Дали религијата е корисна?
„МОЖАМ да бидам добра личност и без да сум религиозен!“ Така мислат голем број луѓе. Многу чесни, сочувствителни, одговорни луѓе не ги интересира религијата. На пример, во Западна Европа, малкумина редовно одат во црква, иако повеќето велат дека веруваат во Бог.a Дури и во Латинска Америка, само 15 до 20 отсто од католиците редовно одат во црква.
Како многу други, можеби и ти сметаш дека религијата не помага да се има подобар живот. Сепак, можеби си свесен и дека само пред некоја деценија, во времето на нашите дедовци и баби, повеќето луѓе беа многу порелигиозни отколку што се денес. Како религијата ја изгубила својата привлечност? Може ли некој човек да биде добар и без да е религиозен? Постои ли религија што може да ти користи?
Зошто мнозина ја отфрлиле религијата
Со векови, повеќето луѓе во христијанскиот свет верувале дека Бог бара послушност. Тие оделе во црквите за да стекнат Божја наклоност, било преку обреди што ги вршел свештеник, или преку совети што им ги давал проповедник. Се разбира, мнозина биле свесни за лицемерството во религијата. Добро им била позната нејзината улога во војните, како и неморалното однесување на некои свештеници. Но, повеќето луѓе сметале дека, сама по себе, религијата е добра. На други, пак, им се допаѓала нејзината мистичност, традиционалните обичаи или музиката; а кај некои основниот мотив лежел дури и во стравот од вечно горење во пеколот, учење што не се наоѓа во Библијата. Но, подоцнежниот развој на работите го сменил гледиштето на многу луѓе кон религијата.
Станала популарна теоријата на еволуцијата. Некои станале уверени дека животот настанал случајно — без интервенција од Бог. Повеќето религии не успеале да дадат уверлив доказ дека Бог е Изворот на животот (Псалм 36:9). Освен тоа, напредокот во технологијата довел до извонредни достигнувања во медицината, во транспортот и во комуникацијата, што на луѓето им дало впечаток дека науката може да го реши секој проблем. Понатаму, се развило мислење дека социолозите и психолозите се подобри советници отколку религијата. Од друга страна, религијата не успеала да даде уверлив доказ дека е најдобро да се живее според Божјиот закон (Јаков 1:25).
Затоа, многу религии ја смениле својата порака. Свештениците и проповедниците престанале да поучуваат дека Бог бара послушност. Наместо тоа, мнозина од нив поучувале дека секој лично мора да одлучи што е исправно а што погрешно. Во обидот да станат популарни, некои религиозни водачи тврделе дека Бог те прифаќа без оглед на тоа како живееш. Таквите учења нѐ потсетуваат на она што го прорекла Библијата: „Ќе дојде време кога луѓето нема да го поднесуваат здравото учење, туку, според своите желби, ќе си насоберат учители, кои ќе им го зборуваат она што им годи на ушите“ (2. Тимотеј 4:3).
Наместо да ги привлечат, таквите учења ги одвратиле луѓето. Природно било да се запрашаат: ‚Ако религиите се сомневаат дека Бог има моќ да создава и има мудрост да даде закони, каква корист ќе имам ако одам во црква? Зошто да се трудам религиозно да ги поучувам своите деца?‘ Оние на коишто им било доволно да си живеат еден пристоен живот, почнале да гледаат на религијата како на нешто неважно. Престанале да одат во црква, и религијата изгубила секакво значење за нив. Зошто она што требало да биде корисно на крајот станало толку неважно? Библијата дава едно логично објаснување.
Религијата — алатка за постигнување зли цели
Апостол Павле ги предупредил раните христијани дека некои ќе го користат христијанството за зли цели. Тој рекол: „Меѓу вас ќе влезат свирепи волци, кои ќе немаат обѕир кон стадото. И меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (Дела 20:29, 30). Еден од оние што изнесувале „искривени учења“ бил римокатоличкиот теолог Августин. Исус ги поучил своите следбеници да ги уверат другите аргументирајќи на темел на Библијата. Меѓутоа, Августин го извртел значењето на Исусовите зборови запишани во Лука 14:23: „Натерај ги луѓето да влезат“, како тоа да значело дека е исправно да се употреби сила за да се преобратат луѓето (Матеј 28:19, 20; Дела 28:23, 24). Августин ја користел религијата за да ги контролира луѓето.
Сатана, еден бунтовен ангел, стои зад злоупотребата и расипаноста во религијата. Тој поттикнал некои религиозни луѓе во првиот век да се обидат да ги расипат христијанските собранија. За нив Библијата вели: „Таквите луѓе се лажни апостоли, кои ги мамат другите и се преправаат дека се Христови апостоли. А не е ни чудо, зашто и самиот Сатана се преправа дека е ангел на светлината. Затоа не е ништо необично ако и неговите слуги се преправаат дека се слуги на праведноста“ (2. Коринќаните 11:13-15).
Сатана сѐ уште ја користи религијата, која се преправа дека е христијанска, морална и просветлувачка, за да ги натера луѓето да живеат според неговите мерила, а не според Божјите (Лука 4:5-7). Веројатно си забележал дека многу свештеници денес ја користат религијата за да се истакнуваат себеси со возвишени титули и за да извлечат пари од нивните верници. Владите исто така ја користеле религијата за да ги убедат граѓаните да си го жртвуваат животот во војна.
Ѓаволот ја употребува религијата повеќе отколку што многу луѓе се свесни. Можеби си мислиш дека на Сатана му служат само неколку религиозни екстремисти. Но, според Библијата, оној „кој се вика Ѓавол и Сатана... го заведува целиот свет“. Исто така, Библијата вели: „Целиот свет е под власта на Злобниот“ (Откровение 12:9; 1. Јованово 5:19). Што мисли Бог за религијата, која религиозните и политичките водачи ја користат само за да ги привлечат луѓето кон себе?
‚Што ќе ми се?‘
Ако си шокиран од однесувањето на некои христијански цркви, знај дека Семоќниот Бог е многу огорчен на нив. Христијанскиот свет тврди дека е во сојуз со Бог; тоа го тврдел и древниот Израел. И едните и другите не му биле верни. Тоа што Јехова ги осудил Израелците покажува дека истото ќе го снајде и денешниот христијански свет. Јехова рекол: „Не внимаваа на моите зборови и го отфрлија мојот закон. Што ќе ми е тој темјан што го носите од Сава?... Вашите жртви не ми се мили“ (Еремија 6:19, 20). Бог не ги прифатил верските обреди што ги вршеле лицемери. Нивните ритуали и молитви воопшто не го интересирале. На Израелците им рекол: „Вашите празници ги мрази мојата душа! Ми станаа бреме, се изморив поднесувајќи ги! Кога во молитва ги ширите рацете, ги затворам очите пред вас. Кажувате многу молитви, но јас не слушам“ (Исаија 1:14, 15).
Дали на Јехова му се допаѓаат празниците што црквите ги прикажуваат како христијански, но кои биле воспоставени во чест на лажни богови? Дали ги слуша молитвите од свештениците кои ги расипуваат Христовите учења? Дали Бог прифаќа некоја религија што ги отфрла неговите закони? Биди сигурен дека и на денешните религиозни ритуали тој реагира исто како што реагирал на жртвите од древните Израелци, за кои рекол: ‚Што ќе ми се?‘
Меѓутоа, Јехова многу го цени почитувањето што на исправен начин му го искажуваат искрените луѓе. На Бог му е драго кога луѓето ќе покажат ценење за она што им го дава (Малахија 3:16, 17). Според тоа, можеш ли да бидеш добар човек без да му служиш на Бог? Ако некој воопшто не се грижи за своите добри родители, тешко дека со право може да се смета себеси за добар, зар не? Може ли да биде добар оној човек што не прави ништо за Бог? Јасно, треба да се заинтересираме за вистинскиот Бог, од кого потекнува животот. Во следната статија ќе видиме дека вистинската религија му оддава чест на Бог, а ни користи и нам лично.
[Фуснота]
a „Во многу земји, 1960-тите... го одбележаа започнувањето на рушењето на религиозната култура“ (The Decline of Christendom in Western Europe, 1750-2000).
[Слика на страница 4]
Дали религијата посочила на доказите дека Бог создал сѐ?
[Слика на странициа 4 и 5]
Дали некој претставник на Бог се вклопува во овој амбиент?
[Слика на страница 5]
Како гледа Бог на ваквите празници?
[Извор на слика]
AP Photo/Georgy Abdaladze