Зошто ја напуштаат религијата?
ВО СРЕДИНАТА на 19 век, практично било нечуено некој резидент на Прусија (сега северна Германија) да каже дека не припаѓа на ниту една особена религија. Всушност, самото преобраќање од една религија-матица во некоја нонконформистичка црква можело да го подложи на полициски надзор. Колку само се промениле времињата!
Денес, рекорден број Германци се повлекуваат од црквите. Се известува дека секој четврти тврди дека воопшто не припаѓа на некоја религија. Сличен тренд се гледа во Австрија и во Швајцарија. Доколку членството е крвоток на една религија, тогаш, како што се изразил германскиот писател Рајмер Гронемаер, „црквите во Европа крвават до смрт“.
Зошто ја отфрлаат религијата
Зошто многумина ја отфрлаат организираната религија? Честопати, заради финансиски причини, особено во земјите каде што од членовите се бара да плаќаат црковен данок. Многумина прашуваат: ‚Зошто моите тешко спечалени пари да одат во црквата?‘ Некои ги одбива огромното богатство и моќта на црквата. Веројатно тие се сложуваат со кардиналот Јоахим Мајснер од Келн (Германија), кој рекол дека богатството на црквата би можело да ја доведе до тоа да им обрнува преголемо внимание на материјалните работи и „да не ја сфаќа верата во Христос доволно сериозно“.
Извесен број луѓе ја напуштаат својата црква бидејќи увидуваат дека таа е заморна, неинтересна, неспособна да го задоволи нивниот духовен глад. Тие страдаат од гладот претскажан од пророкот Амос: „Не глад за леб, не жед за вода, туку жед за слушање зборови Господови“ (Амос 8:11). Бидејќи едвај добиваат прехрана од својата религија, тие се откажуваат од неа.
Иако проблемите на кои наидуваме се вистински, сепак дали би била исправна реакцијата да се откажеме од сета религија? Замисли си еден гладен човек кој гледа нешто што личи на векна леб. Меѓутоа, кога се обидува да ја јаде, увидува дека таа е направена од струготини. Дали би се откажал од идејата да јаде и да го задоволи својот глад? Не, тој би побарал вистинска храна. Слично, доколку некоја религија не го задоволува духовниот глад на своите членови, зарем треба тие да се откажат од религијата? Или, пак, ќе биде помудро да побараат некој начин да го задоволат својот духовен глад? Тоа е она што многумина го сториле, како што покажува следнава статија.