Како можеме стрпливо да чекаме?
„Готов сум да го чекам Богот на моето спасение“ (МИХ. 7:7)
1. Зошто би можеле да станеме нестрпливи?
КОГА месијанското Царство било воспоставено во 1914 год., започнале да течат последните денови на Сатановиот свет. По војната која се водела на небото, Исус ги исфрлил Ѓаволот и неговите демони на Земјата. (Прочитај Откровение 12:7-9.) Сатана знае дека има само „кратко време“ (Отк. 12:12). Но, тоа „кратко време“ трае веќе со децении — многу подолго отколку што некои очекувале. Дали и ние полека го губиме трпението додека чекаме Јехова да му стави крај на овој злобен свет?
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Нестрпливоста е опасна затоа што може да нѐ наведе да постапиме непромислено. Оваа статија ќе ни помогне стрпливо да чекаме така што ќе ни даде одговор на следниве прашања: 1) Што учиме за стрпливоста од примерот на пророкот Михеј? 2) Кои настани ќе покажат дека нема уште долго да чекаме? 3) Како може да покажеме дека сме благодарни за Јеховината стрпливост?
ШТО УЧИМЕ ОД ПРИМЕРОТ НА МИХЕЈ?
3. Каква била состојбата во Израел во времето на Михеј?
3 Прочитај Михеј 7:2-6. Михеј, кој служел како Божји пророк, гледал како Израелците постепено тонат во духовен поглед. Но, за време на владеењето на злобниот цар Ахаз, западнале во крајно бедна духовна состојба. Тие се однесувале лошо со другите, ги повредувале и им нанесувале штета. Поради тоа, Михеј ги споредил неверните Израелци со „трнлива грмушка“ и со „трнлива жива ограда“. Народот толку се расипал што веќе и членовите на семејството не можеле да се трпат еден со друг. Бидејќи бил свесен дека не може да направи ништо за да ја смени ваквата ситуација, Михеј му го излеал своето срце на Јехова, а потоа стрпливо чекал Бог да дејствува. Тој бил сигурен дека во свое време Јехова ќе преземе нешто за да ги исправи работите.
4. Со какви проблеми се соочуваме?
4 Исто како Михеј, и ние живееме меѓу себични луѓе кои се ‚неблагодарни, нелојални и бесчувствителни кон другите‘ (2. Тим. 3:2, 3). Воопшто не ни е лесно кога гледаме колку се себични нашите колеги, соученици или соседи. Но, некои Божји слуги имаат и поголеми проблеми. Исус претскажал дека неговите следбеници ќе се соочат со противење од семејството. Кога објаснил какво влијание ќе има неговата порака врз луѓето, тој ги повторил речиси истите зборови што се запишани во Михеј 7:6. Исус рекол: „Дојдов да раздвојам човек од неговиот татко, и ќерка од нејзината мајка, и снаа од нејзината свекрва. Навистина, непријатели на човекот ќе му бидат неговите домашни“ (Мат. 10:35, 36). Многу е болно кога некој е изложен на потсмевање и противење од членовите на семејството кои не му служат на Јехова. Ако и ние сме во слична ситуација, да не дозволиме таквиот притисок да нѐ скрши! Наместо тоа, да му останеме верни на Јехова и стрпливо да чекаме тој да ги исправи работите. Ако постојано го молиме за помош, Бог ќе ни даде сила и мудрост за да издржиме.
5, 6. а) Како Јехова го наградил Михеј? б) Што не видел Михеј?
5 Јехова го наградил Михеј за неговата стрпливост. Тој го дочекал крајот на владеењето и смртта на цар Ахаз. Видел како се зацарил добриот цар Езекија и како го обновил обожавањето на вистинскиот Бог. Исто така, во негово време се исполнила и пророчката порака на суд што ја објавил против Самарија, кога Асирците го освоиле северното царство Израел (Мих. 1:6).
6 Сепак, Михеј не го видел исполнувањето на сите пророштва кои му ги дал Јехова. На пример, тој напишал: „Во последните денови, гората на Јеховиниот дом ќе стои цврсто над планинските врвови и ќе се возвишува над ридовите, и народи ќе се слеваат кон неа. И многу народи ќе одат и ќе велат: ‚Дојдете! Да појдеме на Јеховината гора‘“ (Мих. 4:1, 2). Михеј умрел долго пред да се исполни ова пророштво. И покрај тоа, бил решен да му остане верен на Јехова до смрт, без разлика што правеле другите околу него. Во врска со ова, тој напишал: „Сите народи ќе одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Јехова, нашиот Бог, довека, во сета вечност“ (Мих. 4:5). Михеј можел стрпливо да чека на Јехова додека минувал низ тешки периоди затоа што бил потполно уверен дека Тој ќе ги исполни сите свои ветувања. Овој верен пророк имал непоколеблива доверба во својот Бог.
7, 8. а) Зошто може да имаме доверба во Јехова? б) Како може времето до крајот на овој свет да ни помине побрзо?
7 И ние имаме многу причини за да покажеме слична доверба во Јехова. Една причина е тоа што со свои очи го гледаме исполнувањето на пророштвото на Михеј. Во „последните денови“, милиони луѓе од сите народи и племиња и јазици се слеваат кон „гората на Јеховиниот дом“. Иако потекнуваат дури и од земји меѓу кои владее непријателство, овие Божји слуги ги прековале „своите мечеви во плугови“ и ‚повеќе не се учат да војуваат‘ (Мих. 4:3). За нас е навистина неспоредлива чест што сме дел од Јеховиниот мирољубив народ!
8 Се разбира, сите сакаме Јехова што побрзо да му стави крај на овој злобен свет. Сепак, за да можеме стрпливо да чекаме, мора да гледаме на работите од Божја гледна точка. Тој определил ден во кој ќе им суди на луѓето преку ‚човек кого го одредил за тоа‘ — Исус Христос (Дела 17:31). Но, пред да дојде тој ден, Бог им дава можност на најразлични луѓе „добро да ја запознаат вистината“, да постапуваат во склад со неа и да бидат спасени. На коцка се скапоцени животи! (Прочитај 1. Тимотеј 2:3, 4.) Ако даваме сѐ од себе за да им помагаме на другите добро да го запознаат Бог, времето што преостанува до крајот ќе ни помине многу побрзо. Наскоро — и тоа одеднаш — времето на овој свет ќе истече. Кога ќе се случи тоа, ќе бидеме пресреќни што сме биле зафатени во службата за Царството!
КОИ НАСТАНИ ЌЕ ПОКАЖАТ ДЕКА НЕМА УШТЕ ДОЛГО ДА ЧЕКАМЕ?
9-11. Дали веќе се исполнило пророштвото од 1. Солуњаните 5:3? Објасни.
9 Прочитај 1. Солуњаните 5:1-3. Наскоро ќе се слушне објавата: „Мир и сигурност!“ Ако не сакаме тоа да нѐ изненади, треба да „бдееме и да бидеме трезвени“ (1. Сол. 5:6). За да останеме духовно будни, да ги разгледаме накратко настаните што ѝ претходат на оваа важна објава.
10 Откако завршиле двете светски војни, народите очајно посакувале да биде воспоставен мир. За таа цел, по Првата светска војна била основана Лигата на народите. Подоцна, по Втората светска војна, луѓето мислеле дека Обединетите нации ќе донесат мир. И владите и верските водачи ја полагале својата доверба во овие организации. На пример, Обединетите нации ја прогласиле 1986 год. за „Меѓународна година на мирот“. Таа година, папата ги собрал водачите на многу земји и религии во Асизи (Италија) за да се молат за мир.
11 Сепак, ниту со таа ниту со други слични објави за мир и сигурност кои биле дадени досега, не било исполнето пророштвото запишано во 1. Солуњаните 5:3. Зошто го велиме тоа? Затоа што сѐ уште не се исполнило прореченото ‚ненадејно уништување‘.
12. Што знаеме во врска со прогласот за „мир и сигурност“?
12 Кој ќе го донесе овој значаен проглас за „мир и сигурност“ во иднина? Каква улога ќе одиграат во тие настани водачите на христијанскиот свет и на другите религии? Каков удел ќе имаат водачите на владите? Библијата не кажува. Она што го знаеме е дека, сеедно на кој начин ќе биде донесен овој проглас или колку убедливо ќе звучи, мирот ќе биде само привиден. Овој стар свет ќе остане под власта на Сатана. Неговиот свет е расипан до срж и не може да се поправи. Би било многу жално ако некој од нас поверува во таа сатанска пропаганда и ја погази својата христијанска неутралност!
13. Зошто ангелите ги задржуваат ветровите на уништувањето?
13 Прочитај Откровение 7:1-4. Додека чекаме да се исполни пророштвото од 1. Солуњаните 5:3, моќни ангели ги задржуваат разорните ветрови на големата неволја. Што чекаат тие? Апостол Јован напишал дека чекаат најпрво да се случи еден важен настан — конечното обележување со печат, односно запечатување на помазаните ‚робови на нашиот Бог‘.a Кога сите помазаници ќе бидат конечно запечатени, ангелите ќе ги пуштат ветровите на уништувањето. Што ќе се случи тогаш?
14. Што покажува дека крајот на Големиот Вавилон е близу?
14 Големиот Вавилон — светското царство на лажната религија — ќе биде уништен. Кога ќе биде нападнат, никој нема да може да му помогне. Веќе има многу показатели дека неговиот заслужен крај е близу (Отк. 16:12; 17:15-18; 18:7, 8, 21). Всушност, денес религиите и нивните водачи сѐ почесто се на удар на средствата за јавно информирање. Ова јасно покажува дека имаат сѐ помала поддршка од народот. И покрај тоа, водачите на Големиот Вавилон мислат дека не им се заканува никаква опасност. Колку само се лажат! Веднаш по објавата „Мир и сигурност!“, политичките елементи на Сатановиот свет ненадејно ќе се свртат против лажната религија и ќе ја срамнат со земја. Големиот Вавилон ќе го снема засекогаш! Сигурно вреди стрпливо да ги чекаме овие значајни настани (Отк. 18:8, 10).
КАКО ДА ПОКАЖЕМЕ ДЕКА СМЕ БЛАГОДАРНИ ЗА БОЖЈАТА СТРПЛИВОСТ?
15. Зошто Јехова стрпливо чекал досега?
15 И покрај целиот срам што луѓето го нанесуваат на неговото име, Јехова стрпливо го чека вистинскиот момент за да дејствува. Тој не сака ниту еден искрен човек да биде уништен (2. Пет. 3:9, 10). Дали и ние имаме ист таков став кон луѓето? Пред да дојде Јеховиниот ден, можеме на неколку начини да покажеме дека сме благодарни за Божјата стрпливост.
16, 17. а) Зошто е добро да им помагаме на неактивните? б) Зошто сега е крајно време неактивните лица да му се вратат на Јехова?
16 Помагај им на неактивните. Исус рекол дека на небото има голема радост кога ќе се најде макар и една загубена овца (Мат. 18:14; Лука 15:3-7). Очигледно, Јехова многу ги сака оние што покажале љубов кон неговото име, дури и ако моментално се неактивни. Кога им помагаме на таквите лица да се вратат во собранието, ние ги радуваме Јехова и ангелите.
17 Дали и ти од некоја причина си се оддалечил од собранието? Можеби некој соверник те повредил и поради тоа си престанал да одиш на состаноци. Ако веќе поминало извесно време оттогаш, прашај се: ‚Дали сега водам поисполнет живот, и дали сум посреќен? Дали ме повреди Јехова или некој несовршен човек? Дали Бог воопшто ми нанел болка некогаш?‘ Всушност, тој секогаш постапува добро со нас. Дури и ако не живееме во склад со заветот што сме му го дале, Бог дозволува да уживаме во добрите дарови што доаѓаат од него (Јак. 1:16, 17). Сепак, добро е да имаме на ум дека Јеховиниот ден само што не дошол. Сега е време да се вратиме во собранието и во топлата прегратка на нашиот небесен Татко бидејќи тоа е единственото безбедно место во овие последни денови (5. Мој. 33:27; Евр. 10:24, 25).
18. Зошто треба да ги поддржуваме оние што предводат?
18 Верно поддржувај ги оние што предводат. Како грижлив Пастир, Јехова нѐ води и нѐ штити. Тој го поставил својот Син како Голем Пастир на Неговото стадо (1. Пет. 5:4). Старешините во повеќе од 100.000 собранија се грижат за потребите на секоја „овчичка“ (Дела 20:28). Кога верно ги поддржуваме оние што предводат, им покажуваме на Јехова и на Исус дека сме благодарни за сѐ што прават за нас.
19. Како може да ги збиеме своите редови?
19 Зближи се со браќата и сестрите. Што значи ова? Кога непријателот напаѓа една добро обучена војска, војниците ги збиваат своите редови или, со други зборови, се приближуваат еден кон друг и на тој начин формираат непробоен бедем. Денес Сатана ги засилува своите напади врз Божјиот народ. Сега не е време да се бориме меѓу себе. Напротив, сега е време да се зближиме еден со друг, да преминуваме преку слабостите на нашите браќа и да покажеме доверба во Јеховиното водство.
20. Што треба да правиме сега?
20 Што треба да правиме сега? Мора да останеме духовно будни и спремно да чекаме на Јехова. Треба стрпливо да ја чекаме објавата „Мир и сигурност!“ и конечното запечатување на избраните. Потоа четирите ангели ќе ги пуштат ветровите на уништувањето, и Големиот Вавилон ќе биде уништен. Додека очекуваме да се случат овие значајни настани, треба и понатаму да се подложуваме на водството на оние што Јехова ги поставил да предводат во неговата организација. Треба да ги збиеме своите редови против Ѓаволот и демоните. Сега е време да го послушаме повикот на псалмистот: „Бидете храбри, и срцето нека ви биде силно, на сите вас што го чекате Јехова!“ (Пс. 31:24).
a Повеќе информации за тоа каква е разликата помеѓу првото и конечното запечатување на помазаниците има во Стражарска кула од 1 јануари 2007, страници 30-31.