Што очекува Јехова од нас?
„Што бара Јехова од тебе, освен да постапуваш праведно, да ја љубиш добротата и скромно да одиш со својот Бог?“ (МИХЕЈ 6:8, NW).
1, 2. Зошто некои Јеховини слуги можат да се обесхрабрат, но што треба да им биде од помош?
ВЕРА е верна христијанка на возраст од околу 75 години и има многу слабо здравје. „Понекогаш“, вели таа, „погледнувам низ прозорецот и гледам како моите христијански браќа и сестри проповедаат од куќа до куќа. Очите ми се полнат со солзи затоа што сакам да бидам со нив, но мојата служба за Јехова е ограничена поради болеста“.
2 Дали некогаш си се чувствувал така? Се разбира, сите што го сакаат Јехова, сакаат да одат во негово име и да ги исполнат неговите барања. Сепак, што ако нашето здравје станува сѐ послабо, ако сме во поодминати години или ако имаме семејни одговорности? Можеби сме малку обесхрабрени затоа што таквите околности можат да нѐ спречат да правиме сѐ што нашето срце посакува да правиме во Божјата служба. Ако е тоа случај и со нас, разгледувањето на Михеј, 6. и 7. поглавје може многу да нѐ охрабри. Овие поглавја покажуват дека Јеховините барања се разумни и дека можат да се исполнат.
Како постапува Бог со својот народ
3. Како постапува Јехова со бунтовните Израелци?
3 Најнапред да погледнеме во Михеј 6:3—5 и да забележиме како постапува Јехова со својот народ. Сети се дека во времето на Михеј Израелците се бунтовни. Сепак, Јехова сочувствително им се обраќа со зборовите: „Народе Мој“. Тој ги моли: „Народе Мој, спомни си сега“. Наместо остро да ги обвинува, тој се обидува да допре до нивните срца прашувајќи ги: „Што ти сторив?“ Тој дури и ги охрабрува да сведочат против него.
4. Како треба да влијае врз нас Божјиот пример на сочувство?
4 Каков само пример ни дава Бог на сите нас! Дури и бунтовниот народ на Израел и Јуда што живеел во времето на Михеј, Јехова сочувствително го нарекол ‚мој народ‘ и го молел. Се разбира, ние треба да покажуваме сочувство и љубезност во нашите постапки со оние што се дел од собранието. Точно, можеби не ти е лесно да се сложуваш со некои или, пак, можеби се духовно слаби. Сепак, ако тие го сакаат Јехова, ние сакаме да им помогнеме и да покажеме сочувство кон нив.
5. Која основна мисла е изнесена во Михеј 6:6, 7?
5 Како следно, да свртиме во Михеј 6:6, 7. Михеј поставува низа прашања, велејќи: „Со што ќе дојдам пред Господа, ќе паднам ли ничкум пред Севишниот Бог? Ќе дојдам ли пред Него со жртва паленица, со телиња годиначиња? Дали ќе Му бидат мили илјада овни, илјада илјади потоци масло? Треба ли да се принесе првородениот син заради својот престап, плодот на својата утроба заради гревот на мојата душа?“ Не, не е можно да му се угоди на Јехова со „илјада овни, илјада илјади потоци масло“. Но, има нешто што ќе го израдува. Што е тоа?
Мораме да постапуваме праведно
6. Кои три Божји барања се изнесени во Михеј 6:8?
6 Од Михеј 6:8 (NW) учиме што очекува Јехова од нас. Михеј прашува: „Што бара Јехова од тебе, освен да постапуваш праведно, да ја љубиш добротата и скромно да одиш со својот Бог?“ Во овие три барања е вклучено што чувствуваме, што мислиме и како постапуваме. Мораме да чувствуваме желба да ги покажуваме овие особини, да размислуваме како да ги покажуваме и да преземеме чекори да ги покажуваме. Да ги разгледаме овие три барања едно по едно.
7, 8. а) Што значи тоа ‚да се постапува праведно‘? б) Кои неправди се раширени во времето на Михеј?
7 ,Да се постапува праведно‘ значи да се прави она што е исправно. Начинот на кој Бог ги извршува работите е мерило за правда. Меѓутоа, современиците на Михеј не постапуваат праведно туку неправедно. На кои начини? Погледни што стои во Михеј 6:10. На крајот на овој стих, за трговците се вели дека користат „неполна ефа“ како мерка, односно, мерка што е премала. Стих 11 додава дека тие користат „крива мерка“. А според 12. стих, ‚нивниот јазик е измамлив‘. Значи, лажните мерки, лажните тегови и лажливиот говор се раширени во трговскиот свет во времето на Михеј.
8 Нечесните практики не се ограничени само на пазарот. Тие се вообичаени и на суд. Михеј 7:3 покажува дека „главатарот бара подарок, судијата суди според поткупот“. На судиите им се дава мито за да изрекуваат неправедни пресуди над невините луѓе. „Големецот“, односно влијателниот граѓанин, се придружува на злосторствата. Всушност, Михеј вели дека главатарот, судијата и големецот ‚ги ткаат‘, односно ги координираат своите злобни дела.
9. Како влијаат врз Јуда и Израел неправдите што ги прават злобните?
9 Неправдите што ги практикуваат злобните водачи влијаат врз целата Јуда и Израел. Михеј 7:5 забележува дека недостигот на правда водел до недостиг на доверба меѓу другарите, доверливите пријатели, па дури и меѓу сопружниците. Стих 6 покажува дека тоа довело до состојба кога некои што се во блиско сродство, како што се синови и татковци, ќерки и мајки, се презираат едни со други.
10. Како се однесуваат христијаните во денешнава клима на неправда?
10 Како стојат работите денес? Зарем не гледаме слични услови? Исто како Михеј, и ние сме опкружени со недостиг на правда, со атмосфера на недоверба и со распад на општествениот и на семејниот живот. Сепак, како Божји слуги среде овој неправеден свет, не дозволуваме духот на неправедните постапки на овој свет да се вовлече во христијанското собрание. Наместо тоа, настојуваме да ги поддржуваме начелата на чесност и интегритет, покажувајќи ги во нашиот секојдневен живот. Всушност, ние ‚се однесуваме чесно во сѐ‘ (Евреите 13:18). Зарем не се согласуваш дека, кога постапуваме праведно, уживаме богати благослови што произлегуваат од едно братство кое покажува вистинска доверба?
Како луѓето го слушаат „гласот на Јехова“?
11. Како се исполнува стихот од Михеј 7:12?
11 Михеј прорекува дека, и покрај неправедните услови, правдата ќе ги стигне сите луѓе. Пророкот претскажува дека ќе бидат собирани луѓе „од море до море, од гора до гора“ за да станат обожаватели на Јехова (Михеј 7:12). Денес, во заклучното исполнување на ова пророштво, не само една посебна нација туку поединци од сите нации извлекуваат корист од Божјата непристрасна правда (Исаија 42:1). Како се исполнува ова?
12. Како се слуша денес „гласот на Јехова“?
12 За да добиеме одговор, да размислиме за она што го рекол Михеј претходно. Во Михеј 6:9 (NW) стои: „Гласот на Јехова вика кон градот и кој е мудар ќе се плаши од твоето име“. На кој начин луѓе од сите нации го слушаат „гласот на Јехова“, и каква врска има ова со праведното постапување? Се разбира, луѓето денес не го слушаат дословно Божјиот глас. Меѓутоа, преку нашето проповедничко дело низ целиот свет, Јеховиниот глас го слушаат поединци од сите раси и од сите општествени слоеви. Како резултат на тоа, оние што слушаат ‚ќе се плашат од Божјето име‘ бидејќи стекнуваат побожна почит кон него. Секако дека ние постапуваме праведно и со љубов на тој начин што служиме како ревносни објавители на Царството. Со тоа што ќе го објавуваме Божјето име на секого без пристрасност, ние ‚постапуваме праведно‘.
Мораме да ја љубиме добротата
13. Што е разликата помеѓу лојалната љубезност и љубовта?
13 Како следно, да подискутираме за второто барање што е спомнато во Михеј 6:8. Јехова очекува ‚да ја љубиме добротата‘. Хебрејскиот збор преведен со „доброта“ е преведен и со „лојална љубезност“ или со „лојална љубов“. Лојалната љубезност е активен обѕир кон другите, сочувствителна грижа за нив. Лојалната љубезност се разликува од особината љубов. Како? Љубовта е поширок термин, особина што може да се покаже дури и кон предмети и поими. На пример, Писмото зборува за оној што „ги сака виното и мирисливото масло“ и за човек што „ја љуби мудроста“ (Пословици 21:17; 29:3). Од друга страна, пак, лојалната љубезност секогаш е поврзана со луѓето, особено со оние што му служат на Бог. Затоа, во Михеј 7:20 (NW) се зборува за „лојална љубезност покажана кон Авраам“ — човек што му служел на Јехова Бог.
14, 15. Како се покажува лојалната љубезност, и каков пример за тоа е наведен?
14 Според Михеј 7:18, пророкот вели дека Бог „ужива да искажува милост [лојална љубезност, NW]. Во Михеј 6:8 ни е речено не само да покажуваме лојална љубезност туку и да ја љубиме таа особина. Што учиме од овие стихови? Лојалната љубезност се покажува спремно и неограничено затоа што сакаме да ја покажуваме. Исто како Јехова, ние наоѓаме задоволство, односно радост, кога покажуваме лојална љубезност кон оние што имаат потреба.
15 Денес, таквата лојална љубезност е ознака на Божјиот народ. Разгледај само еден пример. Во јуни 2001, една тропска бура предизвикала големи поплави во Тексас (САД), при што биле оштетени илјадници домови, вклучувајќи и стотици домови на Јеховините сведоци. За да им помогнат на своите христијански браќа што имале потреба, околу 10.000 Сведоци спремно и бесплатно го понудиле своето време и енергија. Повеќе од половина година, доброволците работеле неуморно, користејќи денови, ноќи и викенди за повторно да изградат 8 Сали на Царството и преку 700 домови за своите христијански браќа. Оние што не можеле да ја извршуваат таа работа донирале храна, материјали и пари. Зошто сите овие илјадници Сведоци им дошле на помош на своите браќа? Затоа што ‚ја љубат добротата‘. И колку само нѐ радува сознанието дека такви дела на лојална љубезност покажуваат нашите браќа низ целиот свет! Да, исполнувањето на барањето ‚да се љуби добротата‘ не е товар туку радост!
Скромно оди со Бог
16. Која илустрација помага да се нагласи потребата скромно да одиме со Бог?
16 Третото барање што се наоѓа во Михеј 6:8 е ‚да одиме скромно со својот Бог‘. Ова значи да ги признаеме нашите ограничувања и да се потпираме на Бог. Да илустрираме: Замисли си за момент едно мало девојченце како цврсто се држи за раката на својот татко додека одат низ некоја бура. Девојчето добро знае дека има само ограничена сила, но има доверба во својот татко. И ние мораме да ги знаеме сопствените ограничувања и да имаме доверба во нашиот небесен Татко. Како можеме да ја одржиме таа доверба? Како прво, со тоа што ќе имаме на ум зошто е мудро да останеме блиску до Бог. Михеј нѐ потсетува на три причини: Јехова е наш Избавител, наш Водач и наш Заштитник.
17. На кој начин Јехова го избавил, го водел и го штител својот народ во древни времиња?
17 Според Михеј 6:4, 5, Бог вели: „Јас те изведов тебе од Египетската Земја“. Да, Јехова бил Избавител на Израел. Понатаму, Јехова вели: „Го испратив пред тебе Мојсеја, Арона и Маријам“. Мојсеј и Арон биле користени за да ја водат нацијата, а Маријам ги водела Израелките во еден победнички танц (Излез 7:1, 2; 15:1, 19—21; Второзаконие 34:10). Јехова обезбедил водство преку своите слуги. Во 5. стих Јехова ја потсетува нацијата Израел дека ја штител од Валак и Валаам, и дека ѝ дал заштита во текот на последната етапа од патувањето од Ситим во Моав до Галгал во Ветената земја.
18. Како дејствува Бог како наш Избавител, Водач и Заштитник денес?
18 Додека одиме со Бог, тој нѐ избавува од светот на Сатана, нѐ води со својата Реч и со својата организација, и нѐ штити како група кога нѐ напаѓаат противниците. Затоа имаме јаки причини цврсто да го држиме за рака нашиот небесен Татко додека одиме со него низ бурната последна етапа од нашето патување кон нешто далеку повеличествено од древната Ветена земја — Божјиот праведен нов свет.
19. На кој начин скромноста е поврзана со нашите ограничувања?
19 Тоа што скромно ќе одиме со Бог ќе ни помогне и да имаме реално гледиште за нашите околности. Ова е така затоа што покажувањето скромност вклучува свесност за нашите ограничувања. Напредната старост или слабото здравје можат да ни постават некакви граници во она што можеме да го сториме во Јеховината служба. Меѓутоа, наместо да дозволиме тоа да нѐ обесхрабри, ќе биде добро да имаме на ум дека Бог ги прифаќа нашите напори и жртви ‚по она што го имаме, а не по она што го немаме‘ (2. Коринќаните 8:12). Всушност, Јехова очекува од нас да му служиме со сета душа, правејќи го она што ни го дозволуваат околностите (Колошаните 3:23). Кога горливо и ревносно правиме сѐ што можеме во Божјата служба, тој богато нѐ благословува (Пословици 10:22).
Ставот на чекање носи благослови
20. Кое сознание треба да ни помогне да покажеме став на чекање како Михеј?
20 Тоа што ги искусуваме Јеховините благослови нѐ поттикнува да го имитираме духот на Михеј. Тој изјавува: „Чекам на Бог Кој спасува“ (Михеј 7:7). Каква врска имаат овие зборови со нашето скромно одење со Бог? Тоа што ќе покажеме став на чекање, односно стрпливост, ни помага да не се чувствуваме разочарани што Јеховиниот ден сѐ уште не дошол (Пословици 13:12). Искрено речено, сите копнееме по крајот на овој злобен свет. Меѓутоа, секоја седмица има илјадници луѓе кои штотуку почнуваат да одат со Бог. Таквото сознание ни дава причина да покажуваме став на чекање. Еден долгогодишен Сведок рекол во врска со ова: „Кога ќе размислам за 55-те години поминати во проповедничкото дело, уверен сум дека не сум изгубил ништо со тоа што сум чекал на Јехова. Напротив, бев поштеден од многу емоционални болки“. Дали и ти си имал слично искуство?
21, 22. Како се исполнува во наше време стихот од Михеј 7:14?
21 Нема сомнение, ќе имаме корист ако одиме со Јехова. Како што читаме во Михеј 7:14, Михеј го споредува Божјиот народ со овци што безбедно престојуваат со својот пастир. Во поголемото исполнување на ова пророштво денес, остатокот од духовниот Израел, како и ‚другите овци‘, наоѓаат сигурност кај својот Пастир достоен за доверба, Јехова. Тие престојуваат „осамено во грмушникот, сред плодни овошници“, духовно одвоени од овој сѐ поразбрануван и сѐ поопасен свет (Јован 10:16; Второзаконие 33:28; Еремија 49:31; Галатите 6:16).
22 Јеховиниот народ ужива напредок, како што е претскажано и во Михеј 7:14. Зборувајќи за Божјите овци, односно народ, Михеј наведува: „Нека пасе во Васан и во Галад“. Исто како што овците во Васан и во Галад се хранеле на богати пасишта и биле напредни, така и Божјиот народ денес ужива духовен напредок — уште еден благослов за оние што скромно одат со Бог (Броеви 32:1; Второзаконие 32:14).
23. Што можеме да научиме од разгледувањето на Михеј 7:18, 19?
23 Во Михеј 7:18, 19, пророкот ја нагласува Јеховината желба да им прости на оние што се каат. Стих 18 наведува дека Јехова „го проштава гревот“ и „преминува преку престапите“. Според 19. стих, тој ќе ги ‚фрли на дното на морето сите наши гревови‘. Што учиме ние од ова? Можеме да се прашаме дали го имитираме Јехова во овој поглед. Дали ги простуваме гревовите што другите ги прават против нас? Кога тие се каат и сакаат да ги поправат работите, секако дека ние ќе сакаме да ја одразиме Јеховината спремност да прости целосно и трајно.
24. Каква корист извлече од пророштвото на Михеј?
24 Каква корист извлековме од ова разгледување на пророштвото на Михеј? Тоа нѐ потсети дека Јехова им дава вистинска надеж на оние што се привлечени кон него (Михеј 2:1—13). Бевме охрабрени да правиме сѐ што можеме за да го унапредуваме вистинското обожавање и да одиме засекогаш во Божје име (Михеј 4:1—4). Исто така, бевме уверени дека, какви и да се нашите околности, можеме да ги исполниме Јеховините барања. Да, пророштвото на Михеј навистина нѐ зајакнува да одиме во името на Јехова.
Како би одговорил?
• Според Михеј 6:8, што бара Јехова од нас?
• Што е неопходно за да ‚постапуваме праведно‘?
• Како можеме да покажеме дека ‚ја љубиме добротата‘?
• Што е вклучено во тоа ‚скромно да одиме со Бог‘?
[Слики на страница 21]
И покрај злобните услови во времето на Михеј, тој живеел според Јеховините барања. Тоа го можеш и ти
[Слика на страница 23]
Постапувај праведно сведочејќи им на луѓе од сите општествени слоеви
[Слики на страница 23]
Покажи дека ја љубиш добротата на тој начин што ќе ги задоволуваш потребите на другите
[Слика на страница 23]
Прави сѐ што можеш додека скромно ги признаваш своите ограничувања