ПОГЛАВЈЕ 16
Единството на Божјиот народ
ОКОЛУ 1.500 години, Израелците биле народ кој го носел Јеховиното име. Потоа, Јехова обрнал внимание „на незнабошците за да земе од нив народ за своето име“ (Дела 15:14). Припадниците на тој народ требало да сведочат за Јехова и да бидат обединети во својот начин на размислување и постапување без оглед каде ќе живееле на Земјата. Денес, постои ваков обединет народ кој го носи Божјето име затоа што следбениците на Исус ја послушале неговата заповед: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Мат. 28:19, 20).
Ти си дел од едно обединето меѓународно братство, чии припадници не дозволуваат националните, племенските или економските разлики да предизвикуваат поделби меѓу нив
2 Кога му се заветува на Јехова и се крсти, ти покажа дека си ученик на Исус Христос. Сега си дел од едно обединето меѓународно братство, чии припадници не дозволуваат националните, племенските или економските разлики да предизвикуваат поделби меѓу нив (Пс. 133:1). Поради тоа, ги сакаш и ги почитуваш браќата и сестрите од собранието. Пред да станеш Сведок, можеби не можеше ни да замислиш да се дружиш со луѓе кои припаѓаат на друга раса и националност или луѓе кои имаат поинаков степен на образование. Но сега, братската љубов која владее меѓу тебе и твоите соверници создава нераскинлива врска, која е многу појака од врската што ги поврзува оние што припаѓаат на иста религија, имаат сличен општествен статус или се во крвно сродство (Мар. 10:29, 30; Кол. 3:14; 1. Пет. 1:22).
ПРОМЕНИ ВО СТАВОВИТЕ
3 Ако на некој му е тешко да ги надмине расните, политичките, општествените или другите вкоренети предрасуди, добро е да размисли за христијаните во првиот век кои имале еврејско потекло. Тие требало да ги отфрлат верските предрасуди што Евреите ги имале кон сите други народи. Затоа, кога му рекол на Петар да го посети римскиот стотник Корнелиј, Јехова љубезно го подготвил за задачата (Дела погл. 10).
4 Петар имал видение во кое му било кажано да заколе и да изеде некои животни кои според Законот биле нечисти за Евреите. Тој отпрвин не сакал да послуша, но еден глас од небото му рекол: „Не викај го валкано она што Бог го очистил“ (Дела 10:15). Така, Јехова му помогнал на Петар да го смени својот став за да може да изврши една задача што требало да ја добие — да посети човек кој не бил Евреин. Тој го послушал Јехова, и на луѓето кои биле собрани во домот на Корнелиј им рекол: „Вие знаете дека Законот му забранува на Евреинот да се дружи со човек од друг народ или да доаѓа кај него, но Бог мене ми покажа дека не треба ниту еден човек да го викам валкан или нечист. Затоа дојдов без приговор кога испративте по мене“ (Дела 10:28, 29). Потоа, Петар видел јасен доказ дека Јехова ги прифаќа Корнелиј и неговиот дом.
5 Савле од Тарс, кој бил високо образован фарисеј, морал да се понизи и да биде меѓу луѓе кои порано ги избегнувал. Освен тоа, морал и да ги слуша упатствата што тие му ги давале (Дела 4:13; Гал. 1:13-20; Фил. 3:4-11). Можеме само да си замислиме колку голема промена требало да направат во начинот на размислување Сергиј Павле, Дионисиј, Дамара, Филимон, Онисим и некои други што ја прифатиле добрата вест и станале ученици на Исус Христос (Дела 13:6-12; 17:22, 33, 34; Филим. 8-20).
ДА ГО ЗАЧУВАМЕ НАШЕТО ЕДИНСТВО
6 Без сомнение, љубовта што ја покажуваат браќата и сестрите во собранието ти помогна да се зближиш со Јехова и да станеш дел од неговата организација. Таа љубов е јасен знак по кој се препознаваат вистинските ученици на Исус Христос. Тој рекол: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35). Сигурно почна уште повеќе да го цениш Јехова и неговата организација кога сфати дека меѓу Божјите слуги од целиот свет владее истата љубов како во твоето собрание. Со свои очи гледаш како се исполнува пророштвото од Михеј 4:1-5 каде што пишува дека во последните денови многу луѓе ќе се соберат за да му служат на Јехова во мир и единство.
7 Денес луѓето се поделени по многу основи. Кој би помислил дека е можно да се обединат луѓе од „сите народи и племиња и народности и јазици“! (Отк. 7:9). Размисли за разликите меѓу луѓето што живеат во технолошки развиени земји и луѓето кои сѐ уште се држат за древни племенски обичаи. Размисли и за верската нетрпеливост која владее меѓу луѓето од иста раса и националност. Бидејќи национализмот е во подем, луѓето се политички поделени како никогаш порано. Ако ги земеме предвид економските разлики, како и безбројте други причини за поделби, јасно е дека тоа што има љубов, мир и единство меѓу луѓе од сите народи, јазици, групи и општествени слоеви е вистинско чудо кое може да го направи само Семоќниот Бог (Зах. 4:6).
8 Но, тоа единство навистина постои, а ти стана дел од него кога му го заветува животот на Јехова и кога се крсти како негов Сведок. Сепак, секој од нас има одговорност да го чува ова единство. Тоа може да го направиме ако се држиме за зборовите на апостол Павле, кој во Галатите 6:10 напишал: „Додека имаме можност за тоа, да им правиме добро на сите, а особено на своите браќа по вера“. Исто така, треба да го следиме и следниов совет: „Не правете ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе и не грижете се само за себе туку и за другите“ (Фил. 2:3, 4). Сѐ додека се трудиме да гледаме на нашите браќа и сестри како што гледа Јехова, а не на нивната надворешност, ќе имаме добри односи со нив и меѓу нас ќе владее мир (Еф. 4:23, 24).
ДА СЕ ГРИЖИМЕ ЕДЕН ЗА ДРУГ
9 Со помош на една споредба, апостол Павле објаснил дека собранието не е разединето, туку сите во него се грижат еден за друг (1. Кор. 12:14-26). Тоа што живееме на голема оддалеченост од некои наши браќа и сестри во светот не значи дека сме помалку заинтересирани за нивното добро. Доколку некои од нашите соверници се прогонувани, сите ние сочувствуваме со нив. Ако некои живеат во сиромаштија или на подрачје погодено од катастрофа, војна или граѓански немири, другите соверници се трудат да им помогнат во духовен и материјален поглед (2. Кор. 1:8-11).
10 Сите ние треба секој ден да се молиме за нашите браќа и сестри. Некои од нив се наоѓаат во искушение да направат нешто погрешно. Можеби сите знаеме колку страдаат некои наши браќа и сестри, но малцина од нас знаат со какво противење на работа или дома се соочуваат други наши соверници (Мат. 10:35, 36; 1. Сол. 2:14). Она што им се случува на нашите соверници нѐ засега сите нас затоа што ние сме едно обединето братство (1. Пет. 5:9). Некои браќа вложуваат многу труд додека предводат во собранијата и во службата на проповедање. Други го надгледуваат делото што се врши во целиот свет. Потребно е да се молиме за нив. Така ќе покажеме дека ги сакаме и дека искрено се грижиме за нив иако можеби не сме во можност да им помогнеме лично (Еф. 1:16; 1. Сол. 1:2, 3; 5:25).
11 Со оглед на тоа што во овие последни денови во светот има разни превирања, Јеховините слуги мора да бидат спремни да си помагаат меѓусебе. Понекогаш, поради некои природни катастрофи, како што се земјотресите и поплавите, потребно е да се организираат големи акции за помош. Христијаните во првиот век ни оставиле добар пример во тој поглед. Имајќи го на ум советот од Исус, учениците од Антиохија со задоволство им пратиле помош на браќата и сестрите во Јудеја (Дела 11:27-30; 20:35). Апостол Павле подоцна ги поттикнал и Коринќаните да учествуваат во собирањето материјална помош за другите кое се извршувало на организиран начин (2. Кор. 9:1-15). Денес, кога некои наши браќа и сестри се погодени од некоја неволја и имаат потреба од материјална помош, организацијата и некои соверници поединечно се спремни веднаш да им помогнат и да им го дадат тоа што им е потребно.
ОДВОЕНИ ЗА ДА ЈА ВРШИМЕ ЈЕХОВИНАТА ВОЛЈА
12 Нашето обединето меѓународно братство е организирано за да ја извршува Јеховината волја. Денес, Јехова сака добрата вест за Царството да биде проповедана по целата Земја за сведоштво на сите народи (Мат. 24:14). Додека го извршуваме ова дело, Јехова сака и да живееме во склад со неговите возвишени морални мерила (1. Пет. 1:14-16). Сите треба да бидеме „подложни еден на друг“ и да соработуваме заедно за да се шири добрата вест (Еф. 5:21). Како никогаш порано, сега е време да го ставиме Божјето Царство на прво место во нашиот живот, а не своите лични интереси (Мат. 6:33). Ако го имаме ова на ум додека заедно ја проповедаме добрата вест, уште денес ќе бидеме среќни, а во иднина ќе добиеме вечен живот.
13 Ние како Јеховини сведоци се разликуваме од другите луѓе по тоа што сме одвоени како чист народ кој ревносно му служи на Бог (Тит 2:14). Тоа што му служиме на Јехова навистина нѐ прави посебни. Не само што сложно соработуваме со другите браќа и сестри низ светот туку и го зборуваме јазикот на вистината. Исто така, живееме според вистината за која ги поучуваме другите. Сето ова било проречено. Преку својот пророк Софонија, Јехова објавил: „Ќе го променам јазикот на народите во чист јазик за да го повикуваат сите името на Јехова и да му служат сложно“ (Соф. 3:9).
14 Потоа, со светиот дух, Јехова го водел Софонија да запише пророштво за единството кое денес владее меѓу Јеховиниот народ во целиот свет. Софонија напишал: „Останатите од Израел нема да вршат неправда, нема да кажуваат лаги, ниту ќе се најде препреден јазик во нивната уста, зашто тие ќе пасат и ќе лежат, и никој нема да ги плаши“ (Соф. 3:13). Поради тоа што сме ја дознале вистината од Јеховината Реч и поради тоа што нашето размислување и нашиот начин на живот сме ги довеле во склад со Јеховините мерила, можеме да соработуваме во единство. Го постигнуваме тоа што од човечка гледна точка изгледа невозможно. Навистина ние сме посебен народ — Божји народ кој му носи чест на Јехова по целата Земја (Мих. 2:12).