Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгите Јоил и Амос
СЀ ШТО Јоил кажува за себе е дека тој е „синот на Фатуил“ (Јоил 1:1). Во книгата што го носи неговото име, освен пораката што ја пренесува, тој спомнува толку малку други работи што дури и времето кога било напишано неговото пророштво може само отприлика да се процени — најверојатно околу 820 год. пр.н.е., девет години откако Озија станал цар на Јуда. Зошто е Јоил толку воздржан? Една можна причина е дека не сака воопшто да привлече внимание кон себе, туку само кон пораката.
Уште еден пророк од времето на Озија е Амос, кој живеел во Јуда и бил ‚овчар и ги засечувал плодовите на дивите смокви‘ (Амос 7:14). За разлика од Јоил, кој пророкува во Јуда, Амос е испратен на север, во десетплеменското царство Израел. Својата книга ја завршува откако се враќа во Јуда, во 804 год. пр.н.е., и во неа користи едноставен, но сликовит јазик.
„ЛЕЛЕ, КАКОВ ДЕН!“ — ЗОШТО?
Во својата визија, Јоил гледа наезда од гасеници, скакулци и лебарки. Тие се наречени „народ броен и моќен“ и „јунаци“ (Јоил 1:4; 2:2-7). „Леле, каков ден! Зашто, денот Јеховин е близу, доаѓа како опустошување од Семоќниот!“, извикува Јоил (Јоил 1:15). Јехова ги советува жителите на Сион: „Вратете се кај мене со сето свое срце“. Ако го сторат тоа, Јехова „ќе му се смилува на својот народ“ и ќе го протера далеку од нив „оној од север“, односно наездата од инсекти. Сепак, пред да дојде неговиот голем ден, Јехова ќе ‚излее од својот дух на најразлични луѓе‘ и ќе ‚даде предзнаци на небото и на земјата‘ (Јоил 2:12, 18-20, 28-31).
До сите народи е упатен повикот: „Прековете ги своите плугови во мечеви и своите српови во копја“ и подгответе се за војна. Наредено им е да „дојдат во долината на Јосафат“, каде што ќе им биде судено и ќе бидат уништени. „А земјата на Јуда ќе биде населена довека“ (Јоил 3:10, 12, 20).
Одговорени библиски прашања:
1:15; 2:1, 11, 31; 3:14 — Што е „денот Јеховин“? Денот Јеховин е времето кога Јехова ќе го изврши својот суд врз своите непријатели, така што тие ќе бидат уништени, а оние што се бојат од него и што му служат ќе бидат спасени. На пример, токму таков ден дошол за древниот Вавилон во 539 год. пр.н.е., кога бил освоен од Медијците и Персијците (Исаија 13:1, 6). Сега се ближи уште еден ‚Јеховин ден‘, кога Бог ќе го изврши својот суд врз „Големиот Вавилон“ — светското царство на лажната религија (Откровение 18:1-4, 21).
2:1-10, 28 — Како се исполнило пророштвото за наездата од инсекти? Во Библијата не постои извештај дека дошло до наезда од инсекти во земјата на Јуда во толкави размери како што е опишано во книгата Јоил. Според тоа, нападот што го опишува Јоил е најверојатно сликовито дадено пророштво на она што се случило во 33 год. од н.е., кога Јехова почнал да го излева својот свет дух врз првите следбеници на Христос и тие почнале да ја проповедаат пораката која за водачите на лажната религија била вистинско измачување (Дела 2:1, 14-21; 5:27-33). И ние денес имаме можност да вршиме едно слично дело.
2:32 — Што значи некој да ‚го повика името на Јехова‘? Да го повикаме името на Бог значи да знаеме кое е неговото име, длабоко да го почитуваме и секогаш да имаме доверба и да се потпираме на оној што го носи тоа име (Римјаните 10:13, 14).
3:14 — Што е „долината на одлуката“? Тоа е симболично место на кое се извршува Божјиот суд. Во деновите на јудејскиот цар Јосафат, чие име значи „Јехова е судија“, Бог ја избавил Јуда од околните народи на тој начин што создал збрка во нивната војска. Затоа, ова место е наречено и „долината на Јосафат“ (Јоил 3:2, 12). Во нашево време, оваа долина е симболично место каде што народите ќе бидат згмечени како грозје во гмечало (Откровение 19:15).
Поуки за нас:
1:13, 14. Секој што сака да биде спасен мора искрено да се покае за своите гревови и да го признае Јехова како единствен вистински Бог.
2:12, 13. Оној што искрено се кае го прави тоа од дното на душата. Тој ‚го раскинува срцето‘, а не ‚облеката‘, односно жали однатре, а не само за да го видат другите.
2:28-32. Само оној „што ќе го повика името на Јехова ќе биде спасен“ во „големиот и страшен Јеховин ден“. Навистина треба да бидеме благодарни што Јехова излева од својот дух на најразлични луѓе, и млади и стари, мажи и жени, за да можат да пророкуваат, или, со други зборови, да ги објавуваат „величествените Божји дела“! (Дела 2:11). Додека Јеховиниот ден сѐ повеќе наближува, зар не треба јасно да ‚се види дека сме му оддадени на Бог‘? (2. Петрово 3:10-12).
3:4-8, 19. Јоил пророкувал дека народите што живееле околу Јуда ќе бидат казнети затоа што го малтретирале Божјиот народ. Токму тоа и се случило. Копнениот дел на градот Тир бил потполно разурнат од вавилонскиот цар Навуходоносор. Подоцна, кога островскиот дел на градот бил освоен од Александар Велики, биле убиени илјадници војници и угледни граѓани, а 30.000 луѓе биле продадени како робови. Нешто слично доживеале и Филистејците кога паднале во рацете на Александар и на неговите наследници. Во четвртиот век пр.н.е., Едом лежел потполно запустен (Малахија 1:3). Овие исполнети пророштва уште повеќе ни ја зајакнуваат верата дека Јехова ќе исполни сѐ што ветил. Тие ни покажуваат и како Јехова ќе се справи со народите што денеска ги прогонуваат неговите слуги.
3:16-21. „Небото и земјата ќе се затресат“ и врз народите ќе дојде неповолниот суд од Јехова. „Но Јехова ќе биде прибежиште за својот народ“, и ќе ги награди со живот во рајски услови. Зар не треба да останеме близу до него додека се приближува денот кога тој ќе го изврши својот суд врз овој злобен свет?
„ПОДГОТВИ СЕ,.. ДА СЕ СРЕТНЕШ СО СВОЈОТ БОГ“
Амос има порака за непријателските соседи на Израел, како и за Јуда и Израел. Уништување ги чека Сирија, Филистеја, Тир, Едом и Моав затоа што биле сурови кон Божјиот народ. Истото ги чека и жителите на Јуда, ‚зашто го отфрлиле законот на Јехова‘ (Амос 2:4). А што има да каже Амос за десетплеменското царство Израел? Неговите гревови вклучуваат сурово угнетување на сиромашните, неморал и лошо однесување со Божјите пророци. Амос предупредува дека Јехова ‚ќе побара сметка од жртвениците во Ветил‘ и дека ‚ќе ги разурне зимската куќа и летната куќа‘ (Амос 3:14, 15).
И покрај различните казни што веќе ги добиле, Израелците остануваат тврдоглави. Амос им вели: „Подготви се, Израеле, да се сретнеш со својот Бог“ (Амос 4:12). За Израелците, Јеховиниот ден ќе значи „изгнанство подалеку од Дамаск“, односно во Асирија (Амос 5:27). На Амос му се спротивставува еден свештеник од Ветил, но тоа не го расколебува. „Му дојде крајот на мојот народ Израел“, му кажува Јехова на Амос. „Нема повеќе да му простувам“ (Амос 8:2). Ниту гробот ниту високите планини нема да ги скријат од Божјите осуди (Амос 9:2, 3). Сепак, Јехова ветува обнова. „Ќе ги вратам заробените од мојот народ Израел, и тие ќе ги изградат запустените градови и ќе ги населат, ќе насадат лозја и ќе го пијат нивното вино, ќе направат градини и ќе го јадат нивниот плод“ (Амос 9:14).
Одговорени библиски прашања:
4:1 — Кого го претставуваат ‚васанските крави‘? Висорамнината Васан, сместена источно од Галилејското Море, била позната по расните животни, меѓу кои и кравите. За тоа, меѓу другото, придонесувале богатите пасишта. Амос ги споредил Самарјанките што сакале луксузен живот со кравите на Васан. Овие жени сигурно ги ставале под притисок „своите господари“ да ги угнетуваат сиромашните за тие да си ја задоволат желбата за раскошен живот.
4:6 — На што се однесува изразот ‚чисти заби‘? Бидејќи стихот понатаму спомнува и дека ‚немало леб по сите места‘, можно е овој израз да опишува глад, кога забите се чисти затоа што нема доволно храна.
5:5 — Во која смисла Израелците не требало ‚да го бараат Ветил‘? Јеровоам I поставил во Ветил теле за да биде обожавано. Оттогаш, градот станал центар на лажна религија. И Гилгал и Вирсавеја сигурно биле исто такви места. За да не ги снајде претскажаната несреќа, Израелците требало да престанат да одат на овие места со верски цели и, наместо тоа, да го бараат Јехова.
7:1 — За каква ‚косидба на царот‘ станува збор? Ова најверојатно се однесува на данокот што го наметнал царот заради јавачите и коњите. Овој данок се собирал ‚кога ќе изникнел доцниот посев‘. Потоа, луѓето можеле да ја започнат жетвата. Стихот кажува дека пред тие да го соберат посевот, ќе надојдат скакулци кои сѐ ќе изедат.
8:1, 2 — За што била знак ‚кошницата со летно овошје? Таа покажувала дека Јеховиниот ден бил близу. Летното овошје се собирало кон крајот на жетвата, односно кога веќе привршувала работата во полето. Кога Јехова му покажал на Амос „кошница со летно овошје“, тоа значело дека крајот на Израел е блиску. Затоа, Бог му рекол на Амос: „Му дојде крајот на мојот народ Израел. Нема повеќе да му простувам“.
Поуки за нас:
1:3, 6, 9, 11, 13; 2:1, 4, 6. Гневен на Израел, на Јуда и на шесте народи околу нив, Јехова им се обраќа со зборовите: „Нема да ја променам одлуката“. Не постои начин да се избегне судот на Јехова (Амос 9:2-5).
2:12. Не треба да ги обесхрабруваме трудољубивите пионери, патувачки надгледници, мисионери или членови на Бетел така што ќе ги поттикнуваме да ја остават полновремената служба и да живеат таканаречен понормален живот. Напротив, треба да ги храбриме така да продолжат.
3:8. Како што човек веднаш чувствува страв кога ќе чуе рик на лав, така и Амос бил поттикнат да проповеда веднаш штом Јехова му рекол: „Оди, пророкувај му на мојот народ“ (Амос 7:15). Стравот од Бог би требало да нѐ поттикне да бидеме ревносни објавители на пораката за Царството.
3:13-15; 5:11. Со помошта од Јехова, понизниот пастир Амос бил способен да им ‚посведочи‘ на оние кои биле богати и на кои не им било гајле за Јеховиниот ден. И денеска, Јехова може да нѐ оспособи да ја објавуваме пораката за Царството колку и да ни е проблематично подрачјето.
4:6-11; 5:4, 6, 14. И покрај тоа што Израелците секогаш одново не се ‚враќале кај Јехова‘, тој не престанал да ги поттикнува да го ‚бараат Јехова за да живеат‘. Сѐ додека Јехова стрпливо дозволува да постои овој злобен поредок, треба да ги поттикнуваме луѓето да го запознаат Бог.
5:18, 19. Глупаво е некој да ‚копнее по денот на Јехова‘ без да направи сѐ што треба за да го дочека подготвен. Таквиот ќе се најде во слична ситуација како човек што бега од лав, но наидува на мечка, а потоа, бегајќи од мечката, го каснува змија. Затоа е мудро да ‚бидеме будни‘ духовно и да го дочекаме тој ден подготвени (Лука 21:36).
7:12-17. Секогаш треба бестрашно и непоколебливо да ја објавуваме Божјата порака.
9:7-10. Тоа што биле потомци на верните Божји слуги и на оние што ги извел од Египет и ги избрал за свој народ не го спречило Бог на постапките на грешните Израелци да гледа исто како што гледал на синовите на Хус. Дали ќе нѐ прифати нашиот непристрасен Бог не зависи од фамилијата од која потекнуваме, туку од тоа дали ‚се боиме од него и го правиме она што е праведно‘ (Дела 10:34, 35).
Што треба да направиме
Близу е денот кога Бог ќе го казни овој сатански свет. Во меѓувреме, тој излеал од својот дух врз своите слуги и ги оспособил да го предупредуваат човештвото дека доаѓа неговиот ден. Зар не треба да дадеме сѐ од себе за да им помогнеме на другите да го запознаат Бог и да ‚го повикаат името на Јехова‘? (Јоил 2:31, 32).
„Мразете го злото, а сакајте го доброто, и дајте ѝ место на правдата при градската порта!“, поттикнува Амос (Амос 5:15). Додека наближува Јеховиниот ден, најмудро е да останеме блиски со Бог и да се држиме настрана од расипаните работи во овој свет и од друштвото што влијае лошо врз нас. Во тоа може многу да ни помогне она што во право време го учиме од книгите на Јоил и Амос (Евреите 4:12).
[Слика на страница 12]
Јоил пророкувал: „Денот Јеховин е близу!“
[Слики на страница 15]
Како Амос, и ние треба бестрашно и непоколебливо да ја проповедаме Божјата порака