„Сакајте ги вистината и мирот“!
„И би слово до мене од Господ, Саваота: ‚ . . . сакајте ги вистината и мирот‘“ (ЗАХАРИЈА 8:18, 19).
1, 2. а) Какво е минатото на човештвото што се однесува до мирот? б) Зошто овој сегашен свет нема никогаш да види вистински мир?
„СВЕТОТ никогаш немал мир. Некаде — а честопати на повеќе места одеднаш — секогаш имало војна.“ Тоа го рекол професор Милтон Маер од универзитетот Масачусетс (САД). Каков жалосен коментар за човештвото! Вистина, луѓето сакаат мир. Политичарите ги испробале сите можни начини за да го зачуваат — од Пакс Романа од римското време па сѐ до политиката на „Загарантирано взаемно уништување“ во текот на студената војна. Сепак, на крајот, сите нивни напори пропаднале. Како што се изразил Исаија пред многу векови, „пратениците за мир горко плачат“ (Исаија 33:7). Зошто е тоа така?
2 Затоа што за да има траен мир, не смее да има омраза и алчност; тој мора да се темели на вистина. Мирот не може да се темели на лаги. Затоа, кога ветувал обнова и мир за древниот Израел, Јехова рекол: „Ете ќе навртам кон него мир како река, и богатство на народите — како поток, кој се разлива“ (Исаија 66:12). Богот на овој систем на ствари, Сатана Ѓаволот, е „човекоубиец“, убиец и „лажец и татко на лагата“ (Јован 8:44; 2. Коринтјаните 4:4). Како може воопшто еден свет да има мир со таков бог?
3. Каков значаен подарок му дал Јехова на својот народ, и покрај тоа што живее во еден вознемирен свет?
3 Сепак, значајно е тоа што Јехова му дава мир на својот народ уште додека тој живее во Сатановиот завојуван свет (Јован 17:16). Во шестиот век пр. н. е., тој го исполнил своето ветување дадено преку Јеремија и му дал „мир и вистина“ на својот посебен народ кога го вратил во неговата родна земја (Јеремија 33:6). И во овие последни денови, Јехова му дал „мир и вистина“ на својот народ во нивната „земја“, односно земниот духовен имот, иако тој живее во време на најголема неволја кое досега го доживеал овој свет (Исаија 66:8, НС; Матеј 24:7-13; Откровение 6:1-8). Додека понатаму дискутираме за Захарија поглавје 8, ќе стекнеме подлабоко ценење за мирот и вистината дадени од Бог и ќе видиме што треба да сториме за да го зачуваме нашиот удел во нив.
‚Поткрепете ги рацете свои‘
4. Како Захарија го охрабрил Израел да постапува ако сакал да доживее мир?
4 По шести пат во 8. поглавје од Захарија, слушаме возбудлива изјава од Јехова: „Така вели Господ Саваот: ‚Поткрепете ги сега рацете свои вие, што ги слушате овие зборови од устата на пророците, кои беа при основањето на домот за Господа Саваота, за да се изгради храмот. Оти пред оние дни немаше ни плата за човек ниту награда за трудот на животното; немаше спокојство од непријателите ни за оној што доаѓаше, ниту за оној што си одеше; и дозволував Јас секој човек да му е непријател на друг човек“ (Захарија 8:9, 10).
5, 6. а) Каква била ситуацијата во Израел поради обесхрабреноста на Израелците? б) Каква промена му ветил Јехова на Израел ако Неговото обожавање го стави на прво место?
5 Захарија ги изговорил овие зборови додека повторно се градел храмот во Ерусалим. Пред тоа, Израелците кои се вратиле од Вавилон, се обесхрабриле и ја прекинале градбата на храмот. Поради тоа што го свртеле своето внимание кон својата лична удобност, немале ниту благослов ни мир од Јехова. Иако ја обработувале својата земја и се грижеле за своите лозја, тие не напредувале (Агеј 1:3-6). Како да работеле без „плата“.
6 Сега, додека повторно се градел храмот, Захарија ги охрабрил Евреите да „се поткрепат“, смело да го стават Јеховиното обожавање на прво место. Што ќе се случело ако направеле така? „,А сега за остатокот од овој народ Јас не сум веќе таков како во поранешните денови‘ — вели Господ Саваот. Зашто селидбата ќе се врши во мир [Тука ќе биде семето на мирот, НС], лозата ќе го даде својот плод, земјата ќе го даде својот род, а и небесата ќе ја даваат својата роса; и сето тоа ќе го предадам на остатокот од овој народ. И како што вие, доме Јудин и доме Израилев, бевте проколнати меѓу народите, така ќе ве избавам, и вие ќе бидете благословени; не плашете се, рацете ваши нека се поткрепат!“ (Захарија 8:11-13). Ако Израел постапувал со решителност, тој би напредувал. Порано, кога народите сакале да наведат некаков пример за проклетство, можеле да укажат на Израел, а сега Израел би бил пример за благослов. Каква извонредна причина да ‚ги закрепнат рацете‘!
7. а) Какви возбудливи промени доживеал Јеховиниот народ, кои достигнале кулминација во 1995 службена година? б) Гледајќи го годишниот извештај, кои земји имаат забележителен извештај на објавители, пионери и просек на часови?
7 А како е денес? Па, во годините пред 1919 година, на Јеховиниот народ некако му недостасувала ревност. Тие не зазеле потполно неутрален став во Првата светска војна и имале склоност да следат човек, а не нивниот Цар, Исус Христос. Како последица на тоа, некои биле обесхрабрени од противењето во и надвор од организацијата. Тогаш, во 1919 година, со Јеховина помош тие дозволиле да им зајакнат рацете (Захарија 4:6). Јехова им дал мир и тие силно напредувале. Тоа се гледа од нивниот извештај за последниве 75 години, кој во 1995 службена година достигна кулминација. Како народ, Јеховините сведоци избегнуваат национализам, чувство на племенска припадност, предрасуди и секакви други извори на омраза (1. Јованово 3:14-18). Му служат на Јехова со искрена ревност во неговиот храм (Евреите 13:15; Откровение 7:15). Само минатата година, тие поминаа над една милијарда часови во разговор со другите за нивниот небесен Татко! Секој месец водеа по 4.865.060 студии. Во просек, 663.521 секој месец учествуваа во пионерската служба. Кога свештениците на христијанството сакаат да наведат пример за луѓе кои се навистина одушевени во своето обожавање, понекогаш укажуваат на Јеховините сведоци.
8. Како може секој христијанин поединечно да извлече корист од „семето на мирот?“
8 Поради нивната ревност, Јехова му го дава на својот народ „семето на мирот“. Секој поединец кој го негува тоа семе, ќе види како расте мирот во неговото срце и во неговиот живот. Секој христијанин кој верува и кој тежнее кон мир со Јехова и со своите сохристијани, има удел во вистината и во мирот на народот што го носи Јеховиното име (1. Петрово 3:11; спореди Јаков 3:18). Зарем тоа не е прекрасно?
„Не плашете се“
9. Каква промена во своите постапки со својот народ ветил Јехова?
9 Сега ја читаме седмата изјава од Јехова. Која е таа? „Така вели Господ Саваот: ‚Како што бев определил да ве казнам, кога татковците ваши Ме прогневуваа — вели Господ Саваот — и не зажалив, така пак определив во овие дни на Ерусалим да му направам добро и на домот Јудин; не бојте се!‘“ (Захарија 8:14, 15).
10. Кој извештај за Јеховините сведоци покажува дека тие не се исплашиле?
10 Но, иако Јеховиниот народ во текот на Првата светска војна бил раштркан во духовна смисла, сепак во своето срце тој сакал да го прави она што е исправно. Затоа, откако дал извесна стега, Јехова го променил својот начин на постапување со нив (Малахија 3:2-4). Денес, додека гледаме наназад, горливо му благодариме за она што тој го сторил. Вистина, ние сме ‚мразени од сите народи‘ (Матеј 24:9). Многумина биле затворани, а некои дури и умреле за својата вера. Честопати се соочуваме со рамнодушност или непријателство. Но, не се плашиме. Знаеме дека Јехова е посилен од какво и да е противење, видливо или невидливо (Исаија 40:15; Ефесјаните 6:10-13). Ние нема да престанеме да ги слушаме зборовите: „Надевај се на Господа, биди мажествен; нека е цврсто срцето твое“ (Псалм 26:14).
„Зборувајте вистина еден на друг“
11, 12. Што треба секој од нас поединечно да има на ум ако сакаме да имаме полн удел во благословите што му ги дава Јехова на својот народ?
11 За да имаме потполн удел во благословите од Јехова, треба да запомниме некои работи. Захарија вели: „Еве ги наредбите што треба вие да ги извршувате: зборувајте вистина еден на друг; праведно и мирољубиво судете [судете со судот на мирот, НС] при портите ваши. Никој од вас да не му мисли зло на ближниот свој, и не посакувајте лажна клетва, зашто сето тоа Јас го мразам — говори Господ Севишниот“ (Захарија 8:16, 17).
12 Јехова нѐ поттикнува да ја зборуваме вистината (Ефесјаните 4:15, 25). Тој не ги слуша молитвите на оние кои планираат штетни работи, кои ја кријат вистината заради лична добивка или лажно се заколнуваат (Изреки 28:9). Поради тоа што мрази отпадништво, тој сака да се држиме за библиската вистина (Псалм 24:5; 2. Јованово 9-11). Понатаму, како постарите мажи на градските порти во Израел, така и старешините кои денес решаваат правни случаи треба својот совет и своите одлуки да ги темелат на библиската вистина, а не на личното гледиште (Јован 17:17). Јехова сака да бараат ‚суд на вистината‘, трудејќи се, како христијански пастири, да го обноват мирот помеѓу противничките страни и да им помогнат на покајничките грешници повторно да дојдат во мир со Бог (Јаков 5:14, 15; Јуда 23). Во исто време, тие го запазуваат мирот на собранието, храбро отстранувајќи ги оние кои го нарушуваат тој мир со намерна упорност во престапувањето (1. Коринтјаните 6:9, 10).
„Радост и голема веселба“
13. а) Каква промена во врска со постот прорекол Захарија? б) Каков пост се држел во Израел?
13 Сега ја слушаме осмата важна изјава: „Вака вели Господ Саваот: ‚Постот во четвртиот месец, постот во петтиот, постот во седмиот и постот во десеттиот месец за домот Јудин ќе бидат радост и голема веселба, сакајте ги вистината и мирот‘“ (Захарија 8:19). Под Мозаитскиот Закон, Израелците постеле на Денот на помирувањето за да изразат жалост за своите гревови (3. Мојсеева 16:29-31). Четирите пости што ги споменал Захарија, изгледа биле држани за да се оплакуваат настани во врска со освојувањето и уништувањето на Ерусалим (4. Царства 25:1-4, 8, 9, 22-26). Но, сега храмот се обновувал и Ерусалим повторно се населувал. Оплакувањето се заменило со радување, а постите можеле да станат празнични пригоди.
14, 15. а) На кој начин Споменот бил голема причина за радување, и на што треба тоа да нѐ потсети? б) Како што се гледа од годишниот извештај, кои земји имале истакнат број на присутни на Споменот?
14 Денес, ние не ги држиме постите што ги споменал Захарија или постењето што е пропишано со Законот. Поради тоа што Исус го понудил својот живот за нашите гревови, ние ги уживаме благословите од еден поголем Ден на помирување. Нашите гревови се покриени не само делумно туку потполно (Евреите 9:6-14). Следејќи ја заповедта на небесниот Првосвештеник, Исус Христос, ние го славиме Споменот на неговата смрт како единствена свечена прослава во христијанскиот календар (Лука 22:19, 20). Зарем не доживуваме „радост и голема веселба“ кога секоја година се собираме заедно на оваа прослава?
15 Минатата година, 13.147.201 лице се собраа за да го прослават Споменот — 858.284 повеќе отколку во 1994 година. Колкаво мноштво! Замисли си го радувањето во 78.620-те собранија на Јеховините сведоци додека необично големи броеви се слеваа во јата во нивните Сали на Царството за прославата. Секако, сите присутни беа поттикнати да ги ‚сакаат вистината и мирот‘ додека се сеќаваа на смртта на Оној кој е „патот, вистината и животот“ и кој сега владее како Јеховин голем „Кнез на мирот“! (Јован 14:6; Исаија 9:6). Оваа прослава имаше посебно значење за оние кои ја одржаа во земјите што се измачувани од немир и војна. Во текот на 1995 година, некои наши браќа беа очевидци на неописливи ужаси. Па сепак, ‚мирот Божји, што надвишува секој ум, ги запазил нивните срца и нивните мисли во [преку, НС] Исуса Христа‘ (Филипјаните 4:7).
‚Да го омекнеме лицето на Јехова‘
16, 17. Како можат луѓето од нациите да го ‚омекнат лицето на Јехова‘?
16 Но, од каде дошле сите тие милиони кои присуствувале на Споменот? Деветтата изјава на Јехова објаснува: „Така вели Господ Саваот: ‚Уште ќе доаѓаат народи и жители од многу градови, и ќе дојдат жителите од еден град при жителите во друг град, — па ќе речат: да дојдеме да се помолиме пред [да го омекнеме, НС] лицето на Господа и да Го побараме Господа Саваота; тогаш секој ќе рече — ќе појдам и јас. И ќе доаѓаат многу племиња и народи силни, за да го бараат Господа Саваота во Ерусалим и да се помолат пред [да го омекнат, НС] лицето на Господа“ (Захарија 8:20-22).
17 Луѓето кои присуствуваа на Споменот, сакаа да го бараат ‚Господ Саваот [Јехова на војските]‘. Многу од нив беа негови предадени, крстени слуги. Милиони други присутни сѐ уште не стигнале до тој степен. Во некои земји, присутноста на Споменот беше четири или пет пати поголема од бројот на објавители на Царството. На голем број од овие заинтересирани лица им е потребна помош за да продолжат да напредуваат. Да ги поучиме да се радуваат на спознанието дека Исус умрел за нашите гревови и дека сега владее во Божјето Царство (1. Коринтјаните 5:7, 8; Откровение 11:15). Исто така, да ги охрабруваме да се предадат на Јехова Бог и да се подложат на неговиот поставен Цар. На овој начин, тие ќе го ‚омекнат лицето на Јехова‘ (Псалм 115:8, 9; Филипјаните 2:12, 13).
„Десет души од разни народи“
18, 19. а) Во исполнение на Захарија 8:23, кој денеска е Јудеец? б) Кои се денес ‚десетте мажи‘ кои ‚се фаќаат за полите на еден маж кој е Јудеец‘?
18 За последен пат во осмото поглавје од Захарија читаме: „Така вели Господ Саваот: ‚Во тие дни ќе се фаќаат по десет души од разни народи за полата од Јудеец и ќе речат — ќе појдеме со тебе, оти чувме дека Бог е со вас‘“ (Захарија 8:23). Во времето на Захарија, природниот Израел бил Божја избрана нација. Меѓутоа, во првиот век, Израел го отфрлил Јеховиниот Месија. Затоа, нашиот Бог избрал еден „Јудеец“ — еден нов Израел — како свој посебен народ, „Израилот Божји“, составен од духовни Евреи (Галатјаните 6:16; Јован 1:11; Римјаните 2:28, 29). Нивниот конечен број треба да биде 144.000, избрани од човештвото за да владеат со Исус во неговото небесно Царство (Откровение 14:1, 4).
19 Повеќето од овие 144.000 веќе умреле како верни и ја добиле нивната небесна награда (1. Коринтјаните 15:51, 52; Откровение 6:9-11). На Земјата сега има малкумина од нив и тие се радуваат да видат дека ‚десетте души‘ кои избрале да појдат со ‚Јудејците‘, навистина се „големо мноштво . . . од сите племиња и колена, народи и јазици“ (Откровение 7:9; Исаија 2:2, 3; 60:4-10, 22).
20, 21. Како можеме да останеме во мир со Јехова додека се приближува крајот на овој свет?
20 Додека крајот на овој свет неумоливо наближува, т. н. христијанство е исто како Ерусалим од времето на Јеремија: „Чекаме мир — а нема ништо добро; чекаме време за спасување — а еве, ужаси“ (Јеремија 14:19). Тој ужас ќе достигне кулминација кога нациите ќе се свртат против лажната религија и насилно ќе ѝ стават крај. Набргу потоа, и самите нации ќе доживеат уништување во Божјата конечна војна, Армагедон (Матеј 24:29, 30; Откровение 16:14, 16; 17:16-18; 19:11-21). Какво само време на метеж ќе биде тоа!
21 Низ сето тоа, Јехова ќе ги заштити оние кои ја сакаат вистината и кои го негуваат „семето на мирот“ (Захарија 8:12, НС; Софонија 2:3). Затоа, да останеме на сигурно во земјата на неговиот народ, ревносно фалејќи го јавно и помагајќи им на колку што е можно повеќе лица да го ‚омекнат лицето на Јехова‘. Ако правиме така, секогаш ќе уживаме Јеховин мир. Да, „Господ ќе му даде сила на Својот народ, Господ со мир ќе го благослови народот Свој“ (Псалм 28:11).
Можеш ли да објасниш?
◻ На кој начин Божјиот народ ‚ги поткрепил своите раце‘ во времето на Захарија? А на кој начин денес?
◻ Како реагираме на прогонството, непријателството и рамнодушноста?
◻ Што се подразбира под тоа да ја ‚зборуваме вистината еден на друг‘?
◻ Како може некој да ‚го омекне лицето на Јехова?‘
◻ Која голема причина за радост се гледа во исполнувањето на Захарија 8:23?
[Слика на страница 18]
Минатата година, Јеховините сведоци поминаа 1.150.353.444 часови во разговор со луѓето за Божјето Царство