28).
4. Објасни зошто книгите на 12-те пророци можат да ја зајакнат твојата доверба во Божјата правда.
4 Кратко пред Јехова да го изврши својот суд врз Ерусалим, пророкот Авакум прашал: „До кога, Јехова, ќе викам за помош?.. Законот ја губи силата и правдата никогаш не излегува на видело. Бидејќи злите го опкружуваат праведникот, правдата се искривува“ (Авакум 1:2, 4). Верниот Авакум го запознал Јехова преку библиските книги што веќе ги имало во тоа време и преку своето лично искуство. Затоа, бил уверен дека Бог ја застапува правдата и ги поттикнува луѓето да бидат праведни. Меѓутоа, пророкот бил загрижен за тоа зошто Јехова го допушта злото. Бог го уверил Авакум дека ќе постапи праведно со верните (Авакум 2:4). Штом Авакум и другите пророци верувале во тоа, ти имаш уште повеќе причини да веруваш. Зошто? Па, сега Библијата е комплетна, што значи дека имаш повеќе информации за тоа како постапувал Јехова и какви особини има, меѓу кои е и правдата. Според тоа, ти можеш подобро да го запознаеш Јехова и да се увериш дека неговата правда е совршена.
5. Што се очекува од Божјите слуги во поглед на правдата?
5 Преку своите гласници, Јехова јасно им ставил до знаење на Израелците колку е важно да бидат праведни (Исаија 1:17; 10:1, 2; Еремија 7:5-7; Езекиел 45:9). Тоа е посебно нагласено во книгите на 12-те пророци (Амос 5:7, 12; Михеј 3:9; Захарија 8:16, 17). Секој што ги чита овие книги, може да види дека во нив сме поттикнати да постапуваме праведно во секојдневниот живот. Поуките од овие 12 книги може да се применат на многу подрачја во животот, но сега ќе разгледаме колку е важно да се постапува праведно на две подрачја што ги спомнале пророците, а потоа ќе видиме како да го примениме тоа во животот.
ПРАВДА ВО ДЕЛОВНИТЕ И ВО ФИНАНСИСКИТЕ РАБОТИ
6, 7. Зошто треба да бидеме заинтересирани како да постапуваме праведно во деловните и во финансиските работи?
6 Исус рекол: „Не смее човек да живее само од леб“ (Лука 4:4; 5. Мојсеева 8:3). Тој не рекол дека не ни треба леб — мораме да јадеме. За повеќето луѓе тоа значи дека треба да работат, или барем некој од семејството да работи, за да има што да се јаде. Така било и во времето на Божјите слуги во минатото. Некои работеле сами за себе — биле земјоделци или, пак, изработувале облека, мебел или кујнски садови. Други вработувале луѓе — најмувале работници за жнеење или за производство на брашно, маслиново масло или вино. Трети, пак, биле трговци — купувале и продавале разни стоки. А некои се занимавале со разновидни услужни дејности — на пример, поправале покриви или свиреле на некои инструменти (2. Мојсеева 35:35; 5. Мојсеева 24:14, 15; 2. Царевите 3:15; 22:6; Матеј 20:1-8; Лука 15:25).
7 Забележуваш ли некаква сличност меѓу ова и твојот живот или животот на твоите пријатели и роднини? Точно, методите во работењето денес се малку поинакви, но зарем не се согласуваш дека Божјето гледиште за правдата во врска со работата не се променило? Од пораките што ги пренеле 12-те пророци, јасно се гледа дека Јехова очекува од своите слуги да бидат праведни и на овие подрачја од животот. Додека разгледуваме некои примери, размислувај како треба да постапуваш и ти во склад со Божјата правда (Псалм 25:4, 5).
8, 9. а) Зошто осудата запишана во Малахија 3:5 е толку сериозна? б) Кое урамнотежено гледиште за вработувањето и работата го застапува Библијата?
8 Преку Малахија, Бог рекол: „Ќе дојдам кај вас за да ви судам и ќе бидам брз сведок против гаталците, против прељубниците, против оние што лажно се заколнуваат, против оние што му ја скратуваат платата на наемникот... а од мене не се бојат“ (Малахија 3:5). Да, Јехова ги осудил оние што не постапувале праведно со своите работници, или наемници. Колку сериозно било тоа? Па, Јехова го ставил лошото постапување со работниците во ист кош со спиритизмот, прељубата и лажењето. А христијаните знаат како ќе им суди Бог на ‚блудниците, на гаталците и на сите лажливци‘ (Откровение 21:8).
9 Она што се случувало со работниците не било само повреда на човечките морални мерила, туку и на Јеховината правда. Јехова рекол дека поради подмолноста на оние што „му ја скратуваат платата на наемникот“, тој ‚ќе дојде кај нив за да им суди‘. Нормално, Бог не рекол дека работодавецот мора да го задоволи секој каприц на некој работник или на некоја група работници. Од споредбата на Исус за наемниците што работеле на лозјето можеме да видиме дека работодавецот имал право да ја одредува платата и условите на работење (Матеј 20:1-7, 13-15). Интересно е тоа што во оваа споредба сите работници добиле по еден денариј, договорената дневница, без разлика дали работеле цел ден или не. Исто така, гледаме дека работодавецот не постапил нечесно само за да заработи повеќе на грбот на наемниците (Еремија 22:13).
10. Зошто треба да внимаваме како постапуваме со оние што се вработени кај нас?
10 Ако имаш свој бизнис и неколку вработени — или, пак, само најмуваш некого да ти заврши некоја работа — прашај се дали платите што им ги даваш, како и она што го бараш од нив и финансиските зделки што ги правиш се во склад со она што е кажано во Малахија 3:5? Добро е да размислиш за ова, зашто и во Христијанските грчки списи се зборува за неправедното постапување со наемниците. Во врска со оние што постапуваат така, ученикот Јаков напишал: „Зарем [Јехова] не ви се спротивставува?“ (Јаков 5:1, 4, 6). Со право можеме да заклучиме: Оние што се неправедни во поглед на „платата на наемникот“ не го познаваат добро Јехова, затоа што не постапуваат праведно како него.
11, 12. а) За кое неправедно постапување се зборува во Осија 5:10? б) Како можеш да го примениш начелото од Осија 5:10?
11 Сега, да видиме зошто Јехова им се спротивставил на некои угледни луѓе во времето на Осија: „Кнезовите на Јуда станаа како оние што поместуваат меѓа. Врз нив ќе го излеам својот гнев како вода“ (Осија 5:10). Која неправда ја осудил Осија? Еден земјоделец во Јуда живеел од својата земја, чии меѓи биле обележани со камења или столбови. Да се ‚помести меѓа‘ значело да му се одземе дел од нивите на земјоделецот, а со тоа и дел од заработувачката, што било рамно на грабеж. За јудејските кнезови, кои требало да се застапуваат за правда, Осија рекол дека ги поместуваат меѓите (5. Мојсеева 19:14; 27:17; Јов 24:2; Изреки 22:28).
12 Некои што денес се занимаваат со продажба на недвижнини може да паднат во искушение да ги ‚поместат меѓите‘ за да ги измамат купувачите. Но, ова начело важи и за трговците, за работодавците, за вработените или за странките — за секој што е вклучен во некакви договори или спогодби. Како што веројатно ти е познато, некои деловни луѓе не сакаат да прават писмени договори затоа што мислат дека подоцна полесно ќе можат да отстапат од договореното или ќе можат да ги менуваат барањата. Други склучуваат писмени договори, но во нив наведуваат некои детали испишани со многу ситни букви или изнесени многу нејасно за да го извртат значењето во своја корист, па дури и ако тоа е на штета на другата страна. Што мислиш, дали едно лице што постапува така — било да е трговец или муштерија, било да е работодавец или вработен — навистина го познава праведниот Бог? Во својата Реч, Јехова рекол: ‚Не преместувај ги меѓите на деца без татко. Зашто, силен е нивниот Откупител, тој ќе ја води нивната парница против тебе‘ (Изреки 23:10, 11; Авакум 2:9).
13. Според Михеј 6:10-12, каква неправда имало кај древниот Божји народ?
13 Од Михеј 6:10-12 дознаваме уште нешто за правдата: „Дали уште има во куќата на злобниот богатство стекнато со злоба и смалена ефа достојна за осуда? Можам ли да бидам чист со злобна вага и со торба со лажни камени тегови? Зашто, неговите... жители кажуваат лаги и лукав е јазикот во нивната уста“. Денес ние не ги мериме работите на вага со камени тегови, туку ги пресметуваме во килограми. Но, јасно е што сакал да каже Михеј. Трговците и другите деловни луѓе во негово време биле измамници — не користеле стандардни мерки и не постапувале праведно со луѓето. За оние чиј ‚јазик бил лукав во нивната уста‘ и со кој мамеле во работата, Бог рекол дека се ‚злобни‘ (5. Мојсеева 25:13-16; Изреки 20:10; Амос 8:5).
14. Како предупредувањето на Михеј ни помага да не правиме некои нечесни работи што се вообичаени денес?
14 Дали зборовите на Михеј во врска со лажните тегови и мерки имаат некаква врска со тоа како ти го водиш својот бизнис или како постапуваш како работник? Добро е да размислуваш за ова, зашто муштериите и странките честопати се измамени на многу начини. На пример, некои нечесни градежни фирми ставаат во бетонот помалку цемент отколку што е потребно или пропишано со законот. Или, пак, некој мајстор, на места каде што знае дека тоа нема да се забележи, користи поевтини материјали од оние за кои му било платено. Некои трговци продаваат користена стока како да е нова. А веројатно си чул и за многу други нечесни начини да се заработи повеќе. Дали си во искушение да ги испробаш и ти? Во една понова книга за заштита на сопственоста се вели дека Јеховините сведоци „веруваат дека нивниот Творец ги гледа, и повеќето од нив попрво би умреле отколку да украдат“. Понатаму стои: „Тие се барани како работници во фирми каде што се ракува со големи суми пари“. Зошто? Па, затоа што вистинските христијани знаат дека Јехова ‚бара од нив да постапуваат праведно‘, а тоа значи да бидат чесни и во деловните и финансиските работи (Михеј 6:8).
„КНЕЗОВИТЕ ЌЕ ВЛАДЕАТ ПО ПРАВДА“
15, 16. Како постапувале водачите со народот во времето на Михеј?
15 Од книгите на 12-те пророци се гледа дека имало периоди кога правдата била задушена. Токму оние што биле на власт и што требало да дадат пример за праведно постапување, ја прекршувале правдата (2. Мојсеева 18:21; 23:6-8; 5. Мојсеева 1:17; 16:18). Затоа Михеј преколнувал: „Чујте, ве молам, главатари на Јаков и заповедници на домот на Израел! Зар не треба вие да знаете што е правда? Вие што го мразите доброто, а го сакате злото, што им ја дерете кожата на луѓето и им го откинувате месото од нивните коски“ (Михеј 3:1-3; Исаија 1:17).
16 Овие зборови сигурно ги потресле луѓето што знаеле каков е животот на село. Овчарот понекогаш ги стрижел овците за кои се грижел и ги штител (1. Мојсеева 38:12, 13; 1. Самоилова 25:4). Но, ‚заповедниците на домот на Израел‘, кои требало ‚да знаат што е правда‘, го искористувале народот на Божјето пасиште — како да им ја дереле кожата, да им го откинувале месото и да им ги кршеле коските на овците (Псалм 95:7). Потоа Михеј кажал уште една споредба од селскиот живот и рекол дека кнезовите кои ‚суделе за подарок‘ биле како трнлива грмушка или бодлива жива ограда (Михеј 7:3, 4). Замисли си дека минуваш низ предел во кој има многу трнливи грмушки и живи огради. Целиот ќе се испогребеш и ќе си ги испокинеш алиштата. Оваа споредба покажува како се однесувале водачите со Божјиот народ. Наместо да постапуваат праведно со своите браќа, тие ги мамеле и примале мито (Михеј 3:9, 11).
17. Според Софонија 3:3, каков став имале водачите на народот?
17 И Софонија кажал нешто слично: „Неговите кнезови среде него се како разрикани лавови. Неговите судии се волци вечерни, кои до утрото ќе ги изглодаат сите коски“ (Софонија 3:3). Можеш ли да си ги замислиш тие водачи на Божјиот народ кои воопшто не ја почитувале правдата и биле како крволочни, диви лавови? Или да си ги замислиш судиите кои биле како грабливи, ненаситни волци што лакомо го јаделе својот плен, оставајќи ги само коските? Како можела да се одржи правдата во такви услови? Правдата ја погазувале самите водачи кои, наместо да се грижат за народот, му се нафрлале како што крвожедни ѕверови му се нафрлаат на пленот.
18. Како требало судиите во Израел да постапуваат со Божјиот народ?
18 Очигледно, тие водачи на народот што му бил заветуван на Бог воопшто не го познавале својот Бог. Да го познавале, ќе ги послушале зборовите од Захарија 8:16: „Ова треба да го правите: Зборувајте ја вистината еден со друг! На градските порти судете според вистината и донесувајте пресуди што водат кон мир“. Старешините во Израел се среќавале кај градската порта каде што требало да ги решаваат судските случаи, но не според она што на прв поглед им се чинело исправно ниту според своите лични чувства, туку во склад со Божјето гледиште (5. Мојсеева 22:15). Јехова ги предупредувал дека не смеат да бидат пристрасни, на пример, кон богатите или угледните (3. Мојсеева 19:15; 5. Мојсеева 1:16, 17). Судиите требало да се обидат да ги помират спротивставените страни, донесувајќи „пресуди што водат кон мир“.
19, 20. а) Зошто христијанските старешини можат многу да научат од 12-те пророци? б) Како можат старешините да покажат дека го познаваат Јехова и неговата правда?
19 Во едно од своите писма до христијаните, апостол Павле цитирал дел од Захарија 8:16 (Ефешаните 4:15, 25). Можеме да бидеме сигурни дека предупредувањата и советите во врска со правдата што ги запишале 12-те пророци важат и за христијанското собрание денес. Старешините, или надгледниците, треба да им бидат пример на другите во врска со тоа што значи да се познава Јехова и да се постапува праведно како него. Во Исаија 32:1 е даден многу убав опис за нив. Таму е речено дека се како ‚кнезови што владеат по правдата‘. Кои практични мисли во врска со старешините ги наоѓаме во предупредувањата и советите што ги запишале 12-те пророци?
20 Христијанските старешини секогаш треба да ја имаат на ум библиската вистина и она што Библијата ни го открива за размислувањето на Јехова. Своите одлуки треба да ги темелат на Библијата, а не на своето лично мислење или на својата интуиција. Библијата покажува дека понекогаш ќе има потешки случаи за кои ќе треба повеќе време да се подготвуваат и да истражуваат во Библијата и во публикациите во кои има мудри совети од „верниот и разборит роб“ (2. Мојсеева 18:26; Матеј 24:45). Кога старешините вложуваат толкав труд, посигурно е дека ќе го мразат она што е лошо и ќе го сакаат она што е добро во Божји очи. Тоа ќе им помогне да ‚ѝ дадат место на правдата при градската порта‘ и да ‚судат според вистинската правда‘ (Амос 5:15; Захарија 7:9).
21. Зошто старешините не треба да бидат пристрасни, и во кои ситуации може да биде ставена на испит нивната непристрасност?
21 Дури и ако оној што има одговорност да суди ја познава Библијата, сепак може да се случи да биде пристрасен. На Малахија му било многу тешко што свештениците, кои требало да бидат извор на знаење, ‚пристрасно го применувале законот‘ (Малахија 2:7-9). Како дошло до тоа? Па, Михеј вели дека некои од главатарите ‚суделе за мито, а свештениците поучувале за плата‘ (Михеј 3:11). Може ли нешто слично да се случи и со некој старешина? Да претпоставиме дека еден старешина треба да решава случај во кој е вклучен некој што претходно бил многу дарежлив со него или, пак, за кого си мисли дека би можел да му направи некаква услуга во иднина. Како ќе влијае тоа врз него? А што ако се работи за случај во кој е вклучен некој негов роднина? Што ќе влијае врз неговите одлуки — семејните врски или духовните начела? Непристрасноста на еден старешина може да биде ставена на испит и кога треба да се реши некој случај во кој станува збор за престап или кога треба да се процени дали некој ги исполнува библиските услови да му се дадат поголеми одговорности во собранието (1. Самоилова 2:22-25, 33; Дела 8:18-20; 1. Петрово 5:2).
22. а) Каква одговорност имаат старешините додека ја спроведуваат правдата? б) Кои други особини што ги има Бог треба да ги покажуваат старешините кон оние што ќе згрешат?
22 Кога некој ќе направи сериозен грев, духовните пастири преземаат мерки да го заштитат собранието од какво и да било опасно и штетно влијание (Дела 20:28-30; Тит 3:10, 11). Но, ако оној што згрешил вистински се кае, старешините треба ‚да го исправат таквиот во дух на благост‘ (Галатите 6:1). Наместо да бидат бесчувствителни, тие треба да се држат за советот: „Судете според вистинската правда и покажувајте си еден на друг добрина и милосрдие“ (Захарија 7:9). Од прописите што Јехова ги дал за тоа како да се решаваат правните случаи во древниот Израел може да се види дека Тој е праведен и милосрден. Оние што биле поставени за судии имале извесна слобода при донесувањето на многу одлуки — можеле да покажат милост во зависност од околностите и ставот на престапникот. Слично на тоа, и христијанските старешини мора да се трудат да судат „според вистинската правда“ и да покажуваат „добрина и милосрдие“. Така ќе покажат дека го познаваат Јехова.
23, 24. а) Како можат старешините да донесуваат „пресуди што водат кон мир“? б) Што ти помогнаа 12-те пророци да разбереш во врска со правдата?
23 Да се сетиме на Захарија 8:16: „На градските порти судете според вистината и донесувајте пресуди што водат кон мир“. Која била целта на судењето? ‚Да се донесуваат пресуди што водат кон мир.‘ Уште додека апостолите биле живи, меѓу некои христијани доаѓало до несогласувања и препирки. Исто како што во тоа време Павле им помогнал на Еводија и Синтихија да се смират, и денес старешините ќе треба да помогнат да се решат некои несогласувања меѓу христијаните (Филипјаните 4:2, 3). Тие треба искрено да се трудат да ‚донесуваат пресуди што водат кон мир‘, обидувајќи се да ги смират скараните страни. Библиските совети што ги даваат и начинот на кој го прават тоа треба да придонесат да има мир во собранието и мир со Бог. По тоа ќе се види дека тие навистина го познаваат Јехова и неговата правда.
24 Двете подрачја за кои зборувавме покажуваат дека е многу важно во секојдневниот живот да ги применуваме советите во врска со правдата што ги запишале 12-те пророци. Вистински благослов е кога сите придонесуваме ‚правдата да потече како вода‘!
ШТО НАУЧИ?
• Кој ни е пример во поглед на правдата? (Псалм 37:28; Осија 2:19, 20).
• Зошто треба да ја сакаш правдата и да постапуваш праведно? (Амос 5:6, 7; Софонија 2:3).
• Како можеш да постапуваш праведно во деловните и во финансиските работи? (Осија 5:10; 12:6, 7; Амос 8:5; Михеј 2:1, 2; Малахија 3:5).
ПРАКТИЧНА ПРИМЕНА ДЕНЕС?
• Зошто христијанските старешини треба секогаш да постапуваат праведно? (Михеј 3:9).
• Каков совет им е даден на старешините и на другите објавители во Захарија 8:16?
• Во кои случаи треба да внимаваме да не бидеме пристрасни, и зошто? (Малахија 2:7-9; 1. Тимотеј 5:21, 22).
[Слика на страница 71]
Авакум
[Слика на страница 76]
Дали во работата секогаш се држиш за правдата?
[Слика на страница 79]
Кнезовите во времето на Михеј и Софонија не го познавале Јехова
[Слика на страница 81]
Во сѐ што прават, старешините ‚ѝ даваат место на правдата при градската порта‘