Имитирај го Јехова — практикувај правда и праведност
„Јас сум Јехова, Оној кој покажува љубезна доброта, правда и праведност на Земјата; зашто во тие работи наоѓам задоволство“ (ЈЕРЕМИЈА 9:24, NW).
1. Кој величествен изглед го понудил Јехова?
ЈЕХОВА ветил дека ќе дојде ден кога секој ќе го познава. Преку својот пророк Исаија, тој навел: „Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:9). Каков само величествен изглед е тоа!
2. Што вклучува познавањето на Јехова? Зошто?
2 Но, што значи да се познава Јехова? Јехова му открил на Јеремија што е највредното во тоа: ‚Да има увид и спознание за мене, дека јас сум Јехова, Оној кој практикува љубезна доброта, правда и праведност на Земјата; зашто во тие работи наоѓам задоволство‘ (Јеремија 9:24, NW). Значи, да се познава Јехова вклучува познавање на начинот на кој тој практикува правда и праведност. Ако тогаш ги практикуваме тие особини, тој ќе најде задоволство во нас. Како можеме да го правиме тоа? Во својата Реч, Библијата, Јехова сочувал еден запис за своите постапки со несовршените луѓе низ вековите. Ако го проучиме, можеме да го запознаеме Јеховиниот пат на правда и праведност и така да го имитираме (Римјаните 15:4).
Праведен, а сепак сожалив
3, 4. Зошто Јехова бил во право со тоа што ги уништил Содом и Гомор?
3 Божествениот суд над Содом и Гомор е класичен пример кој илустрира неколку аспекти на Јеховината правда. Јехова не само што ја одмерил потребната казна туку обезбедил и спасение за достојните. Дали уништувањето на тие градови било навистина оправдано? Авраам, кој очигледно имал ограничено спознание за обемот на злобата во Содом, во почетокот не мислел така. Јехова го уверил Авраам дека доколку би можеле да се најдат само десет праведни луѓе, тој би го поштедил градот. Јасно, Јеховината правда никогаш не е избрзана ниту немилосрдна (1. Мојсеева 18:20—32).
4 Проверката од страна на двајцата ангели дала сликовито сведоштво за моралната деградација на Содом. Кога мажите од градот, „стари и млади“, дознале дека двајцата мажи што дошле ќе останат во Лотовиот дом, тие ја нападнале неговата куќа со намера да извршат хомосексуално групно силување. Нивната расипаност навистина се спуштила на едно ниско ниво! Без сомнение, Јеховиниот суд над тој град бил праведен (1. Мојсеева 19:1—5, 24, 25).
5. Како Бог го избавил Лот и неговото семејство од Содом?
5 Откако го навел уништувањето на Содом и Гомор како предупредувачки пример, апостол Петар напишал: „Господ знае како да ги избавува праведните од искушенија“ (2. Петрово 2:6—9). Правдата немало да биде задоволена доколку Лот и неговото семејство биле збришани заедно со безбожните луѓе од Содом. Затоа, Јеховините ангели го предупредиле Лот за претстојното уништување. Кога Лот забавувал, ангелите, ‚поради сожалувањето на Јехова‘ (NW), ги грабнале за рака него, неговата сопруга и ќерките и ги извеле надвор од градот (1. Мојсеева 19:12—16). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе покаже слична грижа за праведните во уништувањето на овој злобен систем што се приближува.
6. Зошто не би требало да бидеме претерано загрижени за уништувањето на злобниот систем на ствари што се приближува?
6 Иако крајот на овој систем ќе биде време „за одмерување на правдата“ (NW), не постои причина да бидеме претерано загрижени (Лука 21:22). Судот кој Јехова ќе го изврши во Армагедон ќе се докаже како ‚севкупно праведен‘ (Псалм 19:9, NW). Како што научил Авраам, ние луѓето можеме да имаме безрезервна доверба во Јеховината правда која е на многу повисок степен од нашата. Авраам прашал: „Зарем Судијата на целата земја нема да суди право?“ (1. Мојсеева 18:25; спореди Јов 34:10). Или, како што Исаија прикладно го изнел тоа, „кој Го поучувал [Јехова] во патот на правдата?“ (Исаија 40:14).
Праведен чин да се спаси човештвото
7. Каква врска постои меѓу Божјата правда и неговата милост?
7 Божјата правда не се манифестира само во начинот на кој тој ги казнува злодејците. Јехова се опишува себеси како „Бог праведен и Кој спасува“ (Исаија 45:21). Очигледно е дека постои тесна врска меѓу Божјата праведност, т. е. правда, и неговата желба да го спаси човештвото од последиците на гревот. Коментирајќи за тој текст, The International Standard Bible Encyclopedia, издание од 1982, истакнува дека „Божјата правда настојува конкретно да ја изрази Неговата милост и да го постигне Неговото спасение“. Тоа не значи дека Божјата правда треба да биде ублажена со милост туку, напротив, дека милоста е израз на Божјата правда. Божјата подготовка за откупнината — за спасение на целото човештво — е највпечатливиот пример за тој аспект на божествената правда.
8, 9. а) Што било вклучено во описот „праведен чин“? Зошто? б) Што Јехова бара за возврат од нас?
8 Самата откупна цена — драгоцениот живот на Божјиот единороден Син, Исус Христос — била висока, бидејќи Јеховините мерила се универзални, а и самиот тој се придржува кон нив (Матеј 20:28). Бил изгубен совршен живот, Адамовиот, па така бил потребен совршен живот за да го искупи животот на Адамовите потомци (Римјаните 5:19—21). Апостол Павле го опишува Исусовиот правец на интегритет — вклучувајќи го и плаќањето на откупнината — како „праведен чин“ (Римјаните 5:18, NW, фуснота). Зошто? Затоа што, од Јеховина гледна точка, откупувањето на човештвото било исправно и праведно нешто, иако морало да се стори по голема лична цена. Адамовото потомство било како ‚трска прекршена‘ која Бог не сакал да ја згмечи, или како ‚ленен фитил што тлее‘ (NW) кој не сакал да го изгаси (Матеј 12:20). Бог имал доверба дека од Адамовите потомци ќе се подигнат многу верни мажи и жени. (Спореди Матеј 25:34.)
9 Како би требало да се одѕвиеме на овој највисок чин на љубов и правда? Една од работите кои Јехова ги бара за возврат од нас е да ‚практикуваме правда‘ (Михеј 6:8, NW). Како можеме да го правиме тоа?
Барај правда, стреми се кон праведност
10. а) Кој е еден начин на кој практикуваме правда? б) Како можеме најнапред да ја бараме Божјата праведност?
10 Пред сѐ, мораме да се приспособиме кон Божјите морални мерила. Бидејќи Божјите мерила се правични и праведни, ние практикуваме правда кога живееме во склад со нив. Тоа е она што Јехова го очекува од својот народ. „Научете се да правите добро, барајте правда“, им рекол Јехова на Израелците (Исаија 1:17). Исус им дал на своите слушатели сличен совет во Проповедта на гората, кога ги поучил да ‚го бараат најнапред царството на Бога и Неговата правда‘ (Матеј 6:33). Павле го охрабрил Тимотеј да ‚се стреми кон праведност‘ (1. Тимотеј 6:11). Кога живееме во склад со Божјите мерила на однесување и ја облекуваме новата личност, се стремиме кон вистинска правда и праведност (Ефесјаните 4:23, 24). Со други зборови, ние ја бараме правдата ако ги вршиме работите на Божји начин.
11. Зошто и како треба да се бориме против превласта на гревот?
11 Како што сме сосема свесни, на несовршените луѓе не им е секогаш лесно да го прават она што е праведно и исправно (Римјаните 7:14—20). Павле ги охрабрил римските христијани да се борат против превласта на гревот за да можат да ги принесат своите предадени тела на Бог како „орудија на правдата“, кои би му користеле на Бог во извршувањето на неговата намера (Римјаните 6:12—14). На сличен начин, преку редовното проучување и применување на Божјата Реч можеме да го впиеме ‚Јеховиното мисловно насочување‘ и да бидеме ‚поучени во правдата‘ (Ефесјаните 6:4, NW; 2. Тимотеј 3:16, 17).
12. Што би требало да избегнуваме за да се однесуваме спрема другите на начинот на кој сакаме Јехова да се однесува со нас?
12 Второ, ние практикуваме правда кога се однесуваме со другите на начинот на кој сакаме Јехова да се однесува со нас. Лесно е да се има двојно мерило — попустливо за себе, а строго за другите. Ние лесно наоѓаме изговори за сопствените недостатоци, а сепак брзи сме да ги критикуваме пропустите на другите, што можеби се безначајни во споредба со нашите. Исус остро прашува: „Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја чувствуваш?“ (Матеј 7:1—3). Никогаш не би требало да заборавиме дека ниту еден од нас не би можел да се одржи доколку Јехова темелно ги испита нашите грешки (Псалм 129:3, 4). Штом правдата му допушта на Јехова да прејде преку слабостите на нашите браќа, тогаш кои сме пак ние да им судиме неповолно? (Римјаните 14:4, 10).
13. Зошто еден праведен човек се чувствува обврзан да ја проповеда добрата вест за Царството?
13 Трето, ние покажуваме побожна правда кога марливо се ангажираме во проповедничката активност. „Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне“, нѐ советува Јехова (Изреки 3:27). Не би било во ред да го задржиме за себеси животодајното спознание кое Бог толку великодушно ни го дал. Точно, можеби некои луѓе ја отфрлаат нашата порака, но сѐ додека Бог продолжува да им пружа милост, ние треба да бидеме спремни и понатаму да им даваме прилика „да се обрнат кон покајание“ (2. Петрово 3:9). И, како Исус, ние сме радосни кога можеме да му помогнеме некому да се сврти кон правдата и праведноста (Лука 15:7). Сега е поволно време да ‚сееме правда‘ (Осија 10:12).
„Кнезови за правдата“
14. Која улога ја играат старешините во поглед на правдата?
14 Сите ние мораме да одиме по патот на праведноста, но старешините во христијанското собрание имаат посебна одговорност во тој поглед. Исусовото кнежевско владеење е ‚поткрепено преку правда и праведност‘. Според тоа, мерилото за старешини е божествена правда (Исаија 9:7, NW). Тие го имаат на ум она што е пророчки опишано во Исаија 32:1 (NW): „Гледај! Еден цар ќе владее за праведност; а што се однесува до кнезовите, тие ќе владеат како кнезови за правдата“. Како надгледници наименувани со дух, т. е. како ‚Божји управители‘ (NW), старешините треба да ги вршат работите на Божји начин (Тит 1:7).
15, 16. а) Како старешините го имитираат верниот пастир во Исусовата илустрација? б) Што чувствуваат старешините кон оние кои се духовно изгубени?
15 Исус покажал дека Јеховината правда е сожалива, милосрдна и разумна. Пред сѐ, тој се обидувал да им помогне на оние кои имале проблеми и „да го побара и спаси загубеното“ (Лука 19:10). Слично на пастирот во Исусовата илустрација кој неуморно барал сѐ додека не нашол една изгубена овца, така старешините ги бараат оние кои духовно заталкале и настојуваат да ги доведат назад во трлото (Матеј 18:12, 13).
16 Наместо да ги осудуваат оние кои можеби извршиле сериозни гревови, старешините настојуваат да ги излечат и да ги доведат до покајание, доколку тоа е возможно. Тие се радуваат кога можат да му помогнат на некого кој заталкал. Меѓутоа, ги жалости тоа кога некој виновник не се кае. Тогаш, Божјите праведни мерила бараат од нив да го исклучат оној кој не се кае. Дури и тогаш, како таткото на расипничкиот син, тие се надеваат дека еден ден грешникот ќе ‚си дојде при себеси‘ (Лука 15:17, 18). Затоа, старешините преземаат иницијатива да посетат некои исклучени лица за да ги потсетат како можат да се вратат во Јеховината организација.a
17. Која цел ја имаат старешините кога се справуваат со случај на злодело, и која особина ќе им помогне да ја постигнат таа цел?
17 Старешините треба да ја имитираат Јеховината правда особено кога се справуваат со случаи на злодело. Грешниците ‚се приближувале‘ кон Исус бидејќи чувствувале дека тој ќе ги разбере и ќе им помогне (Лука 15:1; Матеј 9:12, 13). Се разбира, Исус не преминувал преку злоделото. Еден оброк поминат со Исус го трогнал Закхеј, ноторен уценувач, да се покае и да го надомести сето страдање што им го нанел на другите (Лука 19:8—10). Старешините денес ја имаат истата цел при нивните правни сослушувања — оној што греши да го доведат до покајание. Доколку тие се пристапливи, каков што бил Исус, на многу виновници ќе им биде полесно да ја побараат нивната помош.
18. Што ќе им овозможи на старешините да бидат како „засолниште од ветар“?
18 Осетливото срце на старешините ќе им помогне да ја спроведат божествената правда, која не е ниту груба ниту бесчувствителна. Интересно е тоа што, за да ги поучи Израелците за правдата, Ездра го подготвил и своето срце, а не само својот ум (Ездра 7:10, NW). Срце кое е полно со разбирање ќе им овозможи на старешините да ги применат соодветните библиски начела и да ги земат во обѕир околностите на секој поединец. Кога Исус ја излечил жената која имала течење на крв, тој покажал дека Јеховината правда значи да се разбере како духот така и словото на законот (Лука 8:43—48). Старешините кои ја спроведуваат правдата со сожалување, може да се споредат со „засолниште од ветар“ за оние кои се удирани од сопствените слабости или од овој злобен систем во кој живееме (Исаија 32:2).
19. Како една сестра се одѕвала на примената на божествената правда?
19 Една сестра која направила сериозен грев, ја сфатила божествената правда од прва рака. „Да бидам искрена, јас се плашев да појдам кај старешините“, признава таа. „Но, тие се однесуваа спрема мене со сомилост и со достоинство. Старешините беа како татковци, а не како сурови судии. Тие ми помогнаа да разберам дека Јехова нема да ме отфрли доколку јас решам да ги исправам моите патишта. Од прва рака научив на кој начин тој нѐ дисциплинира — како еден татко полн со љубов. Можев да му го отворам своето срце на Јехова, со доверба дека тој ќе го чуе моето преколнување. Осврнувајќи се назад, верно можам да кажам дека тој состанок со старешините пред седум години беше благослов од Јехова. Оттогаш, мојот однос со него е уште поцврст.“
Држи ја правдата и прави го она што е праведно
20. Кои се користите од разбирањето и практикувањето правда и праведност?
20 За среќа, божествената правда значи многу повеќе отколку само да му се даде на секој човек она што тој го заслужува. Правдата го поттикнала Јехова да им даде вечен живот на оние кои практикуваат вера (Псалм 102:10; Римјаните 5:15, 18). Бог постапува со нас на тој начин бидејќи неговата правда ги зема во обѕир нашите околности и настојува да спаси а не да осуди. Навистина, едно подобро разбирање на ширината на Јеховината правда нѐ зближува со него. И додека се стремиме да ја имитираме оваа фасета на неговата личност, нашите животи и животите на другите ќе бидат богато благословени. Нашето тежнеење кон правдата нема да помине незабележано од нашиот небесен Татко. Јехова ни ветува: „Пазете го правосудството [држете ја правдата, NW] и вршете правда [правете го она што е праведно, NW]; зашто е близу спасението од Мене и откровението на Мојата правда [праведност, NW]. Блажен е човекот, кој го прави тоа“ (Исаија 56:1, 2).
[Фуснота]
Дали се сеќаваш?
◻ Што нѐ учи уништувањето на Содом и Гомор за Јеховината правда?
◻ Зошто откупнината е извонреден израз на Божјата правда и љубов?
◻ На кои три начини можеме да практикуваме правда?
◻ На кој посебен начин старешините можат да ја имитираат божествената правда?
[Слики на страница 15]
Преку нашата проповедничка активност, ние покажуваме побожна правда
[Слика на страница 16]
Кога старешините покажуваат побожна правда, на оние кои имаат проблеми им е полесно да ја побараат нивната помош