Зборувај ја Божјата реч со смелост
„Оди пророкувај му на Мојот народ“ (АМОС 7:15).
1, 2. Кој бил Амос, и што ни открива Библијата за него?
ДОДЕКА бил во служба, еден сведок на Јехова се соочил со еден свештеник. Свештеникот извикал: ‚Престани да проповедаш! Бегај од ова подрачје!‘ Што сторил сведокот? Дали попуштил на ова барање или, пак, продолжил да ја зборува Божјата реч со смелост? Можеш да дознаеш, бидејќи тој сведок ги запишал своите искуства во една книга што го носи неговото име. Тоа е библиската книга Амос. Но, пред да дознаеме нешто повеќе за средбата со свештеникот, да разгледаме некои информации во врска со потеклото на Амос.
2 Кој бил Амос? Каде живеел? Кога живеел? Одговорите на овие прашања ги наоѓаме во Амос 1:1: „Зборовите на Амос, пастир од Текое . . . во доба на јудејскиот цар Озиј и Еровоам, синот на Јоас, израелски цар“. Амос бил жител на Јуда. Роден град му бил Текое, шеснаесет километри јужно од Ерусалим. Тој живеел на крајот од деветтиот век пр.н.е., кога царот Озиј владеел во Јуда, а царот Еровоам II бил цар на десетплеменското царство Израел. Амос бил пастир. Всушност, во Амос 7:14 се вели дека не бил само „сточар“ туку и ‚одгледувач на диви смокви‘. Според тоа, дел од годината поминувал како сезонски работник. Тој обрежувал, односно прободувал смокви. Ова се правело за да се забрза зреењето на смоквите. Тоа била заморна работа.
„Оди пророкувај“
3. Како она што го дознаваме за Амос ни помага да не се чувствуваме неспособни да проповедаме?
3 Амос отворено рекол: „Не бев пророк ни пророчки син“ (Амос 7:14). Не бил ниту роден како син на некој пророк ниту, пак, бил обучуван за пророк. Меѓутоа, од сите луѓе во Јуда, Јехова го избрал Амос да го врши Неговото дело. Во таа прилика Бог не избрал некој моќен цар, ниту некој учен свештеник, ниту некој богат поглавар. Ова ни дава една охрабрувачка поука. Можеби немаме некоја висока положба во светот или високо образование. Но, дали поради ова треба да се чувствуваме неспособни да ја проповедаме Божјата реч? Во никој случај! Јехова може да нѐ опреми да ја објавуваме неговата порака — дури и на тешки подрачја. Бидејќи Јехова го сторил токму тоа за Амос, ќе биде поучно сите оние што сакаат да ја зборуваат Божјата реч со смелост да го разгледаат примерот што го дал овој храбар пророк.
4. Зошто му било тешко на Амос да пророкува во Израел?
4 Јехова му заповедал на Амос: „Оди пророкувај му на Мојот народ“ (Амос 7:15). Оваа доделба била тешка. Во тоа време, десетплеменското царство Израел уживало мир, безбедност и материјална благосостојба. Мнозина имале ‚зимски куќи‘, како и ‚летни куќи‘ што не биле направени од обични тули од кал туку од скап „делкан камен“. Некои имале елегантен мебел од слонова коска и пиеле вино произведено во „пријатни лозја“ (Амос 3:15; 5:11). Како резултат на тоа, многу луѓе биле самозадоволни. Всушност, подрачјето што му било доделено на Амос можеби било слично на подрачјето на кое некои од нас ја вршат својата служба денес.
5. Кои неправедни работи ги правеле некои Израелци?
5 Немало ништо лошо во тоа Израелците да имаат материјални поседи. Меѓутоа, некои од нив трупале богатство на нечесен начин. Богатите ги ‚угнетувале немоќните‘ и ги ‚измачувале бедните‘ (Амос 4:1). Моќни трговци, судии и свештеници се здружувале за да ги ограбуваат сиромашните. Ајде сега да се вратиме назад во времето и да видиме што правеле овие луѓе.
Прекршен е Божјиот закон
6. На кој начин израелските трговци ги искористувале другите?
6 Најпрво ќе ѕирнеме на пазарот. Таму, нечесните трговци ја ‚намалувале ефата‘, а ‚го зголемувале сикалот‘, па дури и ги продавале „триците“ како жито (Амос 8:5, 6). Трговците ги мамеле своите муштерии во врска со количината на она што го продавале, цената била превисока, а квалитетот лош. Откако трговците ќе ги искористеле сиромасите до тој степен што финансиски ќе ги уништеле, тие несреќници морале да се продаваат себеси како робови. Тогаш трговците ги купувале „за лесни обувки“ (Амос 8:6). Замисли си само! Тие алчни трговци не ги сметале своите сонародници, Израелците, за ништо повредно од обични обувки! Какво срамно понижување на оние што се бедни, и какво само бесрамно кршење на Божјиот закон! Па сепак, истите тие трговци ја држеле „саботата“ (Амос 8:5). Да, тие биле побожни, но само однадвор.
7. Што им овозможило на израелските трговци да го прекршуваат Божјиот закон?
7 Како успевале трговците да се извлечат неказнето и покрај тоа што го прекршувале Божјиот закон, кој заповеда: „Љуби го својот ближен како себеси“? (Левит 19:18). Успевале затоа што оние што требало да го спроведуваат Законот — судиите — им биле соучесници во злосторството. Кај градската порта, каде што се решавале судските случаи, судиите ‚примале поткуп, одбивајќи го сиромашниот‘. Наместо да ги штитат сиромашните, судиите ги изневерувале за мито (Амос 5:10, 12). Значи, и судиите го игнорирале Божјиот закон.
8. Пред каков неморал замижувале злобните свештеници?
8 Во меѓувреме, каква улога имале израелските свештеници? За да дознаеме, мораме да го свртиме нашето внимание на една друга локација. Забележи какви гревови дозволувале свештениците „во домот на своите богови“! Преку Амос, Бог рекол: „Синот и таткото одат кај истата девојка за да го обесветат Моето свето име“ (Амос 2:7, 8). Замисли си! Израелските татковци и синови вршеле сексуален неморал со иста храмска блудница. А тие злобни свештеници замижувале пред таквиот неморал! (Левит 19:29; Второзаконие 5:18; 23:17).
9, 10. За какво прекршување на Божјиот закон биле виновни Израелците, и каква паралела може да се направи со нашево време?
9 Осврнувајќи се на едно друго грешно постапување, Јехова рекол: „Врз облеките земени во залог лежат покрај секој жртвеник; и пијат вино на обвинетите [на казнетите, NW] во домот на своите богови“ (Амос 2:8). Да, свештениците и луѓето општо го игнорирале законот што е запишан во Излез 22:26, 27, според кој облеката земена во залог морала да се врати пред да се спушти ноќта. Наместо тоа, тие ја користеле како прекривка на која прилегнувале додека се гоштавале и пиеле во чест на лажни богови. А со паричните казни што ги изнудувале од сиромасите, купувале вино што го пиеле на празниците од лажната религија. Колку само заталкале од патот на чистото обожавање!
10 Израелците бесрамно ги прекршувале двете најголеми заповеди од Законот — да го љубат Јехова и да ги љубат ближните. Затоа, Бог го испратил Амос да ги осуди затоа што биле неверни. Денес, состојбата во која се наоѓаат нациите во светот, меѓу кои и оние на христијанскиот свет, е исто толку расипана како и состојбата во која се наоѓал древниот Израел. Додека некои луѓе се богатат, многу други финансиски се уништени и емоционално упропастени од неморалните постапки на нечесните лица што ги предводат големиот бизнис, политиката и лажната религија. Но, Јехова се грижи за оние што страдаат и што се поттикнати да го бараат. Затоа, на своите денешни слуги им доделил да вршат дело слично на делото на Амос — смело да ја проповедаат Неговата реч.
11. Што можеме да научиме од примерот на Амос?
11 Поради сличностите помеѓу нашето дело и делото на Амос, ќе извлечеме голема корист ако го разгледаме неговиот пример. Всушност, Амос ни покажува 1) што треба да проповедаме, 2) како треба да проповедаме и 3) зошто противниците не можат да го запрат нашето проповедничко дело. Да ги разгледаме овие точки една по една.
Како можеме да го имитираме Амос
12, 13. Како покажал Јехова дека не е задоволен со Израелците, и како реагирале тие?
12 Како Јеховини сведоци, нашата христијанска служба ја сосредоточуваме на делото на проповедање на Царството и правење ученици (Матеј 28:19, 20; Марко 13:10). Сепак, свртуваме внимание и на Божјите предупредувања, исто како што Амос објавил дека Јехова ќе изврши неповолен суд врз злобните. На пример, Амос 4:6—11 покажува дека Јехова повеќе пати јасно ставил на знаење дека не е задоволен со Израел. Го оставил народот „без леб“, им го ‚скратил дождот‘, ги удрил „со суша и со метлика“ и исратил „помор“ на нив. Дали овие работи го поттикнале Израел да се покае? „Не се обративте кон Мене“, вели Бог. Навистина, Израелците секогаш одново го отфрлале Јехова.
13 Јехова ги казнил непокајничките Израелци. Меѓутоа, прво добиле едно пророчко предупредување. Во склад со ова, Бог изјавил: „Господ Бог не прави ништо а да не им ги открие Своите намери на Своите слуги — пророците“ (Амос 3:7). Бог му открил на Ное дека ќе има Потоп и му наредил да разгласи предупредување. Слично на тоа, Јехова му рекол на Амос да даде последно предупредување. За жал, Израел ја игнорирал таа порака од Бог и не постапил исправно.
14. Какви сличности има помеѓу времето на Амос и нашево време?
14 Без сомнение ќе се согласиш дека има некои впечатливи сличности помеѓу времето на Амос и нашево време. Исус Христос прорекол дека во времето на крајот ќе се случат бројни неволји. Исто така, претскажал едно дело на проповедање што ќе се одвива низ целиот свет (Матеј 24:3—14). Меѓутоа, како и во времето на Амос, повеќето луѓе денес ги игнорираат и знаците на времињата и пораката за Царството. Таквите поедници ќе се соочат со истите последици со кои се соочиле и непокајничките Израелци. Јехова ги предупредил: „Подготви се . . . да го пресретнеш својот Бог“ (Амос 4:12). Израелците го пресретнале Бог на тој начин што го искусиле неговиот неповолен суд кога асирската војска ги поразила. Денес, овој безбожен свет ќе се ‚сретне со Бог‘ во Армагедон (Откровение 16:14, 16). Сепак, се додека трае Јеховината стрпливост, ние поттикнуваме колку што е можно повеќе луѓе: „Барајте Го Господа и ќе живеете“ (Амос 5:6).
Се соочуваме со противење како и Амос
15-17. а) Кој бил Амасиј, и како реагирал на она што го рекол Амос? б) Какви тврдења изнел Амасиј против Амос?
15 Можеме да го имитираме Амос не само во она што го проповедаме туку и во тоа како проповедаме. Тој факт е истакнат во 7. поглавје, каде што се среќаваме со свештеникот што беше спомнат во почетокот на нашава дискусија. Тоа бил „Амасиј, ветилскиот свештеник“ (Амос 7:10). Ветил бил центар на отпадничката религија во Израел, која вклучувала и обожавање на теле. Значи, Амасиј бил свештеник на државната религија. Како реагирал тој на смелите изјави на Амос?
16 Амасиј му рекол на Амос: „Оди си гледачу! Бегај во Јудината Земја, таму јади леб и таму пророкувај! Ама во Ветил веќе да не пророкуваш, зашто ова е царско светилиште, царски дом“ (Амос 7:12, 13). Во суштина, Амасиј рекол: ‚Оди си дома! Ние веќе си имаме наша религија‘. Исто така, се обидел да ја наведе власта да ги забрани активностите на Амос, со тоа што на царот Еровоам II му рекол: „Амос се завери против тебе сред Израелевиот дом“ (Амос 7:10). Да, Амасиј го обвинил Амос за предавство! Му рекол на царот: „Тој зборува вака: ‚Еровоам ќе загине од меч, а Израел од својата земја ќе биде одведен на заточение‘ “ (Амос 7:11).
17 Во овие зборови, Амасиј вклучил три лажни тврдења. Рекол: „Тој [Амос] зборува вака“. Но, Амос никогаш не тврдел дека пророштвото доаѓа од него. Напротив, тој секогаш велел: „Господ зборува вака“ (Амос 1:3). Амос бил обвинет и дека рекол: „Еровоам ќе загине од меч“. Меѓутоа, како што е запишано во Амос 7:9, Амос прорекол: „Со меч ќе станам [јас, Јехова] против Еровоамовата куќа“. Јехова имал изречено таква неволја за Еровоамовата „куќа“, за неговото потомство. Понатаму, Амасиј тврдел дека Амос рекол: ‚Израел сигурно ќе отиде во изгнанство‘. Но, Амос исто така прорекол дека сите Израелци што ќе се вратат кај Бог ќе добијат благослови. Очигледно, Амасиј се послужил со искривени полувистини во обидот да постигне официјална забрана на проповедничкото дело што го вршел Амос.
18. Какви сличности има помеѓу методите што ги користел Амасиј и методите што ги користи свештенството денес?
18 Ги забележа ли сличностите помеѓу методите што ги користел Амасиј и методите што ги користат противниците на Јеховиниот народ денес? Исто како што Амасиј се обидел да го замолчи Амос, така и извесни свештеници, црковни достоинственици и патријарси од нашево време се обидуваат да го спречат проповедничкото дело на Јеховините слуги. Амасиј лажно го обвинил Амос за предавство. Денес, некои свештеници на сличен начин лажно ги обвинуваат Јеховините сведоци дека се закана за националната безбедност. И, исто како што Амасиј, во борбата против Амос, побарал помош од царот, така и свештенството честопати бара од политичките сојузници да го поддржат во прогонството на Јеховините сведоци.
Противниците не можат да го запрат нашето проповедничко дело
19, 20. Како реагирал Амос на противењето од страна на Амасиј?
19 Како реагирал Амос на противењето од страна на Амасиј? Прво, Амос го прашал свештеникот: „Ти велиш: ‚Не пророкувај против Израел‘?“ Тогаш, без колебање, храбриот Божји пророк му кажал на Амасиј зборови што овој ни најмалку не сакал да ги чуе (Амос 7:15—17). Амос не се уплашил. Каков само прекрасен пример за нас! Кога се работи за тоа да ја зборуваме Божјата реч, нема да му бидеме непослушни на нашиот Бог, дури ни во земји каде што современите Амасијци подбуцнуваат сурово прогонство. Како Амос, продолжуваме да објавуваме: „Господ зборува вака“. А противниците никогаш не ќе можат да го запрат нашето проповедничко дело, зашто „раката Јеховина“ е со нас (Дела 11:19—21).
20 Амасиј требало да знае дека неговите закани ќе бидат залудни. Амос веќе објаснил зошто никој на Земјата не може да го спречи да зборува — тоа е третата точка што ќе ја разгледаме. Според Амос 3:3—8, Амос употребил низа прашања и илустрации за да покаже дека ништо не се случува без причина. Потоа, ја објаснил примената: „Лавот рика: кој не ќе се исплаши? Господ Бог зборува: кој не ќе пророкува?“ Со други зборови, Амос им рекол на своите слушатели: ‚Исто како што не можете а да не се исплашите кога ќе чуете како некој лав рика, така ни јас не можам а да не ја проповедам Божјата реч зашто ја чув Јеховината заповед да го правам тоа‘. Побожниот страв, или длабоката почит кон Јехова, го терала Амос да зборува со смелост.
21. Како реагираме на Божјата заповед да ја проповедаме добрата вест?
21 И ние го слушаме Јеховиниот налог да проповедаме. Како реагираме? Како Амос и како раните следбеници на Исус, и ние, со помош од Јехова, смело ја зборуваме Неговата реч (Дела 4:23—31). Нема да нѐ замолчи ниту прогонството подбуцнато од противниците ниту самозадоволниот став на оние на коишто им проповедаме. Со ревност како онаа на Амос, Јеховините сведоци низ целиот свет се поттикнати да продолжат со смелост да ја објавуваат добрата вест. Имаме одговорност да ги предупредиме луѓето за претстојниот Јеховин суд. Што вклучува тој суд? Ова прашање ќе биде одговорено во следната статија.
Како ќе одговориш?
• Под кои околности Амос го извршувал налогот што му го дал Бог?
• Како Амос, што треба да проповедаме?
• Со каков став треба да го вршиме нашето проповедничко дело?
• Зошто противниците не можат да го запрат нашето сведочење?
[Слика на страница 10]
Бог го избрал Амос, одгледувач на диви смокви, да го врши Неговото дело
[Слики на страница 13]
Дали, како Амос, и ти смело ја објавуваш Јеховината порака?